Едукација

Lvnn

Повик за учество на онлајн обука за медиумска и информациска писменост и продукција на медиумски содржини

Македонскиот институт за медиуми организира обука за медиумска и информациска писменост и продукција на медиумски содржини наменета за претставници на граѓански организации од земјата. Обуката ќе се одржи на 15 октомври, 2020 година, од 10:30 до 13:45 часот, преку онлајн платоформата ZOOM. Обуката е наменета за оние кои сакаат да ги унапредат своите познавања и вештини за концептот на медиумската писменост како и за продуцирање на медиумски содржини со користење на мобилен телефон (mobile journalism – MOJO). Сите заинтересирани учесници може да се пријават преку е-пошта: ivonae@mim.org.mk најдоцна до петок, 09 октомври, до крајот на денот. За дополнителни информации во врска со обуката, можете нѐ контактирате на: ivonae@mim.org.mk на телефонскиот број: 02 30 90 144.   Обуката се организира во рамки на проектот „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Јакнење на капацитетите на граѓанските организации за развој на медиумската и информациската писменост на Западен Балкан“ со поддршка на Европската Унија.    
Potsetnik Za Pf 4

Потсетник за проверка на факти

Македонскиот институт за медиуми подготви информативен постер кој содржи практични насоки, инструкции и ресурси за проверка на сомнителни информации. Содржината на постерот е резултат на бројни тематски обуки и работилници за новинари од земјава и од регионот за справување со дезинформации. Иако проверката на информациите е стандардна практика во новинарството, поради постојаното менување на трендовите, проверката на содржините кои се достапни преку интернет понекогаш бара дополнителни чекори, а некои од нив се илустрирани на постерот. Постерот на македонски и албански јазик е прикачен во прилог. This browser does not support inline PDFs. Please download the PDF to view it: Download PDF Постерот е подготвен во рамки на проектот „Промовирање на медиумската и информациската писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс од Лондон, заедно со регионални организации за развој на медиумите, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада. Потсетник за проверка на факти - МК357.07 KBПотсетник за проверка на факти - АЛБ304.98 KB
Cover Clen15

Одредени медиуми комуницираат неетички со јавноста

Новинарството во последните години се соочува со голема професионална и етичка криза, која се одразува преку кршењето на основните стандарди, но особено се одразува и во доменот на непочитувањето на етичките принципи во културата на говорот на медиумскиот простор. Што пропишува Кодексот на новинарите? Во членот 15 на Кодексот на новинарите се вели експлицитно: „Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспоиво со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.“ Во Прирачникот за етика во новинарството се нагласува дека овој член содржи три битни столбови, кои се исклучиво од етичка природа, без да се наруши слободата на изразувањето. Новинарот мора да ги има на ум моралните стандарди на публиката на која ѝ се обраќа. Новинарот не треба да користи непримерни, вознемирувачки или порнографски содржини во својата работа. Овој принцип, секако, не би требало да го детерминира или ограничи на каков било начин правото на авторот да го избере својот сопствен стил на изразување, се’ додека тој не е навредлив и непримерен за публиката. Според статистичкиот преглед на одлуки на Комисијата за жалби за 2014 - 2017 година од 175 одлуки, 16 (9.2 %) се за членот 15. Во прегледот за 2018 година од 68 одлуки, 5 (13.1 %) се за овој член, а во прегледот за 2019 година, од 83, само 9 (15 %) се за членот кој го анализираме. Во 2020 година, заклучно со месец јуни, од 84 одлуки, 3 се за само еден портал, познат по прекршувањето на овој член. Примери на неетичко комуницирање во медиумската сфера Во два текста без автор, објавени кон крајот на минатата година, Комисијата за жалби при СЕММ констатираше дека се прекршени основните новинарски и етички стандарди. Станува збор за текстови со наслови: „Директорот...си ја вдоми швалерката“ и  „Директорот има швалерки..“. Кога се вакви насловите може да се претпостави содржината на текстовите. „Новинарските“ производи се тенденциозни, сензационалистички, еднострани, но и вулгарни“, беше ставот на Комисијата. Во овие текстови е направена отстапка од Кодексот не само во насловите, туку и во содржината, кои ни одблиску не се обработени новинарски, а Комисијата ги разгледува и донесува одлуки за нив поради фактот што тежнее да ја известува јавноста дека одредени медиуми работат тотално неетички.    За двата текстови медиумот посочи дека нема намера да одговори и дека за вакви прашања постојат судови. При одлучување, Комисијата ги зеде предвид и: - Членот 25 од Уставот, во кој се вели дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. - Пресудата на Европскиот суд за човекови права Вон Хановер в. Германија, 2004, 60 и Декларацијата на Комитетот на министри при Советот за Европа за слободата на политичката дебата во медиумите. Етичката криза на новинарството во дел од медиумите ја отсликува еден случај кој ни покажува дека новинарите самите свесно си го кршат Кодексот во делот на културата на говорот и етиката во јавната комуникација. Прекршувањето на членот 15 е констатирано во една емисија емитувана на 13 февруари, 2019 година, на приватна телевизија. Комисијата одлучи по жалба поднесена од страна на регулаторниот орган во медиумите, што докажува дека саморегулацијата и регулацијата, преку соработка, можат да воспоставуваат професионални и етички стандарди во медиумите. По жалбата, авторот на емисијата, се извини во самата емисија, емитувана на 12 март, 2019 година. „Почитувани, јавно извинување. По сознанијата и поплаките, кои сте ги добиле во врска со моето однесување на посочениот датум, уште еднаш изразувам жалење и давам јавно извинување до гледачот и јавноста и секој оној кој се почувствувал навреден од моите искажувања и некултурниот однос во живо во емисијата. Со должна почит кон гледачот и кон вас како институции, како и моите колеги од телевизијата, изјавувам дека сум спремен да ги сносам последиците од овој мој чин„! Во забавно - контактната емисија, односно нејзиниот завршен дел, при вербална комуникација со еден од гледачите, авторот користи непримерен и навредлив јазик, кој содржи елементи на подбив и исмејување. Ова прекршување е нагласено во следните коментари на водителот упатени кон гледачот: Гледач: Не, бе брат, онака од радозналост. Водител: Не, не ја онака те прашувам. Пошто имаш тема, ама очигледно немаш, толку ти е паметот. не знаеш што да кажеш, па бараш, јас да зборам место тебе, така? Гледач: Не, бе брат. чудно... Водител: Не, бе брат, не сме браќа ја и ти, не, не, ти си топол брат. Јас со топли браќа, овака, на дистанца. Водител: Јок, јок, јок. Добра плата имаш! Гледач: А? Водител: Дали имаш добра плата? Не се прај будала дека не ме слушаш! Не ми глуми! Гледач: Слушај... Водител: Затоа што си глуп! Затоа што нема што да кажеш! Оди земи од тоа винцето малце од најлон кеса - толку ти е со паметот. Комисијата заклучи дека новинарот мора да биде свесен за последиците и ефектите на неговите зборови и мора да внимава на нивниот избор. Комсијата го поздрави извинувањето, иако тоа не ја намалува моралната одговорност, сепак, на тој начин новинарите го штитат интегритетот на медиумот, но и на професијата новинар. Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби на СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Cover M T

