Повик за учество на Регионална академија за идни лидери на промени во областа на медиумската писменост и медиумскиот активизам

Се чита за 5 мин.

Македонскиот институт за медиуми и партнерските организации од проектот „Нашите медиуми“ објавуваат Повик за едногодишна Регионална академија за идни лидери на промени во областа на медиумската писменост и медиумскиот активизам.

Седум медиумски организации од Западен Балкан и Турција подготвија едукативна програма за млади, која треба да им помогне и да ги поттикне да се вклучат во активности поврзани со активизам за слободата на медиумите, со цел поефикасно спротивставување на поларизацијата.

Целта на оваа програма е да создаде сојузници меѓу младите, кои се грижат за иднината на слободните медиуми и за иднината на слободата на изразувањето, и кои сакаат да бидат добро информирани граѓани што ќе се залагаат за промовирање и заштита на основното право на слобода на изразување.

Доколку сте млад активист, претставник на граѓанска организација или движење, активен или иден политичар, новинар, член на академската заедница, влијателен на социјалните медиуми или просветен работник, и сакате да го искористите вашиот глас и влијание за да помогнете во унапредување на медиумските слободи, можете да аплицирате за учество во академијата за идни лидери на промени!

Преку учество на академијата ќе стекнете сеопфатен увид во медиумската средина во вашата земја и во регионот на Западен Балкан и Турција. Ќе дознаете што подразбира медиумското опкружување на денешницата, со кои предизвици се соочуваат медиумите и новинарите и што е потребно за нивно надминување. Ќе имате можност да научите повеќе за трендовите во медиумската и во информациската писменост и на кој начин медиумски писмените граѓани придонесуваат кон унапредување на демократијата и владеењето на правото.

Програмата ќе почне со тродневна обука (камп) во Истанбул, што ќе се одржи од 28 до 31 октомври 2024 година, а во продолжение ќе вклучи и серија онлајн работилници и сесии. Преку програмата ќе имате можност да бидете дел од студиска посета во земја од Европската Унија, и од прва рака да научите за трендовите и предизвиците во областа на медиумите и слободата на изразување со кои медиумските професионалци, експертите и законодавците очекуваат да се соочат во иднина. Преку програмата ќе добиете увид во темите и во областите во кои треба да се работи за да го подготвиме регионот во пресрет на очекуваните трендови. Програмата ќе ве охрабри и ќе ве поддржи при осмислување и реализација на вашите иницијативи насочени кон унапредување на медиумските слободи во земјата.

Академијата ќе почне во октомври 2024 година, а програмата ќе трае 12 месеци.

Учеството во програмата е бесплатно, а сите трошоци ќе бидат покриени од проектните партнери, благодарение на поддршката од Европската Унија во спроведувањето на проектот.

Предност при изборот на учесници ќе имаат високомотивирани поединци, кои учеството на академијата го гледаат како можност за надградба на своето знаење за предизвиците поврзани со медиумските слободи и кои сакаат да придонесат кон нивна заштита и унапредување преку користењето на сопствените платформи на влијание и работа.

Прочитајте повеќе и дознајте како да аплицирате.

Повеќе за Регионалната академија

Регионалната академија има за цел да поттикне група млади луѓе, идни лидери на промени, да ги развијат вештините и способностите за вклучување во медиумски активизам, и да дејствуваат во насока на надминување на разликите и подобро разбирање на областа во која работат.

Оваа програма ќе вклучи 21 учесник, млади луѓе со различни интереси, професии и преокупации, кои се посветени, пред сè, на медиумскиот активизам, но и на други различни области од јавната сфера, а на кои им е потребна медиумска и дигитална писменост во секојдневната работа.

Целта на академијата е да ги обучи младите луѓе, како индивидуалци и како група, на поинаков, иновативен и креативен начин да ги подобрат своите вештини и да научат нови методи и техники на медиумски активизам. На овој начин тие ќе бидат подготвени стекнатото знаење и вештини веднаш да ги применат во секојдневната практика на локално и на регионално ниво, во јавното застапување, при креирање кампањи и почнување иницијативи насочени кон подобрување на состојбата во медиумите во целиот регион.

