Како новинарите по општа пракса станаа специјалисти за коронавирусот

Се чита за 6 мин.

Додека водечките индустрии на глобално ниво веќе со месеци не можат да се соземат од шокот предизвикан од пандемијата на новиот коронавирус, вработените во дневно-информативните редакции, иако со далеку поограничени ресурси, речиси преку ноќ направија радикален пресврт во начинот на своето функционирање, застанувајќи така на првата линија на одбраната заедно со здравствените работници, војската, полицијата... И тоа не затоа што така сакаа или планираа, туку затоа што планетарното медиумско внимание беше и сè уште е фокусирано на пандемијата, како и поради тоа што редовното и точно информирање на јавноста стана еден од клучните инструменти за справување со кризата. Во таквата сосема нова и неизвесна, но пред сè, како и за сите други, така и за новинарите, животно загрозувачка ситуација, стравот, кој природно е присутен во човечките гени, неретко ги носи во погрешна насока со што несвесно ја подгреваат паниката иако, се разбира, имаше и има и намерни обиди за потхранување на стравот со дезинформации и со лажни вести.

Ако се прашуваат вработените во дневно-информативните редакции, тие ќе речат дека со дислоцирањето на редакциите од службените простории во домовите, ги надминаа сопствените можности, зашто само неколку денови пред „големата преселба“, им беше непоимливо оти цел дневен весник, на пример, би можел да се „спакува“ од дома. Пошироката јавност пак, како и секогаш, е поделена во оценките за тоа како новинарите одговорија на овој, дефинитивно, најголем предизвик во историјата на новинарството. Критиките, притоа, се неизбежни, пред сè поради хиперпродукцијата на информации кои се менуваа со досега невидена брзина, одеа во различни насоки, во голема мера беа конфузни, па дури и контрадикторни, а често и бескорисни и контрапродуктивни.

Луѓето од струката генерално задоволни

Но, оние кои барем малку се разбираат во технологијата на производството на медиумски содржини, како и оние за кои деновиве се вели дека се „луѓе од струка“ - инфектолозите, епидемиолозите, виролозите, оние кои ја менаџираат кризата..., секако ќе настапат со покомплексни, но во принцип, позитивни оценки.   

„Новинарите, генерално, одиграа позитивна улога во оваа ситуација. Некои дури и ме воодушевија колку ги познаваат работите и колку во текот на оваа криза, научија за сензитивноста и за објективноста бидејќи ние и на студентите тешко им ги објаснуваме тие нешта. Секако, постои и една група новинари кои немаат толкаво познавање на проблематиката, но затоа го оставаат соговорникот да каже тоа што треба и брзо ги учат работите. Конечно, за жал, има и такви кои во целиот овој период само ширеа паника и лажни вести, правејќи притоа огромни грешки, пред сè со терминологијата. Но, апсолутно може да се каже дека има новинари кои покажаа оти се способни да се носат со ситуацијата и јас би можел да им дадам мошне висока оценка“, вели професорот по микробиологија на Медицинскиот факултет при УКИМ, Никола Пановски.

Но, за разлика од оваа мошне прецизна категоризација на доктор Пановски, кај поголемиот дел од јавноста преовладува впечатокот дека работењето на новинарите во овој период, во основа, е хаотично, површно и неверодостојно. А бидејќи критичка опсервација, анализа и вреднување на работењето на новинарите и на медиумите, не само во времето на корона, туку и веќе подолг период наназад, изостанува, самата криза со својата моќ да го искристализираа се она што е добро и лошо во едно општеството, расветли и многу нешта во медиумите. Таа, пред сè, го наметна подзаборавеното прашање на специјализацијата на новинарите.

Специјализираните новинари станаа скапи, ризични и непожелни

Поради континуираните реорганизации на работењето на медиумските куќи и тенденциите за сведувањето на бројот на новинарите на минимум, се очекува тие да бидат не само упатени во сите области, туку и вешто да ракуваат со уреди за тонско и видео снимање, а по потреба да одработуваат и пи-ар за одредени клиенти, со што се стесни просторот за нивна специјализација.

Некои неодамнешни глобални истражувања покажаа дека само околу 15 отсто новинари се специјализирани за одредени области, пред сè за политиката, економијата, спортот, додека останатите им се прилагодуваат на потребите на редакциите и тоа на дневна основа, што значи дека најчесто не успеваат ниту површно да се информираат за темата што ја подготвуваат, а камоли темелно да ја истражаат и анализираат. Специјализираните новинари едноставно станаа скапи, ризични и  непожелни за работодавачите. Моделот на флексибилното новинарство во кое „сите имаат сè во малиот прст“ стана доминантен. Кога на тоа ќе му се придодадат и, особено во изминативе години изразената миграција на новинарите низ редакциите, како и отвореноста на редакциите за разни анализи, коментари и мислења од таканаречените надворешни соработници, кои често се објавуваат без потписи на авторите или под лажни имиња, не треба да чуди тоа што и во „сериозни“ медиуми беа објавувани содржини каква што беше онаа дека коронавирусот всушност е биолошко оружје создадено во лабораторија во Кина, САД или во Русија, како веќе кому му одговараше, или како „советите на некои лекари, кои всушност се први братучеди на некој кого некој близок лично го познава“, а според кои, вирусот можел да се лекува и со мешавина на лимон и сода бикарбона.

