Новости

Povik Cover2 10 9 2020

Повик за доставување предлог-проекти: Промовирање медиумска и информациска писменост во малите градови и руралните подрачја

Македонскиот институт за медиуми објавува повик за доставување предлог-проекти чија цел е подобрување на капацитетите на граѓанските организации за заштита на медиумскиот плурализам и слободи во земјите од Западен Балкан. Овој повик е дел од регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“, што се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција, со поддршка од Европската Унија. Повикот е отворен за граѓански организации во Р.С. Македонија кои делуваат во областа на медиумите, образованието, човековите права или родовата еднаквост. Пожелни се предлози за партнерски проекти, кои што апликантите би ги реализирале во партнерство со други граѓански организации. Вкупниот буџет предвиден за овој повик изнесува 36.000 евра. Бараниот грант треба да изнесува помеѓу 3.000 и 9.000 евра. Не е неопходно кофинансирање од страна на апликантот или партнерската организација. Времетраењето на предложениот проект треба да биде од 9 до 18 месеци. Предложените проектни активности задолжително треба да бидат фокусирани на помали градови, населени места и рурални области. Процедурата за аплицирање се состои од два чекори: 1) Доставување, оценување и селекција на концепти за предлог-проекти; 2) Доставување, оценување и селекција на целосни предлог-проекти. Рокот за доставување на концепти за предлог-проекти е 12.10.2020 до 23:59часот. Апликациите треба да се поднесат по електронски пат на следнава адреса: grantovi@mim.org.mk Сите прашања во врска со повикот треба да се испратат исклучиво преку е-пошта на: grantovi@mim.org.mk, најдоцна до 07.10.2020 година, до 17:00 часот. Видеото од информативната сесија што се одржа на 22 септември 2020 може да го погледнете тука. Упатството за апликантите е достапно тука. Формуларите за аплицирање се достапни во продолжение: Пријава – опис на проектот; Изјава од апликантот; Овластување од ко-апликантот. Следните документи се од информативна природа и не треба да се поднесуваат како дел од апликацијата: Нацрт-договор за грант; Формулар за наративен извештај; Формулар за финансиски извештај.   Регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“ се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медиацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет. Упатство за апликантите149.46 KB Опис на прокетот70.99 KB Изјава од апликантот17.38 KB Овластување на коапликантот17.01 KB
Web Cover Otpor

