Новости

Cover Web 1

Повик за учество во програмата „Balkans Voices“

Дали се сметаш себеси за блогер, поткастер, инфлуенсер? Дали произведуваш сопствена оригинална содржина на теми кои што се важни за општеството? Дали би сакал да ја развиеш својата платформа и да ги зајакнеш техничките, дигиталните и бизнис вештините, преку соработка со врсници од регионот? Доколку се пронаоѓаш во одговорите на овие прашања, тогаш оваа можност е за тебе! Canal France International (CFI), во соработка со Медиацентар Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство и Фондацијата за информации, медиуми, дијалог и едукација Косовалајф, Ве покануваат да аплицирате на  “Balkans Voices” Digital Media Program. Кој може да аплицира? Доколку сакате да учествувате на “Balkans Voices” Digital Media Program, треба да ги исполнувате следните услови: Да имате 18-35 години; Да сте жител на една од шесте вклучени земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија; Да имате базично познавање на англиски јазик (разбирање и говорење (минимум ниво B1)) за да можете да комуницирате со останатите учесници и да учествувате во активностите без потешкотии; Да бидете достапни за учество во активностите на програмата; Да демонстирате минимум три месеци активна продукција на медиумска содржина и досег до публиката преку вашата платформа; Да бидете подготвени да покривате социјални, еколошки или културни теми како што се (но не ограничувајќи се на): Вработување на млади и иновации; Вредносни можности за младите луѓе од Западен Балкан; Миграција и враќање; Идентитети и малцинства (ЛГБТК+, Роми, Ашкали итн.); Род и родова еднаквост; Животна средина; Човекови права; Теми генерално поврзани со цели на одржлив развој (SDGs) За програмата „Balkan Voices” Digital Media Program The “Balkans Voices” Digital Media Program  е дел од проектот “Balkan voices”, финансиран од француското Mинистерство за Европа и надворешни работи и имплементиран од CFI во согласност со службите за соработка и културни активности на француските амбасади во државите каде што се спроведува проектот: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Програмата има за цел да ги зајакне вештините на новите соработници на медиумите кај младите луѓе на возраст од 18-35 години во горенаведените земји. Активности на програмата The “Balkans Voices” Digital Media Program  По процесот на селекција, ќе се приклучите на група од приближно 60 млади креатори на медиумски содржини од шесте држави кои се дел од проектот и ќе учествувате во активностите на програмата Регионална онлајн конференција, која ќе се одржи на 3 и 4 јуни 2021 година, на која ќе учествуваат 60-те избрани млади луѓе. Ова ќе ви овозможи да присуствувате на настани како што се тркалезна маса, дебати, говори, паралелни сесии заедно со соработници од секторот за онлајн медиуми во регионот. Исто така, ќе имате можност да дознаете за проекти на други млади луѓе и да комуницирате онлајн. Конференцијата ќе опфати теми како што се: Предизвици да се биде млад медиумски „играч“ во земјите од Западен Балкан Градење на онлајн публика Промоција на медиумска содржина Монетизација на медиумскиот производ Управување со говор на омраза и мразечки коментари Користење на влијанието за промовирање на социјални/еколошки/културни прашања и за зајакнување на ранливи групи Регионалните работилници ќе се одржат во септември и октомври 2021 година: Ќе имате можност да учествувате на тридневна работилница во еден од главните градови на шесте земји (доколку патувањето е дозволено во тој период) и да учествувате на тренинг-сесии со група од 15 други млади луѓе од државите кои се дел од проектот. Работилниците ќе опфатат теми како што се: Економски модели за нови медиуми Користење податоци за публиката за насочување кон вашата содржина Алатки за развој на кариерата Фотографија, видео, производство на звук Како да се остане безбеден во дигиталната средина Од 60-те учесници - креатори на содржина, одреден број на апликанти ќе бидат избрани да учествуваат во понатамошните активности: Еднонеделна програма за развој во Париз во ноември 2021 (приближно 18 млади луѓе ќе бидат избрани од конференцијата и работилниците) и шест месеци менторство (12 учесници од сесијата за развој ќе бидат поддржани преку менторство)[1]. [1] Огранизирано од страна на француска компанија која ќе биде подоцна избрана од страна на CFI. Комитет за избор и критериуми за избор Комитетот за избор составен од претставници на CFI и на нашите локални партнери ќе ги оценуваат аликациите и ќе одлучат за изборот на младите актери во новиот медиумски сектор. Резултатите ќе бидат соопштени кон крајот на мај 2021 година. Критериумите за избор што треба да се земат предвид при изборот се следниве: Мотивација и способност на апликантот да учествува во програмските активности (конференција и работилница; програма за развој и менторство, доколку е избран) (50/100) Разбирање на целите и поимите на “Balkans Voices” Digital Media Program Подготвеност за натамошен развој на платформата (блог/поткаст/профил на социјална мрежа итн.) на национално и/или регионално ниво Мотивација и достапност за учество во сите активности (вклучувајќи ја и работилницата за развој) Подготвеност за комуникација за секој напредок постигнат во врска со платформата, за време на програмата и по учеството во програмата Посебен интерес или претходно знаење за областите споменати во повикот (видете го делот „Кој може да аплицира“), и мотивација/простор за учење, како и подготвеност за промовирање на социјално релевантни прашања на нивните заедници Квалитет и релевантност на содржината произведена од апликантот (35/100) Релевантност на темата во однос на критериумите за избор Технички квалитет на веќе произведената содржина Досег на платформата (#прегледи, #следбеници итн.) Потенцијал за унапредување Креативност и иновативност на содржината произведена од апликантот (15/100) Адаптација на платформата кон дигиталната сфера и оригинален начин да се стигне до публиката Автентичност на форматот и/или на наративот Додадена вредност во споредба со постојните дигитални медиуми Посебно внимание ќе се посвети на апликациите испратени од жени и апликации што се занимаваат со прашања за родова еднаквост. Поважни датуми поврзани со Повикот: Објавување на Повикот за проекти: петок, 16 април 2021 година. Краен рок за аплицирање на интернет-платформата: понеделник, 17 мај 18:00 ч. Објавување на избраните млади креатори на содржини: 25 мај, 2021. Финализирање на процесот на потпишување на договор за учество: мај-јуни 2021 Во последниот процес на избор ќе бидат избрани приближно 18 учесници за програмата за развој во Париз во ноември 2021 (доколку е возможно патување во овој период) Што треба да содржи апликативното ДОСИЕ Формуларот за апликација мора да биде пополнет на англиски јазик. Имајте предвид дека за пристап до формуларот потребно е прво да се РЕГИСТРИРАТЕ. Само целосно пополнет формулар ќе биде земен предвид за разгледување. Зачувајте копија од поднесената апликација. Апликацијата мора да го содржи следново: Онлајн формулар (сите полиња треба да бидат пополнети) Прашалник за проценка на потребите (според следниот образец) За проектот “Balkans Voices” Digital Media Program Финансиран од француското Министерство за Европа и надворешни работи, главната цел на проектот “Balkans Voices” Digital Media Program е да им овозможи на новата генерација млади таленти да го обноват јазикот што се користи во медиумите и отворено да се изразат на теми што ги инспирираат во секоја земја од која доаѓаат. Проектот спроведува активности со млади луѓе во полето на медиумската и информациската писменост, дигиталните медиуми и аудиовизуелната продукција. За да дознаете повеќе за проектните активности, посетете ја страницата: /cfi.fr/en/project/balkans-voices Прашања? Доколку имате прашања, Ве молиме испратете ги на следните адреси, пред 3 мај, 2021 год. до 18:00ч: lea.bertrand@cfi.fr и maida@media.ba Одговорите на прашањата ќе бидат објавени на платформата за Повикот за апликации. Потсетување: Онлајн конференцијата ќе се одржи на 3 и 4 јуни, работилниците ќе се одржат во тек на 3 дена во септември и октомври во земја од Западен Балкан (дополнително ќе се утврди), неделата на развој ќе се одржи во ноември, во Париз, Франција (доколку дозволуваат околностите со пандемијата).  
Povik Cover2 10 9 2020

