Едукација

Analiza 3 Cover

Социјалните мрежи и информирањето

  Како најчесто се информираме? Во еден од претходните написи напоменавме дека бројот на граѓаните во Македонија кои се информираат онлајн е во постојан пораст и се доближува до телевизијата, која со приближни 75% сѐ уште е прв медиум за информирање во земјата. Исто така, нешто повеќе од 50% од корисниците на интернет го користат за информирање и за читање вести, додека кај испитаниците од 15 до 29 години дури 85% од нив се информираат онлајн.  За оваа возрасна група, пак, 96,2% користат социјални мрежи, а останатите групи граѓани тоа го прават во дијапазонот од 70-90%. Најкористена социјална мрежа во земјава е Фејсбук со над 1 милион корисници, по кој следува Инстаграм со повеќе од 700.000, додека бројот на корисници на Твитер е нешто над 60.000. Трендовите се повеќе од очигледни. Онлајн информирањето е во пораст и се очекува во догледна иднина да биде примарен извор за вести што ќе ги диктира навиките на корисниците.  Секако, со бројките секогаш треба да се биде претпазлив. Иако тие најчесто во јавноста се презентираат и се толкуваат како непобитни факти, бројките и статистиките треба да ги примаме внимателно и да ги разбираме како контекстуални квантитативни индикатори за процесите, а не како факти доволни сами за себе. Во таа смисла, овие бројки и тенденции треба да се објаснат поблиску и да се контекстуализираат. Дали социјалните мрежи се добро место за информирање? Од онлајн начините за информирање треба посебно да се издвојат два типа на т.н. „трансмедиуми“, односно медиуми што „влијаат врз тоа истата содржина да зазема поинакви форми и комплементарни верзии“. Овде станува збор, пред сè, за онлајн платформите, кои собираат информации од повеќе извори и ги прават полесно достапни до корисниците, какви што се социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Инстаграм и др.) и агрегаторите на вести (на пример, Google news, Time.mk, Grid.mk, Fax.al и др.). Нивната подобрена достапност се огледа во поголемиот број информации на едно место, тематска организираност, можност за персонализација (односно избирање што да следиме) и можности за интеракција (коментирање, „лајкување“, споделување итн.). Ова се само некои од главните причини што влијаат врз тоа социјалните мрежи и агрегаторите да се користат сè повеќе за директно информирање. Фото: unsplash.com Од другите причини треба да се напомене и дека социјалните мрежи, на пример, нудат зголемен досег на информациите и на вестите до публиката (т.н. „reach“, англ.). Најголемите социјални мрежи, какви што се Фејсбук, Јутјуб, Твитер, ТикТок и други, се несомнено најголемите медиумски платформи денес. Само Фејсбук има повеќе од 2,5 милијарди корисници, Јутјуб приближно 2 милијарди, Инстаграм 1 милијарда, Твитер над 300 милиони итн. Овие комуникациски платформи имаат опции за отворени објави, така што за да следите нешто на нив, не мора да бидете регистрирани корисници, доволен ви е само директен линк, или т.н. вградена (embedded) содржина на некоја веб-страница. Ова значи дека социјалните мрежи во најголем дел овозможуваат публика од над 4 милијарди луѓе што имаат пристап до интернет. Споредено со публиката што пред нив ја имале највлијателните медиуми, ова се неспоредливи бројки што потврдуваат дека навистина станува збор за информативни гиганти.  Ако, на пример, се одлучите да се информирате само од социјалните мрежи, кои се клучните одлики што треба да ги знаете токму за ова? Погодностите се многубројни. Социјалните мрежи нудат информации во секој дел од денот и ноќта, во форма на брзи и свежи информации од секој дел од светот, без просторни ограничувања. Можете да избирате кои информации ќе ги следите, од кои корисници и објавувачи, да имате интеракција со нив и лесно да им ги препорачувате на своите онлајн контакти. Сепак, кон овие многубројни предности, треба да се напоменат некои дополнителни особености, или ефекти на социјалните мрежи, кои се мошне важни за квалитетот на информирање преку нив: Ефектите од посредството на алгоритмите Кога сте поврзани со некој онлајн контакт на социјалните мрежи или сте претплатени на некоја страница, нивните објави не стигнуваат до вас хронолошки или, пак, целосно. Социјалните мрежи ви даваат ограничен број профили од кои можете да ги добиете сите објави (на Фејсбук, на пример, бројот на т.н. блиски контакти е 10) и тие да бидат приоритетизирани за прикажување. Во поголемиот дел, алгоритмите на социјалните мрежи одредуваат само дел од објавите на вашите онлајн контакти што го пренесуваат до вашиот „feed“ или „timeline“. Ова тие го прават во зависност од многу варијабили поврзани со тоа како ги користите овие мрежи (на кои објави стискате „лајк“, кому коментирате, кои објави ги споделувате и др.). Од сите можни фактори за селекција што да се прикаже на вашите „фидови“, предност му се дава на т.н. „engagement“, односно интерактивност на некоја објава (колку корисници влегле во интеракција со неа преку допаѓање, коментирање, споделување и сл.).  Фото: unsplash.com Во таа смисла, социјалните мрежи фаворизираат содржини што поттикнуваат интерактивност и вклученост (engagement). Според анализите, содржините што резултираат со најголема „вклученост“ се содржини што целат кон нашите најсилни психолошки реакции поврзани со нагони, стравови и различни емоции. Па, така, одредена провокативна содржина има далеку посилен потенцијал за „engagement“ отколку некоја позитивна вест за образованието, да речеме. Ваквите содржини се фаворизираат од алгоритмите на социјалните мрежи и почесто се прикажуваат на профилите на корисниците. Најчесто тоа се раздразнувачки содржини што полесно се прошируваат низ интернетот. Можеме во овој дел да заклучиме дека социјалните мрежи како средство за информирање имаат вградена „пристрасност“ (т.