Маргинализираните групи медиумски маргинализирани и за време на пандемијата

Се чита за 5 мин.

zscover

За време на пандемијата со коронавирусот, она што го понудија локалните и националните медиуми кои известуваат од тетовскиот регион покажа дека застапеноста на проблемите на лицата со попреченост е речиси иста како и пред пандемијата, односно и понатаму се пишува малку и спорадично. Во напливот на секојдневни информации со број на заболени, со број на починати, политички препукувања, полициски часови, со секојдневни прес-конференции од најразличен вид, лицата со попреченост и понатаму остануваат маргинализирани, меѓу другото и во медиумската застапеност. Во сета оваа маргинализираност, охрабрува податокот дека сите новинари со кои разговаравме се заинтересирани и понатаму, колку тоа го дозволуваат околностите, да пишуваат за овие теми и да ги следат состојбите поврзани со лицата со попреченост.

Милена Вуческа е дописник на ТВ Алфа од Тетово, а соработува и со локалната ТВ „Кисс&Менада“. Вели, точен е фактот дека малку се пишува за проблемите за лицата со попреченост, но што се однесува до неа, секогаш кога ќе наиде на некоја интересна тема поврзана со проблемите на оваа категорија лица, добива поддршка од редакцијата да ја обработи.

pik1 1„Така беше и во овие денови на кризата со пандемијата од коронавирусот. Едноставно бев иритирана од одлуката на надлежните, донесена на почетокот на кризата кај нас, со која сопствениците на домашните миленици добија отстапувања од полицискиот час и можеа да шетаат додека трае забраната, но децата со аутизам и со друга попреченост, чија состојба бара почести прошетки на отворено, беа заборавени од институциите. За ова разговарав со родител на лице со аутизам и со претставник на локално здружение како тие гледаат на ова решение. Прилогот се емитуваше на мојата матична телевизија, а се објави и на локалната телевизија. Прилозите од овој вид секогаш наидуваат на големо одобрување од страна на родителите и на лицата со попреченост, па така беше и овој пат. Дел од проблемот зошто нема повеќе ТВ-прилози за лицата со попреченост лежи и кај самите овие лица и кај родителите, бидејќи ретко кој сака да се појави пред телевизиската камера и да зборува за своите проблеми. Верувам кога би имало поголема отвореност од нивна страна би имало и повеќе вакви прилози на телевизија“, вели Вуческа.

За проблемите на лицата со попреченост во времето на корона-кризата пишуваше и новинарката Маја Пероска, која работи во локалната ТВ „Кисс&Менада“.

pik2„До сега често сум пишувала за проблемите на лицата со попреченост и секогаш имам поддршка од редакцијата за изработка на вакви прилози. Сепак, мое лично мислење е дека во овој период на пандемијата, ние како новинари имаме пропуст бидејќи не бевме многу посветени на проблемите на овие ризични групи. Јас направив само еден прилог кој зборуваше за лицата со попреченост кои во овој период, кога се на сила посебните мерки поради коронавирусот, не можат самите да се снабдат со потребните намирници или лекови. За жал и овој прилог, кој се емитуваше во ударниот термин на нашите вести на ТВ „Кисс&Менада“, не видов дека нешто многу придонесе за решавање на проблемот за којшто зборував. Чувствувам дека само малку се подигна врева во јавноста, но речиси ништо не се направи на подобрувањето. Но, не само кај нашиот медиум, ниту кај другите медиуми не забележав некоја поголема застапеност на прилози кои зборуваат за проблемите на овие лица во време на корона-кризата. Во овој период најмногу се пишуваше за бројот на заболени, за статистички податоци во врска со епидемијата, за политиката и партиските препукувања, за светските случувања поврзани со пандемијата, а маргинализираните групи и понатаму си останаа медиумски маргинализирани“, посочува Пероска.

pik3Освен на телевизиите, за лицата со попреченост во време на коровавирусот, се пишуваше и на локалните портали, но и тука многу малку беа застапени. Александар Самарџиев е дописник од Тетово за агенцијата МИА, а воедно е уредник и на порталот „Тетово инфо“. Вели нема ограничување за пишување за вакви теми, но дневните настани премногу нè окупираат за да може повеќе да се посвети време на темите за лицата со попреченост.

„Како дописник на МИА јас ги опфаќам сите теми, а исто така е и на сајтот каде самиот одлучувам за содржината. Сепак, колку и да сакам да пишувам за лицата со попреченост, не можам секој ден да се посветам на тоа. Премногу нè окупираат дневните настани поврзани со состојбата со коронавирусот и затоа не може толку често да се пишува за лицата со попреченост. На почетокот кога изби кризата, имав еден напис на оваа тема, а во наредните денови подготвувам уште една тема поврзана со лицата со попреченост“, вели Самарџиев.

