Новости

Povik Tot

МИМ објавува повик за обучувачи од областа за медиумската и информациската писменост

Македонскиот институт за медиуми организира обука за обучувачи од областа на медиумската и информациската писменост што ќе се одржи на 27 и 28 септември 2018, во просториите на МИМ.    Обуката е наменета за сите оние кои имаат искуство во подготовка и реализација на обуки, работилници и јавни настапи или, пак, имаат долгогодишно искуство во областа на: Медиумите (новинари, уредници, академски работници, поединци ангажирани во медиумска продукција, поединци ангажирани во граѓански организации од областа на медиумите); ИТ-технологијата (веб-програмери, UX-експерти, поединци ангажирани во граѓански организации активни во полето на отворени податоци и транспарентност); Образование (наставници во основни училишта, професори во средни училишта и факултети од општествени и информатички науки, поединци ангажирани во граѓански организации активни во полето на образованието и образовните политики). Учесниците на обуката ќе бидат ангажирани како обучувачи на МИМ на идни обуки и работилници  што ќе се одржуваат за локални невладини организации коишто се заинтересирани и сакаат да се занимаваат со медиумска и информациска писменост. Обуката ќе трае два работни дена, а присуството е задолжително во текот на целото нејзино времетраење. Во текот на обуката ќе бидат комбинирани презентации од обучувачи од Србија и Велика Британија со практична работа од самите учесници и подготовка за работилница за локални граѓански организации. Работен јазик на обуката е англиски, а превод нема да биде обезбеден. Затоа, од учесниците се очекува одлично познавање на англискиот јазик. За учесниците надвор од Скопје трошоците за пат и сместување се покриени од страна на организаторите. Како да се пријавите за обуката? Доколку сте заинтересирани за учество на обуката, Ве молиме испратете: Пополнет формулар за аплицирање којшто може да го преземете во прилог; Биографија (CV). Потребните документи испратете ги на адреса: mim@mim.org.mk најдоцна до 14 септември 2018. Пријавите кои ќе пристигнат по овој датум, нема да бидат предмет на разгледување. За дополнителни информации во врска со обуката, можете ја контактирате Весна Никодиноска на vesnanik@mim.org.mk или на телефонскиот број: 02 30 90 144. Обуката се организира во рамки на проектот „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Јакнење на капацитетите на граѓанските организации за развој на медиумската и информациската писменост на Западен Балкан“ со поддршка на Европската Унија. Формулар за аплицирање30.5 KB
Cover2

Отворен повик за граѓански организации кои што ги промовираат правата на лицата со попреченост

Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија објавуваат повик за доделување грантови за граѓански организации што ги застапуваат лицата со попреченост во земјава. Целта на повикот е да се поттикнат граѓанските организации поинтензивно да креираат и да спроведуваат активности што ќе влијаат на подигање на јавната свест и на видливоста на лицата со попреченост. Специфични цели на повикот се: - да се зајакнат капацитетите на локалните граѓански организации што ги застапуваат лицата со попреченост за комуникација со медиумите; - да им се дадат поголеми можности на граѓанските организации што ги застапуваат лицата со попреченост да влијаат врз јавната перцепција; - да се подобри видливоста и медиумското присуство на темите поврзани со правата на лицата со попреченост; - да се подигне граѓанската свест за вистинските проблеми на лицата со попреченост и да се придонесе кон позитивна перцепција на правата и социјалната инклузија на оваа категорија граѓани. Типовите активности со коишто граѓанските организации може да аплицираат се однесуваат на: - креирање кампањи за застапување и подигање на свеста; - продуцирање медиумски содржини што можат да придонесат кон подигање на јавната свест и видливоста на лицата со попреченост, како и на нивните интереси и проблеми; - консултации, тркалезни маси и состаноци со засегнатите страни на локално ниво; - олеснување на дијалогот за креирање политики (пр. со политичките партии, локалните власти, експертската заедница, медиумите итн.). Вкупниот буџет изнесува 32,000 евра, при што ќе бидат доделени најмногу 16 гранта по 2,000 евра. Времетраењето на активностите треба да биде максимум 8 месеци. За сите граѓански организации коишто ќе бидат избрани на повикот, ќе се организираат еднодневни обуки за правилата и процедурите за спроведување ЕУ грантови. Обуките ќе опфатат теми како: менаџирање проекти, правила за видливост, финансиско известување итн. Дополнително, на избраните граѓански организации ќе им биде понудена менторска поддршка со цел да им се помогне при спроведувањето на креативните медиумски кампањи за подигање на јавната свест. Ги покануваме сите заинтересирани организации да ги пополнат формуларите за аплицирање (во прилог). Крајниот рок за пријавување е 21 септември 2018 (петок) до 17 часот. Пријавите може да се достават по е-маил: mim@mim.org.mk или на адреса: Јуриј Гагарин 17-1/1, Скопје.     Формулар за аплицирање320.47 KB Буџет16.16 KB
Conf.cover.2206

