Новинари, уредници и претставници на граѓански организации беа дел од студиската посета во Брисел што ја организираа Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Македонскиот институт за медиуми во периодот од 20 до 23 март.
Студиската посета беше дизајнирана како интерактивен настан за споделување искуства и знаења во врска со политиките на ЕУ за справување со манипулациите со информации и надворешни влијанија - ФИМИ (Foreign information manipulation and interference - FIMI), вклучително и дезинформациите околу политиките за проширување на ЕУ со фокус на ситуацијата во Северна Македонија и процесот на преговори.
Посетата им овозможи на учесниците да дознаат повеќе за политиките на ЕУ за справување со манипулации со информации и надворешни влијанија против различни општествени групи и реформски иницијативи, за време и пред одржување на претстојните избори, како и за улогата на медиумите во справување со ФИМИ и дезинформации.
Посетата опфати работни сесии со претставници на европските служби за надворешна акција, вклучително и Работната група за Западен Балкан СтратКом и службите на Комисијата (DG NEAR и CNECT).
Во разговорите со претставници на Европскиот парламентарен форум, новинарите и претставниците на граѓанските организации дознаа повеќе за финансиерите на религиозни екстремисти против човековите права поврзани со сексуалноста и репродуктивното здравје во Европа.
За време на посетата на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Генералниот секретар Рикардо Гутиерез ја претстави работата на организацијата и помошта што ја обезбедуваат за новинарите кои се соочуваат со закани и притисоци. На средбата се разговараше и за справувањето со дезинформации во медиумите, како и за улогата на етичкото и професионално новинарство во борбата против овој негативен феномен.
Новинарите во Брисел се сретнаа и со амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, кој беше информиран за текот на посетата и за важноста на ваквите посети за новинарите и претставниците на граѓанскиот сектор.
Новости
Македонскиот институт за медиуми (МИМ), во рамки на проектот „Младите размислуваат“ има потреба од ангажман на продукциска куќа којашто ќе произведе серијал од 6 видеа за промовирање на медиумската писменост кај учениците.
Целта на серијалот е да го поддржи процесот на воведување на медиумската писменост во образованието и да ги афирмира клучните концепти на медиумската писменост кај младата популација.
Продукциските куќи коишто ќе се пријават на овој повик треба да ги испорачаат следните услуги:
Да произведат вкупно 6 видеа на теми поврзани со медиумската писменост (поединечна должина на видеата 5 минути);
Видеата да бидат продуцирани во формат соодветен за емитување на ТВ (16:9) и на социјалните мрежи (story/reel формат/9:16);
Да понудат креативна и оригинална изведба на идејата, којашто ќе биде атрактивна за младата публика;
Да обезбеди комплетен тим за продукција: режисер, камерман, костимограф, тонмајстор, светло-оператор, монтажер.
Заинтересираните продукциски куќи треба да испратат понуда, во која се презентирани информации за досегашната работа и капацитетот на компанијата, предлог идеја и финансиска понуда.
Понудите да се достават на следниот е-пошта: mim@mim.org.mk, најдоцна до 1 април 2024 година.
Новинарот Александар Димитриевски ја доби првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2023“, за сторијата „Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“, објавена во емисијата „360 степени“.
Серијалот текстови и видео прилози на авторот Димитриевски открива сериозни нерегуларности во тендерската постапка за избор на надзор врз најголемиот и најскапиот инфраструктурен проект во историјата на земјава - изградбата на автопатите од страна на конзорциумот Бехтел-Енка. Обелоденувајќи ја намерата за местење на тендерот за надзор, којшто треба да биде единствената контрола врз „тајната“ изградба на коридорите 8 и 10 и трошењето на 1,3 милијарди евра јавни пари, новинарот демонстрира исклучителен новинарски ангажман, темелност и систематичност во анализа и проверка на голем број документи и податоци поврзани со спорниот тендер.
Втората награда за Најдобра истражувачка сторија ја доби новинарката Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија, објавени во неделникот „Фокус“.
