Ковид-19 само потврди колку ни е распаднат образовниот систем

Се чита за 7 мин.

mim glavna fotografija

Март 2020 година. Италија веќе беше во колапс од Ковид-19, а ние од редакцијата на Факултети.мк интензивно комунициравме со нашинците кои живеат таму и објавуваме текстови како се справуваат со секојдневието. Болниците во најпогодените делови од Италија беа преполнети, бројот на заразени и на починати вртоглаво растеше. Градови во карантин, продавниците испразнети, училиштата и универзитетите затворени. Тие што мораа да одат на работа се движеа со специјални дозволи. Ги следевме првите случаи што се појавија во Македонија. Веќе не излегувавме од редакција, прес-конференциите ги следевме во живо, на онлајн каналите на институциите. Некои од нас се подготвуваа да патуваат во странство, чекаа информации дали ќе се откажат летовите.

Уште кон крајот на февруари училиштата во Македонија почнаа да добиваат дописи поврзани со опасната зараза од Министерството за образование и наука. Сè почна со сапунот. МОН ги задолжи раководителите да обезбедат сапун за да можат учениците редовно да си ги мијат рацете, а хигиената да биде крената на максимално високо ниво.  Социјалните мрежи ја свртеа на шега – ќе се бориме против смртоносен вирус, а немаме сапун. Но, ова конечно ја прекина практиката која сè уште постоеше во некои училишта - родителите да купуваат средства за хигиена и покрај апелите на МОН секој септември, дека тоа е должност на институциите. Ако во овој период по некој ученик носеше маска во училишниот двор или на улица, причината беше - загадениот воздух.

Вторник, 10 март - денот кој ќе се памети во нашиот образовен систем. Владата соопшти дека наставата прекинува во наредните 14 дена во сите образовни институции. Со одлуката се донесе и препорака сите што имаат деца до 10 години, еден родител да остане дома без разлика дали е вработен во државна администрација или во приватниот сектор. Во овој период се очекуваа продолжувања на овие две недели, но малкумина претпоставуваа дека учениците веќе нема да се вратат во клупите оваа учебна година.

Отприлика во исто време менаџментот на Факултети.мк донесе одлука нашата работа да продолжи од дома. Трансформацијата на работниот процес не беше комплицирана, со оглед на тоа што делуваме на полето на дигиталните медиуми. Така, новинарската работа се пресели дома. Домовите станаа канцеларии, градинки, училишта, игралишта. Мерките се заоструваа, целиот живот успоруваше и скоро запираше за време на полициските часови.

Природно, сиот фокус на работата се насочи кон пандемијата, од сите можни аспекти – дали ќе се отворат градинките, како ќе работат основните и средните училишта, како студентите ќе следат настава. Текстовите се објавуваат секојдневно на Факултети.мк, Деца.мк, а во рамките на „Светот на Биби“ почнаа да се продуцираат образовни содржини за претшколска возраст и за учениците од најниските одделенија. Во овој период на страниците на Факултети.мк, МАНУ го интензивира своето присуство во медиумите – преку колумни и анализи за состојбата со Ковид-19, последиците што ќе ги претрпи нашата економија, состојбите со македонскиот јазик и други важни теми.

Епидемијата од Ковид-19 ги покажа сите недостатоци на нашиот девалвиран образовен систем на кој му е потребна реформа од корен. На тоа со години наназад укажуваат многу експерти од областа на образованието. Од пренатрупаните групи во градинките, преку програмите за основно образование каде учениците имаат предмет „Работа со компјутери“, а компјутер немаат видено, предмети за кои немаат учебници, а и тие што ги имаат се со крајно спорно содржини, сè до високо образование кое нема пристап до научна и стручна литература и до електронски бази на податоци и наука која се финансира со очаен буџет.

