Новите медиуми и негативните вести

Се чита за 6 мин.

analiza 8 web cover

Новите медиуми и новите предизвици

Лесната достапност на огромен број информации што ни ја овозможуваат новите технологии, носи многу придобивки што длабински го менуваат начинот на кој живееме. Овие нови погодности секојдневно ги користиме не само за да се информираме за разни теми, туку и за да го осмислиме начинот како да се храниме, облекуваме, лекуваме, како да комуницираме и како да се социјализираме со другите.  

Новите технологии, како што тоа постојано се потврдува низ историјата, носат свои нови предизвици и проблеми. Нивниот капацитет да ги менуваат и да ги трансформираат општествата, покрај важната компонента на прогрес, често предизвикуваат и нови типови проблеми или, пак, засилуваат некои дотогаш постојни проблеми, кои можеби не биле толку сериозни. 

Главниот проблем при масовното користење на новите технологии е што многу бавно се шири едуцираноста за нивното правилно користење, но и за негативните последици што тие ги носат при нивното користење. Кај новите технологии, кои се резултат на технички иновации и значително инвестирање, во првите фази на нивното ширење и користење доминира пазарниот аспект, односно што повеќе да се продаваат, што помасовно да се користат и да се промовираат сите нивни погодности и угодности. Новите технологии ги креираат новите културни трендови и ги наметнуваат правилата за развој на општествата. Спорадичните негативни аспекти во првите фази на усвојување на новите технологии главно се игнорираат, а тој приод продолжува сè до моментот кога поради сериозноста на новонастанатите проблеми повеќе не е можно да се избегнуваат одговорите и одговорноста за нив. 

analiza 8 web foto 1

Фото: unsplash.com

Оваа реалност на подредување на едукацијата и етиката во користењето на новите технологии и соочување со новонастанатите проблеми во подоцнежни и развиени фази на компликации, во голема мера го отежнува процесот на справување со штетните влијанија на новите технологии. Далеку потешко е проблемите да се решаваат задоцнето, но сепак како општества мораме да се соочуваме со нив и покрај овие негативни околности.

Новите медиуми и старите проблеми

Еден од позначајните стари проблеми присутни и кај традиционалните медиуми, а со кои се соочуваме и денес, е наклоноста на медиумите кон негативни вести (т.н. negativity bias, англ.). Известувањата за несреќи, инциденти, војни и други трагедии се видови медиумски содржини што привлекуваат најмногу внимание, а медиумите тоа многу добро го знаат. Обидот на локален руски медиум во декември 2014 година во еден ден да известува само за позитивни настани, довело во тоа неговата публика да се намали за две третини.

analiza 8 web foto 2Драстично зголемениот број медиуми и огромната конкуренција го усложнува овој проблем, така што медиумите денес не само што имаат засилен фокус врз негативни вести, туку често дополнително ги драматизираат состојбите со цел да го привлечат сè подрагоценото внимание на публиката. Ваквата борба за внимание постапно ги наведува медиумите и новинарите постојано да ги поместуваат праговите што е дозволено и „нормално“ за да се пробие одредена вест или содржина до гледачот и читателот. Тенденцијата на планско негативизирање на реалноста, чекор по чекор, води кон стандардизирање на таблоидните техники и кај главните (мејнстрим) медиуми и менување на практиките за тоа како се прават вести и како се информираат граѓаните. 

Пренагласената наклоност кон драматизацијата на информативните содржини лесно може да ескалира во масовно ширење катастрофични сценарија, страв и паника кај публиката. Користењето различни тактики за шокирање преку медиумите, наспроти општествено одговорно информирање, носи многубројни негативни последици. Една од нив е значително намалување на довербата во медиумите и во новинарството. Слично како во приказната за овчарчето што од мајтап врескало „волк, волк“ на своите соселани, така и во случајот на медиумите, публиката престанува да им верува дури и тогаш кога ја кажуваат вистината.

Вториот сериозен проблем е што засилениот негативизам и таблоидизација на негативните вести во медиумите, според редица истражувања, предизвикува зголемен стрес и депресија кај публиката. Поголемата изложеност на медиумските известувања за негативни настани и трагедии, неколкукратно го зголемува ризикот од овие здравствени проблеми. Медиумите стануваат еден од главните извори на стрес за граѓаните. Засилените чувства на несигурност и страв, често предизвикани од начинот на кој медиумите информираат за важните настани, предизвикуваат два главни типа последици: (а) постапно губење на способноста рационално да се толкуваат информациите, (б) исклучување од медиумите и свртување кон други алтернативни начини за информирање, какви што се, на пример, дискусиите на социјалните мрежи.

Ова понатаму директно води дел од медиумската публика да се обидува да ги разреши своите дилеми за општествените реалности преку верување во различни апокалиптични наративи и теории на заговор. Губењето на довербата во медиумите, не е единствениот предизвикувач на верувањето во теории на заговор, но секако е еден од најважните фактори. Помеѓу падот на довербата во медиумите и зголеменото влијание на теориите на заговор постои одредена динамика и поврзаност, која допрва подетално треба да биде истражувана. Дополнително, за приклонувањето кон конспирациите и апокалиптичните наративи придонесува недовербата во медиумите и нивниот засилен негативизам. Во неможноста на публиката во тоа море од конфузни вести рационално да ги толкува информациите за настаните, истражувачите посочуваат уште еден практичен проблем, кој го нарекуваат „неможност да се процесираат сложености“ (IPC – Inability to Process Complexity, англ.).