Потребна е стратегија на државата за развој на медиумската сфера

Потребата од поширок институционален ангажман со цел утврдување на стратегиските цели во функционирањето и  развојот на медиумската сфера, утврдување краткорочни и долгорочни мерки за помош на опстанокот и развојот на регионалните, локалните медиуми, непрофитните и медиумите од помалите заедници, како и потребата од воведување субвенции за различни видови медиуми  и платформи кои тешко опстојуваат на пазарот, беа некои од темите на конференцијата „Стратегија за развој на медиумската сфера – потреби, предизвици, чинители“, што денеска ја организираше МИМ во соработка со Мировниот Институт од Љубљана. Повеќе сопственици и директори на медиуми, новинари, претставници од граѓанското општество, од  домашни и меѓународни институции дискутираа за иднината на аудиовизуелната медиумска индустрија и за стратегискиот развој на медиумската сфера во Македонија. На отворањето на настанот се обрати претставничката на Делегација на ЕУ во Скопје, Сања Фрковиќ-Гелевска, која истакна дека слободата на изразувањето и независните медиуми се меѓу клучните вредности на ЕУ. „Тие не треба да се само дел од законодавството, туку мора да живеат во пракса. Ова изискува артикулирано и доследно однесување на сите чинители, било да се тоа медиумските соопственици, уредниците, новинарите, регулаторните тела, законодавците, судската власт, политичките партии и граѓаните. Премисите од кои тргнува нашето размислување во креирањето на политиките, вклучително и во  медиумскиот сектор, мора да ги вклучува овие вредности, со сета комплексност на контекстот“, рече таа. На настанот беше претставена публикација со авторски текстови на седуммина сопственици и директори на национални и регионални телевизии, во која тие зборуваат за нивната визија за медиумската индустрија и бизнисот во наредните години, за тоа што очекуваат од државата и регулаторот во насока на подобрување на околината и на условите во кои работат, дали е возможно да функционираат слободно на медиумскиот пазар без релации со политичките и со бизнис-центрите на моќ, како и  за тоа што значи јавниот интерес за нив.  Во однос на стратегискиот развој на медиумската сфера, Бранкица Петковиќ од Мировниот институт од Љубљана истакна дека повеќе земји од регионот – Хрватска, Словенија, Србија и Црна Гора, подготвувале медиумски стратегии, што кај нив било во надлежност на министерствата за култура.  „Процесот треба да се води институционално и во него пред сè треба да бидат вклучени претставници на државните институции, кои се стручни и имаат познавања и искуство во сферата на медиумската политика,“ додава Петковиќ. Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, информираше дека во тек е подготовка на стратегија која повеќе ќе биде фокусирана на работењето на регулаторот во периодот 2018-2022. Сепак, истакна дека за нив претходно претставувало проблем што во законите не било утврдено  кој треба да ги усвои и да го координира имплементирањето на претходните две стратегии за развој на радиодифузната сфера што беа подготвени од страната на тогашниот Совет за радиодифузија. Трајчевски укажа на потребата прецизно да се утврди кој треба да го усвојува овој стратегиски документ, а според него, тоа треба да биде Владата или Собранието.       