Во Кодексот на новинарите на Македонија ако сите други членови се од по неколку реченици, членот 13 е најкраткиот. Краток и јасен: „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“. Мешањето на веста и коментарот е еден од најчестите и најголеми проблеми во новинарството. Исто како неправењето разлика меѓу фактите и мислењето. По својата штетност тоа е блиско со лажењето, премолчувањето, дезинформацијата и манипулацијата. Со нив се нарушуваат сите професионални и етички норми пропишани во новинарските кодекси.
Денес, нарушувањето на овој член е доминантно кај онлајн медиумите, или вообичаено кажано, кај порталите. Таму најчесто се вработуваат млади новинари кои понекогаш имаат порив да се зафатат да коментираат без вести и без факти, а тоа како да е добредојдено за уредниците. Па, ја потхрануваат суетата на тие новинари кои на тој начин завршуваат нарачана работа. Затоа таму често има коментари без вести за кои се чини дека се дело на нечиј „колективен“ труд, надвор од нивните редакции.
Претпоставка е дека во Македонија најголемиот број новинари се образувани на студии по новинарство. И дека знаат каде завршува веста, а каде почнува коментарот. А, ако не знаат тогаш е професионален дефект. Па, лесно се потпаѓа под влијание на сопственици, уредници, политичари, соговорници. И уште полесно се раѓа пристрасност, едностраност, тенденциозност.
Една невладина организација, до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, поднесе претставка за портал во кој бил публикуван текст дека таа организација и една странска амбасада ги „дискриминираат Албанците и албанските медиуми во Македонија“. Жалителот укажа дека се изнесени невистини и неточности. При разгледувањето на жалбата, Комисијата утврди дека порталот пишува:„ Оваа амбасада, која промовира високи вредности на европската демократија не најде за сходно да ги направи проектите што се финансираат за доброто за граѓаните на Македонија, достапни и за публиката, албанскиот читател и гледач“. Потоа, се пишува дека последната кампања на организацијата „е јасен доказ дека се случува крајна дискриминација кон граѓаните Албанци“. Комисијата утврди дека погоре искажаното е дезинформација и манипулирање на политиката. Медиумите и новинарите имаат право на свое мислење, но претпоставките и ставот на авторот треба да ги спречат манипулациите.
Новинарите, како и секој поединец, имаат право на мислење. Имаат право да искажат вредносен суд, но не треба да се обидуваат своето мислење да го камуфлираат како факт. Проблемот кај нашите новинари и медиуми, како што покажува искуството од работата на Комисијата за жалби, најчесто е што искажуваат мислења непоткрепени со факти или, пак, се искажуваат туѓи „нарачани“ мислења кои се „продаваат“ како свои, но и тука се повторува грешката – непоткрепеност со факти.
До Комисијата за жалби беше поднесена претставка од еден жалител против неколку портали. Се работеше за ист или малку изменет текст објавен во сите нив. Во жалбата се наведуваше дека текстот содржи неточно и нефер известување, пристрасност во информирањето, незастапена втора страна, дискриминација и клевета. Ниту еден од медиумите не одговори на жалбата.
Комисијата утврди дека се работи за текст кој пренесува информација од обраќањето на јавна личност од невладина организација на јавната дебата за Законот за јавно обвинителство во Собранието. Начинот на кој е обработен текстот не нуди објективна информација и согледување на сите значајни аспекти на темата за која што се говори. Содржината е тенденциозна и со елементи со политичка заднина. Независно што содржината на текстот е преземена од еден портал, па друг од него, па трет од вториот, текстот изобилува со исти коментари во сите портали и исти непоткрепени тврдења, кои во еден дел се базираат и на фотографија. Па, се тврди дека фотографијата покажува како граѓанскиот активист е инструиран од политичарот. Небаре од фотографијата се слуша што разговараат! Комисијата најде дека во текстот е прекршен членот 13 од Кодексот на новинарите. Тоа е особено нагласено во следните реченици: „Омилениот невладино-владин претставник испрати директна закана до македонските пратеници дека доколку не се донесе Законот за јавно обвинителство, тој со неговата „шарена“ тајфа ќе излегле на улица. Она што министерката не можеше да го каже го кажа граѓанскиот активист, па наместо експертско мислење тој ширеше политичка пропаганда на експертската расправа“.
