Македонскиот институт за медиуми(МИМ) има потреба да ангажира продукциска куќа којашто ќе произведе видео и аудио записи/спотови на теми поврзани со медиумската писменост.
Продуцираниот материјал ќе се користи во рамки на медиумска кампања за унапредување и подобро разбирање на концептот на медиумската писменост во Р.Македонија.
Целта на кампањата е граѓаните да научат како критички да ги гледаат, анализираат и проценуваат пораките коишто доаѓаат од различни медиуми, со цел подобро да се информираат и поангажирано да учествуваат во општествените процеси.
Продукциските куќи коишто ќе се пријават на овој повик треба да ги испорачаат следните услуги:
Да произведат вкупно 10 видео и аудио записи/спотови на теми поврзани со медиумската писменост, од кои 7 видеа (во поединечна должина до 2 минути) и 3 аудио записи (во поединечна должина до 1 минута);
Форматот на продукцијата да биде соодветен за емитување на ТВ, на радио и на социјалните мрежи;
Да понудат креативна и оригинална изведба на идејата, што може да вклучува различни жанрови и технички стилови (како на пример анимирано видео, скеч, видео наратив итн.);
Да бидат подготвени да соработуваат со тимот на МИМ околу прецизирање на темите и подготовка на сценаријата.
ПРИЈАВУВАЊЕ: Заинтересираните продукциски куќи треба да испратат понуда, во која се презентирани информации за досегашната работа и капацитетот на компанијата, опис на идејата и финансиска понуда.Понудите да се достават на следниот е-маил: ivonae@mim.org.mk;
РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ: Повикот е отворен до 16 октомври, 2017 година (до 15 часот).
Новости
Коментари од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и од Институтот за комуникациски студии (ИКС) кон Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ)
11 септември, 2017 година, Скопје
Почитуван министре Манчевски,Во продолжение Ви ги доставуваме нашите коментари и предлози со цел подобрување на текстот на Предлог--законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги((ЗААМУ)
Предлог-законот вклучува најголем дел од забелешките нотирани во нашите досегашни реакции и предлози за измени на ЗААМУ кои се однесуваат на поставеноста и функционирањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Јавниот сервис-МРТ.
Предлагаме мандатот на членовите на Советот на АВМУ да биде 6 или 7 години, без право на повторен мандат (член 15 од ЗААМУ). На тој начин ќе се оневозможи „врзување“ за позицијата на долг рок, што беше и се уште е пракса во сегашниот совет (со оглед на тоа што со секое донесување на нов закон, дел од членовите на Советот повторно добиваа нов мандат).
Сметаме дека членовите 62а и 62б во предложениот закон, кои се однесуваат на политичкиот плурализам во вестите, во дебатите, во дневно-информативните и во контактните емисии, се непотребни и треба да се избришат. Потребно е да се отвори стручна дебата со цел да се утврди дали и на кој начин може да се унапреди политичкиот плурализам во медиумските содржини, преку објективно, непристрасно и избалансирано информирање со еднаков третман на различните гледишта(член 61 од актуелниот ЗААМУ).
Предлагаме во членот 16 од ЗААВМУ (услови за именување) да се вметне дополнителен критериум во ставот 2, во алинеите 1 и 2, со кој ќе се прецизира дека за членови на Советот на АВМУ не може да бидат именувани лицата кои се наведени во продолжение и кои ги извршувале или биле активни на наведените позиции и функции во последните 5 години.
Истиот критериум треба да важи и за Надзорниот одбор на МРТ (ЗААВМУ, член 127, алинеи 1 и 2), каде предлагаме да се вметне одредба дека за негови членови не може да бидат именувани лица кои се наведени во продолжение и кои ги извршувале или биле активни на наведените позиции и функции во последните 5 години.
Веруваме дека ова ќе придонесе кон поголема департизација и деполитизација и на Советот на Агенцијата и на управните органи на МРТ.