На тврдењата дека се намалува рекламниот пазар, Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на ТВ 24 Вести, коментира дека поголем проблем е недоволниот квалитет на програма што ја испорачуваат домашните медиуми, поради што рекламерите се селат на странски канали, главно спортски, кои се емитуваат во Македонија, и на гледачите им нудат многу поатрактивна и поинтересна програма. Тој истакна дека има доволно простор на пазарот и за други телевизии, но треба да се понуди квалитет и да се либерализира пазарот. За проблемите со кои што се соочуваат регионалните и локалните телевизии дискутираше Ирена Арнаудова, управител на ТВ М од Охрид која истакна дека државата и регулаторот треба да направат детална анализа на состојбата и условите во кои тие работат, а понуди и предлози како да се надминат предизвиците. „Сепак, за да се среди хаосот во медиумската сфера, тоа пред сè зависи од политичката волја“. На настанот се зборуваше и за иницијативата на Асоцијацијата на печатени медиуми со која се бараат субвенции од Владата за поддршка на весниците.  На оваа тема беше подготвена и анализа „Преглед на механизмите за субвенционирање на медиумите и новинарството во европските земји и македонското искуство“, што ја претстави авторот Мирче Јовановски, а Бранкица Петковиќ ги претстави и искуствата во регионот и во повеќе европски држави во кои постојат различни механизмите за доделување директни и индиректни субвенции на различни видови медиуми. Во тој контекст, Лирим Дулови, сопственик на дневниот весник Коха и претседател на Асоцијацијата, информираше за барањата на Асоцијацијата: весниците да бидат субвенционирани за половина од трошоците што секој медиум ќе ги има за печатење, како и половина од трошоците за дистрибуција, што ќе се докажува со фактури; дополнителни 20 отсто средства за  медиумите на помалите етнички заедници; претпријатијата каде што државата е акционер да издвојуваат еден дел од буџетот што ќе биде наменет за маркетинг во печатените медиуми и целосно ослободување од придонеси за социјално, пензиско и здравствено осигурување за нововработени во печатените медиуми во првите три години, а за постојните вработени ослободувањето да биде 50 отсто за период од три години. За состојбата кај онлајн-медиумите зборуваше Марина Костова, уредник на порталот СДК.МК, која истакна дека од стотина портали, на „прсти се бројат “ оние што може да се наречат професионалните дигитални редакции. Таа смета дека можноста за комерцијално работење на сериозните портали е речиси никаква и информираше дека нивната редакција доминантно се финансира од грантови.  „Проблемот е што рекламните агенции не прават разлика меѓу портали кои крадат содржини и професионални дигитални редакции кои создаваат содржини, па откупуваат рекламен простор секаде“, го објаснува Костова проблемот со кој се соочува нивната редакција.  На крајот беше заклучено дека овој тип дискусии мора да продолжи, со цел изнаоѓање ефикасни решенија за подобрување на исклучително тешката финансиска состојба со која се соочуваат најголем дел од медиумите и дефинирање на стратешките цели и оперативни планови со цел развој на дејноста. Конференцијата се организираше во рамки на проектот “ReForMediaMKD”, што во претходните две ипол години го спроведуваше МИМ, во партнерство со Мировниот институт од Словенија и со поддршка од Европската Унија. Фото-галеријата од настанот е достапна тука.
Ph3 003

