Активизам

Zitcover

Ниту е до политиката ниту е до короната - до новинарскиот карактер е

Пандемијата Ковид-19 ги откри, поточно ги потврди сите вредности и сите маани на актуелното македонско новинарство. Вредности во генерално високото ниво на квалитетот на известувањето и на создавањето новинарски продукти од лепезата журналистички жанрови, од една страна, и недостатоците евидентирани во веќе традиционалната политичко-партиска поделеност на македонската медиумската сфера аналогно на политичко-партиската поделеност во општеството. Но, нели, новинарството не е во карантин. Убаво би било одвреме навреме самото да се самоизолира во насока да се дистанцира од актуелната, непартиска сцена и од силните влијанија што партиите помалку или повеќе јавно или исто толку прикриено ги вршат врз медиумите и новинарите. Да се преиспита однатре за своите постапки, за сопствената новинарска совест. Новинарството по дефиниција би требало да е најслободната професија Секако, во плурално општество и новинарството е плурално. Никој и не очекува и би било крајно лошо и за новинарството и за демократијата тоа да е унифицирано. Тогаш прво страда вистината, таа вредносно најелементарна новинарска категорија. Но жалното е што во вакво веќе тридецениско плурално општество и плурално  новинарство, тоа сè уште ниту од далеку не е на висината на својата сопствена задача за самоодговорно професионално практикување на новинарската професија. Ваквата генерална констатација не е докрај објективна ако не се додаде и дека напати, на бранови, во циклуси, новинарството во земјава има и свои ѕвездени моменти. И посебно што во континуитет одредени медиуми, едно мало медиумско малцинство, е секогаш на висината на професионалноста проткаена со неминовната новинарска етика како основен столб на професијата. Оттаму и дозата иронија дека би било добро одвреме-навреме, македонското новинарство да се става во карантин. Да се соочи со самото себе, да се осознае во генезата на неговиот карактер. Горната иронија во превод би била во насока на тезата дека новинарството по дефиниција би требало да е најслободната професија. Самата дефиниција за новинарството ја подразбира безграничната слобода и независност на новинарите, на редакциите, на медиумите. И во такви услови да ја извршуваат својата елементарна функција без какви било странични влијанија. Да ја уживаат слободата самостојно и исклучиво врз сопствената одговорност да ја извршуваат својата новинарска задача и медиумска улога во општеството. Во средиштето на таа журналистичка улога се новинарските и медиумските правила и расположивите алатки како што се вистината, непристрасноста, потрагата по фактите и нивната неселективност како база, како елементарна суштина на новинарската професија. Политиката и медиумите го партизираа и коронавирусот Македонската новинарска практика во континуитет, еве и сега и во ова актуелно чувствително, пресензибилно, трауматично, па и кризно и опасно време, не е баш на потребното ниво на својата одговорна професионална задача. Пандемијата од Ковид-19, епидемијата со коронавирусот, настаните што се рефлексија на тој амбиент, како да не се доволен предизвик. Не за сите во редакциите во насока на одговорно новинарско однесување. Примесите на политика се вткаени во бројните извештаи, јавувања, прес-прашања, медиумски анализи, во евидентниот селективен избор на соговорници во дебатните видео-емисии. Тоа е последица на перманентното влијание на разните центри на моќ во македонските медиуми. Секако, примарни се партиските, преку нив и разни други, особено од сферата на бизнисот. Ова посебно сега преку спротивставените ставови на политичките актери поврзани со предвремените закажани, па поради епидемијата прекинати изборни процеси. Грижејќи се за својот рејтинг во беспоштедната борба за власт, за контрола врз државниот буџет, адекватно на тоа и за моќта во државата, а не за сопствените граѓани и за нивното здравје, како што проѕирно декларираат, повторно со своите познати коруптивни алатки ги вјаснуваат медиумите. Окупираат цели редакции. Под изговор за здравјето на граѓаните, секоја тргнувајќи од своите најтесно партиски цели, едните притискаат за избори, други се противат. И едните и другите и третите, наводно само во името на здравјето на граѓаните, преку таа чувствителна матрица ги насочуваат уредувачките политики на влијателните медиуми. За возврат јавноста е сведок на редукција на вести, на неадекватно редење факти, на селекција на соговорници во дебатни емисии, на непринципиелно монтирани извештаи, изјави и интервјуа.   И во ова корона-време е евидентна медиумската партиска поделеност Суштината е дека македонските медиуми, со нив и редакциите и новинарите, нивното децениско работење во услови на стигма од партиските политики, токму поради таквата зависност од центрите на моќ, еве и во услови на оваа пандемија со Ковид-19, појава која загрозува се и ги загрозува сите, не успеваат докрај да се ослободат и да се издигнат над стекнатите зависности. И не сите и не докрај од една таква слободна и независна позиција пред македонската јавност да се прикажат со сета своја професионална објективност. И сега, и во ова актуелно пандемиско време, евидентна е медиумската партиска поделеност напати непримерно манифестирана во уредувачките политики. Посебно недозволиво за највлијателните медиуми, за националните и другите телевизии кои наместо епидемијата да ги обедини врз принципите на непристрасно трагање по објективностите кои и политиката и јавноста ќе ги обедини во борбата со вирусот и со неговите последици, евидентната медиумска поделеност проткаена со партиските изборни амбиции, добива на интензитет. Ова корона-време, уникатно за нас во Република Северна Македонија, е време обременето и со сите контроверзи поврзани и со предвремените парламентарни избори. Тоа е моментот плус што актуелната медиумската ситуација ја прави уште покомплицирана. Актуелново новинарско време е принуден микс од страв од последиците од вирусот и од страст од партискиот изборен предизвик. Сиот тој изборен коронавирус-амбиент во јавноста манифестира конфузност. Наспроти елементарната улога на редакциите и очекувањата на граѓаните за нивната