Се продлабочија „црните дупки“, но и се осветлија фактите

Таквите информации, со намера да бидат пласирани во медиумите, ги споделуваа дури и луѓе со сериозни референци, доведувајќи ги професионалците во медиумите во опасност „сериозно да му се замерат на некого“, ако одбиваат да ги објават. И тука, според искуството на авторот, веќе станува збор за обидите за свесно пласирање на невистини, преку прецизно разработени шеми и механизми. Мотивите се различни, од чисто комерцијални, за да се поттикне потрошувачка на одреден производ, до оние многу поопасни - да се создаде недоверба на јавноста кон мерките што здравствените власти ги преземаа заради спречување на ширењето на вирусот. Помалку разбирлива е тенденцијата „информациите“ поврзани со пандемијата да се пласираат на начин што ќе поттикне симпатии или антипатии кон некоја од глобалните сили, што доколку на беше толку опасна, од овдешната перспектива ќе изгледаше дури и смешно и наивно. Целата слика ја „збогатуваат“ и разногласијата што пристигнуваат од лекарите, научниците, кризните штабови, а особено од Светската здравствена организација, која, како да ја утна целата работа, од моментот на детектирањето на вирусот до упатствата за (не)носење заштитни маски.

Тоа се некои од црните дупки во јавното информирање кои се продлабочија токму во ситуацијата која го осветли фактот дека работата на новинарите, фоторепортерите и на снимателите, сепак, е една од виталните општествени функции. Владите на некои земји тоа го препознаа, некои не. Германската влада на пример, пред извесно време, вработените во медиумите ги стави на листата на таканаречените системски релевантни професии заедно со здравствените работници, полицајците, пожарникарите... Поради тоа, оваа година би можела да биде и добра за новинарите. Се разбира, под услов владите и сопствениците на медиумите навистина да ја сфатат вредноста на вистинската информација во времето на инфодемијата која ги нападна, пред сè социјалните мрежи, но и медиумите воопшто.

Што можело да се научи

Поради ограничениот број на, условно речено, новинари кои се специјализирани за следење теми од областа на здравството во Македонија, но и поради нивниот неразбирлив отпор да ги споделат своите видувања, би можело да послужи искуството на канадската новинарка специјализирана за здравствените прашања, Хелен Брансвел, која по следењето на епидемијата на САРС во Торонто во 2003 година, состави листа на совети за новинарите кои го следат ширењето на заразните болести, а кои во меѓувреме беа објавувани во некои светски медиуми и сега се реактуелизираат. Првото што таа препорачува е дека треба да се има на ум оти во епидемиската состојба, информациите постојано се менуваат, поради што на луѓето постојано мора да им се објаснува дека тоа не е затоа што нешто се крие од нив, туку затоа што се дознава нешто ново.

„Новинарите мора да се свесни оти тоа што веќе го знаат, може да се смени и  мора да се подготвени тие промени да ги вклучат во својот новинарски продукт“, посочува таа, меѓу другото.

Можеби токму немањето на ваквиот приод ја објаснува некогаш и сосема очигледната фрустрираност на некои новинари во ситуации кога треба да објават сознанија, кои делумно или целосно, се разликуваат од тие за кои претходно информираа. Освен тоа, новинарите, мора да знаат и дека, во моментов,  исто како и тие, на притисокот за дознавање нешто ново се изложени и лекарите, научниците и претставниците на здравствените власти.

„Итните ситуации каква што е пандемијата на коронавирусот резултираат со огромен притисок врз новинарите, но и врз научниците. И едните и другите сакаат први да ја дознаат веста“, објасни неодамна харвардскиот професор по епидемиологија Вилијам Ханиџ во еден од американските научни блогови.

Освен тоа, новинарите мораат да знаат кои се релевантни и компетентни извори на информации и како до нив да дојдат, да имаат искуство што ќе им овозможи да проценат што е веројатно и да го предвидат развојот на настаните и, конечно, сето тоа да го прават заради јавниот интерес.

Не сите објавени содржини се новинарски

Без претензија безусловно да се амнестираат новинарите за глобалната медиумска какофонија, но и за ова што следствено на тоа деновиве се случува во Македонија, вредно е да се потенцира она што веќе погоре е споменато, а тоа е дека не сите објавени содржини се новинарски. Има голем број причини за пласирање на неновинарски содржини, па и на тие поврзани со пандемијата, што веројатно е уште едно големо подрачје кое би можело да се опсервира, но во сегашниот амбиент можеби покорисно би било да се издејствува тие да бидат јасно раздвоени од она што е резултат на професионален новинарски продукт и, впрочем, така и да се вреднува. Со тоа ќе се елиминира еден од, во моментов, најпроблематичните елементи во медиумите, кој не само што ги демотивира и ги обезвреднува новинарите на пазарот на трудот, туку и постојано ги спушта критериумите за создавање на медиумските производи чиј квалитет во ова ситуација е важен можеби и подеднакво како и ефикасен лек против вирусот кој го покори светот.

Автор: Диана М. Младеновска, редактор во дневниот весник „Нова Македонија“

 

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.