Македонскиот институт за медиуми, во изминатиот период како дел од регионалниот проект „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите“, објави повик за доделување на грантови за граѓански организации и спроведе процедура за избор на најдобри предлог-проекти.
Новости
Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), по повод Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај потсетуваат на потребата од сериозен ангажман на сите релевантни актери околу крупните реформски чекори во медиумскиот сектор во државата.
Во изминатиот период се преземени извесни напори кои што резултираа со подобрување на амбиентот во кој работат новинарите и медиумските работници, што, пак, го подобри имиџот на државата во меѓународните извештаи за слобода на медиумите во светот. За илустрација, нашата земја е рангирана на 95-то место според последниот светски Индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, скокајќи 14 места во однос на претходниот извештај за 2018 година.
Сепак, потсетуваме дека клучните системски промени во медиумскиот сектор сè уште не се завршени, меѓу кои се реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор. Освен тоа, комерцијалните медиуми и понатаму се соочуваат со силни предизвици поради малиот и ограничен медиумски и маркетиншки пазар, што, пак, влијае врз квалитетот на медиумските содржини. Во исто време, апелираме до власта и институциите на системот секое решение во однос на подобрување на состојбите во новинарството и медиумските содржини да биде во координација и усогласено со професионалната медиумска и новинарска заедница во државата.
Во првата половина од 2019 година бележиме повеќе инциденти во кои што се повредени правата на новинарите, снимателите и останатите медиумски работници, на што ние, како организации кои ги штитат интересите на новинарите, постојано укажуваме. Го повикуваме Основното јавно обвинителство и судовите да ги обработат и доведат до завршница случаите на повреда на правата на новинарите, како и случаите на говор на омраза, со цел да се надмине долгогодишната пракса на неказнивост, спречувајќи ја на тој начин неправдата кон новинарската и медиумската заедница.
Потсетуваме и на потребата од преземање итни мерки во однос на работничките права на новинарите и медиумските работници, имајќи предвид дека половина од нив се без договор за вработување на неопределено време, а особено во сферата на онлајн медиумите. Во таа насока, од институциите на системот очекуваме санкционирање на постојаните прекршување на Законот за работни односи и обезбедување атмосфера која ќе поттикнува социјален дијалог и решавање на прашањето на работните услови.
Четирите организации и во иднина ќе се залагаат за силно промовирање на медиумската саморегулација како механизам за унапредување на професионализмот, етиката и независноста во медиумите, спречување на влијанието на различни центри на моќ и исполнување на правото на јавноста за квалитетно и независно информирање.
Во пресрет на вториот круг на претседателските избори во државата, четирите организации ги потсетуваат медиумите на нивните обврски да известуваат професионално и во согласност со Повелбата на СЕММ за етичко известување на медиумите, чии принципи се следниве:
- вистинитост и објективност
- избалансираност
- јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите
- чесност и независност
- професионална солидарност меѓу медиумите
- уредувачка независност и професионален интегритет
- почит и толерантност
-слобода и одговорност.
Продолжуваме и понатаму со интензивната соработка со нашите значајни меѓународни партнери Европската федерација на новинарите (EFJ) и Меѓународната федерација на новинарите (IFJ). Заедно застануваме во поддршка на овогодинешната кампања на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) „Улогата на медиумите во изборите и демократијата“, која се залага на медиумите да им се овозможи пристап до слободни и разновидни информации, независни од влијанијата на центрите на политичка и економска моќ.
Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)Македонски институт за медиуми (МИМ)
Скопје, 3 мај, 2019
Славица Филиповска го освои првото место на годинешниот конкурс на МИМ за новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија. Победничката сторија, која во три продолженија ги истражува депониите со штетниот линдан во Скопје, е објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М. Новинарката ѝ открива на јавноста дека покрај депонијата со линдан во дворот на поранешната фабрика Охис, постои уште една дива депонија во близина на излетничкото место Пеленица, кај Драчево, каде ученици од скопските училишта редовно одат на екскурзии.
