Над 70 ученици од средните скопски училишта „Орце Николов“, „Васил Антевски-Дрен“ и „Никола Карев“ учествуваа на три интерактивни работилници на кои дознаа повеќе за погрешните информации и за улогата на интернет-корисниците во нивното ширење и добија конкретни совети како паметно и одговорно да се користи технологијата. Темите на работилниците се поврзани со Упатството за детоксикација кое е подготвено како дел од изложбата „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“.
Изложбата е осмислена и подготвена од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин. Работилниците за млади се одржаа во Европска куќа во Скопје, во организација на Македонскиот институт за медиуми со поддршка од Делегацијата на Европската Унија.