Средба со директорите на основните училишта за вклучување на медиумската писменост во наставата

Се чита за 1 мин.

Како дел од процесот на подготовка на новите наставни програми, Бирото за развој на образованието со поддршка на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ започна со вклучување на медиумската писменост и критичкото размислување во одделенската настава, а целта е овие содржини да станат дел од програмата во целото основно образование. Со цел поефикасно да се пренесат содржините поврзани со медиумската писменост на час и да бидат разбирливи за учениците, минатата година беа обучени 3.000 наставници од 2 и 5 одделение, а обуките ќе продолжат и во текот на следната година. Во меѓувреме се подготвуваат прирачници за наставници од 1 до 5 одделение, како и концепт за медиумска писменост.

Ова се некои од клучните информации кои ги истакна Михајло Лахтов, директор на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, на состанокот на кој присуствуваа над 200 директори на основните училишта. Целта беше директорите да се запознаат со активностите кои ќе се спроведуваат во училиштата преку Проектот „Младите размислуваат“, со цел тие да го поддржат процесот на вклучување на медиумската писменост во наставата. 

Директорот на Бирото за развој на образованието, Зекирија Хасипи, порача дека улогата на Бирото, како и на раководителите на училиштата е да помогнат „во ширењето на медиумската писменост и да поттикнат поефикасно и побрзо спроведување на обуките на наставниците кои овие наставни содржини ќе ги пренесуваат на учениците.“

Директорката на МИМ, Билјана Петковска, ја истакна важноста на поддршката од страна на институциите, директорите и наставниците за успешно вклучување на медиумската писменост во формалното образование. „Со тоа ќе им помогнеме на младите да развијат вештини за критичко размислување и критички пристап кон информациите кои им се потребни за да изградат отпорност на дезинформации, со што ќе придонесат за градење активно и одговорно граѓанство“, рече Петковска.

Состанокот со директорите на основните училишта беше организиран во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведува ИРЕКС во партнерство со МИМ, ИКС и МОФ, и во соработка со Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука. 


Прирачникот за обучувачи за медиумска писменост може да го најдете тука:

Прирачник за обучувачи (МК)
Manual për trajnerë (АЛБ)

Курсот „Добро проверено“ може да го најдете тука: https://verified-education.org/  (МК)

Снимен материјал од состанокот со директорите може да најдете тука: https://youtu.be/PhLKnQKtmC8

pdfПрезентација од состанокот со директорите на ОУ3.93 MB