Илјадници информации со само едно пребарување, дел од нив дезинформации, дел лажни вести, сите на штета на консументите. Дигитална ера, виртуелен свет, безброј можности на интернет-мрежата, која го олеснува секојдневниот живот правејќи со еден клик да се заврши многу работа. Истовремено, хаос од информации, кои преку, исто така, еден клик на примамливиот, најчесто сензационалистички наслов, водат до море од дезинформации и лажни вести, кои покрај недостаток од медиумска писменост, влијаат погубно врз консументите, јавното мислење и довербата во институциите.
Социјалните мрежи се новиот начин на комуникација, интеракција, дејствување. Дел од секојдневието на повеќе од три милијарди луѓе, кои, според последните истражувања од 2020 година, активно користат социјални мрежи.
На интернет денес постојат стотици социјални мрежи што поддржуваат широк опсег интереси и практики. На социјалните мрежи луѓето можат да зборуваат за своите чувства, идеи и креации. Преку нив тие ги добиваат основните информации за живот, ги реализираат обврските преку сè повеќе достапните онлајн услуги и ги исполнуваат своите животни потреби. Низ сето тоа, тие се сретнуваат со безброј информации, кои многу често знаат да бидат невистинити. Како такви, тие најчесто имаат цел да нарушат углед или да остварат профит.
Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности вели дека постојат повеќе тези за тоа зошто на социјалните мрежи најмногу се шират неточни информации, дезинформации или злонамерни информации.
– Кога станува збор за поединци, нивните мотиви можат да бидат најразлични. Може тоа да бидат т.н. тролови, кои намерно објавуваат пораки со кои предизвикуваат недоразбирања, вознемиреност или лутина кај другите луѓе. Или, пак, може да се луѓе што невистинитите информации ги шират ненамерно – вели таа.
Ако, пак, станува збор за ширење вакви информации од центри на моќ, на пример политички или комерцијални субјекти, како што вели, целта им е да остварат влијание, при што вака поевтино и побргу стигнуваат до поголема таргетирана публика, односно луѓе што алгоритмите, врз основа на некои нивни карактеристики или ставови, за кои програмата „научува“ од нивното претходно однесување на интернет, ги сместуваат во групи.
Бојан Кордалов, комуниколог специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека главната причина поради која социјалните медиуми најдиректно се поврзуваат со лажните вести е брзината со која денес може да патува информацијата преку различните интернет-платформи.
– Важно е да се потенцира дека лажните вести ги шират луѓе, односно субјекти што имаат свое име и презиме или идентитет, а не самите социјални медиуми. Бидејќи социјалните медиуми „per se“ се само обичен канал или простор што овозможува онлајн комуникација. Како ќе се исполни тој простор, како ќе се искористи овој канал и кои пораки ќе се пласираат, зависи од секој од нас – вели Кордалов.
Тој посочува дека е важно да констатираме дека одредени луѓе шират или учествуваат во распространување лажни вести, а не дека тоа го прават социјалните медиуми, бидејќи, според него, ако ја констатираме фактичката состојба, тогаш ќе можеме и да ги менуваме работите на подобро и да бидеме чекор понапред во борбата со лажните вести кои ги поткопуваат јавните институции (платени од секој од нас), како и демократските процеси, кои се од интерес на секој од нас.
Превенцијата возможна, медиумската писменост неопходна
Покрај влијанието и распространетоста на социјалните мрежи, се менува и регулативата и нивното уредување. Постојано се ревидираат политиките на користење на социјалните мрежи и се поставуваат нови рестрикции кон креаторите на дезинформациите и на лажните вести. Регулативата зема сè поголем замав, особено во делот на заштитата на личните податоци на интернет.
Камењарова и Кордалов се согласни дека превенцијата на дезинформациите и на лажните вести е можна, меѓутоа, медиумската писменост, според нив, е неопходен дел од неа.
На долг рок, Кордалов ги издвојува образовниот систем и медиумската слобода.
– Тоа значи дека треба да создадеме образование приспособено на потребите и навиките на учениците и студентите, кое ќе се базира на технолошкиот напредок, но и на правото на избор за начинот на кој секој ученик најдобро учи и ги развива своите критички и креативни вештини во размислувањето и расудувањето – вели тој.
Според него, слободата на медиумите, но и генерално корпусот на човекови права и слободи мора секојдневно да се унапредува, бидејќи само слободни граѓани можат да градат слободна мисла, личен став и интегритет, а развивањето на овие карактеристики е исто така клучно за долгорочна и целосна победа против лажните вести и теориите на заговор.
Камењарова вели дека превенцијата има повеќе сегменти, а во Агенцијата сметаат дека исклучително важно е да се работи на градење и континуирано подигнување на нивото на медиумска писменост кај граѓаните од сите генерации. Тоа, според нив, ќе се постигне со различни активности насочени кон развивање четири компетенции, кои ги имаат дефинирано во Политиката за медиумска писменост на АВМУ. Тука ги вбројуваат критичката свесност за комерцијалниот или за политичкиот интерес што стои зад содржините на кои сме изложени, која се јакне така што ги развиваме својот интегритет, етика, емпатија и праведност, кои потоа ги користиме кога ги проценуваме медиумските содржини. Свесноста за улогата на емоциите во комуницирањето, особено во онлајн комуникацијата. Дигитална добросостојба – односно оспособеноста на луѓето да ги користат и да владеат со новите технологии безбедно и сигурно, и полноправно граѓанство – односно граѓани што активно учествуваат во демократското општество, што во услови кога интернетот го направи светот подостижен од кога било, се однесува не само на активност во сопствената држава, туку и меѓународно.
Расте свесноста за злоупотребата на слободата на изразување на интернет, растат и мерките
Како што расте свесноста за злоупотребата на слободата на изразување на интернет преку ширење неточни информации, дезинформации или злонамерни информации, така, на европско ниво, се предвидуваат сѐ повеќе мерки. Веќе неколку години постои Кодексот против дезинформации (Code of Practice on Disinformation), кој е потпишан меѓу Европската комисија и Фејсбук, Гугл, Твитер, Мозила, Мајкрософт, ТикТок, претставници на рекламната индустрија. Преку Кодексот, тие преземаат низа обврски, меѓу кои и да обезбедат транспарентност на политичкото рекламирање, затворање на лажните профили, демонетизација на ширачите на „лажни вести“, а за мерките што ги преземаат, поднесуваат извештаи до Европската комисија.
На меѓународно ниво постои и Мрежа за проверка на факти, која се заснова на утврдена методологија од Фејсбук и во која професионални организации од повеќе од 75 земји од целиот свет вршат идентификување на потенцијалните лажни вести, преглед на фактите содржани во идентификуваните лажни вести, а за тоа го известуваат Фејсбук, кој понатаму одлучува како ќе дејствува во врска со видливоста на тие содржини на мрежата.
Камењарова споделува и дека социјалните мрежи веќе се влезени во европската Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, во оние случаи кога преку нив се споделуваат видеа. Република Северна Македонија има обврска да го усогласи своето законодавство со она на ЕУ – и тоа е процес што нѐ очекува.
– Во ЕУ, во тек е колегислативниот процес за усвојување на регулативата за онлајн содржините и дигиталната економија, односно Актот за дигитални услуги (Digital Services Act) и Актот за дигитални пазари (Digital Markets Act), чија цел е да ги унапредат правилата за дигиталните услуги во ЕУ – споделува таа.
Во делот на саморегулацијата, во поглед на онлајн медиумите, таа истакнува дека е важно да се поддржи Регистарот на Советот за етика на медиумите на Македонија и на Здружението на новинари на Македонија, и тоа особено од компаниите и од огласувачите.
Кордалов, исто така, смeта дека преземањето на меѓународните акти и целосна меѓународна соработка на нашите институции со европските и со светските, се најдобрата практика што можеме да ја преземеме и да ја примениме во овој домен и, според него, дури и со постојната регулатива можеме да имаме ефикасна борба во овој домен, само доколку правилно ја комуницираме темата и доколку овозможиме јавни услуги од кои секој граѓанин ќе биде задоволен.
– Залудно е и најдоброто законодавство доколку продолжат процесите на партизација на институциите и недавање шанса на професионалците и на луѓето со интегритет во нив. А, верувајте, многу ги има. Но, во систем на брутална бирократизација, тие луѓе никогаш нема да испливаат на површина. Ако се воведе систем на јавност преку дигитална транспарентност и отчетност, состојбата веднаш ќе се промени. Односно, самиот систем на површина ќе ги стави вредните и способните, а ќе ги отфрли оние што ги кочат граѓаните во остварување на своите права, но и оневозможуваат со децении цели генерации луѓе да живеат достоинствен живот – вели Кордалов.
Воочливо е дека „новинарската патка“, која значи лажна вест, забранета и осудувана појава, е сè поредовна во секојдневието на луѓето. Дополнително, интернетот и социјалните мрежи ѝ овозможуваат сè повеќе простор за нејзино пливање. Колку такви „новинарски патки“ ќе оставиме безгрижно да пливаат во морето информации, зависи од усогласувањето на законодавството, неговата примена и, најмногу од сè, од медиумската писменост на секој од нас.
Автор: Ангела Рајчевска
-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Активизам
Короната не постои, маските можат да убијат, вакцините содржат микрочипови, опасни се и имаат штетни ефекти – на овие и безброј слични дезинформации наидуваме секојдневно во инфодемијата поврзана со пандемијата со ковид-19. Дел од нив нанесуваат мошне штетни последици по општото здравје и ја разнишуваат довербата на луѓето во врска со сè што се презема за да се спречи пандемијата со ковид-19.
Инфодемијата за ковид-19 се шири паралелно со ширењето на вирусот и последиците од него. Медиумите непрестајно пласираат вести, јавноста е преплавена со информации помеѓу кои често знае да се најде и некој непроверен факт што дезинформира и под притисок на „безизлезната“ ситуација, често станува вистина во која веруваат многу луѓе.
Сето тоа ги води граѓаните до неверување на постојните мерки и препораки и загрозување на своето и здравјето на околината. Сè поради една (дез)информација.
Советот за етика во медиумите продолжи да добива претставки и во текот на пандемијата, со тоа што најголемиот дел од нив, како што велат, се однесувале на едностраното и на сензационалистичкото информирање во медиумите.
– Се пријавуваа новинарски содржини во коишто се пласирале информации за постоењето евентуален лек против короната, содржини што ги поддржуваат таканаречените теории на заговор, непроверени информации од социјалните мрежи, потоа текстови во коишто се поврзани со политички пресметки и обвинувања во однос на начините на справување со пандемијата, и така натаму – вели Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ.
Професорот д-р Никола Пановски вели дека на почетокот од пандемијата, 30 проценти од населението во Македонија не верувало дека воопшто постои болеста, а по 5.500 смртни случаи, 10 проценти сè уште не веруваат во тоа. Дел од вината тој ја лоцира во неснаоѓањето на Светската здравствена организација со контрадикторни и, според него, честопати ненаучни ставови.
– Еве само еден пример, науката докажува дека природно стекнатиот имунитет е долготраен, веројатно доживотен, а СЗО форсира вештачки имунитет кај сите, вклучително и кај прележаните, што е спротивно на сите досегашни искуства – вели тој.
Така, кај нас врз база на оваа дезинформација, како што вели, пред сè се вакцинираа прележаните и природно имунизирани. Како друг пример д-р Пановски го издвојува носењето маска на отворено, кога лицето е сосема само, со образложение дека вирусот се ширел од улична прашина, при што посочува дека тоа некој ќе си го објасни со „ни пуштаат вирус преку авиони“.
