Ние, професионалните новинарски здруженија и граѓански организации од медиумскиот сектор категорично им се спротивставуваме на скорешните обиди за повторно враќање на државното рекламирање во медиумите. Нашата позиција доаѓа од експертската процена дека предложените измени ќе бидат исклучително штетни за медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и слободата на новинарите и медиумските работници во Македонија. Одлуката, сметаме, дополнително ќе ја засили коруптивната и клиентелистичка култура во медиумскиот систем и, како таква, ќе му направи штета на јавниот интерес и доброто владеење. Истовремено, изразуваме загриженост за начинот на кој е злоупотребена собраниската процедура за да се усвојат измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) по скратена постапка. Употребата на инструментот „Европско знаменце“ е, сметаме, недозволива во овој случај, бидејќи предложените измени немаат поврзаност со нужните реформи кои треба да водат кон хармонизација на медиумските закони на земјата со регулативите на Европската Унија. Конкретно, сметаме дека одлуката за овие законски измени да се расправа во скратена постапка е вон-стандардна постапка која има цел да ги задоволи барањата на тесна група од интерес, при што целосно се занемарени забелешките и барањата на новинарските професионалци, на меѓународните организации, како и на независните експерти ангажирани од ЕУ во процесот на медиумските реформи. Ова не е пропис кој треба да се усвојува со европско знаменце и по скратена постапка, а одредбите што во него се предложени не се поврзани со документите што се наведени во образложението доставено до Собранието. Напротив, предложените измени се спротивни на многу препораки и документи на Советот на Европа, на предложената Регулатива на Европската комисија за слобода на медиумите, на правилата на ЕУ за државна помош и на низа други документи. Затоа, зачудува објаснувањето на министерот Азир Алиу кој тврди дека предложените измени се во согласност со правото и стандардите на ЕУ. Предупредуваме дека воведувањето на државното рекламирање во приватните медиуми во Македонија значи враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото, со исклучително штетни последици за независноста на медиумите и пошироко за слободата на изразување. Со предложениот систем на распределба на јавните пари се воведува системска корупција во приватниот медиумски сектор, а наместо квалитетни вести и нова продукција на домашни содржини, граѓаните (за сопствените пари) ќе добиваат реклами на државните институции. За враќањето на овие погрешни политики во медиумскиот сектор, што претходно беа силно критикувани од сегашните партии на власт, предупредува и групата меѓународни здруженија и медиумски организации во неодамна објавениот Извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите во земјава, нагласувајќи дека: „државните рекламни кампањи носат со себе големи ризици за нарушување на уредувачката независност“. Во овој извештај, но и во препораките на ЕУ експертите, се нагласува и дека најсоодветна финансиска поддршка на медиумите во националниот медиумски контекст е формирањето Фонд за плурализам во медиумите, за што постојат повеќе успешни модели во Европа. Уште еднаш како и многупати последниве 15 години, нагласуваме дека е избран единствениот неефикасен и неприфатлив начин за подобрување на состојбата во медиумската сфера, и потенцираме дека за подобрување на состојбата во медиумите потребно е низ сеопфатна дебата да се изнајде начин за помош на медиумите насочен единствено преку поддршка на програмската продукција и на социо-економската положба на новинарите и медиумските работници. Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) Македонски институт за медиуми (МИМ) Институт за истражување на општествениот развој (РЕСИС) Институт за комуникациски студии (ИКС) Центар за развој на медиумите (ЦРМ)
Новости
Во следните два месеци во „Europe House“ Скопје, сите заинтересирани посетители ќе може да ја погледнат мултимедијалната изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет - стапица за вашите лични податоци“.
Изложбата се состои од илустрирани постери и видео анимации, осмислени и подготвени од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, коишто сликовито доловуваат какви сѐ типови податоци оставаме зад нас додека секојдневно користиме интернет.
На отворањето на изложбата, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, истакна дека е многу важно корисниците да бидат свесни како ги споделуваат своите податоци онлајн и додека ги користат дигиталните уреди. „Пораката не е дека не треба да ги користиме дигиталните уреди, туку како да бидеме свесни дека треба попаметно да ги користиме“, посочи амбасадорот Гир.
