Едукација

Mla Cha 1

Војната со дезинформациите може да ја добие само професионалното новинарство

Живееме во време во кое се залагаме за почитување права и слободи. Но, она што мора да го сфатиме е дека заради одржување рамнотежа на тој систем на права и слободи, секогаш мора да ги знаеме и да ги почитуваме обврските, кои ги имаме како должност кон професијата. Ова е особено важно, затоа што живееме во време што нуди можност секој поединец во дигиталниот простор да биде своевиден медиум. И тоа е убавата страна од придобивките што ги носи демократијата и развојот на дигиталните алатки. Но, тоа никако не значи дека сите ние треба да прифатиме хаос, затоа што слободата не е тоа. Денес често се среќавате со терминот медиумска писменост. Тој значи дека ние како што знаеме да читаме и пишуваме, треба да поседуваме и способност за анализа, односно критички вештини за да може да провериме дали она што е напишано и сме го прочитале, навистина е точно. Секој од нас како дете читал приказни за деца, но во одреден период од својот раст и развој, разбрал дека приказните не секогаш се реалност. Тоа е практично процесот што го минува секој од нас, односно да пишува, да чита и на крај критички да размислува и да анализира. За да можеме да ја разбереме суштината на медиумската писменост, ќе се обидам да го појаснам процесот преку кој се создаваат информациите или пораките што преку медиумите стигнуваат до вас. Кога гледаме некоја вест за некој настан, ние благодарение на медиумот, имаме впечаток дека тој настан се случува, а ние сме дел од него, иако физички не сме присутни на местото и во времето во кое тој се случува. КАКО СЕ СОЗДАВА ИНФОРМАЦИЈА Луѓето што работат во медиумите добиваат одредени податоци. Тие податоци потоа мора да ги проверат. Целиот процес е дел од системот на комуникација во кој податокот станува информација. Многу важно е да разбереме дека медиумите како секој од нас, користат јазик на кој комуницираат. Ако ја сфатиме суштината на јазикот на кој се комуницира, ќе научиме како да се заштитиме од манипулација, односно да не бидеме уловени од некоја кромид вест или дезинформација. Во таа насока, треба да внимаваме на одредени комуникациски „патки“, кои често треба да предизвикаат поголемо внимание. На пример, „шокантно“, „сензационално“ и слично. Фото: pixabay.com Секој од нас треба да е свесен дека информациите што ги има на медиумите, не се и не смеат да бидат пропаганда, туку проверени и потврдени факти, затоа што медиумското право не значи прекршување на туѓите права и слободи. Информациите што како порака ги добиваме преку медиумите, треба да бидат верификувани како точни. Односно процесот на обликување една вест поминува низ проверување на податоците кој, кога, каде, зошто и како. Во тој процес, изворите на фактите се многу важни. За жал, сите ние сме сведоци дека некои информации се прават за да донесат профит или моќ, наместо вистинито да ја информираат јавноста. Да, факт е дека и медиумите како и секоја друга компанија, треба да имаат своја цел за пазарно опстојување, односно да обезбедат финансии. Секој од нас работи за плата. И ова е факт што не треба да биде спорен. Но, клучно е да ја задржиме независноста на медиумите од еден или од малку центри на моќ, затоа што така ќе можат да влијаат врз уредувачката политика, а тоа неминовно води кон дополнително уривање на кредибилитетот. МЕДИУМИТЕ НЕ ТРЕБА ДА БИДАТ АРЕНА, НИ АЛАТКА ЗА НЕЧИИ ИНТЕРЕСИ Демократијата и дигиталните мрежи донесоа цела војска од влијателни личности што сметаат дека се кадарни да создадат вести. За жал, притоа, не се посветува внимание на еден значаен момент, дека постои разлика меѓу факти и мислења. Убаво е да имаш став и мислење, но тоа никако не значи дека твоето мислење е факт од кое треба да се обликува една информација што ѝ се сервира на јавноста преку медиумите. Социјалните мрежи и онлајн медиумите создаваат серија од сцени, кои наликуваат на циркус без пари. Притоа не се внимава на основните професионални начела за кои секогаш се залагаат новинарите. За жал, сите ние сме сведоци дека токму медиумите што се достапни преку интернет, придонесуваат за брзо и ефикасно ширење дезинформации. Тие се користат како алатка за поединци или групи за брза заработка преку привлекување голем број следбеници да отворат атрактивна, непроверена и искривена содржина, која често има елементи на фиктивни податоци. Има и опција во која овој вид медиуми се користат за злонамерна дискредитација на поединци, групи, организации или институции. Овој тип медиуми, без разлика дали се претставуваат преку поединци, групи или анонимни ликови, предизвикуваат огромни штети и на демократските процеси, но и на новинарството. Македонија не е ексклузивен пример во таа насока. Лажните наративи во светот се дел од глобалната информациска војна што живее и опстојува низ цели системи и мрежи. Глобалниот проблем само се пресликува на локално ниво и нам може да ни изгледа дома и многу пострашно. Зошто? Затоа што Македонија во медиумската писменост се наоѓа некаде при европското дно, па оттаму подложноста на дезинформации ја прави и поранлива. Сведоци сме дека групи медиуми преку копи пејст „новинарство“ користејќи ги и социјалните мрежи постојано продуцираат наративи што имаат за цел да ја поткопаат довербата во системот, но ја поткопуваат и довербата во новинарството. Некогаш се тие инспирирани од локални случувања и политички ситуации (избори, пожари, криза, попис), а некогаш од глобални случувања во кои земјава е актер (Преспански договор, Договор со Бугарија, членство во НАТО, почеток на преговори со ЕУ). Не е лесно да се зауздаат ефектите од продукција на лажни вести, особено не во време на новите технологии и социјалните мрежи. Тие неминовно доведоа до сериозна промена во начинот на добивање на вестите, па оттаму електронските медиуми знаат да предничат во трката за информирање, за жал, понекогаш во трката за дезинформирање. Фото: pixabay.com Што можеме да направиме? Ние како новинарска заедница имаме обврска да ги засилуваме професионалните стандарди, особено сега, во време на дезинформативни сценарија. На една лажна вест не можете да одговорите со друга лажна вест. Треба да работиме на саморегулацијата во насока на препознавање на професионалците наспроти непрофесионалците во медиумите. Напорите што ги прави ЗНМ во соработка со Советот за етика во медиумите во Македонија преку создавање на регистарот на професионални онлајн медиуми Промедиа.мк е еден чекор во таа насока. Но тоа не е доволно, потребна е дополнителна професионализација на редакциите, преку реафирмирање на етичноста во работењето. Етичкиот кодекс ги дефинира правата и обврските на новинарите. Тој служи како насока како новинарските задачи да се реализираат на најдобар начин, професионално и одговорно. Се разбира потребна е и изразена искрена политичка волја за кревање на квалитетот наспроти пропагандистичкото новинарство. Но, видете го само Изборниот законик во делот на рекламирање за онлајн медиумите. Не се бара никаков критериум, само тековна состојба не постара од 30 дена. Ова во превод значи дека политичка партија односно поединци можат да основаат десет портали во август, а на нивните сметки да стигнат десетици илјади евра во октомври. И тоа наши пари, на македонските даночни обврзници. Без никакви критериуми, бидејќи партијата е таа што одлучува кому ќе му даде пари. Во регистарот на ДИК сега има 200 онлајн медиуми што чекаат пари од државата. За добар дел од нив не сме ни слушнале дека постојат, а добар дел од нив се дел од тие таканаречени групации што се создадени од политички партии за да можат да водат пропагандистичка војна. И во овој дел од законот мора да има промени. На крајот, да ни биде на сите јасно, професионалното новинарство чини пари. Во услови кога пазарот е мал, комерцијалните рекламери недоволни да го покријат големиот број медиуми, а странските фондови го ограничија интересот во Македонија, треба да се размислува за модел преку кој ќе се поддржи професионалното новинарство, а со тоа и да се стимулираат содржини во интерес на јавноста. Тоа ќе го подигне квалитетот во традиционалното, но и на онлајн новинарството, како предуслов за креирање пазарна сцена во која ќе доминираат кредибилни медиуми, наспроти оние што се создадени за да креираат лажна слика за општествените појави. Автор: Младен Чадиковски Насловна фотографиј: pixabay.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Gra Se 1

Да се биде новинар или не

Во демократските општества или, пак, во оние што претендираат да се демократски, новинарството се смета за слободна професија. Што значи тоа во практика и дали секој може да биде новинар? Секој може да каже дека е новинар, но тоа не значи дека ќе биде прифатен од фелата, јавноста и од еснафските здруженија. Кога станува збор за професионални новинари, без разлика дали работат во традиционални или во онлајн медиуми, речиси и да нема дилема, но кога, од друга страна, се злоупотребува новинарството со цел намерно да се влијае врз јавниот дискурс, тогаш новинарството станува пропаганда. Во Македонија има сè повеќе очигледни примери кога лица блиски до политичките партии се претставуваат како слободни новинари или граѓански активисти или, пак, и двете во исто време. Тие објавуваат колумни, даваат лични осврти на важни општествени случувања, а често и јавно се пресметуваат со политички неистомисленици на социјалните мрежи. Новинарите се свесни за злоупотребата на нивната професија од овие поединци, но пошироката јавност, за жал, не ги препознава секогаш овие расипани јаболка во новинарската кошница. Како новинарите и јавноста да се заштитат од натрапниците во оваа професија? Сè додека партиите не се откажат од плаќање на непрофесионалните медиуми, и тоа со јавни ресурси, а истовремено приватните компании не станат навистина општествено одговорни и ги вложуваат своите пари за реклами кај професионалците, а со тоа да го поддржат квалитетното новинарство, граѓаните ќе бидат жртви на дезинформации и на евтини медиумски содржини. Фото: unsplash.com Решението на ова прашање не е едноставно, посебно во услови кога секој може да регистрира домен и речиси без вложувања, да има своја онлајн платформа, без притоа да се почитуваат минималните стандарди за еден медиум. Затоа локалните еснафски здруженија пред две години вложија дополнителни напори да се засили медиумската саморегулација во земјата, преку создавање на регистарот на професионални онлајн медиуми во Македонија. Идејата на Промедиа.мк, како што се нарекува овој регистар, ѝ служи на јавноста да знае кои онлајн медиуми ги исполнуваат минимум критериумите да бидат медиуми, како што се имање импресум и контакт, да се почитува кодексот, медиумот да користи .мк домен, да има јавно објавени ценовници и слично. За разлика од правилата предвидени во Изборниот законик за платената политичка програма во партиската кампања, каде што се бара само онлајн медиумот да е регистриран 30 дена пред пријавата да учествува во кампањата, Промедиа предвидува 12 облигаторни услови и препораки за да може да бидат дел од овој регистар. Поради ова, речиси секој може да се пријави да шири политичка пропаганда платена со парите од граѓаните, но не може секој да биде дел од регистарот на професионални онлајн медиуми. Токму ова ја покажува искрената волја на еснафските здруженија да придонесат во воспоставување некој ред, за разлика, пак, од политичките партии кои преку Изборниот законик оставаат можност да ги корумпираат медиумите и да ги наградат оние „лажни новинари“, кои прават штета на јавниот интерес на сметка на интересот на партиите или на поединци. Приватните фирми што се јавуваат како рекламери имаат сериозна улога во подобрување на состојбата. Тие имаат општествена обврска да се рекламираат во професионалните медиуми, а не во оние што шират пропаганда, па дури и говор на омраза. Тоа е и, впрочем, една од целите на Промедиа – одговорните приватни компании да ги наградат професионалните медиуми, а на долг рок да се маргинализираат оние што прават штета. Дали може да помогне дефинирањето на новинарството со закон? Дефинирањето на тоа кој е новинар, а кој не, може да биде опасна практика, бидејќи им се дава можност на владите да фаворизираат лица што ги промовираат нивните политики на сметка на оние што конструктивно ги критикуваат. Освен ова, дефинирањето на новинарите може да биде и вовед во нивно лиценцирање од страна на владите, со што се нарушува концептот на слободна професија, а со тоа и ризикот да се суспендира правото на слобода на изразување и правото на информирање. Фото: pixabay.com Дел од државите на овој континент се обидуваат да дефинираат со закон што е новинар и таков обид постои и во Македонија во Законот за медиуми од 2013 година. Па, така, според овој закон „новинар е лице што врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување информации што се објавуваат во медиум или има склучен договор со него или е лице што врши новинарска дејност како самостојно занимање (слободен новинар)“. Проблемот со оваа дефиниција е што работата на новинарот се поврзува со работен договор, а законот се однесува на радиодифузерите, па затоа имало и домашна судска практика во минатото, која била на штета на новинарите, зашто дел од нив не биле препознаени од судот. Во меѓународен контекст, еснафските здруженија претендираат да го дефинираат поимот новинарство, а не новинарот. Па, така, според Американскиот прес-институт, новинарството е активност на собирање, оценување, креирање и презентирање вести и информации. Она што е основа за сите кредибилни членски организации на медиумски работници, вклучително и во Македонија, е тоа што имаат јасни правила кој може да биде член, за што одлучува комисија, како што е, на пример, најмалку две години да врши новинарска дејност и при пристапувањето да се обврзе дека ќе го почитува кодексот на етика. Доколку некој е одбиен за членство, не значи дека не е новинар, туку едноставно еснафот во тој момент ценел дека не ги исполнува критериумите да биде дел од професионалниот колектив во медиумскиот сектор. Во јавната комуникација, новинарството окупира мал простор и голем дел е отстапен на содржини поврзани со забава, рекламирање, па и пропаганда, но и покрај тоа, новинарството има исклучителна важност. Преку одговорното новинарство се следи работата на јавните установи и се информираат граѓаните, со што им се помага да одлучуваат свесно на избори, но и за други општествени околности. Затоа, тие што ja имаат привремено власта во едно општество, не можат да одлучуваат кој е новинар, а кој не, бидејќи на тој начин има очигледен конфликт на интерес што би бил на штета на граѓаните. Автор: Драган Секуловски Насловна фотографиј: pixabay.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).    
Naslovna