– Дел од луѓето се плашеа да одат во болница, огромен дел сè уште се плашат да примат вакцина. На пример, дезинформациите за „Астра-Зенека“, кои пред сè беа мотивирани од финансиски причини, однесоа десетици животи во март годинава, кога тие одбија да ја примат, па ги зафати пролетниот бран – вели тој.
Пласирањето дезинформации поврзани со ковид-19, помеѓу битката да се биде прв и мотивот да се „оцрни“ политичкиот противник
Битката да се биде брз во објавувањето одредени информации, предизвика објавување непроверени информации, кои често знаеја да предизвикаат паника.
Ова го потврдуваат од СЕММ, при што велат дека таа битка изискува да не се верификуваат содржините на коишто се наидува, а особено доколку тие потекнуваат од социјалните мрежи. Понатаму, како што велат, имајќи предвид дека дезинформациите се „плод“ на свесната намера за ширење погрешни информации, јасно е дека тие се создаваат и со некаков мотив, било да е тоа мотив да се „оцрни“ политичкиот противник, да се поткрепат „теориите“ дека коронавирусот не постои или дека е нечија измислица, да се поддржат „антиваксерските“ ставови итн. Понекогаш, дополнуваат, таквите содржини произлегуваат и кога постои таканаречен информативен вакуум, односно недоволно и нередовно информирање во јавноста од надлежните институции или, пак, кога постои ограничен пристап до информации.
Д-р Пановски, пак, вели дека лицата што не веруваат во постоењето на вирусот, се и негови главни пренесувачи.
– Кога на огромниот број дезинформации и лажни вести ќе се накалеми СЗО со препорака за носење ракавици кај целото население, мерка што нема врска со здравиот памет, се случува тоа што се случи, или кога им требаа 6 месеци за да прифатат дека вирусот се шири преку аеросоли, па да препорачаат носење маска – вели тој.
Вакцината за имунизација од дезинформации постои, важно е да се почитуваат препораките
Струката и науката, пред сè, без калкулации, финансиски или политички мотивирани. Искреноста и вистината, ги издвојува Д-р Пановски како неопходни во справувањето со ширење дезинформации поврзани со ковид-19. Објаснувањето и одговорите, дијалогот, упорноста, фактите и бројките ги издвојува како неизоставен дел од таа цел.
Од СЕММ велат дека е мошне важно откако ќе се препознаат таквите содржини, да не се споделуваат, а со тоа и да се спречи нивното натамошно ширење.
– Многу е важна улогата на медиумската писменост и создавањето вештини за критичка процена на новинарските содржини, што на луѓето ќе им помогнат да проценат што е она што го заслужува нивното внимание, а што е она што треба да биде отфрлено, велат оттаму.
Како дел од решенијата за овие проблеми, ги издвојуваат користењето алтернативни извори на информации, веродостојни и проверени извори на информации, внимателно консумирање на содржините од социјалните мрежи.
Сите овие дезинформации и нивното мултиплицирање преку префрлувањето од еден медиум на друг, стигнаа до широката публика и предизвикаа сериозни промени на ставовите и на однесувањето кај луѓето, до степен да предизвикуваат штети по нивното и по здравјето на другите. Имунизацијата против дезинформациите за ковид-19 е неопходна, тоа го покажува и Индексот на медиумска писменост во рамките на проектот Иницијатива за европски политики на Институтот отворено општество – Софија, кој ја сместува нашата држава на дното на ранг-листата, зад Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Турција.
Во Извештајот се заклучува дека подобро и функционално образование и специјализирана обука за медиумска писменост ќе обезбеди отпорност кон најтешките форми на лажни вести, а справувањето со лажните вести и со дезинформациите, ќе го намалат степенот на политичка и социјална конфронтација, ќе се зголеми нивото на доверба во општествата и ќе придонесе за поздрава животна средина за време на пандемијата со ковид-19.
Автор: Ангела Рајчевска
-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Она што поразува е фактот што 21 век е време на брзина и брза информираност. Па, така, некогаш и не дочитуваме докрај, а камоли да правиме проверка на содржината во написите и во вестите – вели Пецова-Илиеска, претседателка на ИМПЕТУС
Здравиот разум ни вели дека веруваме во нешто затоа што сметаме дека е вистина. Но, психолошките истражувања покажуваат дека верувањата имаат и одредена психолошка функција. На пример, луѓето делумно веруваат во натприродни ентитети за да се справат полесно со идејата дека еден ден ќе престанат да постојат или, пак, веруваат дека жртвата заслужила што си добила за да го одржат светогледот дека светот е фер. Слично и верувањата во лажни вести имаат одредена функција, односно задоволуваат одредени мотиви – вели Ана Стојанов, доктор на психолошки науки на Универзитетот „Отаго“ во Нов Зеланд. Таа објаснува неколку мотиви според кои се однесуваме како публика во интернет-просторот. Еден тип мотиви се епистемиолошките, односно тоа е потребата да го разбереме светот.
– Луѓето што имаат особено изразена потреба за одговор, каков било одговор, па макар и неверојатен, полесно веруваат на лажни вести. На пример, сè уште немаме дефинитивно сознание за потеклото на новиот коронавирус, но лажните вести ни ги нудат тие одговори. Според социјалните мотиви може да веруваме на лажни вести затоа што прават да се чувствуваме добро, дека имаме специјално знаеше, што мнозинството го нема. Или, пак, егзистенцијални мотиви. Чест мотив во лажните вести е тоа дека настаните се под нечија контрола, наспрема случајни. Идентификување на „виновниците“ ни дава чувство на контрола и сигурност – објаснува Стојанов.
Лажните вести може емоционално да ја наелектризираат публиката
Лажните вести имаа цел емоционално да ја „наелектризираат“ публиката, да го доведат организмот до состојба на возбуденост. – Умно би било кога би го имале тоа на ум и не би дозволиле да реагираме како компјутерска програма, секогаш кога ќе има влез на лажна вест, да има излез – емоционална реакција. Втора умна работа што би требало да ја направиме е да побараме информации што не одат во прилог на тоа што го читаме. На пример, неколку пријатели на Фејсбук имаа споделено фотографија од внатрешноста на авион, во која се гледаат контејнери што наводно содржат отровни хемикалии со кои населението се „запрашува”, познато и како кемтреилс. Нормално, никој не сака да биде „запрашуван“ со отрови и таа информација емоционално ме наелектризира, ме разлути и ме разбесни. Со сопствени очи ги гледам бурињата, поврзани со разни црева, за што друго би можело да се користат освен за да запрашуваат и да нѐ трујат со отрови? Во овој момент имаме две опции. Да продолжиме да паѓаме во спиралата на лажни вести и да побараме информации што ќе ни го потврдат она што го гледаме (уште лажни вести) или да побараме информации што не одат во прилог на она што го гледаме и да излеземе од спиралата на лажни вести. Во конкретниот случај јас го направив второто и многу лесно дојдов до информација дека сликите ја претставуваат внатрешноста на тест-авиони, а содржината на бурињата е вода што се пумпа и испумпува за да се симулира како се менува центарот на гравитација со движење на патниците – споделува пример д-р Стојанов.
Лажните вести ги експлоатираат нашите емоции. Прво, ја експлоатираат нашата љубопитност со примамливи наслови што бараат да кликнеме. Потоа ги експлоатираат нашите стравови со „бомбастични“ содржини. Најпосле, го експлоатираат нашето време така што нè вовлекуваат во спирала што води до бездна од која тешко се излегува, завршува таа.
Треба да се чита со четири очи
Според Лилјана Пецова-Илиеска, претседателка на здружението „ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување“, постојат различни типови лажни вести, со помалку или повеќе лага во нив. – Она што е тешко е да се препознае што е факт, а што е извртена или спинувана информација, која исто така може да биде третирана како лажна вест. Понекогаш веста содржи неколку делови што се вистинити и проверливи информации, добиени изјави од релевантни институции, но понатаму во текстот веќе се користат лажни статистики во корист на одредена пропагандна цел. Потребно е навистина да се чита со четири очи и мислам дека веќе не е доволно само да се врши проверка на основните чекори: дали има автор на текстот, релевантни извори итн. Сум среќавала написи што се релевантни и не содржат никаква лага во самиот текст, но затоа, пак, фотографијата во текстот била лажна и несоодветна на локацијата, ниту на годината. За наша среќа, постојат дигитални алатки и извори што може да се користат за проверка и верификација за да не паднеме во замката. Секој може да биде прелажан и да кликне на напис што се чини дека е точен. Она што поразува е фактот што 21 век е време на брзина и брза информираност. Па, така, некогаш и не дочитуваме докрај, а камоли да правиме проверка на содржината во написите и во вестите – вели Пецова-Илиеска.
Лажните вести не се ништо ново, туку интернетот им овозможи средина побрзо да се шират и да владеат со општата јавност на побрз начин. Новите политики на Фејсбук околу нив само покажуваат колку социјалните медиуми се длабоко инволвирани во овозможувањето тие да се шират, објаснува таа. – Се плашам дека нема да донесат ништо ново, нити подобро во смисла на отстранување на лажните вести од социјалните медиуми, туку напротив, ќе развијат алатки како да ја модерираат нивната појава во одредени предизборни периоди во различни делови од светот. Или барем, во најмала рака, онаму каде што има интернет и пристап до одредени апликации. Големите технолошки гиганти секогаш ќе ја имаат предноста пред публиката воопшто да може да ја контролира појавата на лажните вести – вели Пецова-Илиеска.
Во природните науки јавноста може многу лесно да се доведе до заблуда
Потребна е континуирана едукација за да се постигне ефектот на млади луѓе што критички размислуваат. Образовните програми нудат теми/модули за вклучување на медиумската писменост во повеќе наврати. Во секоја наука или во секој предмет на изучување може да се појави манипулација на факти, кои може да се злоупотребат и да се искористат во правење лажни вести.
– Пандемијата со коронавирусот ни покажа дека токму во природните науки, каде што сме послаби со знаење и информации, општата јавност многу лесно може да се доведе до заблуда и да им верува на секакви лажни вести. Се сеќавате на првичните реакции за лекување со народни лекови и со алкохол. Во таа насока, лажните вести се’ повеќе ќе ги наоѓаме во вестите од рубрика Технологија, Медицина, Здравје, итн. бидејќи многу потешко е да се проверуваат такви извори заради самата содржина и сајтови и имиња кои не ни се познати од научната фела. И не се само лажните вести, ами поголемо прашање на векот е технологијата која се користи за deep fake, која е се’ понапредна.
Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиумите, потсетува на искуството од пред 15-ина години, кога, како што вели тој, „се знаеше некаков ред“.
