Планирање на ефективни комуникации со целните групи, користење на постоечките ресурси, пренесување на вистинските пораки за вистинските луѓе во вистинско време и мониторинг на сопсвената работа, се темите кои беа опфатени во текот на дводневната обука за стратегиски комуникации за граѓански организации. На обуката учествуваа претставници на шест граѓански организации кои треба да ја промовираат медиумската писменост. Овие активности се дел од процесот на регрантирање што е поддржан преку проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“.
Обуката ја водеа Ника Јелендорф од Институтот за медиуми и различности од Лондон и професорката Марина Тунева од Институтот за комуникациски студии, кои преку интерактивни методи имаа за цел да им помогнат на учесниците да научат како да станат активни консументи и креатори на вести.
Ова е втора од вкупно петте обуки од тренинг програмата наменета за регрантистите. Проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Едукација
Што претставува новинарска вест, како се создава медиумската реалност, што подразбира медиумската писменост и како ефективно да се комуницира со медиумите беа главните теми на дводневната работилница за медиумска писменост и комуницирање со медиумите.
На работилницата учествуваа претставници на 6-те граѓански организации кои добија грантови за реализација на активности за промовирање на медиумската писменост, во рамки проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“.
Преку теоретски предавања, практични вежби и дискусија, учесниците ги унапредуваа своите вештини за тоа како да подготват квалитетни информации за својата работа кои ќе го привлечат интересот на медиумите, како да се подготват за настап во медиумите и како да препознаат манипулации и погрешно медиумско информирање.
Проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Запознавање со основните концепти на модерната комуникација, вовед во медиумската писменост, препознавање и справување со лажните вести, користење на медиумската писменост за продукција на мултимедијални содржини, како да се подготват ефективни програми за обуки од областа медиумската и информациската писменост. Ова беа само дел од темите на дводневната обука за обучувачи што ја организираше МИМ кон крајот на септември, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите“.
На обуката учествуваа 16 претставници на граѓански организации, медиуми, ИТ индустријата, како и на образовни институции. Освен теоретски предавања, под водство на обучувачите Наоми Томпсон од Европската асоцијација за интересите на гледачите (ЕАВИ, Велика Британија) и Стефан Јањиќ од Новосадската школа за новинарство (Србија), учесниците работеа практични вежби и креативни игри за верификација на информации на интернет.
„Медиумски писмените граѓани се способни да создаваат медиумски содржини и да реагираат на нив на одговорен начин. Различните перспективи што тие ги изнесуваат може да придонесат во справување со погрешните наративи и лажните вести што ги гледаме во медиумите“ – истакна Наоми Томпсон од ЕАВИ. Таа смета дека медиумското образование на некој начин треба да биде доживотно учење, почнувајќи од најрана возраст во градинките, па се до крајот на животот.
„Денес луѓето сè повеќе зборуваат за медиумска писменост, за критичко размислување, за лажни вести и мислам дека сега е вистински момент да направиме некакви промени, да ги мотивираме луѓето да се едуцираат и да бидат што повеќе медиумски писмени“ – вели Стефан Јањиќ од Новосадската школа за новинарство. Според него програмите за медиумска писменост се исклучително важни затоа што медиумите се присутни насекаде околу нас, било да станува збор за социјални или мејнстрим медиуми, тие допираат до секој сегмент од нашите животи, нашите односи, политички, економски итн.
Учесниците на обуката во претстојниот период ќе бидат ангажирани како обучувачи на МИМ на обуки и работилници што ќе се организираат за локални невладини организации коишто се заинтересирани и сакаат да се занимаваат со медиумска и информациска писменост.
Регионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", се спроведува со поддршка на Европската Унија.
Медиумската и информациската писменост е динамички концепт на доживотно учење, и како што се менува технологијата, така се менува и самата дефиниција. Сепак, моќта на соработката меѓу различните засегнати страни, и институционални и вонинституционални, е клучна за развојот на оваа сфера, односно за разбирањето на самиот концепт и негова примена од страна на граѓаните.