Основно образование: не видовме унифициран систем за сите

Точно три месеци траеше школската година во вонредни услови. За три месеци училиштата и наставниците не добија унифициран систем, издржана платформа преку која ќе можат секојдневно да комуницираат со учениците и да ја спроведат наставата по пат на далечинско учење. Додека се чекаше на каква било одлука од МОН, училиштата и наставниците се организираа самостојно. Материјалите кои учениците требаше да ги совладаат ги праќаа на родителите (за учениците од пониските одделенија) или директно на учениците во повисоките класови. Горе-долу овој „систем“ беше задржан до крајот на учебната година. Во пониските одделенија главниот товар беше на родителите кои требаше да го предадат материјалот, а потоа наставниците преку онлајн конференциски врски ги проверуваа учениците. Во погорните одделенија контактите меѓу наставниците и учениците беа фокусирани на комуникација преку пошта – тие праќаа материјали, учениците имаа обврска да го совладаат материјалот, да испратат фотографии од напишани домашни, изработени проекти и исполнети обврски.

mim tv ucilnica 1 foto youtube

Во меѓувреме Владата донесуваше уредби и овозможуваше законски услови образовниот процес да продолжи преку учење од далечина. Навидум, сите услови беа исполнети. На три канали на Македонската радио телевизија почнаа да се емитува „ТВ училница“ со едукативни содржини изведени од наставните програми во училиштата и во градинките. Оваа неформална едукација требаше да трае сè до повторното отворање на училиштата и градинките и продолжувањето на формалниот воспитно-образовен процес.

mim eduino sredno obrazovanie 1Веќе беше очигледно дека прекинот на наставата нема да трае само две недели. Кон крајот на март министерот за образование и наука Арбер Адеми наголемо најави „прва национална платформа за далечинско учење“ (www.eduino.gov.mk). Всушност, повторно стануваше збор за еднонасочно предавање на материјалот, преку 15-минутни видеа. И тука имаше многу пропусти – теми кои се повторуваат, цели предмети што недостигаат. Повторно, понудената опција не беше системско решение кое ќе важи за секое училиште, за секој ученик и ќе биде обврзувачко.

Преку т.н. далечинско учење се одржаа и првите онлајн тестови. Со препорака родителите да им помогнат на учениците само да се логираат, и потоа да ги остават самостојно да го решат, сè беше оставено на совеста на поединецот.

Сепак, учењето од далечина не стигна до сите. Многу ученици од социјално загрозени семејства не успеаја да ја следат наставата три месеци. „Македонски телеком“ донираше наменски интернет картички за овие семејства, а преку општините се организираше и донација на дигитални уредни за најпогодените. И покрај тоа, останаа ученици до кои онлајн наставата не допре. Надлежните водејќи се од мотото дека секој ден се справуваме со низа предизвици што ги донесе пандемијата, ги видовме соголени проблемите во основното образование. 

Средно образование: наставниците и учениците очи не си видоа

Во средното образование нештата требаше да се поттурнат. Се спомнуваа случаи каде наставници одбиваат да држат онлајн настава под изговор дека тоа не е нивна обврска, не се обучени за тоа и слично.  Кон крајот на март експерти од „Семос“ одржаа онлајн семинар со по двајца наставници од секое средно училиште во земјава, кои понатаму требаше да го пренесат искуството на своите колеги и така успешно да ја завршат учебната година. Бирото за развој на образованието за наставниците објави Упатство за оценување на учениците во средните и основните училишта. Им беше наложено да ги оценат учениците и формативно и сумарно, како да има редовна настава. Генерално наставниците немаа проблем да формираат завршна оценка за учениците, со оглед на тоа што најголем дел од учебната година беше спроведен преку класична настава.

mim ucenje od doma feitВо средните училишта наставата главно се одвиваше со испраќање е-пошта до учениците. Тие ги совладуваа содржините и им ги враќаа на наставниците преку сработени домашни задачи и изработени проекти. И покрај тоа што добија шанса да не одат на училиште, на поголем дел од средношколците им недостигаше школото и дружбата со врсниците.

Годинава беа откажани сите државни и меѓународни натпревари, освен 9-та женска математичка олимпијада ЕГМО 2020, која во април се одржа во холандското гратче Егмонд ан Зее. Четирите средношколки што ја претставуваа Македонија освоија еден сребрен и два бронзени медала.