н. bias, англ.) кон провокативни содржини и информации. За оваа нивна одлика мора постојано да бидеме свесни и внимателни ако доминантно или исклучиво ги користиме за информирање. Ефектите на „гласните малцинства“ Веројатно сите сме се сретнале со новинарските изрази во вестите како, на пример, „горат социјалните мрежи“, или пак, „граѓаните бесни на социјалните мрежи“. Во овие случаи станува збор за некоја „жешка тема“ што циркулира на интернет и на социјалните мрежи, во кои корисниците жестоко реагираат, критикуваат, се бунтуваат за нешто и слично. Дел од нив навистина се „вирални“, односно масовно се шират на интернет и имаат големо влијание за тоа какви ставови се формираат во јавноста за некоја тема. Но, статистичките анализи покажуваат дека еден важен дел од т.н. жешки теми на социјалните мрежи се резултат на активности на т.н. „гласно малцинство“ (vocal minority, англ.).  Оваа појава се објаснува како „создавање врева за одредена тема на релативно помал број влијателни корисници на социјалните мрежи“. Секако, гласот на помалите групи треба да биде слушнат во општеството, но овде станува збор за можноста што ја даваат социјалните мрежи да се „крене прашина“ за некоја тема од помали организирани групи на интернет, кои креираат своевидни кампањи или планска дисеминација на информации со некоја претходна цел. Најчесто тука станува збор за политички или економски мотивирани „вирализации“ на некоја тема или информации што треба да предизвикаат одредена реакција во јавноста, или пак, едноставно да препокријат некоја друга актуелна тема, или, како што обично велиме, да ја дефокусираат јавноста. Пред да реагираме на вакви содржини, треба да провериме дали можеби станува збор токму за ваква појава што често може да доведе до манипулативно креирање некаква хистерија во јавноста. Ефектите на „граѓанското информирање“ Една од одликите на новата информациска доба е што секој од нас, како корисник на социјалните мрежи, може потенцијално да стане „медиум“. Обичен профил на Фејсбук, на Инстаграм или на Твитер во дадени околности може да стане извор на информации од голем интерес на јавноста. Таков, на пример, беше случајот со дотогаш анонимниот корисник на Твитер, Сохаиб Атар (Sohaib Athar), кој во 2011 година во текот на операцијата за пронаоѓање на лидерот на Ал Каида, Осама бин Ладен, беше еден од главните извори за информации на глобалната јавност само затоа што живееше блиску до станбениот објект во кој се криел Бин Ладен. Ваквите информации на сведоци, граѓани, односно „обични“ корисници на интернет имаат своја информациска вредност, но не треба да заборавиме дека станува збор за луѓе што не се професионалци за информирање. Иако нивните објави се драгоцени и често валидни, нив секогаш треба да ги земеме со претпазливост бидејќи кај нив многу полесно се протнуваат грешки и различни видови субјективност или пристрасност. Советот на стручњаците за овој тип појави е дека тие можат да се следат и да бидат придонесувач во нашето информирање, но препораката е секогаш нивните информации да се проверат или да се споредат со други извори на информации, а потоа да се донесе став или заклучок. Ефектите на ехо-коморите Интернетот и социјалните мрежи ја децентрализираат и ја демократизираат информациската мрежа што ја користиме. Секој од нас од изобилството информации има избор кои од нив да ги следи и на кои да им верува. Ако во овој процес на избирање што да следиме и кому да му веруваме не сме внимателни, лесно може да се случи да следиме само еден мал дел од информацискиот спектар што ни се допаѓа и со кој се согласуваме. Социјалните мрежи за ваквото персонализирање што да следиме, ни дава извонредно голем број алатки: блокирањето, криењето или „придушувањето“ на одредени профили (hide, mute), приспособувањето на алгоритмите што ни сервираат објави само од еден дел од изворите, директно препорачување одредени содржини и слично. Ваквото персонализирање или нагодување ни угодува со тоа што ги исклучува мислењата што се спротивни на нашите и нѐ „поштедува“ од непријатноста на несогласувањето со нашите погледи. Но, крупен недостаток на ваквото угодување е што се опкружуваме себеси само со мислења и ставови што се блиски на нашите и постапно се исклучуваме од пошироката и пообјективна општествена реалност. Исто така, овој т.н. феномен на ехо-коморите многу влијае врз поларизацијата во општеството и во социјалната средина во која живееме. Во ситуации кога не можеме да ги избегнеме туѓите поинакви ставови, на пример во автобус, такси или при пазарување, директно сме соочени со предизвикот како да реагираме, овој пат без заштитниот филтер на социјалните мрежи. Искуството покажува дека најголем дел од корисниците на социјалните мрежи во вакви ситуации реагираат бурно и емотивно, по инерција на комуникациските навики од интернет, така што далеку потешко им е да развијат дијалог во директната комуникација, преку кој би ја разбрале позицијата и ставовите на соговорникот со различно мислење.   Фото: wikipedia.org Ова се само неколку од важните особености на социјалните мрежи како средство за информирање. Тие ни покажуваат дека овие платформи иако се извонредно богати со информации и содржини, сепак имаат свои недостатоци што можат да влијаат негативно врз тоа како квалитетно се информираме.  Во таа смисла мора да се биде претпазлив на кои извори и информации од социјалните мрежи им се верува, а стручњаците препорачуваат информирањето од нив секогаш да се комбинира со други извори на информации. Да, секако е драгоцено да проследиме некоја објава од протест, на пример, на некој учесник, но овие информации е препорачливо да се проверуваат и да се споредуваат со други извори, како, на пример, извештаи на професионалните новинари, потврдените информации од институциите, мислењата на стручните лица и слично.  И секако да не заборавиме дека често социјалните мрежи се одлично средство за информирање, но уште подобро средство за дезинформирање. Автор: Сеад Џигал   Насловна фотографија: unsplash.com ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Prep Hera Cover 2

