Пандемијата ги пресели културно-забавните настани на интернет

Се чита за 6 мин.

cukni vo drvo

Денот на жената беше еден од последните денови кога културно-забавниот живот функционираше како што треба и потоа сè згасна. Еден по еден се одложуваа и откажуваа разни настани и манифестации, кои во овој период обично ги има многу. Концертите на домашните и странските ѕвезди се откажаа. Нашите уметници со интернационални кариери, како Влатко Стефановски, Симон Трпчевски, Кирил Џајковски и уште многу други останаа дома. А останаа и многу светски музички имиња кои требаше да имаат концерти кај нас или да бидат гости на некој од фестивалите, што требаше да се одржат периодов.

Во ситуација кога домашни настани нема, а европската и светската сцена застанаа, новинарите од забавните рубрики се соочени со нов предизвик - како да пронајдат нови и интересни теми со кои барем на момент ќе ги релаксираат читателите и ќе им ги оттргнат мислите од пандемијата.

Некои домашни ѕвезди изнесоа дел од приватниот живот и детали за тоа како го поминуваат времето во карантин. Но, коронавирусот заседна, месеците минуваа, стравот за животот стана уште поголем, а интересни теми постојано недостигаа. Не е лесно во ваква состојба да се задржи вниманието на читателите. Се листаат странски сајтови, кој што рекол, каква препорака дал. За разлика од домашните уметници, пораките на странските ѕвезди имаа поголемо влијание во јавноста. Можеби затоа што светските јавни личности се поотворени. Пример за тоа е холивудскиот актер Том Хенкс, кој од моментот кога откри дека со сопругата се заразени со коронавирус, јавно споделуваше буквално сè поврзано со болеста, лекувањето и донирањето на крвна плазма по излекувањето. Кај нас сè уште недостига смелост приватниот живoт да се стави на тацна. Затоа и смртта на Драган Вучиќ беше шок за сите.

Кога се виде дека пандемијата ќе потрае, забавите се префрлија на интернет, се случи и „Култура во време на корона“. Секој на свој начин се трудеше да придонесе. Се родија неколку прекрасни онлајн настапи кои барем малку го оттргнаа вниманието од секојдневното сивило и броење на заразени и починати. Се случи „Бела чао“ на Драган Спасов – Дац, маестралната „Чукни во дрво“ на Влатко Стефановски со уште 40 изведувачи. Тоа поттикна и многу други музички имиња да направат онлајн концерти и да го привлечат вниманието на јавноста. Концерти правеа и многу балкански и светски ѕвезди, кои се обидуваа седењето дома да ни го направат забавно.

VASKO SPASOVSKI 1Дека не е лесно да се наполни забавната рубрика во време на пандемија сведочи и новинарот Васко Спасовски од Слободен печат, кој вели дека периодов најголемата главоболка му претставува изборот на теми од македонската естрада.

„Ќе ставите прст на глава и ќе сфатите дека нема за кого да пишувате. За жал, почнуваме да ги прелистуваме српските, хрватските и странските сајтови за да најдеме нешто интересно и да го пласираме и прилагодиме за нашите читатели. Кај нас има исклучоци, но премалку се. Македонската естрада е мала за ‘обработка’ и кога е нормално време, а не пак сега во време на пандемија. Но, не можете да ги обвинувате пејачите, бидејќи тие не заработуваа како нивните колеги од соседството, за да може сега да снимаат спотови, да прават ‘лајв’ концерти на едно високо ниво и слично. За жал, или можеби за наша среќа постојат странските онлајн медиуми, па ќе ‘украдеме’ некоја информација и ќе ги пополниме празните страници. Немаме друг избор освен да чекаме да дојдат подобри времиња и да функционираме нормално. Добро е тоа што нашите пејачи не спијат периодов, повеќето од нив подготвуваат материјали за кога ќе ја снема пандемијата да има што да ѝ понудат на својата публика,“ вели Спасовски.

Рубриките „живот“ и „забава“ не се само концертите. Доброто интервју секогаш може да биде интересно за публиката, без разлика дали е со, или без повод. Иако периодов главен повод беше пандемијата, сепак тоа не беше пречка да се извлече некоја интересна информација од јавните личности.

NEBOJSA TOLESKI 1Ако важите за новинар кој е професионален, секогаш ќе изнајдете креативни решенија. Токму во вакви моменти новинарите треба да одговорат соодветно на ситуацијата и да ја анимираат публиката со нешта кои можат да се опфатат од други алги. Македонската сцена и пред корона-ситуацијата немаше премногу да понуди па да не знаеме за што попрво да пишуваме, но секако потешко е кога нема никакви настани и случувања. Затоа се користат таканаречените ‘џокери’ односно интервјуата. Сите претежно се дома, па многу полесно се стигнува до соговорникот и многу побрзо одговараат на поставените прашања,“ вели Небојша Толески од порталот „Машки магазин“.

Но, во време на пандемија навистина е тешко да се најде и каков било повод, особено кога се има на ум дека на дел од граѓаните и не им е до забава.

Кога застана сè никој не очекуваше дека ќе може да се пополнат „жолтите“ теми, кои се толку озборувани, а се најчитани. Нема свадби, нема разводи, овде-онде по некое бебе и толку.

ALEKSANDRA GEROVA 1„За нас, новинарите од забавните рубрики, скоро секогаш има работа. Дури и да се откажани сите настани, како овие три месеци. Работата мора да врви, ние ќе најдеме приказна или приказната ќе не најде нас. Доволно е само еден развод на некоја позната личност и ете тема и тоа топ тема. Кога беше објавено дека заради пандемијата ќе мора да се откажат сите настани и да се оди во карантин, мене најтешко ми падна тоа што моравме да направиме пауза со снимање на интервјуата во студио. Се помиривме дека тоа не може да се реализира, а варијантата преку скајп не ме бендиса, иако сите така снимаа, ама ете, мене тоа ми нема душа,“ вели Александра Георгиев, главна уредничка во Репортер.мк.