– Непишаниот и во таа смисла неформален купопродажен договор кога купувавме печатени весници, вклучуваше и разбирање дека, да, јас ви давам пет, 10, 15, 30 или колку и да е денари за весникот (во радиодифузијата дававме премолчена согласност со изборот на ТВ-каналот нашето внимание да биде „продавано“ на огласувачите) и во замена за тоа очекувам дека вие сте ги провериле сите факти, сите бројки и информации и јас тоа не треба да го правам. Денес ситуацијата е драстично нова. Наспроти напорите на вообичаено големите глобални медиуми – Њујорк тајмс, Гардијан, Фајненшел тајмс и сл. – за воспоставување претплатнички односи, сите користиме огромен број бесплатни извори на информации и вести. Истовремено, не сме ја загубиле навиката дека тој што ги објавува содржините треба да гарантира за нивната точност и веродостојност, без оглед на тоа што не плаќаме за нив – вели Георгиевски. Кризата на финансирање на новинарството, пак, прави медиумите сè поретко да можат да си дозволат соодветни одделенија за проверка на фактите (fact-checking). Практиката на пост фестум проверка на фактите (разоткривање), главно од независни надворешни организации, не ни врши некоја особена работа, освен упатството дека некои извори објавиле неточни информации или дезинформации, па би можеле тоа да го повторат и во иднина. Проверката на фактите, за да биде ефективна, треба да се спроведе пред објавувањето, смета Георгиевски.
Проверката на фактите е едно работно место
Тој посочува дека во време на огромен број нови извори на информации, се наметнува трендот граѓаните да ја имаат „обврската“ да ги проверуваат фактите. – Тоа е сосема нова ситуација, не сум многу сигурен дека е фер тоа да го бараме од публиката, ама така е. Малкумина имаат време да ги проверуваат сите факти што ќе ги прочитаат или слушнат на интернет, во печатен весник или магазин, на радио или на телевизија – да се потсетиме, проверката на факти е цело работно место (или повеќе работни места) во традиционалните медиуми. Таа задача доаѓа во судир со она што е природно однесување за луѓето – преферирање информации што ги потврдуваат нашите ставови и мислења, преферирање информации од извори што го делат нашиот светоглед, тенденцијата да се дружиме и да им веруваме на нам сличните итн. Впрочем, целото прашање на „лажни вести“ и „дезинформации“ има многу јака идеолошка и политичка компонента, при што тоа што го кажува или мисли другата страна по автоматизам се отфрла како лага или пропаганда. Притоа, советите да се користат повеќе извори на информации за информирање можат да имаат само половичен успех, затоа што веројатноста е голема граѓаните и во тој случај да користат повеќе слични и сродни извори, во таа идеолошка или светогледна смисла – вели Георгиевски.
Тој истакнува дека клучен проблем со кој се соочуваме е што станува збор за прашања од областа на слободата на изразување и информирање, гарантирани и регулирани со меѓународни конвенции, при што ограничувањата мора да одговорат на серија строги критериуми – да се регулирани со закон, да се пропорционални на идентификуваната потреба и да се нужни во демократското општество, со дополнителниот критериум да бидат минимални за да се спречи нивна злоупотреба. Без менување на член 10 од ЕКЧП и член 19 од МПГПП, просто мораме да се потпреме на добрите намери на луѓето – и како креатори и како консументи на вести и информации, категоречн е Георгиевски.
– Претпоставката е дека „сè што ќе објават тие и тие е лага и пропаганда“, дека мора да се водат од принципот на веројатноста, односно колку е веројатно нешто да се случи. Од друга страна, ја имате старата максима дека „не е вест дека песот каснал човек, туку дека човекот каснал пес“, па вие видете. Ако ја исклучиме можноста за некаква регулаторна обврска издавачот да ги означува лажните вести и дезинформации, тоа нужно мора да го оставиме на процената на секој поединечен граѓанин – вели Георгиевски.
Изберете медиум кому ќе му верувате
Тој советува дека треба да избереме медиум кому ќе му веруваме. Според него, најдобро би било ако тоа е медиум што ги следи традиционалните обичаи и стандарди на новинарската професија. – Медиумската писменост првенствено е прашање на образовните политики, почнувајќи од уроци за научната метода, до специјализирани теми какви што се пропаганда, односи со јавност итн. Постои одреден простор и за неформално образование и граѓанскиот сектор тука спроведува одредени активности. Притоа, мора да бидеме свесни дека најголемиот дел од граѓанскиот сектор, исто така, настапува од прилично тесно дефинирана идеолошка и политичка позиција (што не го осудувам, напротив!). Втор проблем е што се покажува дека луѓето што имаат оформени навики и ставови, многу тешко ги менуваат. Што се однесува до медиумите, барем оние што функционираат по стандардите на традиционалните информативни медиуми, тие својата работа ќе ја завршат ако нивните редакции строго ги почитуваат професионалните стандарди на новинарската професија. Тој процес, се разбира, ќе трае и не ми изгледа дека кога било во иднина ќе може некој да каже, „супер, од овој момент сите се медиумски писмени…“. Медиумскиот сектор и индустријата на информирање минуваат низ брзи и драматични промени и од денешна перспектива тешко е да се каже дали ситуацијата ќе се стабилизира и кога. Сите идни проблеми и предизвици ќе бараат соодветен одговор од различни чинители – државите, граѓаните, медиумите, новинарите и целата индустрија на информирање и медиумската индустрија – завршува Георгиевски.
Автор: Сребра Ѓорѓијевска
-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Образованието има клучна улога во овие појави. Му помага на човекот критички да ги преиспитува информациите, да ги проверува дали се издржани, да ги поврзува во посложени целини, да го конструира контекстот на информациите, вели Сеад Џигал
Дали некогаш сте добиле комплимент: „Многу зрачиш денеска“? Тоа е точна констатација, бидејќи луѓето навистина зрачат. Овој пример често го раскажува проф. д-р Ивица Пулјак, кој до неодамна беше редовен професор по физика на Факултетот за електротехника, машинство и бродоградба (ФЕСБ) во Сплит, а веќе еден месец е градоначалник на овој приморски град во Хрватска. Со богата научна кариера зад себе (докторат на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз, кој денес е во рамките на Сорбона, ангажман во Европската организација за нуклеарно истражување ЦЕРН крај Женева), Пулјак отвори свој канал на Јутјуб и во емисијата „Наука во 5“ темелно објаснува поими поврзани со науката.
Една од нив е и 5Г-технологијата, нешто што лани го „вознемири“ човештвото. Низ цел свет се формираа групи што кршеа антени, на социјалните медиуми споделуваа фотографии со пцовисани птици, исушена трева, опустошена природа. И додека научниците се обидуваа со факти да аргументираат дека новата технологија не е опасна, дезинформациите се ширеа вирално. Пулјак вели:
– Луѓето најчесто се плашат од нештата што не ги разбираат. Во ред е да се плашите од нешто што го разбирате, тоа е вродена реакција што еволуцијата ја вградила во нас, корисна е. Кога станува збор за 5Г, многу луѓе зборуваат за зрачење, а кога ќе ги прашате што е тоа, често не знаат да одговорат, не знаат дека секое тело зрачи. Зрачењето може да биде и добро за нас и досега сме го користеле и за добри нешта, како, на пример, во лекувањето тумори – објаснува Пулјак.
Физиката докажала дека зрачење е кој било процес на емисија на енергија во облик на бранови или честички во просторот или материјата. Сите тела околу нас зрачат некој облик на енергија, зрачи Сонцето, зрачат луѓето. Но, како зрачењето од 5Г стана „толку опасно“ за човештвото?
Технофобијата не е нова појава
Според Сеад Џигал, предавач на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, стравот од технологијата, т.н. „технофобија“, не е нова појава. Во модерната историја таа води потекло уште од „лудизмот“ во 18 век во Европа, кога новите машини биле сметани за непријатели на луѓето, бидејќи им ги одземале работните места. – Кога новите технологии биле пуштени во широка употреба, предизвикувале нелагодност, страв, а понекогаш дури и паника. На пример, во првите две-три децении од 20 век кога биле поставувани радиоантените имало сличен отпор – луѓето одбивале да бидат монтирани близу нивните домови, ги оштетувале и се бунтувале на различни начини. Често зад овие појави, покрај лековерноста на луѓето во непотврдени закани, се кријат одредени „комерцијални побуди“, односно подметнувања со дезинформации и заговори на групи во чиј интерес е да се откаже или барем да се забави пуштањето во употреба на некоја нова технологија. Многу аналитичари сметаат дека и овој најнов бран на паника од новите технологии е резултат на судирот на интереси помеѓу Западот, Кина, Русија и други центри на моќ, односно е поттикнат од плански дезинформации за да добие предност една од овие страни над конкурентите во експанзијата на сопствената технологија – објаснува Џигал.
Темата достигна кулминација кога луѓе масовно тврдеа дека пандемијата од ковид-19 е предизвикана од 5Г-технологијата. Зошто луѓето толку лесно веруваат во нелогични информации? Џигал вели дека во оваа „теорија“ се гледа заживување на една веќе видена теорија на заговор од почетокот на 20 век. Во 1918 и 1919 година се забележани случаи кога биле уништувани радиоантените поради проширените гласини дека тие се причина за ширење на шпанскиот грип. Според Џигал, стравот и неизвесноста многу го олеснуваат ширењето на гласините и на теориите на заговор, бидејќи во човековата природа е потребата да бара објаснување за сопствените страдања и искушенија. Умберто Еко тоа го нарекува „конспирациски синдром“, односно тогаш кога вистинските одговори се комплексни или недостапни, често се посегнува по „логични“ и лесно разбирливи квазиобјаснувања.
– Комуникациската и психолошката функција на овие квазиодговори е задоволување на нашата потреба да креираме одредена смисла околу тоа што ни се случува. Конспирациите се обидуваат да го премостат јазот помеѓу информациите и смислата. Овие креирани и проширени конспирации ни даваат лажно убедување дека разбираме што навистина се случува, која е вистинската смисла на нашите стравови и страдања. Се самозалажуваме себеси за да си ја смириме совеста дека сме свесни што се случува околу нас, и ова делумно ги намалува нашите стравови. Всушност, потребата од конспирации, чие вирално ширење интернетот го овозможува и го олеснува, е многу блиска со потребата на раноцивилизациските култури да креираат митови и легенди. Овие современи конспирации добиваат нови форми и побрзо се шират, но се предизвикани од психолошки механизми, кои тлеат во нас без разлика на степенот на нашиот цивилизациски развој – објаснува Џигал.
Македонија и Балканот се подложни на разни суеверија и лековерност
Убедливоста на современите конспирации добива на сила тогаш кога тие масовно ќе се прошират. Ако за нешто слушате насекаде, тоа полека почнува да добива на релевантност, со самото тоа што сите зборуваат за тоа, вели Сеад Џигал. – Спојот на конспирација и нејзиното масовно ширење создава широко прифатено убедување што полека станува „реалност“. Во средниот век така се креирало убедување дека некој е вештерка или слуга на ѓаволот, а во 21 век, пак, различни нови или преџвакани конспирации добиваат свои следбеници. Македонија и Балканот се подрачје што е доста подложно на разни суеверија и лековерност. Само погледнете колку се сеприсутни и влијателни различни гатачи, читачи на судбини, видовити луѓе, надрилекари и слично, па ќе ви стане појасно зошто ваквите дезинформации и конспирации виреат и лесно се шират кај нас – објаснува тој.
Психологијата на толпа на интернет „живее на стероиди“
И во Македонија повеќе научници се обидуваа да ги објаснат разликите помеѓу јонизирачко и нејонизирачко зрачење, но секој аргумент мнозинството најчесто го одбиваше со контрааргумент: „Платени се да го кажуваат ова“. Џигал е дециден дека образованието има клучна улога во овие појави. Му помага на човекот критички да ги преиспитува информациите, да ги проверува дали се издржани, да ги поврзува во посложени целини, да го конструира контекстот на информациите… Што помалку луѓе го прават ова, толку полесно се шират дезинформациите и конспирациите. Што повеќе луѓе веруваат во нешто, толку порелевантно станува тоа.