Препораки за медиумското известување на теми поврзани со родовите прашања

Медиумите имаат клучна и општествено одговорна улога во промовирањето на родовата еднаквост, во деконструкцијата на родовите стереотипи, како и во идентификувањето и превенирањето на родово базираното насилство. Различни извештаи на релевантни граѓански организации и институции со години укажуваат на недостигот од урамнотежена родова застапеност во медиумското известување во Северна Македонија, што особено стана видливо во текот на пандемијата во 2020 година. Гласовите на жените, како и на многу маргинализирани групи, се изгубија во напливот на информации и дезинформации поврзани со пандемијата и со политичките настани, кои доминираа на медиумската агенда. Така, истражувањето на Инстотутот „Преспа“, спроведено во 2020 година, покажува дека жените во улога на експертки сочинувале помалку од 20% од вкупниот број соговорници во дебатните емисии на седумте телевизии на национално ниво, а разликата особено била видлива на теми како што се домашна и надворешна политика, економија, образование и социјални прашања или здравство. Анализата, пак, на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, спроведена во текот на изборната кампања во 2020 година, утврдила дека во дневно-информативните емисии на седумте национални телевизии во кои биле анализирани 1.378 прилози за изборната кампања, само три се однесувале на родовата тематика. Притоа, во вестите поврзани со изборната кампања, кандидатките биле застапени само со 10% наспроти кандидатите со 90%, претставничките на политичките партии со 4% наспроти партиските претставници со 96%, носителките на државни функции со 21% наспроти мажите на овие позиции со 79%, експертките со 16% наспроти експертите со 84% и аналитичарките со 18% наспроти аналитичарите со 82%. Традиционалните стереотипи во однос на улогите на мажот и на жената во семејството и во општеството се рефлектираат врз содржините во медиумите, кои понекогаш пренесуваат дури и понижувачки слики за жените. Ова понатаму влијае и врз улогата на жената во различни општествени области, како што се политиката, економијата, па и во секојдневниот живот. Внатре во редакциите, можеби бројот на новинари и новинарки е речиси изедначен, но затоа на раководните места – од уреднички до менаџерски, како и во сопственичките структури, доминираат мажите. Затоа, особено е значајно да се подига свеста меѓу уредниците, новинарите и сите медиумски работници за родовите прашања, при што, унапредувањето на знаењата од оваа област, треба да биде континуиран и систематски процес во текот на целата нивна кариера. Тоа ќе придонесе кон промовирање на принципите на родова еднаквост во медиумските содржини, како и кон поголема видливост на темите, проблемите и предизвиците што се однесуваат на родовите прашања. Целите кои се посочени во Истанбулската конвенција, која е најзначајниот документ за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, како и законската рамка во оваа сфера во Република Северна Македонија, треба да претставуваат основа за унапредување и промовирање на родовата еднаквост меѓу сите чинители во општеството. Медиумите и медиумските професионалци, пак, почитувајќи ги етичките и професионалните принципи кон кои треба да се придржуваат во нивната работа, имаат клучна улога во борбата против родово базираното насилство и промоцијата на принципите на родова еднаквост. Следните препораки може да послужат како насоки, првенствено за медиумските професионалци, но и за новинарските и медиумските здруженија при евентуални дополнувања на етичката рамка за медиумското известување со специфичен фокус на родовите прашања. Од друга страна, пак, овие препораки може да им бидат од корист и на сите релевантни чинители кои работат во областа на унапредување и интегрирање на принципите на родовата еднаквост во различни општествени сфери. Препораките можете да ги погледнете тука.
Rev Cover 1