Сензационалистичкото известување при несреќи и трагедии, закана за психичкото здравје и за довербата во институциите

Доживувањето несреќа или трагедија само по себе е стресно, а сензационалистичкото известување за нив, дополнително ги изложува засегнатите на продолжен стрес и влијае врз нивното психичко здравје како и врз довербата во институциите. Кога ќе се случи загуба на блиска личност, емотивната болка на блиските е голема, а кога случајот ќе се прикаже низ неетичката призма на медиумите, добива уште почувствителна димензија. Загубата на блиска личност, како што вели Натка Пачоска, специјалист по медицинска психологија, европски сертифициран гешталт и семејно-системски психотерапевт, предизвикува чувство на вина и одговорност. Освен ова, многу често, кај повеќето блиски на починатиот, присутна е и лутината, чувството на неправедност, особено кога тој што починал настрадал во несреќа или починал ненадејно. Притоа, вели таа, лутината е многу посилна кога има каде да се лоцира, односно кога има некој што се смета за одговорен за смртта на нивниот близок и лутината е во функција да се исканализира силното чувство на болка и тага поради загубата. – Кога имаме сензационалистичко информирање од медиумите, овие чувства силно се потенцираат и влијаат директно врз менталното здравје на блиските луѓе. Кога ќе се појават при медиумското информирање, или по социјалните мрежи, и снимки каде што се гледа несреќата, трагедијата што се случува во моментот, и притоа се слушаат разни звуци, вресоци, гласови, како што беше во случајот со трагедијата на пожарот во модуларната болница во Тетово, тогаш кај блиските на починатите, меѓу кои има и деца, последиците по нивното ментално здравје може да бидат од многу изразен карактер – вели Пачоска. Таа посочува дека мешавината од емоции како тага, чувство на вина, лутина, страв, чувство на неправда, може да го намали емотивниот капацитет за справување со тешки стресни ситуации и да го замати здраворазумскиот приод кон реалноста, или силно да се потенцира депресивна состојба, анксиозност, панични реакции, деструктивни или автодеструктивни реакции и состојби и слично. Според Пачоска, сензационалистичкиот начин на известување, постојано ги изложува на продолжен стрес лицата што биле изложени на несреќата и завршиле со повреди. Повторно доживување на стресниот настан, како да се случува сега, со што се преоптоварува нивниот емотивен капацитет на адаптација и одбранбениот систем, има силно влијание врз влошување на нивната психолошка состојба и е еден од факторите за развој на пострауматско стресно растројство. Информирањето во случаи на несреќи, мора да биде ослободено од сензационализми Според Кодексот на новинарите, медиумите се должни, особено кога станува збор за информации што се однесуваат на загуби на човечки животи, да го почитуваат член 1 од Кодексот, кој вели: „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно за шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“. При експлицитни фотографии и видеа треба да се внимава на член 8 и член 7 од Кодексот, кои велат дека „начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“, односно „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“. Катерина Синадиновска од Советот за етика во медиумите, како главен принцип при известувањето за загуби на човечки животи и информирање во случаи на несреќи и трагедии, го издвојува токму членот 1 од Кодексот на новинарите и посочува да се избегне искушението на сензационалистичкиот пристап во обработка и пласман на информациите. – Нешто што гледаме дека е исклучително тешко во време на експанзија на интернет-портали, кога целта е клик повеќе. Она што исто така медиумите го забораваат е да направат дистинкција помеѓу катастрофа од ваков тип, кога починатите се граѓани што не се јавни личности, или смрт на јавна личност, природна, во некоја несреќа или, пак, самоубиство. За второто има различни ставови на различни новинарски школи околу тоа колку е дозволено, во смисла на објавување фотографии и слично, и каде е границата во почитувањето на приватноста – вели Синадиновска. Таа дополнува дека ставовите на советите за етика од Европа, усогласени преку Алијансата на независни совети за печат во Европа – АИПЦЕ, каде што и СЕММ е полноправна членка, се на линија дека во несреќи и катастрофи, кога страдаат лица што претходно не биле изложени на јавноста преку својата работа, треба да се почитува приватноста и да се внимава на личната болка на роднините. Во врска со известувањето околу трагедијата во Тетово, таа потсетува на нивната реакција со забелешка дека не се почитуваа три члена од Кодексот на новинари, односно членовите 1, 7 и 8, кои се однесуваат на пренесување точни и проверени информации. – Се шпекулираше со бројот на жртви што е забрането при несреќи, а притоа во дадени случаи не се ни кажа дека се тоа шпекулации, се пуштаа сензационалистички фотографии и видеа без да се води сметка за личната болка на семејствата – вели таа. Синадиновска дополнува дека често добиваат пријави за прекршување на новинарските стандарди при известување за загуба на човечки животи, несреќи и трагедии, при што посочува дека секогаш кога имало некаква несреќа, се соочувале со такви поплаки, а секогаш имале и реакција. Бојан Кордалов, комуниколог, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека при овие известувања, треба да се запазат сите принципи на новинарството, особено во делот на заштита на идентитетот на жртвите и интегритетот на нивните семејства. – Особено е важно да преовладува јавниот интерес во известувањето за секоја несреќа, додека, пак, секоја информација мора биде двојно проверена, точна и целосно кредибилна. Со други зборови, неопходно е медиумите да бидат целосно инволвирани и одблиску да го следат текот на истрагата за секоја несреќа, бидејќи токму јавноста што ја застапуваат медиумите е најдобар гарант дека ќе се одвива објективна, непристрасна истрага, целосно во насока на следење на законските и другите правни дејства – вели Кордалов. Тој смета дека, главно, медиумите во континуитет покажуваат високо ниво на свест, стандарди и почитување на сите правила при известувањето за несреќи во Македонија и го посочува случајот во Тетово како пример. Но, сепак, како што вели, понекогаш се добива впечаток дека под влијание на политичките структури, дел од онлајн медиумите напред го ставаат сензационалистичкиот момент давајќи му свесно или несвесно политичка боја на известувањето во вакви кризни ситуации. Сензационалистичкото известување при трагедии и несреќи ја подрива довербата на луѓето во институциите На прашањето дали и институциите, информирајќи, ги запазуваат овие стандарди, Синадиновска цели дека нивните соопштенија честопати се надвор од овие високи стандарди, и тоа не ја загрижува толку, бидејќи, како што вели, тие соопштенија во професионална редакција секогаш ги обработува новинар. – Институциите мора да внимаваат да бидат максимално транспарентни. Кога има катастрофи, мора да има постојан однос со јавноста, прес-конференции или, дури, и отворен прес-центар 24 часа за да се обезбеди институционално информирање и можност за новинарите да поставуваат прашања во име на граѓаните, меѓу другото, и за предизвикување на она што се пушта како официјален став на некоја институција. Тие официјални ставови мора да се остави простор да бидат предмет на новинарски интерес, било да се дообјаснат, поедностават или просто – да се оспорат, доколку се имаат такви новинарски индиции – вели Синадиновска. Таа дополнува дека и да ги немаат надлежните сите одговори во првиот момент, важно е да се исправат пред јавноста и да покажат дека кон несреќата ќе се пристапи со максимална почит на јавноста и на граѓаните и на нивното елементарно право да бидат точно информирани. Кордалов е согласен по ова прашање и вели дека институциите и во овој случај покажаа дека можат и мора да функционираат многу подобро во односот со медиумите. – Во кризна ситуација потребно е реорганизирање во таканаречен кризен систем на информирање, кој подразбира постојано ажурирани информации за медиумите, но и непречен перманентен пристап до сите други информации. Особено важна поука за политичарите е дека не постои информација или вест во вакви околности, која треба да ја споделуваат со јавноста првенствено преку социјалните медиуми. Напротив, патот за информирање на јавноста во вакви кризни ситуации, води првенствено преку медиумите, преку ставање во нивен сервис за навремено, точно, кредибилно информирање на јавноста – посочува тој. Кордалов двели дека сензационалистичките вести и непроверените информации за загуба на човечки животи, за несреќи и за трагедии, врз публиката, јавното мислење, како и врз семејствата на жртвите имаат несомнено негативно влијание. – Првенствено за фамилиите и за другите блиски на жртвите, а дополнително и за емотивно обојување и поделба на јавното мислење. Секоја трагедија или несреќа е голема и непосакувана. Но, дали ќе успееме да извлечеме поуки со цел слична таква да не се повтори во иднина, во огромна мера зависи од начинот на известување, а особено од улогата на политичарите и на јавните институциите, односно од нивниот капацитет и способноста за градење партнерски однос со медиумите – вели тој. Во однос на влијанието на сензационалистичките вести за овие случаи врз публиката, Синадиновска, пак, сподели искуство од последната трагедија, при што вели дека нејзиното сандаче било преполно со пораки од публика згрозена од начинот на информирање, со барање СЕММ да реагира за да се сопре, пред сè, ширењето на неколку крајно експлицитни фотографии на изгорени тела. – Не само семејства или роднините, туку и граѓани беа трауматизирани. Еве, ќе цитирам порака од граѓанин: „Дали полудевме сите во државава? Има ли некој што може да ги симне овие видеа од Фејсбук и од ФБ-страниците на медиумите? Како смее да се објави нешто вакво? Со кој ум? Ова што го видов, ќе остане вечно во мене. Засекогаш. Се нема никаков респект кон починат човек. Знам дека сте новинар и веројатно ќе ги штитите колегите, но ова повредува и трауматизира“ – пренесува Синадиновска. Таа порачува дека доколку медиумот сака да ја покаже големината на катастрофата преку фотографиите, тогаш секогаш има опција деталите да бидат покриени и, во најмала мера, да биде назначено дека станува збор за вознемирувачки видеа или слики. Психологот Пачоска вели дека ваквиот начин на информирање, сериозно ја подрива довербата на луѓето во институциите. – Особено со последните случувања на пожарот во модуларната болница, може да доведе до страв на населението да се лекува во болниците, доцна да доаѓаат на прегледи, а со тоа полесно да се доведе до состојба на проширување на заразата со ковид-19. Исто така, модуларни болници има во повеќе градови низ Македонија, и луѓето заразени со вирусот, кои се во тешка здравствена состојба, може да одбиваат да бидат хоспитализирани поради страв и чувство на загрозеност од условите на сместувањето во нив – вели таа. Според Пачоска, најдобар начин на заштита на засегнатите лица и на населението од влијанието на овие информации, е ограничена изложеност на ваков тип информации, споделување за својата емоционална состојба со стручни лица, или кога се во поблага дестабилизација – со блиски лица, долги прошетки во природа, учење техники за намалување на анксиозноста и стресот. Во однос на превенцијата од последиците од притисокот и изложеноста од јавноста, таа вели дека треба да се обезбеди психолошка помош и поддршка на засегнатите лица. На луѓето и на семејствата што загубиле близок од семејството да им се даде психотерапевтска помош, а на пошироката јавност, преку медиумите, да ѝ се понуди што повеќе позитивни содржини од актуелни случувања на ниво на локална заедница и на национално ниво за да почне да се враќа довербата во институциите. Автор: Ангела Рајчевска   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
K Sin 1