– Науката и образованието ни помагаат да правиме разлика помеѓу фактите и убедувањата, односно фактички фундираната реалност и конвенционално прифатените објаснувања за реалноста. Кога Џордано Бруно јавно ги објавил своите наоди дека Земјата е тркалезна, неговите научно испитани факти биле во судир токму со „конвенционалната реалност“ односно со проширените убедувања дека Земјата е рамна. Тој во борбата за своите научни факти го жртвувал својот живот, а Галилео Галилеј морал јавно да се откаже од нив за да ја сочува сопствената глава. Оваа борба продолжува и денес. Науката и образованието се одлично средство за борба против суеверијата, конспирациите, митовите и различните ирационални стравови што се многу проширени и денес. За жал, науката и образованието денес губат доверба поради својата подложност на комерцијализација и честото игнорирање на етичкото работење, но тоа не е причина да се откажеме од нив. Потребно е да ги заживееме не само во производство на материјални добра и технологии, туку и во нивниот капацитет за разбирање на животот, а со тоа и подобрувањето на квалитетот на нашето живеење. Тоа е клучната одговорност на денешните генерации на научници и едукатори – вели Џигал.
Интернетот денес е главен трансмитер на (дез)информациите – бесконечен океан каде што можете да објавите и труд за Нобелова награда и најголема бесмислица во која ќе веруваат милиони следбеници. Од тој аспект, индивидуалното расудување е единствен филтер на вистинска информација и дезинформација. Џигал вели дека интернетот преку длабинските промени на комуникацијата, длабински ги менува сита нивоа на нашите култури. Но, како и секоја технологија, има позитивни и негативни страни, кои се испреплетуваат со начините како избираме да ја користиме технологијата, за нешто полезно или за нешто неетичко и штетно.
– Особеноста на интернетот за инстантна комуникација што ги надминува просторните ограничувања се покажа како клучна за ширењето на штетните содржини. Се потврди изреката, која веројатно погрешно му се припишува на Марк Твен, дека лагата го заобиколува светот додека вистината уште се обидува да ги обуе чевлите. Расчекорот во брзината на комуницирањето на дезинформациите и фактите што ги коригираат лагите стана уште подрастичен во ерата на интернетот. Со самиот наплив на огромен број дезинформации, фактите станаа игла во пласт сено и често ја губат битката за вистината со самото тоа што се потиснати од цунамито на дезинформации – вели тој.
Втора клучна особеност на интернетот за овие штетни појави што преку социјалните мрежи помогна злонамерните и лековерните корисници побрзо и помасовно да се поврзат, да создадат свои врски и групи, и на одреден начин да се охрабруваат помеѓу себе во бранењето и ширењето на дезинформациите и конспирациите. Психологијата на толпа, се чини, на интернетот „живее на стероиди“, односно се зајакнува и станува поголем проблем отколку во директната комуникација.
– Но, сето ова не значи дека треба да се откажеме од интернетот како технологија или да ја смениме неговата слободарска природа. Дигиталната трансформација нѐ принудува да се престроиме во тоа како ги користиме новите комуникациски технологии, да развиеме правила и навики за заштита и санкции, да го унапредиме образованието за нив и да ги ревитализираме етичките вредности во нивната употреба. Пандемијата и инфодемијата што ја проследи, ме потсетија помалку на онаа реченица на Пол Валери напишана веднаш по Големата војна во 1919 година: „Цивилизацијата е кревка како и човечкиот живот“. Да се надеваме дека овие денешни искуства ќе нѐ мотивираат посериозно да ја разбереме сопствената одговорност во сочувувањето на јавните и на цивилизациските добра при комуницирањето и користењето на новите технологии – завршува Џигал.
Автор: Весна Ивановска-Илиевска
-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Ако сакаме да ги менуваме работите, важно е да овозможиме услови за дигитализација на секоја единка што е вклучена во воспитно-образовниот процес: учениците/студентите, наставниците/професорите, родителите итн. – вели комуникологот Бојан Кордалов
Да се биде млад човек во дигитална ера, полна со безброј можности, опции и понуди, а истовремено да се живее во сиромашна земја како Македонија е вистински предизвик. Реално, денес младите го живеат судирот на „претходните генерации“, кои се родиле, живееле и функционирале главно во време без толку брз технолошки напредок и дигитализација, а кои денес иако ги ползуваат сите придобивки од интернетот, често сметаат дека порано се живеело многу подобро – вели Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
Да се поттикнува критичкиот дух
Како денес се манипулира со младите на интернет? Како да препознаат што е вистина, а што е лажна вест? Кордалов вели дека возрасните треба многу да внимаваат кога комуницираат со младите, особено од позиција на јавни институции – треба да бидеме многу потолерантни и полни со разбирање и поддршка.
– За да ја надминеме ваквата состојба, многу е важно да разбереме една клучна работа: дали дигиталните технологии и дигитализацијата ги ползуваме за корисни активности или, пак, таму залудно си го трошиме времето. Или со други зборови, денес, особено за младите, е помалку важно колку време поминуваат туку како го поминуваат времето онлајн. Младите природно се бунтовни, незадоволни од позициите статус кво и секогаш бараат повеќе. Тоа е и треба да биде одлика на секоја млада генерација. Она што возрасните треба да го прават е да се поттикнува ваквиот дух, но истовремено да се канализира, со цел младите да развиваат вистинско критичко и креативно размислување, што ќе биде влог за секоја единка за целиот негов или нејзин живот – вели Кордалов.
Според него, критичкоо размислување што се гради од најрана возраст е клучно особено за дигиталното созревање на младите генерации. Колку е повисок степенот на дигитална писменост и критичко размислување кон интернет и другите содржини, толку се помали шансите за злоупотреба или за манипулација на младите во дигиталниот свет.
Кордалов посочува дека на оваа тема, не се обрнува доволно внимание во образовниот процес. – Не толку дека се нема волја, туку повеќе поради фактот што недоволно се вложува во дигитални вештини и бесплатни дигитални алатки какви што се компјутери, таблети и брз интернет за потребите на целокупниот образовен процес. Ако сакаме да ги менуваме работите, важно е да овозможиме услови за дигитализација на секоја единка која е вклучена во воспитно-образовниот процес: учениците/студентите, наставниците/професорите, родителите итн. Без инклузивност на процесот, а особено без високи стандарди и услови за сите (брз интернет, уреди и стекнување дигитални вештини), само ќе го будиме стравот кај голем дел од популацијата и ќе останеме статус кво или ќе имаме делумна успешност во новините што ги спроведуваме – вели Кордалов.
Бленди Ходаи: Да се бориме против манипулации
Средношколците се жалат дека политичките партии се обидуваат да ги манипулираат на различни начини, и тоа најчесто користејќи ги социјалните мрежи. Бленди Ходаи, кој до пред некоја недела беше претседател на Сојузот на средношколците, вели дека многу често бил сведок на тоа колку политичките партии сакаат да се идентификуваат со нивната организација. – Пропагандата е видлива, а и многу влијае врз нас младите. Никогаш не треба да дозволуваме злоупотреба на нашиот глас и на нашите права како средношколци од ваквите појави. Ние, сите заедно треба да се бориме против различните групи во општеството што преку манипулации сакаат да ги натераат младите да се борат за нивните тајни интереси – вели Ходаи.
Типичен пример на манипулација се случи кога во април годинава средношколци добиваа СМС-пораки со повик да ја бојкотираат наставата поради воведувањето дигитални учебници во основното образование. – Случајот со бојкотот е само пример на пропаганда и манипулација. Пред ние да го организираме бојкотот како сојуз, средношколците бојкотираа – а голем дел од нив не знаеја ниту за што се бојкотира.
Средношколците беа изманипулирани преку една фејсбук-група што го организираше бојкотот. Овие примери треба да нè научат како да дејствуваме во иднина за да не се појават слични работи. Земајќи го предвид фактот дека никој не може да го контролира протокот на информации во време на дигитализација, важно е средношколците да бидат образовани за оваа тема. Препознавањето и контролирањето на информацијата, доколку тоа е лажна вест, е многу важно за иднината на нашата земја – вели Ходаи и додава дека пандемијата покажа дека треба да почнеме да се фокусираме на теми поврзани со овие појави како и со другите животни вештини.
Бојкот? Каков бојкот? Од кого е пораката?
Родител на средношколец од скопската гимназија „Орце Николов“ сведочи за непријатна и збунувачка ситуација во која се нашол нејзиниот син, ученик во прва година. – По полноќ син ми добил порака во која пишувало дека следниот ден сите ученици не треба да се вклучат на онлајн наставата. Пораката ја видел следниот ден, половина час пред да почнат часовите. Не знаеше што да прави, ништо не му беше јасно. Во СМС-пораката пишуваше дека ќе ја бојкотираат наставата поради бојкотот на другите класови. Бојкот? Каков бојкот? Кои други класови? Од кого е пораката? Кој ја пратил? Кои училишта ќе бојкотираат? Дали е ова од Унијата на средношколци? Дали само „Орце“ ќе бојкотира? А другите гимназии и средни училишта? Дали да се вклучам? Што да правам? Тоа беа прашањата на кои тој немаше одговор. Јас го затрупав со дополнителни прашања, на кои тој не знаеше да одговори бидејќи ништо не му беше јасно – раскажува мајката на средношколецот.
Таа објаснува дека претходно никој не им се обратил на учениците, особено на тие од прва година, кои практично не се ни познаваат. – Ја почнаа учебната година онлајн, се видоа вкупно два-три пати во годината. Никој не им кажал кој го организира бојкотот, зошто, кои се нивните ставови, никој не разговарал со нив. Од она што го знаев, пораката ја пратил потпретседателот на класот до учениците и до класната раководителка. Тие се придружија на бојкотот, иако бев убедена дека никој не знае зошто го прават тоа. По третиот час, сите се вклучија. За ученици од 15 години беше најважно дека губеле три часа. Следниот ден сите се вклучија во наставата – вели мајката на средношколецот. Ова е типичен пример на манипулација на 15-годишни ученици, на кои најважно им беше што губеле часови. Секое чудо не за три дена, кај нас беше за три часа, завршува таа.
Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Насловна фотографија: Pixabay
-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Борбата против лажните вести е важен сегмент во општественото живеење на младите и општо на граѓаните – таа е длабоко поврзана со образованието како долготраен процес во кој се гледа можност за систематски промени во стекнување знаење – вели проф. д-р Боце Митревски
Капки што лекуваат рак, чипувани вакцини против ковид-19, гел од полжав што лекува остеопороза, капа од алуминиумска фолија против 5Г-зрачење. „Науката вели“ дека сево ова помага, а кога „научниот факт“ е поткрепен со сведочење од паталец и комерцијално прикажан на телевизија, стигнува до широката публика. Влијанието е особено големо во време на пандемија од ковид-19, кога науката и лекарите се борат со противник што постојано ги изненадува и немаат доволно одговори на клучни прашања. Светската здравствена организација ова го опиша како „масовна инфодемија“.
„Науката вели, науката потврди…“ – зборови на кои луѓето им веруваат. Медиумите со леснотија ги пренесуваат, често преземени од регионални интернет-портали, зашто се полесни за превод. Во трката за информации малкумина го бараат основниот извор, а и да дојдат до него, ретко кој проверува дали треба да му се верува. Како се проверува кредибилен научен извор?