Онлајн медиумите и промените во јавното информирање

Фото: Unsplash.com Комуникациските технологии не се неутрални кон информациите Една од основните поставки во комуникациските науки е дека медиумот не е неутрален кон информациите што ги пренесува. Медиумите не само што ги пренесуваат пораките, тие и ги обликуваат самите информации и влијаат како тие се примаат и се толкуваат. Начинот, пак, на кој се обликуваат медиумските пораки во едно општество, значајно влијае врз тоа како го разбираме светот околу нас.  Овој отклон од неутралноста на медиумот може да има различни облици, како на техничко, така и на човечко рамниште. Од техничка гледна точка, иста вест или информација добива различни форми и формати, на пример, во печатен весник, во телевизиски прилог или во вест објавена на некоја веб-страница. Според медиумските стручњаци, читањето весник е повеќе погодно за анализирање, промислување и критичко контемплирање за информациите што се примаат. Од друга страна, телевизискиот прилог ја забрзува комуникацијата и ја диктира еднонасочната комуникација меѓу медиумот и гледачот, така што му остава помалку време и можност на гледачот за подлабока анализа на информациите што ги следи. Сложени теми во телевизиските прилози се „набиени“ во времетраење од две до три минути, а некогаш и помалку. Дополнително, истражувачите потврдуваат дека во ТВ-прилозите доминира визуелната страна на информацијата. На пример, прикажувањето осомничено лице со лисици на рацете во телевизиски вести, значително влијае врз ставовите и реакциите на гледачите. Ваквиот визуелен приказ ги наведува да поверуваат дека осомничениот е виновен, пред да бидат познати другите информации. Во ваков тип случаи, медиумската форма на информацијата може негативно да влијае врз презумпцијата на невиност на обвинетото лице, особено ако новинарскиот приод го експлоатира овој визуелен аспект на телевизијата како медиум.  Во ерата на телевизијата и на визуелните медиуми за публиката станува особено важно не само што се кажува, туку и како изгледа оној што се обраќа преку медиумите. Од првата телевизиска дебата за претседателските избори во САД во 1960 година помеѓу Џон Ф. Кенеди и Ричард Никсон, во политичката комуникација расте влијанието врз гласачите не само од она што го кажуваат политичарите, туку и како го кажуваат тоа, а и како изгледаат тие.  Овие варијации во влијанието на медиумите врз самите информации и содржини, еден Маршал Меклуан, еден од најпознатите теоретичари на медиумите, ги нарекува „латентни функции на новите технологии“. Во нив се огледа длабинското, но и дополнителното или несаканото влијание на медиумите врз комуникацијата и информациите.  Како онлајн медиумите го менуваат јавното информирање Под онлајн медиуми се подразбираат уреди и содржини што се достапни преку интернетот. Некои од главните придобивки во информирањето преку онлајн медиумите се: достап до голем број информации, 24-часовно објавување и ажурирање на информациите, најголем дел од информациите се бесплатни, а многу важна е и лесната достапност на информациите на различни локации преку мобилните уреди.  Главната промена што интернетот ја носи во информирањето, пред сè, е извонредно големото количество нови информации. На големиот број телевизиски канали што им се достапни на гледачите преку локалните и сателитските оператори, за публиката дополнително стануваат достапни и огромен број онлајн извори на информации. Овој квантитативен (и квантен) скок на информациите е проследен со редица појави што влијаат врз квалитетот на информирањето. Според студијата на Универзитетот во Калифорнија - Сан Диего, дневно примаме повеќе од 34 гигабајти информации, во форма на текст, звук или слика. Во студијата се наведува дека „нашиот мозок е способен да ги прими и да ги обработи овие информации, но одредени штетни последици од ваквиот наплив не можат да се исклучат“. Овој зголемен комуникациски наплив и тенденција да консумираме што повеќе информации влијае врз тоа како ги примаме и колку квалитетно ги обработуваме информациите.  Американскиот психијатар Едвар Халовел (Edward Hallowell), според истиот извор, наведува: „Никогаш порано во историјата на човештвото нашите мозоци не биле подложени на таква напорна работа во примањето информации. Денес имаме генерации луѓе што со часови поминуваат пред мониторите на своите компјутери, таблети и паметни телефони, и кои се толку зафатени со процесирање на овие информации, што се случува тие да почнат да ја губат способноста да мислат и да чувствуваат. Најголем дел од овие информации ги примаат површно. Луѓето го напуштаат целовитото информирање, емоционалното поврзување и врските со другите луѓе“.  Големиот број информации го отежнува процесот на нивно поврзување во посложени целини, кои можат да ни дадат појасна слика за општествената реалност и за случувањата за кои се информираме. Денес луѓето знаат сè повеќе за сè помалку работи, а квантитетот на информациите суштински го усложнува квалитетното информирање. Ако телевизискиот прилог го забрза информирањето од десетина минути потребни за читање подетална статија во весник, на две-три минути гледање ТВ-прилог, тогаш онлајн медиумите ова време дополнително го забрзаа и го скратија времето за информирање. Читањето одредена вест онлајн, често се сведува на само неколку секунди, колку што им е потребно на корисниците да прегледаат некоја објава на интернет.  Треба да се издвојат неколку главни причини за овие процеси. Пред сè, форматот во објавите на информациите, на пример на социјалните мрежи, има големо влијание врз тоа како се информираме за сите теми преку овие платформи. За преглед на објавите на т.