професионалност, веќе видена медиумска слика од партиско уредувачки политики во повеќето влијателни македонски медиуми. Медиумските консументи, граѓаните, ТВ-гледачите, радио-слушателите, читателите на весниците и на порталите, во ова корона-време повторно се ставени во ситуација на дози сомнежи во објективноста на новинарските продукти. Партиско навивачкиот уреднички пристап со негување стил на негирање на сè што предлага и прави власта и на форсирање на сè што критикува и предлага опозицијата, или обратно, сеедно, медиумите не ги отсликува како центри на кои треба јавноста безрезервно да им верува. И таа, токму преку медиумите и нивните не секогаш принципиелни уредувачки политики, е вовлечена во општиот навивачки медиумски галиматијас во кој по правило страдаат вистината и новинарската објективност. За да дојдат до вистината медиумските консументи ќе треба самите да си ги   подредуваат фактите собрани од повеќе медиуми    Новинарството би требало да е најслободната, најнеоптоварената, најимуната професија од странични влијанија поради странични интереси. Новинарството единствено треба да им служи, практично да им слугува на граѓаните. Тие од новинарството ја очекуваат вистината и објективноста. Очекуваат презентирање на сите факти и нивно принципиелно редење според строгите новинарски правила, а во духот токму на објективното информирање. Информирањето на граѓаните од страна на новинарството е елементарната новинарска,  основната медиумска функција. Се друго, секако во поинакво излегување од таа магистрална обврска на новинарите, на новинарството и на медиумите и нивните уредувачки политики, е отстапување од елементарните обврски на основите на новинарската професија. Попрецизно, за неслободата на македонското новинарство или за илузијата за слободно македонско новинарство гледано низ превртен диоптер, дури може да се констатираат и некои позитиви, ако воопшто може така да се наречат. Партиската навивачка поделеност на медиумите, телевизиите и порталите посебно, секој од нив одделно катадневно прикажуваат некаква полуисправна, полувистинска, полу објективна слика за настаните, за процесите и за темите што ги третираат. За консументот на медиумските информации да ја добие целата слика на објективната стварност, треба да фрли поглед и на медиум, дефинирано условно, и од другиот табор. Да ја провери автентичноста на вестите од едниот и да ја компарира со другиот медиум. Оваа алатка која всушност е извлечена од основните методи за детектирање на лажни вести, е елементарна можност да се добие пообјективна слика за одреден настан, за нечија изјава, за нечиј став или коментар. Своевидно упатство за следење вести и за нивноo објективизирање со цел да се елиминираат монтажерските уредувачки еквилибристики. Да се подредат фактите собрани од повеќе од еден медиум, да се подредат според значењето на моментот и ТВ-гледачот, радио-слушателот или читателот на весници и портали, да дојде до вистината што ја очекува од секој медиум одделно.     Сопственик на новинарството се граѓаните И во овие корона-услови, медиумите останаа оковани од партиски интереси кои со новинарството немаат ама баш ништо блиско. Напротив, единствен сопственик на новинарството се граѓаните. Од таа позиција интересите на медиумите и на партиите им се дијаметрално спротивставени. Поради сопствени интереси партиите и други центри на моќ ги притискаат медиумите главно преку методите на егзистенцијалната зависност, па во нивна корист медиумите ја прикриваат, често и ја извитоперуваат вистината. Граѓаните пак, од нив ја очекуваат чистата вистина, информацијата соголена од какви било примеси на странични влијанија мотивирани од нечии тесни интереси. Оттука, карактерот на новинарството во буквална смисла на зборот, карактерот на сопствениците на медиумите, на уредниците и на новинарите е примарниот стожер за објективно новинарство. Корона новинарските услови не успеаја до крај да ги обединат медиумите на линијата на нужното елементарно дистанцирање од центрите на моќ. Напротив, генерално, преку зависничката-застапничка позиција, уредниците и уредувачките политики не успеаја и во време на вонредни состојби во државата и во време на најголемата загриженост на граѓаните поради епидемијата, да се издигнат над своите дневни зависности и целосно да се ослободат од боите на политиката. Инерцијата во редакциите од пред корона-кризата продолжи и за време на пандемијата. Инерција на поделеност во која се насетуваат партиски дресови. Не е до писменоста и образованието, туку до карактерот е Епидемијата со коронавирусот беше и уште е добра можност уредувачките политики да се подредат на општите активности за сузбивање на епидемијата, на афирмација на мерките кои водат во таа насока, на критика и на разобличување на злоупотребите од секаков вид политизација и партизација на пандемијата и нејзино користење како алатка за предизборни партиски политики, за пумпање рејтинзи. Да ги искористат времето и приликата и конечно или барем времено, да се ослободат од партиско- навивачката медиумска мантра. Секако, одложените избори и сета меѓупартиска битка околу нивното одржување и одложување во периодов беше и е клучниот медиумски разединувачки фактор кој директно удира по целата вистина и по сета објективност во сите видови журналистички продукти и на темите поврзани со коронавирусот и со неговите последици. Оттука, тргнувајќи од пораката во насловот на текстот, дека не е до писменоста зашто денес сите што активно учествуваат во високо одговорниот општествен процес наречен новинарство, се доволно писмени, доволно медиумски образовани. Клучот би требало да се смести кај новинарскиот карактер. Кај карактерот на новинарот, на репортерот, на водителот, на уредникот, на сопственикот на медиумот. Пресудното е во овој хиерархиски редакциски ланец да бидат вткаени професионалните карактерни новинарски скрупули. Да се вградат свесноста, свеста и совеста за одговорноста на секој актер во најјавната професија воопшто. Да се разбере дека новинарството е мошне, мошне одговорна професија и дека новинар - тоа не може да биде секој. Автор: Зоран Иванов, новинар   ................. Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.  
Dtcover