Преку сеопфатно истражување, речиси во текот на целата 2018 година и обработка на податоци од релевантни извори за штетните влијанија на линданот, Филиповска обелоденува дека иако институциите имале сознанија за дивата депонија близу Драчево, досега ниту една власт не презела никакви мерки.
Второнаградена е новинарката Евис Халили Мемедалија, за серијалот текстови за злоупотребите во рамки на Националната програма за култура за 2018, објавени во дневниот весник „Коха“. Преку консултација на бројни извори и професионална обработка на повеќе документи, авторката ѝ презентира на јавноста сериозни недоследности во рамки на Националната програма за култура, како што се некомпетентните состави на комисиите и распределбата на огромни буџетски средства на здруженија и лица блиски до претставници на Министерството за култура.
Весна Коловска ја доби третата награда за истражувањето за „Долгот на 20-те најзадолжени општини до пред локалните избори 2017“, како и за текстот „Новите градоначалници очекуваат ревизорите да ги проверат јавните набавки на претходниците“, објавени на Македонскиот медиа сервис, во партнерство со радиото Канал 77. Новинарката објавува мноштво информации за трошењето на јавните пари од страна на општините, за сомневањата за повеќегодишни злоупотреби на системот за јавни набавки, како и непостапувањето на надлежните институции од претходната и сегашната власт.
Комисијата одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Сунаи Сабриоски за истражувачкиот серијал за атрактивната локација наспроти ГТЦ продадена по 312 евра за квадратен метар, објавен на ТВ 24, на Марија Митевска за сторијата „Контроверзите на Дрисла“, објавена на Радио Слободна Европа и на Дарко Штаргоски, за сторијата „Колку се почитува Законот за здравје и безбедност при работа во земјоделскиот сектор во Македонија“, објавена на веб-страницата „Инфо компас“.
Оваа година, МИМ по 18-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.
Деталниот извештај на комисијата која ги разгледуваше пријавените стории и наградените стории се достапни во прилог.Фото-галеријата од доделувањето може да ја погледнете тука.
Извештај на жири-комисијата198.9 KB
Наградени стории132.42 KB
Македонскиот институт за медиуми објавува повик за доделување грантови за граѓански организации (ГО) со цел градење на нивните капацитети за промовирање на политиките и практиките поврзани со медиумската и информациската писменост на локално ниво во Македонија.
Овој повик за доделување грантови се спроведува во рамки на регионалниот проект Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите, поддржан од Европската Унија, а имплементиран во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија.
Повикот е отворен за сите ГО во Македонија кои работат во областа на медиумите, едукацијата, застапувањето, јавните кампањи, продукција на уметнички програми или развој на иновативни дигитални проекти.
Ќе бидат поддржани 2 типа проекти:
Група 1: Проекти насочени кон подобрување на вештините за медиумска и информациска писменост на граѓаните
Група 2: Креативни иновации – Проекти од областа на уметноста, медиумите и технологијата, кои промовираат иновации и пристапност до едукација за медиумска и информациска писменост.
Вкупниот буџет за овој повик за доделување грантови изнесува 20,000 евра, од кои 10,000 евра за секоја група. Индивидуалните буџети за предлог-проектите може да изнесуваат помеѓу 3,000 – 5,000 евра.
Времетраењето на проектите може да биде од 6 до 12 месеци. Активностите може да започнат на денот на потпишување на договорот за грант, а треба да завршат најдоцна до крајот на мај 2020 година.
Документи за аплицирање:Упатство за апликантиФормулар за аплицирањеБуџетИзјава на апликантотОвластување од ко-апликант
Следните документи се од информативен карактер и не треба да се приложат кон апликацијата: нацрт-договор за регрантирање, периодичен извештај, финален извештај.
Доколку имате прашања поврзани со апликацијата за овој повик, може да ги испратите на: grantovi@mim.org.mk
Презентација од инфо-сесијата.
Крајниот рок за поднесување предлог-проекти е 28.02.2019.
Информативната сесија за овој повик ќе се одржи на 08.02.2019 во 11:00 часот во просториите на ЕУ ИнфоЦентарот во Скопје.
Македонскиот институт за медиуми (MИM), по 18-ти пат го објавува конкурсот за престижната новинарска награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија на годината.