Коментарите често пати се дело на нечиј „колективен“ труд, надвор од нивните редакции. Таков беше впечатокот на Комисијата за жалби кога ги виде текстовите за кои беа поднесени претставки. И тоа две претставки за два медиума, независно еден од друг, а на иста тема. Приватна болница станала цел на отворен напад од министерот за здравство од аспект на валидноста на тестовите што ги прави таа клиничка болница. Членовите на Комисијата во текстовите препознаа извесна тенденциозност во насока да се одбрани нечиј став или интерес. Се работеше за текстови понудени како осврти, ама без автори. Комисијата се согласи дека, и покрај тоа што новинарот има право да отвора дилеми и да изразува сопствени мислења и сомнежи, новинарската форма коментар не смее да биде ослободена од фактичката точност и објективно информирање.
Комисијата утврди дека е нарушен членот 13. Тоа се гледа и од ставот на непознатиот автор: „Дека во овој субјективен напад од страна на министерот врз приватната болница има политика посочува и моделот по кој тоа се случува. Како што секогаш бива, партиските напади на СДСМ врз некого почнуваат од нивните невладини организации и портали, медиуми, а потоа следува егзекуција од партијата и власта. Така се случува и со приватната болница“.
Или пак: „За упатените во бизнисот, нападот врз приватната болница се случува затоа што болницата со резултатите од тестирањата ќе покаже дека тактиката на властите е со мал број на тестирани да се скрие вистинскиот број на заболени или носители на вирусот за да не се создава паника ниту простор за критика на институциите“.
Во освртите, колку и да имаат авторите слобода, мора да биде јасно разграничено што се факти и информации, а што коментар и мислење, претпоставка или став на авторот за да се избегнат дезинформирање и манипулирање со публиката. Во овој случај со ништо не се поткрепени тврдењата од типот: „субјективен напад“, „партиските напади на СДСМ врз некого почнуваат...“
Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).
Едукација
Судирот меѓу правото на приватност и правото на слобода на изразување и информирање е честа појава. Во такви ситуации секогаш се прави баланс меѓу правото на заштита и приватноста и правото на јавноста да знае. Сепак, доколку надвладее правото на јавноста да биде информирана, односно се утврди висок јавен интерес за прашањето во кое одредена личност е инволвирана, тогаш ограничувањето на правото на приватност треба да биде во разумни рамки и до одреден степен. Затоа нема едно исто решение за секоја ситуација, тука сите случаи мора да се разгледуваат посебно. Ниту правото на приватност, ниту правото на слобода на изразување се апсолутни права. Ограничувањата се ценат во согласност со контекстот, степенот на јавен интерес и субјектот за кого станува збор.
Што вели Кодексот на новинарите?
Правото на приватност во медиумите, во рамки на Кодексот на новинарите на Македонија, го разгледуваме низ призмата на јавниот интерес.
Член 7 „Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.
Принципот на почитување на приватноста во професионалното новинарско известување, во согласност со Кодексот, опфаќа повеќе потточки. Овој член го посочува правото на јавноста да знае за луѓето кои се избрани да му служат на јавниот интерес, како носители на јавни функции, политичари, итн. Истовремено, посочува да се земат предвид повеќе ситуации во кои новинарите би требало да посветат повеќе внимание при одредување на границата и ограничувањето на правото на приватност. Дополнително, ја истакнува и должноста на новинарите „да ја почитуваат личната болка и жалост“, истакнувајќи ја на тој начин сензитивната природа на информациите кои задираат во приватноста кога се известува во вакви случаи. Па, така „информации за приватниот живот на одредена личност можат да бидат објавени само доколку однесувањето на таа личност во приватниот живот има влијание врз јавниот интерес. Во такви ситуации треба да се провери дали објавувањето на информацијата би можело да загрози некоја друга личност“.
Имајќи го предвид интересот на јавноста за јавните личности, честопати се прибегнува кон објавување на информации за нив кои не се релевантни за општата јавност. Овој член ја предвидел и таа ситуација, исклучувајќи ги како оправдани известувањата заради сензационализам, атрактивност, манипулација со емоции, итн.
