Претставено истражувањето за состојбата со медиумската саморегулација во земјава
Новости

Претставено истражувањето за состојбата со медиумската саморегулација во земјава

Со цел да се унапреди функционирањето и ефективноста на медиумската саморегулација во земјава, потребно е континуирано зајакнување на капацитетите на саморегулаторните тела особено при решавање на етички проблеми што произлегуваат од дигиталното опкружување, редовно ажурирање на етичките рамки и подобрување на механизмите за нивна долгорочна самоодржливост. Дополнително, треба да се иницираат и спроведуваат повеќе иницијативи за подигнување на јавната свест за функционирањето на саморегулативните механизми. Ова беа главните заклучоци што произлегоа од панел-дискусијата „Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во рамки на регионалниот проект „Нашите медиуми: Иницијатива за унапредување на медиумската писменост, дијалог и активизам“, ко-финансиран од Европската Унија. Во рамки на настанот беа претставени клучните наоди од истражувањето „ Медиумската саморегулација во Северна Македонија: Неопходно зајакнување на механизмите и унапредување на ефективноста “, подготвено од истражувачките на МИМ, Марина Тунева и Весна Никодиноска. Анализата се фокусира на клучните етички документи и ги анализира капацитетите, предизвиците и добрите практики што произлегуваат од работењето на релевантните механизми во оваа област, особено во дигиталното опкружување. Настанот го отвори г. Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на Европската Унија кој, меѓу другото, истакна дека Европската Комисија ја поттикнува саморегулацијата на медиумите и македонското законодавство ќе треба да се усогласи со европските правила во оваа област. Воведни обраќање имаа Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Леунора Калиќи, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди, вклучително и во предизборни периоди беше тема на која дискутираа Анета Андонова, одговорна уредничка на Првиот програмски сервис на Македонската Телевизија, Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ, Саше Димовски, претседател на Советот на честа при ЗНМ и Драгица Љубевска, раководителка на сектор во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Се чита за 1 мин.
Медиумски клубови во 40 основни и средни училишта
Едукација

Медиумски клубови во 40 основни и средни училишта

Четириесет основни и средни училишта ќе добијат поддршка за основање и функционирање на медиумски клубови преку Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Медиумските клубови ќе почнат да работат од ноември, а целта е учениците да научат како да создаваат веродостојни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот, ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми кои се од интерес на младите. Со цел успешно да се реализираат активностите, на 10 и 11 ноември 2023 година беше спроведена дводневна обука за наставниците кои ќе ги водат медиумските клубови. Притоа, им беа презентирани теми и активности кои што се дел од предлог-програмата што ќе можат да ја користат при работа во медиумските клубови. Обуката ја водеа тројца обучувачи за медиумска писменост - Тамара Ќупева, Драгана Ѓореска и Сефер Тахири, со долгогодишно искуство во областите на образованието, новинарството и медиумската писменост. Оваа активност во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ ја спроведуваат ИРЕКС, МИМ и МОФ.