Конкурсот е отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои истражувачки стории во медиумите во Македонија во текот на 2018 година, како и за оние новинари и редакции кои сакаат да пријават истражувачка сторија подготвена и/или објавена од колеги-новинари или од други редакции.
Не постојат ограничувања во однос на бројот на сториите со кои еден новинар или редакција можат да учествуваат на конкурсот.
Авторите на најдобрите истражувачки стории ќе добијат парични награди во износ од:
- 30.000 денари за првонаградената сторија;
- 20.000 денари за второнаградената; и
- 10.000 денари за третонаградената сторија.
Конкурсот е отворен до 15 февруари (петок) 2019 година, а апликациите може да се испраќаат:
- по електронска пошта: mim@mim.org.mk;
- по пошта: Македонски институт за медиуми, Јуриј Гагарин 17-1/1, Скопје;
- или лично да се достават во МИМ.
Апликациите кои што ќе бидат испратени по пошта или доставени во МИМ треба да бидат во пет примерока, што важи и за печатените и за аудиовизуелните материјали (копии на це-де). Во апликациите доставени преку интернет треба да се наведе линк до сторијата, или истата да се прикачи како додаток во е-пошта (PDF документ).
Критериумите за избор на најдобрите истражувачки стории се достапни овде.
МИМ ја доделува Наградата за најдобра истражувачка сторија на годината редовно од 2001 година, со цел да го поттикне и поддржи истражувачкото новинарство, кое се смета за врвно новинарско достигнување и значаен елемент во зајакнувањето на демократијата во секое општество.
Повеќе информации за конкурсот може да се добијат на: 02/ 30 90 144; и mim@mim.org.mk
Конкурсот на албански јазик е достапен тука.
Седумдесетина експерти од областа на медиумската и информациската писменост, новинари, активисти на граѓанското општество и претставници на образовниот сектор и државните институции се собраа на конференцијата „Медиуми за граѓаните – граѓани за медиумите“ што се одржа во Нови Сад на 23 ноември.
Настанот, што го организираше Новосадската школа за новинарство е дел од истоимениот тригодишен проект што го спроведуваат членките на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ) од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија.
Целта на конференцијата беше да се утврди актуелната состојба со медиумската и информациската писменост во земјите на Западниот Балкан, преку презентација на тековни иницијативи, активности и стратегии во оваа област, како и да се овозможи размена на искуства меѓу актерите од различни сектори во регионот.
На отворањето беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето што беше спроведено во рамки на проектот, а преку кое беа анализирани политиките и практиката во областа на медиумската и информациската писменост во секоја од земјите кои се опфатени со проектот.
Координаторката на истражувањето, Бранкица Петковиќ од Мировниот институт, Љубљана, истакна дека граѓанските организации беа пионери во промоцијата на медиумската писменост. Проблемот според неа, е што нивната работа зависи од краткото траење на проектите и од донаторската поддршка. Медиумската индустрија и новинарите ретко се ангажираат во промоцијата на медиумската писменост, иако нивното искуство е клучно за зајакнување на позицијата на граѓаните.
Еден од заклучоците на регионалниот преглед е дека, јавните сервиси работат многу малку или воопшто не работат во оваа област, заради што тие, како и регулаторите би требало законски да се бидат обврзани да ја промовираат медиумската писменост и да соработуваат со граѓаните. Дополнително, во прегледот се истакнува и дека е неопходна соработка меѓу институциите кои што се одговорни за медиумите и за образованието, затоа што нивните инцијативи досега биле спорадични и со неизвесен исход. Од исклучително значење е итно да се интегрира медиумската писменост во формалното образование, затоа што само така може да се очекува масовно ширење на овој концепт, беше кажано во воведниот дел на настанот.
Политика и пракса
Втората сесија беше посветена на односот на политиката и праксата во областа на медиумската и информациската писменост, особено на прашањето дали официјалните владини политики во регионот доволно брзо и адекватно ги следат активностите на граѓанското општество, кое често има водечка улога кога се работи за оваа област и за промоција на вештините и знаењето што им се потребни на граѓаните.
