Сѐ помалку се слушаме едни со други и сѐ повеќе се читаме погрешно едни со други. Важно ни е само да го кажеме своето, а во туѓото забележуваме она што ни се допаѓа или што не ни се допаѓа. Така се затвораме во својот сѐ потесен персонализиран свет, ја задушуваме сочувствителноста кон другите, а ја јакнеме бесчувствителноста. Комуницираме сѐ побрзо и сѐ поповршно. Нашите зборови атрофираат во инстант знаци, а знаците во автоматизирани сигнали.
Додадената вредност на онлајн комуницирањето
Комуникацијата на интернет и на социјалните мрежи ни овозможува многу погодности. Една од нив е слободно да се изразуваме за различни теми што нè преокупираат. Слободата на говорот и демократизацијата што ја носат овие нови медиуми е навистина важен аспект за нивната популарност и за масовното користење. Дополнително, важно е да се напомене дека тие не само што ни овозможуваат активно да ја практикуваме слободата на говорот, туку и креираат еден нов вид комуникациски феномен. Станува збор за тоа што интернетот и социјалните мрежи ни овозможуваат да искажуваме работи што во други комуникациски околности не би ги направиле, особено не во директна комуникација лице в лице. Новите медиуми имаат свое дополнително влијание и значење, со тоа што поттикнуваат одредени видови комуницирања што вообичаено не ги практикуваме во други ситуации.
Оваа појава во комуникациските науки е позната како „онлајн дисинхибиција“, или еден вид „комуникациско опуштање“, раскинување на стегите на општествените норми, кои обично ни наложуваат како правилно да се однесуваме и да комуницираме. Секако, ова може да има своја позитивна страна, поединецот да се ослободи од притисоците на својата средина, или на другите фактори во општеството, и слободно да го искаже своето мислење. Но, за жал, ваквото комуникациско „разбивање на оковите“, на интернет многу често се користи за мошне токсична комуникација, вербално напаѓање, навредување, нетолеранција и говор на омраза. Интернетот и социјалните мрежи стануваат комуникациски простор каде што сè е дозволено и, што е најважно, не носи никакви сериозни последици. Па, така, луѓето што вообичаено на своите пријатели или соседи им се познати како сосема нормални и мирни луѓе, на интернет можат да станат вербални агресивци што сеат омраза и се расфрлаат со закани.
Ваквите случаи кога корисниците на интернет „се претеруваат во своите слободи“, стануваат сè почеста појава во Македонија.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 59-годишно лице од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 6.5.2021, пријавениот коментирал на објава на портал, при што ширел и промовирал насилство и поттикнувал омраза кон група или поединец.
Парадоксот на „онлајн приватноста“
Фото: freepik.com
Во светски рамки еден од најпрочуените случаи од овој вид е „Twitter Joke Trial“ (Судењето за шегата на Твитер) од 2010 година во Велика Британија. Во текот на студениот бран и острата зима во декември и јануари 2009-2010 година, лошото време блокирало голем број аеродроми во Северна Англија, вклучувајќи го и аеродромот во Јужен Јоркшир. Пол Чејмберс (Paul Chambers), тогаш 26-годишен ерген, планирајќи романтични средби со својата девојка од Северна Ирска, загрижено ја следел состојбата со блокираните аеродроми. Под притисок на целата ситуација и неизвесноста, тој на 6 јануари на својот Твитер-налог напишал, „ако за недела дена службите не го одблокираат аеродромот, тој ќе крене сè во воздух“. Неговиот твит бил забележан неколку денови подоцна од член на менаџментот на аеродромот, по што набргу следувала пријава до полицијата и негово апсење од антитерористичката единица на полицијата. Подоцна против него е поднесено обвинение за „објавување јавна електронска порака со навредлива, недостојна или заканувачка содржина во спротивност со Уредбата за комуникации на Англија од 2003 година“. Во мај истата година Чејмберс е прогласен за виновен со судска одлука и казнет парично во износ од 985 фунти, а во меѓувреме бил отпуштен од работа од локална компанија за автоделови. Како што навел во својата одбрана, Чејмберс признал дека пораката ја напишал во момент на афект и фрустрација и дека немал намера да изврши никаков чин на насилство („Како да имаш лош ден на работа и да кажеш дека ќе го убиеш шефот, не ни помислувајќи дека тоа некој ќе го сфати сериозно“). По долга судска борба и повторени жалби, Чејмберс е конечно ослободен од обвинувањата на 27 јули 2012 година.