н. „персонализирани фидови“ на социјалните мрежи, доволни се само неколку секунди. Истражувањата потврдуваат дека на социјалните мрежи одвојуваме приближно исто време за преглед на некој статус или фотографија, како и за читање вести. Помалку од 15-20 проценти од вестите пренесени преку социјалните мрежи се читаат целосно, во зависност од интересот на корисникот за темата на веста. Сличен комуникациски контекст за вестите опстојува и на веб-страниците каде што преовладува форматот на натрупаност на вести и линкови на почетната страница на онлајн медиумите. Оваа квантификација и забрзување во примањето информации, комуниколозите го опишуваат како главна причина за „трансформација на симболот преку знак во сигнал“. Со други зборови, многубројните и комплексните информации се поедноставуваат и преминуваат во сигнални информации проследени со „редуциран тип предусловени реакции“ на читателите. На ваквите сигнални информации реагираме недоволно свесно и автоматски. Поедноставено кажано, замислете како се движите со голема брзина по автопат и се обидувате да ги читате написите на билборди покрај патот. Она што можете да го примите како информација е многу ограничено и предусловено од брзината со која ги проследувате пораките.  Социјалните мрежи ја приближуваат публиката кон медиумите, но медиумите за тоа плаќаат одредена цена. Понекогаш цената е изразена во пари, кои медиумите им ги даваат на социјалните мрежи за платени објави до поголема публика, но цената за лесен достап до многубројна публика многу почесто се драстични промени во формата и содржината на вестите. Овие промени покажуваат тенденција да ги деформираат новинарските формати и стандарди. На пример, честа практика е веста да се изедначува со насловот, а целата информација што авторот сака да ја пренесе да биде дадена во насловот. Па, така, во насловите може да најдете не само проширени реченици, туку и сложени реченици и цели пасуси. Исто така, во насловот често се сместува не само веста, туку и информација за рубриката, заклучокот и коментарот на авторот (ФОТО+ВИДЕО, СКАНДАЛ, НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА и други слични кованици). Вообичаена практика кај онлајн медиумите е насловот да се приспособува во своите граматички форми (како извик или во императивна форма), со цел да го привлече вниманието на читателот. Во овие појави на т.н. „кликбејтинг“ (мамење кликови) можат да се регистрираат случаи кога содржината на насловот е во спротивност со самата содржина на веста, со единствена цел да се намами читателот да ја прочита веста.   Онлајн медиумите ја менуваат содржината со цел да ја приспособат за објавување на интернет и за социјалните мрежи, па, на пример, ако една новинарска сторија вклучува три релевантни страни, во практиката на онлајн медиумите ова се разрешува така што нема да се вклучат трите страни во една новинарска објава, туку тие ќе се поделат на неколку објави, во кои различните страни можат, но и не мораат, да имаат свои посебни изјави и коментари. Ова на онлајн медиумите им носи поголема посета и кликови, но во суштина ги деформира и ги обесмислува новинарските формати и професионалните стандарди за тоа како се прави вест. За жал, ваквите „трикови за кликови“ ги диктираат стандардите како се пишуваат вести, само затоа што носат поголема посетеност. Исто така, квантификацијата на информациите ја еродира авторската позиција во онлајн медиумите. Објавување на името на авторот е вистинска реткост во македонскиот онлајн простор, голем дел од содржините се копираат и се преобјавуваат, и се случува парадокс да има повеќе вести, но помалку информации. Ова бледнеење на позицијата на новинарот како автор носи низа негативни последици и отвора простор за различни манипулации и објавување политичка и економска пропаганда во форма на новинарски содржини. Каков приод е потребен кон информирањето и онлајн медиумите? Од наведените примери е јасно дека покрај многубројните предности, онлајн медиумите длабински го менуваат процесот на информирање, а дел од овие промени имаат изразено негативно влијание врз професионалното новинарство. Таблоидизацијата на традиционалните медиуми кај онлајн медиумите се засилува и станува норма за информирањето. Забрзувањето, визуализацијата и минимизацијата на новинарските формати име сериозни негативни последици врз практикувањето на професионалните стандарди во информирањето. Дополнително, во истражувањето на Институтот Ресис се наведува дека „За публиката на возраст од 15-18 и од 19-29 години, карактеристично е тоа што интернетот е доминантен извор на информирање за домашните настани (85 отсто)“. Кај другите демографски групи од 30-39 и од 40-49 години, се забележува релативно балансирано информирање и од телевизијата и од интернетот, а кај третиот сегмент, испитаниците на возраст над 50 години, телевизијата е најчест извор на информирање.  Ваквото растечко влијание на онлајн медиумите во информирањето бара соодветни приспособувања и промени не само на медиумите туку и во општеството. Oва е особено важно за земји како С Македонија каде што онлајн медиумите веќе неколку изборни циклуси се вклучени во Изборниот законик за добивање субвенции од државата во изборниот период и се заведени под терминот „електронски медиуми (интернет-портали)“. Граѓаните, а особено младите што се наоѓаат во фаза на оформување на своите навики за информирање, немаат системска или поорганизирана поддршка во едуцирањето како правилно да се информираат преку интернет и како да се заштитат од манипулациите. Оваа проблематика е препуштена на активности во граѓанскиот сектор и на други приватни иницијативи. Сè поголемото влијание на онлајн медиумите едноставно не дозволува негово игнорирање од образовниот систем, но и од самото општество. Образованието е најдобар приод, кој во комбинација со јакнење на медиумската култура и медиумскиот професионализам, може значително да помогне во надминување на главните предизвици и проблеми во јавното информирање. Неопходен е повеќестран и инклузивен пристап за да се приспособи општеството кон овие длабински промени во медиумите, сè со цел да се утврдат новите норми и стандарди што ќе го заштитат јавниот интерес и професионализмот во информирањето. Автор: Сеад Џигал   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Rev 2 Naslovna