Повик за доделување грантови на граѓански организации за промовирање на медиумската писменост

МИМ објавува повик за доделување грантови на граѓански организации (ГО) со цел да ја промовираат медиумската писменост. Грантовите треба да ги поддржат ГО во нивните напори да ги оспособат граѓаните критички да ги користат и одговорно да реагираат во однос на медиумските содржини што се поврзани со нивната област на делување. Цел на финансиската поддршка Да се зајакнат капацитетите на ГО за ефективно анализирање, оценување, употреба и креирање на медиумски содржини релевантни за нивната работа; Да се оспособат ГО самите да промовираат писменост за вести и дигитална писменост меѓу граѓаните. Типовите активности за коишто ГО може да аплицираат се однесуваат на имплементација на практични задачи поврзани со писменоста за вести и дигиталната писменост, како што се: мониторинг на медиумски содржини поврзани со прашања од нивната област на делување; креирање комуникациски планови и создавање медиумски содржини за информирање на публиката за нивните проблеми, како и за активностите што ги преземаат за справување со нив; начините на кои граѓаните може критички да ги употребат информациите и да се вклучат во јавната дебата на одговорен начин; креирање различни медиумски продукти (пример: текстови, фотографии, интернет-видеа итн.) со кои може да се подигне ефективноста и видливоста на нивните активности. Очекувани резултати од спроведените проекти ГО имаат воспоставени ефективни и редовни внатрешни процеси на анализа и евалуација на вести од медиумите што се релевантни за нивната работа; ГО создаваат квалитетни медиумски содржини; Државните институции, медиумите и медиумските саморегулаторни тела преземаат иницијативи врз основа на реакциите на ГО; Корисниците ја поддржуваат работата на ГО и бараат веродостојни информации од нив. Кои ГО може да аплицираат? На повикот може да аплицираат сите ГО кои во својот фокус ги имаат социјалните, еколошките, здравствените, потрошувачките прашања, како и оние кои ги застапуваат маргинализираните и социјалните категории граѓани. За финансиска поддршка преку овој повик може да се пријават граѓански и други непрофитни организации кои се регистрирани во државава. На повикот не може да се пријавуваат политички партии и религиски организации. ГО треба да имаат минимум двегодишно искуство во областа и во финансиското менаџирање.  Критериуми за доделување на грантовите и максимален буџет Сите апликанти ќе бидат евалуирани според претходно утврдени критериуми што ќе се однесуваат на предложениот проект и капацитетот на апликантот. Критериумите ќе вклучуваат: Јасна визија и мисија на апликантот; Релевантност на мисијата на апликантот за поширокото членство; Колку е демонстрирана заложба да се стигне до корисниците и да се учи низ процесот на спроведување на грантот; Капацитетот на апликантот да спроведува грантови. При изборот на апликантите ќе се обрне внимание на географската и тематската застапеност на граѓанските организации, како и на принципите на еднакви можности и инклузивност. Вкупниот буџет изнесува 48,000 евра. Ќе бидат доделени 6 гранта од по максимум 8,000 евра.  Времетраењето за спроведување на активностите треба да биде 18 месеци. Грантовите ќе ги покриваат трошоците директно поврзани со мониторинг на медиумите и креирање медиумски планови и продукти (вклучително плати и хонорари, патни трошоци, набавки за проектни активности и активности поврзани со обезбедување видливост на проектите и други директни трошоци за специфични програмски активности). Износот на административните трошоци во однос на вкупните директни трошоци на проектот може да биде максимално до 7%. За сите ГО коишто ќе бидат избрани на повикот, ќе бидат организирани обуки. Притоа, ќе биде обезбедена и менторска поддршка со цел полесно да ги имплементираат стекнатите знаења од обуките, што ќе им помогне при спроведувањето мониторинг и анализа на вестите и информациите, подготвувањето и доставувањето жалби до државните институции, саморегулаторните тела и до медиумските регулатори, како и при креирањето медиумски содржини за да ги информираат своите корисници и пошироката публика за проблемите и активностите. Заинтересираните организации треба да ги пополнат формуларите прикачени во прилог. Крајниот рок за пријавување е 20 јули, петок, до 17 часот. Пријавите може да се достават по е-маил, на адреса: mim@mim.org.mk или директно во просториите на МИМ, на адреса: Јуриј Гагарин, 17-1/1, Скопје. Овој повик се објавува во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, што го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.     1.Формулар за пријавување202.64 KB 2.Изјава од организацијата-апликант17.08 KB 3.Буџет17.36 KB  
DSC 5386 001

Мониторинг на централните вести: Само 7% од прилозите биле оригинални теми на самите редакции