Потребно е појаснување во однос на членот 29 од Предлог-законот за ААВМУ, кој се однесува на член 105, став 3 од ЗААВМУ (финансирање на МРТ), во кој како дополнителен извор на средства на МРТ се наведуваат и средствата остварени од емитување на аудио и аудиовизуелни комерцијални комуникации. Со оглед на тоа што со овој Предлог-закон се предлага укинување на радиодифузната такса и на комерцијалното рекламирање на јавниот сервис, потребно е да се прецизира што точно се подразбира под „аудио и аудиовизуелни комерцијални комуникации“.
Не го поддржуваме укинувањето на радиодифузната такса и сметаме дека финансирањето на Јавниот сервис од Буџетот на Р.М. е погрешно решение. Веруваме дека со подобрувањето на програмската понуда и со департизацијата на раководните органи на МРТ, ќе се подобри и гледаноста и наплатата на радиодифузната такса. Впрочем, радиодифузната такса е јавна давачка во сите европски земји( исклучок се само Бугарија, Косово и Црна Гора). Сметаме дека е потребно прво да се утврдат потребите на јавниот сервис од програмски и од финансиски аспект и (евентуално) да се утврди износот на буџетски средства со кои еднократно (или во ограничен период) ќе и се помогне на МРТ да ги зајакне техничките капацитети.Потсетуваме дека со измените на ЗААВМУ од 2017 година е предвиден посебен канал на албански јазик, за што во моментот не постои финансиска конструкција.
Собранискиот канал треба да биде под целосна одговорност на Собранието на Р.Македонија. Јавниот сервис не треба да биде одговорен за уредувачката политика на овој канал, и тој не треба да се користи за емитување на други програми освен содржини кои се поврзани со работата и функционирањето на Собранието на Р.М.
Со почит,
Македонски институт за медиумиИнститут за комуникациски студии
Македонскиот институт за медиуми има потреба од ангажирање на продукциска куќа која ќе произведе документарни видео-стории на теми поврзани со медиумски истражувања, што се изработуваат во рамки на проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанските организации, институциите и граѓаните заспроведување реформи во медиумската сфера“.
ЦЕЛ: Документарните видео-стории треба да ги претстават клучните пораки и поенти од истражувањата на поедноставен начин, што ќе биде јасен и разбирлив за пошироката публика, а не само за стручната јавност. На тој начин, би се подигнала јавната свест за повеќе проблематични теми во медиумската сфера, а граѓаните би се мотивирале да се залагаат и да ги поддржуваат реформите во медиумите во насока на зајакнување на нивната независност и професионален интегритет.КРИТЕРИУМИ: Продукциските куќи што ќе се пријават на овој повик треба да ги испорачаат следните услуги:
Да произведат 10 видео-стории на теми што произлегуваат од акциските истражувања спроведени во рамки на проектот #ReForMediaMKD;
Видео-сториите треба да имаат информативно-документаристички пристап, при што ќе се засноваат на наоди и клучни препораки од истражувањата и ќе вклучуваат интервјуа со релевантни соговорници на темата;
Видео-сториите треба да бидат произведени во ХД технологија, прилагодени за телевизиско и интернет емитување;
Видео-сториите да бидат со должина од 20 минути;
Продукциската куќа да ангажира новинарски и технички кадар за продукција на документарните стории;
Продукциската куќа да произведе кратки промотивни видео-најави за претходно промовирање на документарните стории;
Сите 10 стории да бидат завршени до јуни 2018 година.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ: Заинтересираните продукциски куќи треба да испратат понуда во која детално ќе го претстават своето искуство и капацитетот на тимот кој ќе работи, како и ценовник за предвидените услуги.
РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ: Повикот е отворен до 18 септември 2017 година.
ЛИЦЕ ЗА КОНТАКТ: Ивона Василова, проект асистент: ivonae@mim.org.mk; 02 30 90 144.
#ReForMedia - Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера. Проектот е финансиран од Европската Унија.
Законски измени во постојната регулатива во насока на попрецизно дефинирање на говорот на омраза, развивање конзистентен систем на превенција и репресија на делата на говорот на омраза, вклучувајќи и примена на практиката на Европскиот суд за човекови права од страна на правосудните органи, како и итни измени во медиумската регулатива за воведување санкции поради говор на омраза и поттикнување насилство преку аудиовизуелните програми, што регулаторот би ги процесуирал во прекршочна постапка, се само дел од препораките од анализата на МИМ „Ефикасноста на законската регулатива за заштита од говор на омраза“ од авторот д-р Ненад Живановски.