Правото на приватност не е исклучено и да се разгледа делумно преку член 8, во ситуации кога се известува во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки, да се почитува пресумпција на невиност и да не се сугерира пресуда“.
Овој член повеќе е во насока на заштита на приватноста преку обработката на податоци за субјектите (имиња, фотографии, фотографии или снимки од настан, снимки од лице место, судски постапки, итн.) кои се дел од новинарските известувања во ситуациите кога се жртви на злосторства, несреќи, сторители, и др.
И во двата члена кои го третираат правото на приватност од различен аспект, новинарите се должни да прават баланс.
Што вели праксата?
Праксата покажува дека медиумите не прават соодветен баланс меѓу правото на приватност и јавниот интерес. Па така, се среќаваат примери кога за неименувано лице, кое не е ниту функционер ниту политичка личност, се објавуваат податоци за неговиот приватен живот, информации од приватниот живот и фотографии кои задираат во личниот живот на субјектот. Во оваа ситуација нема никаков интерес јавноста да ги знае тие информации. При заштитата на поединците се прави разлика меѓу заштитата на „обичниот“ граѓанин и заштитата на јавната личност. Во овој случај, се работи за поединец којшто не е дел од јавниот живот, ниту, пак, има овластувања над заштитени интереси во државата.
Во друг случај, пак, иако се работи за позната јавна личност и секоја нејзина постапка беше следена во јавноста со висок интерес, поради функцијата која ја обавуваше, Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите одлучи дека во новинарското известување за погребот на нејзината мајка постои нарушување на член 7. Содржината на прилогот недвосмислено произлегува од јавниот интерес, но токму поради чувствителноста на темата, личната болка и жалост, новинарот мора да внимава на изборот на зборови, наместо да користи јазик кој содржи елементи на сензационализам. Правото на јавноста да знае не може да биде оправдување за потребата од сензација.
Во друг случај, пак, правото на приватност беше прекршено не водејќи сметка за правото на презумпција на невиност, односно никој не е виновен доколку не се докаже спротивното. Во овој пример, гаранциите се во насока на балансирање меѓу она што е од јавен интерес (судската постапка, инволвирани правни субјекти, поврзаноста на субјектите итн.), она што може да задира во високи јавни интереси заради заштитени државни интереси и спроведување на правдата, но никако не смее новинарското известување да претполага пресуда пред тоа да биде утврдено со правосилна судска пресуда. Во таа насока, новинарите мора да се залагаат за објавување на помал обем на податоци со кои би дошло до целосно идентификување на жртвите/извршителите и да се пристапи кон минимизација на личните податоци.
Освен новинарските текстови, тука се и фотографиите, но и видео снимките. Еден таков случај, лицата за кои веќе во текстот имаше доволно информации за нивната здравствена состојба, беа препознатливи и можеше да се направи физичко идентификување. Анонимизација на видео материјалот е техничка мерка која мора да се направи, во спротивно станува збор за прекршување на правото на заштита на податоци и правото на приватност.
Уште еден пример каде правото на приватност е прекршено, е објавата на фотографија, сликана на јавно место, на која физички може да се идентификува одредено лице, но не може да се поврза со насловот („Лето, сонце, забава на плажи“ ), ниту, пак, со содржината на новинарскиот текст. Овде има неколку прекршувања:
Преземање на фотографија без согласност од субјектот, кој не е јавна личност, ниту задира во општествениот живот од висок јавен интерес
Преземање на податоци, односно реобјава на податоци (фотографија од интернет, од друг портал) без негова/нејзина согласност
Неизвршена анонимизација на фотографијата.
Иако се работи за фотографирање на јавно место, сепак можноста да се идентификува за кое лице станува збор и ставањето во одреден контекст и тоа како ја нарушува приватноста и угледот на споменатото лице.
Истите стандарди важат дури и кога има ситуации на преземање фотографии од социјалните мрежи. Балансот со јавниот интерес и правото на јавноста да знае и да прима информации не смее да биде злоупотребено во насока на тоа, медиумот да презема и објавува лични фотографии од личен профил на Фејсбук.
