Приказни од библиотеките во Македонија: Најактивната читателка има 74 години, а позајмува книги и за 93-годишната мајка

Се чита за 6 мин.

radovis b4jpg

Личниот пример е најважен. Детето прво треба да препознае љубов кон книгите од своите родители, семејството, вели Јана Михајловска-Иванов, претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија

Две истоимени библиотеки „Браќа Миладиновци“, едната во Скопје, другата во Радовиш. Таа во главниот град - малечка, сместена во населба, бидејќи е клон на општинската „Другарче“, која работи во рамките на големата градска библиотека. Таа, пак, во Радовиш - модерен мултифункционален центар, со одличен пристап до пишани и електронски информации.

Како работат денес библиотеките во Македонија, во време на доминација на дигиталните медиуми, кога информацијата е достапна со еден допир на екранот на мобилниот телефон? Дали уредите можат да го заменат мирисот на книгата, што друго се случува во овие институции освен класичното позајмување книги?

bib karposБиблиотеката „Карпош“ покрива дел од истоимената скопска населба. Таа е клон на библиотеката „Другарче“ која е една од единиците на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Има 370 члена, од кои околу 200 се активни. Вработените велат дека малите клон библиотеки создаваат неверојатна поврзаност со читателите.

„Сите тие живеат или работат во нашето непосредно опкружување. Тоа им овозможува редовно и често да нѐ посетуваат, дали пред важна лектирна обработка, викенд или празник, пред патување или на годишен одмор. Најактивни се повозрасните читатели и групата на пензионери. Книгите што се бараат се од различни жанрови - учениците најмногу позајмуваат лектири, но не се исклучени и книги надвор од таа тема. Возрасните од помладата старосна група обожуваат белетристика, а повозрасните освен белетристика бараат и книги со историска содржина и класици на светската книжевност“, вели библиотекарката Марија Стојковиќ.

Особено интересно е кога во библиотеката ќе се сретнат читатели кои во исто време враќаат меѓусебно непрочитани книги, па размената се врши во истата секунда. Сузана Спировска, помошник-библиотекар, вели дека не е тешко да се создаде активна и верна група на возрасни читатели, но да се направи тоа кај најмалите е вистински предизвик. Така, со почетокот на секоја учебна година ги посетуваат блиските градинки „Распеана младост“ и „Орце Николов“.

„На сите дечиња кои следната година стануваат првачиња им доделуваме годишно гратис-членство за им ја всадиме навиката кон читањето и љубовта кон книгата. Се вклучуваат и нивните учителки и воспитувачки кои овозможуваат организирана посета и децата ја стекнуваат првата слика што значи библиотеката. Голем успех е да се побуди интересот кај нив, особено кога среќни и задоволни ја напуштаат библиотеката“, вели Спировска.

Тие се најмалата структурална единица на големата градска библиотека. Велат дека имаат огромна поддрша од раководителката на „Другарче“, Силвана Јакимова, и од директорката на „Браќа Миладиновци“, Сузана Данаилова, каде традиционално, секоја година се избира читател на годината. Во просториите на главната библиотека свечено им се доделуваат плакети и подароци-книги.

„Чинот е мал, но задоволството - огромно. Во нашата библиотека, читател-рекордер за 2019 година е Сребре Јовановска, 74-годишна пензионерка, со 200 прочитани книги за една година. Понекогаш зема книги за читање и за нејзината 93-годишна мајка“, вели Спировска.

Библиотеката во Радовиш - модерен мултифункционален центар

radovis b1

Библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Радовиш покрај традиционалните библиотечни услуги обезбедува и пристап до интернет, скенирање и печатење документи, фотокопирање и организирање различни културни и социјални настани за различна публика. Гордо го носи името „Пријателска библиотека за сите граѓани“. Иако е една од помалите библиотеки во Македонија, позната е по својата иновативност.

„Библиотеката покажа извонредна способност да се развива со промените на времето. И во најтешките моменти успеваше да одговори на потребите на корисниците, со целосна компетенција на библиотечната струка“, вели м-р Иванка Соколова, директорка на библиотеката.

radovis b3Еден од нивните успешни проекти во изминатите години е „Креативни умови создаваат можности за работа“ кој пред десет години го добиле како грант од ЕИФЛ (Electronc Information for Library) преку Иновативната програма за јавни библиотеки (Public Library Innovation program). Во конкуренција биле од 324 апликации на библиотеки од 49 земји. Овој проект во 2011 година ја добил престижната награда „Социјална интеграција 2011“ од ЕРСТЕ фондацијата.

Во библиотеката членуваат ученици, студенти, невработени, вработени и пензионери, две третини од членството се жени, а 35% мажи. Според возраста, најмлад читател е Борче Кордов, а највозрасна членка е Виолета Самарџиска која има 81 година. Соколова вели дека за најмалите читатели многу е значајна посетата на библиотеката и изборот на книга која визуелно ќе ги привлече.

„Сликовницата како значаен медиум во културолошка, едукативна и педагошка смисла, покрај играчките, ја обликуваат првата контура на идните личности. Затоа секојдневно го збогатуваме фондот со сликовници и литература за деца“, вели Соколова.