Авторката Мулачка, преку серијалот текстови објавува фрапантни податоци за сериозни пропусти и малверзации во лекување на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Низата стории го стегаат обрачот околу незаконското, неетичко и коруптивно дејствување на дел вработени на Клиниката, што го подигнува општествениот аларм и притисокот врз надлежните институции за преземање порешителни чекори.
Новинарот Мартин Пушевски е добитник на третата награда за Најдобра истражувачка сторија за серијалот текстови за борбата на граѓаните од Струмичката Котлина против отворање на рудникот „Иловица“, објавени на порталот „Дома“.
Серијата текстови за „Иловица“ открива како рудникот стигна на чекор до добивање дозволи за работа, наспроти загриженоста и реакциите на граѓаните и на стручната јавност за штетите што можат да бидат предизвикани врз животната средина во Струмичката Котлина.
Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Маја Јовановска и Ивана Настеска од редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ, за истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“, емитуван на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ.
Истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“ го редефинира новинарското раскажување и на иновативен начин ги презентира фактите и аргументите што произлегуваат од повеќемесечната истрага на новинарите за причините за една од најголемите несреќи во Македонија, пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, во којашто животот го загубија 14 граѓани.
Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Томислав Георгиев за фотографијата „Црква“, објавена во интернет изданието на неделникот „Фокус“.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени на новинарките Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Славица Филиповска Иванова и Јасмина Јакимова. Додека на редакцијата „Види Вака“ и на новинарката Катерина Топалова им беа доделени пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најиновативен новинарски производ.
На годинешниот конкурс што беше објавен на 31 јануари и траеше до 26 февруари 2024 пристигнаа:
39 стории обработени во 175 текстови/видео прилози во категоријата Најдобра истражувачка сторија
15 теми обработени во 16 текстови/видео прилози во категоријата Најиновативен новинарски производ
21 фотографија во категоријата Најдобра репортерска фотографија.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.
Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог.
Фото-галеријата од настанот е достапна тука.
ИЗВЕШТАЈ НА КОМИСИЈАТА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА НОВИНАРСКИТЕ НАГРАДИ „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2023“855.69 K
Зошто е важно медиумската писменост да биде застапена во сите нивоа на образованието и што прават државите за нејзино интегрирање во различни сфери од општеството, беше една од темите на дискусија на тридневната конференција „Медиумската писменост е важна: европска конференција за дигитална и медиумска писменост“ која се одржа во Брисел од 27 февруари до 1 март 2024. Конференцијата беше организирана под покровителство на белгиското претседателство со Советот на Европската Унија, со цел да понуди заедничка платформа за споделување знаење, поттикнување дијалог и акција за унапредување на дигиталната и медиумската писменост низ различни сектори и контексти.
Како дел од конференцијата се одржа и панел-сесијата „Децата се добро: позитивни практики во основното образование“, на која претставничката од Македонскиот институт за медиуми, Весна Никодиноска, го презентираше моделот на вклучување на медиумската писменост на сите образовни нивоа во државава, што е дел од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Беа претставени Рамката за медиумска писменост во основното образование, процесот на спроведување обуки на над 10.000 наставници, како и развивањето ресурси за поддршка на наставата, што се реализираат во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.
Во рамки на тридневниот настан, околу 400 експерти од областа на медиумската писменост дискутираа за актуелните трендови, проекти и предизвици на европско и пошироко ниво. Меѓу другото се зборуваше и за тоа какви обуки и ресурси им се потребни на наставниците и на учениците за вклучување во активности поврзани со медиумската писменост, за заканата од дезинформациите за децата и за општествата и за стратегиите што државите ги спроведуваат за справување со нив.
На настанот учествуваа истакнати авторитети од областа на медиумската писменост, како Патрик Верние (CSEM / IAME - Belgium), Брајан О’Нил (Technological University Dublin), Рене Хобс (Media Education Lab, University of Rhode Island - USA), Берт Пиетерс (Mediawijs / EDMO BELUX - Belgium), Соња Ливингстон (London School of Economics/EDMO), Дивина Фрау-Маис (Sorbonne Nouvelle University, UNESCO Chair Savoir Devenir - France) кои ја посочија важноста на образованието за медиумската писменост, а презентираа и ефективни практики и стратегии што можат да им помогнат на граѓаните да се справуваат со предизвиците во медиумско-информациската сфера.
