Активизам

Am T 3 4

Алатки што не треба да ги заборавиме кога известуваме за животната средина

Известувањето за загадувањето на воздухот, на почвите и на водата, климатските проблеми и другите предизвици поврзани со животната средина, често е макотрпна и тешка задача за новинарите. Медиумите немаат многу ресурси на располагање, а изворите што може да се користат, некогаш или воопшто ги нема или можат да се избројат на прсти. Овие теми секогаш се придружени со комплексни бројки, кои е нужно да се прикажат на едноставен, но визуелно атрактивен начин за публиката. Дополнителен проблем е што голем број уредници, за жал, не ги сметаат овие теми за доволно атрактивни и често се третираат како споредни теми за пополнување време или простор во медиумите и не им се дава соодветното „ударно место“. Темите се третираат сезонски, а известувањето наликува кампањски. Па, така, за воздухот се известува најмногу во периодот од јануари до март кога е грејна сезона и кога загадувањето е видливо, а во другиот дел од годината речиси и воопшто не се известува за овој проблем. Слично е и со загадувањето на водата и на почвите, па најчесто се случува за време и неколку денови по некој еколошки инцидент. Дали сето ова значи дека новинарите треба да „бегаат“ од темите поврзани со животната средина? Одговорот секако е не. Животната средина за голем број светски медиуми уште од пред десетина години е еден од врвните приоритети. Овие теми секогаш се поврзуваат со други важни аспекти на нашето живеење – од политика и економија до здравство и образование. Да го земеме примерот на „Би-би-си“. Во делот Земја (Earth) секојдневно има приказни поврзани со климатските проблеми, загадувањето, животинскиот и растителниот свет и слично. „Вашингтон пост“ има посебен дел посветен на климатските промени, кој, пак, доколку го отворите е поделен на дополнителни поврзани категории (животна средина, време, климатски решенија, климатска лабораторија, зелено живеење, бизнис и клима...). Но, не мора да одиме толку далеку за да видиме и некои поблиски примери. Австрискиот дневен весник „Ди пресе“ исто така воведе посебен дел посветен на климатските промени каде што речиси секојдневно се известува за проблемите поврзани со темата. Ова засега не е практика кај медиумите во регионот на Балканот иако сите држави се соочуваат со исти или со слични проблеми. Иако е мала земја, Македонија има сериозни проблеми со загадувањето на воздухот, на почвата и на водите и „данокот“ од тоа загадување е огромен. Според Европската агенција за животна средина, 4 980 жртви годишно има во земјава како директна последица на загадениот воздух. Проблемот со сушите, екстремните временски непогоди и другите климатски предизвици ретко се третираат и нужно е што поскоро да се качат погоре на агендата на медиумите. Потребно е воведување систематско и редовно известување за проблемите поврзани со животната средина. Нужно е постојано обучување и специјализација на дел од новинарите за поефикасно и посеопфатно известување за овие теми, но и креирање и надоградување ресурси што новинарите ќе ги користат во истражувањата. Во понатамошниот дел од текстот ќе се фокусираме токму на овој дел – бесплатни алатки што можат да ви помогнат во известувањето за животната средина. Ова се само мал дел од нив. Бесплатни ресурси На веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) има солидни ресурси што не се доволно искористени. Една од причините е што дел од овие ресурси како да не се воопшто промовирани во јавноста, а можат да имаат секојдневна примена во новинарството. Во десниот долен агол на веб-страницата има дел што е небаре скриен, а се нарекува Регистар. Кога ќе кликнете на тој дел, ве носи на нова веб-страница каде што има два одлични ресурси. Првиот е наречен „Регистар на А и Б еколошки дозволи издадени во Република Северна Македонија“. Регистарот, всушност, ги содржи сите правни лица (компании) што имаат А или Б еколошка дозвола. Содржи име на компанијата, адреса, во која индустрија дејствуваат, линк до соодветната документација на компанијата, архивски број на дозволата и кога таа е издадена. На Регистарот можете да ги пребарувате компаниите по име или да ги барате на мапата. Со кликање на иконите А-еколошка дозвола или Б-еколошка дозвола, можете да ги селектирате само компаниите што ги имаат овие дозволи. Регистарот е достапен на македонски, албански и на англиски јазик. На истата адреса се наоѓа и друг корисен ресурс. Во десниот горен агол е делот насловен „Греење во јавни објекти“. Станува збор за одлична алатка каде што можете да ги пребарате сите јавни објекти на државната управа или јавни објекти на единиците на локалната самоуправа и да проверите како се загреваат. Регистарот содржи податоци за називот на институцијата, за општината, за видот на горивото, за потрошувачка, како и податок дали има можност за замена и опции за греењето. Овие ресурси, за жал, новинарите не ги користат доволно. По неодамна завршената обука во организација на Македонскиот институт за медиуми поврзана со загадувањето и климатските промени, дел од учесниците изработија теми користејќи ги регистрите. Друг ресурс што може да се најде на страницата на МЖСПП, а кој може да им послужи на истражувачките новинари, е „Водната книга“.  Станува збор за Регистар на податоци за управувањето со води во Македонија односно кои компании користат вода и за која намена. Регистарот содржи податоци за тоа кога е издадена дозволата, вид објект, намена на водата, сливот на водата, одобрено количество за користење и важност на дозволата. Исто како и претходните два ресурси, и овде имате можност да пребарувате по назив на компанијата или директно на мапата. Проблемот со овој регистар е што податоците се однесуваат на периодот до март 2022 година, но секако може да биде добра појдовна точка за истражување доколку дојде до некаков еколошки инцидент и слично. Тука е и „Порталот за чист воздух“ каде што ги има податоците за квалитетот на воздухот иако на новинарите сега им се достапни многу визуелно поатрактивни решенија. Сепак е корисен ресурс доколку сакате да истражувате подлабоко бидејќи содржи податоци и извештаи за претходни години. „Закопани“ на сајтот на МЖСПП има и други корисни ресурси. Во делот „Документи“ има стратегии, физибилити студии, регистри и планови, а во делот „Извештаи“ ги има соодветните извештаи за поединечни области. Сите овие документи можат да им дадат „тежина“ и контекст на вашите приказни. Покрај МЖСПП, како извор на податоци нужно е да се користи и Државниот завод за статистика, особено делот МакСтат база, во која има посебен дел посветен на животната средина. Секогаш внимавајте на која година се однесуваат податоците и барајте директно податоци за годините што не се наведени во базата. Податоци може да се најдат и во Статистика на животната средина и во Статистичкиот годишник. Како извор можете да го користите и Државниот инспекторат за животна средина особено делот Регистар на субјекти на надзор и инспекциски извештаи. Во него може да најдете елаборати како и податоци за извршени инспекциски надзори. Не заборавајте го и делот „Извештаи“ каде што може да се најдат податоци што работел Државниот инспекторат во тековната или во претходните години. Само како напомена, најновите податоци не се во горниот дел туку во долниот дел од веб-страницата. Ресурсите што погоре ги споделивме, треба постојано да се ажурираат, да се збогатуваат со содржина и потребна е соработка на централните и на локалните органи со новинарите за поефикасно и посеопфатно известување за темите поврзани со животната средина. Засега ова не е така. Голем дел од новинарите не се информирани за ресурсите и за алатките што државните органи ги креираат и неретко тие се споделуваат со јавноста само преку куси соопштенија или, пак, воопшто не се споделуваат. На тој начин ресурсот останува „заглавен“ или намерно или ненамерно „скриен“ на некоја веб-страница. За нив се потрошени средства, а реална примена нема.  Автор: Александар Манасиев Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Tam T2 3