Веб-страниците, апликациите, социјалните медиуми и „паметните“ уреди постојано се стремат кон иста цел - да им обезбедат милијарди податоци на ИТ компаниите. Не какви било податоци, туку наши податоци. Токму затоа, исклучително важно е интернет-корисниците да знаат што навистина се случува зад екраните - во дигиталниот свет и зошто е важно да го контролираат својот живот онлајн.
Посетителите на изложбата ќе можат да дознаат зошто нашите телефонските броеви не се само наши, колку чинат „бесплатните“ апликации, како нѐ профилираат, што сѐ може да дознаат за нас преку секојдневните навики на користење и како функционира индустријата за податоци.
Изложбата ја организираат Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.
Во соработка со Албанскиот институт за медиуми од Тирана, во текот на септември и октомври организиравме програма за размена на знаење меѓу млади новинари и студенти по новинарство од Албанија и Македонија. Во програмата, што се одржа во Тирана, од 18 до 21 септември и во Скопје од 16 до 19 октомври, беа вклучени дваесетина млади новинари од двете земји кои заеднички истражуваа и обработуваа теми поврзани со говорот на омраза, наративите што поттикнуваат поделби и портретирањето на различностите во медиумите.
Новинарите од Албанија во Скопје ги посетија и редакциите на јавниот сервис Македонска радиотелевизија и дневниот весник Коха, каде што разговара со искусни новинари и уредници околу предизвиците со кои се среќаваат во секојдневното работење низ призма на инклузивноста и различностите во новинарското известување.
Оваа активност е поддржана преку Регионалната иницијатива на Обединетите Нации „Младите за инклузија, еднаквост и доверба“, чија цел е да ги поттикне младите да се вклучат во конструктивни дискусии, да го зајакнат меѓукултурниот дијалог, инклузијата, родовата еднаквост и да создаваат меѓусебно разбирање и доверба во регионот. Иницијативата се спроведува во соработка со УНЕСКО, Албанскиот институт за медиуми и Македонскиот институт за медиуми.
Како да известувате на теми поврзани со климатските промени и животната средина? Како да ги претставите податоците на разбирлив и атрактивен начин за да можете да ја заинтересирате публиката? Што се дезинформации за климата и како да направите проверка на фактите во врска со климатските промени? Какви се глобалните климатски политики наспроти локалната перспектива за климатските промени? Ова се некои од темите за кои ќе зборуваме на работилницата што ќе се одржи во Скопје на 31 октомври и 1 ноември 2023 година. Повикот е отворен за новинари од целата држава.
Работилницата ќе ја водат проф. д-р Наташа Марковска од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ и Александар Манасиев, долгогодишен новинар и уредник.
Новинарите-учесници на работилницата ќе имаат можност да аплицираат за финансиска поддршка при изработка на новинарски стории на теми од животната средина и климатските промени.
Сите заинтересирани за учество на работилницата можат да аплицираат најдоцна до 25 октомври 2023, со пополнување на формуларот за учество:
Младинскиот образовен форум (МОФ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) објавуваат повик за основање новинарски клубови (секции) во основните и во средните училишта од државава. Новинарските клубови се реализираат во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Опис на активностите
Новинарските клубови треба да вклучуваат едукативни и практични активности кои ќе се одвиваат во рамки на воннаставните активности. Притоа, учениците ќе учат како да создаваат веродостојни, објективни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми кои се од интерес на младите. Новинарските клубови треба да се состануваат еднаш во неделата во периодот од декември 2023 година до мај 2024 година. Со нив ќе раководи еден наставник од училишниот колектив, кој ќе ја организира работата на клубот. Наставниците ќе добијат однапред подготвена програма, со насоки и практични вежби што ќе можат да ги реализираат во рамки на новинарските клубови. Програмата ќе ги опфати следните теми:
Новинарството како професија – што значи да се биде новинар (улогата на новинарството, новинарски стандарди, уредувачка политика)
Новинарски жанрови (вест, извештај, интервју)
Медиумска писменост (концепт, елементи, вештини)
Дезинформации, погрешни информации и штетни информации
Проверка на информациите и фото-форензика
Нови медиуми
Креирање медиумски содржини за различни медиумски платформи.
На крајот на училишната година ќе биде објавен конкурс за најдобар медиумски производ подготвен од страна на новинарските клубови од основните и од средните училишта.
