Иднината на новинарството во време на онлајн експанзија

Се чита за 11 мин.

Се менуваат алатките, не и новинарските вредности

Идеите за развој или насочување на трансформацијата на новинарството мора да бидат во согласност со професионалните етички стандарди. Сите проблеми на новинарството денес, во својата суштина, повеќе или помалку, се сведуваат на фактот што новите технологии овозможуваат и создаваат опасност етичките кодекси да бидат побрзо, полесно и побрутално кршени. Ова значи дека клучниот предизвик на новинарството не е како тоа да се приспособи на новите технологии само од аспект на бизнис-логика, туку е неопходноста за промените што се неминовни да се подредат на основата на новинарската мисија – заштита на јавното добро и на јавниот интерес.

Празни редакции, тешка финансиска состојба, слаба продукција, лош квалитет, ниска додадена вредност на информацијата – генералната слика за македонското новинарство денес тешко дека може да ни ја даде комоцијата што ја имаат странските колеги кога се прават анализите за иднината на професијата и предвидувањата за нејзиниот развој.

Факт е дека новинарството е пред сериозни предизвици во светски рамки, но ситуацијата во Македонија е драстична и тоа може да се согледа низ неколку примери.

Големата дилема на денешницата – дали социјалните медиуми го уништија новинарството – е актуелна низ целата планета, особено низ демократските општества, каде што слободата на говор и самото новинарство се сметаат за едни од основите на политичкиот систем.

Оваа дилема во Македонија е обременета дополнително со штетата од годините на политичка, економска и културна дисторзија на целиот информативен систем. Колапсот на медиумскиот пазар (создаден преку силни политички влијанија, од една страна, и директна државна интервенција со истурање народни пари во приватни медиуми, од друга) ги опустоши македонските редакции.

Финансиската состојба предизвикана од овие потреси, но и самиот притисок врз новинарите, предизвика бројот на вработени да се сведе на минимум потребниот за да се одржи еден медиум во живот, но никако не и за да може тој медиум да ја извршува својата вистинска задача – да обезбедува и да обработува квалитетни информации: да информира, да забавува и да едуцира.

Се изгуби професионалното новинарство во кое новинарите треба да „специјализираат“ во дадена област, а со тоа се изгубија и самите редакции. Наместо тимови од новинари, кои би покривале конкретни области (култура, образование, здравство, економија, финансии итн.), новинарите се принудени да бидат сестрани, трчајќи по информации од еден до друг сектор, во тешки маки да изградат и да одржат структура на извори и да стекнат сериозно знаење на темата за која известуваат.

Ваквите услови за работа, проследени со постојаните политички притисоци од разни центри на моќ, прават новинарството да станува сè помалку посакувана професија. Бројот на студенти што се запишуваат на факултетите по новинарство е поразителен – десетина годишно. Ова е и ќе биде еден од главните предизвици на медиумскиот сектор денес, затоа што без разлика колкумина сметаат дека „секој може да биде новинар“ и дека за оваа професија не е потребно формално образование, ова не влијае само врз квалитетот на медиумските производи, туку зборува и за третманот што самата професија го има во општеството. Ова исто така зборува и за неопходни итни реформи на самото новинарско образование кај нас, каде што дипломата мора да вклучува вештини неопходни за современиот тек на професијата, потребни за денешните редакции.

Дефинирање на константите во морето од промени

Овие процеси се неопходни за да се биде во чекор со светот и начинот на кој се предвидуваат промените во професијата, во глобална смисла.

Проширувањето на интернетот и дигиталната револуција се мотори на огромни промени во новинарството. Интернетот и социјалните медиуми создадоа динамични нови платформи и ја замаглија разликата помеѓу печатењето и емитувањето. Ова, се чини, го имаме разбрано, но битката да се приспособиме додека се актуелни проблемите од погоре, е тешка. Можеби затоа не е лошо да се размисли за чекор во место и дефинирање или враќање на основните постулати на самата професија, кои први и најмногу настрадаа во овие трансформации.

Она што сите аналитичари го укажуваат е дека дури и во многу изменетиот новинарски свет, известувањето, на едно најфундаментално ниво, сè уште се однесува на истражување и известување. Новинарството сè уште се базира на додавање контекст, објаснување, заднина и сè друго што може да е потребно за да разбере публиката што се случува во светот и да се трансформира во информирано и ангажирано општество.