Како новинарите по општа пракса станаа специјалисти за коронавирусот

Додека водечките индустрии на глобално ниво веќе со месеци не можат да се соземат од шокот предизвикан од пандемијата на новиот коронавирус, вработените во дневно-информативните редакции, иако со далеку поограничени ресурси, речиси преку ноќ направија радикален пресврт во начинот на своето функционирање, застанувајќи така на првата линија на одбраната заедно со здравствените работници, војската, полицијата... И тоа не затоа што така сакаа или планираа, туку затоа што планетарното медиумско внимание беше и сè уште е фокусирано на пандемијата, како и поради тоа што редовното и точно информирање на јавноста стана еден од клучните инструменти за справување со кризата. Во таквата сосема нова и неизвесна, но пред сè, како и за сите други, така и за новинарите, животно загрозувачка ситуација, стравот, кој природно е присутен во човечките гени, неретко ги носи во погрешна насока со што несвесно ја подгреваат паниката иако, се разбира, имаше и има и намерни обиди за потхранување на стравот со дезинформации и со лажни вести. Ако се прашуваат вработените во дневно-информативните редакции, тие ќе речат дека со дислоцирањето на редакциите од службените простории во домовите, ги надминаа сопствените можности, зашто само неколку денови пред „големата преселба“, им беше непоимливо оти цел дневен весник, на пример, би можел да се „спакува“ од дома. Пошироката јавност пак, како и секогаш, е поделена во оценките за тоа како новинарите одговорија на овој, дефинитивно, најголем предизвик во историјата на новинарството. Критиките, притоа, се неизбежни, пред сè поради хиперпродукцијата на информации кои се менуваа со досега невидена брзина, одеа во различни насоки, во голема мера беа конфузни, па дури и контрадикторни, а често и бескорисни и контрапродуктивни. Луѓето од струката генерално задоволни Но, оние кои барем малку се разбираат во технологијата на производството на медиумски содржини, како и оние за кои деновиве се вели дека се „луѓе од струка“ - инфектолозите, епидемиолозите, виролозите, оние кои ја менаџираат кризата..., секако ќе настапат со покомплексни, но во принцип, позитивни оценки.    „Новинарите, генерално, одиграа позитивна улога во оваа ситуација. Некои дури и ме воодушевија колку ги познаваат работите и колку во текот на оваа криза, научија за сензитивноста и за објективноста бидејќи ние и на студентите тешко им ги објаснуваме тие нешта. Секако, постои и една група новинари кои немаат толкаво познавање на проблематиката, но затоа го оставаат соговорникот да каже тоа што треба и брзо ги учат работите. Конечно, за жал, има и такви кои во целиот овој период само ширеа паника и лажни вести, правејќи притоа огромни грешки, пред сè со терминологијата. Но, апсолутно може да се каже дека има новинари кои покажаа оти се способни да се носат со ситуацијата и јас би можел да им дадам мошне висока оценка“, вели професорот по микробиологија на Медицинскиот факултет при УКИМ, Никола Пановски. Но, за разлика од оваа мошне прецизна категоризација на доктор Пановски, кај поголемиот дел од јавноста преовладува впечатокот дека работењето на новинарите во овој период, во основа, е хаотично, површно и неверодостојно. А бидејќи критичка опсервација, анализа и вреднување на работењето на новинарите и на медиумите, не само во времето на корона, туку и веќе подолг период наназад, изостанува, самата криза со својата моќ да го искристализираа се она што е добро и лошо во едно општеството, расветли и многу нешта во медиумите. Таа, пред сè, го наметна подзаборавеното прашање на специјализацијата на новинарите. Специјализираните новинари станаа скапи, ризични и непожелни Поради континуираните реорганизации на работењето на медиумските куќи и тенденциите за сведувањето на бројот на новинарите на минимум, се очекува тие да бидат не само упатени во сите области, туку и вешто да ракуваат со уреди за тонско и видео снимање, а по потреба да одработуваат и пи-ар за одредени клиенти, со што се стесни просторот за нивна специјализација. Некои неодамнешни глобални истражувања покажаа дека само околу 15 отсто новинари се специјализирани за одредени области, пред сè за политиката, економијата, спортот, додека останатите им се прилагодуваат на потребите на редакциите и тоа на дневна основа, што значи дека најчесто не успеваат ниту површно да се информираат за темата што ја подготвуваат, а камоли темелно да ја истражаат и анализираат. Специјализираните новинари едноставно станаа скапи, ризични и  непожелни за работодавачите. Моделот на флексибилното новинарство во кое „сите имаат сè во малиот прст“ стана доминантен. Кога на тоа ќе му се придодадат и, особено во изминативе години изразената миграција на новинарите низ редакциите, како и отвореноста на редакциите за разни анализи, коментари и мислења од таканаречените надворешни соработници, кои често се објавуваат без потписи на авторите или под лажни имиња, не треба да чуди тоа што и во „сериозни“ медиуми беа објавувани содржини каква што беше онаа дека коронавирусот всушност е биолошко оружје создадено во лабораторија во Кина, САД или во Русија, како веќе кому му одговараше, или како „советите на некои лекари, кои всушност се први братучеди на некој кого некој близок лично го познава“, а според кои, вирусот можел да се лекува и со мешавина на лимон и сода бикарбона. Се продлабочија „црните дупки“, но и се осветлија фактите Таквите информации, со намера да бидат пласирани во медиумите, ги споделуваа дури и луѓе со сериозни референци, доведувајќи ги професионалците во медиумите во опасност „сериозно да му се замерат на некого“, ако одбиваат да ги објават. И тука, според искуството на авторот, веќе станува збор за обидите за свесно пласирање на невистини, преку прецизно разработени шеми и механизми. Мотивите се различни, од чисто комерцијални, за да се поттикне потрошувачка на одреден производ, до оние многу поопасни - да се создаде недоверба на јавноста кон мерките што здравствените власти ги преземаа заради спречување на ширењето на вирусот. Помалку разбирлива е тенденцијата „информациите“ поврзани со пандемијата да се пласираат на начин што ќе поттикне симпатии или антипатии кон некоја од глобалните сили, што доколку на беше толку опасна, од овдешната перспектива ќе изгледаше дури и смешно и наивно. Целата слика ја „збогатуваат“ и разногласијата што пристигнуваат од лекарите, научниците, кризните штабови, а особено од Светската здравствена организација, која, како да ја утна целата работа, од моментот на детектирањето на вирусот до упатствата за (не)носење заштитни маски. Тоа се некои од црните дупки во јавното информирање кои се продлабочија токму во ситуацијата која го осветли фактот дека работата на новинарите, фоторепортерите и на снимателите, сепак, е една од виталните општествени функции. Владите на некои земји тоа го препознаа, некои не. Германската влада на пример, пред извесно време, вработените во медиумите ги стави на листата на таканаречените системски релевантни професии заедно со здравствените работници, полицајците, пожарникарите... Поради тоа, оваа година би можела да биде и добра за новинарите. Се разбира, под услов владите и сопствениците на медиумите навистина да ја сфатат вредноста на вистинската информација во времето на инфодемијата која ги нападна, пред сè социјалните мрежи, но и медиумите воопшто. Што можело да се научи Поради ограничениот број на, условно речено, новинари кои се специјализирани за следење теми од областа на здравството во Македонија, но и поради нивниот неразбирлив отпор да ги споделат своите видувања, би можело да послужи искуството на канадската новинарка специјализирана за здравствените прашања, Хелен Брансвел, која по следењето на епидемијата на САРС во Торонто во 2003 година, состави листа на совети за новинарите кои го следат ширењето на заразните болести, а кои во меѓувреме беа објавувани во некои светски медиуми и сега се реактуелизираат. Првото што таа препорачува е дека треба да се има на ум оти во епидемиската состојба, информациите постојано се менуваат, поради што на луѓето постојано мора да им се објаснува дека тоа не е затоа што нешто се крие од нив, туку затоа што се дознава нешто ново. „Новинарите мора да се свесни оти тоа што веќе го знаат, може да се смени и  мора да се подготвени тие промени да ги вклучат во својот новинарски продукт“, посочува таа, меѓу другото. Можеби токму немањето на ваквиот приод ја објаснува некогаш и сосема очигледната фрустрираност на некои новинари во ситуации кога треба да објават сознанија, кои делумно или целосно, се разликуваат од тие за кои претходно информираа. Освен тоа, новинарите, мора да знаат и дека, во моментов,  исто како и тие, на притисокот за дознавање нешто ново се изложени и лекарите, научниците и претставниците на здравствените власти. „Итните ситуации каква што е пандемијата на коронавирусот резултираат со огромен притисок врз новинарите, но и врз научниците. И едните и другите сакаат први да ја дознаат веста“, објасни неодамна харвардскиот професор по епидемиологија Вилијам Ханиџ во еден од американските научни блогови. Освен тоа, новинарите мораат да знаат кои се релевантни и компетентни извори на информации и како до нив да дојдат, да имаат искуство што ќе им овозможи да проценат што е веројатно и да го предвидат развојот на настаните и, конечно, сето тоа да го прават заради јавниот интерес. Не сите објавени содржини се новинарски Без претензија безусловно да се амнестираат новинарите за глобалната медиумска какофонија, но и за ова што следствено на тоа деновиве се случува во Македонија, вредно е да се потенцира она што веќе погоре е споменато, а тоа е дека не сите објавени содржини се новинарски. Има голем број причини за пласирање на неновинарски содржини, па и на тие поврзани со пандемијата, што веројатно е уште едно големо подрачје кое би можело да се опсервира, но во сегашниот амбиент можеби покорисно би било да се издејствува тие да бидат јасно раздвоени од она што е резултат на професионален новинарски продукт и, впрочем, така и да се вреднува. Со тоа ќе се елиминира еден од, во моментов, најпроблематичните елементи во медиумите, кој не само што ги демотивира и ги обезвреднува новинарите на пазарот на трудот, туку и постојано ги спушта критериумите за создавање на медиумските производи чиј квалитет во ова ситуација е важен можеби и подеднакво како и ефикасен лек против вирусот кој го покори светот. Автор: Диана М. Младеновска, редактор во дневниот весник „Нова Македонија“   ................. Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.  
Cukni Vo Drvo