4 граѓански организации ќе спроведуваат проекти за промовирање медиумска и информациска писменост во малите градови и руралните подрачја

Македонскиот институт за медиуми, во изминатиот период како дел од регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“, објави повик за доделување на грантови за граѓански организации и спроведе процедура за избор на најдобри предлог-проекти. На повикот, целосни предлог-проекти доставија вкупно 25 организации. По комплетирање на административната проверка на апликациите, стрчна жири-комисија спроведе постапка за квалитативно оценување на предлог-проектите кои успешно ја минаа административната проверка. Врз основа на оценките од жири-комисијата, Управниот одбор на проектот донесе одлука да поддржи 4 предлог-проекти кои беа најдобро оценети. Грѓанските организации и предлог-проектите кои ќе бидат поддржани преку оваа грант-програма може да ги погледнете во прилог. Грантисти652.65 KB
Rekacija

Не ни треба реприза со платените јавни кампањи во медиумите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на јавната најава на Владата за измена на регулативата со која ќе престане да важи забраната за рекламирање во медиумите од страна на јавните институции (член 102 од ЗААМУ). Во објавата на МИА од 4-ти мај 2021 година, во еден новинарски спорен текст, се вели дека Владата ќе донесе пакет медиумски реформи кои подразбираат платени јавни кампањи во приватни медиуми и формирање Фонд за истражувачко новинарство и за продукција на медиумски содржини од јавен интерес. Невообичаено и тенденциозно е тајни брифери од Владата да пласираат информации на јавен сервис, притоа тие  да не се поткрепени со факти. Во текстот се имплицира и провејува впечатокот дека СЕММ и ЗНМ некогаш побарале измена на член 102, заедно во пакет со формирање  Фонд за помош на медиумите. Почитувани претставници на Владата, ова е лага! ЗНМ и СЕММ, заедно со ССНМ и МИМ никогаш ниту прифатиле, а ниту побарале законски измени со коишто би се овозможил начин на директно истурање на јавни пари за владини кампањи во приватни медиуми. Тоа е наш принципиелен и конзистентен став од којшто во ниту еден момент не сме отстапиле, на ниту една средба или разговор. Обидот нашиот став за овој член на Законот да се заобиколи или маскира во купот на други најави и ветувања за медиумски реформи создава лажна слика за позициите на фелата. Ваквиот однос ја поткопува довербата помеѓу новинарските и медиумски организации и Владата и истите можат погрешно да бидат толкувани и од страна на јавноста и на меѓународната заедница. Затоа, сакаме јасно да потенцираме дека ние бевме  и сме против овие законски измени и апсолутно не сметаме дека тие треба да се стават во кошница со други медиумски реформи, од проста причина што на нив никако не гледаме како на реформи. Што се однесува на Фондот за помош на медиумите, тоа секако е идеја за која треба да разговараме и ние меѓу себе како организации, и со Владата и со претставници на меѓународната заедница. Иако во текстот на МИА повторно се сугерира спротивното, дозволете да појасниме дека не постои формално барање до Владата за формирање на Фонд за медиуми, туку наша подготвеност да бидеме конструктивен партнер за осмислување на овој модел доколку се направи проценка за потребата на таков фонд. Создавањето на овој модел може да биде единствен исправен начин за поддршка на развојот и на медиумите, ама и на слободното и професионално новинарство. Во насока на погоре кажаното, сметаме дека се потребни две работи со цел да се избегнат недоразбирања во јавноста и тоа: Владата на РСМ да ја повлече иницијативата за укинување на забрана за државно рекламирање (да не се менува член 102 од ЗААМУ) и Владата да отвори јавна дебата во медиумскиот сектор за формирање Фонд за поддршка на професионалното новинарство. Доколку ги прифатите овие барања, веруваме дека ќе оставите простор да се изнајдат квалитетни решенија за помош во медиумскиот сектор, такви коишто ќе му помогнат и на медиумскиот пазар да биде слободен и конкурентен, и на самите новинари, како поддршка на нивната професионална работа. Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Совет за етика во медиумите (СЕММ) Македонски институт за медиуми (МИМ)  
Hakaton Promo Web 3

