Колку е можна приватноста во ерата на онлајн медиумите?

Се чита за 6 мин.

Британскиот крал Чарлс Трети во текот на својата тура и посета на Северна Ирска, по починувањето на британската кралицата Елизабета Втора, се потпиша во книгата на посетители во замокот Хилсборо до Белфаст. При чинот на потпишување, се случи мала незгода во која пенкалото што го користеше се расипа, на што кралот промрмори неколку зборови на негодување. Оваа случка речиси инстантно стана вест на денот во светските медиуми и вирално видео на социјалните мрежи предизвикувајќи многубројни реакции, коментари и шеги. 

Неколку денови претходно кралот Чарлс Трети, исто така, се најде среде вирално видео и помалку бизарна сцена во која негодува до вработените на протоколот да поместат кутија со пенкала од масата што му пречеше да потпише документи при неговото устоличување. 

Покрај критиките и шегите во медиумите и на социјалните мрежи, секако, имаше и пораки за разбирање и сочувствителност со Чарлс Трети, кој во набиена агенда на патувања и посети, непосредно по загубата на својата мајка, кралицата Елизабета Втора, беше изложен на голем напор и стрес. Сепак, главниот фокус и внимание останаа на забавувачкиот и сеирџиски аспект на овие видеа. Можноста вакви невообичаени случки да го привлекуваат нашето внимание, за жал, беше максимално експлоатирана од медиумите, но и од корисниците на социјалните мрежи. На тој начин значително се менува јавната перцепција за важни настани, но и се отежнува одржувањето на интегритетот на одредени јавни личности или институции. „Не е важна вистината, важна е перцепцијата“, извикува и кралот Висерис Таргериен од популарната серија „Куќата на змејот“ доловувајќи ни клучен аспект за тоа како се оформува консензуалната реалност, т.е. она во што сите се согласуваме дека е реално.

Слични неугодни случки, сцени и скандали, како оние на Чарлс Трети, секако, имало и порано, со различни високи достоинственици и јавни личности во редум земји и различни меридијани. Многубројни се, на пример, сведоштвата за непримерното однесување на Винстон Черчил кон своите вработени, но за нив јавноста почна повеќе да дознава десетици години по неговата смрт, преку мемоари или играни филмови. Пред тоа овие сведоштва циркулирале во потесни кругови во форма на гласини и озборувачки коментари. 

Денес во ерата на онлајн медиумите околностите се значително изменети. Овие две случки, како и многубројни слични содржини што ги следиме преку медиумитe, создаваат чувство на постојан надзор и набљудување овозможени од новите технологии. Секој од нас ненадејно и одеднаш може да стане дел од некое вирално видео, статус, твит, стори или тикток парче. Сеприсутноста на дигиталните медиуми и можноста без каква било наша согласност или контрола да бидеме втурнати во вителот на виралните содржини, кај повеќето од нас создава нов вид непријатност, а честo и стрес или анксиозност. 

ng 1Фото: freepik.com

Нашата изложеност на новите технологии и нејзината вклученост во најприватните и најинтимните катчиња од нашите животи ја потиснува и ја редуцира приватноста, која е под наша лична контрола. Користејќи ги предностите и погодностите на дигиталните уреди, постапно се вплеткуваме во систем на т.н. „споделена приватност“, во која други лица, организации, компании, онлајн сервиси, а често и државата, имаат директен или автоматски пристап до нашите приватни информации. И нашата приватност е значително вмрежена. На пример, ако пребарувате на интернет одреден лек или терапија, платформата што ви овозможува пребарување веќе има податок за некој ваш личен или семеен здравствен проблем што веројатно не би сакале да го споделувате јавно.

Масовното користење на дигиталните онлајн уреди, креира нови форми на социјалност и општественa разoткриеност што помалку наликува на сцените од филмот на Ларс фон Триер, „Догвил, место со куќи без ѕидови“, каде што сѐ е видливо за сите негови жители. Ваквото разбивање на „ѕидовите на приватноста“ низ кое минуваме, нѐ принудува да се приспособуваме на нови услови во кои приватноста не само што е сузбиена, туку е и вклучена во редица платформи за отворена масовна комуникација. Исто така, таа е сѐ повеќе интегрирана во растечки онлајн бизнис модели, како што е сервисот Only fans, каде што преку претплата можете да следите приватни и лични објави на популарните корисници на оваа платформа.

Новите онлајн платформи и нивните алгоритми постојано нѐ поттикнуваат парчиња од својата приватност да ги „ослободиме“ од рамките на приватноста и да влеземе во игра и натпревар на споредување со другите, чиј дом е подобро уреден, чие дете е посимпатично или чии делови од телото се попожелни.

