Бесплатни онлајн ресурси за новинарска едукација

Се чита за 6 мин.

Ако претпоставиме дека новинарите имаат мотив и желба за едукација, но сметаат дека немаат доволно време физички да посетат некој курс, тогаш решението е во бесплатните онлајн алатки и сервиси за едукација.

Новинарството е динамична професија што постојано се менува. Новинарите и медиумите е потребно да се приспособат на промените, а голем дел од тоа приспособување подразбира учење и постојано надоградување на вештините.

Најчесто потребата за едукација е иницирана од технолошките промени. Па, така, кога се појавил персоналниот компјутер, а потоа и интернетот, новинарите морале да научат како да ги користат, бидејќи без нив новинарската работа стана невозможна.

Слично е и со појавата на мобилниот телефон. Во денешно време тој е моќна алатка, која има потенцијал да ги замени фотоапаратот и компјутерот и за многу новинари е единствената алатка со која самостојно може да креираат и да објавуваат приказни, фотографии, видео...

Но, технологијата не е единственото нешто што ја актуализира потребата за едукација. Некогаш тоа е предизвикано од актуелните глобални случувања какви што се војните, пандемиите, климатските промени и слично. Поради овие фактори се зголемува и потребата од поголемо знаење од областите што ги покриваат новинарите, со цел да можат да креираат релевантна новинарска приказна.

Тоа најдобро го илустрираше пандемијата со ковид-19 кога голем дел од медиумите го свртеа фокусот кон овој проблем, притоа соочувајќи се со недостиг на знаење во самите редакции за тоа што е пандемија, недоволно знаење за вакцините и слично, што резултираше со намерно или ненамерно ширење дезинформации, кои на крајот му штетат на секое општество.

Глобалните конфликти и воени состојби како онаа во Украина создаваат потреба од што поголема едукација на новинарите за темите како безбедно известување од конфликтни ситуации, справување со траума и слично.

Имаат ли новинарите време за едукација?

scene concept Фото: freepik.com

Обременети со многу работа во редакциите, голем број новинари објективно имаат малку време или воопшто немаат време да посетат курсеви каде што би ги надградиле своите вештини.

Дел од новинарите немаат ниту мотив ниту желба бидејќи сметаат дека тоа нема да донесе никаква промена на финансиски план во нивните матични редакции и тоа е сосема разбирливо. Но, факт е дека преку едукација и зајакнување на вештините, новинарите може да станат подобри, поефикасни, поконкурентни на пазарот и на крајот позадоволни од трудот што го вложуваат.

Колку време е потребно?

Ако претпоставиме дека новинарите имаат мотив и желба за едукација, но сметаат дека немаат доволно време физички да посетат некој курс, тогаш решението е во бесплатните онлајн алатки и сервиси за едукација.

Ги има во голем број и на различни јазици, доколку имате проблем со англискиот или со другите јазици. Голем дел од овие курсеви или онлајн платформи за едукација овозможуваат да ги следите по сопствена динамика, односно по сопствено темпо. Материјалите се достапни и вие може да ги читате, да ги гледате, да ги слушате, каде сакате и кога сакате.

Колку време ви е потребно? Секако дека што повеќе време вложите во едукација толку подобро ќе научите. Сепак, од лично искуство сите ние немаме доволно време и некогаш мора да се направи компромис помеѓу желбата и реалноста.

Токму затоа вкупно два до три часа вложени во текот на една недела или околу 45 минути дневно во текот на 3-4 дена се доволни да направат сериозна промена во вашето знаење за одреден проблем што сакате да го совладате, било да станува збор за хардвер, софтвер или за област што треба да ја совладате или за која треба да известувате.

Реално, толку, ако не и повеќе време, трошите на пиење кафе.

Научи, па примени

woman working laptop Фото: freepik.com

Најважното од сè, без разлика дали учите како се користи мобилен телефон за снимање видео или, пак, софтвер за креирање инстаграм-приказни, потребно е наученото да го употребите во практика и тоа кратко време откако ќе го посетите курсот. Ако нешто што сте научиле не го употребите во првата недела, тогаш многу веројатно е дека никогаш нема да го примените бидејќи наученото лесно ќе се заборави.

Дури и да не можете да ја објавите приказната, тестирајте самите каков производ можете да креирате применувајќи го наученото. Не очајувајте ако не ви успее од прва или ако не сте задоволни од конечниот исход. Никој не научил од прва, потребно е практика, практика и само практика.

Во продолжение следуваат некои од најкорисните бесплатни онлајн ресурси за новинарска едукација.

Ресурси на Гугл и на Фејсбук

Алатките на Гугл ги користиме секојдневно во нашата работа, но и во приватниот живот. Гугл е дел од нашето секојдневие било да станува збор за користење само на пребарувачот или на алатките како Google Earth. Сепак, Гугл нуди многу повеќе за нас новинарите преку Google News Initiative и Google News Lab.

Има голем број ресурси за едукација на новинарите главно за напредно користење на алатките на Гугл. На пример, курсот насловен како „Основи“ трае 80 минути и содржи 12 лекции за зајакнување дигитални вештини преку учење напредни техники на познати алатки како пребарувачот Google, Google Maps и Google Trends.