Етичка рамка за вештачката интелигенција во медиумите

„Фајненшл тајмс“ е последниот од низа големи медиуми што неодамна склучи договор за соработка со „ОпенАИ“, компанија што стои зад Четџипити (ЧетГПТ). Со договорот Четџипити ќе може, кога одговара на прашања на корисниците, да влече информации од текстовите во весникот, во реално време. Тие ќе бидат означени и проследени со линк до сторијата од која се земени. Договорот, исто така, на „ОпенАИ“ му овозможува пристап и до премиум платената содржина како и до архивата на ФТ, која ќе служи за обука на основните модели на Четџипити. Сè уште не е јасно како ќе изгледаат линковите што водат до весникот. „ОпенАИ“ веќе подолго време бара начин како да ги наведува изворите од каде ги добива информациите. Со ова „Фајненшл тајмс“ се приклучи на растечкиот список на големи редакции што склучиле  договор за користење на нивната содржина од страна на „ОпенАИ“ какви што се: агенцијата „Асошиејтед прес“, германската групација „Алекс Спрингер“, францускиот „Ле Монд“, шпанскиот издавач на „Ел Паис“ и други. Овој тип партнерство претставува пресвртница во односот на медиумите и вештачката интелигенција (ВИ), кој досега беше под сенката на прашањето за почитувањето на авторските права. Големиот „Њујорк тајмс“ и неколку помали публикации годинава ја тужеа „ОпенАИ“ за кршење авторски права со тврдење дека нивни текстови биле користени за „тренирање“ на Четџипити, без побарана дозвола или каква и да е компензација. Но, авторските права се само еден од проблемите што произлегуваат од ширењето на новата технологија. Нејзиниот „влез“ во професија чијшто интегритет почива на почитувањето на етичките начела, какво што е новинарството, подразбира сериозна внимателност и претходна подготовка. Недостатоците на ВИ какви што се точност и пристрасност, се прашања на кои редакциите во светот, особено оние што ја користат или планираат да ја користат, не можат да си дозволат да немаат одговор. Тој одговор веќе се формулира и поединечно, а и на глобално ниво. „Халуцинациите“ и пристрасноста на ВИ Според студијата на „Асошиејтед прес“, три четвртини од луѓето што работат во медиумската индустрија користеле генеративна вештачка интелигенција (ВИ) во одреден професионален капацитет. Најчеста употреба била за производство на содржина, при што речиси 70 отсто, или две третини од испитаниците, изјавиле дека ја користеле за оваа намена. Следни најпопуларни употреби се за собирање информации, производство на мултимедијална содржина и други деловни задачи. Меѓутоа искуството со ВИ во редакциите, според истата студија, покажа дека етичките импликации од употребата предизвикуваат загриженост, и тоа особено поради: потребата од човечки надзор и ризиците од неточна или од пристрасна содржина. Позната е слабоста на чет-ботовите при собирањето информации да „измислуваат“ податоци и да ги прикажуваат како факти. Оваа појава доведе до тоа еден адвокат од Њујорк да даде поднесок во суд, во кој беа наведени 6 пресуди што никогаш не се случиле, туку биле измислени од Четџипити што го користел.  Радиоводител ја тужи за навреда компанијата „ОпенАИ“ откако Четџипити генерирал тврдења дека тој проневерувал пари. Новинарот Крис Моран откри дека ВИ може да креира мошне уверливи, но сосема лажни текстови.   Покрај „халуцинирањето“, како што се нарекува фабрикувањето податоци и нивно прикажување како факти од страна на ВИ, искуството покажува дека овие системи немаат емпатија, не можат да контекстуализираат и не смеат да се остават без надзор да креираат новинарска содржина. Анегдотски пример за неможноста на ВИ да се остави без надзор е ситуацијата кога вештачката интелигенција што произведува спортски вести требало да јави за смртта на кошаркар на НБА, кој починал на 42 години. Насловот што ВИ го креирала гласи: „Брендон Хантер неупотреблив на 42“ Како голем проблем што мора да биде земен предвид кога се користи ВИ, на кој упатуваат експертите, е пристрасноста што самата технологија може да ја произведе или да ја користи при процесирањето на податоците. Проблемот е што пристрасноста, за која нема место во ниту една професионална новинарска содржина, е иманентна особина на ВИ и за неа се говори како за „алгоритамска пристрасност“. Имено, содржината креирана од ВИ зависи од природата на податоците, од кои машината „учи“. Кога компјутерските научници велат дека апликациите за вештачка интелигенција „учат“, тие воопшто не мислат на учење во човечка смисла. Вештачката интелигенција учи од големи збирки на податоци преку кои таа создава статистички обрасци. Во основа, вештачката интелигенција учи како подобро и побргу да ги решава проблемите, бидејќи може да предвиди што треба да се случи врз основа на податоците што ги поседува. Сепак, резултатот од ова е дека машината пропушта многу нијанси на човечката интелигенција и комуникација – на пример, веројатно нема да може да открие сарказам, иронија или говор со преносна смисла. Дополнително, вештачката интелигенција е создадена од луѓе, и потоа „тренирана“ од луѓе, а луѓето се пристрасни и со предрасуди. Значи, ако базата од кои машината зема податоци е пристрасна, или ако луѓето што го учат системот како да ги презентира и да ги користи тие податоци се пристрасни или полни со предрасуди, ВИ ќе произведе содржина со предрасуди. Студија што во 2022 година ја спроведе Информацискиот научен институт на Универзитетот во јужна Калифорнија покажа дека повеќе од една третина од податоците што ги користела ВИ биле пристрасни. Жените биле прикажувани во негативно светло, муслиманите биле поистоветувани со „терористи“ и слично. Поради тоа, особено внимание е посветено на овој проблем, меѓутоа резултатите понекогаш одат од една крајност во друга. Па така, на пример,  системот на ВИ „Гемини“ на Гугл создаваше илустрации на кои повеќето ликови се црни, дури и ако тоа е географски или историски невозможно. Алгоритамската пристрасност е тема на многу студии и истражувања, но и нешто на што редакциите што користат или планираат да користат алатки на ВИ, мора да обрнат особено внимание. Етички кодекси и декларации Во ноември 2023 година, Репортери без граници (РСФ), заедно со 16 партнерски организации, ја објавија Париската повелба за вештачка интелигенција и новинарство. Неа ја состави комисија со која претседаваше новинарката и добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Реса, а во која учествуваа претставници на граѓанското општество, медиуми, новинари и експерти за ВИ. Повелбата ги дефинира етиката и начелата што новинарите, редакциите и медиумските куќи низ светот треба да ги применат во својата работа со вештачката интелигенција. Клучните начела врз кои почива, можат да се сумираат на следниов начин: Етиката мора да има клучна улога кога во медиумите се прават технолошки избори. Човекот мора да ја задржи својата централна улога во уредувачките одлуки. Медиумите мора да му помогнат на општеството да прави разлика меѓу автентичната и генерираната содржина. Медиумите мора да учествуваат во глобалното управување со ВИ и да ја бранат одржливоста на новинарството кога преговараат со технолошките компании. Во меѓувреме, медиумите што користат ВИ веќе формализираат свои декларации/правилници, во кои опишуваат за што ќе ја користат, а за што не. Меѓу нив се Гардијан, Би-би-си, Ал Џезира и Вашингтон пост. За сите е карактеристично инсистирањето да бидат сочувани новинарските стандарди и вредности, како и ставот дека професионалните и етичките начела мора да бидат адресирани во дизајнирањето на протоколот за користење на ВИ во редакциите. Еден од темелните предуслови за употреба на ВИ во редакциите е нејзините вработени да вршат постојан и активен надзор врз работата на паметните програми. Речиси кај сите акцентот е на тоа дека ниту една содржина генерирана од ВИ нема да биде објавена без човечки надзор. „Гардијан“, на пример, вели дека употребата на генеративна вештачка интелигенција бара човечки надзор, наведувајќи во нивните упатства дека таа треба да биде поврзана со „специфична придобивка и експлицитна дозвола од уредник“. Холандската новинска агенција АНП има слични ставови во своите насоки, кои ја нагласуваат важноста од човечки надзор, наведувајќи дека тие можат да користат вештачка интелигенција или слични системи за „поддршка под услов човекот потоа да ја изврши последната проверка“. Тие го опишуваат овој процес како човек>машина>човек. Бразилската агенција Нуклео, исто така, наведува дека никогаш нема да објави сторија со помош на ВИ без надзор на човек, ниту, пак, ќе ја користат ВИ како уредник или како продуцент. Рингиер, медиумска групација од Швајцарија со новински брендови во 19 земји, вели дека „резултатите генерирани од алатките за вештачка интелигенција, секогаш треба да бидат критички прегледани, а информациите треба да се проверат и да се дополнат со користење сопствена процена и експертиза“. Слично, германската агенција ДПА смета дека конечната одлука за употреба на вештачката интелигенција ја носи човекот. Тие додаваат: „Ја почитуваме човечката автономија и приматот на човечките одлуки“. „Фајненшл тајмс“ тврди дека нивното новинарство ќе продолжи да биде „пишувано, известувано и уредувано од луѓе што се најдобри во своето поле на дејствување“. Во декларациите за употреба на ВИ, кај голем број медиуми се нагласува и важноста на транспарентноста при нејзината употреба, односно јасно да биде наведено кога евентуално се користи содржина генерирана од ВИ. Имено, транспарентноста за медиумската заедница, како и за самата индустрија на вести, е клучна вредност. Таа е предуслов за одговорно работење, оружје за борба против губењето на кредибилитетот и довербата. Во таа смисла, во голем дел од декларациите за користење на ВИ во медиумите, се нагласува и начелото на преземање одговорност на медиумот, во случај на грешка или погрешно информирање. Декларациите ја нагласуваат и важноста за почитување и заштитата на приватноста. Со други зборови, медиумите се обврзуваат да ги штитат личните податоци и приватноста на корисниците, како и да ги применат сите безбедносни стандарди за да се спречи можноста од евентуална злоупотреба. Се разбира, со оглед на тоа што фер и објективно известување се едни од клучните професионални стандарди, тоа се нагласува и во правилата за користење ВИ. Тоа подразбира етичко информирање, интегритет, борба против манипулации и лажни вести. Автор: Тамара Чаусидис Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.
Am T 2 1