Новинарското известување во пандемијата: каде скршнавме од патот?

Известувањето за пандемијата на коронавирусот и болеста КОВИД – 19 ги соочи медиумите со голем предизвик. Од морето информации кои се менуваа(т) од миг во миг, од нив се очекува да ги пренесат оние кои што ја даваат вистинската слика на случувањата, но и да информираат на начин што нема да поттикнуваат непотребна вознемиреност и загриженост кај јавноста. Од етичка перспектива ваквата задача е прилична комплексна. Особено во услови кога на сцена се појавуваат разновидни „гласноговорници“, дел од нив легитимни и веродостојни извори на информации, но и такви чијашто определба е ширење шпекулации, полувистини, пропагандни информации.  Оттука, една од првите ‘жртви’ на кризата е и вистината. Некои медиуми скршнаа од патот на вистинитоста и станаа алатка за ширење полувистини, лаги и дезинформации. Бројни содржини од социјалните мрежи го најдоа својот пат во дел од медиумите, најчесто во оние од онлајн сферата, коишто не ја проверуваа нивната вистинитост и не размислуваа за последиците од објавувањето. Се заборави на основниот и најважен член од Кодексот на новинари – проверка на вистинитоста на информацијата, односно на фактите. Се потврди и дека во околности кога постои голем степен на ризик, во комбинација со традиционалната пристрасност во новинарството и потрагата по сензации и новитети, медиумското известување станува манипулативно и шпекулативно. Граѓаните зачестено се жалат, прашувајќи се кому да му веруваат. Каде да се најдат вистинските информации? Тоа неминовно води и до прашањето - дали јавноста се подготви да се справи со ширењето на коронавирусот како резултат на информирањето на медиумите?   Но, да видиме на што упатува статистиката. До Советот за етика во медиумите (СЕММ), како тело за медиумска саморегулација, многумина реагираа и продолжуваат да реагираат на случаите на неетичко и непрофесионално известување. Во најголем дел на едностраното и шпекулативно известување. Од моментот на прогласување на вонредната состојба до денес, до Комисијата за жалби при СЕММ се пријавени педесетина случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел (66 отсто од случаите) се однесуваа на известувањето околу пандемијата на коронавирусот. Прекршување на членот 1 од Кодексот на новинарите, кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 46% од пријавените случаи, додека прекршување на членот 8, односно сензационалистичко информирање е утврдено во 31% од пријавените случаи. Неспорно е дека едностраното и шпекулативното известување во вакви услови може дополнително да ја зголеми вознемиреноста и паниката и да поттикне нерационално однесување од страна на граѓаните. Реакции следуваа и за обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите. Во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари (37%). Оттука, СЕММ укажа дека медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде ‘оружјето’ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање. Ниту, пак, на медиумите треба да им се ограничи пристапот до информации. Во согласност со Насоките на Советот на Европа за заштита на слободата на изразување и информирање во услови на криза, кризната ситуација не треба да се користи како  изговор за ограничување на пристапот на јавноста до информации. Ниту една држава не треба да воведе ограничувања на слободата на медиумите над ограничувањата што ги дозволува член 10 од Европската конвенција за човекови права. Советите за етика во медиумите имаат клучна улога во поттикнувањето на медиумите да се посветат на професионалните стандарди, да избегнуваат да шират шпекулации за вирусот, па дури и да помогнат во откривање на лагите и дезинформациите во социјалните медиуми. Сега, повеќе од кога и да е, неопходно е новинарство со интегритет, коешто ќе почива на стандардите на професионална етика, редовно и навремено ќе ја информира јавноста и ќе ги преиспитува мерките што се преземени како одговор на глобалната закана по здравјето. Во рамки на заложбите да се поттикне значајната улога на медиумите во правилно разбирање на појавата на коронавирусот, последиците од неа и начините на ефективна превенција, СЕММ и ЗНМ публикуваа „Насоки за безбедно и етичко известување за коронавирусот“. Насоките се засноваат на препораките на меѓународни организации, како што се Poynter, First Draft, Journalist’s Resource, Open Notebook, Reframe, Светската здравствена организација (СЗО), искусни новинари, научници и експерти. Овие Насоки се наменети да им помогнат на новинарите и медиумските работници, пред сè, да се самозаштитат, но и да ги заштитат останатите околу нив, за време на извршувањето на своите работни обврски. Медиумите, освен преку етичното известување за ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, јавноста ја едуцираат и преку својата одговорност, при што се дел од решенијата за справување со кризата. Новинарството не треба да биде “генератор“ на страв и недоверба кај публиката, особено во моменти кога треба да владее рационалноста, добрата проценка и надежта. Во тие заложби, поддршката на саморегулацијата е единствениот сигурен начин медиумите да ги подобрат своите практики на известување, притоа заштитувајќи ја слободата на изразување и известување, без да соочат со други механизми на контрола или „судење“ за нивната работа. Автор: Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Cover Clen 12

Медиуми крадци!

