Обука за обучувачи од областа на медиумската и информациската писменост

Се чита за 1 мин.

Запознавање со основните концепти на модерната комуникација, вовед во медиумската писменост, препознавање и справување со лажните вести, користење на медиумската писменост за продукција на мултимедијални содржини, како да се подготват ефективни програми за обуки од областа медиумската и информациската писменост. Ова беа само дел од темите на дводневната обука за обучувачи што ја организираше МИМ кон крајот на септември, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите“.

webob2На обуката учествуваа 16 претставници на граѓански организации, медиуми, ИТ индустријата, како и на образовни институции. Освен теоретски предавања, под водство на обучувачите Наоми Томпсон од Европската асоцијација за интересите на гледачите (ЕАВИ, Велика Британија) и Стефан Јањиќ од Новосадската школа за новинарство (Србија), учесниците работеа практични вежби и креативни игри за верификација на информации на интернет.

„Медиумски писмените граѓани се способни да создаваат медиумски содржини и да реагираат на нив на одговорен начин. Различните перспективи што тие ги изнесуваат може да придонесат во справување со погрешните наративи и лажните вести што ги гледаме во медиумите“ – истакна Наоми Томпсон од ЕАВИ. Таа смета дека медиумското образование на некој начин треба да биде доживотно учење, почнувајќи од најрана возраст во градинките, па се до крајот на животот. 

webob4„Денес луѓето сè повеќе зборуваат за медиумска писменост, за критичко размислување, за лажни вести и мислам дека сега е вистински момент да направиме некакви промени, да ги мотивираме луѓето да се едуцираат и да бидат што повеќе медиумски писмени“ – вели Стефан Јањиќ од Новосадската школа за новинарство. Според него програмите за медиумска писменост се исклучително важни затоа што медиумите се присутни насекаде околу нас, било да станува збор за социјални или мејнстрим медиуми, тие допираат до секој сегмент од нашите животи, нашите односи, политички, економски итн.

Учесниците на обуката во претстојниот период ќе бидат ангажирани како обучувачи на МИМ на обуки и работилници што ќе се организираат за локални невладини организации коишто се заинтересирани и сакаат да се занимаваат со медиумска и информациска писменост.

Регионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", се спроведува со поддршка на Европската Унија.