Пандемијата ги пресели културно-забавните настани на интернет

Денот на жената беше еден од последните денови кога културно-забавниот живот функционираше како што треба и потоа сè згасна. Еден по еден се одложуваа и откажуваа разни настани и манифестации, кои во овој период обично ги има многу. Концертите на домашните и странските ѕвезди се откажаа. Нашите уметници со интернационални кариери, како Влатко Стефановски, Симон Трпчевски, Кирил Џајковски и уште многу други останаа дома. А останаа и многу светски музички имиња кои требаше да имаат концерти кај нас или да бидат гости на некој од фестивалите, што требаше да се одржат периодов. Во ситуација кога домашни настани нема, а европската и светската сцена застанаа, новинарите од забавните рубрики се соочени со нов предизвик - како да пронајдат нови и интересни теми со кои барем на момент ќе ги релаксираат читателите и ќе им ги оттргнат мислите од пандемијата. Некои домашни ѕвезди изнесоа дел од приватниот живот и детали за тоа како го поминуваат времето во карантин. Но, коронавирусот заседна, месеците минуваа, стравот за животот стана уште поголем, а интересни теми постојано недостигаа. Не е лесно во ваква состојба да се задржи вниманието на читателите. Се листаат странски сајтови, кој што рекол, каква препорака дал. За разлика од домашните уметници, пораките на странските ѕвезди имаа поголемо влијание во јавноста. Можеби затоа што светските јавни личности се поотворени. Пример за тоа е холивудскиот актер Том Хенкс, кој од моментот кога откри дека со сопругата се заразени со коронавирус, јавно споделуваше буквално сè поврзано со болеста, лекувањето и донирањето на крвна плазма по излекувањето. Кај нас сè уште недостига смелост приватниот живoт да се стави на тацна. Затоа и смртта на Драган Вучиќ беше шок за сите. Кога се виде дека пандемијата ќе потрае, забавите се префрлија на интернет, се случи и „Култура во време на корона“. Секој на свој начин се трудеше да придонесе. Се родија неколку прекрасни онлајн настапи кои барем малку го оттргнаа вниманието од секојдневното сивило и броење на заразени и починати. Се случи „Бела чао“ на Драган Спасов – Дац, маестралната „Чукни во дрво“ на Влатко Стефановски со уште 40 изведувачи. Тоа поттикна и многу други музички имиња да направат онлајн концерти и да го привлечат вниманието на јавноста. Концерти правеа и многу балкански и светски ѕвезди, кои се обидуваа седењето дома да ни го направат забавно. Дека не е лесно да се наполни забавната рубрика во време на пандемија сведочи и новинарот Васко Спасовски од Слободен печат, кој вели дека периодов најголемата главоболка му претставува изборот на теми од македонската естрада. „Ќе ставите прст на глава и ќе сфатите дека нема за кого да пишувате. За жал, почнуваме да ги прелистуваме српските, хрватските и странските сајтови за да најдеме нешто интересно и да го пласираме и прилагодиме за нашите читатели. Кај нас има исклучоци, но премалку се. Македонската естрада е мала за ‘обработка’ и кога е нормално време, а не пак сега во време на пандемија. Но, не можете да ги обвинувате пејачите, бидејќи тие не заработуваа како нивните колеги од соседството, за да може сега да снимаат спотови, да прават ‘лајв’ концерти на едно високо ниво и слично. За жал, или можеби за наша среќа постојат странските онлајн медиуми, па ќе ‘украдеме’ некоја информација и ќе ги пополниме празните страници. Немаме друг избор освен да чекаме да дојдат подобри времиња и да функционираме нормално. Добро е тоа што нашите пејачи не спијат периодов, повеќето од нив подготвуваат материјали за кога ќе ја снема пандемијата да има што да ѝ понудат на својата публика,“ вели Спасовски. Рубриките „живот“ и „забава“ не се само концертите. Доброто интервју секогаш може да биде интересно за публиката, без разлика дали е со, или без повод. Иако периодов главен повод беше пандемијата, сепак тоа не беше пречка да се извлече некоја интересна информација од јавните личности. „Ако важите за новинар кој е професионален, секогаш ќе изнајдете креативни решенија. Токму во вакви моменти новинарите треба да одговорат соодветно на ситуацијата и да ја анимираат публиката со нешта кои можат да се опфатат од други алги. Македонската сцена и пред корона-ситуацијата немаше премногу да понуди па да не знаеме за што попрво да пишуваме, но секако потешко е кога нема никакви настани и случувања. Затоа се користат таканаречените ‘џокери’ односно интервјуата. Сите претежно се дома, па многу полесно се стигнува до соговорникот и многу побрзо одговараат на поставените прашања,“ вели Небојша Толески од порталот „Машки магазин“. Но, во време на пандемија навистина е тешко да се најде и каков било повод, особено кога се има на ум дека на дел од граѓаните и не им е до забава. Кога застана сè никој не очекуваше дека ќе може да се пополнат „жолтите“ теми, кои се толку озборувани, а се најчитани. Нема свадби, нема разводи, овде-онде по некое бебе и толку. „За нас, новинарите од забавните рубрики, скоро секогаш има работа. Дури и да се откажани сите настани, како овие три месеци. Работата мора да врви, ние ќе најдеме приказна или приказната ќе не најде нас. Доволно е само еден развод на некоја позната личност и ете тема и тоа топ тема. Кога беше објавено дека заради пандемијата ќе мора да се откажат сите настани и да се оди во карантин, мене најтешко ми падна тоа што моравме да направиме пауза со снимање на интервјуата во студио. Се помиривме дека тоа не може да се реализира, а варијантата преку скајп не ме бендиса, иако сите така снимаа, ама ете, мене тоа ми нема душа,“ вели Александра Георгиев, главна уредничка во Репортер.мк. Во време на пандемијата, иако се откажа сè, не се откажаа познатите од своите навики. Па така, имавме прилика да објавиме за сè она што го прават во изолација. „И дознавме кој како готви, кој како вежба, кому како му е дома наместено, имаше и по некоја роденденска забава. Значи, имавме за што да напишеме. Речиси сите од дома снимаа песни, па имавме прилика да слушнеме одлични изведби, онлајн концерти, журки со диџеи на покриви од зградите. Во време на пандемијата, успеавме на поинаков начин да функционираме и ние новинарите и познатите,“ вели Георгиев. Коронавирусот сите нè претвори во статистичари, да броиме колку се заразени, како се заразиле, како се излечиле. За жал, ниту естрадата не ја одминаа жалните вести. „Во овој период почина Драган Вучиќ, и за жал таа вест беше меѓу најчитаните... Луѓето многу сакаат да ги читаат приказните за коронавирусот, од тоа кој е заболен, кој се излечил,“ додава Георгиев. Сепак, најтешко им е на музичарите, чијашто работа пропадна како ничија друга. За многумина од нив, музиката е основната егзистенција. Еден од оние кој мораше да откаже цела агенда настапи и турнеи низ светот е Симон Трпчески, кој го промовира својот албум „Македонисимо“. „Многу ангажмани се откажани и не се само ангажмани како концерти, туку интервјуа, состаноци, патувања. Сè е застанато и сè уште се расчистуваат нештата. Се откажаа концертите во Глазгов, Единбург, Германија, Словенија. Откажан е еден од концертите што беше планиран за прослава на Бетовен во Штутгарт, со симфонискиот оркестар. Откажан е и концертот со Кралската опера во Копенхаген. За две недели требаше да имам турнеја низ Австралија, а на враќање концерт во Сингапур. Веројатно ќе се откажат концертите во Молдавија, во Монтреал и Чикаго, а не се знае што ќе се случи со концертот во Монте Карло, кој е закажан на 6 август. Овие месеци откажувањето ми одзема доста време. Но, одвоив време за средување на работите по дома што долго чекаа. Останатиот дел од времето го поминувам со семејството, игри со децата и секојдневни домашни обврски.  Лошо е што се откажани концертите, иако немам проблем да останам дома и да чекам да помине пандемијата. Сите чекаат што ќе се случи. За мене целата сезона беше исполнета, но сега веќе тие датуми не важат. Можеби некои од овие концерти ќе се презакажат за 2021, а останато е и за 2022. Јас и во ова време работам на програмата што ќе ме чека од септември натаму, доколку тргне сè како треба. Нови албуми, нов репертоар, а летово ќе имаме можност малку повеќе да ја прошетаме Македонија. Се надевам дека од септември ќе се случува нешто попозитивно. Ама во секој случај времето на пандемија го поминувам во доста планови и размислувања околу реструктурирање на целосниот живот“, вели Трпчески. Ноќниот живот и забавите веќе подолго време се замрени, а голем број музичари сè уште се на принуден одмор во исчекување на новото „нормално“. За рокерот Бени Шакири музиката е основна егзистенција, а најголема љубов му се клупските свирки и контактот со публиката. „Премногу ми недостигаат настапите. На моменти ми создава и тегоба. Јас не сум тип кој се слика по медиуми, не снимам спотови само за да ме има и не патам од комплекс да имам популарност, да ми бараат автограми. Јас само сакам да свирам во живо. Мојот начин на општење со публика е тој. Забавата, насмевката и љубовта, тоа е добра работа, добра енергија, која кружи, добра вибрација. Мојот позив е тој, е сега ако тоа го немам се разбира дека ми делува фрустрирачки. Свиревме во Аеродром сега за ‘Култура во време на Корона’. Супер е, луѓето ти аплаудираат од балкон. Имаше убава атмосфера, ама невообичаена, несекојдневна, немаш директен контакт со луѓето. Мене тоа ми недостасува, живиот контакт, јас на тоа сум се заветувал, како оние кои се заветуваат да одат на Света Гора или на аџилак. Јас сакам да свирам пред народ, бидејќи никој со сила не ти доаѓа на свирка, таму доаѓаат луѓе кои сакаат да те слушаат. Затоа ми фали блискиот контакт со луѓето,“ вели Бени. И во време на пандемија не можеше да се заборави на Изборот за песна на Евровизија, најголемата музичка манифестација во Европа и единственото место каде домашните пејачи можат да застанат на иста сцена со многу светски ѕвезди. Наш претставник годинава требаше да биде Васил Гарванлиев, но Евросонгот во Ротердам се откажа, а подготовките пропаднаа. За да се одржи духот и мисијата на Евросонг, организаторите смислија телевизиско шоу наречено „Europe Shine A light“ и секој од учесниците се јави со своја оптимистичка порака. „Добро вечер Европа! Отворете ги срцата да прославиме вечер полна со љубов. Се надевам дека ќе се видиме наскоро. Ова е само почеток,“ порача Васил. И во право е кога вели „ова е само почеток“, бидејќи пандемијата и карантинот на сите ни го смени начинот на размислување, а многу јавни личности во своите интервјуа порачаа дека животот ќе се дели на - пред и по коронавирусот.   Автор: Весна Миленковска, главна и одговорна уредничка на „MMS.mk“. ................. Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.
Zscover

