Кинескиот систем на социјален рејтинг
Некаде во текот на 2009 година во Кина беше иницирана експериментална програма за т.н. „социјален рејтинг систем“ (社会信用体系; pinyin, shèhuì xìnyòng tǐxì) по иницијатива на властите во Кина и кинеската Комунистичка партија. Преку оваа програма, која прво беше тестирана во неколку области во Кина, властите креираа своевидни „црни листи“, односно списоци на граѓани што поради непримерно однесување загубиле некои од своите права, какви што се право на слободно патување или користење јавни услуги, влез во одредени објекти и слично. Ако некој граѓанин бил санкциониран за фрлање ѓубре, на пример, тој загубил поени од својата „сметка“ на социјалниот рејтинг. Ако, пак, некој од нив донира средства во хуманитарна акција, тој добил поени на истата сметка. Во случај граѓанинот да падне под одреден минимум поени на својата сметка, тој губи, на пример, право да купи авионска карта или да присуствува на спортски натпревар.
Суштината на овој т.н. „социјален рејтинг“ или социјално бодување е стандардизација на оценувањето за однесувањето на граѓаните, при што препорачаното однесување се наградува со поени, кои носат одредени права и привилегии, додека недозволеното однесување се казнува со одземање бодови, а со тоа и одредени права што ги уживаат другите граѓани.
Социјалниот рејтинг, барем во Кина, се надоврзува на претходната програма на бодување и креирање финансиски рејтинг на граѓаните започната негде во 80-тите години на минатиот век. Овој рејтинг систем на властите имаше за цел да создаде списоци на граѓани според нивната финансиска состојба, куповна способност и годишна заработувачка, со цел економско и кредитно планирање, особено за граѓаните од руралните средини и за малите претприемачи.
Иако овие експериментални проекти, кои зедоа замав во Кина, а помалку формално и во други земји, особено во контекст на пандемијата, несомнено имаат свои позитивни намери, какви што се поттикнување примерно однесување во својата заедница, тие сепак подразбираат висок степен на следење на однесувањето на граѓаните, постојан надзор и постапно губење на приватноста. Целта на кинеските власти со овие проекти беше да ја зголемат довербата во општеството и во институциите за подобро да ги регулираат областите од јавен интерес, какви што се безбедноста, исправноста на храната, повреди на интелектуалната сопственост, или спречување финансиски измами. Сепак, се потврдува дека овој систем постапно се проширува, особено преку централизирање на надзорот и на контролата преку употреба на новите комуникациски технологии, какви што се надзорните камери, паметните уреди за комуникација, социјалните мрежи и дигиталните бази на податоци. И не е само приватноста под знак прашање, се чини. Аналитичарите и критичарите на овие програми, во различни земји, посочуваат дека се загрозува и личниот дигнитет на поединецот, се поттикнува паранојата од следење и поданичкиот однос кон властите, додека се легитимира постојаниот надзор врз граѓаните.
Во 2013 година Врховниот народен суд на Кина објави црн список на должници со приближно 32.000 имиња, а во април 2019 година Народната банка на Кина објави дека ќе биде воведена нова верзија на Извештајот за личен кредит, што овозможува собирање повеќе лични податоци. Овој систем на социјален рејтинг потоа беше постапно прифаќан од одредени компании со кои тие го следеа однесувањето на своите вработени.
Системот на социјален рејтинг на новите медиуми
Комуницирањето преку новите технологии има свој подолг историјат, а на денешниот интернет и на социјалните мрежи им претходеа редица сервиси за комуницирање на далечина, какви што се онлајн огласни табли, форуми и сервиси за дискусии (т.н. чат-сервиси). Кармен Хермосил беше една од најпознатите приврзаници на овие првични технологии за поврзување и меѓусебно комуницирање. По долгогодишно користење и богато практично искуство, таа ќе запише во еден од своите текстови:
Фото: unsplash.com
„Она што можам да го потврдам е дека заедниците креирани онлајн, придонесуваат кон постапна дехуманизација на општеството. Клучен тренд е тоа што тие помагаат меѓучовечката интеракција да се комодифицира, т.е. да се трансформира во стока за продавање во форма на јавен спектакл“ (Ciarаn McMahon, 2019, стр. 83). Ова сведоштво на еден од пионерите на јавните форуми за дискутирање, потврдува некои од појавите што се актуелни и денес. Социјалните мрежи, и новите медиуми општо, овозможуваат отворени јавни форуми за дискусии и за коментирање, како особено позитивна можност на новите технологии. Но, во исто време, тие фаворизираат содржини што се нагласено поларизирачки, контроверзни и привлекуваат внимание. Со зголемување на нивниот досег (online reach, англ.), овозможен од алгоритмите, се креираат подобри услови за ширење и вклучување (engagement, англ.) на другите корисници. На ваков индиректен начин, програмскиот дизајн на социјалните мрежи им овозможува на поларизирачките содржини да се здобијат со подобар „социјален рејтинг“ и да доминираат во дискусиите на новите медиуми. Вештите корисници го знаат многу добро ова правило, ако сакаш да бидеш слушнат на интернет, мораш да бидеш гласен и контроверзен, а системот ги наградува оние што врескаат и што креваат прашина. Социјалниот рејтинг на постојните мрежи фаворизираат влијателни корисници (инфлуенсери), кои привлекуваат следбеници со содржини што ја поларизираат публиката.