Анализата беше претставена на дебатата „Како до ефикасно справување со говорот на омраза“, на која со свои излагања учествуваа и претставници на граѓанското општество од Македонија и Словенија, како и претставници од адвокатската фела.
Адвокатот Лазар Сандев, смета дека Јавното обвинителство е неактивно и не покренува иницијативи во насока на заштита на јавниот интерес, во случаи кога се употребува говор на омраза. Тој посочи дека новинарите и политичарите шират говор на омраза, и предупреди дека тоа ќе се случува се додека јавното обвинителство не почне да презема соодветни чекори. Сандев ја поддржува идејата за промена на домашното законодавство и упати да се користи праксата што произлегува од Европскиот Суд за човекови права, бидејќи во Македонија отсуствува судска пракса во оваа област.
Елена Брмбеска од Хелсиншкиот комитет за човекови права посочи дека според нивното искуство етничката, политичката и сексуалната ориентација и родовиот идентитет се доминантните основи за појава на говорот на омраза. „Хелсиншкиот комитет редовно се обраќа до Јавното обвинителство, но резултатите се поразителни. Во 2016 година немало ниту една постапка, а во Основниот суд се води само еден случај, кој се уште нема разрешница...“, објаснува Брмбеска. Таа потенцираше дека се соочуваат со сериозни проблеми да закажат состаноци со Јавното обвинителство и изрази сомневање дека или не го препознаваат говорот на омраза или не ја препознаваат границата каде завршува слободата на изразување, а каде почнува говорот на омраза.
Бранкица Петковиќ од Мировниот Институт од Љубљана, истакна дека и во Словенија законодавството е порестриктивно од самиот Устав, а Јавното обвинителство, исто така, не е многу проактивно, иако процесуира повеќе случаи отколку во Македонија. Сепак, таа посочи дека е потребно да се смени свеста, а граѓанското општество треба проактивно да демонстрира дека ниту еден напад нема да помине неказнет. „Меѓутоа мора да има симбиоза со медиумите. На говорот на омраза, треба да му се спротивставиме со повеќе говор дека тој е неприфатлив“, заклучи Петковиќ.
Дебатата се организираше во рамки на проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество,институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведува МИМ во соработка со Мировниот институт од Љубљана, Словенија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Целосниот извештај од анализата е достапен во прилог.
Фото-галеријата од настанот е достапна тука.Ефикасноста на законската регулатива за заштита од говор на омраза6.69 MB
За разлика од Македонија, каде комерцијалните терестријални телевизии на државно ниво се исклучиво во „домашна“ сопственост, највлијателните комерцијални медиуми во Хрватска и во Словенија се во рацете на меѓународните медиумски групи - Централноевропски медиумски претпријатија (ЦМЕ) и РТЛ, што им овозможува поголема независност од политичките и бизнис центрите на моќ. Ниту една од компаниите кои се јавуваат како сопственици на највлијателните телевизии во Македонија не е регистрирана дека се занимава со медиумскиот бизнис како со основна дејност. Наспроти тоа, ТВ-каналите кои се во сопственост на ЦМЕ и РТЛ групите во Хрватска и во Словенија посветуваат особено внимание на развивањето на медиумскиот бизнис на различни платформи, што го наметнуваат новите технолошки трендови и барањата на публиката.
Ова се некои од заклучоците кои произлегоа од анализата на Македонскиот институт за медиуми, „Сопственички и финансиски модели на највлијателните ТВ-канали во Македонија, во Хрватска и во Словенија“, што беше претставена на конференцијата „Иднината на комерцијални терестријални ТВ-канали на национално ниво: Која е формулата за успех?“.