Маргинализираните групи медиумски маргинализирани и за време на пандемијата

За време на пандемијата со коронавирусот, она што го понудија локалните и националните медиуми кои известуваат од тетовскиот регион покажа дека застапеноста на проблемите на лицата со попреченост е речиси иста како и пред пандемијата, односно и понатаму се пишува малку и спорадично. Во напливот на секојдневни информации со број на заболени, со број на починати, политички препукувања, полициски часови, со секојдневни прес-конференции од најразличен вид, лицата со попреченост и понатаму остануваат маргинализирани, меѓу другото и во медиумската застапеност. Во сета оваа маргинализираност, охрабрува податокот дека сите новинари со кои разговаравме се заинтересирани и понатаму, колку тоа го дозволуваат околностите, да пишуваат за овие теми и да ги следат состојбите поврзани со лицата со попреченост. Милена Вуческа е дописник на ТВ Алфа од Тетово, а соработува и со локалната ТВ „Кисс&Менада“. Вели, точен е фактот дека малку се пишува за проблемите за лицата со попреченост, но што се однесува до неа, секогаш кога ќе наиде на некоја интересна тема поврзана со проблемите на оваа категорија лица, добива поддршка од редакцијата да ја обработи. „Така беше и во овие денови на кризата со пандемијата од коронавирусот. Едноставно бев иритирана од одлуката на надлежните, донесена на почетокот на кризата кај нас, со која сопствениците на домашните миленици добија отстапувања од полицискиот час и можеа да шетаат додека трае забраната, но децата со аутизам и со друга попреченост, чија состојба бара почести прошетки на отворено, беа заборавени од институциите. За ова разговарав со родител на лице со аутизам и со претставник на локално здружение како тие гледаат на ова решение. Прилогот се емитуваше на мојата матична телевизија, а се објави и на локалната телевизија. Прилозите од овој вид секогаш наидуваат на големо одобрување од страна на родителите и на лицата со попреченост, па така беше и овој пат. Дел од проблемот зошто нема повеќе ТВ-прилози за лицата со попреченост лежи и кај самите овие лица и кај родителите, бидејќи ретко кој сака да се појави пред телевизиската камера и да зборува за своите проблеми. Верувам кога би имало поголема отвореност од нивна страна би имало и повеќе вакви прилози на телевизија“, вели Вуческа. За проблемите на лицата со попреченост во времето на корона-кризата пишуваше и новинарката Маја Пероска, која работи во локалната ТВ „Кисс&Менада“. „До сега често сум пишувала за проблемите на лицата со попреченост и секогаш имам поддршка од редакцијата за изработка на вакви прилози. Сепак, мое лично мислење е дека во овој период на пандемијата, ние како новинари имаме пропуст бидејќи не бевме многу посветени на проблемите на овие ризични групи. Јас направив само еден прилог кој зборуваше за лицата со попреченост кои во овој период, кога се на сила посебните мерки поради коронавирусот, не можат самите да се снабдат со потребните намирници или лекови. За жал и овој прилог, кој се емитуваше во ударниот термин на нашите вести на ТВ „Кисс&Менада“, не видов дека нешто многу придонесе за решавање на проблемот за којшто зборував. Чувствувам дека само малку се подигна врева во јавноста, но речиси ништо не се направи на подобрувањето. Но, не само кај нашиот медиум, ниту кај другите медиуми не забележав некоја поголема застапеност на прилози кои зборуваат за проблемите на овие лица во време на корона-кризата. Во овој период најмногу се пишуваше за бројот на заболени, за статистички податоци во врска со епидемијата, за политиката и партиските препукувања, за светските случувања поврзани со пандемијата, а маргинализираните групи и понатаму си останаа медиумски маргинализирани“, посочува Пероска. Освен на телевизиите, за лицата со попреченост во време на коровавирусот, се пишуваше и на локалните портали, но и тука многу малку беа застапени. Александар Самарџиев е дописник од Тетово за агенцијата МИА, а воедно е уредник и на порталот „Тетово инфо“. Вели нема ограничување за пишување за вакви теми, но дневните настани премногу нè окупираат за да може повеќе да се посвети време на темите за лицата со попреченост. „Како дописник на МИА јас ги опфаќам сите теми, а исто така е и на сајтот каде самиот одлучувам за содржината. Сепак, колку и да сакам да пишувам за лицата со попреченост, не можам секој ден да се посветам на тоа. Премногу нè окупираат дневните настани поврзани со состојбата со коронавирусот и затоа не може толку често да се пишува за лицата со попреченост. На почетокот кога изби кризата, имав еден напис на оваа тема, а во наредните денови подготвувам уште една тема поврзана со лицата со попреченост“, вели Самарџиев.  Исто како и новинарите, и родителите на деца со попреченост мислат дека во ова време малку се зборува за проблемите на нивните деца, а информациите тешко доаѓаат до нив. Ерол Фејзули е родител на дете со аутизам. Вели, во почетокот на кризата институциите како да заборавија дека во нашето општество постои и ваква категорија лица. „Информациите ги добивавме од медиумите и никој нам посебно не ни се обратил. Посебно ни беше тешко на почетокот од кризата кога на моето дете со аутизам, беше тешко да му објасниме дека не може да излегува и да ги прави секојдневните работи кои дотогаш ги правело. Тешко доаѓавме до информации околу траењето на полицискиот час, едноставно нас никој посебно не нè информираше, требаше сами да ги бараме информациите најчесто од медиумите, но и од пријателите. Немаше некој да ни се јави нам, на родители на деца со попреченост, да не исконтактира во врска со што било. Целото наше општество беше збунето, впрочем така беше и во целиот свет, па овие ранливи категории не дојдоа на ред некој да се сети и нешто посебно да организира за нив, ниту да ги информира. Се сетија на нив дополнително - прво дозволија домашните миленици да добијат дозвола да се шетаат за време на полицискиот час, па дури после таква дозвола добија лицата со попреченост. Токму поради ваквата дискриминација јас се согласив јавно да зборувам на телевизија во прилогот кој го направи новинарката од ТВ 'Кисс&Менада',“ раскажува Ерол Фејзули. Драги Неделчевски е родител на 26-годишниот Мане и како што вели, ваквата состојба во некоја рака, за неговиот син и не е нешто ново.  Во целиот досегашен живот неговиот син Мане е во еден вид изолација, слична на оваа. Но, нема тука простор за очајување, па тој состојбата со кризата предизвикана од коронавирусот, ја искористи на креативен начин. „Информации има многу и вистински и лажни, па мислам дека многу е битно тој што ги прима информациите, како гледа на тоа и какви се неговите способности да прави разлика меѓу едните и другите. И ако се земе предвид сето ова, можеби и нескромно ќе звучи, се ставам во групата која може да направи разлика меѓу тие информации и според мое мислење добро сум информиран за сè што се случува. Им верувам на изворите кои беа задолжени да ги даваат информациите и генерално сум задоволен. Гледам и слушам дека оваа изолација од два, два и пол месеца на некои луѓе многу тешко им падна, биле затворени дома, не можеле да се движат, а мене ситуацијата ми е таква скоро цел живот. Не буквално вака, но моето дете поради тоа што спаѓа во ризична група, поради неговиот многу тежок инвалидитет и затоа што нема економски услови, нема општествени и инфраструктурни услови да се прошета и да се вози низ град со количка, тој е 26 години дома, во изолација. Таквата ситуација за него не е ништо ново. Можеби неубаво ќе звучи, но покрај целата трагедија со болни и починати, мене, а и на Мане оваа ситуација добро ни дојде. Немав обврска редовно да одам на работа туку само кога имав дежурства, исто и сопругата, па така имавме многу повеќе време да му се посветиме на нашето дете со попреченост и тоа беше видно посреќно што јас и мајка му бевме со него по цели денови. Освен ова, додека бевме затворени дома, јас сакав, како и многумина и овде и во светот, да оставам една трага за тоа како сме поминувале во ова време на пандемијата. Тоа го направив преку еден фото-есеј кој беше објавен на порталот „Окно“. Овој мал фото-есеј раскажува како на моето семејство, во кое се неколку различни генерации, сите со различни потреби и карактери, затворени во 70 квадрати, ни минува еден ден во изолација. Преку фотографијата се обидов да ја доловам атмосферата во мојот дом, на моменти комична, на моменти мачна, слика на нашата изолација која трае многу, многу подолго од оваа сегашнава во државава“, раскажува Драги Неделчевски. Во тетовскиот регион работат и неколку медиуми кои известуваат на албански јазик, но тие во овој период многу малку известувале за лицата со попреченост. Само во еден случај беше преземен ТВ-прилог емитуван на локалната ТВ „Кисс&Менада“ и преведен на албански јазик. Во разговор со некои новинари Албанци, тие велат дека се свесни за овој пропуст, и посочуваат дека треба да се пишува за овие теми во наредниот период.   Автор: Зоран Андоновски, новинар-дописник од Тетово за Сдк.мк ................. Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.  
Mscover

Пандемијата и економските новинари: Со што сè се соочуваат во обид да дојдат до точни информации?