Клое Кардашијан објави снимка од ќерка ѝ во приватен авион, сите ја критикуваат (ФОТО)


Нормализацијата на овој нов концепт на споделена и монетизирана приватност, често нѐ збунува и го отежнува оформувањето на приватноста и интимноста во секојдневието. Во ерата на традиционалните медиуми, телевизијата и печатот, поместувањето на границите на приватноста важеше само како исклучок за јавните личности со висок степен на овластувања и одговорност. Ова правило има своја оправданост, затоа што јавни личности што носат одлуки, а кои се одразуваат врз животите и кариерите на стотици илјадници граѓани, мораат да жртвуваат дел од својата приватност. За јавноста е важно да се увери дека тие и во приватниот живот не поминуваат одредени морални и професионални норми, кои за другите граѓани немаат таков ризик негативно да се одразуваат врз другите. Ако некој ресорен министер или директор на јавно претпријатие, на пример, е алкохоличар, јавноста треба да знае за тоа и тоа не може да се прикрие под изговор на приватноста на овие јавни личности. Тие се користат да се утврдува и да се обновува довербата кон носителите на јавните функции. Денес, овој формат на ѕиркање во дел од приватноста на јавните личности, целосно е таблоидизиран и банализиран. Наместо да даде своевиден увид во приватноста кој има важност и релевантност, медиумите најчесто го користат за поттикнување воајеризам, сеирџиство и друг вид емотивни реакции.

На социјалните мрежи, особено кај помладите корисници, можете да сретнете објави што се мошне приватни и интимни, и во кои тие споделуваат сопствени сведоштва, прашања и дилеми, бараат совети, објавуваат исповеди и слично. Под превезот на анонимноста ваквите приватни содржини што се објавуваат онлајн функционираат како еден вид онлајн исповедување, кое му олеснува на корисникот и на неговата психичка состојба. На мрежата на Reddit на пример, можете да најдете илјадници нишки во кои корисници бараат совети од другите корисници дали да ја раскинат врската со својот партнер.

Но, проблемот настанува кога ваквите „исповеди“ немаат позитивен комуникациски фидбек или ефект, а често објавувачите можат да станат и предмет на подбивање, исмевање или омаловажување. На овој начин наместо да ја помогнат нашата приватна и интимна комуникација, новите технологии всушност ги усложнуваат и ги отежнуваат. Објавувањето приватни содржини онлајн во многу случаи всушност е симптом на проблеми со нивното функционирање во нашите реални животи надвор од социјалните мрежи и интернетот. Некој што има доверливи пријатели полесно ќе се одлучи на совет од нив, отколку да бара интимен совет на Твитер, на пример.

 Minutes of Shame Исто така, чести се и примерите на злоупотреба на приватноста така што наши познајници или контакти недозволено и злонамерно ги објавуваат на интернет. Ваквото штетно користење на новите технологии, влијае негативно врз нашата социјализација, со тоа што го нормализира не само уценувањето и психичкото малтретирање на другите, туку и го отежнува или го усложнува формирањето цврсти и стабилни лични врски и односи со другите. Довербата во другите потешко се развива, а може инстантно да се загуби, макар и по мало недоразбирање.

Во документарниот филм „15 минути срам“, каде што насловот е иронична алузија на познатиот цитат за тоа дека денес сите имаме можност за 15 минути слава на Енди Ворхол, документирани се неколку сериозни случаи на  злоупотреба на приватни онлајн содржини и прикажано до каде може да оди понижувањето на другите и нивно јавно посрамотување со помош на интернетот. Во овој документарец се пренесуваат сознанија од експерименти во кои се потврдува дека хормонот за задоволство, допаминот, кој се лачи при посрамотувањето на другите, има посилен ефект од допаминот што се лачи при наше лично уживање.

За жал и во Македонија многубројни се примерите на вакви злоупотреби со различни мотиви, од одмазда, до изнудување пари и услуги.

Кавадарчанец уценувал со приватни секс снимки


Може да се заклучи дека особеноста на новите технологии да креираат и да дистрибуираат речиси неограничени количества информации, длабински ги менува и комуникацијата, како и социјалните врски и правилата за нивно оформување и функционирање. Во епицентарот на овие длабински промени особено се засегнати концептите на приватноста, блискоста и интимноста. Старите правила за демаркација на јавното од приватното сѐ помалку важат, а промените што сѐ денес е лично, јавно или приватно постојано се менува и флуктуира. Честиот неред и нестабилност во функционирањето на социјалните врски предизвикан од новите технологии, предизвикува засилена фрагментација на општеството на сите негови нивоа. Фрагментацијата, пак, води кон отежнување на оформувањето многу важни консензуси во општеството, нешто што претходно ни било наложувано и пренесувано, без многу дискусија, од државниот систем, образованието или од семејството.

Денес сѐ е отворено на преиспитување, сѐ е под лупа на личниот избор, технологијата ни ветува врвна слобода. Но, проблемот е кога истата таа технологија не може да ни помогне од тој индивидуализациски ресет повторно да се поврземе во силни и стабилни врски со другите и да креираме кохезивни и хумани заедници. 

Создавањето на базичните консензуси во едно општество има суштествено значење. Ако тоа не функционира задоволително, тогаш општеството не само што се фрагментира, туку и длабински се дестабилизира и подрива. Излезот од овие предизвици секако не е ниту во технофобијата, т.е. отфрлање на новите технологии, ниту, пак, во некоја нова теорија на заговор. Како што не можеме да се откажеме од авионите и автомобилите и покрај вклучениот ризик на нивното користење, така веројатно нема да можеме да се откажеме ниту од паметните телефони, таблети или социјалните мрежи. Одговорите се единствено можни со континуирано приспособување кон новата реалност на наша силна интегрираност и поврзаност со технологијата, односно преку едукација и самоедукација, отворен општествен дијалог и соработка на различни нивоа низ кои ќе се наоѓаат решенија за овие проблеми, но и преку етичкото користење на новите технологии ослободено од тенденциите за манипулација и контрола на корисниците.  

Автор: Сеад Џигал


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).