Овој пример, како и многуте слични од овој тип, посочува на два важни аспекти на нашето комуницирање на интернет и на социјалните мрежи:
(а) Корисниците имаат чувство дека интернетот е место каде што може слободно да се изразуваат како што тоа го прават во кафуле или на улица.
(б) Просторот за непопречена приватна комуникација на интернет и на социјалните мрежи (во своите вообичаени нагодувања и сетинзи), сè повеќе се стеснува. Истражувачите го наведуваат и феноменот на т.н. „парадокс на приватноста на интернет“ (рrivacy paradox, англ.), при кој корисниците имаат чувство дека комуницираат приватно на интернет додека, всушност, нивните пораки се јавни.
Овој случај исто така потврдува дека често нашите онлајн објави можат да имаат крајно несакани интерпретации и реакции. Кога комуницираме со потесен круг контакти, нашата способност да ги предвидиме реакциите и интерпретациите на нашите соговорници е значително поизразена. На интернет, многу често, ова станува речиси невозможно, така што различните толкувања и контекстуализирања на нашите пораки, можат да имаат крајно непредвидливи последици.
Кои се причините за „онлајн дисинхибицијата“?
Фото: freepik.com
Џон Салер (John Suller, The Online Disinhibition Effect, 2004) ја истражувал подетално оваа појава во онлајн комуницирањето и во својата книга ги наведува следните фактори што ја предизвикуваат „онлајн дисинхибицијата“:
- Анонимноста (dissociative anonymity, англ.) како клучна причина за нашето користење на социјалните мрежи како издувен вентил. Под одреден прекар или лажно име цениме дека сè ни е дозволено, особено во вербална смисла.
- Онлајн его – Чувството дека онлајн сме поинакви од нашето вообичаено „јас“. Затоа, мислиме дека на интернет може да правиме работи што обично не би си ги дозволиле. Интернетот ни дава крилја.
- Ефект на невидливост – Кога „сурфаме“ на интернет, чувствуваме како да не нè гледаат другите. Читаме вести, гледаме, кликаме и заминуваме. Буричкаме низ нечиј профил на Фејсбук или на Инстаграм, реагираме на различни начини и мислиме дека само ние сме сведоци за сето она што го правиме таму. Можеби помалку и сме свесни дека социјалната мрежа собира податоци за нас, но тоа не го чувствуваме.
- Асинхрона комуникација – Кога некој во директна комуникација ќе нè праша нешто, се очекува веднаш да дадеме одговор и да реагираме (синхрона комуникација). На интернет не е така. Можеме да одговориме, но често и не мора (seen). Секој комуницира во своето време, одвоено и асинхроно. Секогаш сме ние во центарот на комуникацијата и разговорот, комуницираме во нашето персонализирано време.
- Онлајн имагинација – Преовладува корисничкото чувство дека интернетот е еден вид комуникациска игра и полуфантазирање. Она што не знаеме за соговорникот или за онлајн контактот, го дополнуваме со сопствени претпоставки и предубедувања, кои ја ползуваат и црпат нашата имагинација.
- Минимизирање на правилата на средината – Ако некој не ви се допаѓа онлајн, далеку е полесно да му напишете коментар дека е идиот, отколку тоа некому да му го кажете в лице.
На крајот, може да додадеме дека начините на кои ги користиме социјалните мрежи и интернетот, постапно ја создаваат културата на онлајн комуницирањето. Особено важно е таа, покрај сите нејзини персонализирани и лични употреби, да се развива и како јавно добро, односно активно да ги усвојуваме и да ги користиме правилата за позитивно и толерантно комуницирање на интернет. Ова е многу важно за општеството и за заедницата на која припаѓаме, а новите комуникациски платформи и технологии така можат да бидат места каде што ќе ја збогатуваме и ќе ја подобруваме нашата јавна комуникација. Неводењето грижа за културата на онлајн комуницирањето, само ги охрабрува корисниците да го злоупотребуваат интернетот за лични или себични цели и да преовладуваат негативната и токсичната комуникација.
Автор: Сеад Џигал
Насловна фотографија: unsplash.com
----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).