Повик за учество на едукативен хакатон

Што можат младите да направат за да ги унапредат своите знаења за активно користење на информациите од медиумите во секојдневните активности. Како да придонесат во сузбивање на „пандемијата“ од дезинформации преку користење на алатките за медиумска и информациска писменост?  Тридневниот хакатон[1] на кој ќе учествуваат 15 млади поделени во 3 групи, ќе стимулира атмосфера на соработка, поврзување и барање одговори на ова, но и на многу други поврзани прашања. Придружете нѝ се, пријавете се на овој линк и бидете дел од тимовите за креирање практични решенија на проблемите кои самите ги препознавате. Повикот е отворен до 19 април 2021, за сите млади луѓе (16 до 25 години) од С. Македонија Едукативен хакатон – што, кој и со која цел? Македонскиот институт за медиуми објавува повик за учество на млади луѓе (16 до 25 години) од земјава, на тридневен онлајн хакатон посветен на пронаоѓање идеи и решенија за прашања и проблеми поврзани со медиумската и информациската писменост. Хакатонот ќе се организира од 26 до 28 април 2021. Сеприсутниот тренд на ширење дезинформации во медиумите и во онлајн светот, а особено ширењето непроверени вести во врска со пандемијата и некои други теми, ги доведуваат младите луѓе во заблуда и ги оставаат без адекватни можности за делување. Медиумското и информациското описменување на населението има клучна улога во решавањето на овој предизвик, особено кога станува збор за младите кои се најактивни во процесот на создавање и користење онлајн содржини. Хакатонот „#Youth For MIL Solutions“ е замислен како тридневно дружење за млади од целата земја и натпревар во користење на знаења од областа на медиумската и информациската писменост. Целта е да се осмислат иницијативи и иновативни решенија за ефективно препознавање и наменско користење на информации од јавно достапните медиумски извори, како и решенија за сузбивање дезинформации и други типови податоци што се користат за различни цели. Кого бараме, што нудиме, како може да се пријавите? Критериуми за учество Пријавувањето е отворено за сите млади луѓе од С. Македонија на возраст од 16 до 25 години, кои: се активни во областа на медиумите и образованието, имаат афинитети кон медиумите, образованието, граѓанскиот активизам и решавање на општествените проблеми; имаат искуство во неформалните образовни процеси; имаат основни познавање на англискиот јазик.   Заинтересираните млади може да се пријават поединечно или во тимови до 5 члена. Комисијата, врз основа на квалитетот и искажаната мотивираност ќе избере 15 најуспешни пријави и ќе ги повика учесниците да се придружат на проектните тимови во рамки на овој онлајн настан. Врз основа на номинираните предлог-идеи опишани во апликациите, комисијата ќе ги избере работните теми и ќе ги формира работните тимови (3 тима од по пет учесници). Во консултација со експерти од различни области, комисијата ќе настојува да мапира области и теми каде што може да се понудат реални и конкретни решенија во рамките на зададените цели на хакатонот. Теми што нè интересираат  Посебно сме заинтересирани за решенија на следите теми:   Како да се овозможи поголемо присуство на научно засновани информации и научници како соговорници во медиумското известување. Во услови на пандемија, климатски промени, глобално затоплување, гласот на науката и научниците кои може да понудат издржани и кредибилни информации се чини заглушен од изобилството на информации, медиуми и социјални мрежи. Што можеме да направиме за да ја унапредиме соработката меѓу научниците, новинарите, корисниците на социјалните мрежи и да ја зајакнеме присутноста и значењето на науката во секојдневното производство на информации? Како младите луѓе ги гледаат социјалните мрежи во иднината? Како би изгледале платформите за вмрежување кои подразбираат посигурно онлајн опкружување, без говор на омраза, поттикнување насилство, „лажни вести“? Кои би биле клучните постулати на една таква мрежа? Како да се подготвиме за медиумите на иднината? Кои се клучните предизвици и како младите да ги совладаат? Дезинформации, „deep-fakes“, теории на заговор, променети модели на производство на медиумска содржини, се само некои од трендовите што ги гледаме изминатите години. Многу енергија се вложува во оспособување на младите да ги препознаваат и сузбиваат овие содржини, преку тренинзи и ИТ решенија. Во потрага сме по иновативни идеи со кои ќе им помогнеме на младите да ги препознаат и совладаат предизвиците во медиумското опкружување, Како да се допре до поединците и организациите кои шират теории на заговор? Како да се разговара со оние што веруваат во теории на заговор и ги споделуваат на своите профили и на тој начин го подриваат развивањето свест за важни општествени проблеми. Во потрага сме по идеи за начини на кои може да се покрене конструктивен дијалог, убедување без осудување засновано на знаење, факти и уважување на ставовите и начините на размислување. Како низ наставниот процес да се заинтересираат младите да учат за медиумите? Потребни се препораки и креативни решенија за наставници и професори, од агол на учениците и ученичките клупи. Што ги интересира младите за медиумите и како наставниците можат да им помогнат да ги развијат своите интереси и да научат нешто повеќе за улогата на медиумите и медиумското опкружување. Медиумска и информациска писменост како алатка за поддршка во пронаоѓање и користење референтни информации за научен труд и унапредување на сопствената компетентност при делувањето во јавната сфера.   