Експертите предупредуваат: Управувачката и финансиската независност - клучни за остварување на улогата на европски јавен сервис

Се чита за 0 мин.

Оваа анализа на МИМ и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста е изработена од проф. Д-р Весна Шопар,  проф. Д-р Љубомир Јакимовски, м-р Снежана Трпевска, м-р Жанета Трајкоска и Билјана Петковска, извршен директор на МИМ, која во име на експертскиот тим ги презентираше клучните наоди од анализата пред македонските медиуми.

Анализата ги опфаќа најзначајните прашања кои се поврзани со јавниот радиодифузен сервис. Експертскиот тим, кој има долгогодишно искуство во оваа сфера, за таа цел ги анализираше меѓународната и домашната регулатива во јавната радиодифузија и конкретната имплементација кај нас, спроведувањето на програмските функции на МРТ, моделот на финансирање, моделот на управување и надзор врз јавниот сервис, како и улогата на МРТ во претстојниот процес на дигитализација на електронските медиуми.  Документот содржи и резиме на заклучоци и препораки за натамошните активности што треба да се преземат, со цел МРТ да се трансформира во вистински јавен сервис што ќе им служи на граѓаните на Република Македонија и ќе ја има нивната доверба и поддршка.

Анализата е дел од проектот што МИМ и Високата школа, во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“ го иницираа неодамна со цел да се придонесе во поттикнувањето квалитетна јавна дебата за состојбата во која се наоѓа медиумскиот сектор во Република Македонија, преку изработка на серија сеопфатни, стручни анализи, ослободени од влијанието на политката и бизнисот, кои ќе бидат фокусирани на различни актуелни прашања во медиумскиот сектор, и ќе се дистрибуираат до сите релевантни субјекти и до медиумите.