Услови за аплицирање
На повикот може да аплицираат наставници од средните и од основните училишта, кои ќе ги водат новинарските клубови. Тие треба да поднесат формална апликација, со одобрување од училиштето од кое доаѓаат. Апликацијата треба да содржи:
– Информации за училиштето и наставникот;
– Писмо за мотивација во која се објаснува зошто сакате да основате новинарски клуб во вашето училиште;
– Информации за релевантното искуство на наставникот поврзано со областите на медиумите, новинарството, медиумската писменост или други сродни области.
Рокот за аплицирање е до 23.10.2023 (понеделник) до 23:59 часот.
Сите заинтересирани училишта може да аплицираат на мејл-адресата mila_ristanovska@mof.org.mk со назнака: Апликација за основање новинарски клуб – Име на училиштето.
На повикот ќе бидат избрани десет средни и десет основни училишта кои ќе добијат поддршка за основање новинарски клубови. Училиштата коишто ќе бидат избрани на повикот ќе бидат известени најдоцна до 27 октомври 2023 година. Пред почеток на работата на новинарските клубови, МОФ и МИМ ќе организираат обука за наставниците кои ќе раководат со нив.
За сите дополнителни информации и прашања, може да се обратите на Мила Ристановска, на следната маил-адреса: mila_ristanovska@mof.org.mk.
ИРЕКС, Бирото за развој на образованието и Македонскиот институт за медиуми, во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, ја промовираа Рамката за медиумска писменост во основното образование. Документот ги содржи наставните програми за одделни предмети од 1 до 9 одделение во кои медиумската писменост е вклучена како посебна тема со дефинирани резултати од учењето, содржини и стандарди за оценување. Од 2020 година медиумската писменост е дел од наставните програми во наставниот предмет мајчин јазик, а преку разни стандарди и активности, е вклучена и во другите предмети во сите одделенија во основното образование. Целта на овие новини е да се поттикнува и развива критичкото мислење кај учениците преку нови наставни методи кои вклучуваат користење и создавање медиумски содржини.
„Од денес имаме конкретна рамка за медиумска писменост во основното образование и посакувам успешна имплементација и постигнување на целите кои таа ги дефинира. Претходно имавме подготвено прирачник за медиумска писменост за родители и старатели, како и речник за медиумска писменост. Како што расте предизвикот да се препознаваат и селектираат точни информации, така ние сме се повеќе и подобро подготвени за да одговориме и да се справиме со лажните информации“, истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Тој нагласи дека во процесот на вклучување на медиумската писменост во основното образование клучна улога имаат наставниците на кои им се потребни насоки и материјали за успешно да можат да ги пренесат овие содржини на учениците.
Директорката на канцеларијата за општ развој на УСАИД, Дон Кармин, рече дека американската влада инвестира во унапредување на медиумската писменост затоа што критичкото мислење е суштинско за создавање информирано и ангажирано општество и за зајакнување на демократијата.
„Живееме во време кога има премногу информации, а погрешните и штетните информации коишто циркулираат онлајн и на традиционалните медиуми можат штетно да влијаат врз нашите одлуки во реалноста. Можат да влијаат врз одлуките за тоа која храна ќе ја консумираме, кои лекарства ќе ги користиме или за кој политичар ќе гласаме“, истакна Кармин.
Рамката за медиумска писменост во основното образование ја презентираше професорката Виолета Петроска-Бешка, која беше дел од работната група од БРО, ИРЕКС и МИМ за подготовка на овој документ.
„Со вклучување на медиумската писменост во образованието, учениците се оспособуваат критички да размислуваат, паметно да ги користат информациите, да креираат содржини на одговорен начин, да ја препознаваат улогата на медиумите во сопствената култура“, посочи Петроска-Бешка. Притоа, и самите наставници треба да бидат медиумски писмени, за што им е потребна обука во текот на нивното образование, но и како дел од нивниот професионален развој, истакна таа.
Во рамки на настанот беше организирана панел-дискусијата „Вклучување на медиумската писменост во основното образование - искуства и предизвици“ на која наставници вклучени во проектот како обучувачи, зборуваа за искуствата и предизвиците со кои се соочуваат кога предаваат теми поврзани со медиумската писменост.