Недоволна транспарентност, избегнување конкретни одговори на прашања, некоординација меѓу институциите, бавни ПР-служби. Тоа се главните проблеми со кои економските новинари се соочуваат во вонредните услови за работа предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Освен приспособувањето кон новите начини на работа, новинарите најчесто наидуваат на ѕид од страна на институциите, кои или ги немаат точните одговори, или поважен им е ПР-от. Сепак, велат дека со текот на времето ПР-службата на владата го подобруваше начинот на одржување на прес-конференциите и со тоа се овозможи новинарите конечно да може да ги постават сите прашања до министрите. Токму таа недоволна транспарентност доведе и до непријатен инцидент, кога новинарка се обиде да добие конкретен одговор од надлежните министри за тоа кому му следува државна помош и на кој начин ќе се спроведат третиот сет мерки за справување со економските последици предизвикани од здравствената криза. Александра Филиповска, новинарка од ТВ Телма, која веќе 20 години работи на теми од економијата и финансиите, вели дека институциите мора да сфатат оти точна и прецизна информација, дури и лоша, сепак е подобра опција од затскривање или презентација на неточна информација. „Тие држеа прес-конференција на која ги немаа потребните одговори за граѓаните околу третиот пакет економски мерки и згора на тоа се обидоа да ги набедат новинарите дека не знаат што прашуваат. И нормално, како новинар со речиси 20 годишно искуство, се обидов да им објаснам дека новинарите се сервис на граѓаните, а не партиски гласила на која било партија односно не сме нивна ПР-служба, која треба да ја пренесува секоја нивна прес-конференција каде не понудиле ниту една информација за граѓаните, туку просто имале желба само да се сликаат,“ вели Филиповска. Но, таа не е единствената која со соочила со проблем во обид да дојде до точна и брза информација. И не се само телевизиските новинари засегнати со вакви проблеми. Нина Нинеска од порталот „Фактор“ вели дека комуникацијата со институциите одела тешко, но и не ги доставувале одговорите на време. „Правев тема за платите на јавната администрација. Прво му се јавив на ресорниот министер за тој изворно да ми го даде одговорот, но тој не ми се јави телефонски, туку со порака ми советуваше да ѝ се обратам на неговата портпаролка. Јас разговарав со неа и ѝ кажав кои прашања ќе ги испратам. Брзо ѝ испратив околу 6 до 7 прашања. Па дури после неколку часа добив единствено одговор на кои прашања не можело да одговори нивното, туку други министерства и ми беше посочено кои. Се јавив кај портпаролката и ја замолив барем да ги одговорат оние прашања кои се во доменот на нивната надлежност. Таа ми вети дека ќе го сторат тоа, но јас до ден денешен не ги добив одговорите. Откако после неколку дена изреагирав кај министерот, тој застана во негова и во одбрана на портпаролката, и воопшто не се потрудија ниту да ми одговорат, ниту да се извинат за моето непријатно искуство,“ раскажува Нинеска. Од друга страна, новинарите се согласни дека напредна организацијата на владините прес-конференции. На почетокот од вонредната состојба правилото беше медиумите писмено да испратат прашања преку електронска пошта најдоцна половина час пред почетокот на прес-конференциите. Тоа резултираше со незадоволство од страна на новинарите, бидејќи немаа можност да постават прашање откако ќе чујат што надлежните имале да кажат на самиот настан, не можеа ниту да постават потпрашање доколку е нејасен, непрецизен или несоодветен одговорот што го добиле. Па дури се случуваше и воопшто да не се постават некои прашања со образложение дека не пристигнале навреме, иако новинарите велат дека тоа е смешно бидејќи едноставно имаат доказ за спротивното, испратен и-мејл со конкретни време и датум. Секако дека новинарите не генерализираат во врска со транспарентноста на институциите. Дел од нив се секогаш отворени и достапни, одговараат во најкус можен рок со точни и прецизни информации. Меѓу таквите позитивни примери новинарите ја издвоија Народната банка. Катерина Капкоска од ТВ Канал 5 се сложува дека кога почнаа да се одржуваат прес-конференции на невообичаен начин и во изменети услови, често се случуваше новинарите да не го добијат потребниот одговор. Но, како одминуваше времето и како беа сè погласни реакциите од новинарите, така и организацијата на настаните се подобруваше. „Вонредната состојба не влијаеше многу врз начинот на комуникација со институциите и транспарентноста од нивна страна. Без разлика на состојбата, некои институции се секогаш достапни за брз одговор и добивање на потребна информација, додека други, се тешко достижни,“ вели Капкоска. Игор Петровски од „Капитал“, пак, истакна дека не може да се пожали за навременоста и квалитетот на одговорите што ги добивал, но вели дека секогаш може подобро. Според него, најголемите проблеми во добивањето на информации постоеле и пред пандемијата. „Не само за време на вонреднава состојба, туку генерално, се соочуваме со недостиг на квалитетни бази на податоци за голем број економски и бизнис категории, нередовно или бавно ажурирање на статистики, односно прилично касно објавување на извештаи за одредени категории, ако споредиме со земји во регионот и пошироко. Не знам дали тоа се должи на ограничениот капацитет на институциите или реална неможност побрзо да се подготвуваат одредени статистички извештаи и сл., но факт е дека има доста простор за подобрување на состојбата во тој домен,“ вели Петровски. И тој застана во одбрана на колешката Филиповска. Тука мора да се напомене дека кога се случи инцидентот голем број колеги застанаа зад неа преку социјалните мрежи, што пак, резултираше со извинување од страна на министрите. „Не можам, а да не го спомнам и киксот на министрите за финансии и економија на неодамнешниот прес, каде што нервозно и прилично дрско одговорија на упорното инсистирање на новинарите (што е нивна работа) да добијат подетални информации во врска со користењето на некои од мерките за помош. Потребен е тренинг кај поедини функционери за комуницирање со јавноста, што особено се покажува во време на ваква криза,“ вели Петровски, уредник во „Капитал“. Некоординираноста на институциите доведува и до различни и конфузни информации со кои располагаат новинарите. Андреа Чобанова од ТВ Алсат-М вели дека надлежните брзаат со претставување на економските мерки, но доцнат уредбите со законска сила, поради што во јавноста не се пласираат целосни и навремени информации. „Мерките беа донесени, меѓутоа еве, за последниот сет уште се чекаат уредбите со задоцнување. Претходните сетови и уредби беа еднаш донесени, па менувани и тоа некако нè донесе во една конфузија каде што требаше да им се објасни на граѓаните што да очекуваат, како тие мерки ќе им помогнат ним, но и на компаниите, а од друга страна ние немавме точно одговорени прашања. Сметам дека институциите во овој дел малку потфрлија во меѓусебната комуникација, односно не се координираа меѓу себе,“ објаснува Чобанова. Иако секторите за односи со јавност во институциите се обидуваат што е можно подобро да ги менаџираат обврските кон новинарите, се чини дека тоа секаде не оди доволно бргу, а често одговорите се дозирани или не се конкретни. „Во однос на добивањето податоци и информации, тука не можам да кажам дека не ги добивавме,  ги добивавме но, со задоцнување. И после долго чекање често добиваме нецелосни податоци, односно општи информации. На пример, една од моите дилеми е сè уште каде и за што ги потрошивме сите пари што ги земавме, со кои што располагаме? Нешто што навистина граѓаните заслужуваат да го добијат како одговор, а сè уште го немаме во детали, е каде отишол секој денар или евро, како сакате. Треба точно да знаеме за што и колку пари се потрошени,“ смета Чобанова. Со овие проблеми не се соочуваат само економските новинари. Даниел Василев од ТВ Сител вели дека половични одговори се добиваат генерално во сите сектори. „Морам да кажам дека јас генерално немам сектор, па следам сè. Но, тоа што го забележав е дека без разлика со кое министерство и да разговарате, одговорот кој ќе го добиете или не соодветствува со прашањето, или тој е општ и несуштински. Често се случува да мора самите да ги толкуваме одговорите на министрите или на претставниците на институциите. А, знаете, најлошо нешто што може да го направите е да дозволите новинарите сами да ги толкуваат работите. Некоординираноста меѓу институциите доведува до збунетост на јавноста. Конкретен пример, околу протоколот за работа на угостителските објекти, најпрво во јавноста се пласираа едни информации, за потоа да излезе сосема различен протокол. Друга работа, министерот за економија и директорот на Пазарниот инспекторат два дена не можат да се договорат кој има право да ги легитимира гостите во кафеаните. Тоа нè збунува нас, а со тоа и јавноста,“ објаснува Василев. Вонредната состојба наметна и поинаков начин на функционирање, односно работа од дома секаде каде е можно. А, рестрикциите значеа и скратено работно време во некои институции. Новинарите раскажуваат дека имале потешкотии изминатиов период да стапат во контакт со некои институции, особено дел од јавните претпријатија и државни агенции, каде работниот ден траеше покусо. Па, некогаш се случувало да ги добијат очекуваните одговори дури откако атрактивноста на темата ќе одмине. И Тања Попова од ТВ Алфа го дели мислењето со поголемиот дел новинари дека голем број прес-конференции од областа на економијата наликуваа на ПР настани. „Мислам дека надлежните се трудеа прес-конференциите да ги направат како ПР настани и на некој начин да се пофалат само со позитивните аспекти на одредени теми, за одредени проблеми кои што требаше да ги решат и слично. Меѓутоа, од друга страна, пак, работа на новинарите е да не дозволат ваквите настани да се претворат во класичен ПР, туку да може да го извлечат максимумот и деталите од секоја возможна тема. Но, тоа не секогаш беше успешно,“ вели Попова. За новинарите е несфатливо и зошто вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, не беше присутна во јавноста речиси два месеци, токму во периодот што би можеле да го окарактеризираме како еден од најчувствителните за македонската економија во последните десетина години. Но, во клучни моменти на прес-конференции недостигаа и други ресорни министри. „Голем дел од новинарите, меѓу кои спаѓам и јас, не сме задоволни од тоа зошто одредени министри во Владата не се соочуваат со критичката јавност токму тогаш кога треба да се одговори на најважните прашања. Сè уште се свежи ситуациите, негативниот одраз во јавноста кога, да речеме, Владата донесе одлука за зголемување на акцизата и наместо да се појави министерката за финансии, со образложение на прес-конференција излезе портпаролот на Владата, кој многу ретко самиот држи прес-конференции, што за нас беше чудно, затоа што едноставно не успеавме да добиеме одговори за одредени детали поврзани со таквата одлука. Затоа крајно негативно го сфативме односот на министерката за финансии и надлежните во Владата, кои што едноставно сакаа да ги избегнат негативните поени во овој случај,“ вели Попова. Здравствената криза во последниве три месеци предизвика и сериозни последици, како врз светската, така и врз македонската економија. Но, задачата на новинарите е да бараат недоследности на секое поле, со цел да се придвижиме кон подобро. Извршувањето на таа нивна задача е особено сензибилно кога станува збор за парични текови и економски политики. Токму затоа новинарите без престан се борат за што поголема транспарентност од страна на институциите.   Автор: Мирјана Јовеска, новинарка во ТВ Сител   ................. Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.  
292880 Koga Makedonija Ja Gazeshe Grcija Na Evropskoto Vo Kosharka