Едно од најреномираните научни списанија во Македонија
Д-р Миха Буклески е вонреден професор на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој вели дека отсекогаш постоела дисеминација на непроверени информации, но со достапноста на интернетот и користењето на социјалните медиуми, пристапот до нив е многу поедноставен. – Од друга страна, брзината со која се шират е молскавична. Сите текстови што се достапни на интернет, а немаат здрава основа на која ги темелат тврдењата или изложените факти, треба да се прифатат со резерва. Во голем број научно-популарни текстови се соочуваме со апсурдни тврдења и „факти“, во кои авторите се повикуваат на науката. Кај нас таков пример е минералот лорандит и рудникот „Алшар“, за кои се појавија низа написи со проблематична содржина. Слично беше и со рецептот за пиење раствор од магнезиум хлорид што требаше да ја подобри целокупната здравствена состојба кај луѓето, потоа следуваше пиењето варова вода за уништување на ракот итн… – објаснува Буклески.
И во реномираните научни списанија се протнуваат грешки
Во науката е малку поинаку. Изворот на идните информации мора да биде проверен и се следат определени правила за да може информацијата да стане дел од научната литература.
– Научните истражувања се спроведуваат во научни институти и во високообразовни институции, кои се регистрирани како вршители на научноистражувачка дејност. Добиените резултати се оформуваат во вид оригинална научна статија, која се праќа до уредувачкиот одбор на научното списание. Уредникот е првиот филтер за критериумите на иновативност, оригиналност и компетентност. Потоа, уредникот го доставува трудот до стручни рецензенти од соодветната област. Откако ќе биде одобрен, се објавува во научното списание. И меѓу научните списанија постои градација за реномето и за квалитетот. Едно од мерилата за квалитетот на списанието е факторот на влијание и класификацијата во базите на податоци како Scopus и Clarivate Analytics – објаснува Буклески.
Тој вели дека единствените веродостојни извори на информации (примарни извори) се статиите (трудовите) објавени во научните списанија. Тие го имаат поминато патот на верификација на информациите во нив, од врвни светски експерти во научната област на која ѝ припаѓаат. Кон нив се придружуваат и учебниците и стручните книги (монографии), како релевантни извори (секундарни). Нивната содржина треба да се базира на објавените научни трудови и на веќе познатите факти.
– Но, сепак, постои мала веројатност и за провлекување грешни информации како во примарните така и во секундарните извори. Оваа веројатност е значително помала кај реномираните научни списанија. Познати се случаи кога некои списанија имаат објавено апсурдни трудови, со што се укажува на пропустите во уредувачка политика. Најпознат пример на измама во науката од поново време е лажното откривање на елементите со реден број 116 и 118 во 2001 година. Станува збор за физичарот со бугарско потекло Виктор Нинов, кој работел во Националната лабораторија „Беркли“ во САД. Овој случај бил голем срам за лабораторијата, но воедно бил и повод за воведување построги критериуми при објавувањето на научните резултати. Оттука се гледа дека голем удел имаат моралот и етиката на научникот, а цената за објавување неточни податоци е преголема од аспект на репутација и углед – вели Буклески.
Значењето на зборот „електрон“, од предисторијата до денес
Д-р Боце Митревски, вонреден професор на Институтот за физика при ПМФ, објаснува дека глобализацијата во современото општество се базира на три столба: информација, знаење и иновации. Така, во сè покомплексното општество во кое вредноста на информацијата расте брзо, императив е индивидуите да ги базираат своите заклучоци и одлуки врз основа на промислени, проверени и точни докази. Тој вели дека порано промените се случувале бавно. Пред нашата ера, од откривањето на својствата на килибарот (на старогрчки „електрон“) да привлекува ситни предмети, преку актуализирање на електричните и магнетните заемнодејства од Вилијам Гилберт во 16 век, подоцна идентификацијата на електронот како составен дел на атомот од страна на Џозеф Томсон при крајот на 19 век и сè до работата на Тим Бернерс Ли при крајот на 20 век. Во 21 век придавката „електронски“ станува симбол на промените, а информациите – претворени во модулирани проектили за инвазија врз луѓето.
– Луѓето, особено младите, лажните вести често ги прифаќаат како вистина и стануваат посредник во пренесувањето, а неретко цел или жртва на пропаганда, заблуда, измама. Во оваа смисла, борбата против лажните вести е важен сегмент во општественото живеење на младите и општо на граѓаните. Таа борба ниту е едноставна ниту победата може да се добие за кратко време. Таа е длабоко поврзана со образованието како долготраен процес во кој се гледа можност за систематски промени во стекнување знаење, развивање способности, дејствување во когнитивното, но истовремено и во афективното подрачје на ученикот – вели Митревски.
Фото: Pixabay
Според него, аналитичките процеси на расудување и критичкото мислење како активност најблиска до научниот метод, во суштина се напорни затоа што се потпираат на ресурсите на работната меморија на индивидуата. Учениците што критички размислуваат, преземаат проактивен пристап кон она што им се сервира, тие се поселективни кон информациите што ги прифаќаат, одржуваат неопходно ниво на скептицизам. Тие можат да ги идентификуваат карактеристиките на лажните вести.
– Иронично но вистинито, човекот не е само единственото разумно суштество, туку и единственото неразумно суштество. Размислува, користи идеи, концепти, прави аналогија, предлага модели, создава теории, контролира, предвидува, објаснува и образложува. Истовремено негира, одрекува, се самозалажува, создава погрешна претстава, ги извртува работите, има предрасуди, подложен е на стереотипи и погрешни верувања. Исто така, неговите мисловни процеси и продукти може да ги обележиме како јасни, прецизни, точни, релевантни, доследни, темелни, праведни. Но, често тие може да бидат нејасни, непрецизни, неточни, ирелевантни, неодредени, површни и пристрасни. Оваа парадоксална дихотомија на рационално-ирационално, односно логично-нелогично е во природата на човекот. Тој е склон на грешки и на самозалажување, понекогаш тврдоглав, ригиден, пристрасен и инертен, полн со предрасуди, подложен е на разни видови манипулација и често запаѓа во ирационалност, ментална фиксираност и разни видови интелектуално слепило. Таквата природа на човекот го прави ранлив, лесен плен во мрежата на многу ловци, па и во сопствената – анализира Митревски.
Во природата на човекот е тој да не се однесува критички
Тој смета дека природна одлика на човекот е да бара мотиви во пријатните чувства, да се задоволи со објаснување што на прв поглед има смисла, навидум изгледа правилно. Односно, во природата на човекот е тој да не се однесува критички. – Во основа луѓето не се склони критички да мислат. Низ еволуцијата човекот научил толку да размислува, колку што е доволно за опстанок и за приспособување на околината и на условите. Така, нашиот когнитивен систем функционира врз база на два основни принципа – изнаоѓање соодветен образец и наративен начин на мислење – вели Митревски.
Според него, критичкото мислење од социјално-психолошки и културен аспект е исто така битно за поединецот, за негово битисување, борба и напредок во современото општество. Секој поединец, граѓанин, ученик, мора критички да мисли кога ќе се најде меѓу информациите, моќта на медиумите, значењето на интересите, медиокритетот, конкуренцијата на пазарот на трудот. – Секој од нас има прилично стабилен систем на уверувања, во кој длабоко се всадени некритички, егоцентрични и социоцентрични начини на мислење и гледање на работите, а низ кои се процесира и се интерпретира искуството. Општеството има потреба од луѓе со изразена автономност во размислувањето, кои поправо градат сопствен став, прават критичка евалуација, преиспитување и вреднување, отколку некритичко прифаќање и преземање готови знаења, информации, туѓи ставови и уверувања. Размислувајќи критички, луѓето се дистанцираат од сопствените убедувања и предрасуди, ги препознаваат техниките на манипулација и пропаганда, изградуваат личен критички однос кон изворите на информации, прават разлика меѓу факти и толкување, теза и аргументи, претпоставки и доказ – објаснува Митревски.
Клучот е во образованието
Сево ова укажува дека формалното образование, неговата поставеност, организација, креаторите на образовната политика, училишната администрација, родителите, а најмногу наставниците можат преку разни форми на одлуки, активности и соодветни методи и техники да придонесат за развивање критичко мислење кај учениците, било во доменот на предметно специфичните области или низ процесот на воспитното дејствување. Покрај формалното, во справувањето со лажните вести може да даде придонес неформалното и информалното образование.
Фото: Pixabay
– Физиката и општо природните науки со своите карактеристики се плодно поле за развивање на критичкото мислење кај учениците. Една од најчестите активности во кои се манифестира критичко мислење е решавањето проблеми, активност што се практикува во природните науки, но и во други области или предметни подрачја. Затоа, решението на проблемот со лажните вести не треба да се бара наоколу, туку едноставно треба сериозно да се свртиме и да се посветиме на образованието. Тоа, пак, е произлезено од науката, односно од научните области, кои дидактички се трансформирани во наставни предмети или наставни подрачја. Од друга страна, науката продуцира научни информации, информации што се објавени во научни списанија, прегледни списанија, зборници на трудови, докторски и магистерски трудови. На крај, сите овие релевантни извори на информации (примарни, секундарни, терцијарни) содржат информации произлезени од интелектуалната работа на поединци, кои поминале низ системот на формално образование и се посветиле на науката и на научната вистина. Во тие извори нема лажни вести – завршува Митревски.
Дигиталната еволуција ги забрза лажните вести
Во брзите промени, еден дел од информациите почнаа да се сервираат како лажни вести. Така добиваме нов феномен на лажни вести, па набргу почна и борбата против продукцијата и ширењето лажни вести. – Лажните вести ги искривуваат, ги манипулираат и ги фалсификуваат фактите за да ја направат темата понереална, бизарна, изненадувачка и контроверзна, а секако, овие аспекти го мотивираат споделувањето од корисниците. Мотивите за изнесување лажни вести најчесто се финансиска корист, политички или идеолошки придобивки, и сето тоа некој го прави и го поттикнува на сметка на правичноста и вистината. Во брзите промени, лажните вести ја следат дигиталната еволуција, со што добиваат нови формати. Посредниците што ги шират лажните вести, во најголем дел или речиси во целост се луѓе што не се свесни за придавката ‘лажни’, па вообичаено тоа го прават без манипулативни или малициозни цели. Верувањето во лажни вести е поврзано со заблуда, догматизам, верски фундаментализам, низок степен на образование, намалено аналитичко размислување и отсуство на критичко мислење – дециден е проф. Митревски.
Автор: Весна Ивановска-Илиевска
Насловна фотографија: Pixabay
-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Додека истражував за моето село, за неговата историја и формирање, посетив многумина, но најинтересно ми беше со баба Љупка. Бабата ми раскажуваше за нејзиниот живот во Волино со многу шеги, но и солзи во очите. Кажуваше за тешкиот живот, но со мене сподели и убави моменти. Никогаш нема да ги заборавам нејзините зборови – вели осмоодделенката Викторија Печоска, која посакува да се занимава со политичко новинарство
Свесна сум дека новинарството бара доста одговорност и напорна работа, но кога размислувам за тоа со што да се занимавам во иднина, оваа професија секогаш ми е на прво место, бидејќи ме исполнува и ме прави среќна. Ѝ благодарам на нашата наставничка, која несебично нѐ воведе во тајните на новинарството – вели средношколката Јана Дуклеска, која основното образование го заврши во ООУ „Дебрца“ во нејзиното родно Требеништа, каде ја посетуваше новинарската секција. Јана заедно со своите врсници во последната учебна година научи како да направи интервју, како да напише вест, да сними репортажа, да обработи информации...Таа беше дел од една од ретките новинарски секции во основните училишта во Македонија, кои денес се бројат на прсти.