Кој утврдува што е дезинформација?

За разликата помеѓу фактите, мислењата и убедувањата Фактите се проверливи информации, чија точност може да се испита и да се потврди. Точноста на фактите не зависи и не може да биде порекната од ставови и од мислења што се однесуваат на самите факти. На пример, „Во Клиниката за инфективни болести во Скопје на 26 февруари 2020 година е регистриран првиот случај на коронавирусот во Македонија“ (Ф1) е фактичка информација, која може да се провери и да се потврди. Мислењето е лична или групна процена или став кон фактите. Мислењето и ставовите произлегуваат од обидите или од потребата да се коментираат фактите, да им се даде пошироко значење и смисла на фактите, или, пак, да се изведе некој заклучок. Од горенаведената фактичка информација можат да се изведат различни мислења, ставови или заклучоци (М1: Првиот случај на коронавирусот во Македонија е брзо идентификуван поради добро организираните здравствени протоколи и превентивни мерки, М2: Македонија дозволила влез на заразени лица во земјата поради лошо организираните здравствени протоколи и превентивни мерки). Значењето на самото мислење или став зависи од начинот на кој се толкуваат фактите. За да мислењето и ставот бидат уверливи или убедливи, потребно е на читателот да му биде јасно презентирано од кое стојалиште се толкувани фактите и како се изведени заклучоците. Убедувањето, или верувањето, пак, е широко проширен став или верување што се засновува на лична или на групна верба како дел од одредена култура, морален код или вредносен систем. За верувањата и убедувањата најчесто е тешко да се спори бидејќи тие се засновуваат на определба и верба во нешто што го сочинува личниот или групниот идентитет и култура. На пример, верувањето на скиентолозите дека животот на Земјата потекнува од вонземјанска животна форма наречена Ксену е тешко проверливо во фактографска смисла, слично како и верувањето во Индија дека кравата е свето животно. Без да навлегуваме премногу во антрополошките и во филозофските аспекти на овие поими, важно е за потребите на оваа анализа да се каже дека улогата на медиумите денес во формирањето на мислењата, ставовите и убедувањата е исклучително важна. Огромен дел од нашите ставови се засновани на информации што ги добиваме од медиумите и ако во нив не постои правилно филтрирање на фактите од погрешните и од лажните информации, сите овие важни процеси, какви што се оформување ставови и мислења, можат сериозно да бидат поткопани и нарушени. Медиумите ја имаат особеноста преку избирање на информациите и на содржините што ги објавуваат (т.н. „програмска рамка“ или „agenda setting“) да одредуваат и да насочуваат какви ставови и расположенија ќе преовладаат во општеството. Една од основните комуникациски теории за медиумите вели дека „Медиумите денес не можат да ви наложат ШТО да мислите, но можат многу лесно да ви наложат НА ШТО да мислите“. Така тие го условуваат, но посредно и го наложуваат, оформувањето на јавното мнение. Информациите што се сеприсутни во медиумите, по пат на повторување и условување, лесно стануваат проширено убедување или став, често и без да бидат фактички издржани. Во такви ситуации велиме дека медиумската реалност надвладеала и станала општоприфатено убедување во општеството. Овој ефект на сеприсутност на одредени информации многу е полесно да се постигне денес во ерата на онлајн медиумите. Информациите не само што лесно се пренесуваат, туку и многу лесно се реплицираат и се умножуваат на различни платформи и во различни медиуми. Токму затоа треба да се напомене дека новиот тип т.н. „копи-пејст новинарство“, каде што одредени вести автоматски се копираат и се објавуваат на голем број медиуми, има и свои подлабински медиумски ефекти. Вообичаено, тоа е креирање широко прифатени мислења само врз основа на автоматско умножување и ширење, што може да предизвика лажно убедување дека сеприсутноста на овие информации, всушност, значи дека станува збор за факти. Кој утврдува што се факти, а што дезинформации? Во медиумските содржини има многу информации што не е можно докрај да бидат проверени и тие мора да бидат надополнети со мислења или претпоставки. Исто така, новинарите и медиумите, поради свои лични убедувања и интереси, често ги мешаат информациите и мислењата, или ги презентираат личните ставови како информации, што доведува до нарушување на објективното, или поточно кажано, непристрасното информирање. Во ваква ситуација се потпираме на ставовите на поединци или групи во кои имаме доверба. Довербата е клучен фактор во оформувањето на ставовите затоа што го поедноставува и го олеснува тој процес. Секако, довербата е флуктуирачки поим, т.е. довербата може да ја стекнеме или да ја загубиме во некого или во нешто зависно од нашето искуство. На пример, авторитетот на црквата во средниот век бил пресуден да преовлада убедувањето оти тврдењата на Џордано Бруно дека Земјата е топка се лага и ерес. Џордано Бруно, иако ги поседувал своите проверени факти, сепак бил соочен со отпорот на проширеното убедување дека Земјата е рамна и дека таа е центарот на универзумот. Можеме да заклучиме дека проширените убедувања често имаат потенцијал да ги надвладеат фактите. Токму затоа е многу важно како се одвива процесот на селектирање на фактите и филтрирање на информациите во медиумите, како и бирањето на тоа кои теми треба да бидат покривани од медиумите. Вистината во една општество, најчесто, се сведува на она во што верува мнозинството. Важно е тука да се напомене дека оној кој одредува што се факти и лажни информации во едно општество, треба да ја заслужува довербата во овој процес на филтрирање на информациите. Довербата кон овие чинители во општеството подразбира одговорност и грижа за општиот и јавен интерес, бидејќи без доверба општеството не може правилно и ефикасно да функционира. На првата линија на оваа одговорност да обезбедат доверба во кредибилитетот на јавните информации се институциите на системот, стручните служби, науката, едукаторите, истражувачите, експертите, припадниците на граѓанскиот сектор кои имаат искуство и работат во различни области од јавен интерес, и секако новинарите, кои треба да бидат прв сојузник на граѓанинот во точното информирање.  Кој утврдува што се факти, а што дезинформации во Македонија? Во подготовките за моето учество на Меѓународната конференција за општествени науки во Скопје (ICSSH2021) во текот на мај и јуни 2021 меѓу другото истражував и како јавноста во Македонија се информира за дезинформациите и за лажните вести, односно кои чинители во општеството проверуваат, утврдуваат и потврдуваат што е лажна вест или дезинформација. Исто така, во истражувањето една од клучните цели беше да се утврди дали критички и аналитички се следи овој процес на проверување на информациите и на јавното информирање за нив, кои извори се користат, и генерално дали постојат корективи како се употребуваат овие поими во јавниот дискурс и во информирањето. Во дел од анализираните податоци за периодот од 01 мај до 8 јуни 2021 година, добиени се следните резултати: Графикон 1: Извори за тврдења за тоа што е дезинформација или лажна вест Во 30 отсто од објавените вести и јавни информации во медиумите во кои се тврди дека нешто е дезинформација или лажна вест, извори за овие информации се политичари. Дополнително, во 15 отсто од објавените вести, извор за тоа што е дезинформација или лажна вест се политички партии. 18 отсто од овој корпус на информации припаѓаат на јавните институции, по 6 отсто на новинарите и на невладините организации, и само 2 отсто за експертите и 1 отсто за проверувачите на факти. 21% наведени во графиконот потпаѓаат под интервенциите и маркирањето на онлајн платформите, како на пример, Фејзбук и Твитер, за тоа што е дезинформација или лажна вест. Дополнително, во ова истражување, покрај распределбата во користењето на овие извори, беше утврдено дека во над 95 отсто од случаите овие извори се единствениот користен извор, односно нема дополнителна новинарска обработка на информациите во објавената вест. Тврдењата на овие извори дека нешто е лажна вест или дезинформација не се проверува дополнително и не се вклучува втор или трет извор што би дал дополнителни информации. Конкретните бројки во ова истражувања варираат во зависност од општествените актуелности, на пример, дали се работи за предизборен период или не, но тенденциите се мошне јасни. Во утврдувањето на тоа што се дезинформации, најголемо влијание имаат политичките субјекти (речиси во половина од случаите), а медиумите многу слабо се посветени на проверката на овие тврдења и на нивното преиспитување. Експертите и проверувачите на факти се вклучени во само 3 отсто од вестите за дезинформациите. Овие трендови се загрижувачки и ја покажуваат тенденцијата на политичките чинители да го контролираат не само креирањето на дезинформациите за политички потреби и интереси, туку и да го преземат приматот и контролата врз тоа што се прогласува за дезинформација и лажна вест. Главните причини за ова, секако, се недоволното професионално работење на поголемиот дел од медиумите, слабата критичка свест во јавноста и растечкото влијание на интернетот и на онлајн медиумите, каде што токму овие стандарди, на пример на вклучување повеќе релевантни извори во една вест, сè помалку се почитуваат. Општествената свест за важноста на овие процеси мора континуирано да се подобрува и неопходно е да се зголемат напорите за зајакнување на професионалноста во работата на медиумите и во почитувањето на новинарските стандарди. Автор: Сеад Џигал   ------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------ Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
21 Web Rabotilnica

