Нови правила на игра за медиумите во Европа

Се чита за 4 мин.

На повидок е нова европска регулатива со која правилата на игра за традиционалните и дигиталните медиуми ќе бидат поинакви. Во моментов пред Европскиот парламент се наоѓа предлог - текст на Европскиот закон за медиумски слободи (European Media Freedom Act) кој беше доставен од страна на Европската комисија на 16-ти септември оваа година.

Според објаснувањето кое е составен дел од предлогот,  тој се заснова на претходни опсежни консултации со засегнатите страни, a Комисијата подготви и оценка на влијанието на регулативата, поткрепена со две надворешни студии. И покрај ова, кредибилни медиумски организации, иако го поздравуваат напорот на европските институции да го унапредат медиумското законодавство, а со тоа да се зајакне независноста на приватните и јавните медиуми, истовремено изразуваат загриженост за одредени делови од текстот на законот, укажувајќи дека некои од понудените решенија може да предизвикаат спротивен ефект.

За потребата од нова медиумска регулатива

Во своето годишно обраќање за состојбите во Унијата во септември 2021 година, Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, ја истакна важната улогата на информациите како јавно добро, притоа укажувајќи дека медиумските компании не можат да се третираат како сите останатите бизниси и дека нивната независност мора да биде заштитена на ниво на ЕУ. Таа во својот говор го најави Европскиот закон за медиумски слободи, а иницијативата за него беше  вклучена и во Работната програма на Комисијата за 2022 година.

Комисијата во образложението за потребата на овој закон се повикува на повеќе извештаи за независноста на медиумите и слободата и правата на новинарите во кои генерално се нотираат негативни трендови и регрес на слободата на говор во земјите - членки. Понатаму се вели дека потребни се надградување на постоечката регулатива со цел гарантирање на независноста на медиумите кои се клучни во формирањето на јавното мислење на граѓаните и во барањето на одговорност од оние кои се на власт.

Кои прашања ги опфаќа предлогот?

Повеќе прашања се дел од овој предлог, но како поважни на кои се посветува внимание се мерките за заштита на уредувачката независност и заштита на новинарски извори, како и оние кои се однесуваат на откривање на конфликт на интереси и обезбедување на транспарентноста на медиумската сопственост. Овие се основни предуслови за овозможување на политичка и финансиска независност на медиумите, а дополнително се предвидуваат и мерки за заштита на новинарите од нелегално следење, односно мерки против употребата на т.н. шпионски софтвери против медиумите, новинарите и нивните семејства.

Посебни начела се однесуваат на независност на јавните радиодифузни сервиси преку мерки за стабилно и соодветно финансирање, но и назначување на управните тела во овие медиуми на транспарентен и недискриминирачки начин.

Се воведува таканаречен тест за медиумски плурализам и се пропишува обврска на сите земји - членки на ЕУ да креираат национални правила преку кои ќе се овозможи проценка на концентрацијата на медиумскиот пазар кој може да има влијание на застапеноста на различни гледишта во медиумите.

Посебно интересен дел и за нашиот македонски контекст се мерките за заштита на медиумската содржина на интернет. Овој предлог закон во основа го надградува Законот за дигитални услуги (Digital Services Act) од декември 2020 година, за чие усвојување има политички компромис на ниво на Европски парламент и се очекува да стапи на сила и да биде облигаторен за сите земји - членки на ЕУ од јануари 2024 година, со стремеж да се создаде побезбеден дигитален простор во кој се заштитени основните права на сите корисници на дигитални услуги. Мерките во овој дел подразбираат и рестрикции кон големите онлајн платформи во случај да отстранат медиумски содржини кои се изработени во согласност со професионалните новинарски стандарди, но и нивна обврска да не шират информации коишто можат да бидат штетни за публиката. Земјите - членки, според овој предлог, ќе бидат обврзани во иднина да обезбедат начин за мерење на публиката на онлајн медиумите, како и да овозможат транспарентност на финансирањето на овие медиуми, се со цел да се минимизираат ризиците од фаворизирање на провладини медиуми или користење на јавна поддршка за партиски интереси.

hand holding tv

Конечно, Законот предвидува и создавање на нов независен Европски одбор за медиумски услуги составен од националните медиумски власти од земјите - членки кој ќе има улога да промовира ефикасно спроведување на начелата од оваа регулатива но и да издава насоки и мислења за регулаторни политики. Освен ова, овој одбор ќе има надлежност да координира регулаторни мерки во врска со медиуми надвор од ЕУ кои претставуваат ризик за јавната безбедност и да овозможи структуриран дијалог со големите онлајн платформи во кои спаѓаат и популарните социјални мрежи кои често служат за промоција на медиумските содржини создадени во рамки на новинарките редакции.

Што е критиката на медиумските организации?

Веднаш по објавата на овој предлог закон, 23 кредибилни новинарски и медиумски организации на европско ниво потпишаа заедничка декларација со која ја поздравуваат одлуката на Европската комисија на системски начин да се заложи за подобрување на медиумската регулатива и да се направат построги правила кои ќе се однесуваат на сите земји членки во обид за гарантирање на поголема слобода и гаранции за независност. Една од организациите - потписнички на оваа декларација е и Европската федерација на новинари која застапува над 320.000 новинари од цела Европа. Основната критика на ЕФЈ, како и на другите организации, е дека одредени обврски за поголема транспарентност како и финансирање на медиуми е оставено во делот на препораки во овој предлог закон, а не во обврски. Исто така, постојат и одредени исклучувања на одговорност за самите национални влади. Еснафските организации во моментов бараат конкретни амандмани на предлог - законот пред истиот да биде проследен на постапка за понатамошно усвојување пред Европскиот парламент и Советот на Европската Унија.

Зошто е важен предлог - законот за медиумите во Македонија?

Северна Македонија има обврска медиумската регулатива да ја синхронизира со Директивата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и со препораките на останатите политички организации како што се Советот на Европа, ОБСЕ и УНЕСКО. Секако, националното законодавство треба да е приспособено на начин што ќе го земе предвид и специфичниот локален контекст кој се разликува во сите земји кога станува збор за медиумската култура и амбиент во кој работат медиумите и новинарите. Европскиот закон за медиумски слободи е над директивите на Европската комисија и до одредена мера го потиснува локалниот контекст и прави обид одредени начела да бидат облигаторен дел од законодавствата во членките на ЕУ. Во процесот на евроинтеграција на земјите кандидати логично е да се очекува овие правила да бидат инкорпорирани во голема мера и во македонското законодавство и тоа посебно во оние делови кои традиционално секоја година се лоцирани како слабости во годишните извештаи на Европска комисија.

Автор: Драган Секуловски


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).