„Објавив вест по добиен одговор од Министерството за здравство даден за мојата редакција. Веста ја украде друг портал не наведувајќи го изворот, а по него и трет, повикувајќи се на крадецот како извор. Толку од авторството во македонското новинарство...“ Изјавава од една наша новинарка, искажана неодамна, го отсликува македонското медиумско небо. На него сè повеќе се исцртани медиуми-крадци. И тоа во серии. Во зборникот „Одговорно и професионално новинарство“ стои дека  „Препишувањето и кражбите при известувањето во медиумите за јавно информирање е проблем откако постојат медиумите...“ Не знаеме како било пред сто години, но како е кај нас денес е јасно како ден. Новите технологии си го прават своето, па онлајн медиумите, најчесто со два клика (copy–paste), преземаат-крадат и објавуваат вести, текстови, фотографии... Академските сфери тоа го викаат плагијаторство. За него има многу дефиниции. Еве една: „Недозволеното присвојување на туѓа интелектуална сопственост, односно секое користење на туѓи идеи, мислења или теории, било буквално, било парафразирано, во кое не се наведува авторот, односно изворот на информацијата“. Некои од македонските медиуми се соочија со големо изненадување кога добија тужби за украдена фотографија. Авторот бил од Белград. Еден од сопствениците на медиум лично ми кажа дека веднаш, уште на првото рочиште во судот, ја признал вината. Сè со цел да не се трупаат судски трошоци, кои со одолговлекување на процесот би станале поголеми од казната што би ја добиле за украдената фотографија. И нашите фоторепортери се обединија во напорите да се обезбеди почитување на нивниот труд и авторство. Според еден од нив, денес, објективно крадењето сè уште е присутно, но е многу намалено. Инаку, заштитата на авторското право е регулирана со закон. Што значи дека има права, има обврски, но и казни за нарушено право. Потребно е само доследно спроведување на законот. Советот за етика на медиумите во Македонија е саморегулаторно тело кое се обидува преку одлуките на Комисијата за жалби да придонесе во ставањето ред во оваа област. Казните се морални. Но, на ниту еден медиум, колку и да се однесува игнорантски, не му е сеедно да биде ставен во списокот на нарушувачи на професионализмот и етиката. Тоа го потврдува и практиката од работата на Комисијата. Комисијата за жалби во својата работа се води од Кодексот на новинарите на Македонија. На кражбата на авторски текстови и фотографии е посветен членот 12 од Кодексот. Тој гласи: „Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот“. Во насоките за негова примена стои дека: „непочитувањето на авторските права  се смета за грубо кршење на етичките правила“. Исто така, се нагласува дека при преземање или парафразирање на информации, авторско дело или истражување мора да биде наведен изворот, зашто, во спротивно, станува збор за плагијатор, а не новинар. Еден жалител од Охрид поднесе до Комисијата за жалби претставка против пет портали одеднаш. Тој на својот Фејсбук профил објавил слика/запис. И сите пет портали ја презеле содржината од профилот без да побараат согласност од подносителот на жалбата. Ниту, пак, не го навеле авторот на записот, иако на самата слика бил вметнат негов воден жиг, кој треба да сведочи за авторството на жалителот. Сите пет медиуми не ја ни промениле содржината на објавата. Четири медиуми не одговорија на претставката, што значи дека се свесни дека го нарушиле авторското право. Петтиот медиум, во меѓувреме, му се извини на жалителот и го објави авторството. Комисијата утврди дека медиумите присвоиле туѓа содржина и ја претставиле како своја, независно што била објавена на социјална мрежа. Обврска на медиумот било да побара дозвола од жалителот за да ја преземе сликата/ записот или барем да го наведе нејзиниот сопственик. Комисијата, во својата работа, често пати не наоѓа нарушувања кои ги посочил жалителот. Но, затоа, пак, утврдува дека има нарушено принципи кои тој не ги навел. Така институција од Скопје се жалеше дека во објавен текст во портал се содржи неточно и нефер известување и е нарушен принципот на пресумпција на невиност и заштита на сведоци. Според подносителот на жалбата, насловот на текстот не соодветствува со неговата содржина. „Имено, насловот погрешно ја информира јавноста за тоа што го изјавил сведокот на рочиштето, односно неговата изјава е извадена од контекст, а со цел да послужи за поголема читаност на веста, објавена на медиумот“, посочуваа од институцијата. Комисијата, разгледувајќи го текстот, барајќи ги нарушените принципи нагласени од подносителот на претставката утврди и дека оспорениот текст е целосно преземен од друг медиум, од веб-страницата на една телевизија, без притоа воопшто да се наведе изворот од каде што е преземена информацијата. Во практиката на Комисијата за жалби се среќаваме и со медиуми-портали на кои око не им трепнува да украдат текстови. Можеби во некоја натамошна студија би можело да се анализира и кои медиуми се најчести нарушувачи на членот 12. Ќе биде интересно да се види дека има медиуми претплатени на крадење авторски текстови. До Комисијата во рок од една недела дојдоа две претставки од еден печатен медиум. Се жалеа дека портал им ги краде содржините. Станува збор за колумни од долгогодишен надворешен соработник.  „Имајќи предвид дека ова не е прв пат да се преземаат наши текстови без да се наведе изворот, бараме да се преземат соодветни мерки против сопствениците и уредниците на порталот“, се вели во поднесената претставка. И се додава дека со тоа на весникот му се прави сериозна штета и се доведуваат во заблуда читателите. Комисијата утврди дека се работи за грубо кршење на професионалните и етички стандарди од страна на порталот на начин што комплетно презел и објавил колумни од весникот. Преземена е туѓа содржина и претставена како содржина на порталот. Дури и со фотографија од редовниот колумнист на весникот. Плагијаторство и невешт начин да се манипулира со читателите. Инаку, весникот има свои правила за преземање на текстови кои се јасно назначени и во неговиот портал. Но тие очигледно не важат за крадецот-плагијатор. Нему очигледно не му беше сеедно за одлуката на Комисијата. Жалбата вроди со успех. Порталот веќе не презема колумни од весникот. Кон крајот на минатата година Комисијата за жалби беше сведок на користење на плагијаторството во производство на чист сензационализам и грубо дезинформирање на јавноста. Во добиената претставка се велеше дека портал презел текст од друг портал, стар три години! Комисијата утврди дека крадците на текстови малку го измениле насловот и текстот го пласираат како сосема нова содржина! Ниту буква не е сменета во стариот текст. На тој начин се прави грубо кршење на професионалните и етички стандарди и тенденциозен обид за заведување на јавноста. Ова уште повеќе што се работи за исклучително сензитивен и чувствителен текст, чие непромислено реобјавување може да предизвика негативни ефекти и да влијае врз чувствата на членовите на семејството, чиј социјален статус бил тема на обработка на текстот пред три години. Оттука, Комисијата најде дека со објавувањето на текстот прекршен е членот 12 од Кодексот на новинарите. Инаку, подносителот на претставката, меѓу другото, посочи дека по јавната реакција на нивниот портал, интернет-порталот кој го направил плагијатот, го отстранил текстот, но дека содржината и натаму била активна на еден агрегатор. Што отвора нова тема за расправа. Агрегаторите како соучесници во плагијаторството. Ќе беше убаво колешката спомената на почетокот од текстов да се обрати до Комисијата за жалби при СЕММ. Па, да видевме како ќе реагираат плагијаторите-крадци, кога морално ќе ги осудиш затоа што не го почитуваат авторството во македонското новинарство. Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Coveri Tbt