Низ занаетот и тајните на новинарството, веќе 12 години децата ги води наставничката по македонски јазик, Милена Јолакоска-Спасиќ од Охрид. Пред 17 години кога почнала да предава македонски јазик во ООУ „Дебрца“, прво ја водела литературната секција, но водена од своите афинитети кон новинарството и љубовта кон оваа професија, одлучила да ѝ се посвети на новинарската секција. Секцијата ја реализира со деветтоодделенците од Требеништа, а на секои четири години добива и една генерација во с. Лешани и таму ја реализира секцијата.
Кај децата гледам многу жар за професијата
Растена малтене во студиото на Радио Струга, каде нејзината мајка била радиоводител и новинарка, Јолакоска-Спасиќ од мала ги засакала медиумите, особено радиото. Вели дека негува посебна љубов кон оваа професија.
И при самиот избор на студиите, сакав да ги спојам моите афинитети, љубовта кон македонскиот јазик и кон радиото. Мојата научна група на УКИМ, во која со години се изучуваше и новинарството, ми го овозможи токму тоа. И неколку години пред да работам во образование, јас работев како новинар, спикер и водител во Радио Охрид, Радио Струга, Ди Џеј радио и во уште неколку приватни радио и ТВ-станици. Работата со децата, пак, особено на новинарската секција? Е, тоа треба да се доживее. Нивниот ентузијазам и жар во очите, кога започнувам со она што ќе го работиме, не може да се опише, треба да се доживее – вели наставничката.
Училиштето „Дебрца“ е распространето на поголема територија, односно има повеќе подрачни училишта. Секцијата ја работи претежно со деветтоодделенците, кои и според програма и според возраст, се прилично „потковани“ за да одговорат на зададените задачи.
Предавам во две од подрачните училишта и секоја можност ја користиме за тимска работа. Децата тоа посебно го обожаваат. Едноставно уживаат во работата, кога можат материјалот да го спојат со пракса и кога сите оние лекции стануваат нивна реалност и на крај, нивна реализација, плод на нивниот ангажман. Кога нешто посебно сакате, тоа ве носи напред. Нема откажување. Тоа е љубов. Посебно ми е драго, што кај децата ја гледам истата таа љубов и жар во очите – вели наставничката.
Преку изучување на медиумите се создава општо-свесна и квалитетно писмена личност
Медиумите треба особено да се изучуваат во осмо и во деветто одделение, кога се формираат свесни личности, кога децата созреваат и создаваат критичко мислење, смета Јолакоска-Спасиќ.
Медиумската култура може врз себе да го износи товарот на еден квалитетен предмет, кој моделира луѓе не само во делот од познавањата на медиумите, туку и во креирањето на една општо-свесна, квалитетно писмена личност во секој поглед – додава таа.
Електронските и интернет-медиуми им се најинтересни на денешните деца. Во програмата на секцијата години наназад работат на сите области од новинарството - изработуваат репортажи, патеписи, анкети, написи, колумни, интервјуа, часови за важноста на илустрирањето, односно фотографијата, разни топ листи и модни написи, итн.
И сето тоа сами со сопствен ангажман, работа на терен, работа во тимови, фотографирања, пишувања. Е, да, единствено што овде децата не сакаат е да имаат крајни рокови. Но, мора да се навикнат и на тоа, доколку сакаат иден позив да им биде баш новинарството. Во текот на нашата работа, како претставник на старата школа, носејќи куп весници на часовите, се обидувам децата да го почувствуваат мирисот на тазе печатена хартија или нова книга, бидејќи и книгата е медиум, да го почувствуваат тоа задоволство од шушкањето на отворен весник, со чај и колачи или пак на ново неотворено модно списание кое мириса на магија. Децата го сакаат и тоа. Но, сепак електронските медиуми се нивната ера – објаснува наставничката.
Години наназад, почнувајќи од ѕиден весник, го издаваме весникот на секцијата „Училиштен ѕвон“. Минатата учебна година, а и оваа, поради пандемијата од ковид-19, тоа го прават веќе на фејсбук-профилот „Млади новинари – секција на деветтоодделенци на ООУ Дебрца“.
Во сѐ што правиме, треба да има љубов. Интересна активност на учениците од секцијата им е и посетата на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Секој септември, во изминатите пет години, јас како креатор на тој проект, заедно со моите деветтоодделенци и како единствено училиште кое е надвор од рамките на Општина Битола, учествуваме во кино-презентациите наменети за младата публика, посета на изложбата во Центарот за култура, како и во дел од активностите, предвидени за таа година. Искуството и чувствата се незаменливи – вели Јолакоска-Спасиќ.
Многу е важно да сме медиумски писмени
Како да се биде успешен новинар, собирање, потврдување, прикажување, анализирање податоци, како и тимската работа и поттикнувањето на соработката со нејзините соученици и претставувале најголем предизвик на Јана Дуклеска.
Подготовката на задачите секогаш беше проткаена со смеа и шеги. При снимањето на едно видео ни беше потребно доста време да се заврши, бидејќи постојано бевме попречувани од звуците кои доаѓаа од околината (бучава од автомобили, разни звуци од природата...), а кога ќе наидевме на тивок момент, секој од нас ќе направеше најмалку по една грешка. Со повеќето од моите врсници делиме исто мислење и сметаме дека е доста важно да сме медиумски писмени и да знаеме што треба, а што не треба да следиме на интернет, па често тоа е наша тема на разговор – вели Дуклеска.
За Викторија Печоска од с. Волино, која учи осмо одделение во Требеништа, многу и значеле тимската работа и времето што го поминувале заедно со своите пријатели. Многу се забавувала додека истражувала и пишувала на зададените задачи.
Додека истражував за моето село, за неговата историја и формирање, посетив многумина, но најинтересно ми беше со баба Љупка. Бабата ми раскажуваше за нејзиниот живот во Волино со многу шеги, но и солзи во очите. Кажуваше за тешкиот живот, но со мене сподели и убави моменти. Никогаш нема да ги заборавам нејзините зборови – вели Викторија, која посакува да се занимава со политичко новинарство и смета декаа треба големо внимание да посвети на тоа.
Најголемиот дел од новинарските задачи учениците ги добиваат во второто полугодие. Нестрплива да се препушти на практичните работи е и Николина Бутеска од Требеништа.
Првиот дел, преку предавањата на нашата наставничка ни е посветен на конкретното подобрување на нашата медиумска писменост, знаењата од областа на филмот, телевизијата, радиото, фестивалите, манифестациите, на кои заедно посветуваме големо внимание, како Струшките вечери на поезијата и Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Постојано ги следиме дадените задачи од нашата наставничка. Иако сега навлегувам во тајните на новинарскиот занает, чувствувам дека би сакала новинарството да биде и понатаму дел од моето образование. Често со моите врсници разговараме за работите што се објавуваат на интернет и за тоа колку е важно да се знае како треба да се однесуваме при тоа – додава таа.
Учениците се радувале на можноста и покрај пандемијата да работат заедно, со оглед на тоа дека во ова училиште наставата се одвива со физичко присуство. За Александар Дуклески, кој веќе е средношколец, можеби најпровокативниот дел од работата во секцијата бил допирот со минатото и историјата на неговиот регион околу с. Требеништа.
Целата работа на новинарската секција, следејќи ги насоките на нашата наставничка, беше исполнета со интересни и забавни случки како резултат од нашето дружење и работење на сите области од новинарството. Со големо задоволство би учествувал на разни новинарски проекти, иако не ја избирам како професија. Денес, не само на интернет туку и сите медиуми за информирање се исполнети со лажни информации и, според мене, треба да се знае што треба да се следи, а што не, затоа многу разговараме со врсниците – вели Александар.
Истражувавме за нашето родно место
Најголемиот предизвик за Тамара Паункоска од с. Оровник како дел од секцијата, било како да се соочи со голем број информации за одредена тема.
Бевме во постојан контакт до нашата наставничка, која ни ги даваше сите задачи, насоки и помош. Покрај дружењето, кое само по себе носи посебни случки, интересно беше постојаното истражување и можноста да ги пронајдеме податоците за нашето потекло, да ги слушнеме легендите и приказните за родното место и да имаме допир со минатото. Секоја нова авантура креира нови желби во детското срце, така и оваа. Среќна сум што можам да се замислам во светлото на оваа професија – вели Тамара.
Работејќи во новинарската секција покрај авантурите, дружбата и откривање на нови нешта, во мене се роди голема љубов кон оваа професија, вели Христина Николоска од с. Лешани.
Најголем предизвик, а со неизмерната и несебична помош и насоки дадени од нашата наставничка, ми беше откривањето на тајните како да бидам успешен новинар. Додека снимав видео во манастирот „Сите светии“ во с. Лешани, жената која што служи во манастирот цело време беше околу нас заедно со неколку мачиња, кои ни се плеткаа низ нозете. Имаше многу смеа, беше навистина забавно – вели Христина. За Ивана Скоклеска од с. Горенци, која е ученичка од 9 одделение, новинар е лице кое професионално се занимава со собирање вести и неговата улога е да истражува, пишува и да известува.
Веста секогаш треба да ја објави навремено и да биде точна. Во иднина би сакала да се занимавам со оваа професија, затоа што ми е многу интересна и ми претставува задоволство да истражувам, анкетирам, пишувам и пренесувам вести. Денес речиси сите информации ги добиваме преку медиумите и луѓето се сметаат за писмени доколку знаат како да ги користат и знаат критички да ги читаат и разбираат медиумските содржини. Секојдневно сме опкружени со различни информации. Треба посебно да се обрне внимание на тоа што е вистинито, а што не – категорична е Ивана.
Наставничката Милена Јолакоска-Спасиќ ја завршува приказната со една убава порака:
Топло препорачувам, не пропуштајте ги сите можности кои ни се нудат, а се дел од медиумската култура. Фестивали, концерти, претстави, кино-презентации, сето тоа е непроценливо богатство и како ништо друго, ја има моќта да ве изгради како прекрасно описменети и паметни личности. Чувајте го и надградувајте го сето тоа!
Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Текстот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“. Содржината е единствена одговорноста на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.
Оваа криза очигледно го извади најлошото од нас и последиците ќе бидат долготрајни, генерациски, додека не израснат нови деца, нови емотивно зрели и општествено одговорни поединци и тоа е нашата најголема и најважна задача, вели проф. д-р Горан Јанев од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања
Напади на паника и страв, срцебиење, морници низ цело тело, стегање во градите, несоница. Еден месец по негативниот тест, многумина што прележале ковид-19 се соочуваат со овие симптоми. Несигурност, нервоза, нетрпеливост, сомнеж дека има здравствена причина за таквото чувство. Вирусот го прележаа цели семејства или поединци. Официјалните бројки велат дека околу 89.000 граѓани на Македонија се заразиле, најголем дел од нив оздравеле, а околу 2.700 болни ја загубија битката. Но, пандемијата се одразува на секој поединец. Живот со нови правила, заштитни маски, препорачано растојание, честа дезинфекција на рацете. Вакцинацијата почна во многу земји, додека вирусот мутира и се заканува опасност од нова пандемија. Додека сите си го поставуваат прашањето дали вакцината ќе биде ефикасна и против новите соеви на Sars-Cov-2, многумина валат дека допрва ни претстојат психолошки и социјални предизвици. Како ќе продолжи светот по пандемијата?