Божена Јелушиќ, професорка по книжевност од Црна Гора, ги претстави исклучително позитивните ефекти на методите кои ја комбинираат книжевноста и медиумската писменост како нов систем на учење што, на нејзина иницијатива е воведен во гимназиите во 2008 година како изборен предмет. Меѓутоа, според неа, интересот на учениците за предметот е се помал, бидејќи училиштата не го претставуваат на соодветен начин.
За растечката улога на библиотеките како центри за едукација во областа на медиумската писменост говореше Гордана Љубановиќ од Јавната библиотека во Будва. Во Црна Гора постои предлог-стратегија за ширење на медиумската писменост низ мрежа на библиотеки, но тој ја нема поминато институционалната процедура, што значително ги обесхрабрува спроведувачите на оваа инцијатива за следни активности.
Во Република Српска е иницирана меѓуресорска кампања за јакнење на медиумската писменост кај децата, во која е вклучен и јавниот сервис. Во план е спроведување практична настава со учениците и наставниците, како и пракса во партнерство со медиумите. Целта е усвојување на политики за медиумска писменост и на соодветна законска рамка.
Во Македонија постои програма за промоција на медиумската писменост на државно ниво, како и Мрежа за медиумска писменост на РМ која ги обединува институциите, невладините организации, академијата и други засегнати страни. Емилија Петреска-Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го претстави функционирањето на Мрежата, како и веб-страницата www.medijumskapismenost.mk, преку која се дистрибуираат информации за активностите поврзани со медиумската писменост во Македонија, а служи и како ресурсно-образовен центар.
Корисни примери и лекции
Во текот на три паралелни сесии претставници на медиумите, образованието и граѓанското општество презентираа иницијативи од областа на медиумската и информациската писменост во нивните земји.
Фондацијата “Share“ во Србија произвела документарен серијал "Во мрежата", кој низ 10 епизоди обработува 10 теми поврзани со користењето на интернетот и социјалните мрежи (на пример, слободата на изразување, приватноста, виртуелната реалност итн.), а во емисиите говорат експерти од цела Европа (www.namrezi.rs). На веб-страницата се наоѓаат и подолги интервјуа со сите соговорници од серијалот како дополнителен едукативен материјал. Серијалот требало да се емитува на јавниот радиодифузен сервис кој се откажал од оваа намера, но серијата се прикажува преку други канали.
Новосадската школа за новинарство веќе 10 години се занимава со медиумска писменост, со фокус на образованието на наставници од основните и средните училишта, што е единствена акредитирани програма од таков вид во Србија. Исто така, Школата од минатата година го спроведува и проектот "Дигитален погон", чии активности се спроведуваат во 10 основни и 10 средни училишта во Србија, при што наставниците и учениците заедно произведуваат медиумски содржини за промовирање критички став и иновации.
Ервин Гочи од Универзитетот во Тирана ја претстави ТВ-програмата "Алгоритам" која обработува различни прашања поврзани со медиумската писменост, а се емитува еднаш неделно на националната телевизија.
Истражувањето за дигиталните навики на децата, спроведено во соработка со агенцијата ИПСОС зборуваше Елвира Цековиќ од Агенцијата за електронски комуникации на Црна Гора. Според наодите, децата поминуваат многу време пред екраните, при што многу родители не гледаат ништо лошо во тоа.
Веб-страница www.analiziraj.ba е посветена на анализа на медиумски содржини, со фокус на недостатоците, поделени во 11 категории вклучувајќи пристрасност, сензационализам, ширење на национализам, како и пристап до маргинализираните групи. Таа служи како практична алатка за медиумска писменост во Босна и Херцеговина.
Мерџан Даци од Албанија го претстави faktoje.al, медиум кој проверува изјави и ветувања на политичарите, го следи нивното исполнување, и и’ помага на публиката да направи разлика меѓу лажните од вистинските вести.
Во Македонија постојат голем број граѓански иницијативи во однос на медиумската писменост, но тие немаат институционална поддршка, рече Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии. Таа се осврна на истражувањето што во моментов се спроведува во основните училишта, чија цел е да утврди на кој начин медиумите се опфатени и се изучуваат во образовниот систем во Македонија. Според Теменугова, системот не ги подготвува децата да бидат медиумски писмени и користи застарени наставни програми што не кореспондираат со актуелната медиумска реалност.