Граѓаните се дезинформираат за да не може вистински да владеат

Експанзијата на дезинформациите што се случува во последните децении дефинитивно се должи на брзината и на лесниот пристап не само до консумацијата на вестите, туку и во нивното креирање. Факт е дека лагите биле секогаш присутни во јавните наративи, но порано, додека беа познати како старата добра пропаганда, тие ја немаа моќта да бидат произведени и дистрибуирани насекаде и по безобразно ниска цена. Ова, се разбира, создава медиумско, но и социјално и политичко растројство и од темел ги потресува не само општествата и личните животи на луѓето, туку и меѓудржавните односи. Како тогаш да се очекува од демосот да владее кога тој е лишен од вистинските информации за состојбите во едно општество? Кому му одговара да се состојбите вакви, лесно е да се погодува, но пред да се тргне кон барање решенија, потребна е прецизна анализа и детекција на суштината и на големината на самиот проблем што дезинформациите го создаваат во демократските општества. Лаги, проклети лаги и статистика – веројатно многумина ја паметат познатата изрека на Марк Твен, којашто денеска слободно може да се парафразира, па „почесното“ прво место на статистичките операции, да го заземе интернетот и сите активности низ светската мрежа. Експанзијата на дезинформациите што се случува во последната деценија дефинитивно се должи на брзината и на лесниот пристап не само до консумацијата на вестите, туку и во нивното креирање. Факт е дека лагите биле секогаш присутни во јавните наративи, но порано, додека беа познати како старата добра пропаганда, тие ја немаа моќта да бидат произведени и дистрибуирани насекаде и по безобразно ниска цена. Многумина сите нарушувања во системите за комуникација и информирањето на граѓаните ги дефинираат со популарниот термин „лажни вести“, но голем број експерти се согласни дека оваа кованица треба да се избегнува. Измислена е од популистички политички авторитети, со идеја да служи за дискредитација на основани и сериозни критики, кога носителите на јавни функции ги етикетираат нападите или прашањата од јавноста кон нив просто како лажни вести. Целта е јасна – да избегнат одговори и одговорност за своите постапки, да го изиграат начелото на транспарентност и на граѓанскиот тип лидерство, две клучни основи за добро демократско владеење. Дополнително, фразата самата по себе е оксиморон – веста не може да биде лажна. Барем не онаа, за којашто секој школуван новинар знае какви елементи треба да содржи, при што токму точноста и проверката се основа за да може една информација и воопшто да се нарече вест (нешто што обично е содржано и во првиот член од сите новинарски кодекси за етика во современите демократии, вклучувајќи го Кодексот на новинарите на Македонија https://znm.org.mk/kodeks-na-novinarite-na-makedonija/). Судир на факти и на лични мислења со амбиција да бидат факти Но, како и да ги наречеме, факт е дека штетата што овие дисторзии ја прават врз општествата како целини е огромна. За само неколку децении сведочиме на целосни потреси на цели комуникативни системи, редефинирања на процесот на информирање, значењето на информациите и ефектот што лагите го имаат врз личните животи на луѓето, општествените процеси и воопшто врз развојот на државите. Една од главните штети се состои во огромното нарушување на довербата на граѓаните во институциите, што е голем пораз за демократијата. Живееме во период што слободно може да се нарече „време на сомнежот“, кога сè почесто луѓето имаат тенденција повеќе да им веруваат на информации прочитани на интернет од непроверени извори и од исти такви медиуми, отколку од официјални институции. Се разбира, тука големо влијание има и поразителното владеење во многу либерални демократии, што остава простор за раст на ваквите процеси. Но, факт е дека има пад на довербата не само во политичките органи туку и во т.н. „институции за знаење“: универзитетите, медиуми, експерти, невладини организации... Денес најценета е вистината што доаѓа од индивидуалното искуство и мислење на луѓето и експертите велат дека причина за ова е креирањето таканаречени „филтер балони“ и „еко комори“, кога луѓето, во својата виртуелна реалност, се опкружени само со пријатели со кои делат исти ставови. Затворајќи се така во својот круг, тие веруваат само во својата „вистина“, дури и кога таа тоа не е, па навистина е ѓаволски тешко за еден факт да продре низ тој систем на заштита од реалноста и да ја победи лагата макар била таа на ниво на апсурд („Земјата е рамна“, на пр.). Фото: unsplash.com Ваквата извртена реалност, каде што мислењaтa или чувствaта добија позиција на факт, неминовно води до зголемена поларизација и радикализација на населението, што неминовно, пак, води до натамошно уривање на довербата во системот и во институциите. Тука, дополнителен проблем прави отсуството на вистинска дебата помеѓу приврзаниците на фактите и на самонаречените факти. Медиумите во целата трка за клик повеќе диктирана од промените на самите медиумски пазари, дури и кога обезбедуваат „дебата“ тоа го прават низ призмата на сензационализмот, трудејќи се да најдат двајца „екстремисти“, кои меѓу себе нема да разговараат за да разменат аргументи или да (раз)убедат, туку за да ја задоволат жедта за „крв“ на разјарената публика. Дебатите и сите дискусии во „добата на сомнежот“ се одвиваат главно со еден фрапантно прост јазик, со навреди и лични напади, дискредитација и свесна манипулација, вешто избегнувајќи сериозна расправа и судир на политички визии и концепти. Ова е суштинска катастрофа за секоја демократија, оти директно ја урива нејзината смисла – почит кон различното, култура на размената на мислења и дијалог, но и култивизација на јавниот наратив и политичко облагородување на граѓанството. Токму затоа на дезинформациите – и пошироко нарушувањето на информациите – треба да се гледа како симптом на едно социјално и политичко растројство, а не како причина. Тие имаат поширок спектар на цели, во поширок спектар на поставувања, отколку што обично се цени. „На краток рок, може да се искористат за да се одвлече вниманието од некое прашање, да се замагли вистината или да се инспирираат потрошувачите да преземат одредена акција. На долг рок, дезинформацијата може да биде дел од стратегија за обликување на информатичката средина во која поединци, влади и други актери формираат верувања и донесуваат одлуки.“ (NED, “How disinformation impacts politics and public”). Политиката како реално шоу Што се однесува до распространетоста, дезинформациите се ендемичен и сеприсутен дел од политиката низ целиот свет. Западниот Балкан не само што не е исклучок, туку е и плодна почва за нивно виреење имајќи ја предвид и политичката и демократска култура, но и културата на владеење и начинот на кој властодршците од регионот ја разбираат и политиката и комуникацијата со јавноста. Политичките партии исто така играат особено значајна улога во целиот регион, честопати координирајќи се со поврзаните медиуми за да произведат и шират дезинформации за изборни цели. И тие, се разбира, главно го користат интернетот за овие активности. Истражувањата на јавното мислење (извор: Balkan Public Barometar) покажуваат дека во Европа највисока доверба во државните институции има во Данска, Холандија, Луксембург, Финска и во Шведска, а најниска во Бугарија, Хрватска и во Словенија. Балканските земји надвор од ЕУ се подолу на листата. Во однос на довербата во социјалните мрежи (кои секаде се главен извор на дезинформации) на ниво на ЕУ таа е околу 20 %, Македонија е во првите десет, заедно со држави како Бугарија, Албанија, Турција. Романија, Црна Гора... каде што се верува во сè (или во многу) што ќе се прочита по социјалните мрежи. Она што е интересно кога се анализира ефектот од „добата на сомнежот“ врз политиката на нашиот континент е што ваквите трендови секако се искористија за раст на популистичките движења. Сите овие групи имаат една главна карактеристика, а тоа е презентацијата на нивните лидери дека се „еден од масата“ заедно со тезите дека тие се борат против естаблишментот, тие се бунтовници, тие се нови херои и витези против „страшниот капитализам и уште полошите капиталисти“. Во последните години гледаме наплив на вакви инстант политички ѕвезди насекаде низ Европа, оние што јаваат на бранот на незадоволство на граѓаните од властите и од политичките лидери, создавајќи нови групи не само на луѓе без никакво политичко искуство зад себе, туку и на политички активисти што понекогаш се граничат со фикцијата. Италијанецот Бепе Грило, комичар, актер и блогер, е еден од ѕвездите на шоу-бизнисот кој стана политичар и со своето популистичко движење на последните избори освои 32,7 проценти од гласовите во 2018 година, со што неговата стана прва партија во парламентот. Павел Кукиц, една голема рок-ѕвезда, со освоени 8,8 проценти од гласовите стана еден од главните играчи и трета сила во Полска, а тука се и комшијата Слави Трифунов, кој освои најголем број од гласовите на последните и на претпоследните бугарски избори, а сигурно се сеќавате и на Марјан Шарец, автор, комичар и сатиричар, чијашто политичка кариера се развиваше од градоначалник до премиер на Словенија. Да не го заборавиме тука и Мирослав Шкоро, хрватски пејач, еден еднакво успешен јавач на популизмот, кој беше пратеник, кандидат за претседател, формираше своја политичка партија и сега е потпретседател на Парламентот. Можеби еден најинтересен пример во оваа група ѕвезди лидери е Владимир Зеленски, претседател на Украина, кој стана татко на нацијата како ултрапопуларен комичар во ТВ-комедијата „Слуга на народот“, каде што, верувале или не, глумеше – претседател на Украина. Очигледно му се допаднала улогата, па тој во март 2018 година формираше партија, ја крсти, се разбира – Слуга на народот, и ја освои највисоката државна функција. Како што гледате, тука има примери од целиот политички спектар, што значи дека популизмот е идеологија над сите идеологии, вешто заведувајќи ги и левите и десните, па дури и оние што би требало да се стабилни на центарот и имуни на овие ветришта. Политичкиот живот на овие новосоздадени политичари се разбира дека во чекор го следат медиумите преку еднаков третман на улогата што треба да ја имаат исклучиво гледајќи ја повторно низ призмата на кликбајтс, негативизам, сензационализам или со еден збор медија-популизам. Во држави со слаба политичка култура нема само медија-популизам, туку гледаме и медиумски интервенционизам, кога медиумите преку својата работа, директно и сосема отворено се претворени во агитатори за дадена политичка опција, сосема заборавајќи на примарната улога за професионално информирање и грижа за јавниот интерес, ама и на новинарските жанрови, па својата слобода да преферираат дадени политики не ја коментираат или анализираат на пример (што е неприкосновено право на една уредувачка политика), туку за неа известуваат во информативните сегменти свесно манипулирајќи ја публиката. Средство за меѓудржавни битки Но, не се само внатрешните потреси резултат на дезинформациите. Медиумите и сите социјални платформи се користат и за влијанија помеѓу државите станувајќи алатки во геополитичките битки. Кога се анализира Балканот, тука главниот судир е на два наративи – оној прозападниот и оној што тврди дека НАТО и ЕУ се штетни за националните интереси на државите. Многумина аналитичари се посветени на истражување на влијанието, пред сè, на Русија како главна противтежа на прозападните процеси и визии за земјите што (сè уште) ја имаат поддршката од мнозинството граѓани на Балканот, и од главните политички актери (барем декларативно). Едно такво истражување е „Стратешки интереси на Русија и алатки за влијание на Западен Балкан“ на проф. Димитар Бечев. Овој извештај го испитува местото на Западниот Балкан во стратегијата на Русија за зајакнување на нејзините геополитички интереси. Активностите на надворешната политика на Русија се водени од три главни цели: да се зачува стабилноста на сегашниот режим, да се задржи контролата над постсоветскиот простор и да се зачува нејзиниот статус на голема моќ во глобалните прашања. Југоисточна Европа е над она што Русија го смета за своја привилегирана сфера на геополитички интерес. Сепак, Русија гледа на Западниот Балкан како можност да ги поткопа ЕУ и НАТО со користење на сопствените слабости на земјите. Во овој поглед, Балканот е ранлива периферија на Европа каде што Русија може да изгради основа, да регрутира приврзаници и на крај да ја зголеми својата моќ над Западот. Акциите на Русија на Западен Балкан имаат за цел замрзнување на сегашната статус кво состојба (во случаите на БиХ и на Косово), спречување на проширувањето на НАТО и ЕУ, како и искористување на слабостите во и меѓу земјите од регионот, долевајќи оган на отворените прашања. Свеж е примерот кај нас, кога во мај, на Денот на сесловенските просветители, амбасадите на Русија и во Скопје и во Софија упатија честитки до двете земји преку социјалната мрежа Твитер, во кои и на двете им ја препишуваат заслугата за ширењето на писменоста помеѓу словенските народи (чии се Кирил и Методиј?) во време кога односите се затегнати токму на таква чувствителна линија. Во Извештајот погоре се вели дека кутијата со алатки за влијанието на Русија може да се подели на три дела: принуда, кооптација и субверзија. Русија претпочита да го практикува своето влијание со минимални трошоци, а таквите напори не би биле можни без поддршка од локални соработници. Затоа руската политика во Западен Балкан е во најголем дел насочена кон кооптација и субверзија отколку кон воени или невоени форми на принуда: Ко-опцијата е инструмент на Русија по избор на Западен Балкан – изградени се партнерства и сојузи со локалните моќници во Србија и во Република Српска во БиХ. На пример, Србија се усогласи со Русија за да добие моќ во врска со косовското прашање и да добие придобивки од инвестициите и од деловните врски. Во исто време, меката принуда што се однесува на нарушување и мешање во домашните работи е далеку од ретка. Примерите вклучуваат трговско ембарго и сајбернапади, како на пример во Црна Гора за време на последниот круг пред влезот во НАТО (2015-2017). Субверзијата е прикажана со тактики какви што се (не)информативни кампањи и или скриена поддршка за радикални антизападни актери (партии и граѓански здруженија). На Западниот Балкан, најдобар пример се обидите на Русија да го блокира пристапот на Црна Гора во НАТО и да го наруши процесот околу Преспанскиот договор на Северна Македонија (Извештај – Ризици и ранливост на Западен Балкан, Руфин Замфир, Глобален центар за фокусирање). Овој извештај ги идентификува ризиците и ранливоста на непријателските актери можат да искористат за да добијат влијание врз земјите во регионот на Западен Балкан. Врз основа на методологијата развиена во претходните студии на Глобалниот центар за фокусирање, овој извештај нуди индекс на пропустливост за мерење на ранливоста на секоја земја од малигни влијанија за да помогне во поддршката на напорите за градење отпорност. Ранливоста на антизападни дезинформации се проценува во четири домени: општество, економија, политика и надворешна политика и безбедност. Според Индексот, Северна Македонија и Албанија се признати како најмалку ранливи, додека Босна и Херцеговина е најранлива земја во регионот. Рангирањето на БиХ претставува комплицирано политичко, социјално и економско опкружување на земјата – што е најважно, длабоките поделби помеѓу Република Српска и Федерацијата на БиХ (двата конститутивни ентитети), кои поттикнуваат конфузија околу стратешката ориентација на земјата. Најчестите ризици се поврзани со концентрацијата на моќ, високи нивоа на корупција, државно фаќање и организиран криминал и неказнивост на политичките елити. Овие променливи придонесоа за чувство на разочарување од политичките елити од страна на јавноста. Друга ранливост во овој домен е генерирана од клиентелистичката, трансакциска и политичка конкуренција. Концентрацијата на моќ, исто така, му штети на политичкиот дијалог и ги влошува етничките националистички чувства, обезбедувајќи простор за маневрирање на малигните влијатели.  Во доменот на општеството, најголемиот дел од загриженоста е поврзана со растечката општествена поделба (вооружена од надворешни и внатрешни нарушувачи на Косово и на БиХ) и етнички национализам.  Медиумите, сепак, остануваат најдиректен пат до малигни влијанија врз општествата. Континуираните обиди на владата и на сојузничките медиуми да ги поткопаат независните новинари, ги оставија општествата без важен надзорник и бранител од пропаганда.  Во доменот на економијата, најчестите ранливости се поврзани со корупција, слаби економски политики и лошо планирање, како и манифестација на националистички чувства во економската политика (како што е одлуката на Косово да ги зголеми тарифите за српска и босанска стока во 2018 година). Организираниот криминал и корупцијата на високо ниво се уште една сериозна ранливост во сите анализирани земји.  На енергетскиот сектор му треба обновување како што е замена на опремата за стареење и диверзификација на изворите. Оваа потреба создаде можности за надворешни чинители да соработуваат со локалните самоуправи. Во областа на надворешната политика и безбедноста, земјите со неможност да ги формулираат своите надворешни и безбедносни политики се поранливи на надворешно непријателско влијание. Политиката сепак, заедно со медиумите, е област со најголем потенцијал на пропустливост во сите анализирани земји. Она што треба да се има предвид кога се прави анализа за какво било надворешно подривање на една демократија преку процесот на дезинформации е дека тоа никогаш не може да го обезбеди планираниот ефект без слабостите на домашниот систем, што погоре ги опишавме, а што се однесуваат првенствено на ерозијата на демократските нишани и во начините на владеење и комуникација со јавноста и во обезбедувањето на суштински политички дијалог, како главна демократска алатка. Демократијата се гради, се штити и се урива дома. Автор: Катерина Синадиновска Насловна фотографија: unsplash.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Mirce 1