Со цел да се унапреди функционирањето и ефективноста на медиумската саморегулација во земјава, потребно е континуирано зајакнување на капацитетите на саморегулаторните тела особено при решавање на етички проблеми што произлегуваат од дигиталното опкружување, редовно ажурирање на етичките рамки и подобрување на механизмите за нивна долгорочна самоодржливост. Дополнително, треба да се иницираат и спроведуваат повеќе иницијативи за подигнување на јавната свест за функционирањето на саморегулативните механизми.
Ова беа главните заклучоци што произлегоа од панел-дискусијата „Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во рамки на регионалниот проект „Нашите медиуми: Иницијатива за унапредување на медиумската писменост, дијалог и активизам“, ко-финансиран од Европската Унија.
Во рамки на настанот беа претставени клучните наоди од истражувањето „Медиумската саморегулација во Северна Македонија: Неопходно зајакнување на механизмите и унапредување на ефективноста“, подготвено од истражувачките на МИМ, Марина Тунева и Весна Никодиноска. Анализата се фокусира на клучните етички документи и ги анализира капацитетите, предизвиците и добрите практики што произлегуваат од работењето на релевантните механизми во оваа област, особено во дигиталното опкружување.
Настанот го отвори г. Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на Европската Унија кој, меѓу другото, истакна дека Европската Комисија ја поттикнува саморегулацијата на медиумите и македонското законодавство ќе треба да се усогласи со европските правила во оваа област.
Воведни обраќање имаа Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Леунора Калиќи, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди, вклучително и во предизборни периоди беше тема на која дискутираа Анета Андонова, одговорна уредничка на Првиот програмски сервис на Македонската Телевизија, Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ, Саше Димовски, претседател на Советот на честа при ЗНМ и Драгица Љубевска, раководителка на сектор во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Македонскиот институт за медиуми го објавува конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2023“. Ќе бидат доделени награди во следните категории:
Најдобра истражувачка сторија – прва, втора и трета награда
Најиновативен новинарски производ (една награда)
Најдобра репортерска фотографија (една награда)
На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив.
Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2023 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во Република С. Македонија.
Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози.
Секој фоторепортер може да учествува со најмногу 3 фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција. На конкурсот се прифатливи и фотографии објавени во странски медиуми, но тие треба да се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2023) година во С. Македонија
Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера.
Критериуми за избор
А. Наградата за најдобра истражувачка сторија ги поддржува и ги промовира сториите што:
се подготвени според професионалните и етичките стандарди во новинарската работа;
откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на организиран криминал, корупција, злоупотреба на моќта и прекршување на човековите права;
демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници;
ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување;
настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции.
Б. Наградата за најиновативен новинарски производ ги поттикнува и ги промовира новите форми на новинарско изразување, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии, со цел сториите да допрат до граѓаните, да ги едуцираат и да ги поттикнат да се ангажираат во решавање важни прашања од јавен интерес. Особено се охрабруваат новинарски производи што:
се подготвени според професионалните и етичките стандарди во новинарската работа;
успешно вклучуваат мултимедијални формати и креативни начини на раскажување/изразување (на пример, известување со користење мобилен телефон, вклучување аудио и видеоформати во текстот и сл.);
користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.);
користат нови начини/апликации за интеракција и за вклучување на публиката во изработката на сториите.