Медиумска и информативна писменост - клуч за подобри и слободни медиуми?
Настанот заврши со дискусија на група водечки новинари на тема односите меѓу медиумите и иницијативите за подобрување на медиумската и информациската писменост. Дали медиумски писмените граѓани ќе го наградат квалитетното, етичкото и одговорно новинарство? Дали ангажираната публика може да помогне да се намалат политичките и економските притисоци врз медиумите?
Панелистите се согласија дека новинарите најдобро придонесуваат за медиумска писменост преку почитување на етичките кодекси и на највисоките професионални стандарди.
Љубица Гојгиќ, новинарка во РТВ Војводина, рече дека медиумите спроведуваат истражувања на публиката и се занимаваат со публиката не за да го подигнат нивото на медиумската писменост, туку за да ги прилагодат содржините кон желбите на публиката, а не кон врдностите кои треба да ги промовираат, бидејќи медиумската реалност бара содржините да се продаваат.
____________________________________________________________________________________________________________
Проектот "Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите" ќе се спроведува до јануари 2021 година, преку спроведување серија национални и регионални активности во земјите на Западен Балкан, вклучително и активности за застапување, производство и издаваштво, обуки и размена на знаења и искуства, како и програма за доделување мали грантови за иницијативи во областа на медиумската и информациската писменост.
Проектот го спроведуваат шест медиумски организации, членки на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), предводени од Медиацентар Сараево.
Повеќе детали за проектот и за активностите може да дознаете на следните линкови:
www.cimusee.orghttps://www.facebook.com/CIMUSEE/ @CIMU_SEEwww.seenpm.org https://www.facebook.com/seenpm.org/ @SEENPM_org
Воведните поглавја од истражувањата се достапни на следните линкови:
На англиски јазик: Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија.На локални јазици: БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија.
Регионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", се спроведува со поддршка на Европската Унија од страна на партнерските организации: Медиацентар Сараево, Албанскиот институт за медиуми, Македонскиот институт за медиуми.
На 13 и 14 ноември, МИМ организираше студиска посета за претставници од Мрежата за медиумска писменост од Македонија на Ирската мрежа за медиумска писменост во Даблин, Република Ирска. Целта на посетата беше размена на знаење, искуство и практики меѓу релевантни претставници на двете мрежи и беше организирана во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.
Групата ја сочинуваа претставници од Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Првиот програмски сервис на Македонската радио-телевизија, МИМ, Институтот за комуникациски студии, Фондацијата Метаморфозис и граѓанската организација Конеду Глобал.
Тие се сретнаа со претставници на Регулаторното тело за радиодифузна дејност на Ирска (БАИ), кое беше домаќин на посетата. Тимот на БАИ го претстави функционирањето и управувањето на Ирската мрежа за медиумска писменост и нивните напори да ја зголемат свесноста за овој концепт во различни сфери на ирското општество, како што се образованието, медиумите и граѓанскиот сектор.
Македонскиот тим учествуваше и на есенската конференција на Ирската мрежа за медиумска писменост, што беше организирана во студиото на Вирџин Медиа ТВ, која е членка на Мрежата. На средбата учествуваа повеќето од 114-те организации што членуваат во Мрежата, при што презентираа некои од нивните последни наоди од истражувања и анализи и учествуваа на панел-дискусиите посветени на организационите аспекти во функционирањето на Мрежата, медиумската писменост и социјалните промени, а споделија и искуства за различни иницијативи и проекти кои ги спроведуваат.
Во рамки на панелот посветен на размена на искуства помеѓу ирските и други европски институции, Емилија Петреска-Камењарова од АААВМУ одржа презентација посветена на функционирањето на македонската мрежа за медиумска писменост и соработката помеѓу релевантните чинители во нашата држава.