На настанот беше презентирана и анализата „Програмска разновидност на највлијателните ТВ-канали во Македонија, во Хрватска и во Словенија“, од која произлезе дека на повеќето комерцијални терестријални ТВ-канали на државно ниво во Македонија доминира еднолична и неатрактивна програмска понуда, која ја пополнуваат многу турски серии и забавна програма од српско производство, а од друга страна во програмската шема многу малку е застапена домашната продукција, која што е од послаб квалитет и не е конкурентна со останатите медиумски содржини. Наспроти тоа, и на хрватските и на словенечките ТВ-канали доминираат забавните, реалити емисиите, како и информативните изданија, кои, пак, се и меѓу 10-те најгледани програмски содржини генерално. И во двете држави, кои беа земени за споредба во истражувањата, на највлијателните ТВ-канали многу се вложува во домашната продукција, а овие програми високо котираат на листите на гледаност.
Настанот го отвори Шефот на Делегацијата на ЕУ, Амбасадорот Жбогар кој рече дека на релативно мали медиумски пазари, медиумскиот бизнис и регулаторите имаат специфични предизвици, кои што „често отвораат можности за влијанија“. „Затоа е важно, медиумската сопственост и медиумското финансирање да бидат транспарентни. Исто така, е важно, регулаторот да има авторитет, капацитет и механизми да ги заштити својата независност и професионалност,“ нагласи амбасадорот. Тој ја истакна улогата на граѓанските организации, кои „треба да зборуваат слободно и да се вклучат во отворен, инклузивен и ефективен јавен дискурс“, како и на Советот за етика во медиумите на Македонија, кој треба да им помогне и да ги насочува сите засегнати страни во медиумската сфера како да ги почитуваат професионалните стандарди. „Соработката на медиумскиот бизнис со цел да се осигура транспарентност на одлуките и самоволна само-корекција е важна цел“, додаде Шефот на Делегацијата на ЕУ.
На конференцијата говореше и новиот министер за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, за кого е клучно никој да нема никакво влијание врз медиумите и медиумската индустрија. „Ниту владата има потреба да влијае, ниту смее, ниту пак опозицијата. Сите треба подеднакво да бидат застапени, а медиумите подеднакво да се отворени за политичките субјекти, за граѓанското општество...“, истакна министерот Поповски.
Во првата сесија во која се дискутираше за сопственичките и финансиските модели на највлијателните комерцијални национални ТВ-канали, говореше директорот на ТВ Канал 5, Иван Мирчевски, претседател на Македонската медиумска асоцијација. Тој, вината за нарушениот телевизиски пазар и нестабилната финансиска состојба на ТВ каналите ја наоѓа во државата и институции кои овозможиле спуштање на критериумите за добивање дозволи за национални и локални ТВ-канали.
Иван Ловречек, заменик-претседател на Управата на РТЛ, Хрватска, се осврна на работата на РТЛ ТВ наведувајќи дека инвестициите од меѓународните медиумски групации овозможуваат пренесување на современите трендови, стандарди и знаење од медиумската пракса во развиените земји. Од друга страна, финансиската независност и стабилност, што ги овозможуваат меѓународните медиумски групации го прават медиумот поотпорен на какви било влијанија врз уредувачката политика.
Комерцијалните ТВ-канали ќе покажат интегритет, став и се она што е потребно за т.н. политичка независност, во оној момент кога ќе имаат доволно средства да опстојат на пазарот, смета Милан Ф. Живковиќ, поранешен советник за медиумска политика во Министерството за култура на Хрватска. Според него се поприсутен е трендот на пораст на огласувањето на интернет за сметка на огласувањето на телевизиите. Во богатите земји како што е Обединетото кралство, таа миграција на интернет веќе е фактичка, додека во земјите од централна и источна Европа тој процес се одвива побавно, додаде Живковиќ.
Во однос на програмската разновидност на највлијателните ТВ-канали во трите држави, Атанас Кировски, директор и главен уредник на ТВ Телма, истакна дека телевизијата освен тоа што има комерцијална дејност има и општествена одговорност кога станува збор за програмата што им се нуди на граѓаните. „Ние чувствуваме општествена одговорност да им покажеме на луѓето, кои беа оскаровците во 2016, кои се победниците на филмските фестивали во Кан и во Венеција “, вели Кировски. Според него, владиното рекламирање и несразмерната распределба на буџетските средства за огласување бил најголем проблем со кој се соочила ТВ Телма на медиумскиот пазар во изминатиот период.