 Google News Labhttps://newsinitiative.withgoogle.com/resources/google-news-lab/

Има голем број курсеви и други ресурси каде што можете да поминете и неколку месеци збогатувајќи го вашето новинарско знаење и подобрувајќи ги вашите вештини не само за конкретни алатки на Гугл, туку и за покривање конкретни теми какви што се избори, екологија, пандемии и слично.

Фејсбук за новинари Facebook for journalists е уште еден таков проект, чија цел е да им помогне на новинарите полесно да „пливаат“ низ социјалните медиуми кога креираат новинарски приказни.

Овде можете да најдете курсеви за тоа како најдобро да ги користите Фејсбук и Инстаграм во вашата работа, како да се поврзете со вашата публика, како да користите 360 степени видео и голем број упатства за тоа како да останете безбедни додека ја извршувате новинарската работа.

Ресурси на УНЕСКО

Организацијата за образование, наука и култура на ООН, УНЕСКО, има посебен дел посветен на новинарската едукација каде што засега има 17 прирачници за различни области поврзани со новинарството и со медиумите. Има прирачници од тоа како да известувате за мигранти, за екстремизам и слично.

Покрај тоа, има снимени курсеви, вебинари и тренинзи за специфични теми, а ако сакате да истражите повеќе, има линкови до релевантни курсеви и тренинзи како, на пример, курсот „Слободен пристап до информации од јавен карактер“. 

Онлајн курсеви што сами ги посетувате

 Reuters Training Course https://reutersdigitaljournalism.comБесплатни онлајн ресурси за едукација нудат и големите медиумски компании какви што се Ројтерс, АФП и фондациите како Томсон. Овие курсеви можете да ги посетите во кое било време и од кој уред сакате, а можете да ги завршите кога сакате, односно сами управувате со времето.

Ројтерс нуди курс за дигитално новинарство што е креиран во соработка со Мета, компанијата порано позната како Фејсбук. Покрај на англиски, курсот е достапен и на 15 други јазици, но, за жал, ниту еден од балканските простори.

Новинарски курсеви на македонски јазик, албански јазик и на БХС јазиците има фондацијата Томсон.

Има курсеви за употреба на мобилен телефон во креирање приказни, курсеви за новинарство за повеќе платформи, како да се остане безбеден при покривање протести како и курсеви за специфични теми како креирање поткасти, покривање пандемии и екологија. Најнов е курсот што се спроведува преку Телеграм, а се однесува на тоа како новинарите треба да реагираат при хемиски напад.

Агенцијата Франс прес (АФП) нуди серија онлајн курсеви што исто така се бесплатни, јазикот е доста едноставен и начинот на презентирање на материјалот е привлечен.

Курсевите се поделени во три нивоа, почетно, средно ниво и напредно ниво, во зависност од тоа која е вашата стартна позиција, односно колку имате претходно знаење.

Голем дел од овие платформи се одлични и за млади новинари, но и за поискусни, кои сакаат да научат нешто повеќе за новите трендови во новинарството. Речиси сите овозможуваат да се стекнете со сертификат за завршениот курс.

Алатки за креирање/раскажување новинарски приказни

Постојат голем број ресурси и бесплатни алатки што како новинари може да ви користат во секојдневното прибирање информации, при обработка на тие информации, но и во презентирање на информациите. Сепак, не можете секаде да најдете и упатства и насоки како тие се користат.

Во таа насока одличен ресурс за алатки, но и за практични примери како се користат, има Knight Lab во делот на Алатки за раскажување приказни (Storytelling Tools).

 Journalists Toolboxhttp://www.journaliststoolbox.orgОвде можете да најдете интересни алатки за креирање мултимедијални приказни, но и упатства како се користат. Има готови алатки, алатки што се во фаза на тестирање како и експериментални проекти. Најдоброто е тоа што сите ресурси се бесплатни.

Гугл исто така има сериозно добри алатки што се бесплатни, а кои се наменети за новинари и за истражувачи во делот Jorunalist Studio. Интересна и моќна алатка е на пример Pinpoint, која служи за брзо пребарување и анализирање големи бази со документи, но и за креирање текст од аудиофајлови. Потоа може да се обидете и со алатката за пребарување на отворените бази на податоци Google Public Data Explorer.

Journalist’s Toolbox е уште еден одличен ресурс што треба да го проверите. Има одлични упатства, кои тешко дека ќе ги сретнете на друго место, како, на пример, како да известувате од Светското првенство во фудбал, како да пребарувате шопинг трендови или, пак, алатки што ќе ви помогнат да известувате за урагани.

Ова се само мал дел од морето бесплатни ресурси што може да се најдат онлајн. Секако дека има уште многу други што не се спомнати овде, а кои може да се еднакво добри и корисни. Она што е најважно е да го направите првиот и најтежок чекор, а тоа е да кликнете на некој од линковите и да ги посетите курсевите.

Автор: Александар Манасиев


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).