Се чита за 0 мин.
Медиумските пустини и жедта за информации
Активизам

Медиумските пустини и жедта за информации

Ако се суди според американскиот модел на дефинирање на медиумската пустина како населено место без ниту еден локален дневен весник, тогаш освен Скопје речиси сите населени места во земјава може да се вметнат во категоријата медиумски пустини бидејќи немаат ниту еден дневен весник Како го пиете утринското кафе? Слатко, горко, со локум и вода или со весник? За многумина утринското кафе беше незамисливо да се пие без весник во рацете. Мирисот на кафето чиниш совршено се надополнува со мирисот на хартијата. Иако дневните весници во продажба излегуваат вечерно време, сепак неретко се читаат токму наредното утро. Тој ритуал се одвиваше најчесто дома, на клупа во парк, на работа или во автобус. Зошто последната реченица е напишана во минато време? Од едноставна причина што оваа рутина на уживање и информирање, за најголем дел од нас, стана дел од минатото. На трафиките во Македонија, весниците што денес се продаваат, може да се избројат на прсти, додека во соседна Србија и во Бугарија добар дел некако опстојуваат, но тоа не значи дека некој ги чита. Бројот на читатели денес не е ниту една десетина од оној од пред две децении. Дневните весници, неделните, месечните и периодичните печатени изданија, кои со децении беа омилениот, а некаде и единствениот извор за информирање, станаа вид во изумирање. Според најновите статистички податоци во САД, денеска во споредба од пред 20 години, има 3.000 весници помалку и 43.000 новинари помалку што работат во печатени медиуми. Во 2005 година во САД вкупниот тираж на весници бил повеќе од 50 милиони примероци, а денес е нешто повеќе од 10 милиони. Иако и денешната бројка изгледа голема, сепак најмногу се должи на големите брендови како „Њујорк тајмс“. Брзината со која умираат весниците во САД е неверојатна – повеќе од два дневни весници ги снемува од пазарот на секои седум дена. Населените места во САД каде што веќе не постои ниту еден локален дневен весник се нарекуваат медиумски пустини. Постојат повеќе од 225 окрузи каде што нема ниту еден дневен весник , а во повеќе од 1.500 окрузи (речиси во половина земја) има само по еден весник, најчесто неделник, а не дневен весник. Оваа појава не е уникатна само за САД. Слична ситуација е забележана и во Европската Унија како што покажува првото истражување за медиумските пустини на европска почва насловено „ Откривање на медиумските пустини во Европа: Ризици и можности за локалните медиуми во ЕУ “. Ова истражување ги дефинира медиумските пустини на локално ниво како „област во која недостасуваат доволно, веродостојни и разновидни информации од доверливи медиумски извори“. Индикатори за тоа колку се загрозени локалните медиуми се: бројот на медиуми, економските и политичките услови, како и степенот на безбедност на локалните новинари и социјалната инклузивност на локалните медиуми кон малцинствата, маргинализираните заедници и способноста за ангажирање со публиката. Општиот заклучок е дека постои голема централизација на редакциите и на новинарите во големите градови, најчесто во главните градови, а новинарството наместо на терен се одвива од канцеларија. Ова истражување покажува дека јавните сервиси се клучни за покривање на оддалечените места, нудејќи инклузивност во известувањето. Според анализата, најзагрозени се локалните медиуми во Романија. Во 2008 година имало 54 локални печатени медиуми. Бројката паднала на 12 во 2018 година, а во 2023 година на само два локални печатени медиуми. Во Хрватска ситуацијата е малку подобра, па во 2019 година имало девет локални печатени медиуми што ги покривале руралните средини. Сепак, најзастапени се локалните и регионалните радија. Во Бугарија, вкупниот број регионални весници е намален во текот на изминатите 5 години: 127 во 2018 година, 113 во 2019 година, 111 во 2020 година, 106 во 2021 година