В. Наградата за најдобра репортерска фотографија ги наградува и ги промовира професионалните фоторепортери кои:
пријавиле фотографии што се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната 2023;
објавиле фотографии во медиуми што се регистрирани и работат во нашата земја, или, пак во странски медиуми (не се прифатливи фотографии објавени исклучиво на платформи за споделување и продажба на фотографии);
демонстрираат исклучителна креативност и естетски израз;
не користеле техники на визуелна манипулација при фотографирањето, освен корекција на форматот (crop), корекција на светлина, боја и контраст (основни панел-алатки во Photoshop и LightRoom);
доставените фотографии да се во дигитален .jpg формат, со 300 dpi резолуција;
минималната резолуција на фотографијата да не е помала од 2.000 пиксели на подолгата страна;
содржат информации за метадата;
фотографијата мора да е авторско дело на пријавениот кандидат, а еден автор може да испрати најмногу до 3 фотографии.
На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 60.000 денари, поединечно за првонаградените во сите три категории, 40.000 денари за второнаградената и 20.000 денари за третонаградената истражувачка сторија.
Конкурсот е отворен до 26 февруари 2024.
Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2023“.
Пријавата се состои од:
Пополнет формулар за соодветната категорија (достапни во прилог)
Фотографија (доколку се аплицира за Најдобра репортерска фотографија)
За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk
А-Формулар за аплицирање за најдобра истражувачка сторија55.58 KBБ-Формулар за аплицирање за најиновативен новинарски производ55.62 KBВ-Формулар за аплицирање за најдобра репортерска фотографија55.32 KB
Македонскиот институт за медиуми објавува повик за доставување предлог-проекти чија цел е подобрување на капацитетите на граѓанските организации во урбани и рурални средини за промовирање на медиумски активизам и справување со дезинформации и поларизација.
Овој повик е дел од регионалниот проект „Нашите медиуми “, што се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција, со поддршка од Европската Унија.
Повикот е отворен за граѓански организации во Р.С. Македонија кои првенствено делуваат во областа на медиумите, слободата на изразување или дигитални технологии, како и во областа на образованието, човековите права или родовата еднаквост.
Повикот е отворен и за поединечни апликанти и за предлози за партнерски проекти на развиени граѓански организации со седиште во урбаните средини (во поголемите центри и во главните градови) и на локалните „грасрут” организации коишто функционираат во помалите заедници и во руралните области. Предност ќе им се даде на партнерствата.
Вкупниот буџет предвиден за овој повик изнесува 46.500 евра.
Бараниот грант треба да биде во износ помеѓу најмалку 7.000 и најмногу 15.500 евра.
Не е неопходно ко-финансирање од страна на апликантот (или од кои било ко-апликанти).
Времетраењето на проектот треба да биде од 9 до 18 месеци.
Партнерства склучени помеѓу организации од различни држави нема да се земат предвид во овој повик.
Поединечна граѓанска организација може да се пријави како апликант само еднаш, а може да дејствува како ко-апликант во други проекти од овој повик.
Рокот за доставување на предлог-проекти е 21.02.2024 до 23:59часот.
Апликациите треба да се поднесат по електронски пат на следнава адреса: grantovi@mim.org.mk
Сите прашања во врска со повикот треба да се испратат исклучиво преку е-пошта на: grantovi@mim.org.mk, најдоцна до 16.02.2024 година, до 17:00 часот.
Информативна сесија ќе се одржи онлајн на 26.01.2024 во 14 часот. На следниот линк може да се регистрирате за присуство на информативната сесија: https://us06web.zoom.us/meeting/register/tZEudeutrjMuHtE9olD4s0N14_RUEf-bazAi
Формуларите за аплицирање се достапни во продолжение:
1.Опис на проектот.docx88.73 KB2.Буџет.xlsx69.81 KB3.Изјава од апликантот.docx18.59 KB4.Овластување од ко-апликантот.docx18.04 KB5.Упатство за аплицирање.docx160.89 KBОбрнете внимание на листата за проверка во образецот за опис на проектот за други потребни документи што треба да ги достави апликантот или секој од ко-апликантите.
Следните документи се од информативна природа и не треба да се поднесуваат како дел од апликацијата:6.Нацрт-договор.docx84.97 KB7.Нацрт-формулар_за_известување.docx74.06 KB8.Нацрт-формулар_за_финансиски_извештај.xlsx86.86 KB
Прашања и одговори поврзани со овој повик ќе бидат редовно објавувани овде (линк).