Ова не е конечна листа на теми. Ги охрабруваме учесниците да номинираат теми, проблеми и идеи за решенија кои ги сметаат за важни, а се однесуваат на медиумите, на разбирањето на нивната улога, на безбедно и совесно уживање на слободата на изразување. Заинтересираните учесници во формуларот за пријавување треба да го престават проблемот кој што ќе се обидат да го решат и да иницираат идеја за решение. Постојат голем број можности за конципирање идеи и различни проектни предлози, а на учесниците е да одлучат како ќе ја насочат својата тимска работа. Конечното решение кое ќе го развиваат тимовите во текот на хакатонот може да има разни форми: Јасно конципирани, изводливи и реалистични препораки за клучните актери во целната област; Едукативни материјали развиени со цел да се дистрибуираат до целната публика; Развиени реалистични планови за застапување, со јасни цели и идентификувани целни групи и канали за комуникација; Нацрт ИТ решенија кои може да помогнат во решавање на проблеми; Креативна интервенција заснована на делување во заедницата.   Пријава за учество За учество на хакатонот треба да се пополни онлајн пријава (линк), која содржи прашања поврзани со идентитетот и мотивацијата на апликантите, како и прашања поврзани со проблеми и предлог-решенија. Која ќе биде улогата на избраните учесници и што може да се очекува од нив? Нашата намера е да идентификуваме млади луѓе кои: делуваат како иноватори и имаат лидерски вештини; се вклучени во дебати на теми поврзани со општествените проблеми; поединци кои вложуваат напор за унапредување на општеството во поширока смисла; и млади луѓе кои се спремни за акција. Учесниците на хакатонот заеднички ќе работат на развивање идеи врз основа на методологија која ќе биде прилагодена на идентификуваните тематски области. Целта на хакатонот не е само да се идентификуваат проблеми и да се пронајдат адекватни идејни решенија, туку и понатамошно развивање на тематските компетенции на учесниците, унапредување на вештините за користење на достапните алатки, разбирање и решавање на зададените проблеми. Преку заедничка работа и интеракција, учесниците првенствено ќе креираат мрежа на млади луѓе кои стекнатото знаење и искуство ќе го пренесуваат на своите врсници во локалната заедници, поттикнувајќи што повеќе млади да преземат активна улога во слични активности. Учеството на хакатонот не подразбира никакво предзнаење за темите поврзани со медиумска и информациска писменост, ниту пак, предзнаења од областа на информатичките технологии. Сите решенија не мора да се темелат на ИТ областа, туку може да бидат резултата на креативно размислување и темелно решавање на проблемите врз основа на стекнатите знаења и достапни ресурси. Секој тим што ќе учествува на хакатонот ќе добие стручна помош од најмалку еден експерт од тематската област која се обработува. Хакатонот ќе трае 2 и пол дена и ќе се очекува непрекинато учество на избраните учесници од 6-8 часа дневно, од 09:00 до 16:00 часот. Хакатонот ќе се одржи преку „Zoom“ платформата и ќе вклучува групни активности, размена на искуства, дебата меѓу учесниците, и заеднички сесии со менторите и експертите. Програмата на хакатонот ќе се фокусира на создавање доверлива, отворена, безбедна и рефлектирачка атмосфера, со цел да се стимулира креативно, иновативно и критичко размислување кај учесниците, во однос на зададените теми на кои ќе работат. Програмата на хакатонот ќе се темели на искуството на учесниците, надополнета со стручни совети од експертите. Учесниците ќе добијат упатство за стандардниот начин на претставување на своите идеи/решенија пред комисијата за избор на најдоброто решение. Вкупниот фонд на награди за тимовите ќе изнесува 1000 евра.   За дополнителни прашања во врската со пријавувањето на хакатонот контактирај те нè на: mim@mim.org.mk Хакатонот се организира во рамки на проектот „Медиуми за граѓаните, граѓаните за медиумите“, што го спроведуваат медиумски организации од земјите од регионот, со финансиска поддршка од Европската Унија. Целта на проектот е да придонесе во развојот на капацитетите на граѓанскиот сектор за унапредување на медиумската и информациската писменост во регионот. Одредби за авторски прави и одговорности: Идејните решенија на хакатонот мора да бидат оригинални, не смее да се копираат и адаптираат решенија од други автори. Предлозите не смеат да бидат претходно објавени, ниту да се предмет на други конкурси, или пак предмет и побарување на трети страни. Во случај на кршење на авторските права на други лица или групи, одговорност е единствено на учесниците. Учесниците на конкурсот сносат полна правна одговорност за секое противправно или нечесно однесување. Добитниците на наградите не ги пренесуваат правата за своите дела на организаторот, но се обврзани во своите промотивни материјали да ја назначат поддршката што ја добиле. Организаторите и донаторите го задржуваат правото да ги претставуваат резултатите од хакатонот, со цел да се промовира дадената поддршка, проектот, без ограничување во територијална или временска смисла. Организаторите не се одговорни за евентуална штета предизвикана од давање неточни или застарени податоци од кандидатите што учествуваат. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- [1] Зборот хакатон е комбинација од зборовите „hack“ (упад, пристап) и „marathon“ (маратон). Практично станува збор за групен натпреварувачки настан (онлајн или во живо), на кој мали или поголеми групи поединци заеднички програмираат со цел да ја идентификуваат сржта на одреден проблем и да пронајдат адекватно решените во рамки на темата/поводот за кој се собрале. Некои решенија на пример може да бидат веб-страници, десктоп или мобилни апликации. Хакатоните во просек траат 24 часа и во тој период секоја група што се натпреварува се обидува на најдобар начин да ги реши идентификуваните проблеми.  
Nagrada NIKOLA MLADENOV Cover Slika FINAL 2