и 100 во 2022 година. Каква е ситуацијата во Македонија? Според Регистарот на издавачи на печатени медиуми на АВМУ (ажуриран на 2 април 2024 година), во земјата има 23 печатени медиуми. Најголем дел се концентрирани во Скопје, и тоа 20, а единствени три други места каде што има печатен медиум се Битола, Прилеп и Штип. Според податоците од овој регистар, во периодот од 2016-та до денес, избришани се 29 печатени медиуми од Скопје и еден од Битола. Ако се суди според американскиот модел на дефинирање на медиумската пустина како населено место без ниту еден локален дневен весник, тогаш освен Скопје речиси сите населени места во земјава може да се вметнат во категоријата медиумски пустини бидејќи немаат ниту еден дневен весник. Неделни весници има во Битола и во Прилеп, а месечник во Штип. Но, ситуацијата не е розова и ако се суди според другата гореспомената дефиниција за област во која недостасуваат доволно, веродостојни и разновидни информации од доверливи медиумски извори. Според Регистaрот на радиодифузери што емитуваат радиопрограма , во земјава има 67 радиостаници, од кои седум емитуваат на државно ниво, 17 на регионално ниво и 43 на локално ниво. Според податоците на овој Регистар, од 2014 година се избришани 20 радија. Според Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022 година на АВМУ, во Македонија покрај Македонската радио-телевизија има уште 43 комерцијални телевизии – пет терестријални телевизии на државно ниво, шест телевизии што емитуваат програма преку неограничен ресурс на ниво на целата држава, на регионално ниво 17 телевизии и 15 телевизии на локално ниво. Од извештаите и анализите на АВМУ се гледа дека секоја година исчезнува по некој локален медиум. Она што го нема во овие извештаи и анализи е бројот на вработени во локалните и во регионалните медиуми, нивните услови за работа, политичкото и бизнис-влијанието и другите фактори што се предуслов за слободно и непречено известување за проблемите на локалната заедница. Она што можеме да го заклучиме сите ние што најчесто се информираме од државната телевизија, од националните комерцијални телевизии, од дневните весници, од радијата и од поголемите веб-портали е дека локалните приказни исчезнуваат. Ретки се во печатените медиуми, ги нема на радијата, ретки се на телевизиите, па и на веб-порталите… Локални репортери има сè помалку во поголемите градови како Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Велес, Штип, Струмица… Ако некогаш дневните весници имаа по десетина репортери низ Македонија, а државната телевизија речиси во сите поголеми населени места, денес тоа не е случај. Но, што значи загубата односно исчезнувањето на локалните медиуми и на локалните приказни? Тоа значи дека гласот на граѓаните во тие средини, особено за локалните проблеми, не може да се чуе. Во недостиг на релевантни извори на информации овие граѓани почесто се информираат преку социјалните мрежи и стануваат поподложни на дезинформации и на можност за манипулација за политички или бизнис цели. Можноста за корупција на локално ниво расте бидејќи исчезнуваат медиумите што би требало да се „кучиња чувари“ на демократијата и на демократските вредности. Сето ова погоре наведено ја намалува довербата во институциите на локално и на државно ниво. Ова значи дека локалните и регионалните медиуми се важен столб на секое демократско општество и дека нивното исчезнување е голема загуба, не само за локалната средина туку воопшто. Во недостиг на каква било стратегија, ситуацијата во Македонија само ќе се влошува, а со тоа и опасноста дека медиумските пустини во земјава во скора иднина ќе бидат во пораст, а граѓаните, иако поплавени во морето информации на социјалните мрежи, ќе останат жедни за локални приказни и информации. Автор: Александар Манасиев Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Се чита за 4 мин.
Можен е напредок кога некој ќе ви ги посочи грешките
Новости

