Наспроти фактот дека во Македонија се одржуваат „двојни избори”, и претседателски и локални, како и тоа дека изборите во Македонија отсекогаш се сметале за медиумски најзначаен политички процес, овојпат највлијателните национални електронски медиуми на изборите не им го дадоа она значење, како што се очекуваше од нив. Ова е дел од првичните сознанија добиени од медиумскиот мониторинг што Македонскиот институт за медиуми го спроведе од 8 до 20 март, а беа презентирани на прес конференцијата одржана на 2 април 2009. Во мониторингот беа вклучени 6 национални и 6 локални ТВ станици, како и 4 дневни весници. Прелиминарните резултати ги образложија проф. д-р Весна Шопар и Петрит Сарачини, раководител на проектот.
Истражувањето покажа дека националните радиодифузери понудиле релативно задоволителен простор во информативните емисии за претседателските избори, но повеќето од мониторираните медиуми, со исклучок на Алсат М и Македонската телевизија, потфрлиле кога станува збор за специјализираните емисии, како што се дебатите, интервјуата итн. Скромен простор, според резултатите, бил отстапен на изборите за градоначалник на Град Скопје, а информации за локалните избори во другите градови во Македонија речиси и да немало.
Според истражувањето, мониторираните локални телевизии во информативните емисии се фокусирале на локалните избори, но и кај нив, понудата во однос на другите типови емисии била скромна. Отстапување од оваа констатација е забележано кај охридската ТВ М, и делумно кај ТВ Вис од Струмица
Што се однесува до печатот, истражувањето покажа „скромна” изборна понуда, жанровски доминантно информативна, наспроти слабата застапеност на интерпретативно-аналитичкиот пристап. Исклучок од овој тренд е забележан кај весникот Дневник.
Првичните сознанија покажуваат дека во известувањето преовладувале извештаи од изборните активности на партиите и кандидатите, но тоа претежно биле штури информации од категоријата “промоција на кандидатите”, т.е информациите фактографски ја следеле дневната агенда на кампањата на кандидатите, набројувајќи кои места кандидатите ги посетиле и со кого се сретнале.
Според истражувањето, доминантни теми во претседателската кампања биле спорот за името и евроатланските интеграции, а делумно и меѓунационалните односи, додека, пак, во локалната кампања - урбанизмот и инфраструктурата, децентрализацијата, економијата.