Ова меѓу другото го истакна Мартина Чепман, експертка за медиумска писменост од Ирска на работилницата „Зајакнување на Мрежата за медиумска писменост на Р. Македонија преку размена на искуства“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Целта на настанот беше да се пренесат искуства за стратегиите и активностите потребни при планирање проекти за медиумска писменост, како и добри практики произлезени од соработката меѓу релевантните чинители, со осврт на примерот на Република Ирска, кадешто функционира мрежа за медиумска писменост и овој концепт има голема поддршка од институциите и од општеството.
На работилницата учествуваа повеќе претставници од членките на Мрежата за медиумска писменост на Р. Македонија, пред кои Чепман претстави повеќе значајни иницијативи за медиумска и информациска писменост на меѓународно ниво, а зборуваше и за важноста на соработката меѓу различните институции во развојот на оваа област. Таа истакна дека во Ирска, на пример, медиумите мошне позитивно одговориле на понудата на мрежата да станат нејзини членки, свесни за важноста на медиумската и информациската писменост.
Чепман објасни дека мрежата Медиумска писменост – Ирска е независно здружение основано од Ирското регулаторно тело. Таа брои 100 членови кои се посветени на промовирање и унапредување на медиумската писменост насекаде низ земјата, преку споделување на искуства и ресурси, со цел да се стекнат придобивки за сите, а не само за поединечни делови на општеството. Мрежата има своја стратегија, во нејзини рамки функционираат работни групи, а спроведува и различни активности, издава свој информатор, развива дата-база на ресурси, како и платформа за вмрежување на засегнатите страни. Според Чепман, мрежата се стреми во следните неколку години да биде самоодржлива.
Работилницата се организираше во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и на Советот на Европа, со наслов „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“. Партнер на проектот од Македонија е и Македонскиот институт за медиуми.
Фото-галеријата од работилницата може да ја погледнете тука.
„Нека се чуе вашата порака!“ е насловот на тридневната работилница која почнува денеска во Скопје и е наменета за граѓански организации што ги застапуваат правата на лицата со попреченост во земјава. Двајца домашни и странски обучувачи ќе им помогнат на учесниците да ги подобрат своите комуникациски вештини користејќи ги онлајн и традиционалните медиуми.
Претставници на четиринаесет граѓански организации од земјава кои што работат со лица со попреченост ќе бидат запознаени со медиумските алатки и техники за подигање на видливоста на нивните организации, преку практичен пристап, развивање на медиумска кампања, како и менторска поддршка за сите граѓански организации при натамошно развивање и имплементирање на нивните идеи за медиумските кампањи.
Оваа активност е дел од проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, имплементиран од Институтот за медиуми и различности од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, а финансиски поддржан од Европската Унија. Целта е да се зголеми видливоста преку медиумите и да се подобри јавната перцепција на лицата со попреченост, како неопходен предуслов за нивно активно учество во јавниот живот и за еднаков третман при практикување на правата и слободите.
Работилницата почнува на 3 Мај, Денот на слободата на медиумите, со што симболично се испраќа порака дека медиумите треба да овозможат поголем простор и видливост со цел да се слушне гласот и на маргинализираните и ранливите групи, што е важен сегмент од слободата на изразувањето на сите сегменти во едно демократско општество.
Македонскиот институт за медиуми, во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, организираше еднодневна работилница за продукција на новинарски стории на теми од областите на делување на граѓанските организации кои се дел од програмата ЦИВИКА Мобилитас.
Десет истражувачи и претставници на медиумски и граѓански организации од Македонија учествуваа на работилницата за дизајнирање и планирање применети и акциски истражувања во медиумската сфера, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми, во соработка со Мировниот институт од Љубљана, од 23 до 25 јуни во Охрид.
Како да комуницираме со различни целни групи, како да подготвиме ефикасни јавни презентации, како да препознаеме стереотипи и говор на омраза и да го избегнеме нивното користење во училиштата и јавната комуникација? Ова се само дел од содржините кои беа опфатени на работилниците со членовите на училишните тимови за интеграција, што се одржаа во текот на 2013 и 2014 година.
Речиси петстотини наставници и ученици од средните училишта од цела Македонија учествуваа на обуките за продукција на мултимедијални содржини во контекст на меѓуетничката интеграција во образованието, што ги спроведуваше Македонскиот институт за медиуми, како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.