Медиумските пустини и жедта за информации

Ако се суди според американскиот модел на дефинирање на медиумската пустина како населено место без ниту еден локален дневен весник, тогаш освен Скопје речиси сите населени места во земјава може да се вметнат во категоријата медиумски пустини бидејќи немаат ниту еден дневен весник Како го пиете утринското кафе? Слатко, горко, со локум и вода или со весник? За многумина утринското кафе беше незамисливо да се пие без весник во рацете. Мирисот на кафето чиниш совршено се надополнува со мирисот на хартијата. Иако дневните весници во продажба излегуваат вечерно време, сепак неретко се читаат токму наредното утро. Тој ритуал се одвиваше најчесто дома, на клупа во парк, на работа или во автобус. Зошто последната реченица е напишана во минато време? Од едноставна причина што оваа рутина на уживање и информирање, за најголем дел од нас, стана дел од минатото. На трафиките во Македонија, весниците што денес се продаваат, може да се избројат на прсти, додека во соседна Србија и во Бугарија добар дел некако опстојуваат, но тоа не значи дека некој ги чита. Бројот на читатели денес не е ниту една десетина од оној од пред две децении. Дневните весници, неделните, месечните и периодичните печатени изданија, кои со децении беа омилениот, а некаде и единствениот извор за информирање, станаа вид во изумирање. Според најновите статистички податоци во САД, денеска во споредба од пред 20 години, има 3.000 весници помалку и 43.000 новинари помалку што работат во печатени медиуми. Во 2005 година во САД вкупниот тираж на весници бил повеќе од 50 милиони примероци, а денес е нешто повеќе од 10 милиони. Иако и денешната бројка изгледа голема, сепак најмногу се должи на големите брендови како „Њујорк тајмс“. Брзината со која умираат весниците во САД е неверојатна – повеќе од два дневни весници ги снемува од пазарот на секои седум дена. Населените места во САД каде што веќе не постои ниту еден локален дневен весник се нарекуваат медиумски пустини. Постојат повеќе од 225 окрузи каде што нема ниту еден дневен весник, а во повеќе од 1.500 окрузи (речиси во половина земја) има само по еден весник, најчесто неделник, а не дневен весник.  Оваа појава не е уникатна само за САД. Слична ситуација е забележана и во Европската Унија како што покажува првото истражување за медиумските пустини на европска почва насловено „Откривање на медиумските пустини во Европа: Ризици и можности за локалните медиуми во ЕУ“. Ова истражување ги дефинира медиумските пустини на локално ниво како „област во која недостасуваат доволно, веродостојни и разновидни информации од доверливи медиумски извори“. Индикатори за тоа колку се загрозени локалните медиуми се: бројот на медиуми, економските и политичките услови, како и степенот на безбедност на локалните новинари и социјалната инклузивност на локалните медиуми кон малцинствата, маргинализираните заедници и способноста за ангажирање со публиката. Општиот заклучок е дека постои голема централизација на редакциите и на новинарите во големите градови, најчесто во главните градови, а новинарството наместо на терен се одвива од канцеларија. Ова истражување покажува дека јавните сервиси се клучни за покривање на оддалечените места, нудејќи инклузивност во известувањето. Според анализата, најзагрозени се локалните медиуми во Романија. Во 2008 година имало 54 локални печатени медиуми. Бројката паднала на 12 во 2018 година, а во 2023 година на само два локални печатени медиуми. Во Хрватска ситуацијата е малку подобра, па во 2019 година имало девет локални печатени медиуми што ги покривале руралните средини. Сепак, најзастапени се локалните и регионалните радија. Во Бугарија, вкупниот број регионални весници е намален во текот на изминатите 5 години: 127 во 2018 година, 113 во 2019 година, 111 во 2020 година, 106 во 2021 година и 100 во 2022 година. Каква е ситуацијата во Македонија? Според Регистарот на издавачи на печатени медиуми на АВМУ (ажуриран на 2 април 2024 година), во земјата има 23 печатени медиуми. Најголем дел се концентрирани во Скопје, и тоа 20, а единствени три други места каде што има печатен медиум се Битола, Прилеп и Штип. Според податоците од овој регистар, во периодот од 2016-та до денес, избришани се 29 печатени медиуми од Скопје и еден од Битола. Ако се суди според американскиот модел на дефинирање на медиумската пустина како населено место без ниту еден локален дневен весник, тогаш освен Скопје речиси сите населени места во земјава може да се вметнат во категоријата медиумски пустини бидејќи немаат ниту еден дневен весник. Неделни весници има во Битола и во Прилеп, а месечник во Штип. Но, ситуацијата не е розова и ако се суди според другата гореспомената дефиниција за област во која недостасуваат доволно, веродостојни и разновидни информации од доверливи медиумски извори. Според Регистaрот на радиодифузери што емитуваат радиопрограма, во земјава има 67 радиостаници, од кои седум емитуваат на државно ниво, 17 на регионално ниво и 43 на локално ниво. Според податоците на овој Регистар, од 2014 година се избришани 20 радија. Според Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022 година на АВМУ, во Македонија покрај Македонската радио-телевизија има уште 43 комерцијални телевизии – пет терестријални телевизии на државно ниво, шест телевизии што емитуваат програма преку неограничен ресурс на ниво на целата држава, на регионално ниво 17 телевизии и 15 телевизии на локално ниво. Од извештаите и анализите на АВМУ се гледа дека секоја година исчезнува по некој локален медиум. Она што го нема во овие извештаи и анализи е бројот на вработени во локалните и во регионалните медиуми, нивните услови за работа, политичкото и бизнис-влијанието и другите фактори што се предуслов за слободно и непречено известување за проблемите на локалната заедница. Она што можеме да го заклучиме сите ние што најчесто се информираме од државната телевизија, од националните комерцијални телевизии, од дневните весници, од радијата и од поголемите веб-портали е дека локалните приказни исчезнуваат. Ретки се во печатените медиуми, ги нема на радијата, ретки се на телевизиите, па и на веб-порталите… Локални репортери има сè помалку во поголемите градови како Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Велес, Штип, Струмица… Ако некогаш дневните весници имаа по десетина репортери низ Македонија, а државната телевизија речиси во сите поголеми населени места, денес тоа не е случај. Но, што значи загубата односно исчезнувањето на локалните медиуми и на локалните приказни? Тоа значи дека гласот на граѓаните во тие средини, особено за локалните проблеми, не може да се чуе. Во недостиг на релевантни извори на информации овие граѓани почесто се информираат преку социјалните мрежи и стануваат поподложни на дезинформации и на можност за манипулација за политички или бизнис цели. Можноста за корупција на локално ниво расте бидејќи исчезнуваат медиумите што би требало да се „кучиња чувари“ на демократијата и на демократските вредности. Сето ова погоре наведено ја намалува довербата во институциите на локално и на државно ниво. Ова значи дека локалните и регионалните медиуми се важен столб на секое демократско општество и дека нивното исчезнување е голема загуба, не само за локалната средина туку воопшто. Во недостиг на каква било стратегија, ситуацијата во Македонија само ќе се влошува, а со тоа и опасноста дека медиумските пустини во земјава во скора иднина ќе бидат во пораст, а граѓаните, иако поплавени во морето информации на социјалните мрежи, ќе останат жедни за локални приказни и информации. Автор: Александар Манасиев Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Tam Web T2

Новинарството и вештачката интелигенција: Има ли причини за паника

Уште не слегнала прашината од дисрупцијата што интернетот и социјалните мрежи им ја направија на медиумите, во редакциите е веќе нова закана: вештачката интелигенција (ВИ). Се разбира, напредокот на вештачката интелигенција и нејзината примена во медиумите е само еден елемент од развивањето на технологијата, која се случува со неверојатна брзина. Сѐ уште е рано за одговори какви промени ќе се случат на цивилизациско ниво, па оттаму и во медиумската индустрија, но прашањата дефинитивно се веќе поставени. Дали ВИ ќе ги замени новинарите? Колку се релевантни новинарските содржини креирани од неа? Какви се правилата за нејзиното користење во редакциите? Последната анкета на  Институтот Ројтерс, спроведена на 314 испитаници од 56 земји, покажува дека оптимизмот за иднината на медиумите станува дефицитарен. Помалку од половина (47 %) од анкетираните главни и одговорни уредници, директори, основачи, раководители и сениори се оптимисти за перспективите на новинарството за 2024 година. Робо-репортери веќе создаваат вести во медиумите. Технологијата се движи побрзо од новинарските стандарди. Новинарите стравуваат за своите работни места. Цутат дезинформации, лажни вести и дипфејк видеа.   Но, дали е навистина сè така црно? Историјата, барем досега, покажува дека секое воведување нова технологија во медиумската сфера, ги активира апокалиптичните ѕвона, па сепак – новинарството постојано преживува. Се разбира, тоа секогаш се случува со инкорпорирање на новите технологии и вредности, а не со нивно игнорирање. Со други зборови, професијата драматично се менува и ќе се менува, некои работни места ќе заминат во историјата, но ќе се отворат нови, како што, на пример, своевремено фоторепортерите ги заменија илустраторите што рачно цртаа.    Досегашното искуство со примена на ВИ во редакциите во светот покажува дека таа е добра алатка што може да ги поддржи, но не и комплетно да ги замени новинарите. Како што, впрочем, тоа не го направија ниту претходните технолошки напредоци. ВИ доаѓа во различни форми Терминот вештачка интелигенција ВИ (AI) се однесува на способноста на компјутерите или на други машини да извршуваат задачи за кои претходно била неопходна човечка интелигенција, како на пример: разбирање на јазикот, перцепција и учење. Најчеста груба поделба на ВИ е на: машинско учење и длабинско учење. Тие, пак, имаат натамошни поделби какви што се: процесирање на природен јазик, компјутерска визија, роботика... Машинско учење е наједноставната форма на ВИ. Програмите што функционираат на машинско учење имаат јасно дефинирани и ограничени параметри за употреба при интеракција со луѓе. Тоа се и најчесто употребувани програми на ВИ: чет-асистенти, апликации, гласовни команди (Алекса и Сири). Во програмите со длабинско учење ВИ добива почетни параметри и податоци, но може да ги интегрира со информациите на корисникот при интеракцијата со него. На тој начин ВИ „учи и се усовршува“. Тоа се ChatGPT на OpenAI и Bard на Гугл. Генеративна ВИ. Новиот тренд на програми што можат да создаваат слики, текст, стапи на сцена од крајот на 2022 година. Во моментов на пазарот има голем број ВИ-алатки што можат да се користат и во редакциите. Тие грубо можат да се поделат во 5 категории. Алатки што можат рано да известат за одредени трендови, настани што се случуваат или, пак, ургентни вести, главно на национално или на глобално ниво. Алатки што создаваат содржина. Тие можат да го автоматизираат и да го поедностават процесот на пишување вести. Алатки за зголемување на публиката. Тие се специјализирани за интеракција со неа, менаџирање коментари, праќање билтени и персонализирање на содржината според интересот на клиентот. Алатки за дистрибуција, кои овозможуваат одредена содржина да биде споделувана на што поголем број јазици, формати и платформи. Алатки за истражување и анализа на податоци. Тие се многу софистицирани, но, сепак, не се имуни на грешки, особено доколку потеклото на податоците е проблематично. Она што е особено важно и што не смее да се заборави е дека иако овие алатки можат да направат значителен напредок во автоматизирањето на одредени задачи во новинарството, какви што се анализа на податоци и основно пишување, тие не можат целосно да ги реплицираат креативноста, критичкото размислување и истражувачките вештини што ги поседуваат новинарите. ВИ во практика Пет од 45-те финалисти за годинашнава Пулицеровата награда велат дека користеле ВИ во процесот на истражување, известување или предлагање на текстот. Алатките на ВИ веќе се користат за транскрипција на говор, тагување содржини и фотографии, за креирање содржини (текстови, видеа, фотографии, графикони), анализа на голем број документи, персонализација на содржината во однос на корисникот, проверка и верификација на податоците. Агенцијата Асошиејтед прес користи ВИ за генерирање кратки вести за финансиски резултати и спортски настани, „Вашингтон пост“ – за проверка на податоци од социјалните мрежи, „Њујорк тајмс“ – за превод на текстовите на повеќе јазици, „Блумберг“ – за автоматизирани резимеа за вестите... Еден од примерите како ВИ може да се користи во новинарството е алгоритамот на Ројтерс наречен News tracker (трагач по вести) – кој ги пребарува социјалните мрежи во потрага по вести, со откривање кластери со слични информации и проверка на изворите што ги објавуваат. Трагачот по вести е комбинација на вештачката и на човечката интелигенција. Машината најнапред „учеше“ од податоците и од методите што ги применуваат новинарите за проверка на автентичноста на информацијата објавена на Твитер. Кога ќе препознае кластери од исти информации, почнува да ги применува научените новинарски методи за да ја одреди автентичноста на информацијата пред да му ја пријави на новинарот. Употребата на ВИ, при анализа на големо количество податоци, дојде до израз и во истражувањето познато како Луанда ликс на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ), кое откри како Изабел дел Сантос, најбогатата жена во Африка и ќерка на поранешен претседател на Ангола, извлекувала стотици милиони долари јавни пари надвор од оваа сиромашна земја. Со помош на специјално изграден систем на ВИ, наречен Кварц, новинарите на Конзорциумот и неговите 36 медиумски партнери анализираа 175 илјади документи добиени од Платформата за заштита на свиркачите во Африка. Станува збор за електронски пораки, внатрешни меморандуми, договори, консултантски извештаи, ревизии, даночни извештаи, видеа од средби и друго. ВИ им помогна на новинарите да поминат низ огромен број податоци, без оглед што тие беа со различни формати, печатни грешки и грешки при транскрипција. „Њујорк тајмс“ ја искористи способноста на системите на ВИ за визуелно препознавање (кое се користи, на пример, за персонализирање на смартфоните), за создавање дигитална архива на претходно скенираните печатени изданија (архивата е со опфат до 1851 година). Со категоризирање различни компоненти од скенираните весници (наслови, текстови или слики), ВИ ги спои во структура што наликува на денешните дигитални изданија, која може да се пребарува. Новинарите на Bazz feed, како што велат самите, „го истренирале компјутерот да пребарува скриени шпионски авиони“, така што ќе пребарува летови што имаат слични обрасци како оние на Одделот за домашна безбедност и на Федералното биро за безбедност. Открија дека американскиот воздушен простор е преполн со такви авиони. Шпанскиот „Ел паис“ ја користеше алатката наречена Graphext за буквално да ја нацрта врската меѓу политичарите и медиумите. Користењето на алатките на ВИ во редакциите, покажа дека тие дефинитивно можат да го зголемат капацитетот на известувањето, ефикасноста, брзината и точноста, да ги намалат трошоците и да го подобрат новинарскиот производ. За перспективите и за иднината Нема дилеми дека ВИ има трансформативна улога во реформирањето на работата на медиумската индустрија, и тоа како од уредувачки, така и од деловен аспект. Тоа бара нови вештини, алатки и работни навики. Но, имајќи ја предвид природата и ограничувањата на ВИ, тоа не значи дека редакциите ќе се испразнат и ќе станат канцеларии за паметни машини. Иднината многу повеќе ќе личи на нова форма на соработка: меѓу луѓето и машините. Алатките за вештачка интелигенција можат да го подобрат новинарството со преземање рутински задачи, дозволувајќи им на новинарите да се фокусираат на посложени и понијансирани известувања. Дури и повеќе, улогата на новинарите се смета за поважна од кога било, бидејќи содржината генерирана од ВИ би можела да го преплави интернетот со лажни информации доколку нема човечки надзор и етичко резонирање. Се чини дека аргументите, барем засега, му одат во прилог на заклучокот на Сајрус Феривал  во коментарот насловен „Не плашете се од новинарството помогнато од ВИ, тоа веќе е тука“. „...ако новинарите како целина постапат мудро и без непотребен страв или прекумерно потпирање врз технологијата, користењето на ВИ во новинарството ќе биде контроверзно колку што денес е користењето компјутер за побрзо пишување отколку пишувањето со пенкало и хартија“. Автор: Тамара Чаусидис Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.  
Med.mladi Web1