За да го поттикнат читањето кај најмалите организираат различни програми за децата од претшколска возраст - популаризација на сликовници, едукативни работилници и предавања, фамилијарни програми, одбележување на Светскиот ден на книгата на детето, воведување на т.н. гејмификација (учење по пат на игра), музички манифестации поврзани со литература, програми за цртање и слично.

radovis b2Имајќи ја предвид општествената мисија на библиотеките која се менуваше сообразно со потребите на времето на т.н. „пазар на знаења“, Соколова вели дека во последните неколку години променет е и пристапот до образованието. Тоа е одраз и на количината на достапните информации кои непрестано се менуваат и надополнуваат.

„Библиотекарите ја наметнаа својата улога на информациски стручњаци кои на корисниците не само што им овозможуваат позајмување на книги туку им го олеснуваат начинот на наоѓањето на релевантните печатени и електронски извори (енциклопедии, портали, архиви, списанија) и информации. Бидејќи библиотеките работат со различни кориснички групи воведуваат нови библиотечни услуги и програми за информациска писменост“, вели Соколова.

Како се вгнездува љубовта кон книгите кај најмладите

Јана Михајловска-Иванов е претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија (БЗМ). Таа објаснува дека главни цели на Здружението е да ги координира поголемите активности во развојот на библиотекарството во земјава, да помага за стручно усовршување на библиотекарскиот кадар, да покренува иницијативи за нормативно регулирање на одделни прашања преку закони, други прописи и колективни договори. Здружението постои 70 години и соработува со домашни и меѓународни библиотекарски асоцијации. Здружението обезбедува информации за актуелните збиднувања во европскиот и во светскиот библиотечно-информативен простор.

„Минатата година во Штип ја организиравме Меѓународната стручно-научна конференција на библиотекари со бројни гости од земјава и од странство. Конференцијата отвори бројни значајни прашања во врска со библиотекарството и предизвиците пред кои е тоа исправено“, вели Михајловска-Иванов.

biblioteki natprevar mladi bibliotekari 2Здружението ја има востановено „Климентова повелба – за животно дело“ која се доделува на две години на најзаслужните работници во библиотекарството, особено на библиотекарите-советници кои целиот свој работен век го минале во библиотечната дејност. Тука е и наградата „Библиотека на годината“ за најуспешната библиотека на просторот на Република Северна Македонија. Здружението има и своја издавачка дејност, објавува повеќе значајни наслови, а секоја година редовно излегува и двобројот од списанието „Библиотекарство“. Веќе 20 години се организираат општински и републички натпревари „Млади библиотекари“, во соработка со училиштата во сите градови на Македонија.

„Учениците се натпреваруваат во знаења од областа на библиотекарството, организациската структура на библиотеките, нивната работа, знаењата поврзани со печатарството и средствата за користење на библиотечните услуги. Се надевам дека повеќе основни училишта ќе се вклучат во овие натпревари, бидејќи токму од децата во основните училишта сѐ почнува. Од таа возраст е идеално да се работи на нивно „вљубување“ во книгите. Сите ние, без разлика дали сме во улога на родители или вработени библиотекари, многу посериозно да се нафатиме за да може да се оствари целта на доаѓањето на нови генерации – вљубеници во книгите“, вели Михајловска-Иванов.

Таа смета дека во време кога технологијата е дел од нашето секојдневие, може да се балансира и да се најде време како и за нас самите, така и за децата. Уште од најмала возраст да се всадува љубов кон книгата, театарот, уметноста воопшто.

„Личниот пример е најважен кога станува збор за помошта во веќе постоечката едукација на младите. Детето прво треба да препознае љубов кон книгите од своите родители, семејството. Потоа секако останува на него како ќе успее да балансира меѓу технологијата (дигиталната доба) и личниот развој кој подразбира читање, посета на библиотеки, театри, изложби итн. Кога на сето ова ќе се додаде и ќе се негува улогата на библиотеките во патот кон животното образование кај младите, неизбежно е да се создаде генерација - вљубеници во културата, етички изградни личности и луѓе со врдности какви што секое општество би посакало“, вели Михајловска-Иванов.


Книга за само 15 денари

Годишно членство во библиотеката „Карпош“ чини различно. Ученици-основци, плаќаат по 150 денари, а за ученици-средношколци и за сите возрасни лица годиншната членарина изнесува 300 денари. Пензионерите плаќаат по 250 денари годишно, а за дополнително членство (каде постои основно членство во било која библиотека на „Браќа Миладиновци“ – Скопје) се доплаќаат 50 денари. Секое изнајмување на книга чини 15 денари.


Здружение формирано во далечната 1949 година

Библиотекарското друштво на Македонија - Скопје е формирано во 1949 година, а пред десет години се преименува во Библиотекарско здружение на Македонија - Скопје. Оттогаш седиштето е сместено во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во здружението членуваат сите национални установи библиотеки, специјализирани и јавни, универзитетски библиотеки во Македонија, високошколски библиотеки, библиотеки од основни училишта ширум државата. Во моментот активно членуваат 48 библиотеки од целата земја.


 

Автор: Весна Ивановска-Илиевска

 

--------------------------------

eu flag weblogo mkdТекстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“.
Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.