Александра Јуруковска, новинарка и литературна критичарка го помина премрежјето со сопругот и двата сина, 8 и 6 години.
„Бевме затекнати, секако. Не знам дали може некој да биде подготвен за ова чудо(виште)?!“, вели таа.
Иако цел пандемиски биле многу внимателни, ниту оделе на гости, ниту некој ги посетил сепак вирусот кон средина од октомври им дошол дома. Таа и децата поминале со полесни симптоми, но сопругот имал температура десет дена.
„Беше омалаксан, истоштен, тешката антибиотска терапија не му помогна, па го задржаа на Инфективна клиника. Тогаш и јас покажав симптоми. Цело време мислата ни беше кој ќе ги чува децата?! Среќа, мојата клиничка слика беше полесна, па останав дома. Мислам дека дури тогаш доживеав шок. Симптомите не ми се влошија, ама мислам дека многу долго ми траеја. Комплетна истоштеност. Имаше моменти кога се обвинував и себеси што се случило, па моменти дека губам контрола врз сѐ... Постојано бев на телефон, постојано со страв како е Александар, се смирував кога ќе ми кажеше дека лекарите и целиот персонал одлично се грижат за него или како што тој вели - ,гинат’ за секој пациент...“, раскажува Јуруковска.
Таа вели дека на децата им било најтешко. Обидувајќи се да следат онлјан-настава, цело време слушале и гледале сѐ што се случува, исплашени, тажни што не одат надвор, што не ги гледаат другарчињата, бабите и дедото не можат да дојдат. Кога ја фаќало паника и страв се обидувала да ги гледа позитивните нешта.
„Имаме дом, услови за живеење, во град, опкружени со луѓе кои ни беа најголемата поддршка. Во тие моменти сфаќаш кој ти е родина и судбина. Имавме голема помош од семејството, од соседите, колешките од работа, од другар(к)ите со кои сум од дете. Без да се јават доаѓаа пред зграда да ни донесат нешто или само да нѐ видат под тераса, други се грижеа да му ги однесат на Александар во болница основните работи. Некој постојано се јавуваше или носеше појадок, ручек, овошје, занимации за децата. Вирусов бара постојана будност, информации, логистика, па и финансии. Некој да оди по рецепти, по лекови, по витамини. Бара армија од добрина. За нас таа армија беше и голема емотивна помош. Тешко на тие што ја немаат“, вели Јуруковска.
Отворена капија за страв, параноја, ултравнимателност
Десет месеци по почетокот на пандемијата целиот свет живееше во неколку различни фази. Од целосна затвореност и полициски часови (во многу земји), запрена економија, до порелаксирано лето и многу посилен бран на зараза во текот на есента. Имаше земји како Шведска кои не се затворија и се потпреа на совеста и свесноста на граѓаните.
Доц. д-р Ана Чучкова, психолог, психотерапевт, продекан на Факултетот за психологија при Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ вели дека на почетокот на пандемијата, информациите биле прифатени како делумно вистинити, па со тоа луѓето биле поопуштени во прифаќањето на денешната реалност.
„Сликата и разбирањето нагло се променија. Сведоци сме на можеби најголемата ‘послушност’ на народот, на која се повикуваат властите во своите држави за да ја исконтролираат оваа појава. Придружено со комплетна медиумска покриеност насекаде во светот, овозможија многу пристапна средина за сузбивање и контролирање на оваа појава. Но, оставија и капија која го засили тивкото провлекување на стравот, паранојата или ултравнимателност. Тоа зазема битно место во менталната состојба на човештвото во ова време. Институциите се обидуваат да се снајдат најдобро што умеат, но се случуваат и лапсуси и грешки. Луѓето тие ,авантури’ почнаа да ги гледаат не како обид, ами како некомпететност, а со тоа и засилено ја демонстрираат својата недоверба кон институциите. Колку од тоа е издржано, времето ќе биде клучниот сведок“, вели Чучкова.
Според неа, освен врз физичкото здравје, кризата остава големо влијание и врз економската стабилност, особено изразена во земјите како нашата. Овој аспект веќе предизвикува сериозна нестабилност кај населението и остава трајна лузна врз менталната состојба, посебно изразена преку депресијата.
„Секој од нас има своја индивидуалност. Она што за еден е мир, за другиот може да е битка. Во психологијата и психотерапијата тоа е константната потрага по личното ‘Јас’, преку развојот и растот на сопствената личност. Треба да си признаеме дека оваа состојба, освен негативните последици, создаде и нешто ново за нас. Еден генерален ресет, каде многу луѓе се открија повторно себеси, а некои дури и успеаа да се ресоздадат. Кога ни треба помош, доволно е да ја побараме, но мора силно да веруваме дека ќе успееме. Денес има сѐ повеќе индивидуалци и професионалци, спремни да помогнат во секое време. Тоа не беше толку присутно пред оваа криза. Стравот, освен што е состојба на умот, донекаде е и важен чувар на нашата благосостојба. Треба да ги препознаеме границите на контрола и ќе бидеме на добар пат кон закрепнување“, вели Чучкова.
Според неа, колку повеќе ја имаме контролата врз себе, со своите емоции и менталната стабилност, толку повеќе можеме разумно да носиме и прифаќаме одлуки кои се наменети за нашето здравје. Психолошката поддршка е само една од алатките кои можат да помогнат. Во соработка со останатите гранки секој би открил нови начини на помош и самопомош, за што побезболен премин на оваа криза. За кој било проблем не постои магично стапче, ниту решение. Мора сите заедно да се поддржиме и да го сочуваме нашето ментално здравје.
Теории на заговор – новата религија на 21. век
Д-р Горан Јанев е професор по социјална антропологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Тој вели дека човештвото и порано било соочено со пандемии, но некако оваа се чини како најлоша, а тоа е така за секоја генерација која ги минувала и болестите и другите катастрофи, природни и оние создадени од човекот, пред сѐ војни.
„Специфично за оваа пандемија е што се одвива во момент кога се учиме, очигледно сѐ уште невешто, како да ги користиме, управуваме и контролираме информациите во компјутерски посредуваната комуникација. Безредието во оваа област дозволува безброј простачки, наивно глупо (не)аргументирани теории на заговор да го поткопуваат авторитетот на државните органи, всадуваат несигурност, неверица и сето тоа е со крајно негативни последици, бидејќи граѓаните престануваат да соработуваат за општото добро. Веќе наголемо се зборува за вториот вирус, кој потекнува од нашите глави, вирусот на дезинформации и подготвеноста да се голтаат логички контрадикторните тврдења кои ги подриваат општествата. Основите на заедништвото се најголемата жртва на оваа пандемија“, вели Јанев.
Според него, теориите на заговор се новата религија на 21. век. Оперираат на ист начин како традиционалните религии, хранејќи ја гладта за објаснување на големите мистерии на животот, создавајќи и истовремено закрпувајќи логички процеп, лажно задоволувајќи ја потребата за објаснение за комплексните, а особено животозагрозувачките појави.
„Објаснувањето, кое посочува на некакви виновници таму негде, инстантно ја задоволува потребата да се изгони стравот, претворајќи го во некаков гнев, со чувство на триумф кај оној ‘што му текнало’. Но, но на долги патеки ги прави овие граѓани зависници од овие објаснувања кои лесно се претвораат во оправдание за личните неуспеси. ‘Вирусот е пуштен од лабораторија, кинески вирус, нѐ прскаат со алуминиум, има микрочипови во вакцините’, до негирањето на болеста кое е друга крајност, создава несигурност и поделба во заедницата. Неодговорните, неуки и неспособни политички елити дозволија да се трансформира едно биолошко прашање во политичко. И потоа мерките кои се од хигиенско/санитарна природа, од доменот на медицина и на здрава логика се префрлија во полето на политички препукувања. Надоврзувањето на неодговорните манипулации со верските чувства ја претвори кашата во грозна и смрдлива мешаница. Таа поделеност на заедницата е најголемата опасност за човештвото. Се чини дека најспремна да ги плодоужива овие состојби е радикалната десница која доста успешно ги регрутира своите следбеници во вака подвоените општества. Тие наративи брзо патуваат од земја во земја и се прилагодуваат на новите состојби, па така од мигрантите, сега се прејде на вештачкиот вирус, кој го поврзаа со 5Г антените и се здружија со антиваксерите. Во секоја комбинација, сејачите на страв и неверица функционираат добро, а потоа се нудат како спасители. Ќе биде тешко да се спасиме од ваквите спасители“, смета Јанев.
Тој стравува дека обновувањето на раскинатото заедништво ќе биде макотрпно и повторно и постојано ќе биде разградувано закрпеното. Кога некој не верува во институционалната медицина, зошто би верувал во која било друга општествена институција, образовна, судска, полициска... Еднаш кога ќе почне да копка црвецот на сомнеж, тој не застанува и како болест се шири во сите општествени пори.
„Тоа е состојба на општествена аномија, како што увидел таткото на социологијата, Емил Диркем. Многу порано, Платон говори за етос на државата, односно вредносен и морален систем на заедницата, усвоен и почитуван од сите членови на заедницата. Таму удираат сејачите на страв и недоверба, ја кинат природнaта човечка разнолика заедница и наместо тоа нудат ексклузивна заедница и така се расцепкуваат сите наднационални и внатре-национални сојузи на заедништво. Европската Унија е во длабока криза, Обединетите Нации и нивните институции се одамна девалвирани и маргинализирани и расте лажниот национализам и расизам. Од сето ова директна корист имаат новите господари на капиталот. Се чини дека никогаш во светот не сме сведочеле на ваква класна поделеност, само што сега, во глобалните текови на капитал и идеи, тоа поумешно се прикрива и релативизира“, вели Јанев.
Последиците ќе бидат далекусежни
Пред помалку од еден век класната поделеност резултирала со триумф на фашизмот. Се чини дека го сведочиме повампирувањето на најопасната болест на човечките општества, наметнувањето на поделбите како основа за владеење, вели Јанев.
„Ни се случува умртвување на идејата за здружување преку солидарност и алтруизам, доброволно и ненансилно. Наместо тоа, ни се наметнува принудно здружување во толпата самопрогласени исправни приврзаници. Ако на ова се дополни загубената взаемна почит што се јавува при постојаните препукувања на деперсонифицираната комуникација на социјалните мрежи, која се прелева во директната комуникација, катастрофата е уште поголема. Векови на хуманизиран општествен прогрес се урнисуваат со неверојатна брзина и ќе бидат потребни огромни усилби за повторно воспоставување на унапредени хумани односи во сферите на стопанисувањето, политичото уредување, јавната комуникација и меѓучовечките односи. Оваа криза очигледно го извади најлошото од нас и последиците ќе бидат долготрајни, генерациски, додека не израснат нови деца, нови емотивно зрели и општествено одоговорни поединци и тоа е нашата најголема и најважна задача пред нас“, дециден е Јанев.
Автори: Сребра Ѓорѓијевска и Весна Ивановска-Илиевска
-----------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс, во соработка со Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.
Кај нас не се работи на психолошката поддршка на новинарите, иако индиректната траума остава исти последици како и директно преживеаната траума.
