Враќање кон основите: Работилница за основните новинарски принципи во Подгорица

Се чита за 2 мин.

Осумнаесет новинари од Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Северна Македонија учествуваа на едукативната работилница „Враќање кон основите“, што се одржа во Подгорица на 27 и 28 јануари 2023. Главна тема на работилницата, наменета за новинари кои се на почеток на кариерата беа основните принципи на новинарството. Тимот обучувачи ги водеше учесниците низ три важни и во денешно време понекогаш занемарени области во програмите за обука и образование на млади професионални новинари: етиката во медиумите, традиционална проверка на факти и вештини за интервјуирање.

Зборувајќи за различни професионални дилеми и предизвици со кои се соочил низ својата педесетгодишна новинарска кариера, Ненад Пејиќ дискутираше со учесниците за важноста на етиката во медиумите и новите етички предизвици што се појавија во последните децении. „Новинарите никогаш не треба да претпостават дека научиле сѐ што може да се знае за овој аспект од професијата“, објасни Пејиќ.

„Етиката во медиумите е постојан принцип, не е некоја теорија што еднаш ќе ја усвоите и тоа е тоа. Се работи за практична, а не теоретска активност,“ додава Пејиќ.

viber image 2023 02 02 09 00 52 162 1536x864Фото: Ненад Пејиќ држи предавање за етика во медиумите

Пејиќ истакна дека му е мило што учесниците биле активни со желба да стекнат нови знаења и вештини, иако понекогаш биле збунети кога се соочувале со различни етички дилеми во новинарската пракса.

„Беа со отворени умови, посебно кога дискутиравме за важни чекори во новинарството коишто имаат тенденција да ги прескокнат, а тоа го препознаа како нивна слабост“, нагласи Пејиќ.

Жарка Радоја, новинарка и уредничка од Србија која одржа предавање за традиционалната проверка на факти и важноста на контекстот во новинарството, истакна дека била многу мотивирана од заинтересираноста на учесниците и нивното активно вклучување во практичните вежби.

„Беше многу занимливо да се гледа како размислуваат учесниците кои работат во различни видови медиуми - телевизија, истражувачки медиуми, од новинари кои работат за информативни агенции до оние кои имаат доволно време да размислат за можните теми на нивните стории“, објаснува Радоја. 

Фокусот на нејзиното предавање беа основните чекори за верификација и објасни како традиционалните начини на кревање телефон и јавување на можните извори е сѐ уште важно.

„Експлозијата на дигиталните алатки направи да заборавиме дека може да добиеме некој на телефон или преку СМС, наместо да праќаме пораки преку мобилни апликации. Денеска, повеќе учиме за дигиталните алатки отколку за основите на новинарството“, вели Радоја.

Како основа на речиси сите новинарски жанрови, усовршувањето на вештините за интервјуирање е важен чекор за новинарите кои се на почеток на кариерата. Петар Комнениќ, автор на емисијата „Начисто“, популарна ТВ-програма на црногорската телевизија „Вијести“, сподели корисни совети и трикови како да се направи вистински избор на прашања и соговорници. Сепак, оваа новинарска вештина може да се усовршува само со искуство, објаснува Комнениќ.  

„Постои одредена теоретска основа, но, новинарството е вештина и се усовршува преку различните ситуации во коишто ќе се најдете. Дури и денес се наоѓам во различни ситуации и секоја е посебна. Подоцна, ќе имате рефлексивна реакција за она што ви го носи професијата“, исткана Комнениќ.

IMG 20230127 124015 1536x864Фото: Практична вежба за време на сесијата за вештини за интервјуирање

Младата новинарка од Албанија, Оливерда Алмука, беше една од учесниците на дводневната работилница. Таа верува дека едукативните активности како оваа нудат единствена можност за новинарите кои вообичаено се повеќе зафатени за да ги дискутираат дилемите на нивната професија.  

„На пример, во Албанија, младите новинари веднаш се зафаќаат со работа и немаме време да дискутираме што всушност се случува со новинарството. Сѐ се менува и еволуира и мора да ги гледате работите од различни перспективи, но ние не го правиме тоа затоа што немаме време“, смета Алмука.

Работилницата „Враќање кон основите“ беше воведна активност во рамки на проектот „Зајакнување на критичкото новинарство во Западен Балкан“, што го спроведува Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), во партнерство со „Transition“ од Прага, БИРН Косово и членките на СЕЕНПМ: Медиацентар Сараево, Институтот за медиуми на Црна Гора, Албанскиот медиумски институт, Новосадската новинарска школа и Македонски институт за медиуми. Проектот е поддржан од Национален фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).

Двегодишниот проект ќе се фокусира на подготовка на квалитетни медиумски содржини, вклучително и прекугранични стории, развивање на нови програми за образование, како и обуки и консултации за новинарите и уредниците во Западниот Балкан.