Светоста на „втора страна“, исклучоци и разумно време за одговор

Обезбедување „втора страна“ во новинарството е базичната новинарска техника која овозможува да се исполни основниот новинарски принцип – потрага за вистината и нејзино пласирање преку медиумите во различен тип производи. Овој базичен принцип е од „памтивека“ и тој е кодифициран и од Меѓународната федерација на новинари, од Здружението на новинари на Македонија, а е методолошка единица која се изучува во сите школи за новинарство, од почетни курсеви до дипломски и постдипломски студии. Тоа значи дека секој новинарски продукт, со мали исклучоци, за да биде професионално добро обработен и да ги исполни етичките норми на професијата, мора во себе да содржи „втора страна“, односно информацијата што се пласира во која било форма, треба да има најмалку два извора за да може да се цени нејзината веродостојност. Различни школи варираат од бројката два или три, независни еден од друг, извори, но во секој случај минимумот под кој не може да се оди е два извора. Од овие причини, во Кодексот на новинарите на Македонија, во основниот член 1 е употребена формулација која упатува на тоа дека информацијата треба да се провери од што е можно повеќе извори, иако самата реченица е малку несреќно составена: „Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“[1]. Генерално, колку повеќе независни/различни извори има во информацијата, тогаш веродостојноста е процентуално уште поголема, кредибилноста расте, а со тоа новинарот или медиумот можат да кажат дека својата работа ја извршиле по сите новинарски професионални правила и етички стандарди. Нема оправдување за отсуство на „втора страна“ Информациите, особено оние од јавен карактер, се јавно добро и основно човеково право. Тие се запишани и во Универзалната декларација на човековите права (чл. 19) на ООН и во Европската конвенција за човекови права (член 10) и во Уставот на РСМ (член 16), како и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Претпоставка е дека сè што работат новинарите работат поради задоволување на јавниот интерес, па оттука и овие широки гаранции. Но, дури и ако работат за интересот на јавноста, што е драстично потесна и многу различна категорија од јавниот интерес (без намера да ја квалификуваме како помалку вредна), дури и тогаш, мора да биде обезбедена втора страна, односно информацијата да биде потврдена или демантирана од други извори. (Тука, пред сè, се мисли на текстовите во медиумите кои се сместени или припаѓаат на рубрики како што се естрада, стил, здравје и убавина итн.) Исклучоци Единствени исклучоци од ова правило се релативно малку. Такви се три. Првиот исклучок - ако новинарот е сведок на некој настан – земјотрес, пожар, поплава, сообраќајна незгода, големо нарушување на јавниот ред и мир (тепачки, убиства, итн.), дозволено му е веднаш да ја извести јавноста со збор, фотографија или други аудио-визуелни техники за настанот. Тој треба да посведочи лично дека е основен извор на информацијата, дека тоа се случува пред него додека известува/известил. Притоа, мора да нагласи, што е многу важно, дека тоа што го гледа или што го пласира преку фотографија, видео или звук е максимално објективна перцепција од позицијата во која се наоѓа. Во такви случаи не смее претерано да се впушта во сопствени проценки („урнати се сто згради“, „гори цела планина со 1000 хектари површина“, „има многу загинати и повредени“, итн.). И НАЈВАЖНО: После ваквото пласирање на информацијата во јавноста, новинарот/медиумот се должни ДА НАГЛАСАТ дека веднаш ќе бараат „втора страна“, односно дополнителни информации од релевантни извори – службени лица, институции! Комисијата за жалби при СЕММ минатата година имаше ваков случај, кога при јавни немири беше пласирана неточна информација од медиум, но вината во овој случај ја сноси и „втората страна“, кога не одговорила на прашањата на новинарот. Вториот исклучок повторно е врзан со брзината на пласирање на информацијата, која е многу важна за јавниот интерес, но новинарот/медиумот имаат време и веднаш се јавиле кај носителите на информацијата да ја проверат, но не добиле никаков одговор. Пример – новинарот гледа помала или поголема група мигранти како се движат по локален пат, железничка пруга или влегуваат во цивилно возило – кола, комбе, камион... Или пример, сведоци се на група неидентификувани лица во униформи или без, но видливо вооружени со оружје кое не е спортско-ловечко (автоматски пушки)... Во вакви случаи кога новинарот побарал информација, но не добил никаков или добил неупотреблив одговор, етички гледано, може да ја објави информацијата. Новинарот и медиумот се убедени дека информацијата што ќе ја пласираат е во јавен интерес. Но, и тука важи правилото споменато погоре – јавноста мора да биде известена дека тоа е првичната информација за која сведок е новинарот, дека е направен обид да се потврди информацијата, но дека во тоа не се успеало и дека и натаму ќе се инсистира на обезбедување „втора страна“. Третиот исклучок е поспецифичен од претходните. Станува збор за намерно игнорирање или недавање одговори поставени од новинарите/медиумите. Пример, новинарот според свои сознанија или информиран од основен извор, истражува некоја тема, ден/два, но најчесто подолго време, недела, две, месец.... Бара одговори од институциите за да ги потврди, демантира или појасни сознанијата што