Во време на пандемијата, иако се откажа сè, не се откажаа познатите од своите навики. Па така, имавме прилика да објавиме за сè она што го прават во изолација.

„И дознавме кој како готви, кој како вежба, кому како му е дома наместено, имаше и по некоја роденденска забава. Значи, имавме за што да напишеме. Речиси сите од дома снимаа песни, па имавме прилика да слушнеме одлични изведби, онлајн концерти, журки со диџеи на покриви од зградите. Во време на пандемијата, успеавме на поинаков начин да функционираме и ние новинарите и познатите,“ вели Георгиев.

Коронавирусот сите нè претвори во статистичари, да броиме колку се заразени, како се заразиле, како се излечиле. За жал, ниту естрадата не ја одминаа жалните вести.

„Во овој период почина Драган Вучиќ, и за жал таа вест беше меѓу најчитаните... Луѓето многу сакаат да ги читаат приказните за коронавирусот, од тоа кој е заболен, кој се излечил,“ додава Георгиев.

Сепак, најтешко им е на музичарите, чијашто работа пропадна како ничија друга. За многумина од нив, музиката е основната егзистенција. Еден од оние кој мораше да откаже цела агенда настапи и турнеи низ светот е Симон Трпчески, кој го промовира својот албум „Македонисимо“.

SIMON TRPCESKI 1„Многу ангажмани се откажани и не се само ангажмани како концерти, туку интервјуа, состаноци, патувања. Сè е застанато и сè уште се расчистуваат нештата. Се откажаа концертите во Глазгов, Единбург, Германија, Словенија. Откажан е еден од концертите што беше планиран за прослава на Бетовен во Штутгарт, со симфонискиот оркестар. Откажан е и концертот со Кралската опера во Копенхаген. За две недели требаше да имам турнеја низ Австралија, а на враќање концерт во Сингапур. Веројатно ќе се откажат концертите во Молдавија, во Монтреал и Чикаго, а не се знае што ќе се случи со концертот во Монте Карло, кој е закажан на 6 август. Овие месеци откажувањето ми одзема доста време. Но, одвоив време за средување на работите по дома што долго чекаа. Останатиот дел од времето го поминувам со семејството, игри со децата и секојдневни домашни обврски.  Лошо е што се откажани концертите, иако немам проблем да останам дома и да чекам да помине пандемијата. Сите чекаат што ќе се случи. За мене целата сезона беше исполнета, но сега веќе тие датуми не важат. Можеби некои од овие концерти ќе се презакажат за 2021, а останато е и за 2022. Јас и во ова време работам на програмата што ќе ме чека од септември натаму, доколку тргне сè како треба. Нови албуми, нов репертоар, а летово ќе имаме можност малку повеќе да ја прошетаме Македонија. Се надевам дека од септември ќе се случува нешто попозитивно. Ама во секој случај времето на пандемија го поминувам во доста планови и размислувања околу реструктурирање на целосниот живот“, вели Трпчески.

Ноќниот живот и забавите веќе подолго време се замрени, а голем број музичари сè уште се на принуден одмор во исчекување на новото „нормално“. За рокерот Бени Шакири музиката е основна егзистенција, а најголема љубов му се клупските свирки и контактот со публиката.

ARBEN SAKIRI BENI NON STOP„Премногу ми недостигаат настапите. На моменти ми создава и тегоба. Јас не сум тип кој се слика по медиуми, не снимам спотови само за да ме има и не патам од комплекс да имам популарност, да ми бараат автограми. Јас само сакам да свирам во живо. Мојот начин на општење со публика е тој. Забавата, насмевката и љубовта, тоа е добра работа, добра енергија, која кружи, добра вибрација. Мојот позив е тој, е сега ако тоа го немам се разбира дека ми делува фрустрирачки. Свиревме во Аеродром сега за ‘Култура во време на Корона’. Супер е, луѓето ти аплаудираат од балкон. Имаше убава атмосфера, ама невообичаена, несекојдневна, немаш директен контакт со луѓето. Мене тоа ми недостасува, живиот контакт, јас на тоа сум се заветувал, како оние кои се заветуваат да одат на Света Гора или на аџилак. Јас сакам да свирам пред народ, бидејќи никој со сила не ти доаѓа на свирка, таму доаѓаат луѓе кои сакаат да те слушаат. Затоа ми фали блискиот контакт со луѓето,“ вели Бени.

VASIL GARVANLIEV 1И во време на пандемија не можеше да се заборави на Изборот за песна на Евровизија, најголемата музичка манифестација во Европа и единственото место каде домашните пејачи можат да застанат на иста сцена со многу светски ѕвезди. Наш претставник годинава требаше да биде Васил Гарванлиев, но Евросонгот во Ротердам се откажа, а подготовките пропаднаа. За да се одржи духот и мисијата на Евросонг, организаторите смислија телевизиско шоу наречено „Europe Shine A light“ и секој од учесниците се јави со своја оптимистичка порака.

„Добро вечер Европа! Отворете ги срцата да прославиме вечер полна со љубов. Се надевам дека ќе се видиме наскоро. Ова е само почеток,“ порача Васил.

И во право е кога вели „ова е само почеток“, бидејќи пандемијата и карантинот на сите ни го смени начинот на размислување, а многу јавни личности во своите интервјуа порачаа дека животот ќе се дели на - пред и по коронавирусот.

 

Автор: Весна Миленковска, главна и одговорна уредничка на „MMS.mk“.

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.