ИРЕКС и МИМ во соработка со Бирото за развој на образованието и со Министерството за образование и наука од септември 2023 година спроведуваат обуки за медиумска писменост наменети за сите одделенски наставници и за наставниците по мајчин јазик од 6 до 9 одделение од целата држава. Наскоро ќе бидат објавени и прирачници кои се однесуваат на наставната програма од 1 до 5 одделение.
Настанот беше организиран во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ што го спроведуваат ИРЕКС и локалните партнери Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, со соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.
Рамка за медиумска писменост во основното образование423.18 KBKornizë për edukim mediatik në arsimin fillor_ALB419.63 KB
Новинарските и медиумски здруженија најостро ги осудуваат грубите навреди и дисквалификации кон новинарите на ИРЛ во денешното соопштение до медиумите на компанијата ,,Брако”, а во врска со најновата епизода на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) насловена како ,,Убиство во Тетово“.
Авторот на ова соопштение, наместо да и образложи на јавноста, односно да демантира поединечни тези од емисијата, и да даде одговори за сериозните обвинувања, за кои има и тековни постапки на истражните органи, прави обид за цензура. Според тонот на соопштението, очигледно е дека целта е јавна дискредитација на критичките новинари и создавање култура на страв при спомнување на економски моќни компании:
,,…монструозни идеи на групата ИРЛ, која со последната лажна конструкција покажа дека е срам за луѓето кои професионално работат во новинарството и дека недвосмислено станува канцер за здравото економско ткиво на државата”, се вели во дел од соопштението.
Ваквиот начин на комуникација недвосмислено претставува притисок кон истражувачкото новинарство и обид за обесхрабрување на сите новинари и медиуми да се интересираат и да истражуваат теми кои се поврзани со корупцијата, владеењето на правото и злоупотребата на позицијата на моќ.
Потсетуваме дека изминатава недела имаше неколку реакции (меѓу кои и од јавното обвинителство) кои се однесуваа на споменатата истражувачка сторија, и сите, наместо укажување или демантирање на објавените информации изобилуваа со дискредитации и навреди што е недозволива јавна комуникација.
Ги повикуваме и медиумите да имаат општествена одговорност, да работат во интерес на јавноста и граѓаните, и да не подлегнуваат на притисоците кои економски моќници ги вршат врз сопствениците на медиумите.
За сево ова, за притисоците врз истражувачките новинари, за обидите за креирање на атмосфера на страв и недоверба кон медиумите, еснафските здруженија од Македонија ќе ги информираат и партнерските здруженија, Меѓународната и Европската федерација на новинари.
Потсетуваме дека доколку било кој граѓанин, вклучително и сопственици на компании или обвинители кои имаат некаков проблем со медиумска објава од било кој медиум, постојат законски механизми за заштита, како што е барање на исправка или демант. Освен ова на располагање се и медиумските саморегулативни механизми преку Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).
Професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор повторно упатуваат најостра реакција во врска со начинот на кој Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) го води процесот на јавна дебата за дополнително предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) со кои се предлага повторно воведување на т.н. државно рекламирање во земјава.
Ние сме против повторното воведување на праксата на трошење јавни пари во приватните медиуми, што во минатото се покажа како погубна за независната уредувачка политика на овие медиуми, за независното новинарство и за состојбата на медиумскиот пазар.
Ние сме против законски решенија кои го фаворизираат само интересот на дел од приватниот медиумски сектор и ја занемаруваат критичката улога на новинарството во демократијата и јавниот интерес на сите граѓани.
Нагласуваме дека овие решенија се во целост спротивни на стандардите на Европската комисија, а особено на новата предлог – Регулатива за слободата на медиумите во која е јасно наведено дека европскиот пазар се нарушува со нетранспарентната и неправична распределба на јавни средства за државно огласување, особено кога тие средства преференцијално се доделуваат на водечки национални медиуми или се користат за тајно фаворизирање или субвенционирање на медиуми кои пренесуваат ставови блиски на актуелната власт.
Ние сме за законски решенија со кои ќе се поттикне разновидноста на квалитетни содржини и ќе се поддржи независното и професионално новинарство и во непрофитниот и во приватниот сектор – а тоа е можно преку воведување Фонд за плурализам на медиумски содржини.