Правото на приватност некогаш може да биде прекршено и за оние кои не се главна цел на новинарскиот напис, туку се дел од објавената информација (случајно или намерно). Праксата во однос на проценката за прекршување на член 7 покажа дека медиумите ретко, речиси никогаш, не прават проценка на влијание на нарушување на приватноста на останатите кои се дел од текстот, видеото или фотографијата. Овој случај конкретно ја имаше ситуацијата кога е прикажана фотографија со сите вработени на Универзитетот, иако текстот беше насочен само кон носителот на јавната функција, ректорот.
Во оваа насока, а и во контекст на горенаведените случаи, мора да се разбере дека правото на приватност е неприкосновено право, уставно загарантирано за секој поединец. Но, иако интересот на поединецот и на јавноста се секогаш во корелација со правото на јавноста да знае и се во постојана конкуренција, сепак новинарот е должен да го почитува правото на приватност на субјектите за кои пишува и за оние кои индиректно би можеле да бидат загрозени. Неспорно и недвојбено, мора да прави проценка на влијанието, тест на штетноста и целите на јавниот интерес, а не да се раководи од тоа што би било интересно за јавноста.
Автор: м-р Лилјана Пецова – Илиеска, член на Комисијата за жалби на СЕММ
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).
Една позната изрека вели: „Нема слобода за непријателите на слободата“. Имајќи предвид дека говорот на омразата е многу штетен, потребата од негово ограничување е оправдана за да се оневозможи злоупотреба на слободата на изразување и повредата на правата на другиот.
Во минатите три децении беа забележани голем број примери на невнимателно или намерно известување во кое отсуствува чувствителност за меѓуетничките, меѓукултурните и меѓуверските односи во општеството, бидејќи медиумите можат да бидат канал за ширење говор на омраза и дискриминација.
Што пропишува Кодексот на новинарите?
Според членот 10 од Кодексот на новинарите, новинарот не смее во своите текстови да го користи јазикот на омразата или да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа. Во Прирачникот за етика во новинарството се вели, дури, дека новинарите треба да внимаваат кога директниот говор на омраза доаѓа од јавни личности или претставниците на јавни институции и во таквите ситуации треба да го оспорат или да го критикуваат таквиот говор, а не само да го пренесуваат.
Медиумите треба да се воздржуваат од објавување каква било форма на говор на омраза, односно новинарите и уредниците не смеат самите да се автори на такви пораки. Тие не смеат ниту да го репродуцираат говорот на омраза, што не значи дека воопшто не треба да известуваат за ситуациите кога ваквиот говор доаѓа од устата на различни општествени актери. Во таквите ситуации е особено важно да го идентификуваат говорот на омраза и да ѝ ги предочат на публиката можните импликации од користењето таков говор. Освен тоа, медиумите имаат одговорност да не објавуваат коментари што ги надминуваат границите на јавната критика и што содржат експлицитни пораки со говор на омраза.
Голем број граѓани и субјекти се жалат на присуството на говор на омраза во медиумските содржини. Најчесто станува збор за говор на омраза врз етничка, верска или политичка основа. Најчесто говор на омраза се користи од онлајн-медиумите и од некои новинари што се и автори на емисии.
Според статистичкиот преглед на одлуки на Комисијата за жалби за 2014 - 2017 од 175 одлуки, донесени од 214 примени жалби, 49 (28.8 %) се однесуваат на јазикот на омразата и потикнувањето на насилството или дискриминација врз која било основа.
Советот за етика во медиумите подготви статистика за 2018 и 2019 година. Во статистичкиот преглед во 2018 година од 68 одлуки на Комисијата, 9 (23.7) се однесуваат на членот 10. Во статистичкиот преглед за 2019 година, од 83 донесени одлуки, 12 (20 %) се однесуваат на јазикот на омразата и на дискриминацијата.
Во 2020 година, заклучно со месец јуни, од 84 одлуки, 4 се за портали кои го прекршиле членот 10.