Интернетот овозможува неисцрпно поле за истражување приказни, но повеќето вести сè уште се базираат на известување од прва рака од примарни извори (некои од нив преку интернет) и преку разговор со луѓе. Техниките за откривање информации се во голема мера исти, без разлика која е крајната идеја или цел за приказната. И техниките за нивна презентација – повторно, без оглед на платформата – сепак бараат организација, јасност на мислата и добро пишување.

Со овие елементи на маса и со нивно дефинирање како неопходни константи во бурата од промени, треба да се прецизираат чекорите потребни за осовременување и промена на поимот за улогата и за функционалноста на самите медиуми.

Печатот во слободен пад

Од ова, се чини, нема бегање. Бизнисот со весници и општо со печатени медиуми е во опаѓање. Во последните неколку децении, дигиталната револуција ги урна повеќето столбови на традиционалниот бизнис-модел за печатење. Сè помалку луѓе купуваат и читаат весници или огласуваат. Ние ги добиваме повеќето од нашите информации онлајн, каде што содржината е секогаш поажурна отколку која било приказна напишана пред 24 часа. Приходите од реклами исто така се драстично намалени.

koha v cover

Фото: pixabay.com

Главните забелешки за бизнисот со весници е дека тој е бавен, пребавен беше дури и за да предвиди и види какви промени доаѓаат, па затоа и бавно реагираше на нив. Дури и сега, некои печатени медиуми се движат многу побавно од другите во своите трансформации. Оние што се борат да држат чекор најчесто ги реконфигурираат редакциите, давајќи им предност на дигиталните изданија. Се печатат и се продаваат само неколку илјади примероци, а фокусот е на дигиталните платформи и максимизирање на приходите што тие ги носат. Новинарите имаат примарна задача да работат прво на веб-страниците и на социјалните мрежи, а на печатените изданија подоцна... ако остане време.

Интернетот е и агент и овозможувач на оваа промена. Тој дава пристап до новата гигантска публика, не само преку веб-страниците, туку и преку Гугл и Фејсбук и другите. Дистрибуцијата низ целиот свет е достапна дури и за најлокалниот провајдер, а трошоците, споредени со тие за печатење, се минимални.

Некои експерти се загрижени дека вака се централизира премногу моќ во рацете на релативно мал број глобални технолошки гиганти, чијшто примарен интерес не е новинарството само по себе. Тоа се легитимни забелешки, а и дебатата за тоа како профитот од соработката треба да се подели помеѓу оние што ја произведуваат содржината и оние што ја циркулираат е постојана.

Новото новинарство што се појавува може да стане премногу зависно од технолошките компании за пристап до пазарот. Индивидуалните брендови и идентитети може да се изгубат во неразбирливите алгоритми на пребарувачите. Токму затоа, како што пишува, на пример Џонатан Бејкер, „за да бидеме на ниво на задачата што ни претстои, ќе ни требаат енергични млади новинари, кои се целосно „дома“ во дигиталниот простор, а паралелно продолжуваат да ги исполнуваат демократските одговорности на слободниот печат, здравите вредности, правилното однесување и принципиелна практика. Новите новинари треба да ги совладаат основните практични вештини за добро известување: барање сигурни извори, евалуација на информациите и презентирање на она што го научиле на привлечен, ама и точен, професионален и фер начин“. Почитувањето на професионалните начела и на етиката, останува константа што не смее да се менува.

Модели на новото време

Со овој краток увид во моменталната состојба на медиумскиот пејзаж, кој се карактеризира со недостиг на одржливи бизнис-модели во дигиталната арена и балони на социјалните медиуми, кои шират предизвици за одржување на новинарскиот професионализам, можеби малкумина експерти или аналитичари можат да бидат оптимисти за иднината на индустријата. Но, не е дека такви нема.

kat sin 2

Фото: pixabay.com

Трендот кон медиумска конвергенција во последно време значи дека медиумите, технологијата и мобилната комуникација сè повеќе се испреплетуваат. Додека се движиме во вмрежено општество – каде што повеќе врски и комуникација создаваат нови функции и однесувања – ова треба дополнително да ја забрза дигиталната трансформација во иднината на медиумите и на новинарството.

Но, според едно истражувањето на Микаел Торнвел, шведски автор и новинар, ова не значи и нужно лошо.