Младите во Македонија многу полесно препознаваат дезинформации пласирани на социјалните медиуми

Создавањето и ширењето дезинформации, предизвикуваат огромни ризици за целото општество, загрозувајќи ги основните човекови права – од личната безбедност и здравје, до сите видови слободи. Според експертите за комуникација кај нас, сериозен предизвик во борбата со ширењето на лажните вести е невклученоста во општествените текови. Според Бојан Кордалов, комуниколог-специјалист за односи со јавност и нови медиуми, младите луѓе многу полесно препознаваат дезинформации отколку повозрасните бидејќи тие се родени и функционираат во ерата на дигитализацијата и природно „пливаат“ подобро во интернет-просторот каде што почесто се шират дезинформациите. „Но, она што е сериозен предизвик за младите луѓе според сите релевантни истражувања, е незаинтересираноста за вклучување во општествените текови. Тоа дополнително ги прави ранливи и подложни на дезинформации и на штетни наративи, особено што според извештаите на ЕУ, штетните наративи денес сѐ подоминантно се шират во комбинација на офлајн и онлајн каналите за информирање и комуникација“, вели Кордалов.Најчестите дезинформации преку социјалните медиуми на кои граѓаните „наседнуваат“, како што вели Кордалов, е секоја актуелна тема на која креаторите на ваквите дезинформации сметаат дека ќе можат да нанесат штета на одреден демократски процес, како доверба во јавни институции или слично. „Особено кога ќе настане синергија помеѓу креаторите и оние што од ширењето на лажните вести гледаат свој бизнис-модел за заработувачка, комбинацијата станува уште посилна и повлијателна“, дополнува тој. Но, Кордалов дополнува дека дали граѓаните во голем број ќе наседнат или не, зависи од личната отпорност, од едукацијата, како и од тоа дали јавните институции се транспарентни, даваат одлични јавни услуги и директен друг придонес во борбата со дезинформациите, но и од степенот на регулација на социјалните мрежи како платформи од страна на овластените институции во ЕУ и во САД. На прашањето дали коментарите и мислењата на граѓаните пласирани на социјалните мрежи ја намалуваат или ја засилуваат борбата со лажни вести, Кордалов посочува дека слободата на мислата и изразувањето се едни од најголемите цивилизациски демократски придобивки и како такви смета дека треба да се основата на сѐ, вклучително и на борбата против лажните вести и штетните наративи. „Меѓутоа, слободата на изразувањето, од една страна, и водењето лична или поширока пропаганда, од друга страна, се две различни работи. Да се приклучите на луѓе или на сојузи што ја негираат науката, шират информации што го загрозуваат здравјето на луѓето, националната безбедност или се закануваат да ја загрозат демократијата, веќе не сте во зоната на слобода на изразување, туку на сосема другата страна“, завршува Кордалов. Михајло Лахтов, експерт за медиуми и комуникација со долгогодишно работно искуство, смета дека дезинформациите се само еден сегмент од медиумската писменост или само еден предизвик во денешниот свет во кој медиумите имаат главна улога.„Денешната медиумска средина е мошне комплексна. Новите медиуми не подложат на регулативни рамки како традиционалните и тој недостаток на одговорност околу тоа што се креира, што се споделува и на кој начин се прави тоа, ги прави работите мошне сложени. Во таквиот медиумски пејзаж, граѓанинот е целосно изгубен во океанот различни информации и тешко успева да го одвои тоа што е важно, релевантно, професионално, објективно и точно“, вели Лахтов. Огромна е улогата на професионалното новинарство во борбата против ширење лажни вести Според Михајло Лахтов, многу е важно да се разбере начинот на кој функционираат медиумите, особено моделот на новите медиуми што се потпираат на алгоритмите како уредници на 21 век. „Важно е да разбереме на кој начин се злоупотребуваат медиумите, новите техники на пропаганда, трол-лабораториите, начинот на кој се користи и се злоупотребува вештачката интелигенција. Но, поважно од сево ова е повторно да ја отвориме дебатата зошто ни е потребно новинарството. Која е разликата меѓу професионалното новинарство и мислењата на луѓето, инфлуенсерите, политичарите што сè повеќе го преплавуваат просторот на сметка на новинарските содржини“, додава Лахтов. Како што вели, мора да се сфати дека новинарството е столб на демократијата, па новинарите понекогаш и ризикувајќи го животот, се обидуваат да ги држат одговорни и отчетни оние што ја имаат власта и кои располагаат со парите на граѓаните. „Кога ќе сфатиме дека без професионално новинарство не може да има ниту демократско општество, може да почнеме да зборуваме за детали какви што се дезинформациите или лажните вести“, изјави Лахтов. Потребно е нужно развивање медиумска писменост Користењето на социјалните мрежи има и свои предности и свои недостатоци. Додека ги прифаќаме нивните добри страни, треба да се обидеме да ги избегнеме негативните. Затоа е нужно развивање медиумска писменост. „Медиумската писменост е дисциплина што се занимава со сите овие прашања, односно со тоа како медиумите влијаат врз човекот и врз општеството. Вклучувањето теми (не предмет) поврзани со медиумската писменост, во сите нивоа на образованието, почнувајќи од градинка, па сè до високото образование, е клучно за да развиваме вештини и знаења што ќе ни помогнат на вистински начин да ги користиме медиумите и да не дозволиме тие да нè користат нас. Во тој процес, критичкото размислување, аналитичкиот пристап кон медиумските содржини, проверката од повеќе извори, свесност за сопствените предрасуди и емоции што често се причина за нашата пристрасност, се само некои од елементите на кои мора да работиме и да ги развиваме“, нагласува Лахтов, експерт за медиуми и комуникација. Автор: Маја Терзиева Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.
Am T 1