Преку инклузивно новинарство до поголема вклученост на лицата со попреченост во заедницата

Новинари и претставници на граѓански организации членки на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, учествуваа на работилница за инклузивно новинарство и генерирање теми за видео стории поврзани со застапување на правата на лицата со попреченост. Целта на работилницата е да придонесе во унапредување на соработката меѓу новинарите и граѓанските организации кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост, преку заедничка работа на видео стории кои ќе обработуваат различни теми поврзани со проблемите на лицата со попреченост.  На работилницата свои излагања имаа Марина Тунева, директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија и Даниела Драштата, уредничка во Хрватската радио телевизија. Tунева се осврна на сликата на лицата со попреченост во медиумите, на проблематичните аспекти во известувањето за нивните права и како преку инклузивно новинарство да се унапреди известувањето за овие категории граѓани. Гостинката од Хрватската радио телевизија низ примери од праксата посочи како треба да се конципира новинарското известување со цел да се поттикне поголема инклузија на лицата со попреченост. Претставниците на граѓански организации членки на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија ги презентираа клучните проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост. Меѓу другото тие ги истакнаа проблемите со квалитетот на здравствена заштита во текот на пандемијата, ограничените можности за вклучување во заедницата, непочитувањето на правилата за пристапност при изградба на објекти и реновирање на јавни површини, недоволна асистенција за децата со попреченост во образованието, недостапност на интернет и дигитални уреди итн. Новинарите кои што учествуваа на работилниците, во соработка со претставниците на граѓанските организации ќе ги обработат овие теми низ видео стории со цел да ја покренат свеста на јавноста за овие проблеми и да извршат притисок кон надлежните институции да преземат соодветни мерки. Работилницата беше организира во рамки на проектот „Партнерство, застапување и комуникација за ефикасна инклузија на лицата со попреченост“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мовилитас.    
Hackathon Mk 1 Web

Млади иноватори со идеи за превенирање на „тролингот“ и едукација за медиумската реалност