ВИДЕО: Информативна сесија
Новинари од повеќе национални медиуми во земјава беа дел од студиската посета во Виена, организирана од Делегацијата на ЕУ и МИМ во периодот од 21 до 23 ноември. Посетата беше организирана во контекст на македонското претседавање со ОБСЕ со цел подобро запознавање на новинарите со аспекти од соработката помеѓу ЕУ и ОБСЕ, вклучително и за теми поврзани со активностите на ОБСЕ за слободата на медиумите, ширењето дезинформации како безбедносна закана, манипулацијата со информации, елементите на надворешни влијанија во регионот и хибридните закани. Се разговараше и за очекувањата од претстојниот министерски совет на ОБСЕ во Скопје и ефектите од одлуките што треба да бидат донесени, како и за низа актуелни прашања поврзани со евроинтегративниот процес на нашата земја.
Новинарите имаа можност да се сретнат и да разговараат со релевантни претставници на повеќе владини, меѓувладини и меѓународни медиумски организации со седиште во Виена. Исклучително корисни и продуктивни дискусии се водеа на средбите со амбасадорката на Постојаното претставништво на ЕУ во ОБСЕ, Раса Остраускаите и шефот на Постојаната мисија на С. Македонија во ОБСЕ, Игор Џундев и неговиот тим. Во разговор со министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шалемберг и други високи претставници на Министерството беше потенцирана важноста од исполнување на договорените обврски на земјава со цел успешно продолжување на евроинтегративниот процес, а се разговараше и за други актуелни прашања во доменот на регионалната и меѓународната политика.
Тимот новинари од С. Македонија имаше средба и со Претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, Тереза Рибеиро, која беше информирана околу актуелните случувања што ги нарушуваат принципите на слободата на медиумите во земјава, како и за предизвиците со кои се соочува секторот.
На средбата со Меѓународниот прес-институт (International Press Institute-IPI), директорот Фране Мароевиќ и неговиот тим ги запознаа новинарите со нивните активности во регионот и пошироко, како и за помошта што ја обезбедуваат за новинарите кои се соочуваат со закани и притисоци.
Посетата на Јавниот сервис на Австрија - ОРФ, беше одлична можност новинарите да се запознаат со стандардите и условите за работа во оваа куќа, која е водечки медиум и високо релевантен извор на информации за австриските граѓани.
Улогата на новинарите и медиумите во информирањето на повозрасните лица за придобивките од имунизацијата е една од темите на виртуелниот дијалог со медиумите, што го организира Интерњуз (Internews) во соработка со МИМ, на 14 ноември (вторник) 2023 од 15 до 16:30 часот.
На оваа онлајн-дискусија ќе учествуваат експерти од областа, здравствени работници и искусни новинари, кои ќе разговараат за подобрување на квалитетот на медиумското известување во однос на имунизацијата на повозрасните лица, со цел тие да можат да донесат вистинска и информирана одлука за вакцинација.
Исто така, ќе се отворат и прашањата за сомнежите и стравовите поврзани со вакцинацијата на повозрасните лица кои имаат срцева или белодробна болест, или, пак, дијабетес.
Виртуелниот дијалог со медиумите ќе се одржи на платформата „ZOOM“ и сите заинтересирани новинари може да се пријават за учество на следниот линк: https://bit.ly/Macedonia-Media-Dialogue
Со цел да им помогне на новинарите подобро да известуваат за имунизацијата на населението, Интерњуз разви бесплатен курс Let’s Talk Vaccines („Ајде да зборуваме за вакцини“), којшто моментално е достапен на 10 јазици.Курсот им овозможува на новинарите да го разберат и да го преведат научниот јазик за вакцините и полесно да ги обработат приказните за вакцини и да ги „исполираат“ своите раскажувачки вештини кога станува збор за оваа тема. Сите заинтересирани новинари може да го посетат курсот на следниот линк: https://internews.teachable.com/p/ltv