Можен е напредок кога некој ќе ви ги посочи грешките

Без разлика дали директно комуницираат со медиумите или се жалат на проблематична содржина преку постојните механизми за саморегулација, улогата на граѓаните и на граѓанскиот сектор во борбата за поквалитетно новинарство е незаменлива. Од: Хилма Ункиќ, Жарко Радоја, Теодора Ѓурниќ Кога порталот еТрафика ( eTrafika ) пред пет години објави сторија за успешната студентка по медицина Маја Перишиќ, овој медиумски тим веруваше дека тоа е уште еден обичен текст чијашто цел е да ги претстави талентираните млади луѓе од Босна и Херцеговина. Но, десет минути по објавувањето на текстот на социјалните мрежи, до редакцијата и до главниот уредник на еТрафика почнаа да пристигнуваат пораки и коментари од многубројни незадоволни читатели, кои тврдеа дека приказната не е вистина или се убедени дека станува збор за платена статија со цел да се промовира личност што не заслужила. Уредничката Вања Стокиќ тогаш се нашла во предизвикувачка ситуација бидејќи морала да реши неколку проблеми – да одговори на претежно агресивните пораки на читателите, да се грижи за младата студентка новинарка што го напишала текстот како дел од едукативната програма на еТрафика и која во тој момент мислела дека сторијата ќе ја одбележи целата нејзина новинарска кариера, но исто така да ја провери точноста на приказната и да види како дошло до грешката. Приказната за Маја Перишиќ веќе беше објавена во медиумите, а текстот на еТрафика требаше да биде дополнување на веќе постојните информации за неа. Во спорниот текст Перишиќ изнесува низа тврдења, кои подоцна се покажаа како неточни. На пример, дека е вработена на Медицинскиот факултет во Бања Лука и дека ќе стане најмладиот доктор на медицински науки во историјата на Босна и Херцеговина. „Во суштина, од целата приказна важеше единствено дека таа беше првак на Република Српска во пружање прва помош“, се сеќава Стокиќ. Побара помош од колегите од другите медиуми Откако се сретнала со ваква ситуација за првпат, Стокиќ побарала совет од колегите, кои ѝ рекле дека треба да „се преправа дека ништо не се случило“, бидејќи читателите наскоро ќе заборават на сè, или да го избрише текстот. „За мене тоа не беше во ред. Ако сте згрешиле, ако се занимавате со јавна работа, признајте ја грешката“, вели Стокиќ и додава дека не сакала текстот објавен на нејзиниот портал да наведе некои други новинари во иднина повторно да пишуваат позитивна приказна за истата личност. Следувала исправка на текстот заедно со извинување до читателите, но и поука за во иднина. „Ова е случај што го разгледуваме во секоја нова програма и му посветуваме посебно внимание. Секогаш им велам на луѓето дека не ни треба нова Маја Перишиќ. Се изгоревме доста и се трудиме да не дозволиме да се повтори“, вели Стокиќ. Иако реакциите на читателите беа остри и Стокиќ лично доби многу непотребни навреди, таа истакнува дека ѝ е драго што публиката реагирала бидејќи без тоа не би знаела дека згрешила. „Ако луѓето едноставно примаат медиумски содржини рамнодушно и минуваат преку нив, не сме ја завршиле добро нашата работа. Ми се допаѓа кога добиваме каква било реакција од луѓето, без разлика дали нè критикуваат или нè фалат, сè ни е еднакво вредно. Грешките ги гледа и како можност за напредок: „Не сакам да се опкружувам со луѓе што само ми кимаат и ме тапкаат по рамо иако правам нешто погрешно, бидејќи тоа не води до напредок. Напредувате кога некој ве предизвикува и ви ги посочува грешките, затоа што така се подобрувате во работата“. Во борбата за попрофесионална медиумска содржина значајни се реакциите на граѓаните и на невладините организации Голема промена во медиумското известување не може да се случи врз основа на само една поплака до тело за саморегулација. Потребно е да се јават што е можно повеќе граѓани и невладини организации, вели Маида Бахто Кестенџиќ, проектна координаторка од Советот за печат и онлајн медиуми од Сараево. „Дури сега, ако погледнеме наназад и ги анализираме претставките што ги добиваме и какви прекршувања има, Советот може да забележи дека имаме позитивен развој во однос на намалувањето на бројот на драстични прекршувања на Кодексот за печатените и за онлајн медиумите. Претходно, многу почесто имаше случаи на прекршувања одредби поврзани со заштита на одредени ранливи групи, на пример, кога станува збор за малолетници и разни форми на дискриминација при известување“, објаснува Бахто Кестенџиќ. Направен е голем исчекор во регулирањето на говорот на омраза во новинарските текстови. Кога станува збор за Кодексот за печатени и онлајн медиуми , уредувачката одговорност е проширена и на коментарите на посетителите на интернет-порталот и евидентно е дека уредниците развиваат механизми за борба против говорот на омраза и кршењето на правата на другите учесници во дискусијата за слободата на изразување. Советот за печат и онлајн медиуми наведува дека е исто така важно што овозможиле анонимно да бидат контактирани лица што им припаѓаат на ранливи категории, односно со можност Советот да го заштити нивниот идентитет, за да се коригираат непрофесионалните информации, но без да им се направи дополнителна штета на луѓето што би можеле да наидат на одредени проблеми во локалната заедница или дополнително да бидат стигматизирани. Околу 70 отсто од поплаките до Српскиот совет за печат ги поднесуваат физички лица, околу 20 отсто невладини организации, а 10 отсто други. Претставките, пред сè, треба да се задоволителни за оној што е оштетен од објавената содржина, исто така медиумите треба да извлечат поука и да не ја повторуваат грешката, иако таквото очекување е нереално, смета Гордана Новаковиќ, генерален секретар на ова саморегулаторно тело во Србија. Сепак, таа ги издвојува случаите во кои одлуките имале ефект, како, на пример, кога уредувачкиот одбор на редакцијата на еден дневен весник, по неколку одлуки на Комисијата за жалби дека истакнувањето на ромската националност на сторителите на кривични дела е погрешно, одлучи да прати забелешки до уредниците и до новинарите дека не смеат така да пишуваат. „Во други редакции, колку што знам, им беа доставени слични известувања во врска со откривањето на идентитетот на малолетниците, исто така врз основа на нашите одлуки. За жал, тоа не се следи доследно.