Големо прашање беше како ќе се полага матура. Како да се спроведе тестирање онлајн, а сепак да биде објективно?! На социјалните мрежи се појавија две групи – едната инсистираше да се полага матура, другата пак го држеше ставот дека е невозможно да се спроведе онлајн полагање. На крајот на април, министерот Адеми соопшти дека сите ученици од завршните години се ослободуваат од полагање матура. Тие добија диплома за завршено средно образование, која има важност како и дипломите издадени во изминатите учебни години. Дополнително, се организираше полагање на државна матура за мал број ученици на кои им требаше документот за да се запишат на некој од универзитетите во странство.

Сепак, ниту во средното образование не се најде системско решение за спроведување на вистинска онлајн настава, во која учениците ќе бидат во директна комуникација со наставникот, ќе можат да поставуваат прашања, да развиваат дискусии, тоа што би било вистинска замена за час во класичната настава. Упатените велат дека системските дупки се огромни – од неподготвеност на наставниот кадар да работи со дигитални алатки, платформи и социјални мрежи, до неможност на сите деца да учествуваат во ваков вид настава, особено оние од социјално ранливите групи.

Ова го потврдуваат и бројките кои неколкупати беа јавно објавени - околу 30.000 основци и средношколци од 18.400 социјално загрозени семејства беа погодени од вонредните услови. Според податоците на Државниот завод за статистика, оваа учебна година наставата ја следеа 270.000 ученици од основните и средните училишта.

И покрај проблемите, средните училишта успешно ги спроведоа уписите во прва година минатата недела. Сите ги почитуваа протоколите. Во школите каде секоја година има голем интерес наместо во два, уписите беа распоредени во четири дена, а кандидатите беа групирани по азбучен ред. Во учебната 2020/2021 вкупно 19.297 ученици ќе се запишат во прва година.

Високо образование: секој се снаоѓа на свој начин

Сосема очекувано, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) први почнаа да наоѓаат начин целиот образовен процес да го префрлат преки систем за учење од далечина. Вонредната состојба сè уште не беше прогласена, а тие веќе ги тестираа системите.

mim filozofski fakultet 1На 19 март претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба, а Никола Јанкуловски, ректор на најголемиот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ им порача на раководителите на сите универзитетски единици да применат онлајн-настава. Слични препораки воведоа и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и „Гоце Делчев“ во Штип.

Помалку или повеќе, сите факултети најдоа начин да се турка наставата. Студентите веднаш побараа испитите да се одложат додека не се создадат услови за полагање со физичко присуство. Тие апелираа сите професори да ги искористат можностите и да држат онлајн-настава, а оние кои немаат доволно информатички познавања да се обратат за помош кај локалните факултетски студентски собранија. Се организираа и да им помогнат на студентите кои немаат дигитални уреди за да ја следат наставата. Тие побараа да почнат подготовки за реализација на јунската и септемвриската испитна сесија со физичко присуство на студентите. Пандемијата поттикна низа креативни акции на студентите во земјава – од снимање креативни видеа до анкети поврзани со актуелната ситуација.

Паралелно со вонредната состојба на УКИМ почнаа и ректорски избори кои се во тек и не минуваат без бурни реакции. Група професори кои се членови на ректорската управа веќе неколку месеци тврдат дека актуелниот ректор Јанкуловски го крши статутот и Законот за високо образование. Тие имаат поддршка и од Независниот академски синдикат (НАкС) кој поднесе претставка до Државниот просветен инспекторат. Иако Владата донесе уредба дека ректорските избори во вонредна состојба мора да мируваат, тие продолжија со образложение дека уредбата не важи за последната вонредна состојба од 8 дена. На почетокот на неделава претседателот на Универзитетската изборна комисија и уште тројца други членови на комисијата задолжена за ректорските избори си поднесоа оставка.

Сè нa сè, пандемијата нѝ покажа дека живееме во општество со образовна структура која не може да се нарече систем. Со крути рамки каде законите не постојат за да им служат на граѓаните. Во структура каде досега учениците губеа школска година поради здравствени причини, зашто системот не можеше да им излезе во пресрет и да овозможи да ги добиваат материјалите преку електронска пошта, посветено да учат од дома и да ја завршат годината. Во структура која преку ноќ им го овозможи тоа на сите, и на тие што не можат да си го дозволат.

Автор: Весна Ивановска-Илиевска, Факултети.мк

 

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.