МЕДИУМСКАТА ЗАЕДНИЦА Е ПОДГОТВЕНА ДА ГО ПРЕЗЕМЕ ВОДСТВОТО ВО РЕШАВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО МЕДИУМИТЕ
Истакнати медиумски работници – новинари, уредници, сопственици и медиумски експерти, разговараа за проблемите во медиумската сфера во Македонија, на работната средба што се одржа од 27 до 29 октомври 2011 во Маврово, во организација на Македонскиот институт за медиуми и Здружението на новинарите на Македонија, а со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија. Без оглед на меѓусебните разлики, по долго време новинарите заеднички ја реафирмираа својата подготвеност да се здружат во решавање на состојбите во медиумите и да работат активно со сите релевантни институции и поединци за изнаоѓање на начини за надминување на состојбите.
Новости
Како регулативата за покривање на изборните активности се одразува на работата на медиумите беше главна тема на која дискутираа претставници на медиумите, Државната изборна комисија, Советот за радиодифузија, политичките партии и меѓународните организации на дебатата која се одржа во организација на МИМ и на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста на 10 февруари 2009. Најголемиот дел од дискутантите како проблематични ги истакнаа нејаснотиите во Изборниот законик во делот кој се однесува на периодот од распишувањето на изборите до официјалниот почеток на кампањата, како и насоките донесени од СРД со кои се регулираат формите на медиумското претставување во период пред почеток на изборната кампања. Претставници од медиумите укажаа на опасноста од ограничување на слободата на медиумите, но и на наводна некоординираност меѓу државните институции задолжени за спроведување на изборната регулатива во однос на медиумите.
На дебатата беше заклучено дека главниот проблем за оваа ситуација лежи во нејаснотиите и недореченостите во Изборниот законик, поради што беше препорачано, по завршувањето на изборите, да се пристапи кон негова промена преку отворање јавна дебата меѓу сите релевантни фактори.
Воведничари на дебатата беа професор Весна Шопар, Бедредин Ибраими од ДИК, Фарук Омерагиќ од СРД, Роберт Поповски од ЗНМ и Младен Чадиковски од ТВ А1.
Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста организираат дебата посветена на медиумите и регулативата за следење на изборните активности. Дебатата ќе се одржи на 10 февруари 2009 (вторник) во хотелот “Холидеј ин” во Скопје, од 10 до 12:30 часот. Цел на овој настан е да иницира дијалог помеѓу сите релевантни фактори во општеството во насока на соодветно разбирање и примена на изборната регулатива за работата на средствата за јавно информирање во периодот пред и за време на кампањата за претстојните избори.