Тоа истражување (https://www.ericsson.com/en/reports-and-papers/networked-society-insights/future-of-journalism) ја анализира иднината на медиумите и на новинарството во дигиталниот свет овозможени од интелигентните мрежи на следната генерација и нуди неколку концептуални совети за правецот во кој вработените во овој сектор (и сопственици, издавачи и вработени, новинари) треба да ја развиваат својата професија.

Извештајот, исто така, дава и нови предвидувања за тоа каде се движат медиумите во едно вмрежено општество. Овие предвидувања вклучуваат создавање сосема нови деловни модели, што ќе им овозможат на новинарите подобра работа со ограничени ресурси и да произведат попаметна содржина од досега можната.

„Наместо дигитализација на традиционалните медиуми, треба да се појават нови и иновативни форми на новинарство, врз основа на можностите на вмрежено општество. Заборавете на старите правила – дигиталната ера бара поинаков пристап“, пишува таму.

А што значи тоа?

  • Персонализирани вести

Ова е еден од првите модели што се советуваат. Идните мрежи би можеле да овозможат постојано зголемување на низата насочени, адресибилни и трговски искуства што се мобилни и се преку екран. Иднината на новинарството може да види појава на сè повеќе и повеќе персонализирана содржина, интелигентни алгоритми и робот новинари, како и можност да се „доживеат“ тие вести благодарение на импресивните VR и AR технологии.

Во оваа иднина е вклучена персонализирана содржина и паметни алгоритми – додека робот новинари пишуваат за настаните, што медиумите и компаниите инаку не би можеле да си дозволат да ги покријат.

Јаху и Гугл веќе со години нудат персонализирани вести, сајтови – каде што содржината на предната страница на секој корисник е приспособена со алгоритам, базиран на параметри и историја на пребарувањата.

Пребарувањата за вести исто така варираат според историјата на пребарување.

Многу онлајн весници (како што е, на пример, канадскиот „Winnipeg Free Press“) сега нудат персонализирани почетни страници. На пример, читателот заинтересиран за спорт гледа различна насловна страница од некој што следи уметност или литература.

Но, она што е интересно е и дека самата статија, исто така, може да се приспособи – на пример, ако медиумот објавува приказна за нов проект во град, читател што живее во близина и кој можеби веќе има одредено знаење за објектот ќе бара некои ситни детали, додека некому од друг град му треба една поопшта слика и повеќе бекграунд. Или извештаи за сообраќајот, на пример: оние што користат метро за да стигнат на работа се заинтересирани за одложувањата што влијаат врз нивната линија, но не за состојбата со линиите во другите делови на градот.

Некои скандинавски медиуми одат и чекор потаму, па нудат персонализиран пристап во информирањето на своите читатели нудејќи информации и за нивните хипотекарни каматни стапки.

Врз основа на претходните читања, паметен систем би погодил кои делови од приказната кому да му ги претстави. Ова е навистина извонреден пристап.

Каде е ризикот?

Оваа можност да се разбере секој потрошувач посебно, не може да не ја замагли границата помеѓу новинарството и услугите во иднина.

  • Виртуелна реалност

Виртуелната реалност (VR) допрва треба да се избори за својот пат во мејнстрим медиумите, но неколку експерименти во последниве години веќе се направени на темата и покажуваат дека ова ќе биде исклучително интересен и важен процес во блиска иднина.

Денес се користи основната VR-технологија за да им се овозможи на читателите „вистинско искуство“ со емисија или вести преку VR-технологија достапна за кој било екран.

Една значајна пречка е тоа што VR-очилата се обично скапи или не се со добар квалитет. Сепак, ова може да се промени наскоро (во САД има предвидување дека во медиумскиот сектор ќе бидат потрошени 150 милијарди американски долари на VR до 2025 година). Останува заклучокот дека во просторот за вести, VR-технологијата сепак има потенцијал да ги внесе читателите и гледачите подлабоко во приказна отколку што текст и 2Д слики некогаш би можеле. И дека тој потенцијал допрва ќе се развива.

  • Мали и мобилни редакции

Еден поглед на која било традиционалнa медиумска компанија е доволен за да се види дека тоа е една огромна организација со амбиција и ресурси за покривање повеќе области. Национален медиум има редакции што опфаќаат голем простор – од меѓународни вести до уметност. Интернетот донесе промени и на ова.

