Заклучоци од конференцијата за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан „Справување со дезинформациите“

Се чита за 4 мин.

Конференцијата за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан „Справување со дезинформациите“ се одржа на 27 септември 2021 година во Музејот на современа уметност во Скопје, Северна Македонија и на интернет. Клучни чинители од Европската Унија и од Западниот Балкан дискутираа за сè поинтензивното ширење на дезинформациите, новите предизвици за професионалните медиуми и за важноста на медиумската писменост за граѓаните во новото медиумско опкружување. Конференцијата беше организирана во хибриден формат, со излагачи од Северна Македонија кои беа физички присутни на настанот и презентации преку интернет на излагачите оф регионот и од Европската Унија.  

Конференцијата која се одржува по вторпат, беше организирана од страна на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Македонскиот институт за медиуми.

Во продолжение се главните заклучоци и препораки од конференцијата:    

  • Борбата против дезинформациите треба да биде сеопфатна и инклузивна. Сите релевантни чинители потребно е заеднички да работат со цел да се зајакнат отпорноста и капацитетите за справување со дезинформациите на лично и институционално ниво, како и во медиумите. Тоа би се остварило преку вклучување на медиумска писменост во формалното образование, подобри услови за професионална и независна работа на медиумите, доследно спроведување на регулативата, преку поддршка за механизмите на саморегулација и сервисите за проверка на факти.

  • Владите и јавните институции треба да покажат политичка волја и да практикуваат активна транспарентност како пристап во справувањето со дезинформациите. Потребно е институциите на централно и локално ниво да овозможат пристап до што е можно повеќе отворени податоци, да се поддржи вклучувањето на медиумската писменост во образованието, брзо да се процесираат барањата од медиумите и од сите на кои им се потребни навремени и точни информации, како и поддршка и соработка со сервисите за проверка на факти. Владите и јавните институции треба да обезбедат правна рамка за поддршка на професионалните медиуми, вклучително и во предизборниот период.

  • Дезинформациите се закана за демократијата, како и за јавната безбедност и јавното здравје, како што можеше да се потврди за време на пандемијата со ковид-19. Во таа насока, мора да се подигне и зајакне јавната свест за оваа појава.

  • Во контекст на последните измени на Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги, државите имаат поголеми обврски во однос на медиумската писменост во сите сектори на општеството, вклучително за сите возрасти и сите медиуми, како и во однос на известувањето за тоа кои мерки се преземени од страна на самите држави.

  • Справувањето со дезинформациите треба да се одвива со координирани напори во кои ќе бидат вклучени саморегулаторните механизми коишто треба да се поддржат од страна на новинарите, политичките и државните чинители. Поддршката од бизнис заедницата е исто така важна, како на пример, да не се огласуваат реклами во непрофесионални медиуми.

  • Довербата во професионалните медиуми како извори на веродостојни информации треба да се зајакнува и да се зголемува. Ова е клучно особено во поларизирани општества, затоа што ниското ниво на „конзумирање“ професионални вести може да ги насочи публиките да бараат информации само на социјални медиуми. Тоа пак, може да доведе до понатамошна поларизација и уште повеќе да ја изложи публиката на дезинформации.

  • Треба да се поддржат професионалните медиуми во нивните напори да се справуваат со дезинформациите, пропагандата и говорот на омраза. Работењето на мали пазари, каде премногу медиуми се борат за ограничени приходи од огласување, генерира проблеми поврзани со развојот на медиумите и со одржливоста на професионалното новинарство. Професионалното новинарство треба да биде поддржано преку различни механизми кои ќе ги обезбеди државата како што се основање на фондови за продукција на содржини од јавен интерес, даночни ослободувања и друго.

  • Социјалните медиуми ги дефинираат наративите, што може да има позитивни и негативни аспекти. Позитивниот аспект е што преку социјалните медиуми, медиумите можат да допрат до побројна, но и до помладите генерации од публиката. Во таа насока, новинарите и медиумите мора да ги следат промените и брзо да се приспособуваат на новиот технолошки развој со цел да бидат поконкурентни во дигиталното опкружување и да допрат до сите сегменти од публиката.

  • Социјалните мрежи одреден период беа „златен рудник“ за истражувачкото новинарство. Но, тие наедно наметнуваат брзи промени во процесот на дистрибуција на вести и на контрола на содржините кои се шират на интернет. Ова се должи и на публиката која веќе не е само примач на информациите, туку и ко-креатор кој ги преобликува и дава различни толкувања на содржината, што понекогаш можат да бидат различни или контрадикторни во споредба со оригиналните објави.

  • Новинарите кои работат во интернет медиумите мора да ги почитуваат професионалните принципи исто како и новинарите во традиционалните медиуми. Верификацијата на информациите е клучна. Професионалните новинари мора да ги проверат податоците и изворите, мора да излезат на терен, да разговараат со луѓето и лично да ги посведочат настаните, и покрај тоа што работат под притисок наметнат од социјалните мрежи и интернет медиумите коишто се борат за кликови и први да ги објават вестите, што честопати на овие медиуми им ги ограничува можностите за верификација на информациите.

  • Со цел да ѝ се помогне на јавноста целосно да ги разбере и да ги користи интернет медиумите, важно е да се зајакнат вештините за медиумската, информациската и дигиталната писменост на граѓаните, но исто така и писменоста за користење научни податоци.

  • Младите луѓе може да немаат доволно информации за тоа што е професионално новинарство и да немаат доволно вештини да препознаат непрофесионални објави од различни извори. Јавноста, особено младите луѓе, потребно е да бидат запознати со основата и принципите на професионалното новинарство со цел да стекнат вештини брзо и ефикасно да ги распознаваат дезинформациите.

  • Политичките центри на моќ и политичарите треба да се воздржат од давање каква било поддршка на непрофесионалните медиуми. Бројните истражувања низ регионот покажаа дека дезинформациите се шират на систематски и координиран начин и во многу случаи дезинформациите може да се поврзат со политички партии или со политичари.

  • Релевантните институции, граѓанскиот сектор и медиумските организации, активистите за човекови права треба да ја подигнат свесноста, да се залагаат и да ги користат сите институционални мерки со цел да ги заштитат новинарите и активистите кои се мета на кампањи за дискредитација на социјалните мрежи.

  • Активно вклучување и брза реакција од институциите е клучна во справувањето со продукцијата и ширењето на дезинформациите, пропагандата и говорот на омраза на социјалните мрежи и на интернет.

  • Граѓанските организации, особено организациите за заштита на човековите права, мора се повеќе да ја дигитализираат својата работа, како во активностите за подигање на јавната свест, така и во однос на преносот на знаење, бидејќи многу од прекршувањата на човековите права се случуваат во дигиталното опкружување.