Отпор: Граѓанското општество за медиуми без омраза и дезинформации

Девет организации за развој на медиумите во Западен Балкан и Турција ги здружија силите во рамките на проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, финансиран од Европската Унија. Проектот (2020 – 2023) се фокусира на: Зајакнување на капацитетите на медиумските организации преку вмрежување и регионална соработка, со цел да се унапреди разбирањето на моделите на дезинформации и пропаганда на омраза во медиумите и јавната комуникација во Западен Балкан и Турција; Способноста на медиумите и граѓанското општество да ги разоткријат и да одговорат на лажните информации, особено на Интернет; Развивање отпорност на граѓаните кон дезинформациите преку промовирање на заедничко решение кое ги вклучува медиумските професионалци и другите засегнати страни. Проектот се имплементира во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С. Македонија, Србија и Турција. Тригодишниот проект го спроведува Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), во партнерство со: Албанскиот медиумски институт во Тирана, Фондација „Медиацентар“ во Сараево, Косово 2.0 во Приштина, Црногорскиот медиумски институт во Подгорица, Македонскиот институт за медиуми во Скопје, Новосадската школа за новинарство во Нови Сад, Мировниот институт во Љубљана и Бианет во Истанбул. Новостите од проектните активности, резултатите и продуктите ќе бидат објавувани на веб-страниците и каналите на социјалните медиуми на партнерските организации, вклучувајќи ги и веб-страниците на СЕЕНПМ www.seenpm.org и www.cimusee.org. Со што ќе се занимава проектот? Истражувања и извештаи Анализи на омраза на политичко-економска основа, модели на дезинформации и пропаганда во медиумите и јавните комуникации; Анализи на наративите на омраза и дезинформации; Истражување (базирано на испитување на јавното мислење) за довербата во медиумите и родовите прашања во медиумите. Спротивставување на омразата, дезинформациите и пропагандата Продукција на 6 ТВ-емисии инспирирани од наодите од истражувањата со цел да се подигне свеста на публиката за медиумските слободи и проблемите со слободата на изразување; Работилница за креативните тимови од регионот кои ќе учат од експерти и колеги од ЕУ како да применат нови креативни решенија за наративите кои ќе се користат во националните кампањи; Кампањи за спротивставување на дезинформациите преку социјалните мрежи во седумте земји; Форум на уредници (насловен како „Уредници од доверба“) посветен на афирмирање на моќта на уредниците за враќање на довербата во медиумите и размена на искуства за развивање одржливи бизнис модели кои промовираат квалитетно и доверливо новинарство како начин за справување со дезинформациите; Студиски посети во ЕУ земји за уредници од регионот; Продукција на прекугранични стории преку користење конструктивен новинарски пристап. Промовирање на медиумска и информациска писменост (МИП) во помали градови и рурални средини Шема за доделување грантови за унапредување на капацитетите на граѓанските организации за вклучување во активности за промовирање на МИП во помали градови и рурални средини, кои можат да бидат особено ранливи на дезинформации и пропаганда. Застапување Подготовка на преглед на регулаторните и саморегуолаторните модели во земјите од регионот, како и избрани земји од ЕУ кои ќе служат како основа за активностите за застапување; Национални активности за застапување и презентирање на наодите и идентификуваните добри практики пред засегнатите страни. Организирање јавни дебати во секоја од земјите кои ќе бидат поддржани од гости говорници од регионот или од земјите членки на ЕУ; Заклучоците од јавните дебати и извештаите од анализите ќе бидат сумирани во специфични групи на препораки за секоја од земјите учеснички и ќе бидат дистрибуирани пошироко. Следете ги активностите од проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“ на веб-страницата на МИМ и на социјалните мрежи – ФБ, Твитер и Инстаграм, како и на: www.seenpm.org Facebook SEENPM //@SEENPM_org">Twitter SEENPM www.cimusee.org Facebook CIMUSEE //@CIMU_SEE">Twitter CIMUSEE За сите информации поврзани со проектот може да обратите на следната е-пошта: admin@seenpm.org   Регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“ се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медиацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.    
3maj20

Соопштение од МИМ по повод 3 мај - Светскиот ден на слободата на медиумите

По повод 3 мај - Светскиот ден на слободата на медиумите, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) упатува честитки до сите медиумски професионалци, кои и во вонредните услови предизвикани од кризата со Ковид-19 продолжија навремено да ги информираат граѓаните.   Пандемијата покажа колку е важно граѓаните да имаат пристап до веродостојни, проверени информации, базирани на факти кои се обезбедени од кредибилни извори. Зголемениот интерес на граѓаните правилно да се информираат за пандемијата ја потврдува неопходноста од постоење на здрава општествена средина што ќе го поттикнува унапредувањето на новинарството како неопходно општествено добро, но и развојот на медиумската индустрија како важна економска дејност. Од друга страна, кризата уште повеќе  ја покажа сериозноста на проблемот со дезинформациите на социјалните мрежи, што може да доведе до загрозување на животот на луѓето и влошување на безбедноста на граѓаните. Состојбата станува уште поопасна кога овие дезинформации ги шират поединци и институции со влијание, бидејќи поттикнуваат чувство на несигурност и недоверба во системот. За успешно справување со рапидното ширење лаги, манипулаци и говор на омраза, потребен е проактивен ангажман на сите општествени чинители, пред сè на властите и на државните институции, политичките партии, претставниците на медиумите и на граѓанскиот сектор, академската сфера и сите граѓани како корисници на медиумските услуги. Во исто време, сите мерки и активности што (ќе) се преземаат мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди и принципите на слободата на изразувањето како основно човеково право, независноста на медиумите, слободниот пристап до информациите од јавен карактер и заштитата на приватноста на граѓаните. Скопје, 3 мај, 2020    
Nis2019 Web