Навраќајќи се кон заклучоците на Кармен Хермосил, треба да се напомене дека системското поттикнување на ваквата комуникација на онлајн гигантите, какви што се Гугл, Фејсбук, Твитер и други, им овозможува поголемо вклучување на сè повеќе корисници, а со тоа и собирање повеќе податоци за нив. Со ова, покрај зголемувањето на публиката за своите рекламери, како стандардна техника во маркетингот и на традиционалните медиуми, се придодава дополнителна вредност, персонализирање на корисниците, односно собирање индивидуални податоци за нив, особено во делот на нивното однесување како потрошувачи, во поширока смисла: какви содржини сакаме, какви услуги и производи посакуваме, какви трендови следиме, какви политики поддржуваме и така натаму. Со ова се потврдува сведоштвото на Хермосил дека нашето однесување, преку дозираниот надзор на социјалните мрежи, се комодифицира, станува „стока“ за продажба и тргување. Иако станува збор за фундаментите на т.н. нова економија на персонализирано маркетиншко комуницирање, сепак како индивидуални корисници мораме многу да внимаваме какви податоци оставаме на новите медиуми. Тие во денешниот вмрежен свет не се само стока, туку основен ресурс на новите економски гиганти.
Што е психометрика?
Психометриката, или буквално „мерење на психата“, преземено од грчкиот јазик, е специјализирана истражувачка област во психологијата и во образованието, посветена на тестирање, проценување и мерење на психолошкото однесување на луѓето. Оваа област потесно се занимава со објективно мерење вештини, знаења, способности, ставови, особини на личноста, како и ментални нарушувања.
Овој поим доби своја поголема употреба по обелоденувањето на скандалот на Кембриџ аналитика и злоупотребата на податоците на корисниците на социјалните мрежи во САД за изборни цели и за политичко профилирање. Работата на Кембриџ аналитика и услугите што тие ги нудеа, се засноваа токму на техниките на психометриката за собирање податоци и профилирање поединци. Вториот главен столб врз кој се потпираше работењето на Кембриџ аналитика е истражувањето на тројца автори, Косински, Стилвел и Грепел. Без да навлегуваме во премногу технички детали на психометриката, ова истражување се базира на поставување корелација на податоци добиени од психолошки квизови и профили на пошироко однесување на корисниците на социјалните мрежи.
Истражувањето што беше изведено за академски цели, покрај квиз во кој може да откриете каков профил на личност сте, успеа да добие дозвола да ги искористи податоците за активноста на учесниците во квизот на социјалните мрежи (на пример, нивните „лајкови“ и фејсбук-страниците што ги следат). Некои од овие квизови навистина изгледаа забавно и помалку наивно, како, на пример, „Што вашиот знак во зодијакот кажува за тоа кои се вашите омилени слатки?“ или „Колку интимни партнери имате според вашето омилено јадење?“. Собирајќи податоци од ваков тип квизови и со импортирање на „лајковите“ на овие корисници, па дополнително поврзано со демографските податоци за корисниците од Фејсбук (возраст, пол, место на живеење), ова истражување, а подоцна и Кембриџ аналитика, успеаја да разработат доволно ефикасен модел на профилирање на корисниците. Според овие креирани профили на однесување, тие подоцна беа таргетирани за различни комерцијални и политички пораки преку системите за огласување на Фејсбук. За поблиска илустрација, еден од нивните креирани профили, на пример, наведува дека корисниците што стиснале „лајк“ на серијата „Adams Family“ биле поверојатни потенцијални корисници на полиси за осигурување. Навидум, овие корелации изгледаат произволно, но со развивање на алгоритамска обработка на податоците и методи на статистичка проверка било утврдено дека значителен дел од нив се издржани. Секако, има и подиректни корелации, како, на пример, ако следите некоја фејсбук-страница со верска содржина, да сте потенцијален гласач на конзервативните партии, или, пак, луѓето што стиснале „лајк“ на ТВ-серијата „Battlestar Galactica“, поверојатно е дека се интровертни, за разлика од корисниците што ја следат Леди Гага, кои поверојатно се екстровертни личности.
Фото: pexels.com
Како и да е, овој случај покажува како, за нас навидум неважните податоци од нашите активности, со автоматско сортирање, статистичка обработка и корелација на податоци, можат да бидат употребени за наше профилирање и рангирање во „онлајн универзумот“.
Споредувајќи ги двата поразвиени системи за следење на однесувањето на корисниците, условно наречени „источен“ и „западен“, во првиот под контрола на државата, а вториот под контрола на големите компании и аналитичките центри, можеме да увидиме дека и двата носат свои посебни опасности во делот на слободите, приватноста и различни степени на контрола на однесувањето, за кои мораме да бидеме информирани и внимателни како влијаат врз нас. Користењето на новите технологии во ваквиот надзор внесува една сосема нова димензија, автоматизацијата, која постапно ги поместува границите за тоа што е нормално да се следи во нашето однесување и колкав дел од својата приватност е во ред да жртвуваме за да бидеме повеќе популарни, повеќе влијателни, повеќе прифатени и сл.
Според извештајот на „Слобода на интернет“ (Freedom on the Net), од приближно 4 милијарди корисници на интернетот, дури 71 отсто од нив живеат во земји каде што онлајн корисници биле приведувани или затворани за објави на интернет, што укажува дека автоматизацијата на следењето на нашето онлајн однесување, навистина носи сериозни предизвици и потенцијални опасности не само во делот на приватноста, туку и во делот на политичките слободи, најчесто преку казнување на несогласност со главните политики на властите или елитите во општеството.
Автор: Сеад Џигал
Насловна фотографија: unsplash.com
----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------