ги добил од основниот извор. Ги употребува сите можни пристапи – усно, писмено и на крај, постапува по одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ништо од ова не дава резултат. Во тој случај, новинарот/медиумот, може и треба да ги пласираат сите сознанија што ги имаат. Но, и тука важи правилото да се нагласи дека е пробано еднаш или повеќе пати да се обезбеди „втора страна“ и, не помалку важно, да се нагласи дека новинарот/медиумот ги чува доказите за обидите да дојде до втората страна! Всушност, кај исклучоците од правилото за втора страна, два и три во овој текст, задолжително е да се чуваат докази дека е направен обид за обезбедување втора страна. „Разумното време за одговор“ мора да се почитува При користење на етичкиот и професионалниот стандард „втора страна“ има една специфика што се забележува кај дел од новинарите и медиумите, која се повторува одвреме-навреме и која укажува на погрешно постапување. Станува збор за „разумното време за одговор“. Можеби ова да се чини претенциозно што е ставено во наводници, но праксата покажува дека овој термин треба да влезе во обработка и во теоријата и во практиката на доброто новинарство. Терминот подразбира дека новинарот секогаш мора да го има предвид времето што и е потребно на „втората страна“ да ја достави информацијата. Ова е поврзано и со исклучоците споменати погоре, но и со правилото дека брзината на објавување на информацијата не е оправдување за нејзината неточност, односно вистинитост. Притоа, има два аспекта на „разумното време за одговор“, кога станува збор за дневното новинарство и за поекстензивното, периодично, ако станува збор за осврти, анализи или класични истражувачки текстови. Во дневното новинарство се подразбира дека изворот на информации кој припаѓа на т.н. „втора страна“ би требало да е достапен и секогаш и во секое време да обезбеди брз одговор на прашањето на новинарот. Тоа е поврзано и со пасивната и со активната транспарентност на институциите, а е влезено и во еден член од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Но, сепак, тоа не значи дека ако новинарот завртел на телефон, да речеме кај портпарол или друго јавно или приватно лице за да ја обезбеди „втората страна“ и ако не му се одговори веднаш на повикот или не добие одговор веднаш, туку „чекајте да проверам, па ќе ви јавам“, дека со тоа е завршена работата. Новинарот мора да претпостави разни ситуации – од тоа дека не му одговориле на телефонскиот повик затоа што лицето е објективно недостапно во моментот, што не значи дека за час-два ќе биде недостапно или, пак, дека едноставно можеби е физички спречено да одговори. При вакви ситуации, новинарот е ДОЛЖЕН да му отстапи „разумно време“ на изворот од „втората страна“ за да ја добие бараната информација. Еве еден претпоставен пример. На утрински колегиум или во договор со уредникот, новинарот треба да направи краток прилог/текст за ТВ, портал или за весник, за впечатокот дека е зголемен бројот на загинати и повредени мотоциклисти и други учесници во сообраќајот со почеток на летото. Тој се обраќа на „втората страна“, во случајов, портпарол на МВР. Новинарот треба да има знаење/разбирање дека портпаролот мора да провери во соодветниот сектор, па да провери со службите за аналитика дали имаат статистики од последниот месец, дали тоа може да се спореди со статистиката од истиот период во претходните години и слично. За сето тоа можеби ќе бидат потребни повеќе часови, до крај на работното време во институцијата. Можеби ќе го добие одговорот, а можеби ќе му биде кажано, „ни треба време до утре“. Е-пошта во недела навечер Вториот пример, кога станува збор за аналитички или истражувачки текст, е директно инспириран од случај што го имаше Комисијата за жалби при СЕММ, не многу одамна. Прекрасен истражувачки текст посветен на сензитивна материја што се однесува на безбедноста на земјата, преполн со податоци и извори од една страна, кои се чинеа веродостојни, не ја поседуваше втората страна, односно човекот за кој се пишуваше со име и презиме. Но, новинарот нагласил дека ја побарал втората страна и немало одговор. Произлезе дека е точно дека новинарот ја побарал втората страна. Но, барањето упатено по е-пошта било во недела на крај на денот, а текстот беше објавен во понеделник малку после пладне. Притоа, во обраќањето до втората страна беа поставени повеќе сложени прашања, за кои на втората страна, за кредибилно да го поткрепи својот одговор ѝ требало време (собирање документи, фото-копии и слично, а да не зборуваме дека не мора секој во недела навечер да си го проверува своето електронско сандаче). Впечаток е дека во вакви типови на барање на „втора страна“, каков што е првиот пример со дневното новинарство или вториот, намерно или ненамерно, се прават повреди на професионалните и етичките стандарди и не се води сметка за прашањето што го дефиниравме како почитување на „разумно време за одговор“, што е, пак, многу битен аспект за да може целосно да се испочитува основното правило во новинарството, дефинирано и во нашиот Кодекс во првиот член – информацијата треба да содржи и „втора страна“. Автор: Теофил Блажевски, член на Комисијата за жалби при СЕММ [1] ЗНМ – 2001 – Кодекс на новинарите на Македонија – Член 1 – (достапно на https://znm.org.mk/kodeks-na-novinarite-na-makedonija/)   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Clen 14 Cover

