Monitoring.izvestaj

Актуелната висока политика ги потиснува оригиналните новинарски теми на маргините на ударните вести

Се чита за 1 мин.

Македонскиот институт за медиуми, во период од од 17 до 23 јуни 2019 година, спроведе мониторинг на централните информативни изданија на шесте најгледани телевизии во земјата - петте национални терестријални канали ТВ Алфа, ТВ Алсат-М, ТВ Телма, ТВ Сител и ТВ Канал 5, како и на ТВ 24 која емитува преку сателит на државно ниво.

Целта на истражувањето е да утврди колкава е разновидноста на теми, жанрови, актери, новинарски ангажман и географска застапеност во централните-информативни изданија на најгледаните телевизии во државава. Беше разгледувано кои се ударните теми, кој е жанровскиот избор односно различните пристапи во обработката на темите, кои географски локации се најзастапени, ангажманот на самите медиуми и новинари, но и вклученоста на различни субјекти од политичкиот, општествениот, економскиот и од културниот живот.

Истражувањето особено се осврнува на тоа колку најгледаните телевизии во земјата се „граѓански“, односно колку се отворени кон вклучување на самите граѓани во креирањето на содржините, преку изборот на теми што произлегуваат од граѓаните или директно ги засегаат, и преку пренесување на гласот на граѓаните и на граѓанските организации при известувањето за темите од внатрешната и од надворешната политика, економијата, правосудството, здравството, образованието, и од другите области на општественото живеење.

Еден од заклучоците од истражувањето упатува на големи сличности во изборот на темите за кои известуваа телевизиите, начинот на кој им пристапуваа, актерите преку кои ги претставуваа и жанровите со кои ги обработуваа. Исто така, истражувањето покажа дека фокусот на медиумите кон следењето на активностите на членовите на Владата беше многу посилен отколку известувањето за која било друга категорија општествено-политички актери и ниту една телевизија не е исклучок од оваа практика. Вклучувањето на граѓаните во вестите беше на задоволително ниво, со оглед на тоа што тие се втора најзастапена категорија веднаш по членовите на Владата. Граѓанското учество можеше да се види преку пласирање теми што биле поттикнати од активностите или од состојбите со кои се соочуваат групи граѓани или поединци, како и преку вклучувањето на мислењата на граѓаните за другите актуелни теми.

Целосниот извештај и заклучоците од истражувањето може да ги погледнете во прилог.