Избори, лаги и дипфејк видеа

„Секој има право на сопствено мислење, но не и на сопствени факти“. Оваа реченица на американскиот политичар и социолог Даниел Патрик Мојнихан, кој беше дел од администрацијата на неколкумина претседатели, од Џон Кенеди до Џералд Форд, најдобро го опишува периодот кога најмногу се искривува вистината, период кога секој има свое мислење, а богами и сопствени факти. Веројатно погодувате, тоа е периодот на изборите. 2024 година е година на избори речиси насекаде во светот. Безмалку половина од жителите на планетата Земја живеат во земји каде што во 2024 година има избори. На глобално ниво, повеќе гласачи од кога било во историјата ќе се упатат на гласачките места во најмалку 64 земји (плус Европската Унија) односно околу 49 отсто од вкупната популација гласачи во светот. www.visualcapitalist.com Да се вратиме на она за што зборувавме претходно – фактите и мислењето. За време на избори некако се навикнавме на валкана изборна кампања. Без разлика дали станува збор за развиени земји или не, кандидатите и политичките партии што ги застапуваат, речиси и да не избираат средства за да добијат што е можно повеќе гласови со цел да победат или, популарно кажано, да дојдат до фотелја. Се манипулира со вистината, се манипулира со фактите и се користат сите можни средства за убедување на гласачите. Медиумите секогаш биле употребувани и/или злоупотребувани во оваа валкана игра. Појавата на социјалните медиуми и глобалното користење на мобилните телефони, ги направија можноста за споделување на фактите, но и можноста за манипулација и ширење на дезинформации уште полесни и побрзи. Вистината денес патува брзо, но лагата односно дезинформацијата патува уште побрзо. Но, 2024 година не е специфична само по глобалното одржување на изборите туку и по глобалното користење на алатките за ВИ (вештачка интелигенција) за креирање содржина – текст, аудио, фотографија или видеосодржина. Речиси секој има пробано да креира некаков текст со помош на некој четбот (виртуелен соговорник) како ChatGPT или Google Bard, да креира фотографии со алатки како Midjorney или DALL-E или, најатрактивно, да креира видеа со помош на ВИ-алатките како Sora. Некои тоа го прават од забава, некои ги користат алатките за работа, а некои ги користат за манипулација и за ширење дезинформации. Манипулациите со видео и со фотографии не се новост и тие се присутни во политичкиот и во јавниот живот речиси откога постои технологијата за нивно креирање. Па, така, знаеме за историски примери на манипулирани фотографии на Хитлер, Мусолини, Сталин… Но, ако манипулацијата на фотографиите и на видеата некогаш можеле да ја прават само експерти, денес речиси секој може да креира дипфејк видео со алатките со ВИ ширејќи дезинформации преку синтетички генерираната содржина. Овие синтетички креирани содржини се особено опасни во време на избори. Ако дезинформациите, односно некогаш популарно наречени лажни вести, беа главното оружје за манипулација за време на изборите во САД во 2020 година или за време на Брегзит, се смета дека синтетичката содржина ќе биде нуклеарниот арсенал со кој ќе се манипулира на изборите низ светот во 2024 година. За опасноста од дезинформациите и мисинформациите говори и фактот што Светскиот економски форум во својот извештај за глобалните ризици за 2024 година, ги стави на врвот на листата на ризици анализирајќи ги предизвиците со кои ќе се соочат земјите во наредната деценија. Според овој извештај, дезинформациите се најголемиот краткорочен ризик (во период од 2 години) со кој се соочува светот. „Вештачката интелигенција ги засилува манипулираните и искривени информации што би можеле да ги дестабилизираат општествата“, стои во извештајот на Светскиот економски форум. Во него се додава дека дезинформациите и мисинформациите нагло скокнале на првото место на ризици (скок за 15 позиции), а ризикот ќе стане акутен за време не изборите. Според овој извештај, Индија е рангирана на прво место како земја со најголем ризик во светот. Токму во оваа земја годинава речиси една милијарда гласачи ќе одат на избори. Алатките со ВИ во Индија веќе почнаа да се користат во изборните манипулации. Во февруари годинава на Х (Твитер) се појави вирален пост поврзан со алатката за ВИ „Џемини“ на Гугл. Кога на „Џемини“ му било поставено прашањето дали индискиот премиер Нарендра Моди е фашист, алатката за ВИ го дала следниот одговор: „Моди е обвинет за спроведување политики што некои експерти ги карактеризираа како фашистички“. Понатаму „Џемини“ објаснува и образложува на што се заснова одговорот. Ваков јасен одговор не бил даден на истото прашање за Володимир Зеленски, Доналд Трамп и за други лидери. Ова во пресрет на изборите предизвика политички турбуленции во Индија, а Гугл се обиде да го оправда својот четбот тврдејќи дека не е релевантен извор за вакви прашања. Но, Индија не е единствената земја во која дезинформациите се висок ризик за општата безбедност, особено во време на избори. На оваа листа се и развиените земји како САД (6), ЕУ (6) и Велика Британија (11). Во неодамна објавениот извештај на Европската опсерваторија за дигитални медиуми било констатирано масовно ширење дезинформации во 12 европски држави во кои биле спроведени избори. „Секоја земја има уникатни трендови на дезинформации, под влијание на националните контексти и актуелните глобални настани. Клучните теми ги вклучуваат војната во Украина, економијата, климатските промени и социјалните прашања (на пример, родови теми, религија и имиграција)“, стои во извештајот на Европската опсерваторија за дигитални медиуми. Според анализата на Светскиот економски форум, може да се забележи дека балканските земји се исто така во топ 20 земји со најголем ризик од дезинформации, особено во време на избори. Најзагрозена е БиХ, но тука се и Македонија и Србија.    А токму македонските државјани во наредните месеци ќе имаат можност да го искористат своето право на глас. Со тоа Македонија влегува во светската статистика како една од земјите во кои во 2024 година се организираат избори. Според Државната изборна комисија, во земјава има 80 општини, 3.480 избирачки места и 1.798.110 регистрирани гласачи заклучно со 1 декември 2023 година (бројката најверојатно ќе има измени пред одржување на изборите). За тоа колкав е потенцијалот за ширење дезинформации кај македонските граѓани, покажува и масовната употреба на интернетот во земјата. Според DataReportal, во Македонија има 1,8 милиони корисници на интернет и заклучно со јануари годинава имало 944.600 профили на социјалната мрежа Фејсбук, 811.500 профили на Инстаграм, 754.000 профили на Тикток, 370.000 на Линкдин и 133.100 профили на Х (Твитер). Сето ова укажува дека голем број од населението што има право на глас, потенцијално може лесно да биде изложено на дезинформации.  Дипфејк видеата засега, за среќа, не се дел од политичкиот наратив во Македонија, но дезинформациите веќе се дел од политичкото секојдневие. Во други земји во светот дипфејк видеата се користат за имитирање на говорот и на изгледот на реални луѓе, најчесто познати лица од јавниот живот. Ако порано требаа многу ресурси за креирање на овие видеа, сега со помош на ВИ-алатките потребно е само време и малку вештина. Манипулираните видеа не мора во целост да содржат фабрикувани информации туку може да станува збор само за делумна манипулација. На пример, ако замислиме дека станува збор за видео од обраќање на политичар што трае 90 секунди, доволно е само еден збор да биде променет односно една секунда во видеото да биде фабрикувана за да се смени целиот контекст на видеото. Овие видеа потоа преку социјалните медиуми се шират со неверојатна брзина, особено доколку атакуваат на емоциите на одредена категорија граѓани, кои имаат веќе донекаде оформено мислење на некоја одредена тема. Еден конкретен пример на целосно дипфејк видео имаше во Индонезија. Вештачката интелигенција го „воскресна“ Сухарто, некогашен воен и политички лидер на земјата. Тој „оживеа“ пред екраните (телевизиски) и екраните на мобилните телефони на милиони граѓани токму пред изборите повикувајќи ги гласачите да излезат на гласање.    Уште пострашна манипулација со користење ВИ имаше пред изборите во Словачка. Два дена пред изборите, на социјалните мрежи се појави аудиоклип во кој наводно се слуша гласот на позната новинарка од медиумот Деник Н и на претседателот на една политичка партија, а тема на разговорот било наводна изборна местенка. Разговорот во реалноста никогаш не се случил, но оваа содржина допре и беше споделена од илјадници корисници на социјалните мрежи. Оваа манипулирана аудиосодржина не само што беше искористена за дискредитација на политичарот туку, за нас новинарите уште пострашно, дискредитација на позната и почитувана новинарка, а со тоа и на медиумот во кој работи. Откривањето дали некоја аудиосодржина е реална или манипулирана, засега е потешко од откривањето на фабрикуваната видеосодржина. Но и за двата типа синтетички содржини реално ќе стане сè потешко да се утврди дали станува збор за реална или за фабрикувана содржина. Голем број земји се обидуваат да го регулираат ова прашање, како, на пример, Кина која бара задолжителен воден жиг за видеата што се синтетички генерирани. Сепак, ефективноста и брзината на регулацијата не се во можност да го следат трендот и брзината на развојот на сè помоќните и подостапните алатки за креирање видео- или аудиосодржина. Синтетичката содржина допрва ќе се користи за манипулација на поединци или групи, за нанесување штета во фрагилните демократии, но и во развиените демократски општества. Содржината можеби е креирана од вештачка интелигенција, но штетата што се нанесува е реална. Автор: Александар Манасиев Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Photo 15112 I 960x600

