Психолошката поддршка на новинарите не смее да биде табу тема

Се чита за 1 мин.

Со порака дека новинарите, снимателите, фоторепортерите треба отворено да говорат, но и да побараат помош за психолошките последици што ги трпат од доживеани стресни, кризни и трауматски искуства при нивното работење, се одржа дводневната работилница „Психолошка поддршка на новинарите во кризни ситуации”, организирана од Македонскиот институт за медуми (МИМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).

Во отуство на институционална психолошка поддршка за медимските работници, препораката на Гевин Рис, директор и обучувач во Дарт Центар - Европа, експерт на ова поле,  е дека претпоставените, а пред сè колегите во редакциите, треба да бидат тие кои ќе ја препознаат и ќе има ја дадат потребната помош на колегите да се справат со последиците од стресот и траумата. Начинот за тоа, вели Рис, е искрена грижа и внимателно слушање на колегите кога зборуваат за доживеаното, без осуда и забелешки.

Психологот д-р Ана Блажева пак посочи дека освен помошта од средината во која работат и живеат новинарите, тие треба да побараат и стручна помош доколку им се повторуваат симптомите на преживеана траума, што десега се покажало како многу успешно во надминување на последиците. Според д-р Блажева емоциите и нивното препознавање и прифаќање од страна на личноста кога ќе се најде во кризна ситуации, во овој случај медиумските работници, е клучот за полесно справување со последиците.

Во рамки на работилницата пет новинари и фоторепортер ги раскажаа личните искуства, но и последиците од доживеани кризи и трауми додека била на работна задача, како Војната во Косово, конфликтот во 2001, бегалската и мигрантската криза, соочување со зарази и епидемии како што се еболата и Ковид-19, но и известување за лични човечки судбини, социјално загрозени луѓе.

На работилницата се зборуваше и за психолошките последици од трпење закани и навреди кон новинарите, но и за она што на голем дела од новинарите денес им прави дополнителен стрес и траума - работењето од дома и работа во услови на пандемија. Досегашните истражувања покажале дека дури кај 70 проценит од новинарите пријавиле психолошки промени поврзани со тоа.

Инаку светската статистика покажува дека од 80 до 100 проценти од новинарите биле изложени на трауматско искуство поврзано со нивната работа, а дури 92 проценти доживеале четири трауматски искуства во текот на работниот век.

Работилницата се одржа во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс (www.albanyassociates.com), заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.