Треба да се додаде дека чести се случаите каде што негативизмот во медиумите е поврзан и со ширењето лажни вести. Станува збор за известувања кога медиумите знаат дека објавуваат дезинформација, но сепак сметајќи на реакциите на публиката, која е наклонета кон негативни вести, тие ја пласираат во јавноста во чисто манипулативни цели за привлекување внимание, кликови или предизвикување несигурност во јавноста.

„Негативизмот“ на новите медиуми

Според многу истражувања, медиумската култура на корисниците од традиционалните медиуми во голема мера се рефлектира на начинот на кој тие ги користат и новите онлајн медиуми. Наклоноста кон негативноста е доста проширена и на социјалните мрежи, до тој степен што голем број од корисниците нив ги доживуваат како издувен вентил каде што, под велот на анонимноста, без значителни директни последици и без лична одговорност, можат да ги разгласат своите ставови и фрустрации за проблемите со кои се соочуваат.

analiza 8 web foto 3Погоре цитираните истражувања покажаа дека негативните информации имаат трипати поголема веројатност да бидат кликнати споредено со позитивните информации. Исто така, алгоритмите на социјалните медиуми се дизајнирани да ги максимизираат негативните сигнали што е највидливо кога станува збор за сензитивни општествени теми. Во вакви случаи алгоритмите молскавично ги шират негативните информации, кои можат да бидат штетни за способноста на институциите да креираат политики прифатливи за сите, поради тоа што социјалните медиуми целосно го поларизираат јавното мислење. Токму во оваа смисла, виралното ширење на негативните информации на социјалните мрежи се покажува како ефикасно оружје за напаѓање на авторитетот на институциите и на властите, но цената за ова често е преголема, затоа што како последица на ваквите негативни кампањи неповратно се губи довербата во системот и во институциите општо, како и во институционалното спроведување на правото, јавниот интерес, па дури и науката.

Исто така, истражувањата потврдуваат дека негативните онлајн информации имаат поголема штетност отколку информациите примени преку традиционалните медиуми, телевизијата, радиото и печатот. Социјалните мрежи, и новите медиуми генерално, се различни од традиционалните медиуми според тоа што нивните корисници далеку поактивно ги следат и ги избираат содржините што ги примаат, што повратно влијае врз тоа негативните информации врз нив да имаат посилен ефект. Ваквиот засилен ефект истражувачите го припишуваат на поголемото количество на визуелните содржини и материјали на интернет, како и можноста за поголема изложеност на публиката бидејќи корисниците можат повеќекратно да ги гледаат снимките и фотографиите и да влегуваат во различна интеракција со нив. Кумулативно, ова може да го обликува светот во перцепцијата на публиката, далеку пострашен, отколку што тој навистина е, односно доведува до појава на „когнитивна дисторзија на реалноста“. Според анализите, корисниците на социјалните мрежи се понаклонети да објавуваат написи со негативна содржина, за која од своите онлајн контакти добиваат поголема поддршка и побројни споделувања. И конечно, значаен фактор кај новите медиуми што придонесува за овие негативни појави е т.н. пре-информирање (information overload, англ), односно преголемо консумирање информации во текот на одреден период. Иако оваа појава на преголема или предолга изложеност на информациите е присутна и кај традиционалните медиуми, особено во Македонија, сепак на интернет таа има уште поголем опфат кај публиката, а со тоа се засилуваат и штетните последици.

Може да се заклучи дека ориентацијата на традиционалните медиуми кон негативни вести станува далеку посериозен проблем кога истите практики се применуваат во новото дигитално медиумско опкружување. Новите медиуми значително ја засилуваат негативната наклоност. Одликите на новите медиуми да се шират молскавично негативните информации, да се влегува во интеракција со нив, да се прегледуваат неколкукратно, го засилуваат нивниот штетен ефект. Здравствени компликации, изразен цинизам, губење на чувството на емпатија, до неповратно губење на довербата во медиумите и во институциите, се само некои од најсериозните проблеми што ги потврдуваат истражувањата. Недовербата во науката, медицината, вакцините, се исто така некои од придружните појави на овие сложени појави. Негативизмот на новите медиуми олеснува креирање и ширење катастрофични сценарија (т.н. doomscrolling, англ.), односно апокалиптички наративи за крај на светот, што беше мошне забележливо во текот на пандемијата со коронавирусот. 

analiza 8 web foto 5

Фото: unsplash.com

Новинарите и професионалните медиуми треба да бидат свесни дека трката во шокирање на публиката има далекосежни негативни последици, како за нив, така и за општеството. Краткорочно тие можат да донесат одредени посакувани реакции и да привлечат внимание, но долгорочно со ваквите практики, медиумите ја сечат граната на која самите седат, односно ја загрозуваат довербата без која не е можно нормалното информирање. Во светот што функционира во 24/7 информативни циклуси, потребно е да бидеме свесни за особеностите на новиот медиумски систем и за различните дисторзии и недостатоци што тој ги наметнува.

Автор: Сеад Џигал

Насловна фотографија: unsplash.com

----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).