Мимовите и дигиталната култура

Се чита за 6 мин.

Мимови (memes, aнгл.) или „мемиња“ (разг.) се популарни содржини што се споделуваат на интернет и на социјалните мрежи. Најчесто се јавуваат во форма на фотографии, видеа, текст и слично. Тоа вообичаено се хумористични објави, кои брзо се копираат и се пренесуваат од корисниците, често со помали варијации, на теми од популарната култура и од јавниот живот. Мимовите обично ги среќаваме на интернет и на социјалните мрежи, споделени од нашите контакти, како дел од вирални објави што пренесуваат одредена шеговита порака или коментар. 

КОЕ Е ЗНАЧЕЊЕТО НА ЗБОРОТ „МИМ“?

Зборот „meme“ потекнува од грчкиот збор „mimema“ со значење „нешто што се имитира“. Поимот „мим“ за првпат го употребил биологот Ричард Докинс (Richard Dawkins) во 1976 година во својата книга „The Selfish Gene“. Во оваа книга тој се обидува да ги поврзе теоријата на еволуција со теориите на културата и нејзините промени, при што мимот (the meme) го дефинира како „мала единица во културата наменета за трансмисија, која е аналогна на генот“. Во поопшта смисла, според Докинс, мимот е носител на културни значења што се пренесуваат од еден до друг корисник преку имитација или чисто копирање. Во книгата на Докинс, која е пишувана далеку пред ерата на интернетот, како примери за мимови се наведуваат културните феномени какви што се поговорки, клишеа, музички мелодии и стилови на облекување. 

КОЈ ГИ КРЕИРА МИМОВИТЕ?

Мимовите и нивните креатори можат да се идентификуваат преку пребарување и хронологијата на објавување. Но, сепак, многу често тие завршуваат како анонимни и групни творби на кои им се губи трагата во однос на тоа кој прв ги објавил. Со ова мимовите делумно се доближуваат до културното творештво од минатото какви што се народните поговорки, изреки, пословици и слично. Најчесно е да се каже дека мимовите се содржина создадена од самите корисници. 

Мимовите ги привлекуваат корисниците преку споделување и ширење да ја потврдат својата припадност кон одредена група, или пак припадност кон одредена генерација. На пример, „миленијалците“ што најмасовно ги прифаќаат како комуникациска форма од сите демографски групи, се сметаат како генерација за која мимовите се една од најспецифичните форми на комуницирање. Мимовите денес стануваат мошне важен дигитален формат во популаризацијата на личности, автори, настани, филмови, музика, книги. Во тој процес тие се користат како едноставно средство да ги оформиме и да ги зацврстиме нашите врски со различни социјални групи со кои сме вмрежени. Мимовите се покажуваат и како погодна форма за брзо ширење идеи на интернет и на социјалните мрежи, и токму врз тие свои погодности ја градат својата општа прифатеност. 

Last Writes Page 1 Image 0002Илустрација: Miguel Porlan, The Philosophy of Meme Culture

ГЛАВНИ ОДЛИКИ НА МИМОВИТЕ

Една од најважните одлики на мимовите е тоа што тие доаѓаат од обичните корисници, кои низ едноставни визуелни и текстуални форми пренесуваат некоја идеја или порака. Корисниците чувствуваат блискост и солидарност кон содржини што се објавени од корисници што се како нив, без одредена агенда или директна цел. 

Мимовите што најчесто се хумористични, влијаат врз нашата подготвеност да ги споделуваме, слично на појавата кога сакаме да им пренесеме некој виц на своите пријатели. Покрај хуморот, мимовите можат да предизвикаат и други силни емоции, какви што се зачуденост, револт, бес и слично, што исто така го зголемува нивниот потенцијал за споделување, а со тоа и нивниот досег до голем број корисници на интернет. Многу често, алгоритмите на социјалните мрежи го препознаваат виралниот карактер на мимовите и со нивно препорачување и давање приоритет пред другите објави, ја зголемуваат нивната проширеност и популарност. 

praznikМимовите можат да бидат искористени и за натпреварување на корисниците во нивната популарност и влијателност врз другите корисници. Овој мотив, за зголемување на сопственото влијание врз другите, често се јавува како важна мотивација за непрекинато креирање на мимовите. Дополнително, може да се каже дека мимовите можат да функционираат и како одреден вид дигитални ребуси, односно загатки. Некои од мимовите не се веднаш разбирливи за различните корисници, така што тие можат понекогаш да бидат и предизвик при нивното интерпретирање и читање на она „што сакал да каже авторот“.

МИМОВИ И МИМЕЗИС, ИМА ЛИ ПОВРЗАНОСТ?

Користењето на мимовите и нивното споделување, им дава на корисниците чувство на учество во нешто што е поголемо од нив самите. Овој магнетизам на припадност можеме да го споредиме со чувството кога ѝ се приклучувате на поголема маса луѓе на некој протест, концерт или спортски настан. Кон ова треба да се напомене уште еден важен аспект, кој придонесува за нивната популарност и проширеност. Станува збор за нагонот за имитација, односно привлечноста кон „мимезисот“, што мимовите го олеснуваат за практикување. Имитацијата е еден од клучните механизми во нашата социјализација од најмали нозе. Таа е суштински дел од нашето учење на јазикот, говор на телото, нашето однесување и севкупната комуникација. Мимовите што ни сервираат едноставни модели за имитација и за копирање, го ползуваат токму овој порив за имитација и за вклучување во заедницата на која ѝ припаѓаме, или кон која можеби сакаме да се вклучиме. ТикТок е социјална мрежа што својата првична популарност ја изгради најмногу врз давање опции на корисниците во својата апликација лесно да имитираат други видеа, музика и гласови преку танцување и синхронизирање на усните (lip syncing).