Новинарството во политичко - партиска недистанца

Појавата на голем број медиуми кои се поврзани со политички субјекти ја потврдува тезата дека тие, првенствено, се средство за постигнување политички цели и артикулирање политички интереси. Кај комерцијални телевизии и голем број портали постои извесна тивка, а во дел и јавна благонаклонетост кон одредени политички опции. Преку својата работа, СЕММ се залага за заштита на независноста на медиумите, истовремено потсетувајќи ги на големата одговорност што ја имаат во заштитата и исполнувањето на јавниот интерес. Што пропишува Кодексот на новинарите? Саморегулаторен акт во земјата е Кодексот на Здружението на новинарите. Во него, во делот за Принципите на однесување, се истакнува:  „Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и да го спречат искривувањето на вестите. Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот“.   Сега, кога се наоѓаме во изборен период, мошне е важно да се знае како треба медиумот да се постави во однос на политиката и влијанието на политичките партии. Во членот 14 на Кодексот се вели: „Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.   Во Прирачникот за етика во новинарството се нагласува дека медиумите имаат обврска критички да ги следат политичките процеси, што самото по себе подразбира дека тие мора да постават граница или дистанца во комуникацијата со политичките субјекти и да оневозможат какво било нивно влијание. Исто така, се нагласува и дека постои суштинска разлика и неспоивост меѓу новинарската професија и политичката пропаганда и, во таа смисла, новинарите се обврзани да прават јасна разлика меѓу новинарското известување и политичката пропаганда и односи со јавноста на политичките партии. Во завршните одредби на Кодексот на Здружението на новинарите се истакнува и дека: „...новинарите ќе го прифатат судот во однос на професијата само од своите колеги и ќе бидат надвор од политичко и друго влијание“.  Но, во практиката вестите на одредени медиуми често, од содржински аспект, личат едни на други. Пропагандистички текстови, со слична содржина, можат да се следат во многу портали, кои ја поддржуваат власта или, пак, опозицијата. Одлуки на Комисијата за жалби Комисијата за жалби при Советот за етика на медиумите често решавала за предмети во кои се констатира дека е прекршен Кодексот на новинарите, по основа на политичка неизбалансираност. До Комисијата стигнале голем број на жалби на граѓани или политичари кои се жалат на медиуми што известувале еднострано или, пак, неосновано навредувале или обвинувале политичари или новинари. Во периодот од 2014 до 2017, статистичкиот преглед на Советот за етика во медиумите  покажува дека од 175 донесени одлуки 32 се однесуваат на прекршувањето на членот 14, односно за пристрасно и неизбалансирано известување за политичките и изборните процеси. Најчести подносители на жалби се политичките партии или политичари, односно носители на јавни функции. Најчести прекршители во медиумската сфера се онлајн-медиумите, потоа следуваат телевизиите и весниците. Статистичките прегледи за 2018 и за 2019 година потврдуваат дека не е усвоена жалба во која некоја странка се жали по основ на политичка неизбалансираност и како резултат на ова констатирано е дека медиумите во земјата во овој двегодишен период не го прекршиле членот 14. Ова се должи и на фактот дека Комисијата во неколку наврати расправала за овој член и заклучила дека членот се однесува конкретно на политичка неутралност (со посебно нагласување во предизборниот период и денот на изборите) и прекршувањата во одредени медиумски текстови ги констатирала по основ на други членови. Освен тоа станува збор и за период во кој немало избори, кога се случуваат најмногу нарушувања на членот 14. Комисијата за жалби при СЕММ кога постоела фактичка состојба донела и одлуки за прекршување на членот 14. Во 2020 е забележано дека овој член е прекршен од страна на одредени медиуми кои пишувале дека две министерства за четири дена среде криза (пандемијата на вирусот Ковид 19) потрошиле 2,5 милиони денари за патување во странство. Комисијата во оспорениот текст препозна елементи со политичка заднина, кои се косат со начелата од членот 14 од Кодексот на новинарите. Ваквото прекршување е забележително во следните неколку реченици од текстот: „Според листата институциите потрошиле 50.053 евра во период кога лидерот на партијата на власт, Зоран Заев предлага кратење на платите на администрацијата поради кризата во која се наоѓа земјата со корона вирусот... Повторно на врвот е Министерството предводено од Димитров – 1.100.058 денари, а потоа Одбрана на Шекеринска со 361.183 денари. За ова вечерва во своето гостување во МТВ зборуваше и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.“ Решенија за надминување на политичката контрола врз медиумите За жал, не само комерцијалните медиуми (традиционални или нови/ онлајн), туку и јавниот радиодифузен сервис често не ги почитува професионалните стандарди, кои пропишуваат дека професионалното новинарство мора критички да ги следи политиките на власта и да обезбеди рамнотежа во известувањето за различните политички актери и групации. Декларативно имавме заложби од власта дека приоритет ќе ѝ бидат реформите во медиумите (укинувањето на радиодифузната такса, иако има дилеми за таквиот чекор, укинувањето на владините реклами, кои ги „корумпираа“ дел од медиумите, новите законски решенија за реформи во јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за медиуми), со тоа што формално - правно се обезбедува транспарентен процес за избор на новите членови на Советот на МРТ и на Советот на Агенцијата на медиуми како регулаторно тело. Покрај дијалогот со медиумите и граѓанскиот сектор, покрај фактот што се земени предвид барањата на ЗНМ и медиумската заедница, сведоци сме дека реформите тешко се реализираа во мандатот на владината коалиција (2017 - 2020). Се уште имаме јавен сервис кој функционира како државен медиум, кој многу малку е отворен форум за различни општествени групации и кој се задоволува со површно известување, редовно пренесувајќи го дневниот развој на настаните. Имено, јавниот сервис како врвен приоритет треба да го има јавниот интерес, а не да биде само трансмитер, односно продолжена рака на политиката. Темите и актерите кои се дел од информативните изданија покажуваат дека доминира политиката и политичарите, а во доволен процент се застапени изјави и протоколарни билатерални средби, во кои има сувопарен дипломатски речник, наместо истиот информативен простор да се надополни со третирање на теми од јавен интерес. Без разлика што власта се смени, медиумите не успеваа да стануваат портпароли на јавноста или самите да покренуваат јавни прашања, туку продолжуваат да бидат ако не директни гласноговорници на власта, на политиката сигурно. Секако, ова се должи на фактот што политичкиот систем сè уште е надреден над медиумскиот, а авторитетите имаат големо влијание врз уредувачката политика на телевизиите. Затоа во Прирачникот за новинарство од јавен интерес, чиј издавач е Високата школа за новинарство и односи со јавноста и Институтот за комуникациски студиии се истакнува „Неретко, разни субјекти во општеството, државните институции и политичките партии им забележуваат на медиумите објавување, односно необјавување на некоја информација. Притоа се истакнува дека, „медиумите останале неми“ за некој настан или акција. Забораваат дека медиумите не се ниту гласило на државните институции, ниту портпароли на партиите. Улогата на медиумите не е да информираат за сето она за што некој проценил дека би требало да се информира. Улогата на медиумите е да ја информираат јавноста за прашања од јавен интерес, за она што е од интерес и што влијае врз животот на повеќето граѓани. За да му служат на единствениот етички прифатлив господар – јавниот интерес, медиумите мора да се занимаваат со сите важни прашања во општеството и да отворат простор за различни коментари и мислења на публиката“. Што може да биде гарант за уредувачката независност на медиумите, односно таа да биде на повисоко професионално ниво? Секако дека во оваа насока голем придонес може да даде саморегулацијата. Таа има за цел да ги поставува и да ги брани принципите на етичкото, точното, објективното новинарство кое ги почитува човековите права, при што целосно се запазува слободата на уредувачката политика што и како ќе биде презентирано од страна на медиумот. Одговорното и етичко новинарство никогаш не е резултат само на законски решенија и државни прописи, туку на доброволно почитување на кодексот, кој е создаден од самата медиумска заедница. Само целосно слободни медиуми можат да бидат целосно одговорни и политички неутрални. Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).  
Coveri Sm