Убиствата што таблоидизираа одредени професионални медиуми

Известувањето на регионалните медиуми за двата сериозни случаја - трагедијата во Цетиње, Црна Гора и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во Скопје и Велес, Северна Македонија, посочува на сериозна таблоидизација на Западниот Балкан. Меѓутоа, истражувањето направено од Јелена Мартиновиќ (Подгорица) и Огнен Јанески (Скопје) покажува дека црногорските етаблирани медиуми покажале капацитет за професионална воздржаност, додека, пак, Северна Македонија се борела со сензационалистички тенденции. Пишуваат: Јелена Мартиновиќ (Подгорица) и Огнен Јанески (Скопје) ПРЕДИЗВИЦИ ЗА МЕДИУМИТЕ Најголемата трагедија во поновата црногорска историја се случи во Цетиње на 12 август 2022 година, кога во масовно убиство беа убиени десет лица, а единаесеттиот - убиецот Вук Бориловиќ беше усрмтен од полицијата. Во престрелката која траела околу 40 минути биле ранети шест лица. Според податоците на медиумските тела и здруженија, етаблираните медиуми во Црна Гора известувале професионално, потпирајќи се на официјални извори и податоци, без да изнесуваат непроверени информации. Веднаш по првите истрели во престолнината (поранешниот главен град) на Црна Гора, медиумите објавија информација дека пукањето е во тек, а со оглед на тоа дека се случува невидено масовно злосторство, регионалните медиуми ја пренесоа информацијата што ја објавија колегите од Црна Гора. Новинарите и уредниците на медиумите кои известуваа за злосторството имаа голема одговорност бидејќи граѓаните беа многу вознемирени. Ова особено е важно поради тоа што службените лица ѝ се обратија на јавноста само неколку часа подоцна. Сепак, медиумите не се натпреваруваа за тоа кој прв би објавил некаква информација, дотолку што во првите часови не објавуваа ни вести на нивните Фејсбук-профили, што посочува на тоа дека се грижеле за ширењето контроверзен говор. Од друга страна, во случајот со двократното убиство во Скопје и Велес, социјалните мрежи беа преплавени со лажни профили кои посочуваа дека ја знаат локацијата на младата жртва, како и политичари кои лажно тврдеа дека имаат инсајдерски сознанија за сторителите. Во трагичен пресврт на настаните, властите ги открија телата на двете жртви набрзо неколку дена по одекнувањето за трагедијата во јавноста. Жртвите беа идентификувани како 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која беше пријавена за исчезната и 74-годишниот Панче Жежовски, пензиониран бербер од Велес, кој исчезнал неколку дена пред Ѓорчевска. Главниот осомничен, Љупчо Палевски, бизнисмен и десничарски активист, беше уапсен во Турција. Заедно со Палевски, осомничени беа уште неколкумина други. Дезинформациите и шпекулативните теории почнаа да кружат речиси веднаш по пријавувањето на исчезнувањето на Ѓорчевска на 27 ноември. Еден политичар од мала македонска политичка партија, објави провокативна порака на социјалните мрежи. Тој тврдеше, еден ден пред да бидат откриени телата, дека осомничените биле ослободени од полициски притвор и им било дозволено да избегаат во Косово. Оваа објава инсинуираше дека виновниците се етнички Албанци, тврдење кое подоцна се покажа како неточно. Тогаш полицијата само потврди приведување на пет лица и извлекување на возило. Ваквото тврдење беше преземено од српски онлајн-медиуми, а чиишто написи веќе не можат да се најдат на нивните веб-страници. Со оглед на етничкиот состав на Северна Македонија, каде Албанците се втора по големина етничка група, ваквите непроверени тврдења имаа потенцијал да разгорат етнички тензии. Следствено, Министерството за внатрешни работи постапи брзо за да ги отфрли овие неосновани наводи, имајќи на ум дека веднаш ваквите теории беа прифатени и во српските медиуми, кои пак, извршија влијание врз македонските. Српските, а и босанските медиуми имаа опсежни анализи (особено телевизиски емисии), со времетраења и над еден час, со разни експерти, криминолози, психолози и уредници на интернет-портали, од кои повеќето имаа заеднички зборови во насловите: „мистериозни нешта“, „чудни околности“, „несфатливи чекори“ и слично. „ЛАЈКОТ“ - ПОВАЖЕН ОД ПОСЛЕДИЦИТЕ Експертите како проф. д-р Жанета Трајкоска – директорка на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во Скопје, укажаа на потребата од основна новинарска етика во образованието и практиката. „Никогаш не може да генерализаме. Тие што се сметаат за професионални медиуми ги почитуваа препораките и ги почитуваа стандардите за известување за ваков тип настани, посебно кога е во прашање малолетно дете. Другите, за жал, се фокусираа на лајкови и кликови не мислејќи на последиците и печатот што го оставаат врз јавноста, но пред сè на блиските роднини и пријатели на двете жртви.“ – рече таа. Таа потенцираше дека трендот на таблоидизација не е ограничен само на Македонија, туку дека со воочило како тоа влијаело и на регионот: „… па дури и ценетион „Утрински“ (н.з. „Јутарњи“) кој ги пренесе и „чаршиските“ муабети и теории на заговор и што зборувале луѓето на пазар, таксистите итн... тотално непотребно и некорисно за известување за овој грозоморен случај.“. Таа посочува дека за медиумите проблем е молкот на институциите, но, сепак мора да се земе предвид и спецификата на злосторствата - киднапирање, убиство и најстрашното - убиство на малолетно девојче. „Правилата се јасни - не објавуваш непотврдени информации, не креваш паника со своите написи, не дозволуваш родителите прво да дознаат од медиумите, но и ја почитуваш нивната болка и специфичноста на случајот. Сè е напишано и регулирано од професијата - треба само да се применува и почесто да се потсетуваме на правилата.“ – појасни Трајкоска. Кога станува збор за трагедијата на Цетиње, главно таблоидите од Србија, но и српски телевизии со национална фреквенција беа тие кои главно објавуваа непроверени и сензационалистички информации. Поради ова, Агенцијата за електронски медиуми (АЕМ) на Црна Гора донесе одлука да ја замре ТВ „Пинк“ на шест месеци, поради емисијата која во Србија ја води популарната водителка Јована Јеремиќ, а во која гостин ѝ беше приватниот детектив Браца Здравковиќ, кој зборуваше за наводните причини за трагедијата во Цетиње. Агенцијата посочи дека со ова емитување е прекршена Конвенцијата за прекугранична телевизија, во делот што се однесува на обврската за почитување на човековото достоинство и основните права на другите. Советот на АЕМ заклучи дека во оваа емисија радиодифузерот „недвосмислено ја потврдува намерата да го привлече вниманието на гледачите на сензационален и провокативен начин, без причина да го загрози достоинството и приватноста на жртвите и членовите на нивните семејства“. Јеремиќ на 27 август 2022 разговараше со својот гостин за наводните вистински причини за масакрот, кои ги дознале од соседите на жртвите и убиецот од Цетиње. Водителката изнесуваше заклучоци за мотивите на убиецот, а „приватниот детектив“ детали за семејството на злосторникот и неговите жртви. Истата водителка, година дена подоцна, на 9 декември 2023 ги шокираше гледачите во Северна Македонија и во Србија, кога во утринската програма ја донесе својата малолетна ќерка во сегментот од емисијата каде тема беше убиството на Вања. Истражувањето покажа дека најмногу непроверени и сензационалистички информации за случајот со трагедиите во Црна Гора и Македонија објавувале истите таблоиди. Таблоидите ширеле теории на заговор, објавувајќи залажувачки наслови. ЗЛОСТОРСТВАТА – ХРАНА ЗА ТАБЛОИДИТЕ Аналитичарот Марко Бановиќ од Центарот за дигитална форензика (ДФЦ) во Подгорица, кој се занимава со дезинформации и лажни наративи, како и со странски влијанија врз медиумите, посочи дека медиумите во Црна Гора интензивно известувале за масовното убиство и за трагедијата во Цетиње, и иако имало одредени пропусти во известувањето, сепак во содржината во најголема мера не бил забележан сензационализам, релативизирање или говор на омраза. „Повеќето медиуми се обидуваа навремено и објективно да известуваат за сите случувања, пренесувајќи официјални соопштенија од институции и изјави, како и реакции на претставници на институции, политички актери и организации.“ - рече тој. Забележано е таблоидно и пристрасно известување од одредени медиуми во Србија („Информер“, „Курир“, „Блиц“) - сензационалистички наслови за настанот, описи од местото на настанот, карактеризација на напаѓачите. „Српските медиуми селективно ги презентираа фактите, односно истакнуваа информации кои поткрепуваат одредени тези кои би предизвикале поголема реакција кај јавноста, а со тоа и поголема читаност и гледаност. Информациите што не ги потврдија нивните тези и наративи, тенденциозно беа изоставени. Тука се воочуваше и емотивен начин на известување, кој може да биде особено опасен во такви ситуации.“ - истакнува Бановиќ. На прашањето за да го искоментира фактот дека во Црна Гора нема таблоиди и дека нема такви што биле основани за на долг рок, тој одговара дека е точно, но дека е забележливо дека има портали кои известуваат и пласираат содржини кои имаат таблоиден карактер. „Најочигледни примери за тоа се „Борба“ и „ИН4С“, кои многу често пласираат наративи и известуваат на сензационалистички начин со кликбејт-наслови. „ИН4С“ и „Борба“ се препознаени како портали кои генерираат и дистрибуираат дезинформации, а со тоа го манипулираат јавното мислење во Црна Гора. Тие портали се поврзани со портали од Србија и ги пренесуваат нивните таблоидни содржини. Координирано делување на тие портали има за цел да ја измами јавноста, да создаде поделби и да ги подигне тензиите во општеството.“ - смета Бановиќ. Тој нагласува дека во Црна Гора често се игнорираат таблоидните и несоодветните содржини кои се објавуваат преку социјалните мрежи и другите онлајн платформи. „Конкретен пример е Утринската програма на Телевизија „Пинк“, која извесен период доби забрана за емитување поради несоодветно известување за трагедијата во Цетиње. Кабелските оператори ја почитуваа одлуката на регулаторот, но граѓаните на Црна Гора можеа да ја следат утринската програма на „Пинк“ на социјалните мрежи и на ЈуТјуб-каналот на таа телевизија. Дури и емисијата поради којашто беше забранета „Пинк“ сè уште е достапна на ЈуТјуб. Ист е случајот и со ТВ „Хепи“ чија Утринска програма исто така беше забранета шест месеци. Ова е нешто на што мора да се посвети особено внимание, имајќи предвид дека сè поголем број млади ги користат онлајн-платформите како средство за информирање.“ - апелира тој. Ранко Вујовиќ, извршен секретар на Советот за саморегулација на медиумите од Црна Гора, вели дека големите трагедии и злосторства често се „храна“ за многу таблоиди во светот. Тој нагласи дека Црна Гора нема класични таблоиди, што не значи дека нема повремено таблоидно известување во медиумите. „Трагедијата во Цетиње во 2022 година е едно од најголемите масовни убиства во Црна Гора. Мониторингот на медиумите не утврди поголемо прекршување на Кодексот на новинарите од страна на медиумите кои известуваа за оваа трагедија. Но, медиумите од Србија, како и обично, се натпреваруваа што побрзо да објават информации за ова злосторство, што доведе до објавување неточни и непроверени информации. Во тоа предводеа „Курир“, „Информер“ и „Блиц“.“ - изјави Вујовиќ. Вујовиќ рече дека таблоидните медиуми споделуваат најниски човечки страсти и нагони, обидувајќи се да заработат пари од тоа. „Тие го воведуваат принципот дека во медиумите сè е дозволено, со што се губи основната човечка улога на медиумите. Кога станува збор за конкретна трагедија, тука таблоидите се појавуваат во улога на мршојадци кои се хранат со туѓи несреќи и се обидуваат да заработат од нив. Трагичните приказни се детално искористени и на тој начин ужалените членови на семејството се доведуваат во ситуација повторно да ја преживеат трагедијата на своите најблиски. Идентитетот на жртвите се објавува без резерва, спротивно на принципите на Кодексот на новинарите.“ - рече Вујовиќ. На прашањето за тоа зошто таблоидите никогаш не успеале да опстанат во Црна Гора, тој одговори дека тоа е поради тоа што ова е сè уште мала патријархална заедница и фактот што луѓето, скоро и да се познаваат сите меѓусебно. „Етичките принципи во Црна Гора сè уште се силни, така што таблоидното роварење низ животите на жртвите би предизвикал колективен бунт на заедницата. Да се потсетиме дека неодамна во Белград беа организирани неколкудневни протести против одредени таблоиди и нивниот начин на известување.“ - објасни Вујовиќ. ОНЛАЈН-ПРОСТОРОТ Е ЧЕСТО БЕЗ ИНТЕГРИТЕТ Новинарот Саше Димовски, кој е и претседател на Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) посочува дека за таблоидизацијата на медиумите треба да се бара внимание и од државата, како и промена на законите за медиумите. „Мора да се знае кој стои зад онлајн-медиумите. Сега, во морето на нерегулиран простор, за жал, никнуваат секојдневно разни медиуми, без новинари, без сопственици, а кои најчесто се користат за политичка пресметка.“ – вели тој. Со оглед на напливот на сензационализам и дезинформации во случајот на двократното убиство, Димовски ги проблематизираше неподнесувањета претставки за новинарските написи, посочувајќи конкретни мерки за зајакнување на новинарскиот интегритет и довербата на јавноста. „Советот на честа при ЗНМ, како саморегулаторно тело веднаш реагираше со соопштение кога забележа дека одредени портали објавија дека „девојчето е живо и се наоѓа во џамија во соседна земја“, без да направат елементарна проверка на информацијата. Одговорноста на медиумите во вакви случаи е голема и не смее да се преземе сè што ќе се објави на Фејсбук без да се провери, и ги повикавме сите граѓани, доколку забележат прекршување на Кодексот во известувањето за овој случај да поднесат претставка.“ – истакнува тој. За жал, како што додава, Советот не добил претставки, што би значело дека граѓаните или не ги препознаваат сензационализмот и дезинформациите - или се рамнодушни кон сè што се случува или објавува и немаат желба, преку личен пример, со посочување на овие појави да се подобри медиумското известување. Димовски вели дека шпекулациите и сензационализмот како трка за кликови во вакви случаи се погубни за сите нас и мора да се внимава и на презумпцијата на невиност и на другите законски ограничувања за да не ѝ се наштети на истрагата. „Имаше многу емоции од страна на новинарите, кои подоцна се извинуваа дека биле понесени од случајот, но, новинарите мора да се свесни дека за да бидат на висина на задачата, мора да ги совладаат своите емоции и да бидат професионални. Не се дозволени испади кон осомничените, ниту плачење пред камера, независно од тежината на случајот. Медиумите на вакви случаи треба да проценат кого испраќаат да известува. Етичката дилема што останува е дали и натаму треба да се објавува фотографијата од Вања, без заштитен лик, дури и откако се утврди дека таа не е жива. Бидејќи жртвата има и семејство, помлада сестра, на која како да заборавија сите.“ – рече Димовски. ПРОМЕНА НА ЗАКОНСКИТЕ РАМКИ Ширењето дезинформации во случаите во Цетиње, Скопје и Велес го отвори прашањето за тоа кои промени на законските рамки може да влијаат на зајакнувањето на етичкото новинарство. Новинарот Васко Маглешов кој е и претседател на Судско-медиумскиот совет при Здружението на судиите на Република Северна Македонија вели дека дезинформациите главно беа дисеминирани во т.н. „информациско окружување“, односно во сферата на социјалните мрежи. „Таму е најголемата „загаденост“. Зад тастатурата секој може да сподели информација, секој може да биде „експерт“ за одредена област. Сметам дека нема потреба од законска интервенција, бидејќи тоа е „лизгав терен“. Но, неопходна е проактивната улога на истражните органи преку редовно информирање за случаите кои ја интересираат јавноста за да се спречи креирање паника кај граѓаните. Во ера на масовно користење на социјалните мрежи, можеби треба да се размисли за тоа институциите од правосудството своите соопштенија да ги пласираат токму таму. Онаму пак, каде што е евидетно дека има намера и некому да се наштети или да се шири говор на омраза, би требало промптно да реагира Министерството за внатрешни работи.“ – подвлекува Маглешов. Кога станува збор за Црна Гора, ширењето дезинформации и лажни вести кои предизвикуваат паника и неред е кривично дело според Кривичниот законик. Неодамна усвоената медиумска стратегија предвидува формирање на мрежа, автономна институција, која според замислата треба да се бори против дезинформациите, говорот на омраза и вознемирувањето на интернет. Неѓељко Рудовиќ, директор на Дирекцијата за медиуми во црногорската агенција МИНА, рече дека мрежата ќе следи, ќе ја информира јавноста и ќе презема чекори против оние чии адреси шират дезинформации и дека тие што се занимаваат со тоа ќе бидат јавно посрамотени. Тој објасни дека мрежата е пробно конципирана така што универзитетите ќе бидат носители на активноста, а заедно со невладиниот сектор, медиумите, медиумските здруженија, обвинителството и судството ќе формираат управен одбор. Рудовиќ посочи дека традиционалните медиуми кои ја добиле довербата на граѓаните се најчитани и најгледани во Црна Гора. „Затоа што чесно се однесуваат кон својата работа, го почитуваат новинарскиот Кодекс и не дозволуваат новинарите да бидат злоупотребени. Во Црна Гора највлијателни медиуми се оние кои се придржуваат до Етичкиот кодекс.“ - рече Рудовиќ. Дополнува дека таблоидите во Црна Гора не создаваат јавно мислење, но дека оние од регионот, како и социјалните мрежи претставуваат голема опасност. Во Црна Гора одамна не постои единствено тело за саморегулација, а истражувањето на Институтот за медиуми покажа дека саморегулаторната практика е слаба. Со таблоидизацијата, се согласуваат нашите соговорници, сериозно ни се заканува поткопување на интегритетот на сите медиуми. Ако ваквите случаи нè не освестат да креираме посериозен пристап во информирањето, не можеме да зборуваме за доверба во медиумите, додава Претседателот на Советот на честа при ЗНМ, Димовски. „Во иднина, можеби треба да се размисли за покренување постапки по службена должност од саморегулаторните тела, како начин на посочување „со прст“ кон сите кои го прекршиле Кодексот на новинарите, кој забранува сензационалистички пристап при известување за несреќи и судски постапки. Саморегулаторните тела мора да го прошират својот домен на постапување, со формирање на секретаријат во рамки на овие тела, професионално тело што ќе прави мониторинг и ќе посочува на повредите, сè додека не се подобри медиумската писменост генерално, за да можат граѓаните да разликуваат на кого може да му веруваат.“ – сподели тој. Иднината бара засилена посветеност на етичкото новинарство, силни образовни стратегии и ефективни регулаторни рамки за борба против сензационализмот и таблоидизацијата, како и поддршка на кредибилитетот на медиумите во регионот.   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ). Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на СЕЕНПМ и НЕД.
Des 1 1