Вирусот го „умртви“ спортот, но ги оживеа спомените од нашите врвни дострели

 Спортот застана, но спортското новинарство не, во ниту еден миг, затоа што ова се моменти во кои не постои никаков вид на Ковид, кој може да нè спречи да пишуваме, да се потсетиме и на моменти да ни се запотат рацете на тастатура од возбуда, особено кога ги гледаме на Јутјуб безвременските спортски блесоци на нашите јунаци. На 26 март 2020 година, Градскиот стадион требаше да „крца“ и да еруптира, а 20 дена претходно, веројатно како никогаш претходно во историјата на репрезентативниот фудбал, се случи масовна и екстра брза распродажба на карти за натпревар на македонската фудбалска репрезентација. Отидоа сите за рекордни три дена. ФФМ објави банер на кој со големи букви пишуваше „SOLD OUT“, а многумина останаа шокирани од фактот што историскиот натпревар Македонија - Косово ќе мора да го гледаат од дома, бидејќи карти повеќе немаше ни за лек. Само четири дена подоцна од Италија пристигнаа вести кои на нашата фудбалска власт и создадоа крупен проблем. Доаѓањето на Пандев, Елмас и Несторовски стана комплицирано, па и неизводливо. Ковид-19 почна агресивно да напаѓа и да ги условува луѓето кои ќе патуваат со 14-дневна изолација. Тоа беше еден вид најава, дека оваа пролет ќе биде поинаква од сите други и на спортски план. Но, некоја мала надеж ми велеше дека фудбал сепак ќе има и дека ова брзо ќе помине. Атмосферата на тој 26 март ја имав во глава уште претходно. Нашиот фудбалски храм покриен со знамиња во црвено жолта боја, фудбалерите мотивирани до даска и гордо исправени ја пеат македонската химна, а од трибините силно ехо на навивачки песни, особено во оваа прилика кога десетици навивачки групи се здружија и требаше да ја наполнат западната трибина. Сонот на капитенот Пандев и соиграчите, на гледачите со карти и на оние кои задоцнија со купување, како и на нас новинарите, се одложи. Со тоа ни го скрати задоволството кое го чекаме скоро три децении. Да ја гледаме Македонија оддалечена овој пат на само 180 минути до еден историски настап на големо натпреврување. ЕП 2020. И тоа она револуционерното, кое 60-годишнината требаше и треба да ја прослави за прв пат во 12 земји со 24 селекции. Јубилеј преместен за 2021 година. И наместо ситно да броиме до соседското дерби на кое очекувавме победа и пласман во финалето на таа пуста Лига на нации која треба да се заокружи наесен, броевме по колку спортски настани се откажуваат дневно и кои спортисти се заразени. Многу земји, вклучително и нашата се обидоа да продолжат со спорт зад затворени врати, но не бива натпревар без навивачи. Така салите и стадионите почнаа да фаќаат прашина, а фудбалерите преку видеа се натпреваруваа во жонглирање со тоалетна хартија. Вонредната состојба со коронавирусот го замрзна спортот во цела планета, но не ми ја сопре желбата и креативноста за пишување. Напротив, ми ги одмрзна моите омилени теми за кои  претходно немав толку време да им се посветам темелно. Тоа се најголемите фудбалски, кошаркарски и ракометни успеси кои ја кренаа цела нација на нозе и ја носеа на плоштад. Како уредник на спортската рубрика Офсајд на порталот Офф.нет, каде пишувам веќе осма година, читателите ги навратив низ спортскиот времеплов и на некои подзаборавени натпревари кои се нераскинлив дел од македонската, а и од југословенската спортска историја. Доволно е што чепнав во ретро архивите околу три децении во минатото, бидејќи за подлабоко ќе не фати лето во кое сепак, според најавите, ќе има тековен спорт, кој почнува полека да се враќа на сцена. ДАРКО ПАНЧЕВ, ФК ВАРДАР, ЈУГОСЛАВИЈА Можеби најјакиот состав во историјата, Вардар го имаше во сезоната 1987/1988, кога предводени од Андон Дончевски екипата ја красеа имиња како Вујадин Станојковиќ, Илија Најдоски, Бобан Бабунски, Јовче Џипунов, Тони Савевски, Љупчо Марковски, Мирко Спасески, Дарко Панчев, Драган Канатларовски, Чеде Јаневски... Таа сезона ја доминираа Црвена Звезда во Скопје и ја совладаа 1:0 со голот на Јаневски. Тоа беше натпревар од првата југословенска лига, додека во Купот одиграа 1:1. И двата гола се празник за очи, а царот за архива по име Јутјуб, ги чува. Ги постигнаа Пикси и Панчев со волеј удар. Убавини за гледање. Клупскиот фудбал за жал долго време ни е на ниски гранки и за испишување историја со златни букви чекавме долго. 30 години по онаа силна генерација на Вардар предводена од Панчев, се случи сензационална елиминација на фаворитот Фенербахче и пласман на Вардар во Лига Европа. Скопје беше во транс. Овој пат, Панчев се најде во функција на директор во клубот каде што некогаш ги кинеше мрежите. Репрезентативниот фудбал со Југославија е приказна за себе за која говорат фотографии и видеа на кои Томислав Ивковиќ му брани пенал на Марадона. Зборуваме за култниот Мундијал Италија 1990 на кој настапија симболи како Барези, Малдини, Баџо, Ромарио, Клинсман, Гаскоњ, Ван Бастен, Гулит, Роџер Мила... Југославија во квалификациите ја збриша групата без пораз и се пласираше заедно со Шкотска. Извиси една Франција предводена од Ерик Кантона, Жан Пјер Папин, Дидие Дешамп и Лорен Блан, слави имиња кои ги водеше славниот Мишел Платини. За овој безвременски спој на југословенски легенди да можам би пишувал и по 100 години. Дејан Савичевиќ, Драган Стојковиќ Пикси, Роберт Просинечки, Среќко Катанец, Сафет Сушиќ, Давор Јозиќ, Фарук Хаџибеџиќ... и секако двајцата наши, а малку подоцна македонски репрезентативци: Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ. За влакно не се пласираа меѓу најдобрите четири во светот. Пречката се викаше Аргентина која во четвртфинале славеше на пенали со 3:2. Сатисфакција беше што му одбранивме пенал на еден од најдобрите на сите времиња. Претходно во осминафиналето, јунаците на Ивица Осим ја елиминираа Шпанија со двата гола на Пикси. Прво го прати својот чувар по бурек, а во продолженијата изведе мајсторски слободен удар. Кобра даде два комада во групна фаза против ОАЕ. Југоносталгичарите кои ме читаат, солза ќе им потече од што им е убаво. Само три години после ова Светско, последно за Југославија, добивме репрезентативен фудбал под палката на независна Македонија. Сите се потсетуваат на дебито во Крањ во таа 1993-та, но како да остана подзаборавен вториот меч и прв на Градски. На интернет ќе пронајдете драгоцени 54 секунди, сосема доволни за да ви доловат каков фудбал играа момците на чичко Дончо кои се креатори на првата македонска селекција. Победа од 2:0 против Словенија и два гола од изградени акции во стилот на Барселона. Прво Жарко Серафимовски, а потоа Зоран Бошковски Чоко кој ја заби душмански на асистенција на Цапар. СЕНЗАЦИЈАТА ВО ЛИТВАНИЈА И ЛУДИЛОТО ВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ Ако некој сака да направи документарец за македонската кошарка има задолжителна обврска да величи два незаборавни успеси, првиот клупски, вториот репрезентативен. На 6 ноември 1996, осумкратниот европски првак Реал Мадрид му гостуваше на МЗТ Скопје во рамките на Евро Купот. Кралскиот клуб го водеше големиот стратег Жељко Обрадовиќ кој го имаше во тим 23 годишниот Дејан Бодирога. Страшна атмосфера во стариот Јане, како во котел, каде царуваа Врбица Стефанов, Мирза Куртовиќ, Тони Симиќ, Марк Дин, Перо Блажевски, Ѓорги Књазев и останатите предводени од Александар Књазев. Само тој што нема поим од кошарка можеби не ги знае овие јунаци кои го урнаа славниот Реал. Видео снимките се уште повпечатливи за уживање, бидејќи коментира легендарниот Љубомир Николовски. Тишина е потребна, ќе рече мајсторот за преноси од НБА на последното слободно фрлање на Перо. Во аналите на македонската кошарка ќе остане се разбира и успехот за кој асоцијација е коментарот на Владо: „Леле што направивме“. Четврто место на Евробаскетот во 2011. Творците на овој неповторлив успех се кажуваат и во 3:00 по полноќ. Антиќ, Бо Мекејлеб, браќата Дамјан и Војдан, Чековски, Гечевски, Илиевски, Самарџиски... предводени од Марин Докузовски. Остварија скор од 7 победи и 3 порази. Во групна фаза падна Грција, а во четвртфинале домаќинот Литванија со најважната тројка во кариерата на Владо. ТРИ ЕВРОПСКИ ТИТУЛИ ВО РАКОМЕТ Тоа е посебна тема во која за да можам да елаборирам целосно, актуелните спортски вести ќе требаа да почекаат во карантин. Затоа одиме во најкуса верзија. Видовме многу, уживавме, се гордеевме, се радувавме, но и се нервиравме со нашите јунаци. Ќе се потсетиме кога и како почна таа треска која потоа удри силно, со континуитет во машкиот репрезентативен ракомет. Лентата ја мотаме наназад во јануари 2008, месец кој веќе по традиција е резервиран за ракомет и тресење пред телевизор дали ќе им тргне или не на Кире и дружината. Се работи за квалификациски меч против Португалија на кој се боревме да влеземе во бараж за Светското 2009 во Хрватска. Дома ја совладавме со 5 гола разлика, резултат кој мислевме дека е доволен, но во Гимараеш бевме речиси елиминирани, затоа што домаќинот имаше пенал во последните секунди. Борко го одбрани и од тогаш - кога Македонија се појавува на ракометната сцена, продажбата на дијазепам се зголеми. Серијата веројатно ви е добро позната, а тоа се девет настапи на големите натпреварувања од можни десет. Пет учества на ЕП и четири на СП. Епски успех ќе остане оној во Србија каде на ЕП 2012 нашите ракометни јунаци завршија на петто место. Со што ја забавував публиката на тема клупски ракомет? Кометал 2002 – европски шампион, Вардар 2017 – европски шампион, Вардар 2019 – европски шампион. Преполн плоштад, огномет, „бакљада“, шампионски автобус под Триумфална, химни, солзи, река од народ накај аеродромот. Ежење. Спортот застана, но спортското новинарство не, во ниту еден миг, затоа што ова се моменти во кои не постои никаков вид на Ковид, кој може да не спречи да пишуваме, да се потсетиме и на моменти да ни се запотат рацете на тастатура од возбуда, особено кога ги гледаме на Јутјуб, безвременските спортски блесоци на нашите јунаци. А, сега дајте ни го плејофот од Лига на нации кој најверојатно ќе се игра наесен. Пандев и другарите го чекаат со нетрпение, затоа што во кариерата имаат еден вистински сон, а тоа е да ја однесат Македонија на Европско првенство. Го чекаме и ние кои сме инфицирани од фудбалски и општо спортски вирус. Да гледаме, да пишуваме, да се радуваме, ама на стадион.   Автор: Филип Нацоски, уредник на спортската рубрика Офсајд на порталот Офф.нет.   ................. Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.  
Lvnn