Новинарите жртви на политиката

Дописничката на Би-би-си од Москва, Сара Рејнсфорд, на 31 август го објави својот последен текст од Москва. Денот до кога мораше да го напушти главниот град на Русија по долгогодишна работа како дописник. Веста низ светот на 13 август ја пренесе Blumberg, повикувајќи се на рускиот телевизиски канал „Русија24“. Веста беше дека Русија ќе ja протера новинарката на Би-би-си до крајот на август во знак на одмазда! Протерувањето новинари не е честа практика, како, на пример, протерување дипломати или шпиони. И токму затоа овој потег на Русија, пошироко предизвика посебен интерес. Но, најмногу во Москва и во Лондон. Според Рејнсфорд, читајќи го нејзиниот последен текст, таа е протерана од Русија како закана за нејзината национална безбедност, по речиси 20 години работа. Рејнсфорд пишува дека на 10 август на враќање од Белорусија, на аеродромот Шереметјево ѝ рекле дека ѝ е забранет влез во Русија заради „заштита на безбедноста на Русија“, дури и морала да потпише документ дека „разбира дека ако се обиде да ја премине руската граница, ќе го прекрши законот“. Но, по 12 часа ѝ рекле дека може да влезе во Русија, да го напушти аеродромот само за да се спакува, со оглед на тоа што визата ѝ истекува на 31 август. За неа протерувањето е прекин на многугодишните врски со Русија. Најважниот дел од нејзиниот живот, откако на 18 години за првпат заминала во Москва во време на распадот на СССР. Рејнсфорд била повикана во руското МНР и таму ѝ рекле дека во нејзиното протерување нема ништо лично, а официјално ѝ соопштиле дека тоа е одговор на недавањето виза за работа на руски дописник на ТАСС од Лондон. И тоа уште од 2019 година. Веста од 13 август, нормално беше дочекана со реакција на матичната куќа на Рејнсфорд, Би-би-си. Во изјавата, генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, рече: „Протерувањето на Сара Рејнсфорд е директен напад врз слободата на медиумите и го осудуваме безрезервно. Ги повикуваме руските власти да ја преиспитаат својата одлука. Во меѓувреме, ние ќе продолжиме да известуваме за настаните во регионот независно и непристрасно“. Британското Министерство за надворешни работи го опиша потегот како „уште еден неоправдан чекор на руските власти“. И амбасадата на Британија во Москва повика да не се протерува новинарката. Обединетото Кралство смета дека одлуката на руското МНР да одбие продолжување на работната виза за новинарката Сара Рејнсфорд е неразумна и повикува на промена на одлуката, изјави амбасадата на земјата во Москва за РБК. „Ги повикуваме (руските власти) да го преиспитаат овој реакционерен чекор против наградуваниот новинар на Би-би-си“, рекоа дипломатите. Тие, исто така, истакнаа дека ваквите одлуки на Москва ќе продолжат да ја влошуваат ситуацијата со слободата на медиумите во земјата. Дипломатската мисија не се согласи со обвинувањата дека руските медиумски работници се малтретирани во Кралството. „Руските новинари продолжуваат да работат слободно во Обединетото Кралство, под услов да дејствуваат во рамките на законот“, резимираше британската амбасада. Визен ќорсокак И додека Рејснфорд, Би-би-си и дипломатите зборуваат за протерување, официјална Москва смета дека не станува збор за тоа. Едноставно визата ѝ истекува на 31 август, а не ѝ е продолжена како одговор на непродолжување виза на руски новинари во Лондон. „Одлуката да не ѝ се продолжи визата на дописничката на Би-би-си Сара Рејнсфорд беше чисто возвратна мерка“, напиша портпаролката на руското МНР Марија Захарова во саботата, на 14 август, на нејзиниот Телеграм-канал. „Тоа нема никаква врска со нарушување на слободата на говорот“, тврди Захарова. Таа објасни дека летото 2019 година, новинар од руска новинска агенција морал да го напушти Обединетото Кралство со своето семејство, бидејќи тие не дочекале „продолжување на визите и какво било објаснување за причините за ваквиот став“. Во исто време, Русите строго ги почитувале сите упатства на британската страна. Обидите да се испратат други дописници да ги заменат, исто така, биле неуспешни: „Британската страна одби да му издаде визи на новинарот, и повторно без никакво објаснување“. Портпаролката, исто така, ги негираше изјавите на новинарката на Би-би-си за забраната засекогаш да се врати во Руската Федерација, нарекувајќи ги манипулација. „Не ѝ го кажаа тоа. Новинар, дури и Британец, кој живеел во средина што зборува руски, според неговите процени, една третина од неговиот живот, треба да ја разбере разликата помеѓу ‘никогаш не се враќај’ и ‘отповикана новинарска виза и акредитација на неопределено време’. Но, ние сме навикнати на такви манипулации со информации“, истакна таа. Захарова во една изјава на 14 август нагласи дека Русија ќе ѝ издаде работна виза на Сара Рејнсфорд во случај британската страна да го стори истото за рускиот дописник. „Ако му дадат виза на руски дописник, ќе ѝ дадат и на Сара. Ова е токму она што го предложивме, повикувајќи го Лондон да го деблокира визниот ќорсокак за новинарите“, истакна Захарова. Таа соопшти дека нејзиното министерство повеќепати предупредило за можноста од возвратни мерки. Настаните со одземањето на работната виза и акредитацијата на Сара Рејнсфорд, беа повод Би-би-си да го покани рускиот амбасадор во Лондон Андреј Келин во емисијата „Hard Talk“. Емисијата во најголем дел беше посветена на Авганистан, но поради актуелност не остана без разговор и темата за медиумите, за Сара Рејнсфорд и за руските дописници. Амбасадорот Келин изјави: „Руските новинари во Велика Британија работат во тешки услови, не им даваат акредитации за многу настани, не можат да отворат банкарски сметки, бидејќи банките имаат упатства да не го прават тоа. Пред една година (поточно во 2019 година) на нашиот новинар му беше одбиено правото да остане во Велика Британија. Односот кон новинарите овде, морам да кажам, е крајно лош. Тие се протерани и се лишени од правото да бидат тука“. Бидејќи тие денови сите зборуваа за „некој новинар“, водителот Стивен Сакур праша за кого станува збор. Амбасадорот Келин појасни: „Тоа е дописник на новинската агенција ТАСС. Неговото име е (Игор) Броварник, на целото семејство му беше одбиено продолжување на визата, а неговата сопруга беше во деветтиот месец од бременоста...“ Пиони на политичарите Во 2019 година, британскиот медиумски регулатор Ofcom го казни рускиот канал РТ за прекршување на правилата за непристрасност при известување за труењето во Солсбери на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија. Инаку, руското Министерство за надворешни работи честопати ги споменуваше и проблемите со визите за руските новинари во Обединетото Кралство. Претставниците на Би-би-си „неодамна го посетија Министерството за надворешни работи“ и ним „сѐ подробно им беше кажано“, изјави портпаролката на министерството Марија Захарова, како одговор на прашањата на западните медиуми за одлуката да не ѝ се обнови визата на британската новинарка Сара Рејнсфорд. Од сето ова што се случува со Сара Рејнсфорд и со руските новинари, може да се заклучи дека станува збор за пиони во шаховската игра на политичарите. Во време кога се зборува за пропагандни војни, за дезинформации, а во кои учествуваат и Обединетото Кралство и Русија, а да не зборуваме за други земји од Запад и Кина, на пример, новинарите се први за отстрел. И веројатно тоа ќе се случува сѐ почесто. Не случајно Стивен Сакур му рече на рускиот амбасадор Келин дека за проблемите со руските новинари во Британија не е виновен Би-би-си и дека тоа е проблем на владата. Сакур е во право. А односите меѓу Русија и Британија се катастрофални. Но, тоа е посебна тема. Руските медиуми на Запад ги третираат како пропагандно оружје. А во Русија, пак, велат дека тоа е така бидејќи тие медиуми пренесуваат теми за кои во конкретната земја не сакаат да се зборува. Згора на тоа, портпаролката Захарова споменува дека за почит се рејтинзите на Раша тудеј на Запад, па тоа им ги боде очите на властите и ја третираат како пропагандно оружје. Од друга страна, Западот е во право кога зборува за задушувањето на слободата на говор во Русија, која, пак, смета дека западните медиуми шират пропаганда против Русија. Британската амбасада во Москва вели: „Руските новинари продолжуваат да работат слободно во Обединетото Кралство, под услов да дејствуваат во рамките на законот“. А што ако не работат во рамките на законот? Ќе ги протераат? Или, најлесно е со „меки“ методи да се натераат сами да ја напуштат државата. Нема да продолжат виза, нема да им дозволат да отворат банкарски сметки, како што изјави рускиот амбасадор Келин, и слично. Или, пак, нема да им даваат визи на други дописници. Русија за возврат ја користи истата „мека“ метода. Нема продолжување на визата. Да се вратиме на Сара Рејнсфорд. Таа во вторникот (7 септември) даде интересно интервју за опозицискиот руски телевизиски канал „Дожд“, кој пред извесно време беше ставен во списокот на „странски агенти“, кој Русите го прават според истоимениот закон, демек и во САД уште од 1939 година имало таков закон. Нејсе, ова е посебна тема, за медиумите во авторитарни држави, особено на постсоветските простори. Тргување со новинари Рејнсфорд во интервјуто одново ги раскажува случките што биле пред нејзиното и во време на нејзиното заминување од Москва. Речиси сѐ што кажа во својот последен извештај од Москва. Новинарот, водител од „Дожд“, барајќи ја вистината околу рускиот новинар Игор Броварник во Лондон, без продолжена виза, ја прашува Рејнсфорд зошто британската страна не може да ја продолжи неговата виза, дотолку повеќе што Марија Захарова вели дека ако се реши тоа прашање, ќе се реши и прашањето на визата на Рејнсфорд и таа ќе може да се врати во Русија. Рејнсфорд одговара дека моментите со визите се лични моменти и за нив не се зборува. Можеби е направена проверка на луѓето што сакаат да останат во Лондон, но не ја поминале. „Јас, едноставно, не разбирам што се случува, но ми се чини дека тоа е многу подлабоко и многу повеќе отколку новинар за новинар. Ми се чини дека најнапред треба да се гледа општиот призвук на односите меѓу Британија и Русија. Политиката, секако, е ужасна и мене ми се чини дека ова е некаков сигнал. Т.е. да се зборува за тоа дека го протерале, не му дале на човекот да остане во Британија пред две години и затоа ние го протеруваме дописникот на Би-би-си. Малку не ми е многу разбирливо“, изјави Рејнсфорд. Нормално, нејзе можеби и не ѝ е разбирливо, бидејќи таа е новинар, а не политичар кому му се јасни ваквите игри. Соговорникот на Рејнсфорд ѝ соопшти дека разговарала со Марија Захарова за случајот со неа, а Захарова ѝ рекла: „Тогаш нека дадат виза кому било од агенцијата ТАСС“, што зборува дека Британците воопшто не сакаат да примат новинар од таа агенција. Русите настојуваат, ако не ви се допаѓа тој и тој, нека биде друг новинар. Како да станува збор за тргување со новинари. Рејнсфорд се прашува: „А зошто се тргува со новинари? Јас не разбирам зошто ние, зошто новинарите. Ние имаме иста работа.“ – „Реципрочен одговор“, одговара водителот. За Рејнсфорд да заклучи: „Ние не сме политичари, не сме претставници на своите држави, ние едноставно си ја вршиме својата работа. Зошто да тргуваат со мене или со некој новинар од ТАСС? Јас не разбирам и не се согласувам со тоа, јас не сакам да бидам така тргувана“. Владите си водат своја политика. Тие нема никогаш да ги прашуваат новинарите што сакаат. Особено оние што работат за медиуми непосредно или посредно под државна капа. И тие ќе бидат протерувани, или со „меки“ мерки принудувани да заминуваат. И сето тоа како дел од реципроцитет, ако во меѓувреме не се направи трговија со нив. Пропагандните војни си имаат цена. Сега не може да се исклучи дека во иднина Русија и Обединетото кралство, а и Западот во целост, уште повеќе на отстрел ќе ги имаат новинарите. Сѐ ќе зависи од ефектите на пропагандата. Автор: Мирче Адамчевски Насловна фотографија: unsplash.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Sdz 8 1