Домашната продукција е нешто без што ниту една телевизија не може да помине кај публиката во Словенија, посочи Томаж Перовиќ, поранешен директор на вести и спорт во ПОП ТВ и Планет ТВ. „Минатата година имавме ситуација кога практично немаше вечер, кога на секоја комерцијална телевизија немаше барем една емисија која е од локална продукција“, додава Перовиќ.
Лазо Петрушевски, претседател на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, посочи дека заштитата и развојот на плурализмот во медиумите се едни од основите надлежности на Агенцијата. Кога станува збор за плурализмот во медиумите Петрушевски смета дека има простор за дополнителни подобрувања на медиумската регулатива, особено од аспект на работата на надлежностите на Советот на Агенцијата.
Ова е прва конференција во рамки на проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество,институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведува МИМ во соработка со Мировниот институт од Љубљана, Словенија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Во прилог може да ги погледнете извештаите од двете анализи, како и презентациите на гостите од Хрватска и од Словенија.
Фото-галеријата од настанот е достапна тука.
Сопственички и финансиски модели на највлијателните ТВ12.71 MB
Програмска разновидност на највлијателните ТВ10.76 MB
Ivan_Lovrecek_RTL_CRO.pdf547.01 KB
Milan_Zivkovic_CRO.pdf344.29 KB
Tomaz_Perovic_SLO.pdf74.45 KB
Речиси 20 години се вложуваат многу напори и ресурси во развојот на капацитетите на новинарите во Југоисточна Европа. Резултатите сè уште се далеку од задоволителни и новите случувања во медиумскиот сектор и во светот, на еден начин ги прават овие напори очигледно недоволни.
Проектот „Партнерство на ЈИЕ за развој на медиумите“ го истражува начинот на кој земјите во регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија) се подготвени да се справат со овие нови предизвици. Студијата беше спроведена во петте земји од март 2016 година до февруари 2017 година, и истата беше дискутирана во рамките на Регионалната конференција за „Медиумска писменост и образовни потреби на новинарите и јавноста“, која се одржа во Скопје, на 28 и 29 март 2017 година.
Препораките и согледувањата од дводневната конференција се прикачени во прилог.
Препораки и согледувања226.92 KB
Новинарот Александар Димитриевски ја освои првата награда на годинешниот конкурс за „Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство“, за онлајн базата на податоци и серијалот текстови за субвенциите за растително и сточарско производство, објавени на интернет-страницата „Призма“. Истражувањето обелоденува сеопфатни и систематизирани податоци за распределбата на околу 3% од државниот буџет врз основа на субвенции за растително и сточарско производство и ја анализира можната поврзаност на дел од корисниците на субвенции со извршната власт и сомнителната сопственичка структура на одредени фирми кои добивале субвенции.
Второнаграден е Зоран Јованоски за сторијата „Пеплиште на смртта“, објавена во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат - М“. Истражувањето обработува еколошка катастрофа, која притоа се поврзува со феноменот на драматично зголемена смртност на граѓаните во кичевскиот регион, како последица на работењето на термоцентралата Осломеј и несоодветното третирање на пепелта од согорениот јаглен.
Наградата за најдобра истражувачка сторија од млад новинар ја освои новинарката Славица Филиповска за сторијата „Бугарски пасош за ‘чиста’ Македонија“, објавена во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат - М“. На автентичен и оригинален начин, приказната открива како граѓаните во обид забрзано да влезат во земјите – членки на Европската Унија, патот за тоа го гледаат преку процедурата за добивање бугарски пасош и државјанство.
Наградите ги врачи Шефот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар кој истакна дека насекаде во светот е стресно, тешко и многу често опасно да се биде новинар. „Новинарите се соочуваат со психолошки и физички закани, со тужби за клевета, тие се навредувани, но исто така добиваат и мали плати. И покрај тоа, тие се храбри, истрајни и посветени во извршувањето на својата работа. Најмалку што можеме да направиме е да го искажеме нашето воодушевување за нивната работа“, истакна амбасадорот Жбогар. Тој додаде дека откривањето на корупцијата и организираниот криминал е можеби најтешкиот дел, затоа што криминалот има свои перфидни начини да се сокрие и да го наруши системот што всушност треба да го заштити општеството.