Лажните вести не смеат да станат „нова нормалност“

„Најважно е здравјето на граѓаните” и „не смее ништо да се прави на штета на здравјето на граѓаните” се веројатно најслушаните реченици во препукувањата на политичката сцена во изминатите над два месеца, додека живееме со Ковид-19.  Откако беа одложени предвремените парламентарни избори започна интензивна изборна кампања небаре изборите ќе се одржат утре, иако и до ден денес не се знае датумот. И во центарот на кампањата се најде „здравјето”, „неспособноста” на едните да го зачуваат, тврдењата на другите дека токму тие знаат како да се справат со злото, обвинувањата дека во земјата се случува хаос… и сето тоа надополнето со дезинформации, лажни вести, спинови.  Во изборна кампања, која официјално и не е почната, не се недозволени ветувања или политички оценки за противникот, но сериозна опасност е говорот кој може да предизвика паника и ширење дезинформации кога станува збор, како во актуелниот случај, со јавното здравје.  Но, тоа не е доволно, па се јавија и граѓаните кои никому не му веруваат бидејќи, како што многумина велат, „сите лажат, и медиуми и политичари”. А од друга страна, истите тие граѓани подлегнуваат на сè и сешто, па станаа „експерти” за лечење од коронавирусот. На социјалните мрежи, па и во некои медиуми експресно се раширија рецептите: Лукот го уништува коронавирусот; Алкохолот го убива коронавирусот; Пиење вода на секои 15 минути ќе го уништи вирусот, а задржување на здивот помага во самодијагностицирање. Се појавија и фотографии снимени во друга држава, а пласирани како да се од Македонија. Па така, лицето кое дезинфицира градски автобус во присуство на патници се покажа дека е во Полска, а не во автобус на ЈСП, а чичкото кој со торба продава заштитни маски (напишана е дури и цената на маските и колку маски има во торбата) во автобус всушност бил во Романија, а не во Скопје. На ваквите безбројни примери им се додаваат и лажните вести со информации дека дошло време за нови сојузи и геополитички прегрупирања, па заклучокот е дека „коронавирусот е масло на Западот кој прави експерименти со народот” како што стоеше под една фотографија на неупотребена епрувета со натпис „Протокол за истребување со Ковид-19“, дестинација Италија со потпис американски воени сили, наводно пронајдена во Кочани. Или дека вирусот е излезен од лабораторија и сега како биолошко оружје го убива светот.  И сето ова повторно во „име на здравјето на граѓаните”. Која е целта? Социологот Илија Ацески смета дека од содржината на веста веќе се знае и кон кого е упатена и која ѝ е целта. „Веста е насочена кон оној другиот, противникот, особено во партиските пресметки. Проблемот е што наседнуваме на таквите вести и штетата е направена. Дури и кога ќе се демантира, не верувам дека половината од оние што ја прочитале веста ќе го прочитаат демантот. Останува впечатокот од веста и тука е веќе психолошкиот момент - јас не сакам да верувам во демантот, она што е кажано прво е посилно и никој не може да ме убеди дека таа информација е лажна”, објаснува професорот Ацески. Според него, во партиските пресметки има одреден процент луѓе кои дури се заслепени од лажните вести, па влегуваат во наредна фаза, надградување на веста и нејзино ставање на повисоко ниво.  Се поставува прашањето колку медиумите подлегнуваат на лажните вести, а одговорот е едноставен-многу. Некои од политички причини, некои за профит, други за да бидат атрактивни. Дел од нив, за остварување на целта и воопшто не се воздржуваат од објавување на таквите вести, други, пак, само се „налепуваат” без никаква проверка. И штетата е веќе нанесена.  Одбраната е во создавањето повисока свест и кај медиумите и кај граѓаните.  И додека се трудиме да ја подигнеме свеста за лажните вести поврзани со коронавирусот и јавното здравје, истите тие вести на големо се насочени кон изборите, создавајќи невидена конфузија. Повеќе од сигурно е дека ќе се злоупотребуваат во кампања и дека ќе имаат големо влијание.  Слободните и фер избори се основа на демократијата, а не некој обичен ритуал, но се очекува битка која веројатно нема да има никаква врска со избори во смисла на квалитетот на кандидатот или програмата. Од она како се води досега, уште не почната официјално, повеќе од сигурно е дека ќе биде валкана, кампања на лажни вести во која нема да се бираат средства. Задачата на медиумите е да спречат лажните вести во еден момент да не почнат да изгледаат нормално и да не се претворат во „нова нормалност”.  Автор: Жана П. Божиновска, новинарка во МКД.мк   ................. Оваа содржина е подготвена во рамки на иницијативата „Новинарството не е во карантин“.    
Tvucilnica

„ТВ училница“ едукатор и аниматор на над 250 000 ученици

Училишните клупи веќе два месеци не се местото каде што децата ги учат лекциите по математика, македонски јазик, природни науки. Наставниците и омилените ликови од ТВ серијата „5+ Фамилија“ секое утро доаѓаат во домовите на учениците преку „ТВ училница“, што се емитува на МРТ.     Иницијатива на МИМ „Новинарството не е во карантин“.  
Cover Ktd

Битката за храна посилна од стравот од Kовид-19

„Владините претставници секојдневно известуваат за најновите статистики од Ковид-19. Ги повторуваат и задолжителните мерки за заштита од болеста. Но, од местото каде што се јавуваат, од Центар, до Шутка има точно пет километри. Некаде по пат, информациите се губат и не стигнуваат до овие луѓе кои живеат на работ на сиромаштијата.“ - Катерина Топалова – Дејановска, новинарка во МРТ.     Иницијатива на МИМ „Новинарството не е во карантин“.