 Исто како и новинарите, и родителите на деца со попреченост мислат дека во ова време малку се зборува за проблемите на нивните деца, а информациите тешко доаѓаат до нив. Ерол Фејзули е родител на дете со аутизам. Вели, во почетокот на кризата институциите како да заборавија дека во нашето општество постои и ваква категорија лица.

„Информациите ги добивавме од медиумите и никој нам посебно не ни се обратил. Посебно ни беше тешко на почетокот од кризата кога на моето дете со аутизам, беше тешко да му објасниме дека не може да излегува и да ги прави секојдневните работи кои дотогаш ги правело. Тешко доаѓавме до информации околу траењето на полицискиот час, едноставно нас никој посебно не нè информираше, требаше сами да ги бараме информациите најчесто од медиумите, но и од пријателите. Немаше некој да ни се јави нам, на родители на деца со попреченост, да не исконтактира во врска со што било. Целото наше општество беше збунето, впрочем така беше и во целиот свет, па овие ранливи категории не дојдоа на ред некој да се сети и нешто посебно да организира за нив, ниту да ги информира. Се сетија на нив дополнително - прво дозволија домашните миленици да добијат дозвола да се шетаат за време на полицискиот час, па дури после таква дозвола добија лицата со попреченост. Токму поради ваквата дискриминација јас се согласив јавно да зборувам на телевизија во прилогот кој го направи новинарката од ТВ 'Кисс&Менада',“ раскажува Ерол Фејзули.

Драги Неделчевски е родител на 26-годишниот Мане и како што вели, ваквата состојба во некоја рака, за неговиот син и не е нешто ново.  Во целиот досегашен живот неговиот син Мане е во еден вид изолација, слична на оваа. Но, нема тука простор за очајување, па тој состојбата со кризата предизвикана од коронавирусот, ја искористи на креативен начин.

pik4 1„Информации има многу и вистински и лажни, па мислам дека многу е битно тој што ги прима информациите, како гледа на тоа и какви се неговите способности да прави разлика меѓу едните и другите. И ако се земе предвид сето ова, можеби и нескромно ќе звучи, се ставам во групата која може да направи разлика меѓу тие информации и според мое мислење добро сум информиран за сè што се случува. Им верувам на изворите кои беа задолжени да ги даваат информациите и генерално сум задоволен. Гледам и слушам дека оваа изолација од два, два и пол месеца на некои луѓе многу тешко им падна, биле затворени дома, не можеле да се движат, а мене ситуацијата ми е таква скоро цел живот. Не буквално вака, но моето дете поради тоа што спаѓа во ризична група, поради неговиот многу тежок инвалидитет и затоа што нема економски услови, нема општествени и инфраструктурни услови да се прошета и да се вози низ град со количка, тој е 26 години дома, во изолација. Таквата ситуација за него не е ништо ново. Можеби неубаво ќе звучи, но покрај целата трагедија со болни и починати, мене, а и на Мане оваа ситуација добро ни дојде. Немав обврска редовно да одам на работа туку само кога имав дежурства, исто и сопругата, па така имавме многу повеќе време да му се посветиме на нашето дете со попреченост и тоа беше видно посреќно што јас и мајка му бевме со него по цели денови. Освен ова, додека бевме затворени дома, јас сакав, како и многумина и овде и во светот, да оставам една трага за тоа како сме поминувале во ова време на пандемијата. Тоа го направив преку еден фото-есеј кој беше објавен на порталот „Окно“. Овој мал фото-есеј раскажува како на моето семејство, во кое се неколку различни генерации, сите со различни потреби и карактери, затворени во 70 квадрати, ни минува еден ден во изолација. Преку фотографијата се обидов да ја доловам атмосферата во мојот дом, на моменти комична, на моменти мачна, слика на нашата изолација која трае многу, многу подолго од оваа сегашнава во државава“, раскажува Драги Неделчевски.

Во тетовскиот регион работат и неколку медиуми кои известуваат на албански јазик, но тие во овој период многу малку известувале за лицата со попреченост. Само во еден случај беше преземен ТВ-прилог емитуван на локалната ТВ „Кисс&Менада“ и преведен на албански јазик. Во разговор со некои новинари Албанци, тие велат дека се свесни за овој пропуст, и посочуваат дека треба да се пишува за овие теми во наредниот период.

 

Автор: Зоран Андоновски, новинар-дописник од Тетово за Сдк.мк

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.