Влијанието на алгоритмите врз комуникацијата

Онлајн платформите како нови регулатори Слободните медиуми и нивното регулирање од државата се два клучни фактори како се одвива јавната комуникација во едно општество. Со развојот на интернетот и новите технологии за комуницирање, овој двоец добива дополнителен член, кој станува важен фактор како комуницира јавноста. На сцена стапија нови чинители што обликуваат како се обработуваат, објавуваат, циркулираат и филтрираат информациите. Станува збор за големите онлајн сервиси, платформи, пребарувачи и други т.н. „онлајн гиганти“.  Секако, државите сè уште ја носат главната одговорност во делот на обврските за почитување, заштита и примена на човековите права во комуницирањето. Денес интернет-посредниците и онлајн платформите сè повеќе влијаат врз остварувањето на овие права. На интернет се креира еден нов поредок, кој ги менува традиционалните правила и протоколи за комуницирањето. Во денешниот дигитален свет слободата на изразување и јавното мислење сè повеќе се менаџира и се регулира во приватни и во „хибридни јавни простори“, кои се формирани и овозможени од приватни компании. Овие нови медиумски системи на интернет создадоа и нови форми на управување со комуникацијата, кои ги надгледуваат и ги водат нивни вработени или, пак, алгоритми и слични компјутерски програми за масовна обработка на податоци, кои тие ги креирале. Новите приватно контролирани платформи ова управување го прават примарно според своите интереси и процени, главно нетранспарентно и надвор од јавен увид, најчесто преку автоматизирано одлучување и без гаранција за усогласеноста на ваквите постапки со меѓународната рамка за човекови права и слободи. Улогата на алгоритмите на новите платформи Еден од најчестите предлози за разрешување на овие предизвици е зголемена регулација. Сепак, регулирањето на онлајн платформите, особено во делот на нивната употреба на вештачката интелигенција (AI), како што е тоа случај со алгоритмите, е вистински предизвик. На пример, алатките за вештачка интелигенција често се користат да препознаат нелегални содржини на интернет. Меѓутоа, сериозни проблеми се појавуваат кога оваа технологија се користи за следење на комуникацијата на луѓето, на пример, во социјалните медиуми, под оправдување на безбедноста, на пример. Во ваквите ситуации многу е лесно да се активираат овие автоматизирани опции за следење, со што се отвора сериозен простор за можни злоупотреби. Со тоа директно се загрозени слободата на говорот, како и личната или групната анонимност. Под удар на автоматизираното следење на комуникациите, најчесто се новинарите и независните медиуми, бидејќи политичките центри на моќ мошне лесно можат „легално“ да ги покријат своите незаконски употреби на следењето на онлајн комуникациите.  Исто така, можноста за безбедно учество во онлајн комуникациите е критично важна за маргинализираните групи во нивната комуникација и формирање свои групи и заедници со цел да добијат поширока поддршка во општеството и да оневозможат дискриминирање. Иако вештачката интелигенција и алгоритмите се наоѓаат во развиен стадиум, сепак тие се далеку од непогрешливост. Кога се користат онлајн алатките со вештачка интелигенција за модерирање на содржините на интернет и на социјалните мрежи, често недостасува соодветно објаснување на одлуките и јасна оправданост. Во практиката, корисниците многу често не знаат зошто е донесена автоматизирана одлука со која некоја содржина им е отстранета или им е блокиран пристапот кон платформата. Фото: unsplash.com Модерирањето на содржините со помош на алгоритми вклучува низа техники какви што се напредна статистика и компјутерски методи за сортирање податоци, кои се мошне различни според својата сложеност и ефикасност. Тие имаат за цел да детектираат, да маркираат, да групираат, да предвидат или да класификуваат содржини врз основа на општи или поединечни особености на содржините. Алгоритмите на социјалните медиуми се вид сортирање на објавите на корисниците врз основа на релевантност, наместо според нивното време за објавување. Со ова социјалните мрежи даваат приоритет на тоа која содржина корисникот прво ја гледа на својот профил, т.е. содржините се редат според веројатноста дека корисникот навистина сака да ја види токму таа објава на своите онлајн контакти. Пред ваквата употреба на алгоритмите, корисниците може да ги следат објавите на своите контакти само во обратно хронолошка низа (од најновите кон постарите објави). Алгоритмите и другите автоматизирани програмски алатки се распоредени од платформите да вршат и препознавање на различни видови содржини какви што се тероризам, насилство во визуелна форма, говор на омраза, нелегална голотија, злоупотреба на деца и откривање спам-содржини. Вообичаено, при користењето на алгоритмите се користат два типа методи: анализа на текст и анализа на визуелни содржини. Кога алгоритмите ќе препознаат одредена содржина од недозволен тип, тие извршуваат два типа операции: (а) маркирање на содржината, или (б) отстранување на содржината. Маркираните содржини вообичаено ги проверува лице кое е задолжено за проверка и за конечна одлука дали содржината ќе биде отстранета или не.  Една од честите процедури во користењето на алгоритмите е нивната отвореност за „учење“, односно подобрување и усвојување дополнителни правила за препознавање и за извршување автоматизирани операции. Можеме да кажеме дека алгоритмите се системи со „машинско учење“ (machine-learning systems, англ.) кои користат сложени програмски алатки како што е „natural language processing“ (NLP). Најпознат пример за НЛП-алатка е „Google/Jigsaw’s Perspective API“, алатка со отворен код што им овозможува на операторите на веб-страници, истражувачи и други заинтересирани да ги користат нивните модели за машинско учење за да ја проценат штетноста или „токсичноста“ на некоја објава или коментар, на даден јазик. Автоматското откривање и препознавање фотографии и видеа, честопати се програмирани да детектираат содржини што претходно биле идентификувани како нелегални и во корелација со нив да откријат нови содржини што би можеле да припаѓаат во истата категорија. По терористичкиот напад во Крајстчрч во Нов Зеланд во 2019 година, Мајкрософт, Фејсбук, Гугл и Твитер го основаа „Глобалниот интернет-форум за борба против тероризмот“ (GIFCT), како дел од нивната заложба за подобрување на усогласеноста на онлајн компаниите со Кодексот на ЕУ за борба против нелегалниот говор на омраза на интернет. Во рамките на GIFCT, овие компании ги разменуваат искуствата од своите алгоритамски алатки за модерирање на содржините. Кои се недостатоците во користењето на алгоритмите? Како што и беше напомнато, функционирањето на алгоритмите е далеку од безгрешно. Честопати се случува да ни е блокиран пристапот кон нашиот профил на некоја социјална мрежа само поради погрешна автоматизирана операција. Во делот на масовна обработка на податоци, на пример, се случуваат грешки каде што поради структурата на базата на податоци што алгоритмите ги користат, се добиваат погрешни резултати. На пример, ако во базата за користење се внесат изразено расистички визуелни податоци (фотографии и видеа), тогаш и резултатите добиени од алгоритмите ќе бидат „расистички“. Чест проблем со алгоритмите е и нивното постојано менување, што особено ги нервира и ги тормози стручњаците за онлајн маркетинг, кои мора постојано да ги менуваат правилата и методите во своето работење. Една од постојните теории на заговор е дека алгоритмите на некои од социјалните мрежи „кријат“ одредени содржини на брендовите за да ги принудат да платат спонзорирани објави. Фото: unsplash.com Во комуникациска смисла, еден од најголемите проблеми на користењето на алгоритмите, секако, не се само грешките во маркирањето или бришењето содржини, туку и нивната решавачка одлука во одредувањето т.н. reach, или досег на објавите на социјалните мрежи. Според своите зададени параметри, тие одредуваат на колку корисници ќе им биде прикажана одредена порака на нивните низи („newsfeed“ или „timeline“). Проблемот во ова оперирање е што алгоритмите немаат способност за семантичко препознавање на содржините кое може да антиципира дали станува збор за некоја штетна порака или какви ќе бидат реакциите на неа. Корисниците можат по пат на експериментирање и пробување да насетат како функционираат алгоритмите на одредена платформа и да ги насамарат. Еден од таквите „трикови“ што беше експлоатиран е објавување платени пораки што таргетираат одредени групи корисници според групна припадност (расна, верска, етничка, сексуална и сл.) со токсични пораки или со нетолерантни содржини. Гугл мораше често да интервенира кога на нивниот сервис Гугл мапс одредени расистички поими внесени во делот за пребарување, со помош на алгоритмите, прикажуваа постојни географски локации. Сервисот на Гугл за препознавање и пребарување фотографии, исто така имаше проблеми со маркирање лица со одредена боја на кожата како одредени животински видови. Некои од проблемите што се појавуваат при користењето на алгоритмите се навистина дури и засрамувачки за компаниите и за организациите што ги користат, но сепак треба да ни биде јасно дека во постојните услови нивното користење е неповратно, а веројатно и понатаму ќе се проширува. Враќање на состојбата пред нивното користење не е реална опција, особено со постојаниот пораст на корисниците на најголемите онлајн платформи и пораст на објавуваните содржини на нив. Свесноста и интересот за едукација за тоа како алгоритмите влијаат врз нашето комуницирање, не треба да биде ограничено само на маркетиншките стручњаци. Потребно е критички да ѝ приоѓаме на оваа тема и редовно да ги следиме промените во употребата на алгоритмите, со цел подобро да го менаџираме своето корисничко искуство на интернет, но и да се заштитиме од последиците на грешките во работата на алгоритмите, кои, се чини, ќе продолжат да се случуваат во догледно време. Автор: Сеад Џигал Насловна фотографија: unsplash.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Sdz 1