За разлика од периодот од пред една година, разноликост во известувањето во вестите на најгледаните комерцијални телевизии и кај јавниот сервис постои, но таа денес, во услови на сменети политичко-општествени и медиумски услови, зависи од уредувачката политика на самите медиуми, нивната иницијативност и ангажираност во изборот и обработката на темите, како и од почитувањето на професионалните стандарди во чие средиште треба да биде јавниот интерес. Разноликоста во вестите на ТВ-каналите сè уште не претставува прашање на конкурентски натпревар во функција на јавниот интерес. Ова е заклучокот од мониторингот на осум ТВ-канали - шест најгледани комерцијални телевизии и на двата канала на Јавниот сервис, што беше спроведен од 19 до 25 февруари 2018 година, од страна на Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана. Мониторингот утврдува дека разликите биле најголеми во пристапот кон известувањето, што кај некои телевизии претставувал едноставно пренесување на информациите, а кај други коментаторско и субјективно толкување. Само на три телевизии бројот на прилози без позначителен новинарски ангажман бил под 50 отсто, а на МТВ 1 тој изнесувал над 90 отсто. Наодите упатуваат на тоа дека без оглед на жанровските специфики, карактеристичниот пристап во известувањето за актуелните теми или бројот на прилози за сопствени теми, телевизиите покажале преголеми сличности во темите на кои им даваат приоритет. Сепак, бројот на прилози за теми што излегуваат од рамката на дневното известување е премногу мал. Така на пример, oд вкупно 796 анализирани прилози, само 56 (7%) се однесувале на теми што ги отвориле и разработиле самите редакции. Според географската концентрација, телевизиите во три четвртини од прилозите се фокусираат на настаните што се случуваат во Скопје, за сметка на другите делови од државата. Истражувањето покажа дека недостасува поголем граѓански фокус во известувањето, односно наместо само да се пренесуваат информациите што доаѓаат од функционерите, треба да се прикаже каков ефект имаат случувањата врз граѓаните. Овие активности се дел од проектот „#РеФорМедиа - Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“ го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана, со финансиска поддршка од Европската Унија. Целосниот извештај од мониторингот е достапен во прилог. Анализа: Разноликост во известувањето на централните информативни2.48 MB
26.04.18.cover

Ефикасна саморегулација и медиумски писмени граѓани за одговорно комуницирање онлајн

Поттикнување на критичкото размислување и медиумската писменост кај корисниците на социјалните мрежи, подигнување на политичката култура на комуницирање, ефективна и независна саморегулација онлајн и доследна примена на законите се некои од предлозите во однос на решавањето на проблемите во комуникацијата во интернет-просторот, што беа истакнати на конференцијата „Права и обврски при комуницирање на Интернет“. Настанот го организираше МИМ во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и на Советот на Европа, со наслов „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.   Социјалните мрежи стануваат нов вид јавност со свои позитивни и негативни страни, но човечкиот фактор е пресуден во оваа комуникација, истакна Сеад Џигал, експерт за медиумска писменост и социјални медиуми. „Проблемот е тоа што корисниците на социјалните мрежи имаат неограничени права, но не и обврски, особено во локалниот контекст каде што законската легислатива или не се применува или се применува селективно и недоволно“, вели тој. Според него, треба да се подобрува комуникациската, медиумската и политичката култура во општеството, а решенијата на проблемите треба да се бараат во едукацијата, односно вклучување на овие теми во формалното и во неформалното образование, но и во етичкото лидерство,  што подразбира истакнување влијателни поединци и јавни личности како примери за одговорно однесување за помладите генерации. Надиа Беларди, независна експертка ги претстави стандардите на Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права и слободи, што се однесуваат на слободата на изразување, како и почитување на приватниот и семејниот живот и приватноста на информациите, истакнувајќи ја важноста од одржување рамнотежа меѓу нив. Таа се осврна на повеќе релевантни препораки на Комитетот на министри во однос на претставување на насилството во електронските медиуми, новото значење на медиумите, заштитата на човековите права во поглед на социјалните мрежи, слободата на интернет, како и на медиумскиот плурализам и транспаренстноста на медиумската сопственост, со акцент на влијанието на онлајн-платформите. Според Беларди, дезинформациите и говорот на омраза генерираат корисници колку и вестите или висококвалитетните содржини, пропагандата побрзо  се шири и прави повеќе штета, законите што го регулираат говорот на омраза може лесно да се злоупотребат и да ја  ограничат слободата на говорот, додека медиумските организации не можат да направат доволно да ги заштитат новинарите од говорот на омраза. Некои од „лековите“ за овие проблеми, Беларди ги гледа во поттикнување на критичкото мислење и информациската писменост, препознавање на веродостојните извори, разликување на промотивните содржини од фактите, имплементирање високи етички стандарди во новинарството и ефективна и независна саморегулација на социјалните медиуми. Новинарот и граѓански активист, Огнен Јанески, кој истакна дека и самиот често бил цел на говор на омраза и навреди на интернет, смета дека законите не ги заштитуваат корисниците на социјалните мрежи во реалноста. Според него, постоењето обврски и права не значи дека сите ги применуваат. Идејата за саморегулација е добра, вели тој, но треба да се најдат креативни начини како да се работи на подобрување на писменоста на корисниците на социјалните мрежи, а особено на младите и на оние кои шират говор на омраза. „Факти, проверени информации, статистики, линкови, контраргументи што ги рушат нивните аргументи и секогаш културен пристап и ниво на однесување“ е начинот што тој го препорачува за справување со оние кои се однесуваат недолично онлајн или, пак, во етерот.   Заеднички заклучок од конференцијата беше дека за говорот на омраза треба отворено да се зборува, со цел да се разобличи овој феномен и последиците од него. Корисниците на социјалните мрежи треба почесто да реагираат до саморегулаторното тело и до надлежните институции, со цел проблемот да стане повидлив и тие да се поттикнат да ги процесираат случаите. Од друга страна, проблемот може ефикасно да се адресира само преку спрега на институциите, односно граѓанскиот сектор, регулаторот, судството и институциите што имаат надлежност да се справуваат со проблемите на интернет. Фото-галеријата од настанот е достапна тука Презентацијата на Надиа Беларди е прикачена во прилог. Freedom of Expression Online5.9 MB
Povik 001

