Наместо само канали за комуникација и претставување на општествената реалност, демократските медиуми се предуслов за успешно функционирање на демократијата. Во репресивните режими низ светот независното новинарство работи под притисоци, а во некои од нив буквално беше уништено. Медиумската криза сепак е глобална, при што медиумите во голема мера се заробени од корпоративни и од политички интереси. Глобалните трендови на поларизација и радикализација среде војните во Украина и регионот Левант само ги влошуваат проблемите, а исто така и технолошките промени и доминацијата на големите технолошки платформи што се закануваат дополнително да го намалат општиот интерес, како и независното и квалитетно изготвување содржини. Поради тоа медиумскиот активизам стана толку важен.
Извештајот „Мобилизација за заштита на јавниот интерес во медиумите“ што го подготви истражувачката Санела Хоџиќ, е поттикнат од идејата дека работењето на медиумите и медиумските реформи ќе го одредат текот на историјата и дека мапирањето на добрите практики, ќе ни помогне да го предвидиме медиумскиот активизам што може да овозможи распространетост на вредностите од јавен интерес во новинарството, медиумите и комуникацијата во овие кризни времиња.
Медиумскиот активизам може да биде насочен кон промени во медиумските институции, медиумските политики, медиумските содржини и практики, но и кон создавање алтернативни медиуми, односно простори што обезбедуваат содржини од јавен интерес и кои промовираат демократски вредности. Имајќи го тоа на ум, прегледот на добри примери на медиумски активизам што го претставуваме во овој извештај има за цел да инспирира поцелисходни и агилни акции за одбрана на јавниот интерес во медиумите и во комуникацијата. Поконкретно, има за цел да инспирира создавање добри практики за медиумска и информациска писменост од страна на коалициите и граѓанските организации (ГО), во рамките на проектот „Нашите медиуми“ и пошироко. Медиумскиот активизам и медиумската и информациската писменост се суштински поврзани бидејќи само медиумски писменото граѓанство придонесува за мобилизација што може да придонесе кон значителни медиумски и комуникациски реформи.
Прегледот вклучува примери на медиумски активизам од регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија) и Турција, како и од земјите на ЈИЕ и остатокот од светот. Мапирањето на добрите практики беше спроведено во периодот од јуни до октомври 2023 година, првенствено врз основа на секундарно истражување, а онаму каде што беше потребно беше спроведено и примарно истражување, односно анализа на содржините на онлајн изворите и на барањата за информации до институциите што се надлежни за прашања поврзани со медиумите. Кон истражувањето придонесоа истражувачите од седум држави од регионот: Илда Лондо (Албанија), Анида Сокол (Босна и Херцеговина), Флорент Спахија (Косово), Милица Богдановиќ (Црна Гора), Весна Никодиноска (Северна Македонија), Милица Јањатовиќ Јовановиќ (Србија) и Синем Ајдинли (Турција).
Овој извештај почнува со дискусија за дефинициите и за концептуалната рамка на медиумскиот активизам, по што следува кус преглед на историјата на медиумскиот активизам. Потоа презентираме и накратко анализираме добри примери на медиумски активизам, а во завршниот дел ги дискутираме можностите и предизвиците и предлагаме типологија на медиумски активизам.
Конечно, овој извештај се стреми да претстави добри примери за медиумски активизам, вклучувајќи ги и оние што успешно придонесоа за промени во медиумските политики и практики, но исто така и за преиначување на јавните политики и подигање на јавната свест, искористување поширока поддршка, вклучување нови теми или видови активности, или пак, активности што се успешни само до тој степен што постојат како предизвик за постојните политики и практики. Ние не тврдиме дека сме ги избрале најдобрите, најделотворните примери на медиумски активизам, туку се стремиме кон различност во однос на тематскиот фокус, видовите акции, групите на кои им припаѓаат учесниците, географскиот локус и политичкиот контекст.
Оваа публикација е резултат на истражувањето спроведено како дел од проектот „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање дијалог“. Второто по ред истражување беше спроведено во тематската рамка „Мапирање на добри практики на медиумски активизам во разни региони во светот, вклучително и во земјите-кориснички на проектот: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С. Македонија, Србија и Турција“.
Проектот „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање дијалог“ заеднички го спроведуваат девет организации за развој на медиуми од Западен Балкан и од Турција со финансиска поддршка од Европската Унија. Координатор на тригодишниот проект е Фондацијата Медиацентар Сараево. Партнери во проектот се Албанскиот институт за медиуми од Тирана; Бианет (Bianet) од Истанбул; Македонскиот институт за медиуми од Скопје; Институтот за медиуми на Црна Гора од Подгорица; Новосадската школа за новинарство од Нови Сад; Мировниот институт од Љубљана; Советот за печат на Косово од Приштина; и Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (SEENPM).
АНАЛИЗА: Мапирање добри практики за медиумскиот активизам536.17 KBANALYSIS: Mapping Good Practices of Media Activism733.86 KB