Која е цената на лагите: Социјалните мрежи и опасноста од дезинформациите

Се чита за 4 мин.

„Која е цената на лагите? Не е во тоа дека лагите ќе ги замениме за вистината. Вистинската опасност е во тоа дека ако слушнеме доволно лаги, тогаш воопшто нема да можеме да ја распознаваме вистината.“

Овие зборови на Валери Легасов (Џаред Харис) во воведната сцена на култната серија „Чернобил“ совршено го опишуваат општествениот контекст  кога се случува најголемата нуклеарна хаварија во историјата на човештвото и обидот да се прикрие вистината од страна на властите во Советскиот Сојуз.

Во тоа време информацијата, било да е вистина или лага, e строго контролирана и се сервира капка по капка преку партиски контролираната инка. Сепак, овие зборови на Легасов не се релевантни само за минатото кога постоело отсуство на информации, туку совршено ја опишуваат и сегашноста во која живееме и нашиот обид да „пливаме“ во океанот од информации.

Нашата немоќ да ја распознаеме вистината е уште поизразена во денешно време бидејќи во тој океан пливаат и вистината и дезинформациите на големите бранови што ги предизвикуваат социјалните мрежи.

Војни, несреќи, епидемии, политички кризи… Во време на несигурност, кога на сите ни требаат точни и веродостојни информации, дезинформациите полесно и побргу го наоѓаат патот до публиката/граѓаните. Токму затоа низ годините опаѓа и довербата на публиката во информациите што ги гледа, чита, слуша...

Сепак, довербата зависи и од платформите каде што информациите се споделуваат, покажува најновиот извештај на Ројтерс за 2024 година.

„Загриженоста на публиката за тоа како да се направи разлика помеѓу веродостојната и неверодостојната содржина на онлајн платформите е најголема за Тикток и X (поранешен Твитер) во споредба со другите онлајн мрежи. На двете платформи се споделуваа погрешни информации или заговори околу војната во Газа и здравјето на принцезата од Велс, како и таканаречените дипфејк слики и видеа“, стои во извештајот.

Спроведените анкети од тимот на Ројтерс покажуваат дека повеќе од една четвртина од публиката на Тикток (27 %) има тешкотии да препознае што е вистина, а што лага на оваа социјална мрежа. Потоа следуваат Х (24 %), Фејсбук (21 %) и Инстаграм (20 %). Најмала загриженост односно најлесно да се препознае што е факт, а што дезинформација, има при пребарување на Гугл (13 %), Јутјуб (17 %) и на информациите споделени на Вацап (17 %).

Она што е интересно е што публиката во Германија има далеку поголема недоверба (41 %) во информациите споделени на Тикток отколку публиката во САД (29 %).

am teks n 4

Кога денес би ги прашале граѓаните каде се информираат за најновите вести и случувања од земјата и од светот, веројатно многумина ќе одговорат дека првото нешто што го прават кога стануваат наутро, не е да го вклучат телевизорот или радиото. Поголемиот дел уште пред да измијат очи, го погледнуваат екранот од мобилниот телефон и најчесто се закачени на некоја социјална мрежа.

Сè поголем е бројот на млади, но и на повозрасни што на овој начин го почнуваат денот. Мобилниот телефон и социјалните мрежи се првиот прозорец преку кој наутро „влегуваат“ информациите во нашиот дом. Тоа го потврдува и фактот дека во земјава во јануари годинава имало повеќе од 2,5 милиони мобилни конекции (голем број граѓани користат повеќе од еден мобилен уред) и 944.000 профили на некоја од социјалните мрежи.

Она што е интересно е дека Фејсбук за година или две можеби нема да биде доминантна платформа во земјата. Засега оваа социјална мрежа доминира со 944.000 корисници, по што следува Инстаграм со 811.000 корисници, но и скок од 100.000 корисници за само една година, наспроти растот од 30.000 корисници на Фејсбук.