Во конфликтот меѓу Израел и Палестина се војува и со дезинформации

Стари видеа и фотографии што се поврзуваат со актуелните случувања во изминативе два месеца, се дел од секојдневните дезинформации што се споделуваат во врска со вооружениот конфликт меѓу Израел и Палестина. Овие лажни, погрешни и неосновани информации ги споделија и некои од поголемите медиуми низ светот и тоа предизвика сомнеж и збунетост. „Навивачките“ содржини пласирани од двете страни, воедно, го зголемија ризикот од разгорување на страстите и ескалација на конфликтот. Помеѓу старите видеа од рускиот претседател Владимир Путин, кои беа лажно поврзани со конфликтот, циркулираа и видео со деца во кафези, фотографија со посмртни останки што нема никаква врска со цивилните жртви во Газа и слични, најчесто вознемирувачки содржини, на кои е лесно да им се поверува, а уште потешко да се докаже и да се разгласи дека се неточни. На социјалните мрежи се појавија и измислени профили на кои се ширеа лажни тврдења и сето тоа придонесе кон тоа тешко да може да се утврди фактичката состојба, односно да се види вистинската слика на случувањата на воените места. Според Михајло Лахтов, специјалист за медиумска писменост, известувањето за конфликтот меѓу Израел и Палестина содржи неколку сериозно проблематични елементи. Тој вели дека иако дезинформациите се неизбежен дел како и за секоја тема од секојдневието, во овој случај тој не смета дека тие се еден од клучните проблеми. Ако ги анализирате извештаите од првиот ден, па сѐ до денес, можете да забележите висок степен на небалансираност, навивачко информирање, зафаќање страна и презентирање факти и мислења што ќе ја поткрепат само тезата дека едните или другите се виновни, без воопшто да се анализира контекстот, историјата на конфликтот, моменталните политички околности и така натаму – вели тој. Она што го изненадило и го разочарало, како што дополнува, е тоа што тој „наплив“ на емотивно, навивачко известување, не изостана ни кај најсериозните и најрелевантните светски медиуми, кои не се воздржуваа експлицитно да ја искажуваат својата пристрасност и поддршка. Особено во првите неколку денови од конфликтот, во многу случаи бевме сведоци на прикажување на едната страна, па дури и реномирани еврејски и израелски научници и интелектуалци, како Чомски, Гидеон Леви, израелската новинарка Амира Хас, кои имаат критички однос кон официјалната израелска политика, мораа да бараат свој простор на алтернативните платформи и социјални мрежи за да го кажат своето мислење. Тука ќе додадам уште една мошне важна работа. Секогаш кога се зборуваше за Израел, го слушавме само официјалниот став на сегашната израелска политичка елита, без да се даде простор на јавното мислење, на интелигенцијата, на научната јавност во Израел. На мал број медиуми (обично на видеа на Јутјуб) можевме да видиме дека на протестите (во Европа и во САД) против акцијата на Израел, се придружуваат и многу Евреи и немавме можност да го слушнеме нивниот глас – образложи Лахтов. Еден од најсериозните елементи што мора да биде анализиран од медиумско-комуникациски аспект, како што посочува, е кој добива можност да зборува, кој има пристап до мејнстрим медиумите, односно, како што вели, да се направи анализа на аспектот на привилегирани гласови. Врамувањето на целиот конфликт од мејнстрим медиумите, исто така, го нотира како проблематично. Но, сепак, зборувам од аспект на набљудувач, а не некој што тоа го анализирал и може да понуди докази. Тоа што јас успеав да го забележам, беше врамување од типот „Хамас е најголемото зло, и мора да се уништи без разлика на цената“. Ваквиот наратив што доминираше во многу медиуми, придонесе и целата дебата да се води само низ таа призма – вели Лахтов. Што се однесува до медиумите во Македонија, тој вели дека при обидот да преведат вести од странските новински агенции, тие не внимавале на сензационализмот. За медиумите во Македонија, или пренесуваа вести од странските новински агенции, или како по обичај, се обидуваа да преведат нешто (главно неуспешно) од странските медиуми, во најголем случај од српските. И таа бркотница, да се објави што повеќе на сопствениот портал, придонесува да се преведува сѐ и сешто, но најчесто шунд, шокантни (често измислени) приказни и сведоштва, емотивни стории и фотографии. Како и обично, телевизиите организираа муабетни емисии (не би кажал дебатни, зашто тоа бара аргументирана дебата меѓу подготвени учесници) во кои најчесто се покриваше безбедносниот аспект – вели тој. Според доцент д-р Весна Попоска, професорка по меѓународно право, деканка на правниот факултет при Меѓународниот универзитет „ВИЗИОН“, дезинформациите и лажните вести како тактика на војување не се новост, но добиваат нова димензија и значење како што се интензивираат начините на комуникација и како што напредува технологијата. Медиумите влијаат врз креирањето на јавното мислење, особено по горливи прашања од јавен интерес за кои публиката не може секогаш да добие информација „од прва рака“ или да го посведочи преку лично искуство. На тој начин тие влијаат кон продлабочување на проблемите и на сегрегацијата, или кон пацифизација и градење либерално општество засновано на заемна поддршка и разбирање – вели таа. Попоска појаснува дека на тој начин се влијае и врз политичката клима во државата, и во тој контекст, дезинформациите и лажните вести влијаат врз подривање на кредибилитетот на демократски избрани влади, а зајакнување на радикалната десница или прокси политички актери што одработуваат туѓи агенди од различни центри на моќ. Често знам да кажам дека нивната цел е да го срушат светот каков што го знаеме, заснован на вредности за кои се залагаме без испукан куршум. Тие се само дел од низата тактики што се користат да се злоупотребат најмеките или најсензитивните точки во едно општество, како што е слободата на говорот – вели Попоска. Таа дополнува дека нивната цел е да постигнуваат стратегиски цели преку поместувања на оперативно ниво, а како еклатантен пример го наведува лажното писмо наводно напишано од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг до министерот за одбрана на Литванија во екот на пандемијата. Преку едукација за контекстот до критичка анализа на случувањата Лахтов нагласува дека медиумите не емитуваат порака, туку тие се порака, или, како што вели, „човекова екстензија, нашите очила за далеку“. Тој порачува дека она што може секој од нас да го направи за да дојде до точна информација е да се едуцираме за контекстот и да се информираме од различни извори. Пораката на социјалните платформи не зависи од нивната содржина, туку од нивната форма. Односно независно која е содржината на некој пост, видео или фотографија, главната порака на социјалните мрежи е дека сѐ може да стигне секаде, ништо не може да се скрие, сѐ се дознава. Или, денеска можеме да дознаеме што се случува на илјадници километри од нас, во секоја минута од денот. Тоа е една од најголемите промени што онлајн медиумите, а особено социјалните мрежи, ја внесоа во нашето живеење. Овој конфликт трае повеќе од 80 години, но никогаш како денес не сме биле во тек со сè што навистина се случува. Најголем проблем денес не е цензурата (која е невозможна) туку преголемиот број информации што ни се на располагање. Што да правиме со нив, како да ги исфилтрираме е основното прашање – нагласува тој. Како дел од препораките, тој вели дека не треба да се залажуваме дека ние можеме нешто да направиме со тоа како медиумите ќе известуваат или дали некогаш ќе ја сфатат улогата што ние сме им ја замислиле, да бидат наш едукатор и информатор. Сепак, како што вели, многу поблиска му е тезата на Алтисер, дека тие се државен идеолошки апарат. Тоа што можеме ние да го направиме е да читаме за овие работи, да се едуцираме за контекстот, да се информираме од различни места и медиуми, и критички да ги анализираме работите, а не емотивно и навивачки – вели Лахтов. Попоска препорачува дека медиумите треба да останат доследни на сопствената професија и на нивото на задачата. Да работат посветено и одговорно и да се држат до стандардите и нормативите на новинарското известување, секогаш земајќи ја предвид човечката димензија и етичкото постапување – вели таа. Автор: Ангела Рајчевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.  
Gt Cover T