Одлуки на Комисијата за жалби при СЕММ
За текстот на еден портал Комисијата за жалби констатираше дека Кодексот на новинарите е прекршен во членот 10. Порталот ја отфрли жалбата како неоснована и сметаше дека во оспорената содржина нема прекршување на новинарските стандарди. Но, Комисијата по разгледување на случајот констатира дека се работи за текст без автор, чија содржина се заснова на објава на навивачка група, поставена на Фејсбук, која содржи сериозни дискриминирачки и навредливи коментари кон албанската етничка заедница. Понатаму, Комисијата констатира дека пренесената содржина е еднострана и лесно може да предизвика негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Затоа, кога веќе одлучил да го објави текстот, медиумот морал да го лоцира говорот на омразата и експлицитно да се огради или да ја осуди таквата содржина, со цел на јавноста да ѝ помогне во нејзиното препознавање. Во одлуката на Комисијата се истакнува дека медиумот не смее да покаже рамнодушност и резерва кон говорот на омразата, зашто таквите содржини можат да се протолкуваат како чин на одобрување и охрабрување. Иако во текстот анонимниот автор директно не зазема страна, ниту дава експлицитна поддршка на навредливите и дискриминаторски пораки на навивачката група, сепак на таквите коментари им обезбедил медиумски простор, а со тоа и реален повод за поттикнување на насилство и омраза. Оттука Комисијата за жалби најде дека текстот го прекршил Кодексот.
Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар), кој има за цел да штити непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал предизвикува непријателство или омраза кон некого поради неговата етничка припадност. Ставовите на новинарите се важни во обликувањето на јавното мислење поради што јазикот на омразата е неспоив со новинарската етика.
Во друг текст, Комисијата констатира дека тој е без автор, а содржината се заснова на тврдење на корисник на социјалната мрежа Фејсбук. Порталот пренесува статус на мајка, чие дете наводно било сведок на тепачка меѓу две групи деца од различна етничка припадност, за време на училишна екскурзија во Сарај. Новинарскиот производ е едностран, а начинот на кој е обработен нуди готови заклучоци и судови, кои лесно можат да предизвикаат негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Комисијата заклучи декa во текстот е прекршен и член 1.
Во последно време, јазикот на омразата е намален, иако сè уште е присутен во дел од медиумите. Во блиското минато, Комисијата со одлука го осуди јазикот на омразата на еден новинар кој истакна: „Ќе им порачам дека оваа финална битка на македонскиот народ со предавниците во своите редови треба да се заврши на начин што треба сите тие предавници, гниди македонски, за жал македонски, да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела силна, армирана, тешка бетонска плоча за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува“, со што ја надмина црвената линија во говорот на омраза, што е дејство што не смее да се толерира.
Затоа многу е битно во неутрализирањето на јазикот на омразата да учествуваат повеќе општествени чинители, а секако дека и во иднина ова ќе биде една од главните заложби на Советот за етика во медиумите.
Говорот на омраза може да се потисне само ако повеќе се зборува дека таквиот говор е неприфатлив.
Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби на СЕММ
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).
„Ние сме комерцијален, а не приватен медиум“. „Одбивам медијација“. Игнорирање на барања за објавување демант и јавно извинување за навреда и клевета. Демант објавен, ама со полемички коментари. Отстранување на текст за „бегање“ од одговорност. Ова се некои ставови и потези на одделни медиуми сè со цел да се избегне признавањето на грешката – нарушување на член 3 од Кодексот на новинарите на Македонија, кој зборува за правото на одговор.
Накусо, членот 3 е принципот кој треба да го почитуваат новинарите. Тој гласи: Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата. Но, објавувањето демант како да е болка за медиумите. Да, тоа е морална казна за оној медиум што ги нарушил професионалните и етичките норми. Но, од друга страна е и доблест. Признавање дека при обработката на темата се згрешило. Нарушувањето на овој член од Кодексот обично оди заедно со други нарушувања, едно или повеќе. Барањето за демант најмногу е последица на објавување на неточни информации. Според податоците на СЕММ, објавувањето неточни информации е водечко нарушување на Кодексот на новинарите во 2019 година. Членот 3, според бројот на нарушувањата, е на шесто место.
Освен Кодексот на новинари, со правото на одговор се занимава и Уставот на државата. Во член 16 од Уставот се вели:„Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање“. Оваа материја, правото на одговор, е опфатена и со Законот за медиуми и Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда. Во нив се уредени и правото на барање демант, исправка, извинување... А, медиумите како да забораваат дека онаму каде што има законско регулирање има и казни. Тие се парични, но не се мали. Се бројат во илјадници евра. Доволно дури и за затворање на некој помал медиум.
