Примената на праксата на Судот во Стразбур ќе ја подобри домашната заштита на новинарите

Се чита за 1 мин.

Правната заштита на новинарите согласно меѓународните стандарди, Европската конвенција за човекови права и домашното законодавство, беше главна тема на дводневната работилница што ја организираше МИМ на 20 и 21 април, во рамки на проектот на ЕУ и на Советот на Европа „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.

Новинари и уредници од национални и локални електронски, печатени и интернет-медиуми учествуваа на работилницата, на која излагачи беа истакнати правни експерти и претставници на медиумската заедници.

Др. Мирјана Лазарова-Трајковска, меѓународен експерт и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, во своето излагање се осврна на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на слободата на изразување, како и на праксата на Судот во Стразбур кога станува збор за случаи поврзани со повреда на слободата на изразување.

Адвокатот Лазар Сандев се фокусираше на клучните аспекти на правната рамка која го гарантира остварувањето на правото на слободно изразување, слободата на медиумите и работата на новинарите во Македонија. Тој го сподели досегашното искуство во застапување на новинари и медиуми пред домашните судoви, особено во случаи кога станувало збор за тужби за навреда и клевета.

Состојбата со медиумската саморегулација во земјата ја образложи Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Совет за етика на медиумите на Македонија. Адамчевски ги истакна предизвиците и механизмите за поддршка на саморегулацијата од страна на засегнатите страни, во насока на унапредување на професионалното известување и заштита на новинарите од евентуални судски спорови.

Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија ги сподели искуствата на здружението во однос на заштитата на правата на новинарите. Тука, во прв план беше посочена неодамнешната пресуда на Судот во Стразбур, во која се констатираше повреда на правото на слобода на изразување и на правото на фер судење, во случајот со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија на 24 декември 2012 година.

Учесниците заклучија дека постои потреба за унапредување на знаењето и подигнување на свеста на новинарите во однос на постоечките домашни законски решенија кои го гарантираат правото на слобода на изразување, како и за зајакнување на новинарските вештини при известување за работата на судството и интерпретирање на судските пресуди и на судската терминологија, вклучително и на работата на Европскиот суд за човекови права. Исто така, тие сметаат дека e потребно дополнително подобрување на легислативата и на квалитетот на нејзината примена во насока на поголема правна заштита на новинарите при извршување на секојдневните професионални обврски.