Новите медиуми и надзорот

Кинескиот систем на социјален рејтинг Некаде во текот на 2009 година во Кина беше иницирана експериментална програма за т.н. „социјален рејтинг систем“ (社会信用体系; pinyin, shèhuì xìnyòng tǐxì) по иницијатива на властите во Кина и кинеската Комунистичка партија. Преку оваа програма, која прво беше тестирана во неколку области во Кина, властите креираа своевидни „црни листи“, односно списоци на граѓани што поради непримерно однесување загубиле некои од своите права, какви што се право на слободно патување или користење јавни услуги, влез во одредени објекти и слично. Ако некој граѓанин бил санкциониран за фрлање ѓубре, на пример, тој загубил поени од својата „сметка“ на социјалниот рејтинг. Ако, пак, некој од нив донира средства во хуманитарна акција, тој добил поени на истата сметка. Во случај граѓанинот да падне под одреден минимум поени на својата сметка, тој губи, на пример, право да купи авионска карта или да присуствува на спортски натпревар. Суштината на овој т.н. „социјален рејтинг“ или социјално бодување е стандардизација на оценувањето за однесувањето на граѓаните, при што препорачаното однесување се наградува со поени, кои носат одредени права и привилегии, додека недозволеното однесување се казнува со одземање бодови, а со тоа и одредени права што ги уживаат другите граѓани.  Социјалниот рејтинг, барем во Кина, се надоврзува на претходната програма на бодување и креирање финансиски рејтинг на граѓаните започната негде во 80-тите години на минатиот век. Овој рејтинг систем на властите имаше за цел да создаде списоци на граѓани според нивната финансиска состојба, куповна способност и годишна заработувачка, со цел економско и кредитно планирање, особено за граѓаните од руралните средини и за малите претприемачи.  Иако овие експериментални проекти, кои зедоа замав во Кина, а помалку формално и во други земји, особено во контекст на пандемијата, несомнено имаат свои позитивни намери, какви што се поттикнување примерно однесување во својата заедница, тие сепак подразбираат висок степен на следење на однесувањето на граѓаните, постојан надзор и постапно губење на приватноста. Целта на кинеските власти со овие проекти беше да ја зголемат довербата во општеството и во институциите за подобро да ги регулираат областите од јавен интерес, какви што се безбедноста, исправноста на храната, повреди на интелектуалната сопственост, или спречување финансиски измами. Сепак, се потврдува дека овој систем постапно се проширува, особено преку централизирање на надзорот и на контролата преку употреба на новите комуникациски технологии, какви што се надзорните камери, паметните уреди за комуникација, социјалните мрежи и дигиталните бази на податоци. И не е само приватноста под знак прашање, се чини. Аналитичарите и критичарите на овие програми, во различни земји, посочуваат дека се загрозува и личниот дигнитет на поединецот, се поттикнува паранојата од следење и поданичкиот однос кон властите, додека се легитимира постојаниот надзор врз граѓаните.  Во 2013 година Врховниот народен суд  на Кина објави црн список на должници со приближно 32.000 имиња, а во април 2019 година Народната банка на Кина објави дека ќе биде воведена нова верзија на Извештајот за личен кредит, што овозможува собирање повеќе лични податоци. Овој систем на социјален рејтинг потоа беше постапно прифаќан од одредени компании со кои тие го следеа однесувањето на своите вработени.  Системот на социјален рејтинг на новите медиуми Комуницирањето преку новите технологии има свој подолг историјат, а на денешниот интернет и на социјалните мрежи им претходеа редица сервиси за комуницирање на далечина, какви што се онлајн огласни табли, форуми и сервиси за дискусии (т.н. чат-сервиси). Кармен Хермосил беше една од најпознатите приврзаници на овие првични технологии за поврзување и меѓусебно комуницирање. По долгогодишно користење и богато практично искуство, таа ќе запише во еден од своите текстови: Фото: unsplash.com „Она што можам да го потврдам е дека заедниците креирани онлајн, придонесуваат кон постапна дехуманизација на општеството. Клучен тренд е тоа што тие помагаат меѓучовечката интеракција да се комодифицира, т.е. да се трансформира во стока за продавање во форма на јавен спектакл“ (Ciarаn McMahon, 2019, стр. 83). Ова сведоштво на еден од пионерите на јавните форуми за дискутирање, потврдува некои од појавите што се актуелни и денес. Социјалните мрежи, и новите медиуми општо, овозможуваат отворени јавни форуми за дискусии и за коментирање, како особено позитивна можност на новите технологии. Но, во исто време, тие фаворизираат содржини што се нагласено поларизирачки, контроверзни и привлекуваат внимание. Со зголемување на нивниот досег (online reach, англ.), овозможен од алгоритмите, се креираат подобри услови за ширење и вклучување (engagement, англ.) на другите корисници. На ваков индиректен начин, програмскиот дизајн на социјалните мрежи им овозможува на поларизирачките содржини да се здобијат со подобар „социјален рејтинг“ и да доминираат во дискусиите на новите медиуми. Вештите корисници го знаат многу добро ова правило, ако сакаш да бидеш слушнат на интернет, мораш да бидеш гласен и контроверзен, а системот ги наградува оние што врескаат и што креваат прашина. Социјалниот рејтинг на постојните мрежи фаворизираат влијателни корисници (инфлуенсери), кои привлекуваат следбеници со содржини што ја поларизираат публиката.  Навраќајќи се кон заклучоците на Кармен Хермосил, треба да се напомене дека системското поттикнување на ваквата комуникација на онлајн гигантите, какви што се Гугл, Фејсбук, Твитер и други,  им овозможува поголемо вклучување на сè повеќе корисници, а со тоа и собирање повеќе податоци за нив. Со ова, покрај зголемувањето на публиката за своите рекламери, како стандардна техника во маркетингот и на традиционалните медиуми, се придодава дополнителна вредност, персонализирање на корисниците, односно собирање индивидуални податоци за нив, особено во делот на нивното однесување како потрошувачи, во поширока смисла: какви содржини сакаме, какви услуги и производи посакуваме, какви трендови следиме, какви политики поддржуваме и така натаму. Со ова се потврдува сведоштвото на Хермосил дека нашето однесување, преку дозираниот надзор на социјалните мрежи, се комодифицира, станува „стока“ за продажба и тргување. Иако станува збор за фундаментите на т.н. нова економија на персонализирано маркетиншко комуницирање, сепак како индивидуални корисници мораме многу да внимаваме какви податоци оставаме на новите медиуми. Тие во денешниот вмрежен свет не се само стока, туку основен ресурс на новите економски гиганти. Што е психометрика? Психометриката, или буквално „мерење на психата“, преземено од грчкиот јазик, е специјализирана истражувачка област во психологијата и во образованието, посветена на тестирање, проценување и мерење на психолошкото однесување на луѓето. Оваа област потесно се занимава со објективно мерење вештини, знаења, способности, ставови, особини на личноста, како и ментални нарушувања. Овој поим доби своја поголема употреба по обелоденувањето на скандалот на Кембриџ аналитика и злоупотребата на податоците на корисниците на социјалните мрежи во САД за изборни цели и за политичко профилирање. Работата на Кембриџ аналитика и услугите што тие ги нудеа, се засноваа токму на техниките на психометриката за собирање податоци и профилирање поединци. Вториот главен столб врз кој се потпираше работењето на Кембриџ аналитика е истражувањето на тројца автори, Косински, Стилвел и Грепел. Без да навлегуваме во премногу технички детали на психометриката, ова истражување се базира на поставување корелација на податоци добиени од психолошки квизови и профили на пошироко однесување на корисниците на социјалните мрежи.  Истражувањето што беше изведено за академски цели, покрај квиз во кој може да откриете каков профил на личност сте, успеа да добие дозвола да ги искористи податоците за активноста на учесниците во квизот на социјалните мрежи (на пример, нивните „лајкови“ и фејсбук-страниците што ги следат). Некои од овие квизови навистина изгледаа забавно и помалку наивно, како, на пример, „Што вашиот знак во зодијакот кажува за тоа кои се вашите омилени слатки?“ или „Колку интимни партнери имате според вашето омилено јадење?