“ Врз основа на мониторингот на дневните весници во Србија, евидентно е дека е намален бројот на прекршувањата во однос на пресумпцијата на невиност, на кои се однесуваат многубројни одлуки на Комисијата за жалби, како и скриеното рекламирање, за кое сега нема жалби. „Тоа, се разбира, не значи дека не постои, но такви случаи има значително помалку“, вели Новаковиќ. Насоки за известување по поплаки на граѓани Граѓаните на Косово поднесоа жалби до Советот за печат во однос на начинот на кој одредени медиуми известуваат за случаи на самоубиства. Поплаки имаше и за известувања за кризни ситуации за време на настани на северот од земјата во септември минатата година. Тогаш не известуваа сите медиуми во согласност со етичките кодекси и имаше случаи на објавување лажни фотографии, изјави директорот на Советот за печат, Имер Мушколај. За двете теми, Советот за печат објави Упатство за известување, а во соработка со Здружението на новинари објави јавен апел за усогласување со етичкиот кодекс. Мушколај вели дека повеќето медиуми што се членови на Советот за печат, сега се повнимателни со пристапот кон чувствителните теми поврзани со известувањето за меѓуетнички теми, како и известувањето за маргинализираните групи, како што е ЛГБТ-заедницата. „Не можете да најдете несоодветна терминологија за овие групи во медиумите во Косово. Медиумите се многу повнимателни во начинот на известување што може да поттикне говор на омраза.“ Преку институцијата омбудсман до подобра содржина на поединечни медиуми Во Црна Гора постојат поединечни медиумски омбудсмани како саморегулаторно тело, кои се врската помеѓу граѓаните, граѓанскиот сектор и конкретните медиуми. Омбудсманот за Радио и телевизија на Црна Гора (РТЦГ) Данијела Поповиќ објаснува дека од вкупно 20 претставки што ги добила во текот на 2023 година, три биле пратени од граѓани, а другите од претставници на граѓанскиот сектор. Институцијата Омбудсман на РТЦГ постои речиси три години и во тој период има добиено претставки за сериозни повреди на Кодексот на новинарите на Црна Гора и на Правилникот за програмски начела и професионални стандарди во електронските медиуми . Сепак, Омбудсманот посочува дека Советот на РТЦГ врз основа на нејзините извештаи препорача одредени мерки само во два случаи. „Станува збор за случај во кој водителката на утринската програма даде несоодветен коментар на тема насилство врз жените за време на нејзиниот разговор со соговорници. Предметот за оваа тема се формираше уште пред да пристигнат поплаки од голем број граѓани и организации, а по овој инцидент водителката извесно време не можеше да се појави на програмата“, објаснува Поповиќ. Омбудсманот на оваа медиумска куќа потсетува дека имало и случај на новинар од Радио Црна Гора, кој за време на руската агресија врз Украина со свој коментар ја бранел Русија. И покрај тоа што ја прифати претставката пратена за ваквото прекршување на професионалните стандарди, Советот не донесе никаква мерка или препорака. „Сепак, по тој настан, настаните во Украина беа и се третираат на РТЦГ исклучиво како војна во Украина“, додава Поповиќ. Опсежна студија за механизмите за саморегулација спроведена во земјите од Западен Балкан и во Турција Неколку невладини организации што се членки на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа ( SEENPM ) неодамна спроведоа голема регионална студија, која ја анализираше положбата на саморегулаторните тела во Босна и Херцеговина , Србија , Црна Гора , Албанија , Косово , Северна Македонија и Турција . Заклучокот од истражувањето е дека саморегулацијата може значително да ги подобри медиумските системи во оние земји каде што веќе постои релативно високо и стабилно ниво на слобода на медиумите и чувство на јавна одговорност. Механизмите за саморегулација во регионот најчесто не произлегоа од внатрешните потреби на новинарската професија или општеството во кое се сместени, туку најчесто се формирани со иницијатива, поддршка и менторство на меѓународни организации. Сепак, и покрај просторот за подобрување на работата на овие механизми во регионот, во сите земји постојат прилично добри рамки за саморегулација слични на оние во земјите со богата демократска традиција. Она што сè уште останува предизвик е нивното мало влијание врз подготвеноста на медиумите да прифатат критики и навистина да го подобрат квалитетот на нивното известување и да се посветат на почитување на етичките кодекси на професијата. Можете да го прочитате регионалниот преглед за позицијата на механизмите за саморегулација во земјите од Западен Балкан и Турција тука , а прегледот на добри практики за саморегулација од светот е достапен тука . Истражувањето е спроведено како дел од регионалниот тригодишен проект „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ што го спроведуваат невладини организации од Западен Балкан и Турција. Финансирано од Европската Унија Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ , Медиацентар од Сараево , Албанскиот медиумски институт , Црногорскиот медиумски институт , Советот за етика во медиумите на Косово , Македонскиот институт за медиуми , Новосадската школа за новинарство , Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција) , со финансиска поддршка од Европската Унија. Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.

Се чита за 7 мин.

Најново видео

Галерија

_83A8773 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2023“ _83A8694 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2023“ _83A8654 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2023“ _83A8541 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2023“ _83A8468 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2023“ _83A8352 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2023“ _83A8575 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2023“ _83A8923 - Доделување на новинарските награди „Никола Младенов 2023“

Тековни проекти