Новинарски награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2020“

Во пресрет на одбележувањето на 20-годишнината од основањето на МИМ и воведувањето на новинарските награди за најдобра истражувачка сторија, Македонскиот институт за медиуми го редизајнираше концептот на наградите. Целта на МИМ е и потаму да ги поддржува и да ги наградува најдобрите истражувачки стории, истовремено отворајќи можност за поддршка и за афирмација и на други форми на новинарско изразување. Од 2021 година, конкурсот ќе биде насловен „Новинарски награди НИКОЛА МЛАДЕНОВ“. Ќе се доделуваат три годишни награди, во следните категории: Нajдобра истражувачка сторија Најиновативен новинарски производ Најдобра репортерска фотографија На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери, кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив. Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2020 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во нашата земја. Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу 3 фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција. Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера. Критериуми за избор А. Наградата за најдобра истражувачка сторија ги поддржува и ги промовира сториите кои: откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на злоупотреба на моќта и прекршување на основните човекови права од институциите, на корупција и на организиран криминал; демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници; ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување; настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции; се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди. Б. Наградата за најиновативен новинарски производ ги поттикнува и ги промовира новите форми на новинарско изразување, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии, со цел сториите да допрат до граѓаните, да ги едуцираат и да ги поттикнат да се ангажираат во решавање важни прашања од јавен интерес. Особено се охрабруваат новинарски производи што: успешно вклучуваат мултимедијални формати и креативни начини на раскажување/изразување (на пример, известување со користење мобилен телефон, вклучување аудио и видеоформати во текстот и сл.); користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.); користат нови начини/апликации за интеракција и за вклучување на публиката во изработката на сториите; се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди.  В. Наградата за најдобра репортерска фотографија ги наградува и ги промовира професионалните фоторепортери, кои: пријавиле фотографии што се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2020) година; демонстрираат исклучителна креативност и естетски израз; не користеле техники на визуелна манипулација при фотографирањето, освен корекција на форматот (crop), корекција на светлина, боја и контраст (основни панел алатки во Photoshop и LightRoom); доставените фотографии да се во дигитален .jpg формат, со 300 dpi резолуција; минималната резолуција на фотографијата да не е помала од 2.000 пиксели на подолгата страна; содржат информации за метадата; фотографијата мора да е авторско дело на пријавениот кандидат, а еден автор може да испрати најмногу до 3 фотографии.  На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 40.000 денари, поединечно. Конкурсот е отворен до 31 март 2021. Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2020“. Пријавата се состои од: Пополнет формулар за соодветната категорија (достапни во прилог) Фотографија (доколку се аплицира за Најдобра репортерска фотографија) За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk Нajдобра истражувачка сторија98.32 KB Најдобра репортерска фотографија72.96 KB Најиновативен новинарски производ 72.59 KB
Disinformation Toolkit