“. Собирајќи податоци од ваков тип квизови и со импортирање на „лајковите“ на овие корисници, па дополнително поврзано со демографските податоци за корисниците од Фејсбук (возраст, пол, место на живеење), ова истражување, а подоцна и Кембриџ аналитика, успеаја да разработат доволно ефикасен модел на профилирање на корисниците. Според овие креирани профили на однесување, тие подоцна беа таргетирани за различни комерцијални и политички пораки преку системите за огласување на Фејсбук. За поблиска илустрација, еден од нивните креирани профили, на пример, наведува дека корисниците што стиснале „лајк“ на серијата „Adams Family“ биле поверојатни потенцијални корисници на полиси за осигурување. Навидум, овие корелации изгледаат произволно, но со развивање на алгоритамска обработка на податоците и методи на статистичка проверка било утврдено дека значителен дел од нив се издржани. Секако, има и подиректни корелации, како, на пример, ако следите некоја фејсбук-страница со верска содржина, да сте потенцијален гласач на конзервативните партии, или, пак, луѓето што стиснале „лајк“ на ТВ-серијата „Battlestar Galactica“, поверојатно е дека се интровертни, за разлика од корисниците што ја следат Леди Гага, кои поверојатно се екстровертни личности. Фото: pexels.com Како и да е, овој случај покажува како, за нас навидум неважните податоци од нашите активности, со автоматско сортирање, статистичка обработка и корелација на податоци, можат да бидат употребени за наше профилирање и рангирање во „онлајн универзумот“.  Споредувајќи ги двата поразвиени системи за следење на однесувањето на корисниците, условно наречени „источен“ и „западен“, во првиот под контрола на државата, а вториот под контрола на големите компании и аналитичките центри, можеме да увидиме дека и двата носат свои посебни опасности во делот на слободите, приватноста и различни степени на контрола на однесувањето, за кои мораме да бидеме информирани и внимателни како влијаат врз нас. Користењето на новите технологии во ваквиот надзор внесува една сосема нова димензија, автоматизацијата, која постапно ги поместува границите за тоа што е нормално да се следи во нашето однесување и колкав дел од својата приватност е во ред да жртвуваме за да бидеме повеќе популарни, повеќе влијателни, повеќе прифатени и сл.  Според извештајот на „Слобода на интернет“ (Freedom on the Net), од приближно 4 милијарди корисници на интернетот, дури 71 отсто од нив живеат во земји каде што онлајн корисници биле приведувани или затворани за објави на интернет, што укажува дека автоматизацијата на следењето на нашето онлајн однесување, навистина носи сериозни предизвици и потенцијални  опасности не само во делот на приватноста, туку и во делот на политичките слободи, најчесто преку казнување на несогласност со главните политики на властите или елитите во општеството. Автор: Сеад Џигал Насловна фотографија: unsplash.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
St 1

Новинарството во служба на здравјето

Смртта ни стана секојдневие! Со голема вознемиреност го чекаме соопштувањето на статистиката на инфицирани од вирусот ковид-19, а особено на починатите. Животот и смртта станаа статистика! Многу нехумано, иако станува збор за луѓе, за сакани на илјадници семејства. Дел од новинарите го положија испитот Освен лекарите и медицинскиот персонал, во периодот на пандемијата и дел од новинарите и медиумите со успех го положија испитот, бидејќи се ставени во функција на животот на луѓето. Секако, во овој контекст, може да се напомене дека во медиумите премногу се нагласуваше статистиката околу вирусот, иако имаше простор повеќе за прикажување човечки судбини. Ова ќе придонесеше да се освестат граѓаните и да бидат повнимателни во смисла на превенција од коронавирусот. Треба да се истакне фактот дека имаше и „херои“ новинари, кои влегуваа во просториите на Инфективната клиника, загрозувајќи се себеси и своите семејства, само за да известуваат објективно за пациентите што се лекуваа. Од друга страна, како и во секоја друга професија, и во новинарството има такви што со „двете нозе“ ги прекршуваат професионалните стандарди и вредности, како и етичките норми, објавувајќи лажни вести, конспиративни теории и многу сензации.    За жал, покрај фактот што новинарството напредува технолошки, особено на почетокот на пандемијата во дел од онлајн медиумите на албански јазик, иако не во голем број, сосема неодговорно и несовесно се објавуваа видеа на разни лица што се шегуваа со вирусот ковид-19. Секако, за кликови! Не може да се повикуваат на слобода на изразување тие што стануваат непријатели на човештвото. Новинарството се враќа на својот колосек Но, сепак, има среќа во несреќа! И покрај негативните појави, радува фактот што новинарството се враќа на својата професионална и етичка мисија, односно да промовира хуманизам и човечка солидарност. Новинарството, станувајќи сè похумана професија, се става во служба на јавниот интерес. Едно од значајните прашања, но и посебно оспорувано во практиката во земјата, е прашањето што е новинарство од јавен интерес. Обидот за негово дефинирање, пред сè нè води кон вредностите што Денис Меквејл ги дефинира како одговорен однос на медиумите кон јавноста. Тие го вклучуваат активното информирање околу животот и општествениот систем. Иако не постои едноставен и јасен одговор што е јавен интерес, тој кратко може да се дефинира како „тоа што е во интерес или од корист за поголем број луѓе во општеството“. Но, проблем е фактот дека многу често се меша тоа што ја интересира јавноста (публиката) со тоа што е јавен интерес или, со други зборови, што е од корист за општеството. Јавниот интерес не е тоа за што се интересира јавноста, тоа што бара да знае и не значи исполнување на љубопитноста на јавноста. Заштитата на здравјето на населението е од висок јавен интерес. Со аналогија на албанската поговорка „Дојде оваа смрт и се видовме“, велиме „Дојде овој вирус и се видовме!“. Бидејќи народот вели дека „во секое зло има и нешто добро“, пандемијата нека служи како лекција за општото добро. Нека служи како сигнал за зацврстување на новинарството, кое на јавното здравје му дава поголемо значење и простор. Фото: pixabay.com Здравствените прашања да добиваат повеќе простор Бидејќи деновиве често слушаме, како во хор, дека „Здравјето е над сè“, значи дека редакциите на медиумите, традиционални и нови, односно пишани, електронски и тие што произведуваат мултимедиумски содржини, треба да им даваат повеќе простор на содржините што се во функција на заштитата на здравјето. Не сакајќи на медиумите да им дадеме поголеми одговорности отколку што им припаѓаат, велиме дека тие имаат влијание врз здравството, секако без да заборавиме дека оваа битна сфера за човештвото бара мултисекторски или мултиинституционален стратешки пристап. И после ковид, новинарите постојано треба да бидат во јавните клиники и во здравствените домови. „Здравствениот преглед“ треба да биде сеопфатен, со тоа што ќе ги истакнува на виделина аномалиите што ги има здравствениот систем, почнувајќи од хигиената, продолжувајќи со здравственaтa грижа, „Мој термин“, функционирањето на матичните лекари во руралните средини, инфраструктурните услови во болниците, исхраната на пациентите и многу други прашања. Новинарството треба да го продолжи својот пат, истражувајќи уште подлабоко околу здравствениот систем, кој во времето на вонредната и кризната состојба ни ја открива неговата кревкост и недоволното делење финансиски средства од буџетот на државата. Исто така, овој период ни откри и еден дефект поврзан со новинарството, а тоа е медиумската индиферентност во минатото околу здравствениот систем. Медиумите треба да известуваат за професионалните капацитети во нашите јавни болници, анализирајќи го фактот зошто еден дел од медицинскиот персонал оди надвор од земјата, во Европа, а и подалеку. Почесто треба да има анализи околу стратегијата на државата за здравството односно за јавните политики во овој сектор. Фото: unsplash.com Да се истражува корупцијата во здравството Треба да се истражува корупцијата и организираниот криминал во здравствениот систем за да се види дали е вистина тоа што се зборува меѓу народот дека „кој има пари оздравува, кој нема – умира“. Во јавноста, познати се гласините дека еден дел од „беломантилците“ иако ја дале Хипократовата заклетва, ако им ги допрете џебовите, го менуваат медицинскиот пристап. Почит за тие што не влегуваат во групата „корумпирани лекари“, кои веруваме дека се во мнозинство. Новинарите треба да ја имаат под лупа и работата на Фондот за здравствено осигурување, начинот како се снабдува земјата со лекови или, пак, кои се процедурите за испраќање на пациентите за лекување надвор од земјата. Еден посебен сегмент треба да му се посвети и на менаџирањето на јавните здравствени институции, ставајќи го акцентот на прашањето колку критериумот на идеолошка и партиска подобност е доминантен фактор за избор на раководните кадри во болниците и во централните клиники. Во минатото весниците ја имаа рубриката „Прашајте го лекарот“, а денес за да имаме попрофесионално новинарство. Во големите национални медиуми треба да се формираат специјализирани редакции за здравство, кои ќе имаат уредник и специјализирани новинари. Може да се ангажираат и лекари, во својство на соработници на емисиите за здравство. Ако не редакции, помалите медиуми треба да специјализираат најмалку еден новинар за здравство. Во очекување подобри денови за здравјето на граѓаните, треба да се прави обид и за подобри денови за новинарството против вирусите и болестите. Автор: Сефер Тахири Насловна фотографија: unsplash.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Cyber 2