Првата награда за Владо Апостолов од „Призма“

Сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“, на новинарот Владо Апостолов, ја освои првата награда на годинешниот конкурс „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2019. Сторијата која што е објавена на интернет-страницата „Призма“ открива како се злоупотребува системот на јавни набавки за внесување фирми блиски на власта во профитабилниот бизнис за ископ на јаглен за потребите на термоелектраната РЕК Битола. Второнаградени на конкурсот се Мери Јордановска и Кристијан Ландов, за серијалот текстови за злоупотребите на пратеничките привилегии, објавени на интернет-страницата „А1он“. Сторијата разоткрива злоупотреби од страна на пратениците од внатрешноста на земјата, при изнајмувањето станови во Скопје, платени од буџетот. Катерина Спасовска Трпковска и Бранислав Закев  ја освоија третата награда за анимираната видео-сторија на тема „Ѕирни во џебот на државата“, објавена на онлајн-магазинот „Балкон3“. Преку истражување на јавните набавки на 15-те институции со најголеми буџети во период од 2015 до 2018 година, како и на ревизорските извештаи, новинарите обелоденуваат бројни неправилности, злоупотреби и неоправдани трошења на јавни пари. Комисијата одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Зорана Гаџовска Спасовска за сторијата „Имотот на МПЦ и ИВЗ и даночната истрага на УЈП за нив“, објавена на интернет-страницата на „Радио Слободна Европа“, на Александар Манасиев за сторијата „Починати, а редовно добиваат пензија“, објавена на интернет-страницата на редакцијата на македонски јазик на „Дојче Веле“ и на Маја Јовановска и Сашка Цветковска, за серијалот текстови на тема „Кој му дели памет на премиерот“, објавен на интернет-страницата на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ). МИМ по 19-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. Годинава, поради ситуацијата со коронавирусот, традиционалната свеченост за доделување на наградите нема да се одржи. Деталниот извештај на комисијата и наградените стории се достапни во прилог. Извештај на комисијата210.27 KB Наградени стории134.82 KB
Nis2019 Web Cover

Конкурс за наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија 2019

Македонскиот институт за медиуми (MИM), по 19-ти пат го објавува конкурсот за престижната новинарска награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија на годината. Конкурсот е отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои истражувачки стории во медиумите во Македонија во текот на 2019 година. Новинарите, редакциите и медиумските здруженија, исто така, имаат можност да пријават и истражувачки стории кои биле објавени во други медиуми од нивни колеги-новинари, со нивна согласност. Не постојат ограничувања во однос на бројот на сториите кои еден новинар, редакција или медиумско здружение можат да ги пријават на конкурсот. Авторите на најдобрите истражувачки стории ќе добијат парични награди во износ од: - 30.000 денари за првонаградената сторија; - 20.000 денари за второнаградената; и - 10.000 денари за третонаградената сторија. Конкурсот е отворен до 2 март 2020 година, а апликациите може да се испраќаат исклучиво по електронска пошта на: mim@mim.org.mk За пријавување на конкурсот потребно е да се пополни краток формулар за аплицирање (прикачен во прилог) и да се испрати на наведената е-пошта. За секоја апликација, МИМ задолжително ќе испрати потврда за прием. Доколку некој од апликантите не добие потврда за прием на апликацијата, задолжително треба да се обрати во МИМ пред крајниот рок за аплицирање на конкурсот. Критериумите за избор на најдобрите истражувачки стории се достапни овде. МИМ ја доделува Наградата за најдобра истражувачка сторија на годината во континуитет од 2001 година, со цел да го поттикне и поддржи истражувачкото новинарство, кое се смета за врвно новинарско достигнување и значаен елемент во зајакнувањето на демократијата во секое општество. Повеќе информации за конкурсот може да се добијат на: 02/ 30 90 144; и mim@mim.org.mk Конкурсот на албански јазик е достапен тука. Формулар за аплицирање14.57 KB
Mccm.cover2

МИМ стартува кампања за поддршка на професионалното новинарство

Истакнати и почитувани новинари, уредници и медиумски експерти испраќаат пораки за улогата на новинарите и предизвиците со кои се соочуваат, за истражувачкото новинарство, транспарентноста и финансирањето на медиумите, улогата на јавните радиодифузни сервиси, со намера да ги потсетат граѓаните што претставува професионалното новинарство и како да го препознаат во морето информации што стигнуваат до нив. Кампањата ја подготви и реализираше Македонскиот институт за медиуми, а ќе се емитува во текот на јануари и февруари 2020 година. Целта на кампањата е да ги поттикне граѓаните да инсистираат на професионално и етичко новинарство што му служи на јавниот интерес. Оваа иницијатива е дел од регионалната кампања за зголемување на свеста за важноста на слободните и професионални медиуми и е дел од проектот „Медиуми за граѓаните - Граѓаните за медиумите“ што се спроведува во Албанија, БиХ, Црна Гора, Македонија и во Србија со финансиска поддршка од Европската Унија.  
Povik2

