Отворен повик за аплицирање на граѓански организации што работат со лица со попреченост за учество на работилници

Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија организираат две тридневни работилници за граѓански организации што ги застапуваат правата на лицата со попреченост во земјава, а кои сакаат да ги подобрат своите комуникациски вештини користејќи ги онлајн и традиционалните медиуми. Двете работилниците што ќе се спроведуваат под мотото „Нека се чуе вашата порака!“ ќе имаат иста цел и дневен ред, а на секоја ќе може да учествуваат по 15 претставници од граѓанските организации што ќе се пријават на повикот. Ги покануваме сите заинтересирани да ги пополнат формуларите за аплицирање (во прилог) и да изберат на која работилница би сакале/би можеле да учествуваат (доколку ви одговараат двата термина, означете ги двата). Првата работилница ќе се одржи во Скопје од 3-5 мај 2018 година, додека втората во Охрид од 4-6 јуни 2018 година. 

Некои од темите што ќе бидат опфатени на работилниците се: како да се привлече вниманието и како да се градат успешни релации со медиумите, развивање медиумски кампањи за застапување на темите поврзани со правата на лицата со попреченост, како да се заинтересираат медиумите за приказните на граѓанските организации итн. Учесниците ќе бидат запознаени и со медиумски алатки и техники за подигање на видливоста на нивните организации и за промовирање на нивните активности меѓу пошироката засегната јавност. Работилниците ќе имаат повеќе практичен пристап, при што една од целите е да им овозможат на сите учесници да развијат најмалку една идеја за медиумска кампања што би вклучувало дефинирање специфична тема, целна група и порака. Активностите ќе вклучуваат и менторска поддршка за вкупно 16 граѓански организации при натамошно развивање и имплементирање на нивните идеи за медиумските кампањи.

Работилниците се организираат како дел од проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, чија цел е да се зголеми видливоста преку медиумите и да се подобри јавната перцепција на лицата со попреченост, како неопходен предуслов за нивно активно учество во јавниот живот и за еднаков третман при практикување на правата и слободите.

Сите трошоци за патувањето и сместувањето на избраните учесници на работилниците ќе бидат покриени од организаторите.

Контакт за сите дополнителни прашања и информации: vlado@poraka.org.mk и vesnanik@mim.org.mk.

Ве молиме испратете ги Вашите пополнети апликации најдоцна до 22 април 2018 година на следниот контакт: ivana.jelaca@media-diversity.org.

Успешните апликанти ќе бидат известени најдоцна до 27 април 2018 година.

 

dis