Токму затоа, медиумите треба да водат сметка кога се бара демант или исправка. На тој начин, тие се штитат себеси, но и својот интегритет. Со едноставното признавање дека згрешиле. Практиката на СЕММ покажува дека медиумите водат малку грижа за нивниот интегритет. Па, затоа адвокатите „трчаат“ да ги земат одлуките на Комисијата за жалби и да состават тужби за клевета или навреда против некој медиум. Според Здружението на новинари на Македонија, во земјава се водат триесетина судски постапки против новинари за клевета и навреда.
Кога веќе се спомена практиката на Комисијата за жалби при СЕММ, таа е разнородна. Како според барањата за деманти, така и според одговорите на нив. Некои медиуми се лутат, некои се гневни, па ги коментираат демантите, трети, пак, се согласуваат и се помируваат со жалителите, објавувајќи извинување и демант.
Една државна институција поднесе жалба за необјавено нејзино реагирање на неточно, според нив, тврдење. Комисијата за жалби побара одговор од телевизијата, како што е предвидено со Правилникот за работа. Националната телевизија против која беше поднесена претставката до Комисијата за жалби ја отфрли жалбата. Од медиумот тврдеа дека оспорената содржина е нивен прилог, но станува збор за пренесен извадок од прес- конференција на една политичка партија, а не за став на телевизијата. Оттука, тие како комерцијална телевизија сметаат дека жалителот сака да им наметне уредувачка политика, користејќи го СЕММ. Според телевизијата „Вакви реакции Советот за етика може да процесуира за Македонската радио и телевизија, која е јавен радиодифузер, а не на приватен медиум“. Очигледно, се заборава дека барањето објавување реакција од институцијата, која се смета за засегната со објавеното на телевизијата е гарантирано и со устав и со закони, независно од видот на медиумот, јавен или комерцијален.
Комисијата најде дека, со необјавувањето на писмената реакција од институцијата, телевизијата го прекршила Кодексот на новинарите во членот 3, според кој новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информација
Има жалители кои се повикуваат на законите, кога станува збор за објавувањето на демант или извинување. Па, така еден жалител вели: „Во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, упатено е барање за извинување и јавно повлекување на текст. Побарано е извинувањето и повлекувањето да се сторат во рок од 48 часа од моментот на примањето, по што медиумот и сопственикот се известени дека против нив ќе биде поднесена тужба пред надлежниот суд“. Комисијата ја почна постапката и понуди медијација, која беше прифатена од медиумот, но жалителот беше категорично против. На крајот, Комисијата најде дека медиумот, интернет–портал, не го објавил барањето за извинување и јавно повлекување на текстот упатено од жалителот. Наместо тоа, барањето е објавено со полемичен и навредлив коментар, што се коси со членот 3 од Кодексот на новинарите.
Еден портал имаше безобразна храброст, па вест стара три години, објавена во друг медиум, ја пласираше како своја и нова. Откако се крена врева во медиумите, порталот целосно го повлече текстот што, недвосмислено, упатува на тоа дека медиумот бил свесен за грешката и свесно се обидел да „побегне“ од одговорност. Членовите на Комисијата за жалби при СЕММ најдоа дека со повлекувањето на содржината медиумот го прекршил и членот 3 од Кодексот на новинарите. Генерално, треба да се избегнува повлекување на еднаш објавениот материјал на интернет, а доколку тој се измени или тргне тоа мора да биде јасно назначено. Но, безобразието беше мултиплицирано. Многу други портали ја објавија истата вест.
Жалител поднесе претставка до Комисијата за жалби со образложение дека медиумот, портал, објавил невистини, а потоа и неговиот демант, ама со сопствени коментари. Комисијата за жалби констатира дека демантот е објавен, но не на начин како што наметнува новинарската професија. Комисијата заклучи дека објавениот демант изобилува со полемични коментари и повеќе наликува на критички новинарски текст. Па, меѓу другото, во одговорот може да се прочита: „Скандалозен демант...“, „Директорот на... не престанува да изненадува“, „Демантот на... ги потврдува нашите наводи…“, „Повторно не е јасно која лага сме ја изнеле во текстот... за волја на вистината, искуството покажа дека не сме ние тие што изнесуваат невистини“.