Доделени 5 мали грантови за проекти за промовирање на политики и практики за унапредување на медиумската писменост

Македонскиот институт за медиуми, во изминатиот период како дел од регионалниот проект „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите“,  објави втор повик за доделување на грантови за граѓански организации и спроведе процедура за избор на најдобри предлог-проекти. На повикот, кој беше отворен од 4 септември до 4 октомври 2019, се пријавија вкупно 36 граѓански организации од земјава кои доставија преглог-проекти за 2-те групи на активности кои ќе бидат поддржани преку грант-програмата. Првата група се однесува на проекти насочени кон подобрување на вештините за медиумска и информациска писменост на граѓаните. Втората група се фокусира на проекти од областа на уметноста, медиумите и технологијата, кои промовираат иновации и пристапност до едукација за медиумска и информациска писменост. По комплетирање на администратината проверка на апликациите, стрчна жири-комисија спроведе постапка за квалитативно оценување на предлог-проектите кои успешно ја минаа административната проверка. Врз основа на оценките од жири-комисијата, Управниот одбор на проектот донесе одлука да поддржи 5 предлог-проекти кои беа најдобро оценети. Грѓанските организации и предлог-проектите кои ќе бидат поддржани преку оваа грант-програма може да ги погледнете во прилог. Листа на доделени грантови од вториот повик364.46 KB
JMA 2019 Online Banner Web1

Конкурс за наградата „Жан Моне“ 2019

Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми го објавуваат 17-тото издание на конкурсот за наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”. Наградата „Жан Моне“ ќе биде доделена во 3 натпреварувачки категории: Најдобра новинарска сторија (за стории објавени во печатени медиуми и/или на интернет); Најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет); Најдобра аматерска фотографија. Конкурс за најдобра новинарска сторија Во оваа категорија може да учествуваат стории коишто се однесуваат на темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”, а чиишто автори се новинари од државата. Сториите треба да бидат објавени во домашни весници, списанија и на веб-страници, во периодот меѓу 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година. Сториите треба да ги исполнуваат следниве критериуми: Да се однесуваат на темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”; Да се објавени во периодот меѓу 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година; Да се потпишани со вистинското име на авторот. Копии од новинарските стории во дигитален ПДФ формат, заедно со изјава во писмена форма, потпишана од авторот, со која гарантира дека таа/тој е автор на сторијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: JMcompetition@euhouse.mk, најдоцна до 27 ноември 2019 година, до 18.00 часот. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје. Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра. Конкурс за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет) Конкурсот е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од државата, кои може да поднесат до 3 фотографии на тема „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”, објавени во периодот меѓу 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година. Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми: Да бидат поврзани со темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”; Да се објавени во периодот од 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година; Да не се користени за комерцијални цели. Копии од фотографијата/фотографиите во дигитален формат (големината на секоја фотографија треба да биде 3-5 MB), заедно со изјава во писмена форма и потпишана од авторот со која гарантира дека таа/тој е автор на фотографијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: JMcompetition@euhouse.mk, најдоцна до 27 ноември 2019 година, до 18.00 часот. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје. Награда: статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра. Конкурс за најдобра аматерска фотографија Конкурсот е отворен за сите фотографи аматери од државата кои може да достават една фотографија на тема „Чистата животна средина зависи од сите нас”. Фотографиите кои се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да бидат претходно објавени. Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми: Да се однесуваат на темата „Чистата животна средина зависи од сите нас”; Да не се користени за комерцијални цели. Кандидатите за оваа категорија треба да ги испратат своите пријави на следнава електронска адреса: JMcompetition@euhouse.mk, најдоцна до 27 ноември 2019 година, до 18.00 часот. Секој кандидат може да испрати по 1 (една) фотографија (големина на фотографијата 3-5 MB), како и да гарантира дека тој/таа е автор на фотографијата со испраќање изјава во писмена форма на истата електронска адреса. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје. Награда: диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 500 евра. Забелешка: Оваа активност е организирана во соработка со Македонскиот институт за медиуми. Делегацијата на Европската Унија нема да се смета за одговорна за каква било законска обврска што произлегува од какви било спорови околу авторските права, за кои исклучиво е одговорен пријавениот натпреварувач. Делегацијата на Европската Унија го задржува правото да ја поништи квалификацијата на пријавената творба околу која се спори и да ја повлече доделената награда и паричната награда. Оваа активност не ги одразува ставовите на Европската Унија. Дополнителни информации­­­ Жирито ќе се состои од седум члена - претставник од Делегацијата на Европската Унија, претставник од Секретаријатот за европски прашања, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра репортерска фотографија, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра новинарска сторија, претставник од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, претставник од Македонскиот институт за медиуми, и истакнат новинар од регионот како почесен претседател на жирито. Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 16 декември 2019 година. Конкурсот на албански јазик е достапен тука.  
Javna.diskusija

