Новости

Cover Mac Web

Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање дијалог

Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, на медиумските професионалци и активисти, како и на граѓаните со цел подобро да ги разберат трендовите и предизвиците поврзани со слободата и интегритетот на медиумите на Западен Балкан и Турција, се меѓу главните цели на регионалниот проект „Нашите медиуми“ што ќе се спроведува во следните три години (2023-2025). Проектот ќе се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција, од страна на партнерските организации коишто се дел од Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ), Медиацентар (Сараево), Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), а со финансиска поддршка од  Европската Унија. На почеток ќе бидат спроведени серија истражувачки активности коишто треба да ги идентификуваат главните трендови, ризици и можности за медиумска одржливост во регионот, како и да мапираат добри практики на медиумски активизам за поддршка на слободата на медиумите и на медиумската и информациската писменост (МИП). Наодите од истражувањето ќе се користат за зајакнување на капацитетите на медиумските организации и на други засегнати страни посветени на справување со предизвиците во медиумскиот сектор. Професионалниот капацитет на новинарите, медиумите и на медиумските организации ќе се адресира преку серија активности за застапување и ангажирање во рамки на националните коалиции за МИП. Локалните и националните медиуми и другите општествени актери ќе бидат поттикнати да известуваат за родовата нееднаквости во медиумите преку активности поврзани со медиумски активизам. Младите лидери ќе стекнат вештини за справување со штетни политики и ќе се информираат за практики за спротивставување на дискриминацијата и родовите стереотипи, како и за промовирање на родовата еднаквост преку нивната работа. Преку финансиска поддршка на граѓански организации во урбаните и руралните средини, проектот ќе настојува да допре до локалните заедници со цел да се унапредат вештините за МИП на граѓаните, да се промовира слободата и интегритетот на медиумите, но и за справување со поларизацијата што произлегува од пропагандата, говорот на омраза и дезинформациите. Проектот во бројки 200 претставници на граѓански организации ќе бидат обучени да генерираат ефективни практики за МИП, а најмалку 18 граѓански организации во урбаните и руралните средини во шесте земји ќе бидат поддржани со цел да делуваат на локално ниво преку спроведување акции поврзани со МИП. 70 медиумски професионалци и претставници на саморегулаторните тела ќе ги унапредат знаењата за состојбата со саморегулацијата во нивните земји и во регионот на Западен Балкан и ќе се информираат за потребите и можностите за унапредување на етичките кодекси и стандардите/практиките за саморегулација. 15.000 млади луѓе ќе бидат вклучени и ќе учат за медиумска и информациска писменост преку интерактивни квизови, а најмалку 500 ќе бидат вклучени во активностите на националната коалиција за МИП. 21 учесник (млади активисти, младински работници, едукатори, новинари, млади политичари) ќе ја подобрат компетентноста за медиумска писменост и активизам, вклучувајќи теми како што се: слобода и интегритет на медиумите, политичка економија на медиумите, медиумска екологија, дигитално учество.   Финансирано од Европската Унија Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија. Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.  
Izlozabastr

Во Струмица отворена мултимедијалната изложба „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“

„Европска куќа“ – Струмица во следните два месеца ќе биде домаќин на мултимедијалната изложба „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“. Изложбата се состои од серија постери, интерактивни апликации и анимации коишто им овозможуваат на посетителите да го преиспитаат нивниот однос со дигиталните технологии и да се соочат со предизвиците и опасностите што постојат во онлајн светот. На отворањето на изложбата, претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Александар Меламед посочи дека изложбата ни овозможува да видиме како се создаваат дезинформации и како одредени корисници се вклучуваат во ширење злонамерна или непроверена содржина на интернет. „Изложбата се осврнува и на приватноста и открива модели на тргување и манипулација со нашите сопствени податоци и различни видови дигитални отпечатоци што ги оставаме зад нас како корисници на интернет“, додаде Меламед. „Со својот уникатен пристап изложбата на крајот ќе ни помогне да разбереме дека нашата дигитална и онлајн средина оди многу подалеку од нејзините технолошки граници и дефиниции. Како што ќе видите, тоа е прилично сложено и политичко прашање што ги обликува нашите секојдневни рутини, начини на размислување и разбирање на нашите општества“, истакна Меламед. „Стаклена соба: Погрешни информации и манипулации на интернет“ во земјава ја организираат Македонскиот институт за медиуми и Делегацијата на Европската Унија, во соработка со организацијата Тактикал Тек (Tactical Tech) од Берлин, којашто го осмисли концептот и дизајнот на изложбата. Досега изложбата беше поставена во „Европска Куќа“ во Скопје и во Крива Паланка.
Nm Web Cover 22

Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2022“

Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Маја Јовановска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2022“, за сторијата „Нечиста крв“, емитувана на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ. Сторијата обелоденува загрижувачки податоци за начинот на којшто се третирале пациентите во една од приватните болници во државата за време на пандемијата со ковид-19. Новинарскиот производ содржи темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од многу релевантни извори и соговорници. Проблемот е објаснет на разбирлив начин, со придржување до професионалните и етичките новинарски стандарди, и заложба да се иницира институционално разрешување на детектираните неправилности. Сторијата, којашто предизвика лавина реакции во јавноста, е пример за конзистентно и доследно следење на проблематика од висок јавен интерес, со силен новинарски и тимски ангажман. Новинарката Кристина Атовска ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ за репортажата од војната во Украина на тема „Како изгледа животот во рововите на првата линија на огнот“, емитувана во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“. Низ видео репортажа, новинарката го прикажува животот на граѓаните во Украина, вклучително и на деца со попреченост, проблемите со кои тие се соочуваат и поддршката што ја добиваат од хуманитарните организации и индивидуи додека трае војната во оваа земја. Користејќи го само мобилниот телефон, без какви било дополнителни ресурси и можност да известува со поддршка од комплетна новинарска екипа, авторката ѝ овозможи на публиката на автентичен и креативен начин да го слушне гласот на оние што се најдоа на првите борбени линии и гласот на најранливите, обидувајќи се да испрати апел за солидарност и поддршка не само до домашната, туку и до јавноста на глобално ниво. Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети за фотографијата „’Врнежи’ од канцерогени материи во Тетово“, објавена на веб-страницата на „Дојче Веле“ на македонски јазик. Демонстрирајќи исклучителна креативност и естетски израз, фотографијата јасно и прецизно го илустрира проблемот со екстремно загадениот воздух во Тетово за време на минатогодишниот пожар во Тутунскиот комбинат. Доловувајќи ја драматичноста на амбиентот, фотографијата допира до гледачот и упатува јасна порака околу тежината на проблемот и неговите последици. На годинешниот конкурс пристигнаа: 16 стории, обработени во 77 текстови/видео прилози, во категоријата Најдобра истражувачка сторија; 18 теми во категоријата Најиновативен новинарски производ. 27 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Во 2021 година беа воведени уште две посебни категории - најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија. Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог. Извештај на жири-комисијата750.12 KB  Фото-галеријата од настанот е достапна тука.
Nagrada NIKOLA MLADENOV 2022 Cover Slika 850x470px 02

Новинарски награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2022“

Македонскиот институт за медиуми го објавува конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2022“. Ќе бидат доделени три годишни награди во следните категории: Најдобра истражувачка сторија Најиновативен новинарски производ Најдобра репортерска фотографија На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив. Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2022 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во нашата земја. Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу 3 фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција. Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера. Критериуми за избор А. Наградата за најдобра истражувачка сторија ги поддржува и ги промовира сториите кои: откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на организиран криминал, корупција, злоупотреба на моќта и прекршување на човековите права; демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници; ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување; настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции; се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди. Б. Наградата за најиновативен новинарски производ ги поттикнува и ги промовира новите форми на новинарско изразување, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии, со цел сториите да допрат до граѓаните, да ги едуцираат и да ги поттикнат да се ангажираат во решавање важни прашања од јавен интерес. Особено се охрабруваат новинарски производи што: успешно вклучуваат мултимедијални формати и креативни начини на раскажување/изразување (на пример, известување со користење мобилен телефон, вклучување аудио и видеоформати во текстот и сл.); користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.); користат нови начини/апликации за интеракција и за вклучување на публиката во изработката на сториите; се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди. В. Наградата за најдобра репортерска фотографија ги наградува и ги промовира професионалните фоторепортери кои: пријавиле фотографии што се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2022) година, објавени во медиуми што се регистрирани и работат во нашата земја; демонстрираат исклучителна креативност и естетски израз; не користеле техники на визуелна манипулација при фотографирањето, освен корекција на форматот (crop), корекција на светлина, боја и контраст (основни панел-алатки во Photoshop и LightRoom); доставените фотографии да се во дигитален .jpg формат, со 300 dpi резолуција; минималната резолуција на фотографијата да не е помала од 2.000 пиксели на подолгата страна; содржат информации за метадата; фотографијата мора да е авторско дело на пријавениот кандидат, а еден автор може да испрати најмногу до 3 фотографии. На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 40.000 денари, поединечно. Конкурсот е отворен до 1 март 2023. Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2022“. Пријавата се состои од: Пополнет формулар за соодветната категорија (достапни во прилог) Фотографија (доколку се аплицира за Најдобра репортерска фотографија) За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk А-Формулар за аплицирање за најдобра истражувачка сторија33.72 KB Б-Формулар за аплицирање за најиновативен новинарски производ33.75 KB В-Формулар за аплицирање за најдобра репортерска фотографија33.22 KB  
Web Mak