Социјалните мрежи извори на вести, но и на неетичност

Социјалните мрежи полека го заземаат медиумскиот простор. Младите сè повеќе се информираат од нив. Ширењето на вести од овие мрежи ја шири и неетичноста. Многу медиуми „препишуваат“ од нив. Сè и сешто. И квалитет и ѓубре. Земјите преземаат напори медиумски да го описменат населението. Но, губат здив зашто не можат да го добијат натпреварот со непрофесионализмот што извира од социјалните мрежи. Една анкета на Институтот за дигитални студии на Ројтерс, направена да се види како се известува на социјалните мрежи за коронавирусот, покажува дека користењето на Инстаграм за вести е двојно поголемо во споредба со 2018 година. Се очекува наскоро да го надмине Твитер. Според анкетата, овој тренд е најприсутен кај младите. Се наведува дека речиси четвртина Британци меѓу 18 и 24 години го користат Инстаграм како извор за вести за коронавирусот. Но, истовремено, како извор на информации на социјалните мрежи најмалку им се верува. Им веруваат околу 26 проценти од испитаниците. За разлика од нив, околу 59 проценти од испитаниците им веруваат на националните влади и на „старите“ медиуми кога станува збор за вести за коронавирусот. Во САД се отвори „војна“ меѓу претседателот Доналд Трамп и сооцијалните мрежи, кои ги „цензурираат“ неговите пораки, поради постоење говор на омраза, дискриминација и др. Преземањето на пораките на Трамп од медиуми, без критички приод кон нив, веќе зборува за нарушување на етички стандарди. Социјалните мрежи на тој начин стануваат уредници, што значи и за нив можеби ќе важат истите правила на однесување кон содржините, како и за традиционалните медиуми. Но, тоа е посебна тема.И медиумите кај нас не се имуни на преземањето на информации од социјалните мрежи. Но, притоа се прават по неколку прекршувања на Кодексот на новинарите. Самото преземање содржини од социјалните мрежи не се третира во Кодексот. Понекогаш се санкционира како плагијат. Но, многу повеќе се санкционираат случаите на ширење невистини, коментирање на таквите содржини, дискриминацијата и говорот на омраза, нарушување на приватноста...Вести поврзани директно или индиректно со коронавирусот кај нас се преземаат без око да му трепне на медиумот. Комисијата доби претставка за текст без автор чија содржина се базира единствено на документ/инфографик, наводно објавен на социјалните мрежи, а кој го прикажува процентот на граѓани според етничката припадност кои добиле владини ваучери за помош поради коронавирусот. Текстот е од јавен интерес, но не и на начинот на кој е обработена информацијата. Со оглед дека социјалните мрежи се чест извор на лажни и непроверени вести, авторот на текстот морал да ја провери веродостојноста на инфографикот од „релевантен извор“, во случајов, од Владата. Ова уште повеќе што во самата содржина се наведува дека документот потекнува од владината електронска дата база, но без да се обезбеди каква било официјална потврда за тоа. Комисијата утврди нарушување на два члена (1 и 10) од Кодексот. Новинарскиот производ е едностран, а начинот на кој е обработен нуди готови заклучоци и судови, кои лесно можат да предизвикаат негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Затоа, во отсуство на официјална потврда на информацијата, авторот морал да изрази резерва, воздржаност и сомнеж кон изворот на документот. „Близу две третини или 64% од добитниците на владините ваучери за помош поради коронавирусот се етнички Албанци, ова го покажува докуменот кој се појави на социјалните мрежи, а потекнува од владината електронска дата база“, вели непознатиот автор. А, потоа тврди: „Според изворот на инфографиката, со овој план се прави обид за изборен поткуп преку идентификација на гласачи кои за возврат за добиен ваучер ќе го дадат својот глас за СДСМ“. На една телевизија имаше издание на емисија посветено на модата. Водителот јавно го коментираше изгледот и начинот на облекување на повеќе девојки, вклучувајќи и некои кои поднесоа жалби до Комисијата за жалби при СЕММ. Авторот на емисијата користеше фотографии преземени од нивните профили на Фејсбук или Инстаграм, а потоа коментира, честопати со потсмев. Медиумот ги отфрли сите наводи на жалителките, вклучително и за нарушување на приватноста. Велат дека фотографиите, кои се предмет на коментар на водителот, се преземени од Инстаграм и оти правилата на социјалните мрежи налагале дека, со објавувањето на приватните фотографии, жалителката прифатила тие да станат јавна информација која може секој да ја види. Во еден одговор се вели: „Со тоа, жалителката потврдила дека разбира и се согласува дека (Фејсбук и Инстаграм) се платформи за објавување на содржини, вклучувајќи фотографии, коментари и други материјали, кои јавно ги споделуваат овие содржини и дека другите корисници можат да бараат, да гледаат, да користат или да споделат некоја од нејзините кориснички содржини“, појаснуваа од телевизијата. Комисијата констатира дека авторот воопшто не добил дозвола за објавување на фотографиите од засегнатите страни, ниту, пак, ги контактирал да побара дозвола, што била негова професионална должност. Комисијата најде дека со таквата постапка е нарушен Законот за заштита на личните податоци, во кој се вели дека обработката на личните податоци може да се врши по претходно добиена согласност на субјектот на лични податоци. А, и фотографиите се сметаат за личен податок. Комисијата, воедно, утврди и дека личниот живот на жалителките, кои не се ниту избрани, ниту именувани функционери, ниту политички личности, не може да се смета за јавен интерес за да преовладува над приватниот интерес, кој е заштитен со чл.4-а од истиот Закон. Оттука, беше донесена одлука за нарушување на неколку членови (7 и 16) на Кодексот на новинарите. Може ли во информација од две реченици да се наруши Кодексот? Кога се преземаат информации од социјалните мрежи сè е можно. До Комисијата за жалби беше доставена претставка за неточна информација, непроверена и фалсификувани документи. Како и кај многу други преземања на информации од социјалните мрежи, и овде текстот е без автор. Медиумот-портал текстот го базира единствено на објава на корисник на социјалната мрежа Твитер, кој објавил документи од набавка, кои наводно потврдуваат дека државен секретар на МВР нарачал два мобилни телефона „Ајфон“. Несомнено е дека јавните функционери треба да подлежат под силен јавен надзор и не смеат да бидат изземени од теми за кои јавноста има право да биде информирана. Затоа, текстот произлегува од јавниот интерес, но не на начинот на кој е обработена информацијата. Новинарскиот производ е едностран, зашто авторот воопшто не се потрудил да обезбеди целосно објективна и проверена информација и да ги согледа сите значајни аспекти на темата за која се говори. Во содржината е изоставено основното новинарско правило да се побара став од засегнатите страни. Згора на тоа, објавата во социјалните мрежи се користи и за политичка пресметка. Тоа е видно од цитатот: „Откако во провладините медиуми беше објавена лажна вест дека министерот за внатрешни работи набавил „Ајфон“ мобилни телефони, што излезе дека е целосна дезинформација за политички цели, на социјалните мрежи излезе дека такви набавки прави кадар на СДСМ и на техничкиот премиер“ Комисијата и овде утврди нарушувања на Кодексот (член1). Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).
Clen 10 2 Cover