Во конкуренција на 32 стории од 26 автори, објавени во печатените, на електронските и на Интернет медиумите, победничките стории беа највисоко оценети од жирито во состав Марина Тунева, Арта Тахири, Лирим Дулови, Борис Георгиевски и Фатмир Алиу.
Марина Тунева, која беше претседавач на жирито, истакна дека без оглед на тоа што непосредното влијание на сториите нема да биде забележано веднаш, истрајноста во изложувањето на вистината сама по себе ќе претставува успех за новинарите и редакциите. „Во исто време, ги охрабруваме уредниците да го поддржат процесот на изработка на истражувачки стории, а особено кога новинарите утврдиле теми и прашања поврзани со корупција кои заслужуваат длабински и сеопфатен третман“, вели Тунева.
Со оглед на фактот дека во потесна конкуренција влегоа повеќе приказни кои беа квалитетно обработени и кои адресираат исклучително значајни теми од јавен интерес, комисијата го додели максималниот број награди. Победничката сторија е наградена со паричен износ од 4000 евра, додека наградите за второ место и за најдобрата истражувачка сторија од млад новинар изнесуваат по 3000 евра.
Извештајот од жирито е достапен во прилог.
Фото-галеријата од доделувањето е достапна тука.
Извештај на стручното жири174.52 KB
Правната заштита на новинарите согласно меѓународните стандарди, Европската конвенција за човекови права и домашното законодавство, беше главна тема на дводневната работилница што ја организираше МИМ на 20 и 21 април, во рамки на проектот на ЕУ и на Советот на Европа „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.
Новинари и уредници од национални и локални електронски, печатени и интернет-медиуми учествуваа на работилницата, на која излагачи беа истакнати правни експерти и претставници на медиумската заедници.
Др. Мирјана Лазарова-Трајковска, меѓународен експерт и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, во своето излагање се осврна на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на слободата на изразување, како и на праксата на Судот во Стразбур кога станува збор за случаи поврзани со повреда на слободата на изразување.
Адвокатот Лазар Сандев се фокусираше на клучните аспекти на правната рамка која го гарантира остварувањето на правото на слободно изразување, слободата на медиумите и работата на новинарите во Македонија. Тој го сподели досегашното искуство во застапување на новинари и медиуми пред домашните судoви, особено во случаи кога станувало збор за тужби за навреда и клевета.
Состојбата со медиумската саморегулација во земјата ја образложи Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Совет за етика на медиумите на Македонија. Адамчевски ги истакна предизвиците и механизмите за поддршка на саморегулацијата од страна на засегнатите страни, во насока на унапредување на професионалното известување и заштита на новинарите од евентуални судски спорови.
Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија ги сподели искуствата на здружението во однос на заштитата на правата на новинарите. Тука, во прв план беше посочена неодамнешната пресуда на Судот во Стразбур, во која се констатираше повреда на правото на слобода на изразување и на правото на фер судење, во случајот со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија на 24 декември 2012 година.
Учесниците заклучија дека постои потреба за унапредување на знаењето и подигнување на свеста на новинарите во однос на постоечките домашни законски решенија кои го гарантираат правото на слобода на изразување, како и за зајакнување на новинарските вештини при известување за работата на судството и интерпретирање на судските пресуди и на судската терминологија, вклучително и на работата на Европскиот суд за човекови права. Исто така, тие сметаат дека e потребно дополнително подобрување на легислативата и на квалитетот на нејзината примена во насока на поголема правна заштита на новинарите при извршување на секојдневните професионални обврски.
Во период од јуни до септември 2017 година, Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ќе поддржат новинари од регионот преку организирање тренинг за известување во кризни ситуации и продукција на истражувачки приказни. Во рамки на програмата ќе биде доделена поединечна финансиска поддршка за продукција на приказни на теми поврзани со кризни ситуации.