Креирана апликација за идентификување дезинформации

Албани асошиејтс, заедно со медиумски организации од регионот, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми, креираше апликација која овозможува во неколку чекори да се идентификуваат дезинформациите, мисинформациите и штетните информации во земјите од Западен Балкан, со користење он-лајн алатки. Апликацијата е особено корисна за новинарите кои се соочуваат со сомнителни содржини во секојдневната работа. Апликацијата е резултат на блиска соработка со регионалната мрежа на независни медиумски организации, со поддршка од Британската Влада. Регионалната мрежа ја предводи Медиацентар Сараево, а во неа учествуваа: Албанскиот медиумски институт, Косовалајф, Македонскиот институт за медиуми, Црногорскиот медиумски институт и Новосадската школа за новинарство. За да ја преземете апликацијата на мобилен телефон или на компјутер потребна ви е интернет врска, а потоа можете да ја користите апликацијата дури и кога немате интернет врска. Апликацијата е достапна на албански, босански, црногорски, македонски и српски јазик, и може да ја преземете на следниот начин: Симнете ја апликацијата „Прирачник за дезинформации“ од „App Store“, од„ Google Play“, или пак од веб-страницата: disinfo.nimbl.uk Кликнете на „Регистрирај се“ и внесете ги Вашите податоци: e-mail адреса и лозинка по Ваш избор Преземете го прирачникот на Вашиот јазик  
Истражување: Што мислат граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19

Истражување: Што мислат граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19

Македонскиот институт за медиуми, во соработка со агенцијата М-Проспект, спроведе истражување за ставовите на граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со ковид-19. Истражувањето беше спроведено телефонски, во периодот од 14 декември до 20 декември 2020 година, на случаен примерок од 1003 испитаници. Испитаниците беа прашани колку се согласуваат дека медиумите за време на пандемијата со ковид-19 известуваат професионално и непристрасно. Според нивните одговори секој четврти испитаник (25%) целосно се согласува со оваа изјава, 39% донекаде се согласуваат, 21.8% донекaде не се согласуваат, а 13.6% вооопшто не се согласуваат. Кумулативно земено, процентот на оние кои сметаат дека се известувало професионално и непристрасно е 64.1% и е поголем од оние кои не се согласуваат со тоа и изнесува 35.4%. Анализата на одговори покажува дека согласноста за професионално и непристрасно известување расте со возраста. Така, 19% од возрасната група од 18 до 29 години целосно се согласуваат со изјавата дека медиумите за време на пандемијата со ковид-19 известуваат професионално и непристрасно, кај возрасната група од 30 до 64 години овој процент се движи од 22%-23%, додека над 65 години е повисок и изнесува 36% од испитаниците. Скоро секој трети етнички Македонец, односно 29.4% целосно се согласува со оваа констатација, наспроти 13.3% од испитаниците етнички Албанци. Како медиуми каде најчесто се забележани дезинформации и погрешни информации, испитаниците најчесто ги спомнуваат социјалните медиуми (28.8%) и телевизиските канали (26.8%). Речиси 19% од испитаниците одговориле дека забележале дезинформации и мисинформации на интернет порталите, 8.7% во печатените медиуми, а околу 4% на радиото. 12% не забележале дезинформации и мисинформации. Забележливо е дека помладите генерации од 18 до 39 години повеќе ги истакнуваат социјалните медиуми и порталите како типови на медиуми на кои забележале дезинформации и мисинформации, наспроти постарите, особено оние над 50 години, кои повеќе ја истакнуваат телевизијата како извор на дезинформации и мисинформации. Од оние кои ги посочиле социјалните медиуми како извор на дезинформации и мисинформации, најголем процент (84.5%) го посочиле Фејсбук, 7.6% Јутјуб, а 5.8% социјалната мрежа Твитер. Погрешните, непотврдени информации и дезинформации е тоа што мнозинството испитаници (39.7%) го посочиле дека им пречи во начинот на новинарското известување. На 15.3% од прашаните им пречи пристрасноста на медиумите кон одредени политички центри на моќ, 13.5% имаат проблем со дискриминација кон одредени групи во општеството и говорот на омраза, 12% посочиле дека им пречи сензационализмот во известувањето, а 8.3% непочитувањето на приватноста. Притоа, 9.6% истакнале дека ништо не им пречи во новинарското известување. Погледнато низ призма на етничка припадност резултатите се разликуваат кај етничките Македонци и Албанци – сензационализмот, дискриминацијата кон одредени општествени групи и непочитување на приватноста во известувањето се почесто посочувани од страна на етничките Албанци, додека на етничките Македонци повеќе им пречело давањето погрешни, непотврдени информации и дезинформации, како и пристрасноста кон политичките центри на моќ. Како теми во врска со кои испитаниците забележале погрешни информации и дезинформации, во најголем процент (22.7%) бил посочен бројот на заболени од вирусот, потоа безбедноста на вакцината (13.7%), начините на лекување на вирусот (12.1%), потеклото на вирусот (11.3%), достапноста на тестовите (11.2%), религиозните одбележувања Рамазан Бајрам и Велигден (8.8%), како и парламентарните избори и пандемијата (4.7%) и почетокот на училиштната година за време на кризата (2.7%). 