КОРИСТЕЊЕТО И УЛОГАТА НА МИМОВИТЕ ВО ДИГИТАЛНАТА КУЛТУРА

Ако се споредат мимовите со некои претходни форми пред интернетот, можат да се увидат доста сличности. Вакви особености на имитациско ширење претходно е познато кај литературните и кај говорните форми какви што се поговорките, стиховите и рецитациите, слоганите, брзозборките, сказните, вицовите и редица други. Овие форми порано се ширеле во одредена јазична и културна заедница како популарни и забавни творби што пренесувале содржини од забавен или од поучен карактер. 

„Во ерата на т.н. вмрежен индивидуализам, луѓето ги користат мемињата истовремено за да го изразат својот индивидуализам, но и својата вмреженост.“ 

Кон оваа констатација дека преку мимовите ја потврдуваме својата припадност кон новите дигитални култури и онлајн заедници, може да се напомене дека мимовите како една нова форма на интеркултурна и интракултурна трансмисија на идеи и содржини, посредувана од новите технологии, овозможува и две важни промени во тоа како се социјализираме. Првин, тие го забрзуваат пренесувањето на културните артефакти и содржини, така што тие се шират во многу покусо време отколку што тоа било случај кога и да е претходно. На свој начин тие го забрзуваат оформувањето на дигиталните култури и заедници. Второ, тие го засилуваат нивниот ефект со тоа што многу лесно постигнуваат значителна проширеност во јавниот комуникациски простор, правејќи ги општо достапни, но и отворени за интерпретации и за креативни варијации. 

„Во случајот на мимовите, тие се создадени за да се споделат со други луѓе; тие се наменети за поголема публика. Мораме да земеме предвид дека, благодарение на интернетот, група децентрализирани луѓе може да имаат заедничко, колективно искуство“.

meme 1Извор: Чаевите на Баба РадаЗасновани на едноставни содржински калапи, тие можат да продуцираат многубројни адаптации и имитации приспособливи на различни ситуации, од политиката, преку уметноста, па сѐ до популарната култура. Она што ги одликува мимовите е и тоа што тие привлекуваат големо внимание преку учество на самите корисници што ги копираат и ги споделуваат овие содржини. Ваквото партиципирање во нешто што наеднаш станува проширено кон сите е еден од клучните аспекти на мимовите во денешните дигитални култури. Преку нивната употреба на интернетот и социјалните мрежи, всушност, се заменуваат некои традиционални форми на комуникација и конверзација, какви што се муабетењето и прераскажувањето вицови.

Мимовите се, исто така, приспособливи форми за адаптирање кон локалните култури. На пример, за Македонија како еден од попопуларните локализирани мимови може да се наведат мимовите за Баба Рада.

ДАЛИ МИМОВИТЕ СЛУЖАТ САМО ЗА ЗАБАВА?

Иако мемињата обично се сметаат за забавни и шеговити форми, тие често откриваат одредени важни односи и вредности во општеството во кое се појавуваат и се прошируваат. Тие можат да артикулираат сериозни критики кон системот во кој живееме преку негово исмевање и посочување на неговите недостатоци. Користејќи го хуморот и сатирата, тие можат да влијаат врз нашето однесување и оформување ставови за реалноста и за јавните личности. Споделувањето и ширењето на шеговитите мемиња, им дава големо значење на овие содржини, со тоа што нивната масовност може да влијае тие да станат доминантна интерпретација на некој настан или појава, односно да имаат клучна улога во оформувањето на јавното мислење. Користењето на хуморот и на сатирата во известувачкото и во коментирачкото новинарство е веќе сосема етаблиран жанр, како што е тоа видливо од примерите на популарните шоуа Daily show with Trevor Noah, Last week tonight with John Oliver, Jimmy Fallon, Stephen Colbert, и др. Инфотејнментот веќе е интегрален и важен дел од критичкото новинарство и известувањето на медиумите за политиката и за општеството генерално. 

Во текот на претседателската трка во САД во 2016 година, покрај значајната улога на дезинформациите преку социјалните мрежи, важно место имаа и негативните мимови, кои беа креирани и масовно проширувани, особено против кандидатката Хилари Клинтон

***

Можеме да заклучиме дека мимовите се нова форма на денешните дигитални култури, кои и покрај тоа што имаат поврзаности и сличности со некои традиционални форми, сепак претставуваат нов формат за пренесување идеи и пораки во самите заедници. Тие се пренесуваат брзо и можат потенцијално да стигнат до голем број корисници, што постепено ја зголемува нивната релевантност, не само за забава туку и за коментирање и креирање на јавното мислење за различни важни теми во општеството. Денес тие се употребуваат за различни намени, вклучително и во политички и комерцијални кампањи, како за нивно промовирање, така и за нивна критика или саботирање. Мимовите им даваат на корисниците можност активно да се вклучат во важни општествени теми и процеси, а преку ваквата активност тие можат да ја оформат или да ја зацврстат својата вмреженост во дигиталните заедници, кои стануваат сѐ поважни за нашата лична идентификација и ангажираност во општеството. 

Автор: Сеад Џигал


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).