Од дневникот на една фоторепортерка

Се чита за 3 мин.

 am1

Сведоци бевме на празни улици, на гужви и мачно чекање во редици пред продавниците, на празни храмови и џамии за празници, на лица со рани и уморни тела на лекари кои со часови работат под скафандери, на нечиј последен здив и последните испраќања...

am2

Да се биде сведок на работата на првите луѓе во борбената линијата, но и самиот да си во првата борбена линија, колку што е предизвик, толку е и жртвување.

Со денови упорно барав да влезам на Клиниката за инфективни болести и фербилни состојби во Скопје, со цел да им ја прикажеме на граѓаните борбата која се води меѓу тие ѕидови, за која само имавме слушнато, но ништо видено.

am3

Клиниката беше полна со пациенти. Дел од нив беа во критична состојба, додека другите ги чекаа последните резултати за да прогласат победа и да им се придружат на нивните семејства.  Ентузијазмот и упорноста кај персоналот на Клиниката беше забележителна. Сведочев за една борба која се води рамо до рамо заедно со пациентите.

Седев повеќе од еден час внатре во болницата. Се трудев сè да „помине“ низ мојот објектив. Бев стегната, и се плашев да не ги вознемирувам пациентите. Многу од нив не сакаа да ги фотографирам жалејќи се дека се уморни од медиумите.

am4

За мене и сите медиумски работници, персоналот се погрижи до најмал детаљ при облекување на заштитната опрема со цел да бидеме безбедни. Бев облечена со скафандер, маска, два пара ракавици. После еден час фотографирање веќе не можев да фунционирам. Почна да ми станува многу топло, ми се отежна дишењето од врзаната маска, очилата ми се замаглуваа цело време, не гледав ништо и ми беше невозможно да продолжам да сликам.

Додека јас се мачев и се жалев дека ми е многу топло и не гледам ништо, пред мене стоеја луѓе кои истата облека ја носеа со часови и некако успеваа да функционираат нормално.

am5

За една слична приказна седев еден ден и со тимот на Брзата Помош во Скопје. Едни заборавени херои кои доаѓаат први во контакт со заразените лица. Првиот терен ми беше во Батинци, куќа- кластер. Вториот во Центар, третиот во Волково... Заради безбедност, скафандерот го сменив повеќе од 5 пати, се возев со нив цело време, од дом во дом, до прифаќањето на пациентите во Болницата 8-ми Септември.

am6

Од влегувањето во Клиниката помина повеќе од еден месец. Тоа што го видов таму често ми се врти во глава. Жената која дишеше со помош на респиратор додека ја сликав, лекарот кој го држеше за рака пациентот и го охрабруваше, звукот на чукањето на срцето, на белите дробови. Постојано ми поминуваат низ сеќавање тие исти слики.

Кога сум на терен, јас сум фоторепортер и реагирам ладнокрвно за сè што би можело да се случи околу мене, но не и кога ќе се вратам дома. Емоциите и поврзаноста со сликите е голема, кога јас како Арбнора седнувам да ги едитирам сликите од изминатиот ден.

am7

Не би се нафатил секој за вакво нешто, и тоа треба да им биде јасно на сите, особено на работодавачите. Имаќи ја предвид природата на нашата професија, не би сакала да се штедам себеси. Некој мора да се жртвува, за граѓаните да можат да бидат известени за реалната ситуација.

Ова што ние го работиме може некому да не му личи на жртвување, затоа што на прв поглед изгледа како нешто многу лесно и дека секој го може. Но не, не би се нафатил секој.

am6

Додека сликав на вакви локации и во вакви ситуации, често персоналот ме прашуваше дали ме плаќаат дополнително за оваа работа? Што ме натера да дојдам овде? Дали сум свесна колку сум изложена на ризик? Мојот одговор беше дека сум тука затоа што ја сакам мојата професија. Ист одговор имаат и многу мои млади колеги, кои сами се понудија да го работат ова. Бевме наградени со едно - БРАВО.

Инфективна 7

Но, не е сѐ така како што изгледа пред камерите. Медиумите во Македонија од почетокот на падемијата се најдоа во „грч“, поради недоволната транспарентност на институциите. Колку и да се трудеа медиумите тоа да не се гледа, се забележуваше секој пат кога ќе се доведеа во ситуација и обична прес-конференција да ја покриваат со инсерти од болниците од светот.

am10

Често бевме и сме ограничени и попречени за да ја извршуваме нашата должност на професионален начин, да ги известиме граѓаните целосно, со факти, преку слика за тоа што се случуваше меѓу ѕидовите каде сè води најголема битка со невидливиот непријател Ковид-19.

Потребно беше да поминат три месеци, да нѐ погоди вториот бран, да сведочиме како граѓаните продолжуваат да се „хранат“ од индустријата на фејк њуз, да се однесуваат неодговорно, за на крај сепак да се разбере кое е влијанието и моќта на седмата сила. Институциите треба да сфатат дека медиумите им се сојузници во оваа битка, дека без нас сепак не можат...

am11

Автор: Арбнора Мехмети, фоторепортерка

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.