Новите медиуми и интернет-војувањето

Војните во киберпросторот Во декларациите на последните неколку самити на НАТО, особено по самитот на НАТО во Лисабон во 2010 година, заклучоците за кибербезбедноста станаа една од неодминливите точки. Безбедноста во киберпросторот денес станува интегрален дел од безбедноста на државите. Дефинирањето на релативно новите „кибер закани и напади“ (cyber threats and attacks, англ.) и стратешкото планирање за заштита од нив, го проширија просторот на воено-безбедносното дејствување од копно, море и од воздух, и на киберпросторот, односно во мрежниот виртуелен простор на новите комуникациски технологии.  „НАТО-сојузниците го препознаваат киберпросторот како оперативно подрачје комплементарно на копното, воздухот и морето. Ова ќе овозможи Алијансата подобро да ги заштити своите мрежи, мисии и операции, со поголем фокус на киберобучувањето и планирањето. Позицијата на НАТО во киберпросторот останува одбранбена, но ова е јасен знак дека Алијансата ја зајакнува својата колективна одбрана во сите области“ (Клучни одлуки на самитот на НАТО во Варшава, 17 февруари 2017 година) Кибернападите се дефинираат како „секаков вид злонамерна активност што се обидува да собере, наруши, негира, деградира или уништи ресурси на информациски систем или да ја уништи самата информација“. Кибертероризмот, пак, е „употреба на компјутерски и мрежни алатки за да се блокираат или за да се исклучат клучните делови од  инфраструктурата на некоја земја, какви што се енергетската инфраструктура, транспортот, функционирањето на владините институции, или, пак, да се присили или да се заплаши некоја влада или цивилното население“. Безбедносните закани преку новите комуникациски технологии вклучуваат различни видови напади врз информациските системи на различни држави, сојузи, институции, компании или други организации. Тие можат да бидат реализирани преку пренесување компјутерски вируси, или т.н. „malware“, во некој систем, преку кражба на податоци, „фишинг“ напади, уништување уреди, блокирање или преземање веб-страници и различни други операции со сериозни последици за инфраструктурата на државите.  Фото: pexels.com Во документарниот филм „Совршено оружје“ (HBO, 2020), базиран на истоимената книга на Дејвид Сенгер (David E. Senger), опишани се неколку од најзначајните киберконфликти од претходната деценија, почнувајќи од нападот на нуклеарните постројки во Иран, нападот на казиното „Sands“ во Лас Вегас од ирански хакери, кибернападот врз компанијата Сони во 2014 година, сè до претседателските избори во САД во 2016 година и наводното руско мешање во овие избори.  Она што се потврдува како тенденција во оваа нова форма на војување е тоа што таа сè повеќе ги пресликува тактиките на конвенционалното војување од времето на двете светски војни и студената војна. Таков, на пример, е приодот на водење т.н. „тотална војна“, односно војување на сите фронтови, така што најчесто овие активности се реализираат преку кибернапади не само врз државната инфраструктура и институциите, туку и преку напади врз самите граѓани, како што беше случај со конфликтите во Мјанмар и во Украина. Tокму во овие случаи употребата на т.н. „интернет-војување“ во голема мера ги вклучи социјалните мрежи, а нападите преку нив имаа за цел да ја поткопаат довербата во институциите, да внесат вознемиреност и страв кај граѓаните или, пак, да мобилизираат групи за учество во различни насилни дејства.  Различните видови напади преку информациските системи во многу земји, постапно ја вклучија и политиката, така што интернет или онлајн-војувањето, стана вообичаен, или конвенционализиран, начин за водење и на политичката борба во овие средини. Партиските активисти и приврзаници, паралелно со јавниот политички натпревар, развиваат различни тајни или полутајни начини во политичката борба: кампањи на говор на омраза насочен кон поединци или групи, политичка мобилизација за протести или други настани, дискредитација на противниците, пласирање дезинформации и лажни вести, како и други контроверзни активности главно преку социјалните мрежи.  Според истражувањето на Оксфордскиот универзитет од 2020 година, докажано е присуство на дезинформациски манипулации во 81 земја во светот. Во овие земји се потврдени активности на барем една политичка партија или организација што ги користи социјалните мрежи за манипулирање на јавното мислење. Вo најголем број случаи станува збор за организирано ширење дезинформации во тек на избори или креирање кризи. Во овој извештај се користи и терминот „кибертрупи“ за именување на политичките онлајн групи, што поблиску ни ја доловува природата на овие операции, и нивна не само политизација, туку и милитаризација на интернетот и на социјалните мрежи.  Има ли кибертрупи во Македонија? Опишаните трендови на агресивна политизација на новите медиуми не ја заобиколија ниту РС Македонија. Како и повеќето други земји, социјалните мрежи во земјава ги поминаа трите фази на нивна (а) популаризација, (б) комерцијализација и (в) политизација. Користењето, на пример, на Фејсбук од повеќе од еден милион корисници од Македонија, на оваа социјална мрежа ѝ дава големо значење не само во забавна или комерцијална, туку и во политичка смисла. Политичките фактори многу бргу го сфатија потенцијалот на социјалните мрежи, а многу членови и „лепачи на плакати“ станаа партиски онлајн активисти. Една од најчестите појави во политичката онлајн борба е употребата на дезинформации и лажни вести. Тие се пласираат на онлајн медиумите или на социјалните мрежи, за да потоа, во зависност од одекот и од реакциите, постапно се прошират на традиционалните медиуми и во реториките на политичките партии. Може да се потврди дека онлајн платформите во голем мера се користат како експериментална комуникациска сфера каде што се тестираат различни полуинформации, дезинформации и наративи, така што оние што добиваат поголемо внимание или реакции, стануваат составен дел од политиките на политичките партии и другите групации.  Фото: pexels.com Главниот фокус на дезинформациите се онлајн медиумите, но поради слабите професионални стандарди и медиумската партизација, голем број од нив често завршуваат  и во електронските и печатените медиуми, без особена проверка или професионално филтрирање. Главните регистрирани активности при користење на дезинформациите во политички цели се: Дискредитација на политичките противници и водење негативни кампањи кон поединци или групи. Зголемување на политичката и на граѓанската поларизација, со цел мобилизација на граѓаните за гласање, учество на собири или протести, одредени кампањи и сл. Зголемување на етничките или меѓуверските тензии за политички цели (на пример, да се обвини некоја страна за национализам или за неспособност во менаџирање кризи). Зајакнување на радикалните политички наративи што повикуваат на бунт, на нетолеранција или други видови отпор. Оспорување политички договори, процеси или планови (на пример, Преспански договор, референдум за името и др.).  Нарушување на слободата и на угледот на професионалното новинарство и на локалните медиуми. Промоција на псевдонаука, суеверија и теории на заговор.   Главни активности на ваквите политички организирани групи се засилување на одредена пропагандна содржина преку планско ширење, кое вообичаено се врши преку масовно објавување, споделување, „лајкување“, коментирање, линкување и сл. На тој начин се креира лажна виралност, популарност, морална паника или чувство на страв. Ваквото организирано дејствување на социјалните мрежи често успева да изврши своевидно „хакирање“ на алгоритмите што ги користат социјалните мрежи и агрегаторите на вести и овие пораки и содржини да ги пласира до пошироката јавност во земјава.  Исто така, клучна активност на социјалните мрежи во политички цели се организираните кампањи на напади врз поединци или групи. Овие активности немаат за цел да бидат во ударните вести, туку во прикриена форма да вршат притисок врз некого. Планските напади се вршат преку исмевање, навредување, директни напади во форма на говор на омраза или други видови вербални напади и притисоци. Нивната цел е елиминирање спротивни или различни наративи и ставови од оние што овие корисници ги застапуваат. За овие цели често се користат преработени податоци од социјалните мрежи или службени документи, а кои можат да бидат врамени, деконтекстуализирани или манипулирани на различни начини („фотошопирани“ материјали, монтирани видеа, креирани мемиња, пораки извадени од контекст и сл.).  Од другите чести техники на директно или на прикриено партиско-политичко дејствување на интернет, може да се напомене и креирањето „ботови“, т.е. лажни профили или налози за ширење онлајн пропаганда. Лажните профили можат да бидат под контрола на некое лице или, пак, да бидат целосно автоматизирани под контрола на компјутерска програма.  Можеме да заклучиме дека новите медиуми стануваат сè поважен фактор во политичката комуникација. Политичкиот натпревар и борбата помеѓу различните политички групи често предизвикуваат сериозни тензии во општеството, при што се користат многу манипулативни содржини и техники. Токму затоа особено е важно да се познаваат овие нови методи на политичко дејствување на интернет, со цел да се заштитиме од нив, но и да овозможиме преку граѓанска вклученост и поддршка во општеството, главен збор да имаат конструктивните политики и толерантната политичка комуникација. Автор: Сеад Џигал Насловна фотографија: pexels.com ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).