Очигледно, уредниците во порталот не знаат дека исправка се објавува, без измени и дополнувања, на исто или соодветно место во содржината на медиумот и на ист или соодветен начин на оној на кој била објавена информацијата. Исправката може да се објави во изменета форма само доколку на тоа се согласи подносителот на барањето на исправката. Исправката мора да биде објавена на начин што од самиот наслов може да се види дека се работи за исправка. Исправка без согласност на подносителот на барањето не смее да се објавува меѓу реакции или писма на читателите, гледачите или слушателите.
Конечно, и една жалба повторно за портал, за неточно информирање, ширење лажна вест и клевета. Жалителот, меѓу другото, потенцира и дека се обидел, но не успеал да оствари средба со уредникот на интернет-порталот за да ги надминат недоразбирањата околу спорниот текст. Тој наведува и дека од медиумот побарал и објавување демант, како и јавно извинување за навреда и клевета.
Во таа жалба се потврдува дека барањата за демант се поврзани и со други прекршувања на Кодексот на новинарите. Жалителот бараше од Комисијата за жалби при СЕММ да утврди и неточно информирање, ширење лажна вест и клевета. Комисијата, меѓу другото, констатира дека интернет–порталот не го објавил и демантот што до редакцијата го испратил жалителот. Со тоа, медиумот го прекршил и членот 3 од Кодексот на новинарите. При одлучувањето Комисијата го зеде предвид и членот 17 од Законот за медиуми (Право на исправка на објавена информација), во делот во кој се вели: „Секој има право од издавач на медиум, односно од одговорен уредник на издавач на медиум да бара, без надоместок, да објави исправка на објавената информација во која се наведуваат неточни факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси. Право на исправка имаат и правните лица и другите организации и тела, доколку со информацијата биле повредени нивните права или интереси“.
Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.
--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).
Македонскиот институт за медиуми објавува повик за новинари за учество во 90 минутна онлајн-сесија посветена на справување со дезинформациите во време на пандемијата со „КОВИД-19“, која ќе се одржи на 7 мај (четврток) 2020 година, од 15:00 до 16:30 часот, преку онлајн-сервисот „Jitsi“.
Сесијата е одложена за 12 мај (вторник) 2020 година, од 15:00 до 16:30 часот.
Сесијата ќе ја води Јарослав Валух од организацијата „Transition Online“ од Прага, кој има долгогодишно искуство во областа на медиумската писменост, активизмот на социјалните медиуми, справувањето со дезинформации и говорот на омраза.
За време на сесијата ќе бидат опфатени следните теми:
како да се следат, анализираат и разобличуваат дезинформациите поврзани со коронавирусот;
алатки и постапки за верификација на информациите;
како новинарите може да соработуваат со другите актери – волонтери, студенти и ИТ-заедницата; и
како да им се помогне на граѓаните да се снајдат во хаосот од информации во време на криза и која е улогата на медиумската писменост.
Последните 20-тина минути од сесијата ќе бидат посветени на прашања и дискусија со учесниците. Сесијата ќе се реализира на англиски јазик со учество на новинари и претставници на медиумски организации од БиХ, Албанија, Србија, Црна Гора и С. Македонија.
Сите заинтересирани активни новинари од земјава може да се пријават за учество најдоцна до вторник, 5 мај 2020, преку е-пошта на: slavco@mim.org.mk
Учесниците кои ќе се пријават во предвидениот рок ќе добијат пристап за следење на сесијата преку онлајн-сервисот „Jitsi“.
Повеќе информации за предавачот Јарослав Валух може да прочитате тука.
Група студенти по новинарство од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“ и „Мајка Тереза“, месецов учествуваат во четиринеделна програма за дигитална медиумска продукција, што ја организира Македонскиот институт за медиуми, во соработка со Албани асошиејтс од Лондон и Медиацентар Сараево.
Програмата се состои од еднонеделна едукативна работилница, што ја водеа истакнати новинари, уредници и медиумски професионалци, како и тринеделна пракса во неколку медиуми во земјава.
За време на работилницата, преку предавања и вежби, студентите ја истражуваа медиумската сцена и современите трендови во новинарството и се запознаа со телевизијата, но, од „другата страна“ на екранот.
Исто така, научија што претставува онлајн новинарство и мултимедија и како е да се биде мобилен новинар - човек редакција.