Ние располагаме со капацитети, знаење и меѓународни искуства да изработиме квалитетни предлози со кои ќе се подобри статусот на медиумските работници, ќе се опфатат сите чинители во индустријата без да се фаворизираат страни, а се со цел да се зајакне неоспорната независност на новинарската дејност.
Особено загрижува тенденцијата со која Владата, од една страна, се договара и му ветува на приватниот медиумски сектор дека ќе ја воведе повторно оваа пракса, а од друга страна одговорноста за тоа што не е досега воведена ја префрла на здруженијата и организациите кои се конзистентни во принципиелниот став дека се против праксата со јавни пари да се плаќаат кампањи во приватните медиуми. Дополнително, овој предлог е изработен на нетранспарентен начин без експертска поддршка и затоа истиот треба да биде повлечен.
Од овие причини, ја информираме јавноста и надлежните институции дека нема да учествуваме на денешната јавна расправа во организација на МИОА со која се сака да се прикаже лажна транспарентност за процес за кој во општеството не постои ниту минимален консензус.
Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)
Македонски институт за медиуми (МИМ)
Институт за истражување на општествениот развој (РЕСИС)
Здружение на регионални и локални медиуми „Медиум Објектив“
Институт за комуникациски студии (ИКС)
19.07.2023 година, Скопје
Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, е можност повторно да ја нагласиме исклучително важната улога што медиумите и новинарството ја имаат во развојот на демократијата и просперитетот на нашето општество.
Да не заборавиме: Новинарството е јавно добро и за него треба да се грижиме сите!
Обврска на новинарите е да работат во согласност со највисоките професионални и етички стандарди, а на државата да обезбеди услови за нивно непречено функционирање. Преку своите медиумски политики, државата треба да поттикнува раст, развој, одржливост и плурализам во оваа исклучително важна сфера на општеството.
Транспарентноста на институциите е предуслов за да можат новинарите навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите прашања од јавен интерес. Без транспарентни институции, новинарите не можат да ја извршуваат својата работа, а тоа, меѓу другото, остава простор за ширење дезинформации, со кои се манипулираат граѓаните и се создаваат проблеми со далекусежни, негативни последици врз целото општество.
Политичките притисоци врз медиумите и новинарите се проблем со којшто нашата држава речиси три децении не може да се справи. Владите се менуваат, но партиите не се откажуваат од вкоренетата (не)култура на користење на медиумите како алатка за освојување и одржување на власта, наместо како инструмент за еманципација на граѓаните.
Од друга страна, технолошките иновации и развојот на вештачката интелигенција од темел го менуваат начинот на функционирање на медиумските системи ширум светот.
Листата на задачи кои е неопходно да се спроведат, за да се решат системските проблеми и да се подобрат состојбите во оваа сфера е долга, а нејзината основа е во тнр. Извештај на Прибе, од 2016 година. Од тогаш до денес, за жал, многу малку е преземено од страна на актуелната власт, но и на сите пратеници во парламентот, кои веќе 4 години не успеваат да ги донесат одлуките со кои можат да се поттикнат реформи во клучните медиумски институции - регулаторот и јавниот сервис.
Итно ни се потребни проактивни медиумски политики што ќе ги придвижат процесите и ќе придонесат нашата медиумска индустрија да се адаптира кон европските и светските текови. Тоа ќе претставува поттик, но и обврска за самите медиуми да вложуваат во својот професионален и технолошки развој и да станат влијателни општествени актери и вистински чувари на демократијата.
Охрабрува посветеноста на образовните институции кон едукација на младите во сферата на медиумската писменост и реформа на наставните програми во тој правец, којашто успешно се спроведува изминатите две години, бидејќи тоа е влог во иднината и во развојот на државата.
Македонскиот институт за медиуми се придружува кон глобалното одбележување на светскиот ден на слободата на медиумите инициран од УНЕСКО, под мотото „Слободата на изразување е двигател на сите останати човекови права“ и бара од властите, институциите, бизнис заедницата, политичките партии, граѓаните и медиумите поголема поддршка, ангажман и посветеност во решавање на проблемите и справување со предизвиците во медиумската сфера.
Честит 3 мај на сите новинари и медиумски работници!