8.4% не забележале дезинформации и погрешни информации.  За тоа кој ги создава дезинформациите и мисинформациите, секој четврти испитаник смета дека тоа се политичките партии и елити (25.5%), повеќе од петтина (22.5%) мислат дека тоа се самите новинари и медиуми, 19.3% ги посочиле поединците на социјалните мрежи, а 12.7% ги издвоиле  здравствените власти. Стручњаците од областа на медицината и меѓународните актери биле посочени од 3% од испитаниците. Етничките Албанци многу повеќе од етничките Македонци сметаат дека самите здравствените власти ги предизвикуваат дезинформациите (26.2% наспроти 8%). Две третини од испитаниците (69.6%) се задоволни од квалитетот на информирање од страна на институциите за време на пандемијата, односно 22% рекле дека се целосно задоволни, а 47.6% донекаде задоволни. Притоа, процентот на испитаници кои се задоволни од квалитетот на информациите кои доаѓаат од институциите во текот на пандемијата, е поголем кај етничките Македонци. Одговорите на прашањето на кои извори на информации најмногу им веруваат во текот на пандемијата со ковид-19 ги посочува како најчест избор домашните ТВ-канали (50.5%), а речиси една четвртина (23.8%) најмногу веруваат на странските ТВ-канали. Процентот на оние кои им веруваат на информациите добиени преку пријателства на социјалните мрежи е 7.8%. На информациите објавени на порталите им верувале 5% од испитаниците, а на оние во печатоот – 4.1%. Сепак, овој податок треба да се земе во контекст на генералниот пад на читаноста на весниците, но и на се поголемата миграција, особено на помладите публики, онлајн. Довербата во домашните ТВ канали расте со возраста, особено над 50 години, додека пак, довербата во порталите и во информациите добиени преку пријателствата на социјалните мрежи е највисока кај возрасните групи од 18-49 години, а потоа почнува да опаѓа. Оние кои одговориле кому најмногу му веруваат како на извор на информации, беа прашани и зашто им веруваат на наведените извори. Точното и навремено известување било причина за 41.3% од испитаниците, непристрасното известување за 30.5%, разновидното и сеопфатно известување за 20.2%, а известувањето без сензационализам било причина за доверба кај 5.8%.  Испитаниците одговараа и за тоа дали сметаат дека одредени маргинализирани општествени групи биле соодветно застапени во медиумското известување за време на пандемијата со ковид-19. Секој трет испитаник (37.6%) смета дека жените не биле доволно опфатени во известувањата, наспроти речиси 60% кои сметале дека биле соодветно застапени. Секој втор (48.7%) смета дека децата не биле доволно застапени. Поделено е и мислењето во однос на медиумската покриеност на Ромите (45.2% кои сметаат дека биле опфатени, наспроти 50.5% кои мислат дека не биле опфатени). Секој втор испитаник смета дека ЛГБТИ заедницата не била доволно спомнувана. Слична е и дистрибуцијата на одговорите за лицата со попреченост – 45.2% сметаат дека биле опфатени, наспроти 50.3% дека не биле оптфатени. ДЕМОГРАФИЈА 20.2% од испитаниците се на возраст од 18 до 29 години, 18.7% од 30 до 39 години, 18% од 40 до 49 години, 21.4% од 50 до 64 години и 21.5% од испитаниците се на возраст над 65 години. Од испитаниците 72% се Македонци, 23.2% се Албанци и 4.8% се изјасниле како друга националност. 3.2% од испитаниците се со незавршено основно образование, 15.2% со завршено основно образoвание, повеќе од половина испитаници (55.5% ) се со завршено средно образование, 5.6% завршено вишо образование, 18.9% завршено високо образование и 1.6% со завршено постдипломско образование. 16.5% од испитаниците се вработени во јавна институција, една четвртина од испитаниците (24.7%) се вработени во приватна институција, 1.2% во граѓанска организација, 5.0% самовработени, 3.3% земјоделци, 16.8% од испитаниците се невработени, 7.8% студенти, 4.2% ангажирани во домашни задачи и 20.5% од испитаниците се пензионери. Речиси две петини од испитаниците (39.1%) живеат во село, 60.9% од испитаниците живеат во град.   Ова истражување е направено во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Наодите од истражувањето се одговорност на истражувачката агенција и на нарачателот и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.  
Workshop 16 17 12 2020