Најголем раст на публиката има на Тикток. Во Македонија, според податоците на ByteDance, има повеќе од 754.000 корисници над 18 години. Ако овие бројки се релевантни и ако се земе предвид фактот дека има голем број помлади корисници на Тикток, лесно може да излезе дека оваа мрежа ги надминала другите во популарност. Бројот на корисници на Х е релативно низок – 133.000, така што влијанието на оваа социјална мрежа не е големо.

Сепак, она што прво би помислиле е дека ако некој е корисник на некоја социјална мрежа, не значи дека преку истата таа мрежа се информира односно дека неа ја користи како примарен извор за вести. Но, податоците на Ројтерс покажуваат дека за разлика од пред една деценија, расте бројот на граѓани што ги следат вестите токму преку социјалните мрежи.

Најпопуларна платформа за следење вести е Јутјуб каде што речиси една третина од корисниците (31 %) ја користат за да се информираат за најновите случувања. Потоа следуваат Вацап со 21 % и Тикток со 13 %, со што за првпат оваа мрежа го надмина Х, каде што само 10 % од корисниците ги следат најновите вести.

Она што е интересно е дека дури 23 % од младите на возраст од 18 до 24 години користат Тикток за да ги следат најновите случувања во земјата и во светот. Феномен се земјите како Кенија (36 %) и Тајланд (39 %) каде што повеќе од една третина од граѓаните се информираат преку Тикток.

„Растот на Тикток и на другите мрежи ориентирани кон младите, го забележаа и политичарите, кои ги вклучија во нивните кампањи. Новиот популистички претседател на Аргентина, Хавиер Милеи, има успешен Тикток профил со повеќе од 2,2 милиони следбеници, додека новиот индонезиски претседател Прабово Субианто победи во февруари со помош на кампања на социјалните мрежи со слики генерирани од вештачка интелигенција, со ребрендирање на поранешниот тврдоглав генерал во симпатичен и шармантен дедо што танцува“, анализира Ројтерс во годинешниот извештај за дигиталните вести.

Фактот дека Тикток од мрежа каде што најчесто се објавуваа забавни содржини, полека преминува во платформа за споделување информации со политичка содржина, ја зголемува загриженоста за влијанието на дезинформациите, особено кај помладата публика. Ова, како што покажа едно неодамнешно истражување на Би-би-си, е особено изразено со информации поврзани со изборите.

am teks n 3

Оние што шират дезинформации неретко употребуваат и синтетичка содржина (фотографии и видеа) генерирани со вештачка интелигенција како што беше случајот со сатиричната содржина поврзана со поранешниот премиер на Велика Британија, Риши Сунак. Се претпоставува дека ваквите и слични примери ќе бидат сè почести во иднина, а особено за време на изборните процеси. Како што социјалните мрежи стануваат попопуларни за публиката, така расте и нивната употреба за ширење информации, но и дезинформации.

Популарноста на социјалните мрежи и загриженоста од дезинформациите сериозно влијаат и врз довербата, поточно врз недовербата во вестите/медиумите. Ројтерс анализира дека довербата во вестите изнесува 40 % и останала стабилна во текот на минатата година, но сепак е за четири проценти пониска отколку што беше во екот на пандемијата на коронавирусот.

am teks n 2

Финска останува земја со највисоко ниво на вкупна доверба во вестите (69 %), додека Грција (23 %) и Унгарија (23 %) имаат најниски нивоа, пред сè поради несоодветното политичко и бизнис влијание врз медиумите. Од земјите во регионот вклучени во анализата, довербата во вестите во Бугарија е 29 %, во Романија 27 %, а во Хрватска 32 %.

На крајот доаѓаме до клучното прашање – која е цената на лагите и на дезинформациите што се шират на социјалните мрежи? Цената не може и не мора да се измери само во пари бидејќи има далеку посериозни и подалекусежни импликации – ерозија на довербата на граѓаните, поларизација на општеството, изборни манипулации, финансиски измами, здравствени ризици, предизвикување немири и социјална несигурност…

Ваква дилема споделува и Легасов на завршницата од мини-серијата „Чернобил“: „Некогаш се плашев за цената на вистината, а сега само прашувам: Која е цената на лагите?“

Автор: Александар Манасиев

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).