Програма на Регионалната академија     

Академијата ќе опфати повеќе теми – од општи прашања за медиумската индустрија, до конкретни предизвици со кои се соочува слободата на печатот и независното новинарство во регионот. Учесниците ќе го проучуваат развојот на медиумската сфера, истражувајќи ги трендовите во индустријата, законодавството и политиките, со фокус на тоа како овие фактори се поврзани со остварувањето на основните човекови права и колку се усогласени со европските стандарди. Специфичните теми ќе вклучуваат медиумска регулација и саморегулација, улогата на медиумите во различни заедници склони кон конфликти, како и безбедносните предизвици со кои се соочуваат новинарите, вклучително и директни закани од политичките и од економските елити. Академијата, исто така, ќе опфати разни облици на пропаганда, манипулации и продукција на лажни вести од медиумите под контрола на владејачките политички и економски сили.

Програмата ќе ја водат медиумски експерти и експерти за застапување, за кампањи и за стратегиски комуникации, преку симулирање ефективен јавен ангажман и посочување тактики за подигање на свеста за справување со овие проблеми. Со подготовка на следната генерација медиумски активисти со добро разбирање на проблемите и практични вештини за спроведување промени, целта на академијата е да поддржи група лидери способни да ја бранат слободата на медиумите и плурализмот во своите заедници.

За кого е наменета академијата?

Оваа едногодишна програма е наменета за група млади активисти на возраст од 21 до 35 години, кои може да бидат членови на политички партии/движења, претставници на граѓански групи, новинари, влијателни поединци на социјалните медиуми и студенти.

Во текот на една година, 3 (тројца) претставници од Северна Македонија заедно со учесниците од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и од Турција, ќе работат на развивање вештини и способности неопходни за медиумски активизам насочен кон намалување на општествената поларизација.

За учество на академијата, кандидатите мора одлично да го познаваат англискиот јазик (говорен и пишан), бидејќи тој ќе биде работен јазик на целата програма.

Со поддржување на оваа разновидна група млади активисти, академијата има за цел да развива моќна мрежа на лидери во областа на медиумската писменост и медиумскиот активизам. Со стекнатото теоретско знаење и практични вештини, учесниците ќе бидат подготвени да ги бранат основните слободи, да се спротивстават на дезинформациите и да го заштитат медиумскиот плурализам во своите земји и во целиот регион.

Што вклучува програмата на академијата?

Регионалната академија вклучува сеопфатна образовна програма, организирана во четири клучни формати:

  • Тридневна интензивна обука во Истанбул, Турција, 28-31 октомври 2024 година
  • Три онлајн последователни предавања/работилници, ноември 2024 - јануари 2025 година
  • Една тематска студиска посета на земјите членки на ЕУ во април или во мај 2025 година
  • Дизајн и имплементација на една иницијатива во областа на нивниот ангажман – со финансиска поддршка од 600 евра бруто по учесник.

Селекција на кандидатите

Комисијата за избор ќе одбере по 3 (тројца) учесници од секоја земја за учество во едногодишната програма. Ќе бидат избрани вкупно 21 кандидат од сите 7 земји.

Апликациите ќе се оценуваат врз основа на следниве критериуми:

  • Кандидатите треба да бидат млади на возраст помеѓу 21 и 35 години
  • Да бидат активни и ангажирани во своите заедници
  • Да имаат искуство со активизам
  • Да иницирале проекти што имале општествено влијание
  • Да учествувале/работеле на јавно застапување и кампањи
  • Да покажат јасна заинтересираност за стекнување нови знаења и вештини за медиумска писменост и медиумски активизам
  • Да покажат мултикултурна чувствителност и разбирање на различни гледишта
  • Да бидат посветени на активно учество во сите фази од програмата

При формирањето на групата учесници, особено внимание ќе се посвети на обезбедување родова застапеност.

Како да аплицирате?

Апликантите треба да ја пополнат апликацијата на Google form најдоцна до 25 август 2024 година.

 


Регионалната академија се спроведува во рамките на проектот „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање дијалог“ од страна на партнерските организации: СЕЕНПМАлбанскиот медиумски институтЦрногорскиот медиумски институтСоветот за етика во медиумите на КосовоМакедонскиот институт за медиумиНовосадската школа за новинарствоМировниот институт од Љубљана иБианет (Турција), а со финансиска поддршка од Европската Унија.