„Не се тролај“ е победничката идеја на тридневниот хакатон, на кој учествуваа млади луѓе од неколку градови од Македонија, поделени во 3 тима. Најдоброто предлог-решение го третира проблемот со „тролингот“ на социјалните медиуми, како еден од најчестите облици на сајбер малтретирање по различни основи. Победничкиот тим понуди решенија за креирање и промовирање на „troll-free“ средини на социјалните медиуми, преку утврдување кодекс на однесување што ќе го превенира „тролингот“, особено кон девојчиња и жени активни на социјалните медиуми. Целта е да се воспостави еден вид саморегулација на различните заедници на социјалните медиуми, кои треба да го прифатат кодексот на однесување за да станат и да бидат обележани како „troll-free“ средини, безбедни за корисниците. И преостанатите два тима понудија исклучително квалитетни и интересни идејни решенија на тема „Јуниор Детектив“ и „Избери ги твоите вести“. Идејата „Јуниор детектив“ нуди сет од решенија за едукација на учениците за основните принципи на медиумската писменост преку едукативни игри, разговори со нивните омилени инфлуенсери  и кратки интерактивни предавања за светот на медиумите и медиумската реалност. „Избери ги твоите вести“ претставува идејно решение за мобилна и десктоп апликација која ќе понуди едукација за медиумската писменоста и алатки за информирање на младите околу можностите за поактивно вклучување во јавната сфера.   Хакатонот „#YouthForMILSolutions“ се одржа од 26 до 28 април 2021, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиуми“, што го спроведуваат неколку медиумски организации од Западен Балкан, меѓу кои и МИМ, со финансиска поддршка од Европската Унија. За време на хакатонот, учесниците разменуваа идеи и се натпреваруваа во користење на знаењата од областа на медиумската и информациската писменост. Целта беше да осмислат иницијативи и иновативни решенија за ефективно препознавање и наменско користење на информации од јавно достапните медиумски извори, како и да понудат решенија за сузбивање дезинформации и други негативни појави на дигиталните медиуми. Во текот на првиот ден учесниците се запознаа со неопходните чекорите што треба да се поминат за една идеја да стане реалност, како и со клучните техники за презентирање на  идеите пред заинтересираните страни. Преку практични вежби се подготвуваа за она што следи – осмислување и презентирање на сопствени идејни решенија. На вториот ден од хакатонот учесниците дознаа корисни совети како да се заштитат од дезинформации и како да ги „продадат“ своите идеи со користење алатки за визуелизација и за креирање мултимедијални презентации. За време на финалниот работен ден, младите иноватори ги финализираа идејните решенија и ги презентираат пред жирито. Учесниците понудија исклучително квалитетни идеи, детално разработени, со конкретни чекори за реализација. Предлог-решенијата значително можат да им помогнат на младите во подигнување на свеста и унапредување на знаењето за светот на медиумите, за опасностите кои ги демнат во дигиталната реалност, како и за основите начини на безбедно користење и споделување информации на интернет.
Cover 3 11 2020 3

Второ издание на програмата за студенти по новинарство за дигитална медиумска продукција

Медиумската сцена и современите трендови во новинарството, од „другата страна“ на екранот, мобилен новинар=човек редакција, интернетот како извор на информации, една слика 1000 зборови. Ова беа само дел од темите на еднонеделната работилница, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во рамки на програмата за дигитална медиумска продукција, наменета за студенти по новинарство. Годинава во програмата учествуваат студенти по новинарство од Правниот факултет „Јустинијан први“ и од Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје. Тие, покрај учеството во работилницата што ја водеа истакнати новинари, уредници и медиумски професионалци, во следниот период ќе посетуваат тринеделна пракса во медиуми во земјава. Еднонеделната работилница им овозможи на студентите да се запознаат со глобалните трендови во новинарството и производството на информативни содржини, но и практично да застанат од другата страна на екранот во улога на ТВ-репоретери. Во текот на работилницата, студентите дознаа што продразбира концептот на „мобилно новинарство“, ги надградија вештините за пребарување и верификација на информации на интернет и научија како правилно да фотографираат. Програмата се организира во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс (www.albanyassociates.com), заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.    
Obuka 15 10 2020

Онлајн обука за ГО: Медиумска писменост и продукција на медиумска содржина со мобилен телефон

Што е медиумска писменост и зошто е таа важна, што претставуваат информациски нарушувања, како се создаваат претставувањата и стереотипите во медиумите беа само дел од темите на првиот дел од онлајн обуката за претставници на граѓанските организации што ја организираше Македонскиот институт за медиуми. Учесниците имаа можност да научат и како се креира релевантна содржина со помош на мобилен телефон и нејзино прилагодување за различни социјални медиуми. Дел од темите опфаќаа и употреба на апликациите за снимање и едитирање на мобилен телефон, како и запознавање со основите на монтирање на снимениот материјал. Делот од обуката што се однесуваше на теми поврзани со медиумската писменост го водеше Михајло Лахтов, обучувач и експерт за медиумска и информациска писменост, а Александар Манасаев, долгогодишен новинар и уредник, ги воведе учесниците во основите на создавање медиумска содржина со помош на мобилен телефон. Обуката беше последна од серијалот обуки за медиумска писменост наменети за граѓански организации што се организираа во рамки на регионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", со поддршка на Европската Унија.    
Lvnn

Повик за учество на онлајн обука за медиумска и информациска писменост и продукција на медиумски содржини

Македонскиот институт за медиуми организира обука за медиумска и информациска писменост и продукција на медиумски содржини наменета за претставници на граѓански организации од земјата. Обуката ќе се одржи на 15 октомври, 2020 година, од 10:30 до 13:45 часот, преку онлајн платоформата ZOOM. Обуката е наменета за оние кои сакаат да ги унапредат своите познавања и вештини за концептот на медиумската писменост како и за продуцирање на медиумски содржини со користење на мобилен телефон (mobile journalism – MOJO). Сите заинтересирани учесници може да се пријават преку е-пошта: ivonae@mim.org.mk најдоцна до петок, 09 октомври, до крајот на денот. За дополнителни информации во врска со обуката, можете нѐ контактирате на: ivonae@mim.org.mk на телефонскиот број: 02 30 90 144.   Обуката се организира во рамки на проектот „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Јакнење на капацитетите на граѓанските организации за развој на медиумската и информациската писменост на Западен Балкан“ со поддршка на Европската Унија.