Документарен филм „Цената на вистината“

„Цената на вистината“ е документарен филм којшто обработува неколку случаи на брутални напади врз новинари во Србија и нивната повеќегодишна потрага по правда и заштита од институциите. Филмот ги следи животните приказни на новинарите Милан Јовановиќ, кој го изгуби својот дом во подметнат пожар, Владимир Митиќ, кој 18 години живее под полициска заштита и на истражувачката новинарка Јелена Зориќ, која поради објавена сторија се соочи со бројни вербални напади и притисоци. Валентина Делиќ, режисерка на филмот вели дека заедничко за сите три случаи е тоа што и покрај заканите, нападите и притисоците, новинарите не се откажале и продолжиле да ја работат својата работа. Таа смета дека новинарите кои се изложени на екстремно насилство мора да имаат специјален третман и не треба да бидат изложени на повторни трауми во текот на истрагите и судските постапки. Документарниот филм е продуциран во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување на дезинформации и пропаганда за ширење на омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт од Љубљана и Бианет.
Web Phot 1

Квалитетно информирање за поголема доверба во вакцините

Преку стратешко управување со погрешни информации и квалитетно медиумско известување до поголема доверба во вакцините, беше фокусот на дискусијата во рамки на конференцијата што ја организираше МИМ, во партнерство со канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Министерството за здравство, и со поддршка од УСАИД.   Настанот го отвори министерот за здравство, Беким Сали, а во дискусиите учествуваа реномирани лекари, фармацевти, експерти за комуникации и новинари, кои се осврнаа на актуелната состојба и приоритети со цел подобрување на информираноста на граѓаните во врска со вакцините.   Во рамки на конференцијата беше презентирана предлог-стратегија за поставување систем за управување со погрешни информации во врска со Ковид 19 и редовната вакцинација на деца, што ќе ја имплементира Министерството за здравство, а е изработена низ процес на широки консултации со сите релевантни чинители, вклучувајќи ги здравствените институции, граѓанскиот сектор и медиумите.
T Poseta 2

Претставници од медиумите и граѓанските организации на студиска посета во Брисел

Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми, од 27 до 30 ноември, организираа студиска посета на европските институции во Брисел наменета за претставници од медиумите и од граѓанскиот сектор во Северна Македонија. Целта на посетата беше учесниците да се информираат непосредно од претставници на европските институции за главните политики на Европската Унија во борбата против дезинформации и процесот на проширување, скринингот, преговарачкиот процес,  како и за други актуелни прашања. Во рамки на посетата, новинарите се сретнаа и разговараа со високи претставници на Европската служба за надворешна услуги („EEAS“), Работната група за Западен Балкан (Western Balkans Task Force) и други органи во рамки на Генералниот директорат, како што се „CNECT“ и „NEAR“.На состаноците  беа презентирани и два нови документа кои се особено релевантни за медиумите на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати, и се однесуваат на дигиталните услуги во ЕУ и слободата на медиумите. Групата имаше можност да го посети и претставништвото на Република Северна Македонија во НАТО и Европскиот парламент, кадешто се сретна со заменик-амбасадорот Дејан Велковски и известувачот на Европскиот парламент за нашата земја, Илхан Ќучук.
Using Laptop

Повик за доставување понуди за истражување на ставовите на младите во врска со погрешните информации

Македонскиот институт за медиуми објавува јавен повик за доставување понуди за спроведување истражување на ставовите на младите во врска со погрешните информации и манипулации во јавната сфера, особено на интернет. Понудувачот треба да спроведе телефонска анкета на репрезентативен случаен примерок за перцепциите на младите луѓе (15-34 години) од Источниот и Југоисточниот дел од земјата. Истражувањето треба да се спроведе најдоцна до крајот на годинава. Понудата треба да вклучува: Развивање и подготовка на прашалник. Истражувачката агенција во соработка со тимот истражувачи на МИМ ќе развие и ќе подготви прашалник; Дизајнирање репрезентативен примерок (број на испитаници, возраст на испитаниците, утврдување на времетраењето на анкетата); Спроведување на истражувањето на репрезентативен примерок. Истражувањето треба да се спроведе во текот на првата половина на декември 2022 година; Подготовка на извештај за наодите од истражувањето и вкрстување на податоците. Критериуми и рок за доставување на понудите На повикот може да учествуваат агенции за истражување кои имаат искуство со дизајнирање и спроведување телефонски анкети. Заинтересираните понудувачи можат да испратат понуда до МИМ исклучиво по електронски пат на следната е-пошта:  povici@mim.org.mk. Понудите треба да се испратат најдоцна до 30 ноември 2022 година (до 17:00 часот) и треба да содржат опис на услугата и цена. МИМ ќе одлучува врз основа на квалитетот на понудата, брзината на изработка, понудената цена и искуството на понудувачот. Kонтакт За повеќе информации: тел. 02 30 90 144 или на е-пошта: povici@mim.org.mk. Скопје, 16 ноември 2022  
Rovarot Iskustvoto Web 3

Документарен филм „Товарот на искуството“

„Товарот на искуството“ е документарен филм посветен на различните форми на вознемирување и закани врз новинарките при извршување на професионалните задачи. Преку личните приказни на новинарките Вања Стокиќ, Наташа Ковачев и Сербезе Хаџиај дознајте со што се соочуваат медиумските работници кога отвораат тешки теми, кога поставуваат провокативни прашања, кога го истражуваат системот, кога упатуваат на неправди. Документарниот филм е продуциран во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување на дезинформации и пропаганда за ширење на омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.