Отворен повик за аплицирање на граѓански организации што работат со лица со попреченост за учество на работилници

Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија организираат две тридневни работилници за граѓански организации што ги застапуваат правата на лицата со попреченост во земјава, а кои сакаат да ги подобрат своите комуникациски вештини користејќи ги онлајн и традиционалните медиуми. Двете работилниците што ќе се спроведуваат под мотото „Нека се чуе вашата порака!“ ќе имаат иста цел и дневен ред, а на секоја ќе може да учествуваат по 15 претставници од граѓанските организации што ќе се пријават на повикот. Ги покануваме сите заинтересирани да ги пополнат формуларите за аплицирање (во прилог) и да изберат на која работилница би сакале/би можеле да учествуваат (доколку ви одговараат двата термина, означете ги двата). Првата работилница ќе се одржи во Скопје од 3-5 мај 2018 година, додека втората во Охрид од 4-6 јуни 2018 година.  Некои од темите што ќе бидат опфатени на работилниците се: како да се привлече вниманието и како да се градат успешни релации со медиумите, развивање медиумски кампањи за застапување на темите поврзани со правата на лицата со попреченост, како да се заинтересираат медиумите за приказните на граѓанските организации итн. Учесниците ќе бидат запознаени и со медиумски алатки и техники за подигање на видливоста на нивните организации и за промовирање на нивните активности меѓу пошироката засегната јавност. Работилниците ќе имаат повеќе практичен пристап, при што една од целите е да им овозможат на сите учесници да развијат најмалку една идеја за медиумска кампања што би вклучувало дефинирање специфична тема, целна група и порака. Активностите ќе вклучуваат и менторска поддршка за вкупно 16 граѓански организации при натамошно развивање и имплементирање на нивните идеи за медиумските кампањи. Работилниците се организираат како дел од проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, чија цел е да се зголеми видливоста преку медиумите и да се подобри јавната перцепција на лицата со попреченост, како неопходен предуслов за нивно активно учество во јавниот живот и за еднаков третман при практикување на правата и слободите. Сите трошоци за патувањето и сместувањето на избраните учесници на работилниците ќе бидат покриени од организаторите. Контакт за сите дополнителни прашања и информации: vlado@poraka.org.mk и vesnanik@mim.org.mk. Ве молиме испратете ги Вашите пополнети апликации најдоцна до 26 април 2018 година на следниот контакт: ivana.jelaca@media-diversity.org. Успешните апликанти ќе бидат известени најдоцна до 27 април 2018 година.    Формулар за аплицирање1.02 MB
D.literacy