Дека сликата може да вреди и повеќе од илјада зборови, студентите осознаа за време на предавањата за основи на фотографирање и уредување на фотографии.
Последниот ден од работилницата беше посветена на интернетот како извор на информации и на вештините за пребарување информации на интернет, препознавање дезинформации и верифицирање на информации.
Програмата се организира во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс (www.albanyassociates.com), заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми.
Главни цели на проектот се зајакнување на капацитетите на медиумските професионалци и студентите по новинарство за верификација на информации, проверка на факти, продукција на медиумски содржини, како и унапредување на знаењата за концептот на медиумска и информациска писменост на јавните сервиси и подобрување на нивната способност за реализирање на јавни кампањи за медиумска и информациска писменост. Проектот е финансиран од Британската влада.
Новинари и уредниците од различни програмски сервиси на МРТВ учествуваат во еднодневна работилница за зајакнување на улогата на јавниот сервис во промовирање и унапредување на концептот на медиумска писменост во јавната сфера во земјава.
Целта на работилницата е да создаде еднакво разбирање за концептот на медиумска писменост на ниво на јавниот сервис, како и за важноста јавниот сервис да прерасне во еден од главните актери во промоција на медиумската писменост.
Работилницата ја води Мартина Чепман од Ирска, меѓународна експертка специјализирана за политики, стратегии, истражувања и проекти во областа на медиумската писменост. Таа, преку, практични примери и презентации на искуства од други земји ќе им помогне на учесниците да утврдат конкретни иницијативи и начини на делување на МРТВ во областа на медиумската писменост, како и продлабочување на комуникацијата со публиката и зголемување на довербата во јавниот сервис.
Работилницата ја организира Македонскиот институт за медиуми во рамките на проектот „Унапредување на медиумската и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“ којшто го спроведуваат Албани асошиејтс од Лондон во партнерство со регионални организации за развој на медиумите во земјите од Западен Балкан. Проектот е финансиран од Британската влада.
Истакнати новинари и уредници од неколку медиуми од земјава, учествуваат на дводневната работилница во МИМ, со цел стекнување практичните вештини за идентификување и следење на дезинформациите и нивните извори.
Работилницата се фокусира на вежби и примери кои ќе им овозможат на новинарите да стекнат практично искуство во идентификување на мрежите за дезинформации во локалниот медиумски пејзаж, наоѓање на оригиналниот извор при пребарување на изјава или вест на интернет, идентификување на лажни профили на социјалните медиуми, верификација на точноста на видеа и фотографии и известување за конкретни дезинформации без нивно повторување.
Работилницата ја организира Македонскиот институт за медиуми во рамките на проектот „Унапредување на медиумската и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“ којшто го спроведуваат Албани асошиејтс од Лондон во партнерство со регионални организации за развој на медиумите во земјите од Западен Балкан.
Претставници на 6 граѓански организации учествуваа на дводневна обука за зајакнување на вештините за подготовка на информации поврзани со нивните активностите и области на делување, како и нивно ефективно споделување преку социјалните медиуми.
Преку теоретски предавања, практични вежби и работа во групи, учесниците ги совладуваа основните елементи на доброто новинарство и јасното пишување. Исто така, тие практично вежбаа како да ги структурираат и насочат пораките кои произлегуваат од нивните организации, и како пораките правилно да ги комуницираат со медиумите и со пошироката јавност.
Новото дигитално опкружување и улогата на социјалните медиуми како значен канал за комуницирање со јавноста, беа доволен мотив еден дел од обуката да биде посветен токму на правилното користење на онлјан-платфорими. Во текот на обуката учесниците практично учеа како да ги прилагодат и пласираат своите пораки на различните социјални медиуми како што се Фејсбук, Твитер и Инстаграм.
Обуката ја водеа Ричард Меерс, новинар и уредник во реномирани светски медиуми и Славица Биљарска, консултант за ПР и комуникации.
Во продолжение погледнете кратки видео изјави од обучувачите кои ги споделија своите размислувања за напливот од лажни вести и улогата на медиумската писменост во филтрирањето на информации, како и за клучните аспекти на соработката меѓу медиумите и граѓанските организации:
Ова беше последна обука во рамки на тренинг-програмата наменета за грантистите на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“. Проектот го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.