Работењето на професионалните медиуми на удар на плагијаторството

Заштита на авторските права во медиумската сфера е еден од клучните предизвици со кој се соочуваат новинарите, фоторепортерите и медиумските работници во земјава, особено по појавувањето на современи дигитални редакции. Законските можности за справување со плагијаторството и улогата на надлежните институции беше главна тема на дводневната работилница што ја организираа Македонскиот институт за медиуми и Здружението на новинарите на Македонија, со цел да се поттикне дебата на засегнатите страни и да се разменат позитивни искуства за прашањата поврзани со заштита на авторските права. Во текот на првиот ден од работилницата, 40-на новинари, фоторепортери, медиумски работници, адвокати и претставници на Министерството за култура дискутираа за Законот за авторско право и други сродни права и имплементација на истиот во насока на заштита на правата на медиумските работници. Во своето обраќање, министерката за култура, Ирена Стефоска истакна дека министерството работи на измени на Законот за авторско право и сродни права согласно европските стандарди и дека наскоро нацрт-текстот на Законот со вклучените измени ќе биде испратен на увид и мислење до сите заинтересирани страни пред да влезе во владина процедура. Претседателот на Европскатамфедерација на новинари Могенс Бличер Бјерегрерд, информираше за напорите на Федерацијата во насока на подобрување на европската рамка поврзана со авторските права и правата на новинарите. Тој посочи дека заштитата на авторското право е важен предуслов за подобрување на економската положба на медиумските работници и дека тие имаат право на надоместок кога нивните авторски трудови се објавуваат во медиумите. Дополнително, учесниците ги разгледаа правните специфики на Законот за авторски права во контекст на работата на медиумите, особено од перспектива на професионалните онлајн-медиуми кои трпат најмногу штета од „копи-пејст“ новинарството. Уредниците Горан Михајловски и Александар Дамовски, кои ги водат онлајн медиумите Сдк.мк и МКД.мк го наведоа проблемот со неовластено преземање содржини од нивните медиуми, при што беше истакнато дека во имало примери од случаи на судски постапки кога некои од судовите не ги признаваат интернет порталите како медиуми.   Неда Здравева, професорка на правниот факултет „Јустинијан Први“ посочи дека не сите медиумски производи се авторски дела. „Медиумските производи кои претставуваат обично пренесување на службени текстови од политичка, законодавна и судска природа, како и другите дневни вести кои имаат карактер на обични - медиумски информации, едноставни факти и податоци не може се сметаат за авторско дело“ – вели Здравева. Според неа, за да може медиумската информација да се смета за авторско дело неопходно е авторот т.е. новинарот да има свој интелектуален придонес во нејзиното креирање. Концептот на колективно управување со авторското право и правната пракса во заштитата на авторското право на новинарите и медиумските работници беа во фокусот на вториот ден од работилниците. Учесниците го отворија прашањето за неовластено преземање авторски фотографии и колку саморегулацијата и медијацијата може да помогнат за надминување на проблемот со неовластено преземање аудиовизуелни содржини. Арбнора Мехмети, фоторепортерка во новинската агенција Мета.мк, го истакна проблемот со преземањето на фотографии од страна на медиуми, но и политички партии, при што нагласи дека сите фотографии, дури и на интернет се создадени од некого, при што мора да се внимава на почитувањето на авторските права.   Адвокатката Наталија Миленкова истакна дека досегашната пракса покажала дека кај фотографиите многу полесно се докажува авторството, додека кај новинарските текстови е покомплицирано да се докаже кршењето на авторското право особено кога има драстично менување на оригиналниот текст. Генералните заклучоци од дводневниот настан упатуваат на потребата од измени и дополнувања на законот за авторски права со цел дополнително препознавање на авторските новинарски трудови што би се зел предвид како важен аспект во идни судски постапки во кои новинарите би ги барале своите права. Според досегашната практика, трошоците за судски постапки пред граѓанските судови се скапи и тоа е една од причините зошто новинарите и фоторепортерите ретко се осмелуваат да тужат, што резултира и со многу скромна судска пракса. Високите административни трошоци во судска постапка, исто така можат да придонесат кон затворање на некои онлајн медиуми кај кои се утврдило дека неовластено објавувале фотографии без претходна согласност од авторите. Во македонското судство, без разлика дали станува збор за граѓанскиот или кривичниот суд, потребни се дополнителни обуки на судиите за овие теми, имајќи предвид дека има многу мала пракса за овие дела. Ова е посебно важно на долг рок, затоа што само преку правични пресуди кои се во согласност со праксата на ЕСЧП, медиумските работници ќе имаат поголема доверба во правосудниот систем. Настанот се организираше во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс од Лондон, заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.  
Worshop 2 3 12 20

Психолошката поддршка на новинарите не смее да биде табу тема

Со порака дека новинарите, снимателите, фоторепортерите треба отворено да говорат, но и да побараат помош за психолошките последици што ги трпат од доживеани стресни, кризни и трауматски искуства при нивното работење, се одржа дводневната работилница „Психолошка поддршка на новинарите во кризни ситуации”, организирана од Македонскиот институт за медуми (МИМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ). Во отуство на институционална психолошка поддршка за медимските работници, препораката на Гевин Рис, директор и обучувач во Дарт Центар - Европа, експерт на ова поле,  е дека претпоставените, а пред сè колегите во редакциите, треба да бидат тие кои ќе ја препознаат и ќе има ја дадат потребната помош на колегите да се справат со последиците од стресот и траумата. Начинот за тоа, вели Рис, е искрена грижа и внимателно слушање на колегите кога зборуваат за доживеаното, без осуда и забелешки. Психологот д-р Ана Блажева пак посочи дека освен помошта од средината во која работат и живеат новинарите, тие треба да побараат и стручна помош доколку им се повторуваат симптомите на преживеана траума, што десега се покажало како многу успешно во надминување на последиците. Според д-р Блажева емоциите и нивното препознавање и прифаќање од страна на личноста кога ќе се најде во кризна ситуации, во овој случај медиумските работници, е клучот за полесно справување со последиците. Во рамки на работилницата пет новинари и фоторепортер ги раскажаа личните искуства, но и последиците од доживеани кризи и трауми додека била на работна задача, како Војната во Косово, конфликтот во 2001, бегалската и мигрантската криза, соочување со зарази и епидемии како што се еболата и Ковид-19, но и известување за лични човечки судбини, социјално загрозени луѓе. На работилницата се зборуваше и за психолошките последици од трпење закани и навреди кон новинарите, но и за она што на голем дела од новинарите денес им прави дополнителен стрес и траума - работењето од дома и работа во услови на пандемија. Досегашните истражувања покажале дека дури кај 70 проценит од новинарите пријавиле психолошки промени поврзани со тоа. Инаку светската статистика покажува дека од 80 до 100 проценти од новинарите биле изложени на трауматско искуство поврзано со нивната работа, а дури 92 проценти доживеале четири трауматски искуства во текот на работниот век. Работилницата се одржа во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс (www.albanyassociates.com), заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.