Меѓународните корпорациски компании, како ЦМЕ и РТЛ, кои се добро етаблирани на медиумскиот пазар во Хрватска и во Словенија, им овозможуваат стабилна позиција и финансирање на националните комерцијалните ТВ-канали во нивна сопственост, што се одразува и на поголемата независност на нивните уредувачки политики. За разлика од нив, во Македонија како сопственици на националните комерцијални ТВ-канали се појавуваат исклучиво домашни правни и физички лица.
Ниту една од компаниите кои се сопственици на комерцијалните терестријални ТВ-канали на национално ниво не е регистрирана дека се занимава со медиумскиот бизнис како со основна дејност, а дополнителен проблем е што некои од сопствениците немаат доволно разбирање за општествената одговорност што медиумот ја има врз формирањето на јавното мислење.
Сопственоста на медиумите во Македонија е формално чиста, но врските на сопствениците со политичките и со бизнис-центрите на моќ, не се и фактички раскинати. Засега, како што се поставени надлежностите на институциите, никој не може, а како што се покажува во практиката – не постои ниту волја да им се влезе во трага на скриените врски што медиумите во заднина ги одржуваат со политичките и со бизнис-центрите на моќ. Како резултат на тоа, политичките влијанија во некои мошне влијателни национални ТВ-канали, во истражуваниот период беа експлицитно присутни, до степен на нивна злоупотреба за ширење пропаганда.
Ова се дел од заклучоците од Анализа на сопственичките и финансиските модели на највлијателните ТВ-канали во Македонија, во Хрватска и во Словенија, што ја подготви Македонскиот институт за медиуми, во рамки на проектот „#РеФорМедиаМКД – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“. Проектот се спроведува со поддршка од Европската Унија.
Целосниот извештај од анализата е достапен во прилог.
Сопственички и финансиски модели на највлијателните ТВ-канали12.71 MB