Потрошувачите сега може одеднаш да изберат само спортски вести или само експертски анализи за надворешна политика и веќе не им треба цел спектар, доколку не сакаат. Тие исто така можат да гледаат содржини преку интернет достапни од ТВ-станици низ целата планета. Логиката на интернет-сајтовите се движи во процес што нуди наместо голема организација, што опфаќа голем регион или држава, мали групи известувачи (или еден известувач) кои би покриле многу помала површина. Технологијата го овозможи ова, со ниски трошоци, камерите и паметните телефони се евтини, а обезбедуваат фотографии и видеа со пристоен квалитет. Сепак, мало не мора да значи локално во однос на географија. Многу медиумски компании дури и со еден вработен имаат влијание што продира надвор од дадената околина.

  • Граѓанско новинарство

Новинарството не е лесно и не може секој да биде добар новинар. Од друга страна, не постојат правила за тоа што точно го дефинира новинарот како таков.

Професијата свесно не е дефинирана со одредено образование или со формална акредитација од која било организација, бидејќи строгата дефиниција може да донесе ограничувања на слободата на говорот.

Кога зборуваме за граѓанското новинарство, обично мислиме на некој модерен тренд, но факт е дека тоа постои барем од пронаоѓањето на печатницата во 1440 година. Тоа доби на значење благодарение на интернетот и намалените трошоци за користење веб и мобилен телефон наместо печатење.

Денес, низ целиот свет, гледаме како области што беа занемарени од големите медиумски компании со децении, се покриени со граѓанско новинарство.

Користејќи мобилни телефони, луѓето можат да снимаат аудиа и видеа што подоцна се користат за известување и/или ги преземаат медиумите. За време на Арапската пролет на Блискиот Исток, граѓански новинари објавија настани што професионалните новинари не можеа (или не се осмелија) да ги покријат.

 Главен предизвик за овој тип новинарство е довербата и прашањето – како читателите да знаат кому да му веруваат!? Кога има новинар со голема организација зад него, обично тој се смета за доверлив, бидејќи лесно се лоцира одговорноста. Далеку е потешко да се верува во вистинитоста на приказна објавена од непознати граѓани, особено во време кога дури и големите медиумски организации честопати се измамени од или и самите се извор на дезинформации.

Останува да се памети случајот со интернет-страницата iReport на Си-ен-ен, генерирана токму од корисници (публика), кога таму се сподели вест за наводни кардиолошки проблеми на сега веќе покојниот Стив Џобс. Веста се покажа како лажна, но пред да се повлече приказната, цената на акцијата на „Епл“ падна за цели 10 проценти.


Заклучок

Во вакви околности, ако се додадат тука и длабоките проблеми со продирањето на дезинформациите и преплетувањето на бизнис и на политичките центри на моќ со медиумите, што кај интернет-порталите е Гордиев јазол, бидејќи таму е и потешко да се следи, јасно е дека предизвиците се големи.

Точно е дека тука има опасност, како што вели Алан Русбриџер (кој дваесет години помина како главен уредник на „Гардијан“) – за првпат во модерната историја, да се соочиме со перспектива како општествата ќе постојат без веродостојни вести – или како што пишува Џил Абрамсон од „Њујорк тајмс“ дека „се останати уште многу малку места кои добро ги пренесуваат квалитетните вести, или кои воопшто имаат за цел нив да ги произведат“.

Но, еднакво точно е и дека развојот на технологијата и продирањето на интернетот нудат и можности што значат полесен и побрз пласман на информацијата до многу поширока публика.

Она што е клучно е идеите за развој или за насочување на трансформацијата на новинарството, да се водени од мислата дека мора да бидат во согласност со професионалните етички стандарди. Сите проблеми во својата суштина, повеќе или помалку се сведуваат на фактот што новите технологии овозможуваат и создаваат опасност етичките кодекси да бидат побрзо, полесно и побрутално кршени (во демократските општества тоа е без никакви или со благи санкции). Ова значи дека клучниот предизвик на новинарството денес не е како тоа да се приспособи на новите технологии само од аспект на бизнис-логика, туку првенствено од неопходноста промените што се неминовни да се подредат на основата на новинарската мисија – заштита на јавното добро и на јавниот интерес. Тоа е и ќе биде суштината, без разлика на формата што самата професија ќе ја избере за да опстане, низ годините на воведување нови и нови технолошки алатки за остварување на основната цел – информирани граѓани и обезбедена демократија.

Автор: Катерина Синадиновска

Насловна фотографија: pixabay.com

----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).