Говор на омраза - да се известува или не?

После инцидентот на Скопското кале кој се случи на 13 февруари 2011 година Комитетот за односи меѓу заедниците одржа седница на која дел од пратениците ги обвинија медиумите дека тие, со нивниот начин на известување, придонеле да се случи овој немил настан. Реакцијата на дел од моите колеги новинари со кои ја следев седницата беше дека политичарите давале провокативни изјави, а тие само известувале за нив. Во овој случај и двете страни беа во право. Политичарите понекогаш користат говор на омраза, а новинарите не мора секогаш да ги пренесуваат ваквите изјави, затоа што, во тој случај, придонесуваат ваквите пораки да добијат поширока публика. Во сензитивни периоди медиумите можат да одлучат и да не пренесуваат изјави кои содржат говор на омраза. Сепак, тоа не треба да биде правило бидејќи би било протолкувано дека медиумите ги прикриваат информациите од јавноста. Затоа е најдобро новинарите да научат како се известува за појави поврзани со говор на омраза. Тест од пет точки Мрежата на етички новинари предлага тест од 5 точки при покривање на настани поврзани со говор на омраза: Ако говорникот не е јавна личност, можеби е најдобро да се игнорира. Ако говорникот често го користи говорот на омраза треба да се запрашаме дали тоа е вест. Која е целта на говорникот кој користи говор на омраза, кои се неговите жртви и какви последици ќе имаат од ваквиот говор? Медиумот треба да внимава дали конкретниот  говор би можел да предизвика насилство и дали со пренесувањето на ваков говор би имал правни последици. Треба да се внимава на социјалната, економската и политичката клима во која се дадени тие изјави. За време на избори говорите можат да бидат многу провокативни. Медиумот треба да одлучи дали ќе ги цитира или ќе ги парафразира овие говори. Член 10  од Кодексот на новинарите на Македонија пропишува дека новинарот не смее во своите текстови да го користи јазикот на омразата или да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа. Медиумите треба да го осудат говорот на омраза Текст на еден портал содржеше сериозни дискриминирачки и навредливи коментари кон албанската етничка заедница. Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите во Македонија ја разгледа претставката во врска со овој текст и утврди дека е прекршен член 10 од Кодексот на новинарите. Комисијата констатира дека во текстот не се дава експлицитна поддршка на една навивачка група и на нивниот говор на омраза, но сепак медиумот  на таквите коментари им обезбедил медиумски простор, а со тоа и реален повод за поттикнување на насилство и омраза. Според Комисијата, пренесената содржина е еднострана и лесно може да предизвика негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Затоа, кога веќе одлучил да го објави текстот, медиумот морал да го лоцира говорот на омразата и експлицитно да се огради или да ја осуди таквата содржина, со цел на јавноста да ѝ помогне во нејзиното препознавање. И новинарите жртви на говор на омраза Последна жртва на говор на омраза беше една наша колешка која беше нападната од интернет портал. Комисијата за жалби по добиената претставка одлучи дека се прекршени повеќе членови, меѓу кои и член 10. Комисијата констатираше дека и во двата текста објавени од страна на порталот има говор на омраза и дискриминација по полова основа и по изглед. Како да се препознае говорот на омраза? Hе постои единствена и конечна дефиниција за тоа што е говор на омраза. Во Препораката (бр. R /97/ 20) на Советот на Европа за „говор на омраза“ се истакнува дека терминот „говор на омраза“ треба да се разбере како термин кој ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, поттикнува, промовира или оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и: нетолеранција изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло. Европскиот суд за човекови права во своите пресуди кои се однесуваат на говор на омраза поаѓа од оваа дефиниција на говорот на омраза или неговото разбирање како говор кој ги опфаќа „сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција.“ Автор: Ердем Ахмет, член на Комисијата за жалби на СЕММ   -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).