Како да се справиме со лажните вести

“Писменост за вести и дигитална писменост- Справување со лажните вести“ е насловот на проектот што Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон ќе го спроведуваат во следните три години, со финансиска поддршка од Европската Унија. Целта на проектот е преку унапредување на писменоста за вести и на дигиталната писменост, да се подобри ефективноста, одговорноста и етиката меѓу припадниците на граѓанското општество и на новинарите при користењето на правото на слобода на мислење и изразување. Проектот ќе придонесе кон зголемување на знаењето на граѓанските организации со цел да можат ефективно да се справуваат со лажните вести и неетичкото известување во медиумите, ќе им помогне на корисниците на социјалните медиуми да станат информирани консументи на онлајн вести и информации и активни граѓани кои одговорно се однесуваат онлајн. Исто така, проектот ќе поттикнува дебата за писменоста за вести и дигиталната писменост меѓу новинарите, со акцент на економските и социјалните услови за унапредување на слободата на изразување. Активностите се дизајнирани во насока на зајакнување на знаењата и капацитетите на целните групи, за тие да можат понатаму да ја промовираат писменоста за вести и дигиталната писменост, како во медиумската индустрија, така и меѓу пошироката публика. Дел од нив предвидуваат обуки, менторирање и регрантирање на граѓански организации, подготовка на стратегија за социјалните медиуми, како и истражување за мотивациите на корисниците на социјалните медиуми и разновидни едукативни ресурси (видеа, туторијали, блог-постови, онлајн квизови). Дополнително, ќе се спроведуваат кампањи и медиумски настани наменети за корисниците на социјалните медиуми, новинарите и граѓанските организации, ќе се организира годишна награда за медиуми кои го промовираат новинарството во јавен интерес и ќе се објавуваат месечни публикации за медиумските професионалци. Сите информации за активностите ќе бидат достапни на веб-страниците на МИМ, ИКС, ССНМ и МДИ, на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, како и на посебната веб-страница која ќе биде креирана во рамки на проектот.       
Nis17 001

Сторијата за паралелниот увоз на лекови на Менче Атанасова Точи првонаградена на конкурсот „Никола Младенов“ 2017

Менче Атаносова Точи го освои првото место на годинешниот конкурс на МИМ за новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија со серијалот текстови за сомнителниот паралелен увоз на лекови, објавени на интернет-порталот Нова ТВ. Истражувањето покажува сериозни злоупотреби од страна на институциите, манипулирање на граѓаните, богатење на одредени фармацевтски моќници, носење закони по терк на претходната власт, со образложение дека паралелниот увоз овозможува намалување на цената на лековите. Втората награда ја доби тимот новинари на БИРН Македонија за истражувањето „Странските инвестиции под лупа“, објавено на интернет-порталот Призма. Новинарите на БИРН и овозможија на јавноста сеопфатен увид во реалната вредност на инвестициите наспроти ветувањата и информациите од претходната влада, како и во неоправданото трошење на огромни суми од државниот буџет за поддршка на влезот на странски инвестиции. Годинава третата награда ја делат Петар Клинчарски, за сторијата „Изгубени во 1000 преводи“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М и Лиридона Вејсели за сторијата „Каде е штабот на џихадистите во Македонија?“ објавена на интернет-порталот  Журнал. Истражувањето на Клинчарски открива сериозни контроверзи и сомнежи за корупција во постапките за превод на стручни книги од странство, при што открива дека државни средства наменети за преводи на стручна литература се концентрирале во исти фирми блиски до претходната власт. Сторијата на Вејсели, пак, на јавноста и открива ексклузивни информации поврзани со начинот на врбување и регрутација на борци од земјава и она со што тие се соочиле на боиштата на блискиот исток и по враќањето дома. Комисијата одлучи да и додели пофалница на Славица Филиповска за демонстрираниот исклучителен новинарски израз и квалитетна обработка на сторијата „Колку време ни треба да го уништиме најстарото езеро во Европа?“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М. Оваа година, МИМ по 17-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. Деталниот извештај на комисијата која ги разгледуваше пријавените стории е достапен во прилог. Линковите од наградените стории се прикачени тука. Фото-галеријата од настанот е достапна тука. Извештај на жири-комисијата76.8 KB