Во контекст на проектот, кризна ситуација подразбира контроверзии и/или жестоки несогласувања помеѓу важни општествени актери, каде првенствено се мисли на владејачките политички структури, како еден од главните субјекти во новинарските приказни. Во таа насока, целта е да се потенцира важноста и одговорноста на медиумите како еден од клучните фактори за демократска јавна дебата кои може да влијаат на исходот на кризите.
Примери за кризни ситуации се протести на граѓани, политичка криза, големи корупциски скандали и сл. Како кризни ситуации може да се набљудуваат оние кои ги генерираат владејачките структури или пак опозицијата. Исто така, предмет на анализа може да бидат меѓународни прашања ставени во национален контекст, како што се бегалската криза, тероризмот или природните катастрофи, а кои се проследени со одредени контроверзии во кои властите играат важна улога.
СЕЕНПМ и МИМ ги покануваат сите заинтересирани новинари да се пријават за програмата „Известување во кризни ситуации“
Кој може да аплицира? За учество во програмата „Известување за кризни ситуации“ може да се пријават новинари од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Македонија.
Програма за поддршка: Поединечна поддршка се доделува за продукција на приказна чија цел е да ги разобличи дезинформациите во одредена кризна ситуација и да ги прекине таквите трендови, поттикнувајќи ја потребата за веродостојно и ангажирано новинарство во едно демократско опкружување. Во фокусот на програмата се неистражените или недоволно истражените теми. Преку програмата е планирано да се поддржи продукција на вкупно 18 приказни (18 новинари од шест земји).
Формат на истражувачките трудови: Основeн текст на истражувачката приказна придружен со фото и/или видео содржина, или пак визуелизирани податоци, со што приказните би биле прилагодливи за објавување на различни платформи.
Рокови за реализација на истражувачките приказни:
Прв нацрт - 13 август 2017 година;
Втор нацрт - 31 август 2017 година;
Краен рок за објавување - 15 септември 2017 година;
Приказните ќе бидат објавени во медиумите каде што работат новинарите учесници во програмата, како и во други медиуми во шесте земји.
Обврски на учесниците на програмата:
Обука: 6 - 8 јуни 2017 година, Албански институт за медиуми, Тирана. Избраните апликанти се обврзани да присуствуваат на обуката која ќе се одржи од 6 до 8 јуни 2017 во Тирана. За време на обуката ќе биде договорена детална методологија и динамика на работа за секој поединачен истражувачки проект и ќе биде поставена процедурата за работа. Обуката ќе се одвива на англиски јазик.
Соработка со уредничкиот тим (12 јуни – 12 септември). Авторите се обврзани да соработуваат со уредничкиот тим на програмата. Минимум соработка подразбира три консултации во различни фази на истражувачкиот процес. Приказната ќе се објави откако уредничкиот тим и авторот ќе постигнат согласност за крајната верзија. Уредничкиот тим ќе им биде на располагање на авторите за време на програмата. Текстовите ќе бидат напишани на мајчиниот јазик на новинарот.
Рок и начин на пријавување. Заинтересираните новинари најдоцна до 8 мај 2017 година треба да испратат:
Кратка биографија/CV(задолжително да се наведат курсевите и обуките на кои кандидатите учествувале, а се однесуваат на истражувачко новинарство)
Апликација во која треба да се наведе:
Предлог тема (макс. 200 зборови) која ќе биде предмет на истражување – проблем, прашање на кое истражувањето треба да даде одговор и зошто е темата релевантна (Фокус на проектот се неистражените или недоволно истражените теми);
Краток опис на методологијата - податоците што ќе се истражуваат, лица кои ќе бидат интервјуирани, извори кои ќе бидат консултирани итн.(макс. 200 зборови);
Опис на форматот во кој ќе се продуцира приказната (текст, фото, видео, визуелизација на податоците);
Доколку постои можност за дополнително објавување/емитување на приказната, да се наведат медиумите;
Апликациите треба да се испратат преку е-пошта на: mim@mim.org.mk , со назнака:
„Аликација за програмата - Известување за кризни ситуации“.
Пријавените кандидати ќе бидат известени за нивиот статус најдоцна до 12 мај 2017 година.
Повикот на Албански јазик е достапен тука (Shqip).