Медиумската писменост да се воведе во формалното образование

Медиумската писменост е неопходно да се вклучи во образовниот процес уште од најрана возраст на децата, при што треба да се идентификува најсоодветен модел кој ќе овозможи ефикасна и лесна интеграција на овој пристап во наставата. Ова е заклучокот од јавната дискусија „Воведување на медиумската писменост во образованието“ што ја организираа Владата на РСМ и Македонскиот институт за медиуми во рамки на меѓународното одбележување на Деновите на медиумската писменост на УНЕСКО. Дискусијата беше организирана со цел претставниците на власта да ги слушнат размислувањата и ставовите на професорите, наставниците и учениците околу воведувањето на медиумската писменост во образованието. Наведувајќи дека граѓаните се „недоволно информирани или недоволно прецизно можат да проценат што се точни и квалитетни информации, а што се лаги, невистини и шпекулации“, министерот Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата, истакна загриженост што државава е на последното место во Европа според проценката на точноста на информациите. „Има недоволна проверка на информации, незаинтересираност, немање желба, непрепознавање на аргументите, фактите и на сето она што не „бомбардира” секојдневно, поради што мора да се најде начин како да им се помогне на граѓаните да ја детектираат и подобро да ја препознаат оваа појава“, истакна Поповски, нагласувајќи ја важноста на медиумската писменост во овој контекст. Министерот за образование и наука Арбер Адеми порача дека преку инклузивен пристап, консултирајќи ги медиумите и експертите, земајќи ги предвид анализите на национално ниво и искуствата во другите земји, во следниот период треба да се најде најдобар модел медиумската писменост да се инкорпорира во националниот образовен систем. „Важно е да создадеме индивидуи кои уште од најмали нозе ќе можат да направат дистинкција помеѓу лажна и вистинска вест, а ова прашање влијае врз ставовите, размислувањата на секој поединец за одредено прашање“, додаде Адеми. Медиумската писменост без сомнение треба да стане дел од наставната програма, а ЕУ ги поддржува сите активности на властите во оваа насока, истакна Феручо Бого, политички советник во Делегацијата на Европската Унија. „Овие активности треба да придонесат младите да бидат активни и критички да ги примаат информациите, наместо да бидат само консументи. За да има резултати овој процес бара и соодветна обука на наставниците“, рече Бого. Зекирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образованието рече дека за да им се помогне на младите да израснат во граѓани кои ќе умеат да препознаваат како медиумите ги филтрираат нивните перцепции и убедувања, да ја обликуваат популарната култура и да влијаат на личните избори, медиумската писменост и култура како тематски содржини во нашите програми и натаму ќе бидат еден од начините на кој ќе се обезбедуваат вештини за критичко размислување и креативно решавање на проблеми. Наставниците и професорите сметаат дека од клучно значење за успешно воведување на медиумската писменост во образованието е да се идентификува најсоодветен модел кој што нема дополнително да го оптовари наставниот процес, а ќе им помогне на учениците ефикасно да развијат вештини за критичко размислување и решавање проблеми. Тие истакнаа дека обуката на наставниот кадар е особено важна, за што треба да придонесе и новиот Закон за наставници со кој предвидува нивен професионален развој. Според наставниците потребни се ефикасни образовни политики кои ќе резултираат со образовен систем што ќе функционира добро во практиката. Присутните ученици апелираа да им се остави повеќе простор за изразување и размислување, наместо само за меморирање содржини, а побараа и квалитетни учебници и наставни содржини за да може процесот на учење да биде интересен и ефикасен. Настанот го организираа МИМ и Владата на РСМ со делумна поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект  „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“. Фото-галерија од настанот може да погледнете тука.