Граѓанскиот сектор кој се занимава со прашањата поврзани со човековите права претставува богат ресурс за новинарите, за истражувачкото новинарство, но и за инклузивното новинарство, кое треба да се стреми да ги вклучи различностите на разновидни начини - во рамките на секој новинарски производ и во секојдневното функционирање на медиумот. Граѓанските организации и медиумите се упатени на меѓусебна соработка за да може полесно да се идентификуваат и обелоденат случаите на прекршување на човековите права, да се подигне јавната свест за овие прашања, и да се зголеми влијанието на граѓанскиот сектор.
Ова се некои од препораките до граѓанските организации и до медиумите содржани во Белата книга за приоритетите и механизмите на соработка меѓу двата сектора, чија цел е да придонесе кон поголема промоција и ефикасна заштита на човековите права. Документот ги посочува проблемите во соработката меѓу меѓу ГО и медиумите,приоритетите во различни области од човековите права на кои треба да се сврти медиумското внимание, а предлага и механизми преку кои може да се унапреди нивната комуникација.
МИМ ја промовираше Белата книга на 6 декември 2013 година во ЕУ Инфоцентарот. На истиот настан беше промовирана и веб-страницата Актив.мк, чија цел, пак, е да отвори простор за полесна комуникација меѓу граѓанскиот сектор и медиумите. Веб-страницата нуди можности кои можат да им бидат од корист и на двата сектора, меѓу кои поважни се сервисот за асистенција на граѓанските организации, преку кој редакцијата на Актив.мк ќе им помага во нивната комуникација со медиумите, како и Андроид апликацијата за мобилни телефони, преку која секој засегнат ќе може да фотографира и пријави прекршување на човековите права.
Белата книга и веб-страницата Актив.мк се дел од проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за унапредување на човековите права и слободата на изразување“ што го спроведува МИМ, со поддршка на Европската Унија преку ЕИДХР.
Повеќе фотографии од промоцијата можете да погледнете тука.