Со професионализам се „имунизиравме“ од вирусот на дезинформациите

Се чита за 2 мин.

Весникот КОХА и неговата онлајн-платформа имаа можност да ја „тестираат“ својата професионалност во оваа здравствена криза, нудејќи ѝ на јавноста професионален производ кој беше неопходен за сите оние кои освен медикаменти, имаа потреба и од вести, кои се „имунизирани“ од вирусот на дезинформациите и манипулирањето. Преку брзите, точни и суштински информации, репортажите и другите информативни рубрики, порталот на весникот КОХА беше главен и веродостоен извор на информирање на сите во државава. 

Глобалната пандемија која ја зафати и Северна Македонија, ги погоди сите сфери на животот и бизнисите. Оваа здравствена криза ги засега и медиумите, особено нивното функционирање и секојдневниот процес. Како и сите сектори кои требаше да се адаптираат на новиот начин на работа, и весникот КОХА презеде неколку мерки, кои беа, пред сè во функција на зачувување на здравјето на вработените, но и во духот на општите владини мерки, а секако дека не отстапи од основниот приоритет - секојдневното информирање на граѓаните. За наша среќа, ниту еден од нашите колеги и нивните семејства не беше заразен од смртоносниот вирус, а ова беше дополнителен мотив да надвладее професионалната етика и морал во сите фази на работењето.

Во комуникацијата со јавноста ги следевме строгите професионални начела бидејќи пред нас имавме непознати димензии на една глобална пандемија, која не можеше да се победи ако уште во старт не воспоставевме параметри на објективно и непристрасно известување.

Нашите екипи новинари и уредници, како во весникот, така и во порталот, само физички се преместија од нивните работни места – од редакцијата, но не ги запоставија нивните професионални обврски и цели. Весникот, иако со редуцирани страници, го здржа континуитетот на издавање, додека онлајн-изданието беше активно и ажурирано во реално време, следејќи и покривајќи ги сите настани во земјата и во светот, главно  фокусирани на актуелната тема - пандемијата со коронавирусот.

Известувањето околу коронавирусот го сфативме како една сериозна задача, затоа што пред себе имавме две одговорности: да известуваме за вистината и само вистината, и да не го вознемируваме читателот.

Бидејќи новинарството е професија која е во служба на јавноста, на правичното известување и на држење до професионалниот интегритет, новинарите на весникот КОХА и порталот на весникот беа ослободени од емоциите, со цел собирање на податоци, засновани на вистината и објективното информирање.

Мрежата од новинари и соработници на терен, останаа верни пренесувачи на изворната информација, редуцирајќи го до максимум секој вид на дезинформирање околу проширувањето на коронавирусот меѓу населението. Лошото искуство со ширење разни конспиративни теории, што е дел од сензационалистичкото новинарство, се третираше со сериозност од страна на нашите новинари и уредници, кои покажаа професионална дистанца кон секој вид информација што не беше базирана врз релевантни и научни извори. Токму ова беше и една друга професионална битка, по која весникот КОХА успешно се издвои и се истакна, а која имаше цел да оневозможи продирање на „лажните“ вести во нашите изданија.

Овој глобален проблем со кој се соочуваат сите медиуми, дури и посериозните, не успеа да продре во нашата секојдневна професионална работа и поради фактот што весникот КОХА во неколку кредибилни истражувања реализирани последните години, е прогласен за медиум со највисока доверба во јавноста.

Здравствените кризи, како оваа што ја поминуваме, не може да се надминат успешно, доколку не надвладее граѓанската свест за последиците и опасностите од нив. Во оваа насока, весникот КОХА беше гласноговорник на оправданите апели на институциите и на разните сегменти на граѓанското општество за зголемена внимателност на граѓаните, вршејќи кон нив неопходен јавен притисок. Од овој аспект, ние како медиум им овозможивме директен пристап на сите институционални фактори во пренесувањето на потребните информации за подобро запознавање на јавноста, а во кои секако Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, беа предводници.

Автор: Ведат Мемедалиу, главен и одговорен уредник на весникот „КОХА

 

.................

Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.