Пандемијата предизивикана од ковид-19 сериозно се одрази врз новинарите и нивното работење. Економската состојба во општеството генерално влијае врз работата на новинарите во сите медиуми, бидејќи тие во најголем дел се поддржани од локалните бизниси, што доведе до намалување на рекламите и платите во некои медиуми, а некои дури и се затворија. Притисокот од јавноста врз новинарите е голем бидејќи тие споделуваат и информираат за непријатни и застрашувачки вести. Истовремено, тие се едни од хероите на ова време, бидејќи кога сè запре и кога се случуваа карантини, кога цели градови беа под полициска контрола, главен извор на информации беа токму тие – вели психологот Ана Попризова од Скопје.
Низ какви премрежиња и предизвици се изложени медиумските работници во време на пандемијата? Долготраен стрес, исцрпеност, анксиозност, страв – ова се дел од неприликите во кои се најдоа новинарите во цел свет, но и кај нас. Заедно со медицинските лица, новинарите што работат на терен се веднаш на првата борбена линија.
Во услови на пандемија и лажни вести, начинот на презентирање на информациите е деликатна тема, затоа е значајно да се користат веродостојни и балансирани научно-базирани извори. Застрашувачки е и податокот дека само во првите четири месеци од започнувањето на пандемијата животот го изгубиле 186 новинари во цел свет. Овој притисок може да предизвика проблеми со менталното здравје. Истражување спроведено од започнувањето на пандемијата врз 1400 новинари од 125 земји информира дека над 80% од испитаниците наведуваат барем еден негативен психолошки симптом, анксиозност, прегореност, депресивност, проблеми со спиење или чувство на беспомошност. Многу често во вакви услови, луѓето манифестираат ризично однесување, посегнуваат по алкохолизам и психотропни супстанции – посочува Попризова.
Не се работи на психолошка поддршка на новинарите
Попризова посочува дека кај нас не се работи на психолошката поддршка на новинарите, a индиректната траума остава исти последици како и директно преживеаната траума.
Новинарите изложени на трауматски сцени треба и самите да се третираат како жртви на траума. И работата од дома секако е предизвик за сите, а особено и за новинарите кои работат со рокови. Можеби оваа состојба ќе ги поттикне и новинарските куќи да станат свесни за потребата од негување на позитивна професионална клима во насока на одржување на менталното здравје на кадарот. Медиумските работници треба да бидат свесни за своите психолошки, емоционални и телесни симптоми. Новинарот не е имун на емотивен стрес. Треба да се воспостави структура и планирање дневни/неделни активности, што дава чувство дека ја контролираме ситуацијата. На новинарите им треба доволно сон и да ја намалат преголемата изложеност на вести и информации, бидејќи со современите технологии и паметни телефони, тие се постојано достапни и изложени на секакви информации. Треба одмор и опуштање - хоби, природа, релаксација, поминување време со блиски луѓе. Разработете мрежа на значајни луѓе во животот, внимателно „плетете“ ја и негувајте ја – советува Попризова и додава дека доколку некои од овие симптоми се повторуваат, треба да се побара стручна помош.
Фуркан Салиу: Никогаш не би се откажал од директниот контакт
Фуркан Салиу кој е новинар во „ТВ Клан“ потврдува дека последнава година се соочува со поголеми потешкотии во работниот процес.
Кога немате директен контакт со службените лица одговорни да решат некој проблем, или пак направиле проблем и треба да се соочат со јавноста, ефектот не е ист. Па, дури во многу случаи, изговорот дека е пандемија, беше корисен за да се избегнат снимања. Во голема мера се намали транспарентноста на институциите. Големи грешки и пропусти се оправдуваа со изговорот „Па, пандемија е“ – вели Салиу.
Ковид-19 се одрази и на приватен план, продолжува младиот новинар.
Директниот контакт со инфицирани лица, паниката дека можеш некого да заразиш, избегнувањето на контактот со блиските, сето тоа имаше свој ефект. Кога би морал да одберам една работа од која никогаш не би се откажал, а е поврзана со професијата, тоа сигурно би бил директниот контакт со луѓето. Онлајн можеш да завршиш работа, но емоцијата, душата на еден телевизиски прилог, не можеш да ја пренесеш преку зум-снимања. Ако има што било позитивно во целава ситуација, тоа е дека ние помладите новинари имавме кондиција и бевме во голема предност што не спаѓаме во ризични групи – посочува Салиу.
Што е тоа што го одмора?
Среќа што продолжија спортските активности во светот, особено фудбалот. Сѐ што ми треба да се одморам е добар фудбал за викенд!
Вежбање јога, читање книги, прошетки во природа
Маја Јаневска-Илиева е фоторепортер во дневниот весник „Нова Македонија“. Таа не влегува директно во ковид-центрите, но секојдневно е на терен. Вели дека работните обврски ги исполнува со истата динамика како и порано, почитувајќи ги мерките за заштита. Внимава секогаш да носи маска кога е на терен, да има гел за дезинфекција, кога снима група луѓе се обидува да држи растојание. Освен физичката заштита, се штити и ментално и наоѓа начини како да си посвети внимание.
Вежбам јога наутро, слушам музика, секој понеделник гледам „Дубиоза Колектив“ карантин шоу, одам на изложби, а есенва имаше многу инспиративни, читам книги во секој слободен момент... Ми недостига поврзувањето со природата. Напливот на позитивни емоции што го открив кога се искачував низ шумата на Водно е неверојатен. Посакав да ги гушкам дрвјата за возврат. Децата, нормално, ми се смееја. Сега секој викенд откриваме нови патеки - раскажува Јаневска-Илиева.
Со воведувањето на вонредна состојба ѝ било овозможено да работи од дома, што за неа значело заштеда на време и на ресурси.
Фокусот го поместив кон децата, кои следат онлајн-настава. Направив приоритет: завршување на работните обврски, грижата за останатите од фамилијата, дневните домашни работи, па дружбата со остатокот од светот. Согледав дека можам да постигнам сѐ ако станувам порано и секоја активност однапред ја планирам и ја ставам во временска рамка. Во однос на работата многу е лесно кога однапред ги знам снимањата со точно време и место - објаснува Јаневска-Илиева.
Таа вели дека флексибилноста на обврските има и негативна страна, како што е работењето и подоцна навечер. Но, фоторепортерката се навикнала на измешаниот начин на функционирање и најголем страв ѝ е како ќе се врати на старото „нормално“.
А, и зошто би се враќале на строгото непрекинато осумчасовно работно време кога со колегите од редакцијата ги усогласивме обврските од дома и станавме поефикасни и од порано. Сите имаме и помлади и постари членови на фамилијата за кои се грижиме. Стравот од зараза е поголем кога знаеме дека може вирусот несвесно да го пренесеме некому од нив – вели фоторепортерката.
Христовска-Угриновска: Се заморувам и губам концентрација
Соња Христовска-Угриновска е новинарка во дневниот весник „Слободен печат“, којшто комплетно се работи и се пакува од дома. Во март само новинарите почнале да работат од дома, а уредниците го склопувале весникот во редакција.
Но, од април до денес „Слободен печат“ се испраќа во печатница откако секој поединец што го создава поминал „турбо“ откачен работен ден. Кога почна ситуацијата си реков дека овој начин на работа е како „остварен сон“. Отсекогаш сметав дека работењето од дома е здраво и економично, и за работникот и за фирмата. Сѐ уште мислам дека тоа има свои предности, ама и маани, но сепак, не е возможно ваквото „весникарење“ да остане и по пандемијата“ - вели Христовска-Угриновска.
Таа додава дека техничките проблеми од типот на прекин на електричната енергија среде прес-конференција или кога компјутерот сам се рестартира, ѝ влијаат на текот на работата.
Покрај незиното работно биро има уште две бироа со компјутери на кои нејзините две деца следат онлајн-настава. Нејзиното работно време се поклопува со училишниот ден на децата, па често во нивната училница, канцеларија и дневна соба имаат стресни, но и комични ситуации.
Едниот син е седмо, а другиот е петто одделение и учат во две смени. Многу се вознемируваат од техничките проблеми на онлајн-наставата, на пример кога помалиот син три пати решаваше тест по природни науки, а не можеше да ѝ го испрати на наставничката. Ниту е лесно кога се случуваат итни ситуации дома што мора да ги решам додека фокусот ми е на работната задача. Кога зачестуваат напорните денови ми се случува и заморување и слаба концентрација. Среќа, сопругот е често дома и помага да не „прегорам“, а и ваквите ситуации и лоши денови се поретки - вели Христовска-Угриновска и додава дека во овие ненормални услови наша задача е да создадеме среќни семејни и работни денови во сопствените домови, во динамична атмосфера, но и да ги сочуваме мирот и здравјето.
Дека македонските новинари ја делат судбината со илјадници нивни колеги по цел свет, сведочи и Гевин Рис, директор и обучувач во „Дарт Центар – Европа“, институција посветена на новинарството и траумата. Многу е важно да не ги потцените едноставните нешта - добро да се наспиете, да се храните соодветно, да вежбате, по можност надвор во природа. Можеби звучи едноставно, но овие нешта можат да направат огромна разлика, а кога сме под притисок може да ги запоставиме мислејќи дека немаме време за нив, вели тој.
Понекогаш луѓето треба да забават, пред да забрзаат. Секој новинар кој работи на приказна поврзана со коронакризата е изложен на многу негативни вести. И колку попрофесионално работи на приказната, повеќе простор му треба за себе потоа. Тоа е многу важно, на мозокот му треба опоравување и повторно полнење – вели Рис.
Неговата препорака е: одредете дел од денот кога не гледате вести, ниту во вашите уреди, особено навечер пред спиење вежбајте, пронајдете хоби, гответе или, едноставно, гледајте филмови, ќе ви помогне да се исклучите. Што и да правите за себе, добро е да си направите рутина.
Важно е да се потсетуваме дека треба да бидеме толерантни кон себеси. Да се фокусираме на реални цели и комплексните задачи да ги поделиме на мали мини-чекори. Тоа е секогаш добро, особено кога некој се чувствува совладан. Контактирајте со колегите и пријателите. Нештата што нѐ загрижуваат често избледуваат кога гласно ќе ги кажеме некому кому му веруваме – пријател или ментор. Ова е многу важно, не само поради вас, туку и за новинарството. Кога интервјуирате луѓе во заедницата, понекогаш е тешко да ги издвоите сопствените реакции во врска со пандемијата од реакциите на оние што ги прашувате - вели Рис.
Според него, кризата донела и нови можности. Многу новинари во нивната мрежа велат дека иако известувањето за ковид-19 е исцрпувачко, новинарството никогаш не било поважно за заедницата. Стресот е присутен и кај медиумските работници што работат од дома.
Уредниците се под притисок, но загрижува однесувањето кога на новинарите им се наметнува дека треба да бидат благодарни што воопшто имаат работа. Тоа не им помага ниту на новинарите, ниту на бизнисот. Луѓето даваат најдобри резултати кога се чувствуваат ценети и знаат дека некој ги слуша, а работат најефикасно кога имаат доволно време да се одморат и да соберат енергија – тогаш и помалку се прават грешки. Можеби да се обидете и да бидете смирени. Но, немојте да ја прифаќате идејата дека тоа што имате работа, значи дека немате право да кажете што мислите за условите во кои работите. Развивајќи способност да ги кажете своите грижи на смирен начин, без гнев или правејќи ги нештата лични, може да биде моќно и ефикасно во вакви ситуации, особено ако имате „тежок“ уредник, вели Рис.
Автор: Сребра Ѓорѓијевска
-----------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс, во соработка со Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.