Игра со бројки

Почна предизборната политичка борба со бројки. Со бројки за економската состојба во државата и на граѓаните. Во периодот до наредните избори што треба да финишираат во мај 2024, оваа борба ќе биде беспоштедна и со многу информации. Често ќе бидат исти, но ставени во различен контекст. А, ќе има и грешки. ТЕКСТОВ НЕ Е ЗА ГРЕШКИТЕ, ТУКУ ЗА НОВИНАРСТВОТО Каква ќе биде политичко-економската битка веќе може да се насети. Темите инфлација, пензии, социјална помош, минимални и просечни плати, инвестиции и многу други ќе бидат употребени за да се оправдаат, според власта, добрите политики, или според опозицијата да се оспорат и да се прикажат како лоши. Неформалниот старт на оваа борба почна кон крајот на ноември 2023 година кога веќе беше познат Буџетот за 2024-та, кој до крајот на годинава треба да биде донесен во Собранието. Дополнително се зажести откако Владата го објави последниот, деветти, сет антикризни мерки. На огромниот пакет помош што се најавува дека ќе изнесува 662 милиони евра, реагираше поранешниот министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески, кој беше на функцијата од 2006 до 2009 година. Тој го изнесе ставот дека не смее да се делат пари како што планира Владата. Очекувано, на ставот на професорот Славески му реплицираа од Владата, и тоа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој освен што имаше политичко-економско-идеолошки контрааргумент, му улови една математичка грешка на професорот. Извор: ФБ-страница на Фатмир Битиќи (20.43 часот, на 30.11.2023) Но, иако Битиќи улови грешка, и тој исто така направи грешка. Во одговорот на Фејсбук наведе дека „вкупно предвидениот буџет на ПИОМ, кој за 2023 година е на ниво од 1.205 милиони евра“. Но, оваа грешка подоцна се коригираше, но повторно напишаното не е баш најпрецизно. Извор: ФБ-страница на Фатмир Битиќи (19.27 часот, на 7.12.2023) Ако се погледне Буџетот за 2023 година, страница 450, категорија 47, ставка 472, ќе се види дека вкупните „Плаќања на бенефиции од Фондот за ПИОМ“ за оваа година се 1.571 милион евра. Извор: Министерство за финансии Но грешките со бројките, не застанаа кај Славески и кај Битиќи. Со прецизност не се прослави ниту премиерот Димитар Ковачевски на отворената трибина во Куманово (12.12.2023 година) во рамките на кампањата ,,Ние сме Европа“, посветена на тема – енергетикa. Извор: Слободен печат. (12.12.2023) Ако се проверат износите на минималната плата што во 2016 година била 10.800 денари, а износот на Синдикалната минимална кошничка во декември била 32.102 денари, соодносот е нешто под трипати. Доброто во насловот на веста е дека денеска се потребни две (2) минимални плати за потрошувачка кошничка, што е точно. Додека веста со премиерот Ковачевски ја најдов само кај еден медиум, реакцијата на вицепремиерот Битиќи ја преземаа неколку медиуми. И во сите остана грешката. Некаде изразена и во апсолутна бројка, а некаде само процентуално. Но, остана. И битката меѓу Славески и Битиќи за можноста од дополнителни 327 милиони евра колку што би чинело секој пензионер да добие по 5.000 денари зголемување на пензијата, поради грешките, не се темели на факти, туку веќе влегува во зоната каде што заклучоците се извлекуваат врз погрешни параметри. Од реакцијата на Битиќи е точно дека ќе се зголеми дупката во ПИОМ, но бидејќи податоците не се прецизни, таа за годинава не би била 22,3% туку 20,8%. А видете колку изнесува во насловите на вестите – 27,1%. Разликата веќе е сериозна и не е во рангот на статистичка грешка. Дополнително, ако сумата од 327 милиони евра се пресмета врз буџетот од 2024 година, оваа дупка ќе биде уште помала односно ќе биде 18,59%. Но затоа, пак, треба на јавноста да ѝ се каже и дека драстично ќе се промени, на полошо, соодносот меѓу тоа колку се собираат придонеси за пензии и колку е потребно да се префрлат пари од буџетот за да може ПИОМ нормално да функционира. Според анализата што ја направив за www.pari.com.mk во 2024 година, потребните пари од буџетот во сооднос на вкупните средства потребни на ПИОМ е 32,46%, а ако се зголеми за дополнителни 327 милиони евра, соодносот ќе биде 43% или колку што бил 2016, 2017 и 2018 година пред зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско за 0,8 п.п. Ова се бројки во контекст.  ИСПРАВАМЕ ИЛИ НЕ Сега доаѓаме до клучниот проблем. Тоа е дали ние новинарите треба голо, без проверка на бројките, да ги пренесеме изјавите или текстовите на економистите и на политичарите, или, пак, треба да ги проверуваме. Ако ги проверуваме и ако откриеме грешки, како да ги поправиме? Дали реално можеме и сме кадарни за вакви проверки? Овие прашања се исклучително важни во ова дигитално време. Сè што се пренесува, пред сè во медиумите остава дигитална трага и многу често ние, новинарите, но и граѓаните, кои сакаме да дознаеме или да провериме за одредена тема, пребаруваме што е веќе медиумски пренесено и на тоа се повикуваме. Ако пренесеното е неточно и не е исправено, по начелото на концентрични кругови, неточноста се шири понатаму. Од друга страна, една од улогите на новинарот е да ја пренесе изјавата, ставот, веста, информацијата онаква каква што е. Изворно, а за содржината одговара самиот автор. Ова ја остава можноста неточна или непрецизна информација да стане дел од јавниот живот, бидејќи сме си ја работеле работата и сме пренеле нешто што друг кажал. КАКО ПОНАТАМУ Но, што да правиме ако податоците не се точни? Како ние новинарите да ги избегнеме ваквите ситуации и да спречиме, односно што е можно помал број непрецизности да останат во дигиталниот свет. Најлесно е да се каже, нека не грешат. Но, кој работи, тој и греши, па така и грешките на економистите и на политичарите се дел од секојдневието. Затоа да ја префрлиме топката кај нас, новинарите, и во медиумите, и да се потсетиме што ни е нашата обврска. Основно е ако забележиме дека има грешка или непрецизност, да го контактираме авторот на текстот и тој според правилата за исправка, да ја поправи грешката. Тоа значи да го смени текстот и на крајот да наведе кога и што е променето во однос на оригиналот. Секако, ова често не дава резултат, па затоа, ако не може да се побара корекција директно од авторот, во веста или во информацијата задолжително да се наведе линк од изворот, од каде што е преземена. Во самиот пост на Битиќи ја има исправката, но ниту еден медиум нема ставено линк до неа.   Исто така, ако новинарот или во медиумот се утврди дека изнесениот податок не е точен или е непрецизен, а нема реакција од никого или изјавата дополнително не се обработува во аналитички текст, на крајот на текстот, со фуснота или со ѕвездичка да се посочи кој е вистинскиот податок. Мора технички да се укаже дека во текстот има грешка или непрецизност. И најважно, да се раководиме според Кодексот на новинарите, кој јасно посочува како да се поставиме во вакви ситуации. Во членот 1 пишува: Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно. Исто така многу е важно, да не кажам меѓу најважните работи, новинарите да се ослободат од стравот дека во едно делумно плурално општество каде ако се укаже на грешка, ќе бидеш обвинет дека работиш за другата страна, дека си пристрасен или политички обоен. Придржувајќи се до Новинарскиот кодекс и до реалното прикажување на податоците и ставање во вистински контекст, просторот за обвинувања се намалува, а се гради кредибилитетот и довербата во новинарот и во медиумот.    Токму ова е најважно во моментов. КОЈ РАБОТИ, ТОЈ И ГРЕШИ Истакнувањето на овие грешки не е за да ги ставиме во политички контекст. Бидејќи кај нас сè е исполитизирано и јавната дискусија се сведува на вулгарни пресметки меѓу политичарите, партиите и нивните поддржувачи во медиумите, да ве потсетам дека единствено НЕ ГРЕШАТ само тие што НЕ РАБОТАТ. Илузорно е, и надвор од здрав разум, за дневна политика јавноста преку проста математичка грешка да оспорува еден Трајко Славески, кој според мене е еден од трите најдобри министри за финансии во Македонија, но исто така не треба априори да се оспорува Фатмир Битиќи, кој важи за еден од најумерените политичари што знаат за што зборуваат, плус заедно со министерот за економија Крешник Бектеши го има еден од најдобро поставените кабинети во Владата кои сериозно и транспарентно работат. Секако, може премиерот Ковачевски да ни е политички или идеолошки симпатичен или не, но и тој се разбира од економија и во бројки. Затоа, грешките треба да се коригираат, а јавната расправа да се турка единствено во насока што значат вистинските податоци и како тие ќе се рефлектираат на нашето живеење, а не на тоа кој згрешил, секако, ако грешките се случајни, а не континуирано да се повторуваат за да се манипулира јавноста. Но, ова е друга тема.   Автор: Горан Теменугов Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.