Студиската посета вклучуваше и билатерални состаноци со претставници од Ирската мрежа за медиумска писменост, како што се Ирскиот филмски институт, Иницијативата за транспарентен референдум, медиумот на заедницата радио Near и Центарот за критичка медиумска писменост. Дискусиите резултираа со размена на идеи за различни иницијативи со цел интензивирање на соработката помеѓу претставниците на ирската и на македонската мрежа за медиумска писменост.
Посетата беше организирана со финансиска поддршка од Европската унија и Советот на Европа.
Институтот за комуникациски студии (ИКС) подготвува серија обуки, дебати, онлајн квизови и видеа, како дел од Неделата против лажните вести од 12ти до 18ти ноември. Активностите имаат цел да поттикнат критичко размислување и да ја подигнат свеста за штетата која лажните вести, манипулациите и дезинформациите, ја нанесуваат на целото општество.
„Новите медиуми нудат простор за неограничена слобода на изразување, која за жал често се злоупотребува од поединци, кои не размислуваат или воопшто не им е грижа за етичките стандарди на информирање и одговорно искажување на ставовите. Сведоци сме на зголемен тренд на лажни вести и манипулации, кои некогаш ниту експертите не можат да ги препознаат“ вели директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска. „Преку Неделата против лажните вести сакаме да ги отвориме овие прашања, да им понудиме на граѓаните алатки да ги препознаваат ваквите медиумски манипулации и да реагираат.“
Во рамките на Неделата против лажните вести ИКС ќе организира три обуки на кои учесниците ќе научат како полесно да ги идентификуваат лажните вести и два вебинара со истакнати предавачи од областа на медиумската писменост. На веб страницата http://stopdezinformacii.mk ќе бидат објавени четирите едукативни видеа кои ИКС ги подготви како дел од оваа кампања, како и неколку квизови на кои сите заинтересирани ќе можат да си ги проверат сопствените медиумски познавања.
На веб страницата ќе има место и за прашања од граѓаните на кои ќе одговараат експерти од Советот на етика во медиумите, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми и сите институции и организации кои се активни на ова поле. На крајот, ИКС ќе организира и дискусија со новинари и медиумски експерти кои ќе говорат за феноменот на лажните вести.
За сите активности кои ќе бидат дел од Неделата против лажните вести информирајте се на веб страницата http://stopdezinformacii.mk или на фејсбук страницата https://www.facebook.com/StopDezinformacii/.
Неделата против лажните вести е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го реализираат Македонскиот институт за медиуми, ИКС, Синдикатот на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот е финансиран од Европската Унија.
Во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, 6 граѓански организации добија грантови за реализација на активности за промовирање на медиумската писменост.
Добитници на грантовите се: Здружение Доверба – Куманово, Здружение за рурален развој локална акциона група АГРО ЛИДЕР (Кривогаштани), Здружение за заштита и едукација на деца и млади Роми – Прогрес, Здружение за дислексија Ајнштајн, Организација на потрошувачите на Македонија и Женска граѓанска иницијатива АНТИКО.
На повикот за доделување на грантови аплицираа 38 граѓански организации, а 6-те избрани беа највисоко рангирани во процесот на оценување од страна на стручна жири-комисија.
Избраните организации во следните 18 месеци ќе спроведат активности во насока на зајакнување на нивните капацитети за ефективно анализирање, оценување, употреба и креирање на медиумски содржини релевантни за нивната работа, како и активности за промовирање на писменост за вести и дигитална писменост меѓу граѓаните.
Во подготвителната фаза, МИМ организираше обука за административно и финансиско водење на европски проекти за претставници на 6-те организации. Во следниот период грантистите ќе бидат вклучени во тренинг програма која што ќе опфати обуки за разбирање на новинарското работење, стратегиско комуницирање, заштита на правото на доверливи информации и создавање на медиумски содржини.
Исто така, на грантистите ќе им биде обезбедена и менторска поддршка со цел полесно да ги имплементираат стекнатите знаења од обуките, што ќе им помогне при спроведувањето мониторинг и анализа на вестите и информациите, подготвувањето и доставувањето жалби до државните институции, саморегулаторните тела и до медиумските регулатори, како и при креирањето медиумски содржини за да ги информираат своите корисници и пошироката публика за проблемите и активностите.
„Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.